Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Прва книга Царства

1. Раѓањето на Самуил и неговото посветување за служба во Светилиштето.

1. Имаше еден човек од Арматем-Сиф, од Ефремовата гора, името му беше Елкана, син Јеремилов, син Илиин, син на Такел, во Насив од Армател, од гората на Ефремовците;
2. тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Фенана; Фенана имаше деца, Ана, пак, немаше деца.
3. И во определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беше Илиј и двајцата синови негови Офни и Финес, свештеници на Господа.
4. А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Фенана и на сите нејзини синови и ќерки, по еден дар,
5. а на Ана, пак, ѝ даваше посебен дар, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Фенана, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.
6. Соперничката нејзина многу ја огорчуваше, па ја тераше да негодува, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.
7. Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја огорчуваше, а оваа плачеше и не јадеше.
8. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Ано!” Таа му одговори: „Еве, ме господару.” И ѝ рече: „Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не чинам ли јас за тебе повеќе од десет синови?”
9. Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господа. А свештеникот Илиј седеше тогаш на стол при влезот во храмот Господов.
10. Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господа и горко плачеше,
11. па се заветува, велејќи: „Господи, семоќни Боже Саваоте! Ако погледнаш милостиво кон смиреноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја дете од машки пол, јас ќе Му го дадам на Господа за сите денови на животот негов; и вино и сикер нема да пие и брич нема да се допре до главата негова.”
12. Додека таа се молеше долго пред Господа, Илиј ја гледаше во устата;
13. и бидејќи Ана говореше во срцето свое, а устата нејзина само се мрдаше, и гласот нејзин не се слушаше, Илиј помисли дека е пијана.
14. И ѝ рече Илиј: „До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното свое и истави се од лицето Господово.”
15. Ана одговори и рече: „Не, господару мој; јас сум жена, која душено страда; вино и сикер не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господа;
16. не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега.”
17. Илиј одговори и рече: „Оди си со мир, и Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја, за која Го молеше.”
18. А таа одговори: „Можеби слугинката твоја ќе најде милост во твоите очи.” И таа тргна по патот свој, и јадеше, и лицето нејзино веќе не беше тажно, како пред тоа.
19. И утредента тие станаа, се поклонија пред Господа и се вратија, па отидоа во домот свој во Арматем. И Елкана ја позна Ана, жената своја, и Господ си спомна за неа.
20. По извесно време Ана зачна, роди син и му даде има Самуил, бидејќи велеше таа од Господа Бога Саваота го измолив.
21. И отиде мажот нејзин Елкана и целата челад негова во Силом, за да Му ја принесе годишната жртва на Господа и заветите свои и сите десетоци од земјата своја.
22. Но Ана не отиде со него, велејќи му на мажот свој: „Кога младенчето ќе биде одбиено од градите и ќе порасне, тогаш ќе го одведам, и тој ќе се јави пред Господа и ќе остане таму засекогаш.
23. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Прави, она што ти е угодно; остани додека го одбиеш; само Господ да го утврди зборот што излегол од твојата уста.” И остана жена му и го хранеше синот, додека го исхрани.
24. А кога го одби, отиде со него во Силом, земајќи со себе три телиња и лебови и една ефа брашно и мев со вино, па дојде во домот Господов во Силом, и момчето со нив; а момчето беше уште дете.
25. И го доведоа детето пред лицето на Господа; и татко му принесе жртва, каква што Му принесуваше на Господа во определините дни. И го приведоа момчето и заклаа теле; и мајка му Ана го доведе момчето при Илија,
26. и рече: „О, господару мој, да живее душата твоја, господару мој! Јас сум онаа жена, која стоеше тука при тебе и Му се молеше на Господа;
27. за ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев;
28. и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господа.” И таа Му се поклони таму на Господа.

2. Похвалната песна на Ана.

1. И се молеше Ана и велеше: „Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.
2. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.
3. Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени.
4. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат;
5. ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.
6. Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева;
7. Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.
8. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.
9. Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак.
10. Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.”
11. И го оставија таму Самуила пред Господа. Елкана замина за Арматем во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господа при свештеникот Илија.
12. А синовите на Илија беа лоши луѓе; тие не Го познаваа Господа
13. и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со виљушката во раката, додека се вареше месото,
14. и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади виљушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израилци, што доаѓаа таму во Силом.
15. Дури и пред да изгори лојот, слугата на свешетеникот доаѓаше и му велеше на оној, што принесуваше жртва: „Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.”
16. И ако некој му речеше: „Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колку што ти сака душата”, тој ќе речеше: „Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.”
17. И гревот на тие младичи беше многу голем пред Господа, зашто тие земаа од жртвопринесувањата на Господа.
18. А момчето Самуил служеше пред Господа, облекувајќи ефод од висон.
19. Горната облека негова му ја правеше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој, за да принесе годишна жртва.
20. Илиј го благослови Елкана и жена му и рече: „Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господа!” И заминаа во своето место.
21. И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а момчето Самуил растеше при Господа.
22. Илиј, пак, беше многу стар и слушаше сè, што правеа синовите негови со сите Израилци, и дека тие спијат со жените, кои се собираа при влезот во скинијата на сведоштвото.
23. И им рече: „Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ (Господов).
24. Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас; немојте да правите така, бидејќи не се добри гласовите, што ги слушам; вие го развратувате народот Господов;
25. ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господа, кој ќе биде тој што ќе моли за него?” Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги осуди на смрт.
26. А момчето Самуил сè повеќе и повеќе растеше и напредуваше во наклоност пред Господа и пред луѓето.
27. И дојде еден Божји човек при Илија и му рече: „Вака вели Господ: Нели се открив во татковиот ти дом, кога тие уште беа во Египет, во домот на Фараонот?
28. И меѓу сите племиња Израилеви нели го избрав него за свештеник, за да пристапува пред Мојот жртвеник, да кади тамјан, да носи ефод пред Мене? Нели му ги дадов Јас на татковиот ти дом сите жртви сепаленици од синовите Израилеви?
29. А вие зошто ги газите со нозе жртвите Мои и лебните приноси Мои, кои заповедав да се принесуваат пред Мене, и зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи се од првините на сите приноси од Мојот народ Израилот?
30. Затоа Господ Бог Израилев вели вака: »Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но сега Господ вели – да не биде така, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени.
31. Ете, настапуваат дни, во кои ќе ја пресечам мишката твоја и мишката на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој;
32. и ти ќе ја видиш несреќата во домот Мој, при сè што Господ му прави добрини на Израилот, и во сите денови нема да има старец во домот твој.
33. Јас нема да ги отстранам сите твои од жртеникот Свој, та да ги изнемошувам очите твои и да ти ја измачувам душата твоја; но целото потомство на домот твој ќе умира на средна возраст.
34. И еве ти знак, што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обајцата ќе умрат во еден ден.
35. И ќе Си поставам верен свештеник; тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја; и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник во сите денови;
36. и секој, што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се клања за сребрена пара и парче леб и ќе рече: „Запиши ме за некоја левитска должност, за да имам прехрана.”

3. Самуил се удостои како верен пророк Господов.

1. Момчето Самуил Му служеше на Господа при Илиј; словото Господово беше ретко во тие денови и немаше виденија.
2. И се случи во она време, кога Илиј лежеше на местото свое, – очите негови беа почнале да се премрежуваат, и тој не можеше да гледа, –
3. и светилникот Божји уште не беше угаснал, а Самуил лежеше во храмот Господов, каде што беше ковчегот Божји;
4. Господ повика кон Самуила: „Самуиле! Самуиле!” Тој одговори: „Еве ме!”
5. И притрча при Илиј и рече: „Еве ме! Ти ме викаше.” Но тој одговори: „Јас не сум те викал; оди легни си!” И тој отиде и си легна.
6. Но Господ повика по вторпат кон Самуила: „Самуиле, Самуиле!” Тој стана и пак отиде кај Илиј и рече: „Еве ме! Ти ме повика?” Но тој рече: „Јас не сум те викал, синко; оди легни си!”
7. Самуил уште не го познаваше тогаш гласот на Господа, уште не му се беше открило словото Господово.
8. Викна Господ кон Самуила и третпат. Тој стана и отиде при Илиј и рече: „Еве ме! Ти ме повика?” Тогаш Илиј разбра, дека Господ го вика момчето.
9. И му рече Илиј на Самуила: „Оди легни си, и кога Оној што вика, ќе те повика, ти кажи: „Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.” И отиде Самуил и легна на местото свое.
10. И Господ дојде, застана и викна, како првиот и вториот пат: „Самуиле! Самуиле!” И Самуил рече: „Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.”
11. И му рече Господ на Самуила: „Еве, што ќе извршам во Израилот, за кое, кој ќе чуе, ќе му писнат и двете уши.
12. Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илиј сè она што сум зборувал за домот негов; Јас ќе почнам и ќе завршам.
13. Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов засекогаш заради онаа вина, која тој ја знаеше, бидејќи синовите негови бесчествуваа, и тој не ги запираше.
14. И поради тоа се колнам пред домот на Илиј, дека вината на Илиниот дом нема да се избрише довека ниту со жртви, ниту со лебни приноси.”
15. Самуил спиеше до утрината, (и стана рано) и ја отвори вратата на домот Господов; Самуил се плашеше да му соопшти на Илиј за тоа видение.
16. Но Илиј го повика Самуила и рече: „Синко Самуиле!” Тој одговори: „Еве ме!”
17. И рече Илиј: „Што ти беше речено? Не криј од мене; тоа и тоа нека ти направи Господ тебе, и уште повеќе нека направи, ако сокриеш од мене од сè што ти беше кажано.”
18. И Самуил му соопшти сè и не сокри од него ништо. Тогаш Илиј рече: „Он е Господ; што Му е угодно, тоа и нека направи.”
19. Самуил порасна, и Господ беше со него; и не остана ни еден Негов збор неисполнет.
20. И сиот Израил од Дан дури до Вирсавија дозна дека Самуил е удостоен да биде пророк Господов.
21. И Господ продолжуваше да се јавува во Силом, откако му се беше открил на Самуила во Силом преку словото Господово. И во сиот Израил, од крај до крај на земјата, се уверија дека Самуил, е пророк Господов. Илиј, пак, остаре многу, а синовите негови продолжуваа да одат по лукав пат пред Господа.

4. Филистејците ги победуваат синовите Израилеви.

1. Филистејците се собраа да војуваат против Израилот. И словото Самуилово беше свртено кон сиот Израил. И излегоа во војна Израилците против Филистејците и се улогорија при Авен-Езер, а Филистејците се сместија при Афек.
2. И Филистејците се наредија за борба против Израилците; почна борбата, и Филистејците ги разбија Израилците, и загинаа од нив на бојното поле до четири илјади души.
3. Тогаш народот дојде во логорот; и старешините Израилеви рекоа: „Зошто Господ нè порази денес пред Филистејците. Да си го земеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас и ќе нè спаси од раката на непријателите наши.”
4. И народот испрати во Силом, па го донесоа оттаму ковчегот на заветот на Господа Саваот, Кој седи на Херувими; а при ковчегот на заветот Божји беа двајцата синови на Илиј – Офни и Финес.
5. И кога пристигна во логорот ковчегот на заветот Господов, сиот Израил крена толку силен вик, што земјата трепереше.
6. И Филистејците ги слушнаа радосните извици и рекоа: „Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?” И дознаа, дека во логорот пристигнал ковчегот Господов.
7. И се уплашија Филистејците, бидејќи рекоа: „Бог дошол при нив во логорот.” И рекоа: „Тешко нам, зашто такво нешто не се случило ни вчера ни завчера;
8. тешко нам! Кој ќе нè спаси од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог, што ги порази Египтјаните со секакви поразии во пустињата.
9. Стегнете се, о Филистејци, и бидете храбри, за да не станете робови на Евреите, како што се тие во ропство под вас; бидете јунаци и удрете на нив!”
10. И Филистејците удрија,и Израилците беа разбиени, и секој избега во шаторот свој; поразот беше многу голем; од Израилците паднаа триесет илјади пешаци.
11. Ковчегот Божји беше земен, и обајцата Илиини синови, Офни и Финес, загинаа.
12. А еден од Венијаминовите побегна од местото на битката и дојде во Силом истиот ден; облеката му беше испокината и главата во прав.
13. Кога тој пристигна, Илиј седеше на стол при патната врата и гледаше, бидејќи срцето му трепереше за ковчегот Божји. И кога тој човек пристигна и јави во градот, целиот град високо повика.
14. Илиј го чу плачењето и рече: „Каква врева е тоа?” И човекот веднаш се приближи и му соопшти на Илиј.
15. Илиј тогаш беше на деведесет и осум години; и очите му се беа помрачиле, и тој не можеше да гледа.
16. И човекот му рече на Илиј: „Јас дојдов од логорот, денес избегав од местото на битката.” И рече Илиј: „Што стана, синко?”
17. И известителот одговори и рече: „Израил избега пред Филистејците, голем пораз стана во народот, и двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа, и ковчегот Божји беше запленет.”
18. Кога тој спомна за ковчегот Божји, Илиј падна од столот при вратата нагрб, си го скрши грбникот и умре; бидејќи тој беше стар и тежок. Тој беше судија на Израилот четириесет години.
19. Снаата негова, Финесовата жена, беше бремена веќе навременила. Кога го чу известувањето дека ковчегот Божји е запленет и дека свекорот нејзин и мажот нејзин умреле, се свитка на колена и роди, бидејќи ѝ дојдоа болките.
20. И кога таа умираше, жените околу неа н говореа: „Не плаши се, ти роди син.” Но таа не одговараше и не обрнуваше внимание.
21. И го нарече младенчето Ихавод, велејќи: „Си отиде славата од Израилот” – со запленувањето на ковчегот Божји, а и со смртта на свекорот нејзин и мажот нејзин.
22. Таа затоа рече: „Отиде славата од Израилот, бидејќи ковчегот Божји е запленет.

