Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга Судии Израилеви

1. По смртта на Исуса Навина племето Јудино прво започнува војна.

1. По смртта на Исуса синовите Израилеви Го прашаа Господа, велејќи: „Кој од нас прв ќе тргне против Хананејците – да војува против нив?”
2. Господ одговори: „Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.”
3. Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеона: „Влези со мене во мојот жреб, и да војуваме против Хананејците; и јас ќе влезам со тебе во твојот жреб.” И Симеон отиде со него.
4. Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Господ Хананејците и Ферезејците во рацете нивни, и тие убија од нив во Везек десет илјади души.
5. Во Везек се сретнаа со Адони-Везек, се судрија со него и ги разбија Хананејците и Ферезејците.
6. Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови.
7. Тогаш Адони-Везек рече: „Седумдесет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.” И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре.
8. и војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган.
9. Потоа Јудините синови отидоа да војуваат против Хананејците, кои живееја во гората и во јужната земја и во низините.
10. И тргна Јуда против Хананејците, кои живееја во Хеврон, порано Хеврон се нарекуваше Кириат-Арба, и го поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја.
11. Оттука отидоа против жителите на Давир, порано Давир се викаше Киријат-Сефер.
12. И рече Халев: „Кој ќе го порази Киријат-Сефер и го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за жена.
13. Го презеде Готониил, син Кенезов, помалиот брат Хелезов, и Халев му ја даде ќерката своја Ахса за жена.
14. Пред да замине таа, Готоноил ја подучи да бара од татка си земја, и таа слезе од оселот. Халев ја праша: „Што бараш?”
15. А таа му рече: „Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.” И ѝ ги даде Хелев горните извори и долните извори.
16. И синовите на Кенеецот, Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите со Јудините синови во Јудината пустиња, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот.
17. Потоа тргна Јуда со брата си Симеона и ги порази Хананејците, кои живееја во Сефат, го предадоа градот под заклетва и го нарекоа тој град Хорма.
18. Јуда исто така ги презеде Газа со пределите нејзини, Акарон со пределите негови, и Анарод со пределите негови,
19. зашто Господ беше со Јуда, и тој ја завладеа планината; но не можеше да ги истера жителите во долината, бидејќи тие имаа железни двоколки.
20. А на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше заповедал Мојсеј, и таму тој ги доби во наследство трите града на синовите Енакови и ги истера оттаму трите синови Енакови.
21. Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусејците, кои живееја во Ерусалим; Јевусејците живеат со синовите на Венијамина во Ерусалим и до ден денес.
22. И синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив.
23. А се задржаа Јосифовите синови и го разгледаа Ветил, а порано градот се нарекуваше Луз.
24. И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, и ќе ти направиме милост.”
25. Тој им го покажа влезот во градот, и тие го поразија градот со меч, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија.
26. Тој човек отиде во земјата на Хетејците и изгради таму град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден денес.
27. И Манасија не ги истера жителите на Ветсан и потчинетите му градови, ниту жителите во Дор, ни потчинетите му градови, ни жителите на Иевлам и потчинетите му градови, жителите на Мегедон и потчинетите му градови; така останаа Хананејците да живеат во оваа земја.
28. Кога Израилот се засили, ги направи Хананејците свои поданици, но не ги истера.
29. И Ефрем не ги истера Хнанеците кои живееја во Газер; и Хананејците живееја меѓу нив во Газер и им плаќаа данок.
30. И Завулон не ги истера жителите на Китрон, ниту жителите на Нахлол, и Хананејците живееја меѓу нив и им плаќаа данок.
31. И Асир не ги истера жителите на Акхор, ниту жителите на Дор и ни жителите на Сидон и Ахлав, ни од Ахазив, Далафе, Елва, Афек ниту, пак, од Роав.
32. Се насели Асир меѓу Хананејците, жителите на таа земја, бидејќи не ги истера.
33. И Нефталим не ги истера жителите на Ветсамес како ни жителите на Ветанах и живееше меѓу Хананејците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамес и на Ветанах беа негови поданици.
34. Аморејците ги притискаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината.
35. И Аморејците останаа да живеат во гората Херес, во Ајалон и Салавин; но раката на Јосифовите синови ги присили и тие им станаа поданици.
36. Пределите на Аморејците се протегаа од гората Акравин, од карпата сè угоре.

2. Судиите.

1. Дојде Ангел Господов од Галгал во Вохим и рече: „Јас ве изведов од Египет и ве воведов во земјата, за која им се заколнав на татковците ваши; и реков: – нема да ги нарушам Мојот завет со вас засекогаш;
2. вие, пак, не влегувајте во сојуз со жителите на оваа земја; на боговите нивни не им се клањајте, идолите нивни скршете ги, жртвениците нивни урнете ги”. Но вие не го послушавте гласот Мој. Зошто постапивте така?
3. Затоа велам: нема повеќе да ги преселувам тие луѓе, што сакав да ги истерам, нема да ги истерам од вас, и тие ќе бидат трње за вас, а боговите нивни ќе ви бидат соблазна.”
4. Кога Ангелот Господов ги кажа тие зборови пред сите синови Израилеви, народот крена голем пискот и заплака.
5. Поради тоа и го нарекуваат тоа место Вохим. Таму тие принесоа жртва на Господа.
6. Откако Исус го распушти народот, и синовите Израилеви заминаа, секој во домот свој и секој во својот дел, за да добие во наследство земја.
7. Народот Му служеше на Господа преку сите денови на Исуса и преку сите денови на старешините, чиј живот продолжи по Исуса, и кога ги беа виделе сите големи дела на Господа, какви што Он му направи на Израилот.
8. А кога умре Исус, синот Навинов, раб Господов, на сто и десет години,
9. го погребаа во пределите на неговиот дел во Тамнатарес, во Ефремовата гора, на север од гората Гаас;
10. и кога целиот тој народ се прибра кај татковците свои, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израилот, –
11. тогаш Израилевите синови почнаа да прават зло пред Господа и да му служат на Ваал;
12. го оставија Господа, Бога на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата Египетска, и се обрнаа кон други богови, кон боговите на тамошните околини, и почнаа да им се клањаат, и Го разгневија Господа;
13. Го отравија Господа и почнаа да му служат на Ваал и на разни Астарти.
14. Тогаш Господ силно се разгневи против Израилците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните непријатели таму, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои.
15. Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака.
16. Тогаш Господ им постави судии, кои ги спасуваа од рацете на оние што ги пленеа.
17. Но тие и нив не ги слушаа, туку блудствуваа со други богови и ним им се клањаа, па Го разгневија Господа, а потоа скршнаа од патот, по кој одеа татковците нивни, покорувајќи им се на заповедите од Гопода. Тие не правеа така.
18. Но кога Господ им поставуваше судии, Сам Господ беше со судијата и ги спасуваше од непријателите нивни преку сите дни на судијата, зашто Господ ги сожалуваше, слушајќи ги офкањата нивни од оние, што ги угнетуваа и потискаа.
19. Но штом ќе умреше судијата, тие одново почнуваа да живеат полошо од татковците свои, одејќи по други богови, да им служат и да им се клањаат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој.
20. Тогаш Господ силно се разгневи против Израилот и рече: „Поради тоа што овој народ отстапи од заветот Мој, што го поставив со татковците нивни, и не го послушаа гласот Мој,
21. ни Јас нема повеќе да протерувам пред нив ниеден од народите, што ги остави Исус, кога умираше, –
22. за да го испитам Израилот; ќе почнат ли да се држат до патот Господов и да одат по него, како што се држеа татковците нивни, или не?”
23. И Господ ги остави тие народи и не ги протера веднаш и не ги предаде во рацете на Исуса.

3. Израилевите синови ги ослободуваат Готониил, Аод и Самегар.

1. Еве ги народите, кои не знаеја за сите ханански војни,
2. само за да знаат и да се учат на војна подоцнежните поколенија на Израилевите синови, кои порано не ја знаеја:
3. шест филистејски војводства, сите Хананејци, Сидонци и Евејци, кои живееја во гората Вал-Ермон до Емат.
4. Тие беа оставени, за да биде преку нив искушан Израилот, и да се дознае, дали се покоруваат на заповедите Господови, кои Он ги беше заповедал на татковците нивни преку Мојсеја.
5. И живееја Израилевите синови меѓу Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците, Гергесејците и Јевусејците,
6. и ги земаа ќерките нивни за жени, и им ги даваа ќерките свои на синовите нивни, и им служеа на нивните богови.
7. Синовите Израилеви извршија зло пред очите на Господа, и Го заборавија својот Господ Бог, и им служеа на Ваал и на Дубрави.
8. Тогаш Господ се разгневи силно против Израилот, и ги предаде во рацете ѝ Хусарсатем, царот на Сириска Месопотамија, и синовите Израилеви му робуваа на Хусарсатем осум години.
9. Потоа синовите Израилеви повикаа кон Господа, и издигнаа за синовите Израилеви спасител, кој ги избави, – Кенезовиот син Готониил, помалиот брат на Халев.
10. Врз него беше Духот Господов, и тој беше судија на Израилот. Тој објави војна против Хусарсатем, и Господ го предаде во рацете негови сирискиот цар Хусарсатем и раката негов се зацврсти над Хусарсатема.
11. И земјата беше спокојна четириесет години, Потоа умре Готониил, Кенезовиот син.
12. Синовите Израилеви почнаа пак да вршат зло пред Господа, и Господ му даде сила на моавскиот цар Еглон против Израилот, поради тоа што тие правеа зло пред Господа.
13. Тој ги собра при себеси синовите Амонитски и Амаликови, па тргна и го порази Израилот, и го завладеја градот на палмите.
14. И синовите Израилеви му робуваа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.
15. Тогаш синовите Израилеви пак повикаа кон Господа, и Господ им го избра за спасител Аода, синот на Гира, Еминиев син, кој беше левак. И синовите Израилеви му испратија по него дарови на моавскиот цар Еглон.
16. Аод си направи меч со две сечила, долг еден лакот, и го препаша под облеката своја на десното бедро,
17. и однесе дарови на моавскиот цар Еглон, а Еглон беше човек многу дебел.
18. Кога Аод ги поднесе сите дарови и ги испрати луѓето, што ги донесоа даровите,
19. сам се врати од идолите, што се во Галгал, и рече: „Царе, имам тајна за теба.” Тој рече: „Потивко!” И излегоа сите, што стоеја при него.
20. Аод влезе при него: тој седеше во летната горна соба, што ја имаше одделено. И рече Аод: „Имам Божја порака за тебе.” Еглон стана од престолот.
21. Кога тој стана, Аод ја подаде својата лева рака, и го зеде мечот од десното бедро и го заби во стомахот негов,
22. така што по сечилото влезе и дршката, и дебелината го покри сечилото; бидејќи Аод не го извади мечот од трбухот негов и излезе нечистотија.
23. Аод потоа излезе од собата, ја затвори вратата и ја заклучи.
24. Откако излезе, слугите на Еглон дојдоа и гледаа, ете, вратата на собата е заклучена, и си рекоа: – сигурно тој е надвор по потреба до летната соба
25. Чекаа доста долго, но откако видоа дека никој не ја отвора вратата од собата, зедоа клуч и отклучија, а таму господарот нивни лежи на земјата мртов.
26. Додека се чудеа, Аод избега, и никој на него не мислеше, мина покрај идолите и се спаси во Сетирот.
27. А штом пристигна во земјата Израилева, Аод затруби со труба во Ефремовата гора, и слегоа со него синовите Израилеви од гората, и тој тргна пред нив.
28. И им рече: „Одете по мене, зашто Господ Бог ги предаде непријателите ваши, Моавците, во ваши раце.” И тргнаа по него, презедоа моавски бродови на Јордан, и не пуштија никој да премине.
29. Тогаш убија околу десет илјади Моавци, сè здрави и силни, и никој не избега.
30. Така се смирија во оној ден Моавците пред Израилот, и земјата беше спокојна осумдесет години. И Аод беше нивни судија до својата смрт.
31. По него дојде Семегар, син Анатов, кој уби шестотини души Филистејци со воловски остен; и тој исто така го избави Израилот.

4. Варак и Девора.

1. Кога умре Аод, Израилевите синови пак почнаа да прават зло пред Господа.
2. И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војвода Сисар, кој живееше во Арисот.
3. И повикаа Израилевите синови кон Господа; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги притискаше Израилевите синови дваесет години.
4. Во тоа време судија на Израилот беше пророчицата Девора, жената Лафидотова;
5. таа живееше под палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремовата гора и одеа кај неа Израилевите синови на суд.
6. Девора испрати по Варака, синот на Авинеема од Кедес Нефталимов, и му рече: „Зар не ти заповеда Господ, Бог Ираилев: – иди, собери народ на гората Тавор и земи со себеси десет илјади души од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови;
7. Јас пак, ќе го доведам при тебе, кај потокот Кисон, Јавиновиот војвода Сисар, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти го предадам во твои раце.”
8. Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш со мене, ќе отидам; ако не дојдеш со мене, нема да отидам, зашто не го знам денот, во кој Господ ќе го испрати Ангелот со мене.”
9. Таа му рече: „Добро, ќе дојдам со тебе; само знај, дека нема да биде славата твоја по патот, по кој ќе одиш; зашто во женска рака ќе го предаде Господ Сисара.” И Девора стана и тргна со Варака за Кедес.
10. И Варак ги повика Завулоновците и Нефталимовците во Кедес, и по него тргнаа десет илјади души, и Девора појде со него.
11. Тогаш Кенеецот Хавер се оддели од Кенејците,синови на Овав, Мојсеев роднина, и го постави шаторот свој кај дабот, блузу до Кедес.
12. И му јавија на Сисара дека Авинеемовиот син Варак излегол на гората Тавор.
13. Сисар ги собра сите коли, деветстотини железни коли, и сиот народ, што беше со него, од Арисот незнабожечки кај потокот Кисон.
14. И Девора му рече на Варака: „Стани, бидејќи денес е денот, во кој Господ ќе го предаде Сисара во рацете твои; Сам Господ ќе тргне пред тебе.” И Варак слезе од гората Тавор, и по него – десет илјади души.
15. Тогаш Господ го доведе во забуна Сисара и сите негови коли и целиот народ негов пред Вараковиот меч, и Сисар слезе од колата своја и избега пеш.
16. Варак ги подгони колите негови и народот до дубравата незнабожечка и целиот народ Сисаров падна од остар меч, та не остана ниеден.
17. А Сисар побегна пеш до шаторот на Јаил, жената на Кенеецот Хавер, зашто меѓу асорскиот цар Јавин и домот на Кенеецот Хавер имаше мир.
18. Тогаш излезе Јаил и му рече на Сисара: „Влези господару мој, влези при мене, не плаши се!” Тој влезе при неа во шаторот, и таа го покри со наметката своја.
19. Сисар ѝ рече: „Дај ми малку вода да пијам, жеден сум.” Таа одврза мев со млеко, му даде да пие и пак го покри.
20. Сисар повторно ѝ рече: Стој при влезот на шаторот и, ако некој додје и те праша: »нема ли некој тука?« а ти одговори – »нема«“.
21. Јаил, Хаверовата жена, зеде еден колец од шаторот, зеде и чекан во раката своја, и отиде тивко при него, та му го заби колецот во слепоочниците негови, така што тој допре до земјата; а тој уморен спиеше, – и издивна.
22. И ете, Варак, трчаше по Сисара. Јаил го пречека и му рече: „Влези, јас ќе ти го покажам човекот, што го бараш.” Тој влезе при неа, и ете, Сисар лежи мртов, и колецот во слепоочниците негови.
23. Така го покори Господ Бог во тој ден хананскиот цар Јавин пред синовите Израилеви.
24. Раката на синовите Израилеви се засилуваше сè повеќе и повеќе над хананскиот цар Јавин, додека тие најпосле не го истребија.

5. Благодарствена песна.