5. Ковчегот на заветот во храмот на Дагон.

1. А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Авен-Езер во Азот.
2. Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во Дагоновиот храм и го поставија до Дагона.
3. На другиот ден, откако станаа Азотците рано, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагона и го поставија пак на местото негово.
4. На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагона, обете стапала на нозете и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагона беше останал.
5. Поради тоа жреците Дагонови и сите други, кои доаѓаа во домот на Дагона во Азот, не стапнуваат на прагот Дагонов до ден денешен.
6. И раката Господова се протегна врз Азотците, и Бог го порази и ги казни со лоши пликови во Азот и околните места негови, а во земјата се накотија глувци, и во градот имаше голем смут.
7. Откако го видоа тоа Азотците, рекоа: „Да не остане ковчегот на Бога Изрилев кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.”
8. И испратија, та ги собраа при себе сите филистејски кнезови и рекоа: „Што да правиме со ковчегот на Бога Израилев?” А тие рекоа: „Нека се пренесе ковчегот на Бога Израилев во Гет.” И го испратија ковчегот на Бога Израилев во Гет.
9. Откако го пренесоа, раката Господова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги порази Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци.
10. Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Аскалон. И кога ковчегот Божји дојде во Аскалон, Аскалонците извикаа и рекоа: „Го донесоа при нас ковчегот на Бога Израилев, за да ни помори нас и народот наш.”
11. И испратија, та ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: „Испратете го ковчегот на Бога Израилев; нека се врати на местото свое, за да не нè помори нас и народот наш.” Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив, откако ковчегот на Бога Израилев дојде тука.
12. И оние, што не умреа, беа поразени со пликови, така што пискотот од градот се издигаше до небото.

6. Ковчегот на заветот се враќа со дарови.

1. А ковчегот Господов остана во областа Филистејска седум месеци, и се наполни таа земја со глувци.
2. И Филистејците повикаа жреци вражачи, па рекоа: „Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нè, како да го испратиме до местото негово?”
3. Тие, пак, рекоа: „Ако сакате да го испратите ковчегот на заветот на Господа Бога Израилев, не испраќајте го без ништо, туку принесете Му жртва за вина; тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, поради што не отстапува од вас раката Негова.”
4. И тие запрашаа: „Каква жртва за вина треба да Му принесеме?” Тие одговорија: „Според бројот на филистејските кнезови – пет златни пликови и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите нас и врз кнезовите ваши;
5. и така, направете извајани подобија (слични) на вашите пликови и извајани подобија на вашите глувци, што ја опустошија земјата, и воздајте Му слава да Бога Израилев; можеби Он ќе ја направи и полесна раката Своја над вас, над боговите ваши и над земјата ваша;
6. и зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египтјаните и Фараонот? Ете, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, тие ги пуштија и тие тргнаа.
7. Па така, земете, направете една нова кола и земете две крави доилки на кои јарем уште не е ставен, и впрегнете ги кравите во колата, и телињата нивни одведете ги од нив дома;
8. и земете го ковчегот Господов и ставете го на колата, а златните работи, што ќе Му ги принесете како жртва за вина, ставете ги во ковчеже отстрана; пуштете го и нека оди;
9. Но гледајте, ако тргне кон пределите свои, кон Ветсамис, тој ни го направил тоа големо зло; ако пак не, ќе знаеме, дека не раката Негова нè поразила, туку тоа станало со нас случајно.”
10. Така и направија: зедоа две крави доилки, ги впрегнаа во кола; а телињата нивни ги задржаа дома;
11. и го ставија на колата ковчегот Господов, ковчежето со златните глувци и извајаните пликови.
12. И тргнаа кравите право по патот кон Ветсамис: одеа сè по еден пат, одеа и мукаа, но не скршнуваа ни десно, ни лево; а филистејските кнезови одеа по нив до пределите на Ветсамис.
13. Ветсамиските жители токму го жнееја житото во долината и, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го видоа.
14. А колата дојде во нивата на Ветсамиецот Исус и таму се застана; имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господа како жртва.
15. Левитите го симнаа ковчегот Господов и ковчежето, што беше до него, во кое се наоѓаа златните работи, и ги ставија на големиот камен; а ветсамитските жители принесоа тој ден жртви сепаленици и жртви за благодарност на Господа.
16. И петте филистејски кнезови го видоа тоа и се вратија истиот ден во Акарон.
17. Златните пликови што Филистејците Му ги принесоа на Господа како жртва за вина, беа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гет, еден за Акарон;
18. а златните глувци беа според бројот на сите филистејски градови – на петте кнезови, од укрепените градови и отворените села до големиот камен, врз кого го ставија ковчегот Господов и кој и до ден денес се наоѓа во нивата на Ветсамиецот Исус.
19. Меѓу ветсамиските жители не се зарадуваа синовите Јехониеви, иако го видоа ковчегот Господов. И Бог уби од нив педесет илјади и седумдесет души. И народот заплака, бидејќи Господ го порази со голема погибел.
20. И ветсамиските жители рекоа: „Кој може да стои пред Господа, пред Овој свет Бог и при кого од нас ќе отиде Он?”
21. И испратија пратеници при жителите на Киријат-Јарим да кажат: <Филистејците го вратија ковчегот Господов; дојдете и земете го при вас!”

7. Самуил како судија.

1. Жителите на Киријат-Јарим дојдоа, го зедоа ковчегот на заветот Господов и го однесоа во куќата на Аминадава, на ридот, а синот негов Елеазар го посветија да го чува ковчегот на заветот Господов.
2. Од оној ден, кога ковчегот остана во Киријат-Јарим, измина многу време-дваесет години. И сиот Израилев дом се обрна кон Господа.
3. И му рече Самуил на сиот Израилев дом, велејќи: „Ако од сè срце се обрнувате кон Господа, отстранете ги од средината своја туѓите богови и боговите од горичките, расположете го срцето свое кон Господа и Нему единствено служете Му, и Он ќе ви избави од филистејските раце.”
4. И Израилевите синови ги отстранија разните Вааловци и Астарти и почнаа да му служат само на Господа.
5. И рече Самуил: „Соберете ги сите Израилци во Масифа, и јас ќе Му се помолам на Господа за вас.”
6. И се собраа во Масифа, и црпеа вода – ја истураа пред Господа, и постеа тој ден, велејќи: »згрешивме пред Господа.« А Самуил им судеше на синовите Израилеви во Масифа.
7. Кога Филистејците чуја дека синовите Израилеви се собрале во Масифа, кнезовите нивни излегоа против Израилот; Израилците откако го слушнаа тоа, се уплашија од Филистејците.
8. Тогаш Израилевите синови му рекоа на Самуила: „Не престанувај да го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да нè спаси од филистејските раце.” А Самуил рече: „Не може да биде, јас да отстапам од Господа, мојот Бог, и да не се молам за вас во молитвата своја!”
9. И Самуил зеде едно јагне цицалче и го принесе заедно со сиот народ како жртва сепаленица на Господа; повика Самуил кон Господа за Израилот и Господ го чу.
10. И кога Самуил ја принесуваше сепаленицата, Филистејците дојдоа да се бијат против Изрилот. Но тој ден Господ загрме со силен татнеж над Филистејците и испрати против нив силен ужас, и тие се збркаа и беа поразени пред Израилот.
11. Израилците излегоа од Масифа, ги гонеа Филистејците и ги разбиваа до под Ветхор.
12. И Самуил зеде еден камен и го стави меѓу Масифа и Сен, и го нарече Авен-Зер, што значи довде ни помогна Господ.
13. Така беа смирени Филистејците и не доаѓаа веќе во пределите Израилеви; и раката Господова беше врз Филистејците преку сите денови на Самуила.
14. А му беа вратени на Израилот градовите, што Филистејците ги беа презеле од Израилот, од Акарон дури до Гет, и Израил ги ослободи пределите нивни од филистејски раце, и настана мир меѓу Израилот и Аморејците.
15. И Самуил беше судија над Израила преку сите денови на својот живот;
16. и секоја година одеше и го обиколуваше Ветил, Галгал, и Масифа и му судеше на Израилот по сите тие места;
17. потоа се враќаше во Арматем, бидејќи таму беше куќата негова, таму живееше и таму му судеше на Израилот, а таму изгради и жртвеник на Господа.

8. Синовите Израилеви бараат цар.

1. А кога Самуил остаре, ги постави своите синови за судии над Израилот.
2. Името на поголемиот син негов беше Јоил, а името на вториот син негов – Авија; тие беа судии во Вирсавија.
3. Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие – земаа подароци и судеа криво.
4. Тогаш се собраа сите старешини Израилеви, дојдоа при Самуила во Арматем
5. и му рекоа: „Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по патиштата твои. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.”
6. Овие зборови не му беа пријатни на Самуила, кога рекоа: »дај ни цар, кој ќе ни суди.« И Самуил Му се помоли на Господа.
7. А Господ му рече на Самуила: „Чуј го народниот глас во сè, што ти говорат; зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, за да не царувам над нив;
8. како што постапуваа од оној ден до денес, кога ги изведов од Египет, откако Ме оставија и им служеа на други богови, така постапуваат и со тебе;
9. затоа, послушај го гласот нивни; само изложи им ги и објави им ги правата на царот, што ќе царува над нив.”
10. И Самуил им ги соопшти сите тие зборови Господови на народот, кој бараше од него цар,
11. и рече: „Еве, какви ќе бидат правата на царот, што ќе царува над вас: тој ќе ги зема синовите ваши и ќе ги прави свои колари и свои коњаници и тие ќе одат пред колите негови;
12. и ќе ги постави да му бидат илјадници и педесетници, да му ги обработуваат нивите, да го жнеат житото и да му прават војничко оружје и сè што е потребно за колите негови;
13. ќе ги зема ќерките ваши за да прават миризливи масла, да готват јадења и да печат леб;
14. ќе ви ги зема најдобрите ваши ниви, лозја и маслинови градини и ќе им ги дава на слугите свои;
15. ќе зема десеток од посевите ваши и од лозјата ваши и ќе им го дава на евнусите свои и на слугите свои;
16. ќе ги зема робовите ваши и робинките ваши, најдобрите момци ваши и ослите ваши и ќе ги употребува за своја работа;
17. ќе зама десеток од вашиот ситен добиток, а вие сами ќе му бидете робови;
18. тогаш ќе заофкате од царот свој, што сте го избрале, и Господ нема да ви одговори тогаш.”
19. Но народот не сакаше да го послуша гласот на Самуила и рече: „Не, нека има цар над нас,
20. и ние ќе бидеме како другите народи – ќе ни суди нашиот цар и ќе оди пред нас, и ќе ги води нашите војни.”
21. И Самуил, откако ги ислуша сите тие зборови на народот, Му ги кажа на Господа.
22. И Господ му рече на Самуила: „Послушај го гласот нивни и постави им цар.” И Самуил им рече на Израилците: „Одете секој во својот град!”

9. Саул доаѓа кај Самуила.

1. Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син Авилов, син Јаредов, син на Вахиров, син Афеков, син на некојси Венијаминец.
2. Тој имаше син, по име Саул, млад и убав; и никој од Израилците не беше поубав од него; а и за глава тој беше повисок од сиот народ.
3. И на Сауловиот татко Кис му се загубија ослиците, па му рече Кис на синот свој Саула: „Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги ослиците.”
4. И тој ја мина Ефремовата гора, ја минаа и земјата Селха, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Сегалимска, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа.
5. А кога дојдоа во земјата Сифова, Саул му рече на слугата свој, што беше со него: „Да се вратиме, за да не почне татко, заборавајќи ги ослиците, да се беспокои поради нас.”
6. Но слугата му рече: „Еве, во овој град има еден човек Божји, чпвек почитуван; сè што тој ќе каже, се збиднува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.”
7. И му рече Саул на слугата свој: „Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зошто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема, за да му однесеме на човекот Божји. Што имаме?”
8. Слугата, пак, му одговори на Саула и рече: „Ете, во раката моја има четврт сикла сребро; ќе му ја дадам на човекот Божји, и тој ќе ни го покаже патот наш.”
9. Порано кај Израилот, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: »да одиме кај јасновидецот. Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал јасновидец.«
10. И му рече Саул на слугата свој: „Добро велиш; да одиме!” И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји.
11. Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа: „Има ли тука јасновидец?”
12. Тие им одговорија и рекоа: „Име; ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот;
13. кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча; зашто народот нема да почна да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.”
14. И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самуил им излегува во пресрет, за да отиде на ридот.
15. А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самуила и рече:
16. „Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и то помажи го за цар на Мојот народ, Израилот; тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостивно на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.”
17. Кога Самуил го виде Саула, Господ му рече: „Ете го човекот, за кого ти говорев; тој ќе царува над Мојот народ.”
18. Саул се приближи до Самуила при вратата и го запраша: „Кажи ми, каде е куќата на јасновидецот?”
19. Самуил му одговори на Саула и рече: „Јас сум јасновидецот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сè, што имаш на срцето;
20. а за ослиците, што се загубија пред три дена, не се грижи, тие се најдени. Та за кого е сè она, што е најсакано кај Израилот? Нели е за тебе и за целиот твој татков дом?”
21. Саул одговори и рече: „Не сум ли јас син од Венијаминовото колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не ли е најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?”
22. Самуил го зеде Саула и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души.
23. И му рече Самуил на готвачот: „Донеси го оној дел, што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: »зачувај го кај себеси.«“
24. И готвачот ја зеде плешката и сè, што беше на неа, и го стави тоа пред Саула. И рече Самуил: „Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.” И тој ден Саул ручаше со Самуила.
25. Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самуил разговараше со Саула на покривот, а и послаа за Саула на покривот и тој спиеше.
26. Утрината тие станаа токму кога зазори зората, Самуил го повика Саула на покривот и рече: „Стани, јас ќе те испратам.” Саул стана, и обајцата, тој и Самуил, излегоа од куќата.
27. Кога наближуваа кон крајот на градот, Самуил му рече на Саула: „Кажи му на слугата да оди пред нас,” – и тој отиде напред, – <а ти сега застани,” и јас ќе ти откријам, што рече Бог.”