1. Во тој ден запеаја Девора и Варак, синот Авинеемов со овие зборови:
2. „Благословувајте Го Господа зашто се одмазди за Израилот, народот покажа сесрдност.
3. Слушајте, цареви, внимавајте, кнезови; јас ќе Му пеам и ќе Му свирам на Господа, на Господа, Бога Израилев!
4. Кога излегуваше Ти, Господи, од Сир, кога доаѓаше од селото Едомово, земјата се тресеше, небото капеше и облаците вода пролеваа;
5. горите се топеа од лицето на Господа, дури и Синај затрепери пред Господа, Бога Израилев.
6. Во дните на Самегара, синот Анатов, во дните на Јаил, патиштата опустеа и кои порано одеа по правите патишта, тогаш одеа по околните патеки.
7. Во Израилот немаше жител во селата, немаше, додека јас, Девора, не станав, дедека не востанав јас, мајката Израилева.
8. Избраа нови богови, затоа војната беше пред вратата. Се виде ли штит и копје од четириесет илјади од Израилот?
9. Срцето ми е кон вас, началници Израилеви, кон ревнителите во народот; прославувајте Го Господа!
10. Вие, кои јавате на бели ослици, што седите во судовите и одите по патот, проповедајте!
11. Среде гласовите на оние што плескаат, таму нека покажат правда, Господи, зацврсти ја правдата во Израилот! Тогаш народот Господв се разотиде по своите градови.
12. Стани, стани! Деворо! Стани, стани, па запеј песна! Стани, Варак и води ги своите платеници, сине Авинеемов!
13. Тогаш се возвеличи силата негова; Господ мене ми ги потчини храбрите.
14. Од Ефрема дојдоа оние, кои беа фатиле корен во долините; по тебе е братот твој Венијамин, според народот твој; од Махир доаѓаа началници, а од Завулона оние што се занимаваат со пишување.
15. И кнезовите Исахарови со Девора, и Исахар исто така како Варак, се спуштија пеш во долината. Во Рувимовите племиња – големо разногласие.
16. Зошто си ми седнал меѓу кошарите и го слушаш блеењето на стадата? Во Рувимовите племиња – големо несогласие.
17. Галад си живее спокојно од онаа страна на Јордан, и зошто Дан да се занимава со корабите, а Асир да седи на морскиот брег и се весели при своите пристаништа.
18. Завулон е народ, кој ја даде душата своја на смртта, и Нефталим – на полските височини.
19. Дојдоа цареви, тогаш се судрија царевите ханански во Тахан, при водите Мегидонски, но ни парче сребро не добија.
20. Од небото се војуваше, се биеја ѕвездите од своите патишта против Сисара.
21. Потокот Кисон ги одвлече, потокот Кадимин, потокот Кисон. Гази ги, душо моја, силните!
22. Тогаш отпаѓаа копита на коњите од топотење, од терањето на јавачите нивни.
23. Проколнете го Мазор, рече Ангелот Господов, проколнете ги жителите негови, затоа што не дојдоа на помош на Господа со храбрите.
24. Нека е благословена меѓу жените Јаил, жената на Кенеецот Хевер, меѓу жените во шаторите нека е благословена!
25. Тој побара вода: таа млеко му даде, во војводска чаша му донесе кравја павлака.
26. Левата рака своја таа ја протегна кон колецот, а десната – кон чеканот ковачки; го удри Сисара, му ја смрска главата, го прободе и му ги проби слепоочниците негови.
27. Меѓу нозете нејзини падна, истоштен се испружи и умре, меѓу нозете незини падна веднаш.
28. Погледна низ прозорецот Сисаровата мајка, низ решетката и си помисли: зошто не доаѓа уште колата негова, зошто се забавуваат тркалата на колите негови?
29. Мудрите нејзини дворјани ѝ одговараат, а и самата таа си одговара на зборовите свои:
30. можеби нашле плен, па го делат: кому по една мома, кому по две на војник. Плен шарен за Сисара, плен шарен, везен; шарен и везен од обете страни, симнат од рамениците на пленикот.
31. Така да загинат сите Твои непријатели, Господи! А оние, кои Го сакаат, да бидат како сонце кога изгрева во сета своја сила! – И мирна беше земјата четириесет години.

6. Гедеон станува судија.

1. А синовите Израилев пок почнаа да прват зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години.
2. Тешка беше раката Мадијамска, над Израилот, и Израилевите синови поради Мадијамците си правеа прибежишта во пештери и тврдини по горите.
3. И кога ќе посееше нешто Израилот, ќе дојдеше Мадијамец или Амаликиец или жител од исток, ќе нападнеше на него;
4. и стоеше кај нив во шаторите, и ги уништуваше земните плодови дури до Газа, и не му оставаше за исхрана на Израилот ни овца, ни вол, ни осел.
5. Зашто тие доаѓаа со добитокот свој и со шаторите свои, доаѓаа во големо множество – како скакулци; тие и камилите нивни број немаа, и одеа по земјата Израилева за да ја опустошуваат.
6. Многу осиромаше тогаш Израилот од Мадијамците, и повикаа синовите Израилиеви кон Господа.
7. А кога синовите Израилеви повикаа кон Господа против Мадијамците,
8. Господ испрати пророк при Израилевите синови и Он им рече: „Вака вели Господ, Бог Израилев – Јас ви изведов од Египет, ве изведов од домот на ропството;
9. ве избавив од раката на Египтјаните и од раката на сите ваши угнетувачи, ги истерав од пред вас, и ви ја дадов земјата нивна,
10. и ви реков: »Јас сум Господ, Бог ваш; не ги почитувајте боговите на Аморејците, во чија земја живеете.«
11. Тогаш дојде Ангелот Господов и седна во Ефрат под дабот, кој беше Јоасов, таткото на Авиезер; а синот негов Гедеон млатеше на гумното, за да се сокрие од Мадијамците.
12. И му се јави Ангелот Господов и му рече: „Со тебе е Господ, мажу силен!”
13. Гедеон му одговори: „Господару мој, ако е Господ со нас, зошто нè снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: »Господ нè изведе од Египет?« Сега Господ нè остави и нè предаде во рацете на Мадијамците.”
14. Господ го погледна и рече: „Оди со таа своја сила и спаси го Израилот од раката на Мадијамците. Јас те испраќам.”
15. Гедеон Му одговори: „Господи, како ќе го спасам Израилот: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?”
16. Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мадијамците како еден човек.”
17. Гедеон Му рече: „Ако сум се здобил со милот пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене.
18. Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам”. Он рече: „Јас ќе останам, додека се вратиш.”
19. Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; месото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе при Него под дабот и Му ги поднесе.
20. И Ангелот Божји му рече: „Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.” Тој така и направи.
21. Ангелот Господов го протегна крајот на жезалот, што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А Ангелот Господов се сокри од очите негови.
22. И виде Гедеон дека тоа беше Ангел Господов и рече Гедеон: „Тешко ми е, Владико Господи, зашто видов лице на Ангел Господов.”
23. Господ му рече: »Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!”
24. И Гедеон Му изгради таму жртвеник на Господа и го нарече: Јехова Шалом. Тој стои и до денес во Ефрат Авиезеров.
25. Во таа ноќ Господ му рече: „Земи едно теле од стадото на татка ти и едно јуне седумгодишно и разруши го жртвеникот Ваалов, кој што е кај татка ти, и исечи ги дрвцата, што се кај него,
26. и изгради Му како што треба жртвеник на твојот Господ Бог, Кој ти се јави на врвот од карпата, па земи го второто теле и принеси го како жртва сепаленица врз дрвцата, што ќе ги исечеш.”
27. Гедеон зеде десет души слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на таткото свој и од жителите градски да го направи тоа дење, го направи ноќе.
28. Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот Ваалов беше разрушен, дрвцата близу него исечени и второто теле принесено како жртва врз новоизградениот жртвеник.
29. И си говореа еден на друг: „Кој го направи тоа?” Бараа, распрашуваа и рекоа: „Јоасовиот син Гедеон го направи тоа.”
30. И градските жители му рекоа на Јоаса: „Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и ги исече дрвцата, што беа до него.”
31. Јоас им кажа на сите што дојдоа при него: „Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди за тоа што му го срушил жртвеникот негов.”
32. И почнаа да го нерекуваа од тој ден Јероваал, бидејќи Јоас беше рекол: сам нека се одмазди Ваал со него, поради тоа што му го срушил жртвеникот негов.
33. И сите Мадијамци и Амаликовците и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Израилска.
34. И Духот Господов го поткрепи Гедеона; тој затруби со труба, и племето Авиезерово се собра да оди по него.
35. И испрати пратеници по сето племе Манасиево, и тоа се одзва да оди по него; тој исто така испрати пратеници до Асира, Завулона и Нефталима, и тие дојдоа таму да се сретнат.
36. А Гедеон Му рече на Бога: „Ако го спасиш Израил преку мојата рака, како што говореше Ти,
37. тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно – ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израилот, како што ми рече.”
38. Така и стана: утредента, откако стана рано, фати да го цеди руното и исцеди роса од руното цела чаша вода.
39. И Гедеон Му рече на Бога: „Не ми се гневи, ако пак кажам и ако само уште еднаш се обидам со руното – нека биде суво само на руното, а по целата земја да има роса.”
40. Така и направи Бог во таа ноќ: само на руното беше суво, а по целата земја имаше роса.

7. Гедеон ги победува Мадијамците.

1. И порани Јеровоам, односно Гедеон, утрината и сиот народ, што беше со него, и се сместија при изворот Арад; мадијамскиот, пак, логор беше на север од него, кај ридот Море, во долината.
2. И Господ му рече на Гедеона: „Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мадијамците во негови раце, за да не се возгордее Израилот пред Мене и да каже: <мојата рака ме спаси”. 3. Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: „Кој се бои и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галад”. И се вратија од народот дваесет и две илјади души, а десет илјади останаа. 4. И му рече Господ на Гедеона: „Народ сè уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: »да оди со тебе«, нека оди со тебе; а за кого ќе ти кажам: »не треба да оди со тебе«, нека не оди.” 5. Тој го одведе народот кај водата. И му рече Господ на Гедеона: „Кој лока вода со јазикот свој, како што лока куче, него стави го настрана, исто така и сите оние, што клекнуваат за да пијат вода.” 6. И бројот на оние, што локаа со уста од рака, беше триста души; а сиот друг народ коленичеше, за да пие вода. 7. И му рече Господ на Гедеона: „Со тие триста, што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мадијамците во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место”. 8. И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги распушти сите Израилци по шаторите, а задржа кај себе триста души. Мадијамскиот логор, пак, беше подолу од него - во долината. 9. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. 10. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Фара, слугата свој; 11. и ќе чуеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот”. И слезе тој и Фара, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. 12. А Мадијамците и Амаликовците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу - како песокот на морскиот брег. 13. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мадијамскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така, што тој падна, го собори, и шаторот се растури.” 14. Другиот му одговори: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеона, Јоасовиот син, Израилецот; Бог ги предал во рацете негови Мадијамците и целиот логор.” 15. Откако го чу прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон Му се поклони на Господа, се врати во Израилскиот логор и рече: „Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мадијамскиот логор.” 16. И ги распореди тристоте души на три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. 17. И им рече: „Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. 18. Кога јас и тие, што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: „Меч Господов и Гедеонов!” 19. И дојде Гедеон и сто души со него до крајот на логорот, во почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните, што беа во рацете нивни. 20. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: „Меч Господов и Гедеонов!” 21. И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат. 22. Дедека тие триста души трубеа со труби, Господ го сврте мечот на секого притив другарот негов по целиот стан, и војската бегаше до Бетшита кај Царер, до пределите на Авелмехол, близу до Табата. 23. Тогаш Израилците од племето Нефталимово, Асирово и од целото племе Манасиево беа повикани и се впуштија по Мадијамците. 24. А Гедеон испрати пратеници по целата гора Ефремова да кажат: „Излезете им во пресрет на Мадијамците и заземете им ги бродовите во водите на Ветир и Јордан.” И беа повикани сите Ефремовци, и ги зазедоа бродовите во водите на Ветир и Јордан; 25. И ги фатија двајцата мадијамски кнезови: Орива и Зива; Орива го убија во Сур, а Зива - во Јакевзив, и ги гонеа Мадијамците; главите, пак, на Орива и Зива му ги однесоа на Гедеон од онаа страна на Јордан.

8. Гедеон Му служи на Бога како што треба.

1. И му рекоа Ефремовците: „Зошто направи така, та нè повика, кога замина да војуваш против Мадијамците?” И многу се караа со него.
2. Гедеон им одговори: „Па што направив така, како вие сега? Нели се пабирките на Ефрема подобри од гроздоберот на Авиезер?
3. Во ваши раце Бог ги предаде мадијамските кнезови Орива и Зива, и како можев јас да сторам такво нешто, како вие?” Тогаш духот нивни спрема него се смири штом тој им ги кажа тие зборови.
4. А кога дојде Гедеон кај Јордан, го премина тој и тристоте души, што беа со него. Тие беа уморни поради гонењето на непријателот.
5. И им рече тој на жителите на Сокхот: „Дајте им леб на овие мажи што се со мене, зашто се гладни; јас ги гонам мадијамските цареви Зевеја и Салмана.”
6. Сокхотските началници рекоа: „Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да ѝ даваме леб на војската твоја?”
7. Гедеон одговори: „Не така, туку кога Господ ќе ги предаде Зевеја и Салмана во рацете мои, јас ќе ги уништам телата ваши со трње од пустињата и со боцки.”
8. Оттука отиде во Фануил и им го рече истото на неговите жители, и фануилските жители му одговорија, како што одговорија жителите на Сокхот.
9. Тој им кажа и на фануилските жители: „Кога ќе се вратам во мир, ќе ја растурам таа кула.”
10. А Зевеј и Салман беа во Каркара и војските нивни со нив до петнаесет илјади, сè што беше останало од сета војска на жителите од исток; а паднаа сто и дваесет илјади души мечоносци.
11. И отиде Гедеон при оние што живееја во шатори на исток од Нов и Јегевал и го разби логорот, кога логорот стоеше безгрижно.
12. Зевеј и Салман избегаа; тој се спушти по нив и ги фати двајцата цареви – Зевеја и Салмана, и го доведе во збрка целиот логор.
13. Тогаш Гедеон, синот на Јоаса, се врати од војната пред изгревот на сонцето.
14. И фати едно момче од жителите сокхотски и го распраша; и тој му ги напиша имињата на началниците и старешните сокхотски – седумдесет и седум души.
15. Потоа дојде кај жителите сокхотски и рече: „Ете, Зевеј и Салман, за кои ми се потсмевавте, велејќи: »Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да им даваме леб на твоите изморени дуѓе?«“
16. И зеде трње од пустињата и боцки, па ги казни со нив градските старешини, жители на Сокхот.
17. и ја сруши фануилската кула и ги уби градските жители.
18. И му рече на Зевеја и Салмана: „Какви беа оние, што ги убивте на Тавор?” Тие одговорија: „Беа како тебе – секој прилегаше на царски син.”
19. Гедеон рече: „Тие беа мои браќа, синови на мајка ми! Господ нека ми е сведок: да бевте ги оставиле живи, не би ве убил ни јас.”
20. И му рече на Јетера, својот првороден син: „Стани, убиј ги!” Но момчето не го извади мечот свој; се плашеше, бидејќи беше уште млад.
21. Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани сам и порази нè, зашто според човекот е и силата негова.” И стана Гедеон, и ги уби Зевеја и Салмана, и ги зеде веришките, што беа околу вратовите на камилите нивни.
22. И му рекоа Израилците на Гедеона: „Владеј со нас ти и син ти и внук ти, бидејќи ти нè спаси од рацете на Мадијамците.”
23. Гедеон им одговори: „Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.”
24. И им рече уште Гедеон: „Ве молам за едно, дајте ми секој по еден накит од пленот свој. Зашто непријателите, бидејќи беа Исмаилци, имаа многу златен накит.”
25. Тие одговорија: „Ќе дадеме.” И послаа една облека и фрлаше таму секој по еден накит од пленот свој.
26. Златните накити, што тој ги измоли, тежеа илјада и седумстотини сикли, освен веришките, копчињата и пурпурните одежди, што ги носеа мадијамските цареви, и освен златните веришки што беа на вратовите од камилите нивни.
27. Од тоа Гедеон направи Ефод и го стави во својот град, во Ефрат; и почнаа сите Израилци блудно да одат таму, по ефодот, кој беше замка за Гедеона и целиот дом негов.
28. Така се смирија Мадијамците пред синовите Израилеви и повеќе не кренаа глава, и земјата беше спокојна четириесет години во деновите на Гедеона.
29. И отиде Јероваал, Јоасовиот син, и живееше во својот дом.
30. Гедеон имаше седумдесет сина, произлезени од бедрата негови, бидејќи имаше многу жени.
31. А и наложницата, која живееше во Сихем, му роди син, и нему му даде име Авимелех.
32. И умре Гедеон, синот Јоасов, во длабока старост, и беше погребан во гробот на таткото свој, Јоас, во Ефрат Авиезеров.
33. Откако умре Гедеон, Израилевите синови пак почнаа да одат блудно по Вааловци и го поставуја за свој бог Ваалверита.
34. Израилевите синови не се сетија на Господа, својот Бог, Кој ги беше спасувал од рацете на сите околни непријатели,
35. и кон домот на Јероваала, односно на Гедеона, не покажаа благодарност за сите добрини што му ги направи Тој на Израилот.

9. Јотамовата парабола.