10. Самуил го помазува Саула за цар.

1. И зеде Самуил сад со елеј, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: „Еве, Господ те помаза за цар на Своето наследство во Израилот и ти ќе царуваш над народот Господов и ќе ги избавиш од рацете на околните непријатели нивни, и ете ти знак, дека Господ те помазал за цар на Своето наследство.
2. И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш двајца луѓе близу до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели, во Силом, во Вакалат и тие со радост ќе ти кажат: „Се најдоа ослиците, што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги ослиците, се обеспокои за вас, велејќи: »Што стана со синот мој?«
3. Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш при Таворската дубрава, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино.
4. И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни.
5. Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската страна, таму се филистејските началници; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и гусли, и ќе пророкуваат;
6. и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек.
7. Кога тој знак ќе се случи со тебе, тогаш прави она што може раката твоја, зашто со тебе е Бог.
8. Оди пред мене во Галгал, каде што и јас ќе дојдам при тебе, за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш.”
9. И штом Саул се сврте, за да си оди од Самуила, Бог му даде друго срце, и сите оние знаци се збиднаа во истиот ден.
10. Кога дојде до ридот, ете кај ги сретнува група пророци, и Духот Божји слезе врз него, и тој пророкуваше меѓу нив.
11. Сите, што го познаваа вчера и завчера, откако видоа, дека тој пророкува со пророците, си велеа еден на друг: „Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?”
12. И еден од оние, што беа таму, одговори и рече: „Па кој е нивниот татко?” Затоа излезе поговорка: »Зар и Саул е меѓу пророците?«
13. И тој престана да пророкува и отиде на ридот.
14. А Сауловиот чичко го праша него и слугата негов: „Каде одевте?” Тој одговори: „Па ги баравме ослиците, но, откако видовме, дека ги нема, навративме кај Самуила.”
15. И Сауловиот чичко рече: „Раскажи ми, што ви рече Самуил.”
16. И Саул му кажа на чичка си: „Тој ни јави, дека ослиците се најдени.” А она, што Самуил му го кажа за царството, не му го кажа.
17. И Самуил го свика народот при Господа во Масифа,
18. и им рече на синовите Израилеви: „Така говореше Господ, Бог Израилев: »Јас го изведов Израилот од Египет и ве спасив од рацете на Египтјаните, од рацете на сите царства, што ве притискаа.«
19. А вие сега го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки и таги, и Му рековте: -постави ни цар. И така, застанавте сега пред Гсопода според знамињата ваши и племињата свои и според илјадниците свои!”
20. И заповеда Самуил да минуваат сите племиња Израилеви, и со жреб беше посочено Венијаминовото племе.
21. И му заповеда на Венијаминовото племе да минува според домовите нивни, и беше посочено Матриевото племе; и го доведуваа Матриевото племе според мажите, и беше посочен Саул, Кисовиот син; и го бараа, но не го најдоа.
22. И пак го запрашаа Господа: „Ќе дојде ли тој човек тука?” И Господ одговори: „Ете, тој се крие во покривките.”
23. Го најдоа таму и го изведоа оттаму; тој застана среде народот: а од рамениците свои угоре беше повисок од сите.
24. И Самуил му рече на сиот народ: „Гледате ли, кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ.” Тогаш сиот народ извика и рече: „Нека живее царот!”
25. И Самуил му ги изложи на народот правата на царството (царувањето), ги напиша во книга, и ја стави пред Господа. И го распушти сиот народ, секој во домот свој.
26. Исто така и Саул си отиде дома, во Гава; а со него отидоа и храбрите, до чие срце се беше допрел Бог.
27. А лошите луѓе рекоа: „Та тој ли ќе нè спаси?” И го презреа и не му принесоа дарови.

11. Прва Саулова победа. Жртва благодарница во Галгал.

1. И по месец време дојде Амонитеецот Наас и го опколи Јавис Галадски. И сите јависки жители му рекоа на Наас: „Склучи со нас сојуз, и ние ќе ти служиме!”
2. На Амонитеецот Наас им рече: „Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израил.”
3. Јависките старешини му рекоа: „Дај ни рок од седум дена, да испратиме пратеници по сите израилски предели, и, ако никој не ни помогне, ќе ти се предадеме.”
4. И пратениците дојдоа во Гава Саулова и му ги раскажаа на народот гласно тие зборови; и сиот народ извика и заплака.
5. А ете, Саул доаѓаше од нива по воловите свои и рече: „Што станало со народот, та плаче?” И му ги кажаа зборовите на Јависките жители.
6. И слезе Духот Божји врз Саула, откако ги чу тие зборови, и силно се разгневи;
7. па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израилски предели преку тие пратеници, објавувајќи, дека така ќе биде постапено со воловите на секого, што нема да тргне по Саула и Самуила. И страв Господов падна врз народот, и тргнаа сите како еден човек.
8. Саул ги преброи во Везек, и се најдоа синовите Израилеви шестотини илјади и мажи Јудини – седумдесет илјади.
9. И им рече на дојдените пратеници: „Вака кажете им на жителите на Јавис Галадски: утре ќе имате помош штом ќе припече сонцето.” И пратениците отидоа и им јавија на јависките жители, и тие се зарадуваа.
10. И Јависките жители му рекоа на Наас: „Утре ќе ви се предадеме, и правете со нас што сакате.”
11. На следниот ден Саул го раздели народот во три групи, и тие се провлекоа среде логорот по утринската стража и до дневниот припек ги поразија Амонитците; другите Амонитци се распрснаа така, што од нив не останаа ни двајца заедно.
12. Тогаш народот му рече на Самуила: „Кои беа тие што рекоа – Та Саул ли ќе царува над нас? – Дајте ги тие луѓе, и ние ќе ги убиеме.”
13. Но Саул рече: „Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израилот.”
14. И Самуил му рече на народот: „Да одиме во Галгал и таму да го обновиме царството.”
15. И сиот народ отиде во Галгал и го поставија таму Саула за цар пред Господа, во Галгал, и принесоа таму благодарствени жртви пред Господа. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израилци.

12. Самуил на свечен начин ја напушта својата судиска служба.

1. И Самуил му рече на сиот Израил: „Ете, јас го послушав вашиот глас во сè, што ми рековте, и ви поставив цар,
2. и еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев; и синовите мои се со вас. Јас, пак, одев пред вас од младини до денес.
3. Па еве ме, сведочете против мене пред Господа, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел осел, кого сум навредил и кого сум притискал, од кого сум зел дар и ги затворил очите пред делото негово, и јас ќе ви ги вратам.”
4. И одговорија: „Ти не си нè навредувал, ниту си нè измачувал и од никого ништо не си зел.”
5. И тој им рече: „Сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов во овој ден, дека не најдовте ништо против мене.” И тие одговорија: „Сведок е.”
6. Тогаш Самуил му рече на народот: „Сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеја и Арона и Кој ги изведе вашите татковци од Египетската земја.
7. А сега застанете, и јас ќе се судам со вас пред Гсопода за сите добри дела, што Он ви ги направи вам и на татковците ваши.
8. Кога Јаков дојде во Египет, и татковците ваши почнаа да викаат кон Господа, Господ го испрати Мојсеја и Арона, и тие ги изведоа татковиците ваши од Египет и ги населија на ова место.
9. Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Он ги предаде во рацете на Сисар, асирскиот војвода, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив.
10. А кога повикаа пак кон Господа и рекоа: „Згрешивме, што Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на Вааловци и Астарти, спаси нè сега од рацете на непријателите наши, и ние ќе Ти служиме Тебе.”
11. Тогаш Господ го испрати Јоровала и Варака, Ефтаја и Самуила и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир.
12. Но кога видовте, дека амонитскиот цар Наас оди против вас, вие ми рековте: „Не, нека царува цар над нас”, штом Господ, вашиот Бог, е ваш цар.
13. И така, еве го царот, што го избравте, кого го сакавте; ете, Господ ви постави цар.
14. Ако се плашите од Господа и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој царува над вас, и ако одите по Господа, вашиот Бог, тогаш раката Господова нема да биде против вас;
15. ако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господа ќе биде против вас, како што беше против татковците ваши.
16. А сега станете и погледнете го големото дело, кое Господ го изврши пред очите ваши:
17. нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го призовам Господа, и Он ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е голем гревот, што го направивте пред очите на Господа, барајќи за себеси цар.”
18. И Самуил го призва Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господа и Самуила.
19. и сиот народ му рече на Самуила: „Помоли се за слугите свои пред Господа, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште еден грев, кога баравме за себеси цар.”
20. А Самуил му одговори на народот и рече: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тој грев, но само не отстапувајте од Господа, и служете Му на Господа од сè срце,
21. и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се ништо;
22. а Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господа му беше угодно да ве избере за Свој народ;
23. исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господа, да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат;
24. само бојте се од Господа и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте, какви големи дела изврши Он со вас;
25. ако пак вршите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.”

13. Самуил го казнува Саула за предвремената жртва.

1. Беше изминала една година од царувањето на Саула, а две години царуваше Саул над Израилот, кога тој си избра три илјади Израилци:
2. две илјади беа со Саула во Махмас и во гората Ветилска, а илјада беа со Јонатан во Гава Венијаминова: а другиот народ тој го испрати по куќите нивни.
3. Јонатан ја разби филистејската стража, што беше во Гава; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: „нека чујат Евреите!”
4. Кога сиот Израил чу, дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израил станал намразен за Филистејците, – народот се собра при Саула во Галгал.
5. А Филистејците се собраа за војна против Израил: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песок на морскиот брег; и дојдоа, та се сместија во Махмас, на исток од Веторон.
6. Израилците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и теснеци, во камени места, во пукнатини и ровови;
7. а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галадска; Саул, пак, беше уште во Галгал, сиот народ, што беше со него, се беше уплашил.
8. И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самуила, но Самуил не доаѓаше во Галгал. И народот почна да се разбегува од него.
9. И Саул рече: „Донесете го при мене одреденото за сепаленици и за благодарствени жртви.” И принесе жртва.
10. А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете кај иде Самуил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави.
11. А Самуил запраша: „Што си направил?” Саул одговори: „Видов оти народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време, Филистејците пак се беа собрале во Махмас, –
12. тогаш си помислив: „Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Галгал, а јас, пак, сè уште не сум го прашал Господа, па затоа решив да принесам жртва.”
13. И Самуил му рече на Саула: „Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господа, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израилот засекогаш.
14. А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе му нареди да биде водач на народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.”
15. И стана Самуил, та отиде од Галгал во Гава Венијаминова, другите, пак луѓе отидоа по Саула против непријателските групи, кои ги нападнаа кога одеа од Галгал во Гава Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето, што беа со него, до шестотини души.
16. Саул со синот свој Јонатан и луѓето, што се наоѓаа при нив, се улогорија во Гава Венијаминова и плачеа, а Филистејците беа во логорот во Махмас.
17. И од филистејскиот логор излегоа три дружини, за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Гофер, во земјата Совал,
18. другата дружина тргна по Веторонскиот пат, додека третата појде по патот кон границата на долината Севоим, кон пустињата.
19. Во сета Израилска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа, да не направат Евреите мечеви или копја.
20. И сите Израилци требаше да одат при Филистејците за да ги клепаат своите рала, мотиките, секирите и копачите,
21. кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените.
22. Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ, што беше со Саула и Јонатана, а такви се најдоа само кај Саула и кај синот негов Јонатана.
23. И филистејската стража излезе во теснецот во Махмас.

14. Победата на Јонатан.

1. Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруженосец: „Дојди да минеме кон филистејската стража, од онаа страна.” А на татка си тој не му кажа за тоа.
2. Саул, пак, се наоѓаше крај Гава, под калинковото дрво, кое е во Магдон; со него беа до шестотини души народ.
3. и Ахија, синот Ахитов, брат на Јохаведа, син на Финеса, син Илиин, свештеник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше, дека Јонатан заминал.
4. Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Васес, а другата – Сена;
5. едната карпа се издигаше од север кон Махмас, другата – од југ кон Гава.
6. И му рече Јонатан на својот слуга оруженосецот: „Дојди да преминаме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господа не е тешко да спаси преку мнозина или малкумина.”
7. И оруженосецот одговори: „Врши сè што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.”
8. Јонатан рече: „Еве, ќе преминеме кон оние луѓе и ќе застанеме да ни видат;
9. ако ни речат: – застанете, додека да дојдеме до вас, – ние ќе застанеме на местата свои и нема да излеземе при нив;
10. ако, пак, кажат: – дојдете при нас, – ние ќе излеземе, зашто Господ ги предал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.”
11. Кога и двајцата застанаа, за да ги види филистејската стража, Филистејците рекоа: „Ете, Евреите излегуваат од проломите, во кои се беа испосокриле.”
12. И извика стражата кон Јонатана и оруженосецот негов, велејќи: „Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.” Тогаш Јонатан му рече на оруженосецот: „Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израилот.”
13. Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа пред Јонатана, а оруженосецот ги доубиваше по него.
14. И во тој прв пораз, нанесен од Јонатана и оруженосецот негов, паднаа до дваесет души, врз половина од нива, обработувана од два вола во еден ден.
15. Па настана ужас во логорот на полето и во сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија, и не сакаа да се бијат; се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господа.
16. И Сауловата стража во Гава Венијаминова виде, дека народот се распрснува и трча наваму-натаму.
17. И Саул му рече на народот, што беше со него: „Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.” И прегледаа, а тоа, го нема Јонатан и оруженосецот негов.
18. И Саул му рече на Ахија: „Донеси го ковчегот Божји,” – зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израилеви.
19. Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сè повеше и повеќе се зглемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: „Собери ги рацете свои!”
20. Извика Саул и сиот народ, што беше со него, и дојдоа до местото на битката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов; смут имаше многу голем.
21. Тогаш и Евреите, кои вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израилците што беа со Саула и Јонатана;
22. и сите Израилци, што се криеја во Ефремовата гора, откако слушнаа, дека Филистејците избегале и тие се присоединија кон своите во битката.
23. Тој ден Господ го спаси Израилот; а битката се прошири дури до Вамот. Сите мажи со Саула беа до десет илјади, и битката се прошири по целиот град на Ефремовата гора.
24. Израилевите мажи беа изморени тој ден; а Саул, не размислувајќи многу, го заколна народот, велејќи: „Проклет да е оној, што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!” И никој од народот не вкуси храна.
25. И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед.
26. И народот излезе во гората, велејќи: „Еве, тече мед.” Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата.
27. Јонатан, пак, не чу, кога тако му го заколнуваше народот, и отакако го протегна крајот на стапот, што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа.
28. А еден од народот му рече, велејќи: „Татко ти го заколна народот, и рече: – »Проклет да е оној, што денес ќе вкуси храна; од тоа народот изнемоште.«“
29. Но Јонатан рече: „Татко ми ја смути земјата; гледате, како ми светнаа очите, штом вкусив малку од медов;
30. ако, пак, народот денес си каснеше од грабежов, што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?”
31. И Израилците ги разбија Филистејците оној ден од Махмас до Ајалон, и народот многу беше изморен.
32. Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта.
33. Му јавија на Саула, велејќи: „Ете, народот греши пред Господа, јаде со крвта.” И рече Саул: „Вие згрешивте: донесете сега при мене еден голем камен.”
34. Потоа Саул рече: „Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера при мене волот свој и секој – овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господа, не јадете со крвта.” И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја през ноќта и колеа таму.
35. Тогаш Саул му изгради жртвеник на Господа: тоа беше жртвеник на Господа подигнат од него.
36. И Саул рече: „Да ги подгониме Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.” И рекоа: „Прави сè, што сметаш дека е добро.” А свештеникот рече: „Да пристапиме овде кон Бога.”
37. Саул го запраша Бога: „Да ги подгонам ли Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израилот?” Но Он не му одговори тој ден.
38. Тогаш Саул рече: „Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот?”
39. Зашто, – жив ми Господа, Кој го спаси Израилот – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.” Но никој од сиот народ не му одговори.
40. Тогаш Саул им рече на сите Израилци: „Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.” А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро.”
41. И рече Саул: „Господи, Боже Израилев! Зошто сега не му одговори на Твојот слуга? Во мене ли е вината за тоа, или кај син ми Јонатан? Господи, Боже Израилев, дај знак. Ако е вината кај твојот народ Израил, изобличи го.” Изобличени беа со жреб Јонатан и Саул, а народот излезе прав.
42. Тогаш Саул рече: <Фрлете жреб меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан и кого Господ ќе го посочи, тој да умре.” И народот му рече на Саула: „Нека не биде така!” Но Саул настојуваше. И фрлија жреб меѓу него и синот негов Јонатан, и жребот падна врз Јонатана. 43. И Саул му рече на Јонатана: „Кажи ми, што си направил?” И Јонатан му раскажа, велејќи: „Вкусив со стапот, што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.” 44. И Саул рече: „Нека ми направи Господ и тоа и тоа, и уште повеќе да направи; ти, Јонатане, денес треба да умреш. 45. Но народот му рече на Саула: „Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израилот? Тоа нема да биде! Нека е жив Господ, ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.” И народот го ослободи Јонатана, и тој не умре. 46. Тогаш Саул не отиде да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во земјата своја. 47. Саул го зацврсти царувањето свое над Израилот, и војуваше против сите свои околни непријатели, со Моав и со Амонците и со Едом, и со Ветор, и со царевите на Сова, и со Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех. 48. Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослобори Израил од рацете на оние што го грабеа. 49. Саулови синови беа: Јонатан, Јесуј и Мелхисуј; а двете ќерки негови се викаа: поголемата - Мерова, а помалата - Мелхола. 50. А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимас; началникот на војската негова се викаше Авенир, син на Нир, стрикото Саулов. 51. Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, син на Јамина, беа синови Авилови. 52. И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и јунак, го земаше кај себеси.

15. Јонатановото херојско дело.

1. Потоа Самуил му рече на Саула: „Господ ме испрати да те помажам за цар над Неговиот народ, над Израилот; а сега чуј го гласот Господов.
2. Така говореше Господ Саваот: „Си спомнав на она, што Амалик му го направи на Израилот, како тој му се испречи на патот кога тој доаѓаше од Египет.
3. Оди сега и порази го Амалика и истреби сè негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и проколни сè што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до осел.”
4. Го собра тогаш Саул неродот и го преброи во Галгал; и тие двесте илјади Израилци пешаци и десет илјади од Јудиното племе.
5. И дојде Саул до Амаликовите градови и постави заседа во потокот.
6. Па им рече Саул на Кенејците: „Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликовците, за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израилци кога доаѓаа од Египет. И Кенејците се одделија од Амаликијците.
7. И Саул го порази Амалика од Евил до пределите на Сур, што е пред Египет;
8. и го зароби жив амаликијскиот цар Агага, и сиот народ го истреби со меч и Јерима го уби.
9. Но Саул и народот го поштедија Агага и најдобрите овци, волови и згоените јагниња, и сето добро, кое не сакаа да го истребат, а го истребија сето лошо и безвредно.
10. И дојде словото од Господа, кон Самуила вакво:
11. „Жалам, што го поставив Саула за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.” Се натажи Самуил многу, викаше кон Господа цела ноќ.
12. А изутрината рано Самуил стана и отиде да го пресретне Саула. И му јавија на Самуила, дека Саул отишол на Кармил и таму си подигнал споменик, но оттаму ја свртил колата и слегол во Галгал.
13. Кога Самуил дојде при Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа; јас го исполнив зборот Господов.”
14. Но Самуил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови, што го слушам?”
15. Саул одговори: „Ги дотераа од Амалика, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господа, твојот Бог; а другото го истребивме.
16. Самуил му рече на Саула: „Почекај да ти јавам, што ми кажа Господ ноќеска.” А Саул му рече: „Кажувај.”
17. Тогаш Самуил рече: „Зар не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израилевите племиња, и Господ те помаза за цар над Израилот?
18. И Господ те испрати на пат и рече: „Оди и истреби ги Амаликијците и војувај против нив, сè додека ги истребиш.
19. Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господа?”
20. Саул му одговори на Самуила: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликијскиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив;
21. а од пленот: овците и воловите, народот го зеде најдоброто од ограбеното, за да му принесе жртва на Господа, твојот Бог, во Галгал.”
22. Самуил одговори: „Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господа, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо;
23. зашто непокорноста и исто таков грев, какво што е вражањето, а упорноста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господа, затоа и Он те отфрли, за да не бидеш цар над Израилот.”
24. И Саул му кажа на Самуила: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господа и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни.
25. А сега земи го од мене мојот грев и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, твојот Бог.”
26. А Самуил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли, за да не бидеш цар над Израилот.”
27. Самуил се сврти да си оди. Но Саул се фати за крајот од облеката негова и ја раскина.
28. Тогаш Самуил рече: „Денес Господ го одзеде царството Израилево од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе.
29. Светецот Израилев нема да каже неправда, ниту ќе се покае, бидејќи Он не е човек, та да се покае.”
30. И рече Саул: „Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израилот, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Господа, твојот Бог.”
31. Самуил се врати по Саула, и Саул Му се поклони на Господа.
32. Потоа Самуил рече: „Доведете ми го амаликијскиот цар Агага.” Агаг, растреперен, се приближи до него, и рече Агаг: „Горчината на смртта, секако, одмина!”
33. Но Самуил рече: „Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нака биде лишена од син.” И го исече Самуил Агага пред Господа во Галгал.
34. Самуил отиде во Арматем, а Саул отиде во домот свој во Гава Саулова.
35. И Самуил веќе не се виде со Саула до денот на смртта своја; но Самуил тагуваше по Саула, бидејќи Господа се беше покајал, што го зацари Саула над Израилот.

16. Повикување на Давида за цар.

1. Му рече Господ на Самуила: „До кога ќе тагуваш по Саула, кого Јас го отфрлив, да не биде цар на Израилот? Наполни го рогот свој со елеј и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.”
2. Тогаш Самуил рече: „Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.” Господ рече: „Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господа;
3. покани го и Јесеја, и синовите негови, на жртвата; Јас ќе ти кажам, што да правиш, и ти ќе Ми го помажеш оној, кого ќе ти го посочам.”
4. И Самуил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: „Со мир ли доаѓаш?”
5. Тој одговори: „Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господа; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.” И го освети тој Јесеја и синовите негови и ги покани на жртвата.
6. И кога дојдоа тие, тој, штом го виде Елиава, рече: „Секако овој е пред Господа помазаникот Негов!”
7. Но Господ му рече на Самуила: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.”
8. И го повика Јесеј Аминадава и го доведе кај Самуила, па рече Самуил: „И овој Господ не го избрал.”
9. Јесеј го доведе Сама, и Самуил рече: „И овој не е избран од Господа.”
10. Така Јесеј ги доведе при Самуила седумте синови свои, но Самуил му рече на Јесеја: „Ни еден од нив Господ не избрал.”
11. Самуил го запраша Јесеја: „Сите деца твои ли се овие?” Јесеј одговори: „Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.” И му рече Самуил на Јесеја: „Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.”
12. Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: „Стани, помажи го, зашто тоа е тој.”
13. Самуил го зеде рогот со елеј и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давида од тој ден и подоцна. Потоа Самуил стана и отиде во Арматем.
14. А од Саула отстапи Духот Господов, и зол дух од Господа го мачеше.”
15. И му рекоа на Саула неговите слуги: „Ете, зол дух од Бога те мачи.
16. Нашиот господар нека заповеда на слугите свои, што се пред тебе, да побараат човек, што знае да свири на гусли и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.”
17. Саул им одговори на слугите свои: „Најдете ми човек, што убаво свири, и доведете ми го.”
18. Тогаш еден од слугите негови рече: „Ете, јас видов кај витлеемцеот Јесеј син, кој знае да свири, човек храбар и борбен, умно говори и е убав, и Господ е со него.”
19. Саул прати известител при Јесеја и рече: „Испрати ми го синот свој Давида, кој е при стадото.”
20. Јесеј зеде осел со леб и мешина со вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давида кај Саула.
21. Давид дојде кај Саула, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саула и му стана оруженосец.
22. И Саул испрати да му кажат на Јесеја: „Нека служи Давид при мене, бидејќи најде благонаколност за очите мои.”
23. И секогаш, кога духот лукав доаѓаше врз Саула, Давид го земаше гуслето, свиреше, и на Саула му стануваше подобро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него.

17. Давид и Голијат.

1. Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сокхот, кој е во Јудеја, и се улогорија меѓу Сокхот и Азик, во Ефес-Дамим.
2. А Саул и Израилците се собраа и се улогорија во дабовата долина и се подготвија за војна против Филистејците.
3. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израилците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината.
4. А од Филистејскиот логор излезе маж силен, по име Голијат, од Гет; со раст од шест лакти и педа.
5. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест околоп, и оклопот тежеше пет илјади сикли бакар;
6. на нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит;
7. дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини сикли железо, пред него одеше оруженосец.
8. И застана тој и викна кон Израилските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Не ли сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе при мене;
9. ако тој може да се бие со мене и ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.”
10. Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израилева; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.”
11. И Саул и сите Израилци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија.
12. Давид беше син на Ефратецот од Витлеем Јудин, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саула тој човек достигна старост и беше најстар меѓу мажите.
13. Тројцата поголеми Јесеови синови отидоа со Саула во војна; имињата на тројцата синови, што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него -Аминадав, и третиот – Сама;
14. Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саула,
15. а Давид се беше вратил од Саула, за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем.
16. Оној Филистеец излегуваше наутро и се покажуваше четириесет дена.
17. И Есеј му рече на синот свој Давида: „Земи за брќата свои ефа печено жито и овие десет лебови и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои;
18. а овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.”
19. Саул и сите тие Израилци се наоѓаа во дабовата долина и се готвеа за борба со Филистејците.
20. Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде при комората, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба.
21. Тогаш Израилците и Филистејците се распоредија војска спроти војска.
22. Давид го остави товарот кај чуварот на комората и потрча кон редовите, дојде и ги запраша браќата свои за здравје.
23. И ете, кога тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги чу.
24. И сите Израилци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа.
25. Израилците велеа: „Го гледате ли оној човек, што излегува? Тој излегува, за да го навредува Израилот; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израилот.
26. И Давид им рече на оние, што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној, што ќе го убие оној Филистеец и го симне срамот од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец, што ја навредува војската на живиот Бог?”
27. И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек, што ќе го убие.”
28. Елијав, најголемиот брат на Давида, чу што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давида, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустињата? Го знам јас твоето кревање на големо и твоето лошо срце; ти си дошол да ја гледаш борбата.”
29. А Давид рече: „Па што сум направил? Не ли се тоа само зборови?”
30. Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓато му одговараа како и порано.
31. Се слушнаа зборовите, што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саула, и тој го повика.
32. И му рече Давид на Саула: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.
33. А Саул му рече на Давида: „Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од младини.”
34. Тогаш Давид му рече на Саула: „Твојот слуга ги пасеше татковите си овци, и кога се случуваше да дојде лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото,
35. јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна; ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав;
36. лав и мечка убивал твојот слуга; а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото, како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог. Не бива ли да одам и да го победам, за да ги снема навредите од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан?”
37. Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.”Тогаш му рече Саул на Давида: »Оди, Господ нека биде со тебе!»
38. Саул го облече Давида со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му надена железна облека.
39. Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саула: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.” И го симна Давид сето тоа од себеси.
40. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка, што беше со него; и со торбичката и праќка во раката излезе против Филистеецот.
41. Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давида, и пред него му одеше оруженосецот.
42. Погледна Филистеецот и, откако го виде Давида, со презир го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав.
43. Филистеецот му рече на Давида: „Зошто си тргнал против мене со стап и со камења? Да не сум куче?” Давид му одговори: „Не, туку подолен од куче.” Филистеецот го проколна Давида со боговите свои.
44. И Филистеецот му рече на Давида: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.”
45. Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш;
46. сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам твојот труп и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот;
47. и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа, и Он ќе ве предаде во рацете наши.”
48. Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давида, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот,
49. и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли до праќката, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата.
50. Така со праќка и камен го победи Давид Филистеецот; го удри Филистеецот и го уби; а Давид немаше меч во рацете.
51. Тогаш Давид се стрча и, откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од корицата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнааа да бегаат.
52. И се кренаа мажите израилски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Акарон. И убиваните Филистејци паѓаа по Шааримскиот пат до Гет и до Акарон.
53. Откако ги прогонија Филистејците, Израилевите синови се вратија и го разграбија логорот нивни.
54. Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој.
55. Кога Саул го беше видел Давида како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенире, чиј син е тоа момче?” Авенир му одговори: „Да ти е жива душата, царе, не знам.”
56. И царот тогаш рече: „Ја прашај, чиј син е тоа момче?”
57. А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе при Саула, и главата на Филистеецот беше во раката негова.
58. И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?” Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.”