1. Авимелех, Јеровааловиот син, отиде во Сихем кај вујковците свои, и им рече ним и на целото племе од мајчиното потекло:
2. „Кажете им на сите сихемски жители: што е подобро за вас, да владеат со вас сите седумдесет синови Јероваалови или да владее со вас еден? И спомнете си дека јас сум ваша коска и ваше тело.”
3. Вујковците им ги кажаа на жителите сихемски сите тие зборови за него; и срцето на тие жители се склони кон Авимелеха, бидејќи си говореа: „Тој е наш брат”.
4. И му дадоа седумдесет сикли сребро од домот на Ваалверит, за кои Авимелех најде безделници и скитници, кои тргнаа по него.
5. И дојде во домот на таткото свој во Ефрат и ги уби браќата свои, седумдесетте Јероваалови синови, врз еден камен. Остана само Јотам, најмалиот Јероваалов син, зашто се беше сокрил.
6. Тогаш се собраа сите сихемски жители и целиот дом на Маалов, и отидоа, па го поставија Авимелеха за цар кај дабот, близу до Сихем.
7. Откако му раскажаа за тоа на Јотама, тој отиде и застана на врвот од гората Гаризим и, откако го крена гласот свој, па викна и им рече: „Чујте ме, жители Сихемски, и Бог ќе ве чуе!
8. Едно време тргнале дрвјата да побараат цар и ѝ рекле на маслинката: „Стани ни цар!”
9. Маслинката им рекла: „Зар да ја оставам маснотијата своја, со која се послужува Бог и луѓето, па да тргнам да скитам по дрвјата?”
10. Тогаш дрвјата ѝ рекле на смоквата: „Дојди ти, да ни станеш цар!”
11. Смоквата им одговорила: „Зар да си ја оставам сладоста своја и убавиот плод и да тргнам да скитам по дрвјата?”
12. ѝ кажале дрвјата на лозата: „Дојди ти, да ни станеш цар!”
13. Лозата им рекла: „Зар да го оставам сокот свој, што ги весели Бога и луѓето, и да тргнам да скитам по дрвјата?”
14. Најпосле сите дрвја му рекле на трнот: „Дојди ти, да ни станеш цар!”
15. Трнот им рекол на дрвјата: „Ако, навистина, ме поставите за цар над себеси, тогаш дојдете да си починете под сенката моја; ако не, ќе излезе оган од трнот и ќе ги изгори кедрите ливански.”
16. И, ете, гледате, по вистина и по правда ли постапиле кога го поставиле за цар Авимелеха? И добро ли постапиле со Јероваала и домот негов, и според неговите добрини ли направиле така?
17. За вас сите војуваше татко ми, не го жалеше ни животот свој и ве спаси од рацете на Мадијамците;
18. а вие сега се кревате против домот на мојот татко и ги убивате седумдесетте синови на татко ми врз еден камен и го поставивте за цар над жителите сихемски Авимелеха, синот на робинката негова, зашто е ваш брат.
19. Ако денес сте постапиле според вистината и според правдата со Јероваала и со домот негов, тогаш одете и радувајте се на Авимелеха, и тој да се радува на вас;
20. ако, пак, не – нека излезе оган од Авимелеха и нека ги изгори жителите сихемски и целиот дом Маалов, и нека излезе оган од жителите сихемски и од домот Маалов и да го изгори Авимелеха!”
21. И избега Јотам, избега и отиде во Веер, и живееше таму скришно од братот свој Авимелеха.
22. Авимелех, пак, царуваше над Израилот три години.
23. И испрати Бог луш дух меѓу Авимелеха и жителите на Сихем, и почнаа жителите сихемски да не му се покоруваат на Авимелеха.
24. За да се одмазди за седумдесетте синови Јероваалови, и крвта нивна да им се сврти против братот нивни Авимелеха, кој ги уби, и против жителите сихемски, кои ја поддржаа раката негова, за да го убие братот свој,
25. жителите сихемски поставија по горските врвови против него заседи, кои го ограбуваа секого, што минуваше покрај нив по патот. За тоа му беше јавено на Авимелеха.
26. Во Сихем простигна и Гал, Еведовиот син, со браќата свои, и одеа во Сихем, и жителите сихемски се потпраа врз него.
27. И излегоа во полето, и го береа грозјето свое, го газеа и се веселеа, па отидоа во домот на својот бог, јадеа и пиеја, и го проколнуваа Авимелеха.
28. А Гал, Еведовиот син, рече: „Кој е Авимелех и што е Сихем, та да му служиме? Не е ли тој Јероваалов син, и не е ли Зевул неговиот главен слуга? Подобро служете им на потомците од Емора, татко Сихемов, а нему зошто да му служиме?
29. Ако некој ми го дадеше тој народ во рацете мои, јас ќе го изгонев Авимелеха.” И му беше речено на Авимелеха: „Зголеми ја војската своја и излегувај.
30. Зевул, управителот на градот, ги чу зборовите на Гал, Еведовиот син, и силно се разгневи.
31. Тој испрати тајно пратеници кај Авимелеха да му кажат: „Ете, Гал, Еведовиот син, и браќата негови дојдоа во Сихем, и го бунтуваат градот против тебе;
32. затоа стани ноќеска, ти и народот, што се наоѓа со тебе, и постави заседа во полето;
33. а изутрина, по изгревање на сонцето, стани и пристапи кон градот; и кога тој и народот, кој е со него, ќе излезат спроти тебе, тогаш прави го со нив она, што раката твоја може.”
34. И Авимелех стана ноќта, и сиот народ, што се наоѓаше се него, и поставија во заседа кај Сихем четири дружини.
35. Утредента Гал, Еведовиот син, излезе и застана кај градските порти; а излезе и Авимелех и народот, што беше со него, од заседата.
36. Гал, откако го виде народот му рече на Зевула: „Еве, народот слегува од врвот на гората.” Зевул му одговори: „Сенките од дрвјата ти се причинуваат луѓе.”
37. Гал пак проговори и рече: „Ене, народот се спушта од височините, и една дружина доаѓа откај патот на дубравата Меоним.”
38. И му рече Зевул: „Каде ти е устата, која велеше: »кој е Авимелех, та да му служиме?« Ова е оној народ, што ти го презираше; излегувај сега и бори се со него.”
39. И тргна Гал пред жителите сихемски и се судри со Авимелеха.
40. Но Авимелех се спушти по него, и тој избега од него; а паднаа многу убиени до самите градски порти.
41. И Авимелех остана во Арум, а Зевул го истера Гала и браќата негови, за да не живее во Сихем.
42. На другиот ден народот излезе во полето, и му јавија за тоа на Авимелеха.
43. Тој го зеде народот свој и го раздели на три дружини и ги постави во заседа по полето. И, откако виде, дека народот излезе од градот, се крена против нив и ги уби.
44. Додека Авимелех и дружините, што беа со него, пристапија и застанаа кај градските порти, другите две дружини ги нападнаа сите, што беа во полето, и ги испотепаа.
45. И Авимелех водеше борба со градот, целиот тој ден, го презеде градот, го порази народот, што беше во него, го разруши градот и го посипа со сол.
46. Откако го слушнаа тоа сите, што беа кај кулата Сихемска, влегоа во куќата на богот Валверит.
47. Му јавија на Авимелеха дека таму се собрале сите, што беа во кулата Сихемска.
48. Тогаш Авимелех отиде на гората Салмон, тој и сиот народ, кој беше со него, и зеде Авимелех секира со себеси, отсече гранка од дрвјата, ја стави на рамото свое и му рече на народот, што беше со него: „Вие видовте што направив; поскоро направете го и вие она што го направив и јас.”
49. И секој од сиот народ пресече гранка, па тргнаа по Авимелеха, ги натрупаа гранките околу кулата и запалија оган со нив, и изгинаа сите, што беа во кулата Сихемска, околу илјада души мажи и жени.
50. Потоа Авимелех отиде во Тевес и го опседна и го презеде.
51. Среде градот имаше јака кула; таму избегаа сите мажи и жени и сите градски жители, се затворија и се качија на покривот од кулата.
52. Авимелех дојде до кулата, удри на неа и се приближи до вратата од кулата, за да ја изгори со оган.
53. Тогаш една жена фрли парче од воденичен камен врз главата на Авимелеха и му го скрши черепот.
54. Авимелех веднаш го повика слугата, оруженосецот свој, и му рече: извади го мечот свој и убиј ме, за да не се рече за мене: „го уби жена”. И слугата го прободе и тој умре.
55. Израилците, откако видоа дека Авимелех умре, отидоа секој во местото свое.
56. Така му даде Бог на Авимелеха за злочинот што го направи против таткото свој, убивајќи ги седумдесетте браќа свои.
57. И сите злодела на сихемските жители Бог ги сврти против главите нивни; и ги стигна клетва од Јотам, Јеровааловиот син.