18. Давид се спријателува со Јонатана.

1. Кога Давид го заврши разговорот со Саула, душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како душата своја.
2. И тој ден Саул го задржа и не му дозволи да се врати во татковиот си дом.
3. А Јонатан склучи сојуз со Давида, бидејќи го засака како душата своја.
4. Јонатан ја сметна горната облека своја, што беше на него, и му ја даде на Давида, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој.
5. А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над воените луѓе; и тоа му се допадна на сиот народ и на слугите Саулови.
6. Кога одеа, при враќањето на Давида од победата над Филистеецот, жените од сите израилски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици, со тимпани и кимвали.
7. И жените, што играа и пееја, говореа: Саул победи илјади, а Давид – десетици илјади!”
8. Тогаш Саул многу се огорчи, непријатни му беа тие зборови, па рече: „На Давида му дадоа десетици илјади, а мене – илјади; му недостига само царство.”
9. И од тој ден Саул гледаше на Давида подозриво.
10. И се случи на другиот ден, лошиот дух од Бога го нападна Саула, и тој беснееше во куќата своја, а Давид свиреше со раката по струните, како и во другите денови; Саул држеше во раката копје.
11. И го фрли Саул копјето, помислувајќи си: ќе го приковам Давида за ѕидот; но Давид двапати се истргна од него.
12. И Саул почна да се плаши од Давида, зашто Господ беше со него, а од Саула отстапи.
13. И Саул го истави од себеси и го постави за свој илјаданачалник, и тој излегуваше и влегуваше пред народот.
14. Во сите работи Давид постапуваше разумно и Господ беше со него.
15. И Саул виде дека е тој многу разумен, и се плашеше од него.
16. А целиот Израил и Јуда го сакаа Давида, зашто тој излегуваше и влегуваше пред нив.
17. Саул му рече на Давида: „Ете, поголемата ми ќерка Мерова ќе ти ја дадам за жена, само биди ми јунак и води ги војните Господови.” Зашто Саул си мислеше: нека не биде мојата рака врз него, туку раката на Филистејците нека биде врз него.
18. Но Давид му рече на Саула: „Кој сум јас, и каков е животот мој и родот на татко ми во Израилот, та да станам царски зет?”
19. И кога дојде време Сауловата ќека Мерова да се омажи за Давида, му ја дадоа за жена на Адриел од Мехола.
20. Но Давида го беше засакала другата Саулова ќерка, Мелхола, и кога му соопштија на Саула за тоа, му стана пријатно.
21. Саул си мислеше: „Ќе ја омажам за него, и таа ќе му биде стапица, и раката на Филистејците ќе биде врз него.” И му рече Саул на Давида: „Денес ќе се сродиш со мене преку другата.”
22. Тогаш Саул им заповеда на слугите свои, велејќи: „Кажете му тајно на Давида: – ете, царот е благонаклонет кон тебе, и сите слуги негови те сакаат; затоа стани му зет на царот.”
23. И слугите Саулови ги предадоа во ушите на Давида сите тие зборови. А Давид рече: „Зар ви се чини дека е лесно да бидеш зет на царот? Јас сум човек беден и мал.”
24. И му соопштија на Саула слугите негови и рекоа: „Еве, што рече Давид.”
25. Тогаш Саул рече: „Вака кажете му на Давида: царот не сака мираз, туку само сто филистејски обрезоци за одмазда на царевите непријатели.” Зашто Саул беше на мисла да го погуби Давида со рацете на Филистејците.
26. Слугите му ги соопштија на Давида тие зборови и на Давида му се свиде да му стане зет на царот.
27. Уште не беа изминале определините денови, Давид стана, тргна тој и луѓето со него, и изби двесте души Филистејци; па ги донесе Давид нивните обрезоци, и му ги предаде на царот во полн број, за да стане зет царев. И Саул му ја даде за жена ќерка си Мелхола.
28. Саул виде и дозна дека е Господ со Давида и дека сиот Израил го сака, а и дека Мелхола, Сауловата ќерка, го сака Давида.
29. И Саул почна уште повеќе да се плаши од Давида и стана негов непријател во целиот живот.
30. А кога филистејските војводи излегоа во војна, Давид уште од самото излегување нивно дејствуваше поразумно од сите Саулови слуги, и многу се прослави името негово.

19. Саул го гони Давида.

1. Саул му говореше на синот свој Јонатана и на сите слуги свои да го убијат Давида. Но Сауловиот син Јонатан многу го сакаше Давида.
2. Јонатан му кажа на Давида и рече: „Татко ми Саул сака да те убие; затоа пази се утре; сокри се и биди на тајно место;
3. јас, пак, ќе излезам и ќе се исправам до татко ми на нивата, каде што ќе бидеш ти, и ќе му позборувам на татко ми за тебе; што ќе разберам ќе ти соопштам.”
4. Јонатан му говореше на татка си Саула добро за Давида, велејќи му: „Да не греши царот против својот слуга Давида, зашто тој во ништо не згрешил против тебе, и делата негови се многу корисни за тебе;
5. тој ја изложи душата своја на опасност за да го порази Филистеецот; и Господ изврши големо спасение за сиот Израил; ти го виде тоа и се радуваше; зашто сега сакаш да згрешиш против невина крв и да го убиеш Давида без причина?”
6. И Саул го послуша гласот на Јонатана, и се заколна Саул: „Жими Господа, Давид нема да умре.”
7. Тогаш Јонатан го повика Давида; му ги соопшти Јонатан сите тие зборови и го доведе Јонатан Давида при Саула, и тој беше при него, како вчера и завчера.
8. Почна пак војна, и излезе Давид, пак се биеше против Филистејците, и им нанесе голем пораз, и тие бегаа од него.
9. И лош дух од Бога го нападна Саула, и тој седеше дома со копје во раката, а Давид свиреше со рака по струните.
10. Саул сакаше да го прикова Давида со копјето за ѕидот, но Давид отскокна од Саула, и копјето за забоде во ѕидот; а Давид избега и се спаси таа ноќ.
11. И испрати Саул слуги во куќата на Давида, да го пречекаат и да го убијат до изутрината. Тогаш му рече на Давида жена му Мелхола: „Ако не ја спасиш душата своја оваа ноќ, утре ќе бидеш убиен.”
12. Тогаш Мелхола го спушти Давида низ прозорецот, и тој отиде, избега и се спаси.
13. А Мелхола зеде една статуа, ја стави во леглото, а на перницата стави козја кожа, и ја покри со облека.
14. И Саул испрати слуги да го фатат Давида; но Мелхола рече: „Болен е.”
15. А Саул испрати слуги да го видат Давида, велејќи: „Донесете ми го на легло, за да го убијам.”
16. Дојдоа слугите, и ете, во леглото статуа, а на перницата козја кожа.
17. Тогаш Саул ѝ рече на Мелхола: „Зошто ме излага така и дозволи мојот непријател да избега?” А Мелхола му одговори на Саула: „Тој ми рече: пушти ме, инаку ќе те убијам.”
18. Давид избега, се спаси; дојде кај Самуила во Рама и му раскажа си, што прави со него Саул. И тргна со Самуила, и се запреа во Нават, во Рама.
19. И му јавија на Саула, велејќи: „Ете, Давид е во Нават, во Рама.”
20. Тогаш Саул испрати слуги да го фатат Давида, и кога тие видоа група пророци, кои пророкуваа, и Самуил, нивниот началник, духот Божји слезе врз Сауловите слуги, и тие почнаа да пророкуваат.
21. Му јавија за тоа на Саула, и тој испрати други слуги, но и тие почнаа да пророкуваат. Потоа Саул испрати и трети слуги, но и тие почнаа да пророкуваат.
22. Саул разгневен отиде сам во Рама, и дојде до глемиот извор во Сеф, и запраша, велејќи: „Каде се Самуил и Давид?” И рекоа: „Ете, во Нават, во Рама.”
23. Тој отиде таму во Нават, во Рама, и врз него слезе духот Божји, и тој одеше и пророкуваше, додека стигна до Нават, во Рама.
24. Ја соблече и тој облеката своја, и пророкуваше пред Самуила, и целиот тој ден и целата таа ноќ лежеше необлечен; затоа велат: „Зар и Саул е меѓу пророците?”

20. Давид и Јонатан го зацврстуваат своето пријателство.

1. Давид избега од Нават, кој е во Рама, и дојде, па му рече на Јонатана: „Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?”
2. Му одговори Јонатан: „Не, ти нема да умреш; ете, татко ми на врши ништо, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои; зашто татко ми ќе го крие тоа од мене тоа? Тоа нема да биде.”
3. Давид се колнеше и говореше: „Татко ти добро знае, дека јас најдов благонаклоност за очите твои, затоа си вели: »нека не знае за тоа Јонатан, за да не се огорчи; но жив е Господ и жива е душата твоја – само еден чекор има меѓу мене и смртта.”
4. Јонатан му рече на Давида: „Што сака душата твоја, јас ќе го сторам тоа за тебе.”
5. Тогаш Давид му рече на Јонатана: „Ете, утре е нов месец, и јас треба да седам со царот на трпезата; но пушти ме, и јас ќе се сокријам во полето до вечерта на третиот ден.
6. Ако татко ти запраша за мене, ти кажи: »Давид ме замоли да отиде во својот град Витлеем, зашто таму се врши годишно принесување на жртва за сиот негов род.«
7. Ако на тоа тој каже: »добро«, твојот роб ќе има мир; ако, пак, се разгневи, тогаш знај, дека тој намислил нешто лошо.
8. А ти стори милост на твојот слуга, – зашто ти го прими слугата свој во завет Господов со тебе, – и ако има некоја вина во мене, убиј ме; зошто да ме водиш кај татко ти?”
9. Јонатан одговори: „Тоа нема да стане со тебе; зашто, ако навистина дознаам, дека татко ми решил да ти направи нешто лошо, зар нема да ти јавам за тоа?”
10. Тогаш Давид му рече на Јонатана: „Кој ќе ми соопшти, ако татко ти одговори налутено?”
11. Јонатан му рече на Давида: „Ајде да одиме во полето.” И обајцата излегоа во полето.
12. Јонатан му рече на Давида: „Жив Господ, Бог Израилев! Утре во ова време, или другиот ден, ќе разберам од татко ми; и ако е тој балгонаклонет кон Давида, и ако јас уште тогаш не испратам при тебе и не ти јавам пред ушите твои,
13. тоа и тоа нека направи Господ со Јонатана и уште повеќе да додаде зло, и тоа ќе го соопштам до ушите твои, и ќе те пуштам; тогаш оди си со мир, и Господ нека биде со тебе, како што беше со татко ми!
14. Но и ти, ако бидеш уште жив, направи ми милост Господова.
15. Ако, пак, умрам, не ја одземај милоста своја од домот мој никогаш, дури ни тогаш, кога Господ ќе ги истреби од лицето на земјата сите непријатели Давидови.”
16. Така склучи Јонатан завет со домот Давидов и рече: „Господ нека им врати на непријателите Давидови!”
17. Јонатан пак му се заколна на Давида во љубовта своја кон него, бидејќи го сакаше како душата своја.
18. И му рече Јонатан: „Утре е нов месец, и ќе запрашаат за тебе, бидејќи местото твое нема да биде зафатено;
19. затоа на третиот ден слези и оди брзо на местото, каде што се криеше порано, и седни кај каменот Азел;
20. јас, пак, ќе пуштам кон таа страна три стрели, како ѓоа стрелам во цел;
21. потоа ќе испратам едно момче, на кого ќе му кажам: „оди, најди ги стрелите”, и ако му кажам на момчето: – на, стрелите се зад тебе, земи ги, дојди при мене, бидејќи има мир за тебе, и, жив ми Господа, нема ништо да ти стане;
22. ако, пак, му кажам вака на момчето: »на, стрелите се пред тебе« оди си, бидејќи Господ те пушта;
23. а за тоа, за кое говоревме јас и ти, Господ е сведок меѓу мене и тебе засекогаш.”
24. Давид се сокри во полето. Настапи нов месец, и царот седна да руча.
25. Царот седна на местото свое, како секогаш, на седиштето до ѕидот. Јонатан стана, и Авенир седна до Саула; а местото на Давида остана празно.
26. Тој ден Саул не кажа ништо, зашто си помисли, дека е тоа случајно, дека е Давид нечист, не се исчистил.
27. Настапи и вториот ден на новиот месец, а местото на Давида остануваше празно. Тогаш Саул му рече на синот свој Јонатан: „Зошто синот Есеев не дојде на ручек ниту вчера, ниту денес?”
28. Јонатан му одговори на Саула: „Давид измоли од мене да отиде во Витлеем,
29. велејќи: »Пушти ме, бидејќи имаме во градот родбинско принесување жртва, и брат ми ме покани; затоа, ако сум нашот благонаклоност во очите твои, да отидам и да се видам со браќата свои, затоа тој и не дојде на царскиов ручек.”
30. Тогаш Саул многу се разгневи на Јонатана и му рече: „Недостоен и непокорен сине! Зар не знам дека си се здружил со Јесеевиот син за срам, на себе си и за срам на мајка си!
31. Зашто во сите денови, додека Есеевиот син ќе живее во земјата, нема да опстанеш ни ти, ни царството твое; а сега испрати и доведи го при мене, бидејќи е осуден на смрт.”
32. Јонатан му одговори на татка си Саула и му рече: „Зошто да се убива? Што направил?”
33. Тогаш Саул фрли копје врз него, за да го убие. Тогаш Јонатан разбра, дека татко му решил да го убие Давида.
34. Јонатан стана од трпезата многу разгневен и не ручаше на другиот ден од новиот месец, зашто тагуваше за Давида, а и затоа што татко му го навреди.
35. На другиот ден изутрина Јонатан излезе на полето, во времето, што му го беше определил на Давида, и едно мало момче со него.
36. И тој му рече на момчето: „Трчи, барај ги стрелите, што ги пуштам.” Момчето се затрча, а тој ги пушташе стрелите така, што тие летаа подалеку од момчето.
37. И момчето се затрча натаму, на каде што Јонатан ги пушташе стрелите, и Јонатан викна по момчето и рече: гледај, стрелата е пред тебе.
38. Јонатан, пак, викаше по момчето: „Трчај побрзо, не се запирај.” И момчето ги собра Јонатановите стрели и дојде при господарот свој.
39. А момчето не знаеше ништо; само Јонатан и Давид знаеја, каква е работата.
40. Тогаш Јонатан му го даде оружјето свое на момчето, што беше со него, и му рече: „Оди и однеси го во градот.”
41. Момчето отиде, а Давид се исправи од кон југ и падна ничкум на земјата и трипати се поклони; и се бакнаа тие еден со друг, и обајцата плачеа заедно, но Давид повеќе плачеше.
42. Јонатан му рече на Давида: „Оди со мир; а тоа, во кое се колневме двајцата во името Господово, велејќи: »Господ да биде меѓу мене и тебе, меѓу моето семе и твоето семе«, нека биде засекогаш.”
43. Давид стана и замина, а Јонатан се врати во градот.

21. Давид добива свети лебови заедно со мечот Голијатов.

1. Давид дојде во Номва при свештеникот Авимелех, и Авимелех се збуни, кога се сретна со Давида, па му рече: „Зошто си сам? И зошто нема никој со тебе?”
2. Давид му рече на свештеникот Авимелех: „Царот ми даде заповед, велејќи: »Никој нека не знае, за што сум те испратил и што сум ти порачал« затоа ги оставам слугите свои на определено место;
3. а сега дај ми, што имаш при рака, пет леба, или што ќе се најде.”
4. Свештеникот му одговори на Давида, рече: „Немам при рака обичен леб, туку имам свештен леб; само, ако твоите луѓе се воздржале од жени, нека јадат.”
5. Тогаш Давид му одговори на свештеникот и му рече: „Жени при нас немаше ни вчера, ни завчера, откако сум излегол, и садовите на момчињата се чисти, а ако патот е нечист, тоа лебот ќе остане чист во садовите.”
6. Свештеникот му даде од свештениот леб, бидејќи немаше друг леб освен лебовите на предложението, што беа земени пред лицето на Господа, та по симнувањето нивно, да се стават топли лебови.
7. Тој ден таму се наоѓаше еден од слугите Саулови, по име Доик, Идумеец, началник на Сауловите овчари.
8. Давид му рече на Авимелеха: „Немаш ли тука при рака копје или меч? Зошто јас не зедов со себе ниту меч, ниту друго оружје, бидејќи пораката на царот беше набрзина.”
9. Свештеникот одговори: „Ете го мечот на Филистеецот Голијат, кого го уби ти во дабовата долина, завиткан во платно, зад ефодот; ако сакаш, зами го: друг освен него тука нема.”А Давид рече: »Како него нема друг, дај ми го.» И му го даде.
10. Давид стана и избега истиот ден од Саула, и дојде при гетскиот цар Анхус.
11. Му рекоа на Анхуса слугите негови: „Овој не ли е Давид, царот на онаа земја? Не ли му пееја нему луѓето, велејќи: „Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади?”
12. Давид ги стави тие зборови во срцето свое и многу се плашеше од Анхуса, царот гетски.
13. Тогаш го измени лицето свое пред нив, и се преправи на безумен во очите нивни и удираше по вратите, се фрлаше на рацете свои и пушташе лиги по брадата своја.
14. Анхус им рече на робовите свои: „Гледате, овој човек е луд; зошто сте го довеле при мене?
15. зар малку луди имам при себе, та сте го довеле да лудува пред мене? Зар тој ќе влезе во куќата моја?”

22. Давид и понатаму бега од Саула.

1. И Давид отиде оттаму и избега во Адоламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму при него.
2. Се собраа при него сите подјармени, сите должници и сите душевно огорчени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души.
3. Оттаму Давид отиде во Масифа Моавска и му рече на моавскиот цар: „Татко ми и мајка ми нака останат при вас, додека разберам што ќе направи Бог со мене.”
4. И ги доведе при моавскиот цар, и тие живееја при него за сето време додека Давид беше во она прибежиште.
5. Но пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.” И Давид замина и отиде во гората Херет.
6. Саул чу, дека Давид се појавил со луѓето, што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под дабот на ридот во Рама, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги.
7. И им рече Саул на слугите свои, што беа околу него: „Чујте, Венијаминови синови! Зар Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и стотници,
8. та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога син ми се спријателил со синот Јесеев, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти, дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми кове стапици, како што се гледа сега?”
9. Идумеецот Доик, кој стоеше со Сауловите слуги, одговори и рече: „Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Номва при Авимелеха, синот на Ахитува,
10. и тој го праша за него Господа, му даде храна, му го даде и мечот на филистеецот Голијат.”
11. Тогаш испрати царот да го повикаат свештеникот Авимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците, што беа во Номва. И сите тие дојдоа при царот.
12. Саул рече: „Чух, сине Ахитувов!” Тој одговори: „Еве, ме господару.”
13. А Саул го запраша: „Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си дал лебови и меч и си го прашал Бога за него, за да востане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?”
14. Авимелех му одговори на царот и рече: „Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој?
15. Сега за првпат ли го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, цару, слугата свој и целиот мој татков дом, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.”
16. Но царот му рече: „Авимелех, ти треба да умреш, ти и целиот твој татков дом.”
17. И царот им рече на телохранителите што стоеја при него: „Одете, убијте ги свештениците Господови, зашто и нивната рака е со Давида, и тие знаеја, дека тој избегал, а не ни јавија.” Но царските слуги не сакаа да кренат раце, за да ги убијат свештениците Господови.
18. Тогаш царот му рече на Доика: „Оди ти и убиј ги свештениците!” И Доик Идумеецот отиде, ги нападна свештениците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи, што носеа ленен ефод;
19. го порази со меч и Номва, свештеничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, осли и овци.
20. Се спаси само еден од синовите на Авимелеха, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега при Давида.
21. Авијатар му раскажа на Давида, дека Саул ги уби свештениците Господови.
22. А Давид му рече на Авијатара: „Јас знаев оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, дека тој бездруго ќе му јави на Саула; јас сум виновен за сите души од татковиот дом твој.
23. Остани при мене, не плаши се, зашто како што ја бара душата моја, ќе ја бара и твојата душа; ти ќе бидеш кај мене по заштита.”

23. Давид го ослободува градот Кеил.

1. Го известија Давида и рекоа: „Ете Филистејците го нападнаа Кеил и ги разграбуваа гумната.”
2. А Давид го запраша Господа, велејќи: да одам ли и да ги поразам ли тие Филистејци?” И Господ му одговори на Давида: „Оди, ти ќе ги поразиш Филистејците и ќе го спасиш Кеил.”
3. Но оние што беа со Давида, му рекоа: „Ете, ние се плашиме тука во Јудеја, па како ќе одиме во Кеил против филистејските групи? Ние ќе паднеме во ропство кај Филистејците.”
4. Тогаш Давид пак Го запраша Господа, а Господ му одговори и рече: „Стани и оди во Кеил, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во твои раце.”
5. И Давид отиде со луѓето свои во Кеил, се биеше со Филистејците, го отепа нивниот добиток и им нанесе голем пораз, и Давид ги спаси жителите на Кеил.
6. Кога Авијатар, Авимелеховиот син, избега при Давида и отиде со него во Кеил, тој беше донел со себеси и ефод.
7. Му јавија на Саула, дека Давид дошол во Кеил, и Саул рече: „Бог го предаде во рацете мои, зашто тој се затвори, влегувајќи во град кој има порти и резиња.”
8. И го свика Саул целиот народ во војна, за да отиде против Кеил, да го опколи Давида и луѓето негови.
9. Кога Давид дозна, дека Саул намислил лошо против него, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го ефодот Господов.”
10. Тогаш Давид рече: „Господи, Боже Израилев! Твојот слуга чу, дека Саул сака да дојде во Кеил, и да го уништи градот поради мене.
11. Ќе ме прададат ли Кеилците во рацете негови? И ќе дојде ли тука Саул, како што чу твојот слуга? Господи, Боже Израилев, јави му на слугата свој.” И рече Господ: „Ќе дојде.”
12. Давид пак праша: „Ќе ме предадат ли Кеилците мене и моите луѓе во Сауловите раце?” И Господ му рече: „Ќе ве предадат.”
13. Тогаш стана Давид и луѓето негови, околу шестотини души, излегоа од Кеил и отидоа, каде што можеа. А на Сула му јавија, дека Давид избегал од Кеил, и тогаш тој го измени походот.
14. А Давид престојуваше во пустињата во непристапни места и потоа на планината во пустињата Зиф. Саул го бараше секој ден; но Бог не го предаде Давида во рацете негови.
15. И Давид виде, дека Саул излегол да ја бара душата негова; Давид тогаш беше во пустињата Зиф во гората.
16. И Сауловиот син Јонатан стана, дојде кај Давида во гората и го поткрепи со надежта на Бога,
17. и му рече: „Не плаши се, зашто раката на татко ми Саула нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израилот, јас, пак, ќе бидам втор по тебе; и Саул, татко ми, го знае тоа.”
18. Тогаш склучија меѓу себе завет пред лицето на Господа; и Давид остана во гората, а Јонатан отиде во домот свој.
19. И дојдоа Зифејци при Саула во Гива и рекоа: „Ете, Давид се крие при нас по недостапни места, во планината, на ридот Ехелат, десно од Јесимон.
20. Затоа, ако сака душата твоја, цару, дојди; а наша работа ќе биде да го предадеме во рацете на царот.”
21. И рече Саул: „Да ве благослови Господ, што сте ме пожалиле;
22. одете, уверете се уште, испитајте и разгледајте го местото негово, каде што е ногата негова, и кој го виде таму, бидејќи ми велат, оти е тој многу итар;
23. разгледајте и испитајте за сите прибежишта, во кои се крие тој, и вратете се кај мене со точно известие; тогаш јас ќе отидам со вас; и ако тој е во таа земја, ќе го барам по сите Јудини војводства.”
24. И станаа и отидоа во Зиф пред Саула. А Давид и луѓето негови беа во пустињата Маон, во рамнината, десно од Есимон.
25. Потоа отиде Саул со своите луѓе да го бара. Но му јавија на Давида за тоа, и тој слезе при карпата и остануваше во пустињата Маон. Саул чу и се пушти по Давида во пустињата Маон.
26. Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со луѓето свои беше од другата страна на планината. И кога Давид брзаше да се оддалечи од Саула, а Саул со луѓето свои одеше да го заобиколи Давида и луѓето негови, за да ги фати,
27. тогаш дојде при Саула известувач и рече: „Побрзај и дојди, бидејќи Филстејците ја нападнаа земјата.”
28. И се врати Саул од гонењето на Давида и отиде против Филистејците; затоа и го нарекоа тоа место: Села – Хамаклекот (камен на разделба).

24. Саул ја увидува својата неправда.