10. Судиите Тола и Јаир

1. По Авимелеха се крена да го спаси Израилот Тола, синот на Фуј, син Додов, од Исахарово племе. Тој живееше во Самир, на гората Ефремова.
2. Тој беше судија над Израилот дваесет и три години, и умре, и беше погребан во Самир.
3. По него се крена Јаир од Галад, кој беше судија над Израилот дваесет и две години.
4. Тој имаше триесет и два сина, кој јаваа на триесет и две ослиња, и тие имаа триесет и два града, кои и до денес се нарекуваат Јаирови селишта, а се во Галадската земја.
5. Умре Јаир и беше погребан во Камон.
6. А Израилевите синови пак почнаа да вршат зло пред Господа и им служеа на разни Вааловци и Астарти, на боговите сириски, на боговите сидонски, на боговите моавски, набоговите амонитски и на боговите филистејски, а Господа Го оставија и не Му служеа.
7. И се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он ги предаде во рацете на Амонитите.
8. Оттогаш тие ги угнетуваа и ги мачеа Израилевите синови осумнаесет години по ред, сите Израилеви синови од онаа страна на Јордан во Аморејската земја, кој е во Галад.
9. Најпосле Амонитите го преминаа Јордан, за да војуваат против Јуда и Венијамина и против домот Ефремов. И синовите Израилеви беа на големи маки.
10. Па повикаа синовите Израилеви кон Господа и рекоа: „Згрешивме пред Тебе, зашто го оставивме нашиот Бог и им служиме на Вааловци.”
11. И Господ им рече на Израилевите синови: „Не ве угнетуваа ли Египтјаните и Аморејците, Амонитите и Филистејците,
12. Сидонците, Амаликијците и Моавците и кога повикавте кон Мене, не ве спасив ли од рацете нивни?
13. А вие Ме оставивте и почнавте да им служите да други богови; затоа нема повеќе да ве спасувам;
14. одете, повикајте ги боговите, што сте ги избрале, нека ве спасат тие во ова за вас тешко време.”
15. Тогаш синовите Израилеви Му рекоа на Господа: „Згрешивме; прави со нас сè што Ти е угодно, само спаси нè сега.”
16. И ги отфрлија од себе туѓите богови и почнаа да Му служат само на Господа. И не ги истрпе душата Негова страдањата Израилеви.
17. Амонитите, пак, се собраа и се сместија, се улогорија во Галад; исто така се собраа и Израилевите синови и се улогорија во Масифа.
18. Народот и началниците галадски се рекоа еден на друг: „Кој ќе почна војна против Амонитите, тој нека биде началник на сите галадски жители.”

11. Судијата Ефтај и неговиот завет.

1. А Ефтај беше од Галад, човек храбар; но беше син на една блудница, со која Гал го роди Ефтаја.
2. Но жената на Гал му роди синови. Кога пораснаа синовите од жената, таа го истера Ефтаја, велејќи му: „Ти не си наследник на татковиот ни дом, зашто си син на друга жена.”
3. И Ефтај избега од браќата свои во земјата Тов. При Ефтајта се собраа тогаш безделници и одеа со него.
4. По извесно време Амонитите влегоа во војна против Израилот.
5. Во времето на војната на Амонитите против Израилот отидоа галадските старешини да го доведат Ефтај од земјата Тов,
6. и му рекоа на Ефтаја: „Дојди, стани ни војвода и ќе војуваме против Амонитите.”
7. Ефтај им рече тогаш на галадските старешини: „Нели ме намразивте и ме истеравте од домот на татка ми? Зошто дојдовте сега кај мене, кога сте во неволја?”
8. Галадските старешини му одговорија на Ефтаја: „За тоа дојдовме кај тебе сега, за да дојдеш со нас и да војуваш против Амонитите и да бидеш кај нас кнез на сите жители галадски.”
9. А Ефтај им одговори на галадските старешини: „Ако ме вратите, за да се борам против Амонитите, и Господ ми ги предаде, – ќе станам ли кај вас кнез?”
10. Галадските старешини му рекоа на Ефтај: „Господ нека биде сведок меѓу нас, дека ќе постапиме според зборот твој!”
11. Потоа Ефтај отиде со галадските старешини, и народот го постави за свој кнез и војвода. И Ефтај ги искажа сите свои зборови пред Господа, што ги беше рекол во Масифа.
12. И Ефтај испрати тогаш пратеници при амонитскиот цар да каже: „Што бараш од мене, та си дошол кај мене да војуваш во земјата моја?”
13. А амонитскиот цар им рече на Ефтаевите пратеници: „Кога Израил дојде од Египет, ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и Јордан; затоа врати ми ја на мирен начин и јас ќе се повлечам.”
14. И се вратија пратениците на Ефтаја. Но Ефтај пак испрати пратеници при амонитскиот цар,
15. за да му кажат: „Вака вели Ефтај: Израел не ја зазеде земјата Моавска и земјата Амонитска;
16. зашто, кога доаѓаше од Египет, Израилот отиде во пустињата кај Црвеното Море и дојде во Кадес;
17. оттаму Израил испрати пратеници кај едомскиот цар за да кажат: »дозволи ми да минам низ земјата твоја«. Но едомскиот цар не се согласи; и при моавскиот цар испрати, но и тој не се согласи. Зато Израил остана во Кадес.
18. И тргна преку пустињата, ја заобиколи земјата Едомска и земјата Моавска, и дојде до источната граница на Моавската земја, и се смести од онаа страна на Аронон; не не влезе во пределите моавски, бидејќи Арнон е граница на Моав.
19. Но Израил испрати пратеници и при Сиона, царот аморејски, царот есевонски, и му рече: »дозволи ни да минеме преку твојата земја до нашето место.«
20. Но Сион не му дозволи на Израилот да мине преку пределите негови, и го собра Сион сиот народ свој, па се улогори во Јас и се судри со Израилот.
21. И Господ, Бог Израилев, го предаде Сиона и сиот негов народ во рацете на Израилот, и тој ги испотепа; и завладеа Израил со целата земја на Аморејците, кои живееја во таа земја,
22. и тие завладееја над сите предели на Амореја, од Арнон до Јавок и од пустињата до Јордан.
23. И така, Господ, Бог Израилев, ги изгони Аморејците пред народот Свој, Израилот, а ти сакаш да го завладееш?
24. Не владееше ли ти со тоа, што ти го дал Хамос, твојот Бог? И ние владееме со сето она, што ни го даде како наследство Господ, нашиот Бог.
25. Зар си ти подобар од Валак, Сепфоровиот син, царот моавски? Се карал ли тој со Израилот или војувал ли против него?
26. Израилот живее веќе триста години во Есевон и во нему потчинетите градови, во Ароир и во потчинетите му градови, и во сите градови, што се блиску до Арнон; зошто за тоа вмреме не ги одзедовте?
27. Јас не сум виновен пред тебе, а ти ми правиш зло, излегуваш во војна против мене. Господ нека биде судија меѓу синовите Израилеви и Амонитите.”
28. Но амонитскиот цар не ги послуша зборовите на Ефтаја, што тој му ги испрати.
29. И слезе врз Ефтаја Духот Господов, и тој го премина Галад и Манасија, ја премина Масифа Галадска, и од Масифа Галаска отиде кај Амонитите.
30. И се заветува Ефтај пред Господа, велејќи: „Ако ги предадеш Амонитите во рацете мои,
31. тогаш, кога ќе се вратам со мир од Амонитите, сè што ќе ми излезе во пресрет од вратата на домот мој, нека биде за Господа, и ќе го принесам за жртва сепаленица.”
32. Па отиде Ефтај кај Амонитите, да се бори против нив, и Господ му ги предаде во рацете негови;
33. и им нанесе многу голем пораз, од Ароир до Менит, во дваесет градови, и до Авел – лозјарски крај, и се смирија Амонитите пред синовите Израилеви.
34. Потоа дојде Ефтај во Масифа, во домот свој, и ете, ќерка му излегува во пресрет со тимпани и хор: таа му беше единица; освен неа немаше ни син ни ќерка.
35. Штом ја виде, ја раскина облеката своја и рече: „Ах, дете мое! Ти ме сосипа: и ти се меѓу оние, што го нарушија спокојството мое! Јас ја отворив устата своја пред Господа и не можам да одречам.”
36. Таа му одговори: „Татко! Ти си ја отворил устата своја пред Господа – прави го она со мене, што си го кажал со устата своја, штом Господ се одмазди преку тебе на твоите напријатели, Амонитите”.
37. И му рече на татка си: „Направи ми уште, еве, што – пушти ме за два месеца да отидам да се искачам на гората и да го исплачам моминството свое со другарките мои!”
38. Тој ѝ рече: „Оди!” И ја пушти за два месеца. Таа отиде со другарките свои и го оплакуваше моминството свое во гората.
39. По два месеца таа се врати при татка си, и тој го изврши над неа заветот свој, што го даде, и таа не позна маж. И стана обичај кај Израилот,
40. така што од година до година ќерките Израилеви да одат и ја оплакуваат ќерката на Галадецот Ефтаја, по четири дена секоја година.

12. Пропаст на племето Ефремово.

1. Луѓето од Ефремовото племе се собраа, дојдоа во Сефин и му рекоа на Ефтаја: „Зошто отиде да војуваш против Амонитите, а нас не нè повика со себе? Ние ќе го изгорима со оган домот твој со тебе.”
2. Ефтај им рече: „Јас и народот мој имавме со Амонитите силни караници; јас ве повикав, но вие не ме спасивте од рацете нивни.
3. Откако увидов, дека вие нема да ме спасите, го изложив животот на опасност и отидов против Амонитите, и Господ ги предаде во рацете мои; зошто дојдовте сега да војувате против мене?”
4. Тогаш Ефтај ги собра сите галадски жители и удри на Ефремовците, и жителите галадски ги испотепаа Ефремовците, велејќи: „Вие сте бегалци Ефремови, а Галад е среде Ефрема и среде Манасија”.
5. И Галадците ги зазедоа бродовите јордански од Ефремовците, и кога некој од унесреќените Ефремовци ќе речеше: „дозволете ми да преминам”, жителите галадски му велеа: „нели си ти Ефремовец?” Тој ќе одговори: „не”.
6. Тие ќе му речат: „кажи шиболет”, и тој ќе рече: „сиболет”, и не можеше никако да го изговори. Тогаш тие го земаа и го заколуваа при бродот преку Јордан. И во тоа време од Ефремовците паднаа читириесет и две илјади.
7. Ефтај беше судија над Израилот шест години, и умре Ефтај, и беше погребан во еден од галагадските градови.
8. По него судија над Израилот беше Есевон од Витлеем.
9. Тој имаше триесет синови, а триесет ќерки од домот свој омажи, додека тириесет ќерки зеде однадвор за синовите свои, и беше судија над Израилот седум години.
10. Есевон умре и беше погребан во Витлеем.
11. По него судија над Израилот стана Елон од Завулон и му судеше на Израилот десет години.
12. Умре и Завулонецот Елон и го погребаа во Елим, во земјата Завулонова.
13. По него беше судија над Израилот Авдон, син на Елива Фаратонецот.
14. Тој имаше четириесет синови и триесет внуци, кои јаваа на седумдесет ослиња; тој му судеше на Израилот осум години.
15. И умре Авдон, синот на Фаратонецот Елива, и беше погребан во Фаратон, во земјата Ефремова, во гората Амаликова.

13. Самсоновото раѓање го објавува ангел.

1. Израилевите синови пак правеа зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за време од четириесет години.
2. Во тоа време имаше еден човек од Сарај, од Дановото племе, по име Маној; жена му беше неплодна и не раѓаше.
3. И Ангел Господов ѝ се јави на жената и ѝ рече: „Ете, ти си неплодна и не раѓаш; но ќе зачнеш и ќе родиш син;
4. затоа пази се, не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто;
5. оти, ете, ќе зачнеш и ќе родиш син, и брич нема да ја допре главата негова, зашто од самата мајчина утроба тоа младенче ќе биде назореј Божји, и ќе почне да го спасува Израилот од рацете на Филистејците.”
6. Жената дојде и му кажа на мажот свој, велејќи: „Човек Божји дојде кај мене, и лицето му беше како лице на Ангел Божји, многу страшно; јас не го прашав од каде е, и тој не ми го кажа името свое;
7. тој ми рече: »ете, ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто, бидејќи младенчето од самата мајчина утроба па до смртта своја ќе биде посветено на Бога.«
8. И Маној му се помоли на Господа и рече: „Господи! Нека дојде пак при нас човекот Божји, што си го испратил, и нека нè научи како да постапиме со младенецот, што ќе се роди.”
9. Бог ја услиши молитвата на Маноја, и Ангелот Божји пак дојде при жената, кога таа беше во полето, а Маној, мажот нејзин, не беше со неа.
10. Жената во тој момент потрча и му јави на мажот свој и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој порано дојде кај мене.”
11. Маној стана и тргна со жена си, и дојде кај оној човек и му рече: „Ти ли си човекот, што говорел со оваа жена?” И Ангелот рече: „Јас.”
12. И рече Маној: „И така, нека се исполни зборот твој, но како да постапуваме со тоа младенче, и што да правиме со него?”
13. Ангелот Господов му кажа на Маној: „Нека се чува тој од сè она, за кое ѝ говорев на жената;
14. нека не јаде ништо од она што лозата го раѓа; нека не пие вино и сикер, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сè, што ѝ заповедав.”
15. А Маној му рече на Ангелот Господов: „Дозволи ми да те задржам, додека да зготвиме јаре.”
16. Ангелот Господов му рече на Маној: „И да ме задржиш, јас нема да јадам твој леб; ако, пак, сакаш да Му принесеш жртва на Господа, принеси го.” Маној не знаеше, дека е тоа Ангел Господов.
17. Маној пак го праша Ангелот Господов: „Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој.”
18. Ангелот Господов му одговори: „Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно.”
19. И го зеде Маној јарето и лебниот принос и Му ги принесе на Господа врз камен. И Он изврши чудо, кое го видоа Маној и неговата жена.
20. Кога почна пламенот да се издига од жртвеникот кон небото, Ангелот Господов се издигна во жртвениот пламен. Откакот го видоа тоа, Маној и жената негова паднаа ничкум на земјата.
21. И Ангелот Господов стана невидлив за Маној и жената негова. Тогаш Маној дозна, дека тоа беше Ангел Господов.
22. И ѝ рече Маној на жената своја: „Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога.”
23. Жената му рече: „Ако Господ сакаше да нè умртви, не би примил од рацете наши жртва сепаленица и лебен принос, и не би ни го покажал сето она, а сега не би ни го открил ова.”
24. и жената роди син и го нарече со името Самсон. И младенчето растеше, и Господ го благословуваше.
25. И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сарај и Естаол.

14. Самсоновата женидба.

1. И отиде Самсон во Тамната и виде во Тамната мома од филистејските ќерки.
2. Тој отиде и им јави на татка си и на мајка си и рече: „Видов во Тамната девојка од филистејските ќерки; земете ми ја за жена”.
3. Татко му и мајка му рекоа: „Зар нема мома меѓу ќерките на браќата твои и во сиот народ, па одиш да земеш жена од необрезаните Филестејци?” А Самсон му одговори на татка си: „Неа земи ја за жена, бидејќи таа ми се свиде.”
4. Татко му и мајка му на знаеја дека тоа е од Господа, и дека тој бара случај да им се одмазди на Филистејците. Во тоа време Филистејците владееја над Израилот.
5. И отиде Самсон со татка си и мајка си во Тамната, и кога се приближуваа до Тамнатските лозја, ете еден млад лав, рикајќу му доаѓа во пресрет.
6. И Духот Господов слезе врз него, и тој го раскина лавот како јаре; а во раката негова немаше ништо. И не им кажа на татка си и мајка си, што направи.
7. И дојде и поразговара со девојката, и таа му се допадна на Самсона.
8. По неколку дена, тој пак отиде, за да ја земе, и наврати да го види трупот на лавот, и ете, рој пчели на трупот од лавот и мед.
9. Тој зеде од медот во рацете свои, тргна и јадеше по патот; и кога дојде кај татка си и мајка си, им даде и ним, и тие јадеа; но не им кажа дека тој мед го зел од трупот на лавот.
10. Дојде и татко му кај девојката, и таму Самсон приреди седумдневна гозба, како што обично прават младоженците.
11. И штом го видоа таму, избраа триесет брачни другари, кои ќе бидат при него.
12. И им рече Самсон: „Ќе ви поставам една гатанка: ако ми ја одгатнете во текот на седумте дена на гозбава и ја погодите точно, ќе ви дадам триесет кошули и триесет промени;
13. ако, пак, не можете да ја одгатнете, вие ќе ми дадете триесет кошули и триесет промени.” Тие му рекоа: „Постави ја гатанката, да ја чуеме.”
14. И им рече: „Од јадачот излезе јадење, и од силниот излезе слатко.” И три дена не можеа да ја одгатнат гатанката.
15. На седмиот ден тие ѝ рекоа на Самсоновата жена: „Потсети го мажот твој, да ни ја одгатне гатанката; инаку ќе те изгориме со оган тебе и домот на таткото твој; зар нè поканивте да нè оберете.”
16. И плачеше пред Самсона жената негова, велејќи: „Ти ме мразиш и не ме сакаш; ти им зададе гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја одгатнуваш.” Тој ѝ рече: „На татко ми и на мајка ми јас не им ја одгатнав, на тебе ли да ти ја кажам?”
17. И плачеше таа пред него седум дена, додека траеше гоштевањето нивно. Најпосле на седмиот ден тој ѝ ја одгатна, бидејќи таа упорно го молеше. А таа им ја кажа гатанката на синовите на својот народ.
18. И на седмиот ден пред зајдисонце му рекоа граѓаните: „Што е послатко од мед, и што е посилно од лав?” Тој им рече: „Да не бевте орале со мојата јунечка, немаше да ја одгатнете гатанката моја.”
19. И Духот Господов слезе врз него, и тој отиде во Аскалон, каде што уби триесет души, ги соблече од нив алиштата, им ги даде промените на оние, што ја беа одгатнале гатанката; и се расрди многу, па отиде во куќата на таткото свој.
20. А жената на Самсон се омажи за неговиот свадбен другар, кој му беше пријател.