1. Потоа Давид излезе оттаму и живееше по неопасните места на Ен-Гади.
2. Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: „Ете, Давид е во пустињата Ен-Гади.”
3. Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израил и отиде да го бара Давида и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози.
4. И дојде кај едно овчо трло крај патот; таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата.
5. И му рекоа на Давида луѓето негови: „Еве го денот, за кој ти говореше Господ: »ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои« и ќе сториш со него, она што ти е угодно.” Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека.
6. Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека.
7. И им рече на луѓето свои: „Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.”
8. Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саула. А Саул стана и излезе од пештерата на патот.
9. Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саула, велејќи: „Господару мој, цару!” Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони.
10. И Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш зборовите на овие луѓе, што велат, ете, Давид крои зло против тебе?
11. Ете, денес гледаат очите твои, дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господа.
12. Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се, дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја, за да ја одземеш.
13. Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе,
14. како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нама да биде врз тебе.
15. Против кого излегол царот Израилски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва.
16. Господ нека биде судија и Он нека пресуди меѓу мене и тебе. Тој ќе го испита делото мое и ќе ме спаси од раката твоја.”
17. Откако ги изрече Давид тие зборови кон Саула, Саул рече: „Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?” И го крена Саул гласот свој, и плачеше
18. и му рече на Давида: „Ти се поправ од мене, зашто ти ми врати со добро, а јас ти враќав со зло;
19. ти го покажа тоа денес, постапувајќи со мене милоситво: кога Господ ме предаваше во рацете твои, ти не ме уби.
20. Кој, откако ќе го најде непријателот свој, ќе го пушти здрав и цел? Господ нека ти врати со добро за тоа што ми го направи денес ти.
21. Сега знам, дека ти бездруго ќе станеш цар, и царството Израилево ќе биде силно во раката твоја.
22. Затоа заколни ми се во Господа, дека нема да го искорениш потомството мое по мене и нема да ги уништиш името мое во татковиот дом мој.”
23. Му се заколна Давид на Саула. И Саул отиде во својот дом, а Давид и луѓето негови отидоа во утврдено место.

25. Самуиловата смрт.

1. И Самил умре. Тогаш се собраа сите Израилци, го оплакаа и го погребаа во куќата негова, во Рама. Давид стана и слезе кон пустињата Фаран.
2. Имаше во Маон еден човек многу богат, а имотите му беа на Кармил; тој имаше три илјади овци и илјада кози; тој беше на стрижење кај овците свои на Кармил.
3. Тој човек се викаше Навал, а жена му се викаше Авигеја. Таа жена беше многу умна и убава, а тој – жесток и лош човек; тој беше од родот Халевов.
4. Чу Давид во пустињата, дека Навал ги стриже на Кармил овците свои.
5. И Давид испрати десет момци, и им рече Давид на момците: „Одете на Кармил, појдете кај Навала, поздравете го од мое име
6. и кажете му вака: „Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на сè што е твое!
7. Денес чув, дека ти ги стрижат овците; ете, овчарите твои беа со нас, и ние не ги навредувавме, и ништо кај нив не се загуби за сето тоа време, додека стоеја на Кармил;
8. прашај ги слугите свои, и тие ќе ти кажат; затоа нека најдат момците благонаклоност во очите твои, бидејќи во добар ден дојдовме; дај им, пак, на слугите твои и на синот свој Давид она што ти се наоѓа при рака.”
9. Давидовите луѓа отидоа и му ги кажаа на Навала од името на Давида сите тие зборови, и замолчеа.
10. Навал скокна и им одговори на Давидовите слуги и рече: „Кој е тој Давид, кој е тој син Јесеев? Сега има многу слуги кои бегаат од господарите свои;
11. зар да го земам лебот свој и водата своја, и виното свое и месото, што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе, што не ги знам од каде се?”
12. И Давидовите луѓе се вратија по својот пат, се вратија и дојдоа, та му ги соопштија на Давида сите тие зборови.
13. Тогаш Давид им рече на луѓето свои: „Препашете го секој мечот свој.” И сите ги препашаа своите мечеви, го препаша и Давид мечот свој, и тргнаа по Давида до четиристотини души, а двесте оставија кај комората.
14. Но еден од слугите ѝ јави на Авигеја, жената Навалова, велејќи: „Ете, Давид испрати од пустињата пратеници да го поздрават нашиот господар, но тој се однесе кон нив грубо;
15. а тие луѓе се многу добри кон нас, не нè навредуваа, и ништо не се изгуби кај нас, колку што време одевме со нив, додека бевме во полето;
16. тие беа за нас како ѕид и дење и ноќе за сето време, додека ги пасевме стадата близу до нив;
17. затоа, помисли и види, што да се прави, бидејќи неизбежна несреќа му се заканува на господарот наш и целиот дом негов; а тој е човек лош, не може да се говори со него.”
18. Тогаш Авигеја набрзина зеде двесте леба и две мешини со вино, и пет овци зготвени, пет мери пржено жито, сто врзопки суво грозје и двесте низи смокви, и ги натовари на осли,
19. па им рече на слугите свои: „Тргнувајте пред мене, ете, јас ќе одам по вас.” А на мажот свој Навала ништо не му кажа.
20. А кога таа, седната на осел, се спушташе по падините на планината, ете, во пресрет ѝ доаѓа Давид и луѓето негови, и таа се сретна со нив.
21. И Давид рече: „Да, залудо го пазев во пустињата целиот имот на тој човек, и ништо не се изгуби од тоа, што беше негово; тој ми плаќа зло за добро;
22. тоа и тоа нека направи Господ со непријателите на Давида, и уште повеќе да додаде, ако утре до разденување, од сè што е Навалово, го оставам и она што мокри крај ѕид.”
23. Штом Авигеја го виде Давида, таа брзо слезе од оселот, падна ничкум пред Давида и се поклони до земја;
24. падна до нозете негови и рече: „Врз мене да е гревот, господару мој; дозволи ѝ на робинката твоја да говори во ушите твои и чуј ги зборовите на робинката твоја.
25. Нека не обрнува внимание господарот мој на тој лош човек, на Навала; зашто, како му е името, таков е и тој: Навал му е името, и безумието е со него. А јас, твојата робинка, не ги видов слугите на мојот господар, што си ги испратил.
26. И сега, господару мој, жив ми Господа и жива да е душата твоја! Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја задржи раката твоја да не се одмаздуваш; и сега нека бидат како Навал твоите непријатели и овие, кои мислат лошо против мојот господар.
27. Еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на својот господар, за да им се разделат на момците, кои му служат на мојот господар.
28. Прости ѝ ја вината на робинката своја; Господ бездруго ќе воздигне за мојот господар цврст дом, зашто мојот господар води Господови војни, и во текот на целиот живот твој зло нема да се најде во тебе.
29. Ако човекот стане да те гони и да ја бара душата твоја, тоа душата на мојот господар ќе биде сврзана со јазелот на животот кај Господа, твојот Бог, а душата на твоите непријатели Он ќе ја отфрли како од праќка.
30. И кога Господ му го направи на мојот господар сè она што говореше добро за тебе, и те постави за водач на Израилот,
31. за срцето на мојот господар тоа нема да биде огорчение и неспокојство, дека не пролеал напразно крв, и дека се воздржал од одмазда. Господ ќе му направи добро на мојот господар, и ти ќе си спомниш за робинката своја и ќе ѝ направиш милост.”
32. А Давид ѝ рече на Авигеја: „Благословен Господ, Бог Израилев, Кој те испрати денес во пресрет мој,
33. и благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себеси.
34. Но, – жив Господ, Бог Израилев, што ме задржа да не ти направам зло, – ако не беше побрзала и не беше дошла во пресрет мој, тоа утре до разденување јас немаше да му го оставам на Навала ни она, што мокри крај ѕид.”
35. Тогаш Давид го зеде од рацете нејзни она што му го беше донела, и ѝ рече: „Оди си со мир во домот свој; ете, го послушав гласот твој и го почитав лицето твое.”
36. Авигеја дојде кај Навала, и ете, кај него во домот негов гоштевање како царска гозба, и срцето на Навала беше весело; тој беше многу пијан; затоа таа ништо не проговори, ни многу, ни малку, до изутрината.
37. А изутрината, кога Навал се истрезни, и жената негова му раскажа за тоа, срцето негово замре, и тој стана како камен.
38. По десет дена Господ го порази Навала, и тој умре.
39. Чу Давид, дека Навал умрел, и рече: „Благословен Господ, Кој врати за срамот, што ми го нанесе Навал, и Кој го зачува Својот слуга од зло; Господ ја сврти злобата на Навала врз неговата глава.” И Давид испрати да ѝ кажат на Авигеја, дека тој ќе ја земе за жена.
40. И Давидовите слуги дојдоа кај Авигеја на Кармил и ѝ рекоа вака: „Давид нè испрати кај тебе, за да те земеме за жена.”
41. Таа стана и се поклони ничкум до земјата и рече: „Ете, робинката твој е готова да биде слугинка, за да им ги мие нозете на слугите на мојот господар.”
42. Авигеја се подготи набрзина, седна на осел и, придружена од пет слугинки, тргна по пратениците на Давида и стана негова жена.
43. А Давид ја зеде и Ахиноам од Израел, та и двете му беа жени.
44. Саул, пак, му ја даде ќерка си Мелхола, Давидовата жена, на Фалтија, синот на Лаиша, од Галим.

26. Саул повторно посрамен пред Давида.

1. При Саула во Гива дојдоа зифејци од југ и рекоа: „Ете, Давид се крие кај нас на ридот Ехелат, десно од Јесимон.”
2. Тогаш Саул стана, се спушти во пустињата Зиф, и со него три илјади одбрани мажи израилски, за да го бара Давида во пустињата Зиф.
3. И Саул се улогори на ридот Ехелат, десно од Јесимон, до патот; а Давид, кој се наоѓаше во пустињата, виде, дека Саул оди по него во пустињата;
4. и Давид испрати разузнувачи и дозна, дека Саул навистина дошол од Кеил.
5. И стана Давид и тајно отиде на местото, каде што Саул се беше улогорил, го виде Давид местото, каде што спиеше Саул и военоначалникот негов Авенир, синот Ниров. Саул спиеше во шаторот, а народот се беше сместил околу него.
6. Давид се обрна и им рече на Хетеецот Авимелех и на Авеса, синот на Саруја, Јоавов брат, велејќи: „Кој ќе дојде со мене кај Саула во шаторот?” Авеса одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.”
7. Давид дојде со Авеса кај луѓето Саулови ноќе; и ете, Саул лежи заспан во царската кола и копјето му е забодено во земјата при перницата негова; а Авенир и народот лежеа околу него.
8. Авеса му рече на Давида: „Денес Господ го предаде твојот непријател во рацете твои; затоа дозволи, јас ќе го приковам со копје за земјата со еден замав и нема да го повторам ударот.”
9. Но Давид му рече на Авеса: „Не убивај го, зашто кој кренал рака врз помазаник Господов, а останал неказнет?”
10. Давид уште рече: „Жив е Господ. Нека го порази Господ, или ќе дојде денот негов, и тој ќе умре, или ќе отиде во војна и ќе загине; а мене да не ми дава Гсопод да кренам рака врз помазаник Господов;
11. туку земи го копјето негово, што е при перницата негова, и садот со вода, па да си одиме.”
12. Давид го зеде копјето и садот со вода при зглавјето на Саула, и си отидоа; и никој не виде, никој не дозна и никој не се разбуди, а сите спиеја, бидејќи ги беше обзел сон од Господа.
13. Премина Давид од онаа страна и застана на врвот од ридот далеку, а меѓу нив имаше големо растојание.
14. И викна Давид кон народот и кон Авенира, синот Ниров, велејќи: „Авенире, јави се!” Авенир се јави и рече: „Кој си ти, што викаш и го обеспокојуваш царот?”
15. Давид му рече на Авенира: „Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израилот? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот? Зашто доаѓаше некој од народот да го убие царот, твојот господар.
16. Ти лошо правиш; жив да е Господ! Вие заслужувате смрт, поради тоа што не го чувате господарот свој, помазаникот Господов. Види, каде е копјето на царот и садот со вода, што беа при зглавјето негово?”
17. И Саул го позна гласот на Давида и рече: „Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?” И Давид рече: „Мојот глас е, господару мој, царе.”
18. И рече уште: „Поради што господарот мој го гони својот слуга? Што сум направил? Какво зло најде кај мене?
19. А сега мојот господар и цар нека ги ислуша зборовите на својот слуга: „Ако Господ те поттикнал против мене, тоа нека биде од тебе жртва; благопријатен мирис; ако, пак, – синови човечки, тогаш проклети да се од Господа, бидејќи тие сега ме изгонија, за да не припаѓам кон наследството Господово; велејќи: – оди и служи им на туѓи богови.
20. Нека не се пролее мојата крв на земјата пред Господа, зашто царот Израилев излезе да бара една болва, како кога се брка еребица по планините.”
21. Тогаш Саул рече: „Јас згрешив; врати се, сине мој Давиде, зашто нема повеќе да ти правам зло, бидејќи денес душата ми беше скапа во твоите очи; безумно постапував јас и многу, многу згрешив.”
22. Давид му одговори и рече: „Еве го копјето на царот; нека дојде еден младич и нека го земе;
23. а Господ нека му даде секому според правдата Негова и според вистината Негова, зашто Господ го предаваше во рацете мои, но јас не посакав да кренам рака врз помазаникот Господов;
24. и, како што денес ти беше скапоцен животот твој во моите очи, така нека се цени и мојот живот во очите на Господа; Он нека ме заштитува и нека ме спаси од секаква неволја!”
25. А Саул му довикна на Давида: „Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш.” И тогаш Давид отиде по својот пат, а Саул се врати во местото свое.

27. Давид во Филистејската земја.

1. И Давид рече во срцето свое: „Ќе паднам некогаш во рацете на Саула; за мене ништо подобро, освен да избегам во Филистејската земја; и Саул ќе престане да ме бара веќе по сите израилски предели, и јас ќе се спасам од рацете негови.”
2. Тогаш Давид стана и отиде, тој и шестотини мажи, кои беа со него, при гетскиот цар Анхус, син Моахов.
3. И Давид живееше при Анхуса во Гет, тој и луѓето негови, секој со челадта своја; Давид и двете жени негови – Израилката Ахиноама и кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена.
4. Му јавија на Саула, дека Давид избегал во Гет, и тој веќе не го бараше.
5. И Давид му рече на Анхуса: „Ако сум се здобил со милост во очите твои, нека ми биде дадено место во еден мал град, и јас ќе живеам таму; зашто твојот роб да живее во царскиот град заедно со тебе?”
6. Тогаш Анхус му го даде градот Секелаг; затоа Секелаг и остана за царевите јудејски до денес.
7. Сето време, што Давид го помина во Филистејската земја, беше година и четири месеци.
8. И Давид излегуваше со луѓето свои и ги напаѓаше Јесурците и Јерзејците и Амаликијците, кои одамна ја населуваа таа земја до Сур и дури до Египетската земја.
9. И Давид ја опустошуваше таа земја и не оставаше живи ни мажи, ни жени, и заграбуваше овци и волови, и осли и камили и облека и се враќаше и доаѓаше при Анхуса.
10. И Анхус го праша Давида: „Каде нападнавте денес?” Давид одговори: „Кон југ на Јудеја, кон југ на Јерахмеел и кон југ на Кенеја.”
11. Давид не оставаше живи ни мажи, ни жени, и не ги доведуваше во Гет, велејќи: „Тие можат да ни наклеветат, и да кажат: тоа и тоа направи Давид, и такви му се постапките за сето време, додека живееше во Филистејската земја.”
12. А Анхус му се довери на Давида, велејќи си: „Тој стана намразен од народот свој Израилот и си рече ќе ми биде слуга засекогаш.”

28. Саул кај жената во Ендора.

1. Во тоа време Филистејците ги собраа војските свои за војна, за да војуваат против Израилот. А Анхус му рече на Давида: „Знај дека и ти ќе тргнеш со мене во борба, ти и твоите луѓе.”
2. Давид му рече на Анхуса: „Сега ќе дознаеш, што ќе направи твојот слуга.” Анхус, пак му рече на Давида: „Затоа ќе те направам пазител на мојата глава засекогаш.”
3. Самуил беше умрел, и го оплакуваа сите Израилци и го погребаа во Рама, во неговиот град. А Саул ги беше изгонил меѓепсниците и гатачите од земјата.
4. Се собраа Филстејците и отидоа, та се улогорија во Сонам; го собра и Саул сиот народ израилски и се улогорија во Гелвуја.
5. Саул го виде филистејскиот логор и се исплаши, и силно му затрепери срцето.
6. Тогаш Саул го запраша Господа; но Господ не му одговараше ни на сон ни преку урим, ни преку пророците.
7. И им рече Саул на слугите свои: „Најдете ми жена маѓепсница, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам. И му одговорија неговите слуги: „Тука во Аендор има жена маѓепсница.”
8. И ги соблече Саул алиштата свои и облече други, и тргна тој и двајца луѓе со него, и дојдоа кај жената ноќе. И ѝ рече Саул: „Те молам, гледај ми, и извикај ми, кого што ќе ти кажам.”
9. Но жената му одговори: „Ти знаеш, што направи Саул, знаеш дека тој ги истера од земјата гатачите и гледачите; зошто тураш стапица на душата моја, за да ме погубиш?”
10. И Саул ѝ се заколна во Господа, велејќи: „Жив ми Господ, нема да ти се случи ништо лошо за тоа.”
11. Тогаш жената праша: „А кого да ти го извикам?” Тој одговори: „Извикај ми го Самуила.”
12. И жената го виде Самуила и – високо извика; жената се обрна кон Саула и рече: „Зошто ме излага? Ти си Саул.”
13. Царот ѝ рече: „Не плаши се; кажи што гледаш?” Жената одговори: „Гледам како ѓоа Господ излегува од земјата.”
14. „Каков е тој на изглед?” – праша Саул. Таа одговори: „Излегува од земјата престар маж, облечен во долга облека.” Тогаш Саул дозна, дека е тоа Самуил, падна ничкум на земјата и се поклони.
15. И Самуил му рече на Саула: „Зошто ме обеспокојуваш да излегувам?” А Саул одговори: „Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи од мене и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон, ни во видение; затоа те повикав, за да ме поучиш, што да правам.”
16. Самуил одговори: „А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател?
17. Господ ќе ти го направи тоа, што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давида.
18. Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот јаросен гнев врз Амалика, Господ и го врши тоа сега над тебе.
19. Господ ќе го предаде Израилот заедно со тебе во филистејски раце; утре ти и твоите синови ќе бидете со мене, а логорот израилски Господ ќе го предаде во филистејски раце.”
20. Тогаш Саул наеднаш падна со целото тело свое на земја, бидејќи многу се исплаши од зборовите на Самуила; притоа и сила немаше во него, зашто не беше јадел леб целиот тој ден и цела ноќ.
21. Тогаш онаа жена се приближи до Саула и виде, дека тој многу се уплашил, и рече: „Ете, слугинката твоја го послуша гласот твој, го изложи животот свој на опасност и ја изврши заповедта, што ти ми ја даде;
22. сега, молам, послушај го и ти гласот на слугинката твоја: јас ќе ти изнесам залче леб, касни си, и ќе имаш сила, кога ќе тргнеш на пат.”
23. Но тој откажа, велејќи: „Нема да јадам.” И почнаа да го советуваат луѓето негови, а исто така и жената; и тој го послуша гласот нивни, стана од земјата и седна на леглото.
24. А жената имаше в куќи згоено теле, и побрза та го закла, заде брашно, па замеси и испече погача,
25. и им принесе на Саула и на слугите негови, и тие каснаа, станаа и заминаа истата ноќ.

29. Филистејците го враќаат Давида.

1. Филистејците ги собраа сите свои доброволни чети во Афек, а Израилците се улогорија при изворот, кој е во Језраел.
2. Кнезовите филистејски врвеа со стотици и илјади, а Давид и луѓето негови одеа зад нив со Анхуса.
3. И говореа кнезовите филистејски: „Какви се тие Евреи?” Анхус им одговараше на кнезовите филистејски: „Зар не знаете, дека е тоа Давид, слугата на Саула, царот израилски? Тој е кај мене повеќе од една година, и јас не најдов кај него ништо лошо, откако е дојден до денес.”
4. И почнаа да негодуваат против него кнезовите филистејски и му рекоа: „Испрати го тој човек; нека си оди на местото, што си му го определил, за да не оди со нас во војна и да не стане наш противник во војната. Со што може да го смилостиви господарот свој, ако не со главите на овие наши луѓе?
5. Не ли е тоа оној Давид, на кого му пееја во хоровите, велејќи: Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади?”
6. И Анхус го повика Давида и му рече: „Жив Господ! Ти си чесен, и на очите мои би им било мило да излегуваш и да влегуваш со мене во моето војување; зашто јас не сум забележал во тебе ништо лошо, откако си дојден при мене дури до денес; но во очите на кнезовите ти не си добар.
7. Затоа, врати се сега, оди си со мир и не ги дразни кнезовите филистејски.
8. Но Давид му рече на Анхуса: „Што сум направил и што си нашол кај твојот слуга, откако сум пред лицето твое и до денес? Зошто да не одам и да не војувам против непријателите на мојот господар, царот?”
9. Анхус му одговори на Давида: „Биди уверен, дека во очите мои ти си добар како ангел Божји; но кнезовите филистејски рекоа: „Нека не доаѓа тој со нас во војна.”
10. Затоа стани утре рано, ти и слугите на господарот твој, што дошле со тебе и одете во местото, што ви го определив, и немој да имаш лоша мисла во срцето свое, зашто пред мене ти си добар; станете утре рано и, штом ќе се раздени, одете.”
11. И Давид стана, тој и луѓето негови, за да тргнат рано изутрината и да се вратат во земјата Филистејска. А Филистејците отидоа да војуваат во Језраел.

30. Амаликијците го изгоруваат Секелаг и го ограбуваат.

1. На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Секелаг; Амаликијците го нападнаа Секелаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган;
2. жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој.
3. Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни се земени во плен.
4. Давид и народот, што беше со него, зедоа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење.
5. Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноама, Израилката, и Авигеја, бившата Навалова жена, Кармелитката.
6. Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои.
7. Но Давид се закрепи со надежта во Господа, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, син Ахимелехов: „Донеси ми го ефодот.” И Авијатар му го однесе ефодот на Давида.
8. Давид го праша Господа, велејќи: „Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?” А одговорот му беше: „Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.”
9. И тргна Давид, тој и шестотини мажи, што беа со него; и дојдоа до потокот Восор, каде што изморените застанаа.
10. И ги гонеше Давид, тој сам со четиристотини души; а двестете души останаа, зашто немаа сила да го преминат Восорскиот поток.
11. Најдоа еден Египјанин во полето, го доведоа кај Давида, му дадоа леб, тој јаде, и го напоија со вода;
12. и му дадоа дел од низа смокви и два грозда суво грозје, и тој јадеше и се поткрепи, зашто не беше јадел леб и не беше пиел вода три дни и три ноќи.
13. Тогаш Давид го праша: „Чиј си ти и од каде си?” Тој одговори: „Јас сум момок Египтјанец, слуга на еден Амаликиец, и мојот господар ме остави, бидејќи се разболев име веќе три дни;
14. ние навлеговме во јужниот дел на Хелет и во областа Јудина и во јужниот дел на Хаклев, а Секелаг го изгоревме со оган.”
15. А Давид го запраша: „Ќе ме одведеш ли до тие луѓе.” Тој одговори: „Заколни ми се во Бога, дека нема да ме убиеш и нема да ме предадеш во рацете на господарот мој, и јас ќе те одведам до тие луѓе.”
16. Давид му се заколна, и тој ги поведе. И ете, Амаликијците, распрснати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен, што го беа зеле од земјата Филистејска и од земјата Јудејска.
17. И ги нападна и ги поразуваше Давид од утринските мугри до вечерта на другиот ден, и никој од нив не се спаси, освен четиристотини момчиња, што се качија на камили и избегаа.
18. И Давид одзеде сè, што беа го зеле Амаликијците, ги одзеде Давид и двете жени свои,
19. и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот, ниту нешто од она, што го беа зеле од нив Амаликијците: сè врати Давид.
20. И Давид го зеде сиот ситен и крупен добиток; и неговите луѓе одеа пред тој добиток и говореа: „Ова е Давидов плен.”
21. Давид дојде кај оние двесте души, кои немаа сила да одат по нив, и кои ги беше оставил кај потокот Восор, и тие излегоа да го пречекаат Давида и луѓето, кои беа со него. Давид се приближи до тие луѓе и ги поздрави.
22. Тогаш лошите и неранимајковците, што беа оделе со Давида, почнаа да зборуваат: „Поради тоа што тие не одеа со нас, нема да им дадеме од пленот, што го одзедовме; секој нека си ја земе само жената и децата и да си оди.”
23. Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа и нè зачува и ни го предаде во рацете мноштвото луѓе што доаѓаше против нас.
24. И кој ќе ве послуша во тоа? Тие не се подолни од нас. Каква е честа на оние, што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние, што останаа кај комората; меѓу сите треба да се подели.”
25. Така стана тоа, од тоа време и понатаму; и тој го постави тоа како закон и правило за Израилот до денес.
26. И дојде Давид во Секелаг и од пленот им испрати на старешините Јудини, свои пријатели, велејќи: „Ете ви подарок од пленот, земен од непријателите Господови.”
27. Им испрати и на оние, што се во Ветил и во јужен Рамот, во Јетир и во Гетор,
28. во Ариор, и во Амад, во Шифмот, и на оние во Естемоа и во Гет,
29. во Кинан, во Сафен, во Тимат и во Рахал, во градовите јерахмеелски и во градовите кенејски,
30. во Хорма, и во Хорашан, во Атах
31. и во Хервон, и по сите места, каде што Давид беше одел, тој и луѓето негови.

31. Пропаста на Саула и на неговите синови.

1. А Филистејците војуваа против Израилците, и мажите израилски избегаа од Филистејците и паднаа победени на планината Гелвуј.
2. Филистејците го стигнаа Саула и синовите негови; Филистејците го убија Јонатана, Аминадава и Малхиуса, Саулови синови.
3. Битката против Саула стана жестока, и стрели од лакови го поразуваа; тој беше многу ранет од стрелите.
4. Тогаш Саул му рече на оруженосецот свој: извади го мечот и заколи ме со него, да не дојдат оние необрезани и да ме убијат и да не се подигруваат со мене. Но оруженосецот не сакаше, бидејќи многу се плашеше. Тогаш Саул го зеде мечот и се фрли врз него.
5. Оруженосецот негов, кога виде дека Саул умре, и самиот падна врз мечот свој и умре со него.
6. Така умреа во тој ден Саул и трите синови негови и оруженосецот негов, а исто така и сите луѓе негови заедно.
7. Израилците кои жеивееја кон долината и од оваа страна на Јордан, откако видоа, дека луѓето израилски избегаа и дека Саул умре и синовите негови, ги напуштија градовите свои и избегаа, а Филистејците дојдоа и се населија во нив.
8. На другиот ден Филистејците дојдоа да ги ограбуваа убиените и го најдоа Саула и тројцата синови, што беа паднале на Гејвулската планина.
9. Го свртеа и му ја пресекоа главата, го симнаа од него оружјето и испратија по целата Филистејска земја, да го разгласат тоа по идолските светилишта и на народот;
10. и го положија оружјето негово во идолското светилиште на Астарта, а телото негово го закачија на ѕидот Вет-Сански.
11. Жителите на Јавис Галадски слушнаа за тоа што направија Филистејците со Саула;
12. се кренаа сите силни луѓе, одеа цела ноќ, го зедоа телото на Саула и телата на синовите негови од ѕидот Вет-Сански, дојдоа во Јавис и таму го изгореа;
13. ги зедоа коските нивни и ги погребаа под дабот во Јавис, и постеа седум дена.