15. Самсон ги поразува Филистејците.

1. По неколку дена, по жетвата на пченицата, дојде Самсон да се види со жена си, донесувајќи со себе едно јаре; и кога рече: „Ќе влезам при жена си во спалната”, татко ѝ не му дозволи да влезе.
2. И рече татко н: „Јас помислив дека ти си ја намразил, па ја дадов на пријателот твој; ете, помалата сестра е поубава од неа; таа нека биде твоја неместо неа.”
3. Тогаш Самсон рече: „Сега ќе бидам прав пред Филистејците, ако им сторам зло.”
4. И отиде Самсон и улови триста лисици и, откако зеде свеќи, врза опашка за опашка и врза една свеќа меѓу две опашки;
5. ги запали свеќите, и ги пушти лисиците во посевите филистејцки та ги изгоре крстините и неожнеаното жито, и лозјата и маслиновите градини.
6. И се прашуваа Филистејците: „Кој го направи тоа?” И рекоа: „Самсон, зетот на тимнатеецот, бидејќи тој му ја одзеде жената и ја даде на другарот негов.” Тогаш Филистејците отидоа и ја изгорија со оган неа и домот на татко н.
7. Самсон им рече: „Иако го сторивте тоа, јас пак ќе ви се одмаздам и само тогаш ќе се успокојам.”
8. И тој им ги скрши колената до бедрата, и отиде па заседна во пештерата кај карпата Итам.
9. Тогаш станаа Филистејците и се улогорија во Јудеја, па се раширија дури до Лехи.
10. А жителите на Јудеја запрашаа: „Зошто излеговте против нас?” Тие одговорија: „Дојдовме да го врземе Самсона, за да постапиме со него онака како што тој постапи со нас.”
11. И три илјади души Јудејци отидоа до пештерата кај карпата Итам и му рекоа на Самсона: „Зар не знаеш дека Филистејците владеат над нас? Што ни направи?” Тој им одговори: „Како што постапија тие со мене, така постапив и јас со нив.”
12. Тие му рекоа: „Дојдовме да те врземе, за да те предадеме во рацете на Филистејците.” А Самсон им рече: „Заколнете се дека нема да ме убиете.”
13. Тие му одговорија: „Не, ние само ќе те врземе и ќе те предадеме во рацете нивни, а што се однесува до убивањето, нема да те убиеме.” И го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата.
14. Кога се приближи до Лехи, Филистејците го пресретнаа со радосно викање. И Духот Господов слезе врз него, и јажињата на рацете негови станаа како изгорен лен, и врските паднаа од рацете негови.
15. Па најде пресна ослина челуст, ја протегна раката, и ја зеде и уби со неа илјада души.
16. И рече Самсон: „Со ослина челуст убив толку, двапати по толку, со ослина челуст убив илјада души.”
17. Откако го рече тоа, ја фрли челуста од раката своја и го нарече тоа место: „Рамат Лехи.”
18. Тогаш почувствува силна жед; викна кон Господа и рече: „Ти го изврши со раката на Твојот слуга ова големо избавување; но сега ќе умрам ли од жед или ќе паднам во рацете на необрезаните.”
19. И Бог ја расцепи карпата во Лехи, и потече вода од неа. Тој се напи, духот му се поврати и оживе; затоа беше наречено тоа место: „Извор на оној што се моли”, што е во Лехи и до ден денес.
20. И тој беше судија над Израилот во дните на Филистејците дваесет години.

16. Самсоновата последна одмазда.

1. Потоа Самсон дојде во Газа; таму виде една блудница и влезе при неа.
2. Им јавија на жителите од Газа: „Самсон дојде овде”. И обиколуваа, го чекаа цела ноќ при градските порти и се криеја цела ноќ, велејќи: „До осамнување ќе чекаме и ќе го убиеме.”
3. А Самсон спиеше до полноќ; на полноќ стана, ги искорна вратите на градските порти со двата довратника, ги крена заедно со диреците, ги стави на грб и ги оденсе на врвот од гората, која е на патот за Хеврон и ги остави таму.
4. Потоа тој засака една, која живееше во долината Сорек; името и беше Далида.
5. Дојдоа кај неа филистејските кнезови и ѝ рекоа: „Запрашај го и дознај во што му е големата сила, и како да го надмудриме, за да го врземе и да го смириме; ние, пак, ќе ти дадеме за тоа секој по илјада и сто сикли сребро.”
6. Тогаш Далида го праше Самсона: „Кажи ми, во што ти е големата сила, и со што би можеле да те врзат, за да те смират?”
7. Самсон ѝ одговори: „Ако ме врзат со седум сурови тетиви, уште неисушени, јас ќе станам бессилен и ќе бидам како другите луѓе.”
8. И ѝ донесоа филистејските кнезови седум сурови тетиви, уште неисушени, и таа го врза со нив.
9. Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната нејзина; и таа рече: „Самсоне, Филистејците идат против тебе.” Тој ги раскина тетивите, како што се раскинува коноп кога ќе го гори оган. И не се дозна за силата негова.
10. И Далида му рече на Самсона: „Ете, ти ме измами и ми кажа лага; кажи ми сега, со што можат да те врзат?”
11. Тој ѝ одговори: „Кога би ме врзале со нови јажиња, кои не биле употребени, јас би станал бессилен и ќе бидам како другите луѓе.”
12. Далида зеде нови јажиња, го врза и му рече: „Самсоне, Филистејците доаѓаат против тебе.” Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната. И тој ги скина јажињата од рацете свои како конци.
13. И Далида пак му рече на Самсона: „Ти сè ме мамиш и ми говориш лага; кажи ми, со што можат да те врзат?” Тој одговори: „Ако привиеш седум перчиња од косата на главата моја, на вратило и ги забиеш со колец на камен јас ќе бидам бессилен како другите луѓе.”
14. И го успа Далида на колената свои. И кога тој заспа, Далида зеде седум перчиња од косата на главата негова, ги приви на вратилото и со колец ги притегна на камен и му рече: <Филистејците идат против тебе, Самсоне!” Тој се разбуди од сонот и го извлече кросното сплеткано од основата и вратилото, и пак не се дозна за силата негова. 15. И Далида тогаш му рече: „Зошто зборуваш »те сакам«, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила.” 16. И бидејќи таа го возменураваше со зборовите свои секој ден и го мачеше, душата негова му се натажи до смрт. 17. И тој ѝ го откри целото свое срце, велејќи н: „Бербер не се допрел до главата моја, зашто јас сум назореј Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.” 18. Далида, откако виде, дека тој ѝ го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: „Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.” И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои. 19. И Далида го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти. 20. Таа тогаш рече: <Филистејците доаѓаат против тебе, Самсоне!” Тој се разбуди од сонот свој и рече: „Ќе отидам, како и порано, и ќе се ослободам.” Но не знаеше, дека Господ отстапил од него. 21. Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа и го оковаа со две бакарни вериги, и тој мелеше во затворот. 22. Меѓутоа, косата на главата негова, откако беше истрижен, почна пак да расте. 23. Филистејските кнезови се собраа, за да принесат голема жртва на Дагона, својот бог, и да се провеселат, па рекоа: „Нашиот бог го предаде во рацете наши нашиот непријател Самсон.” 24. Исто така и народот, откако виде, го прославуваше својот бог, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде во рацете наши непријателот наш и опустошителот на земјата наша, кој порази многумина од нас.” 25. А кога се развесели срцето нивно, рекоа: „Повикајте го Самсона од затворот за да нè развесели. И го повикаа Самсона од затворот, и тој ги веселеше и го ставија меѓу два столба. 26. И Самсон му рече на момчето, што го водеше за рака: „Дозволи ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи домот, и да се потпрам на нив. Момчето така и направи. 27. А домот беше полн со мажи и жени: таму беа сите филистејски кнезови, и на покривот имаше до три илјади мажи и жени, кои гледаа во Самсона како ги веселеше. 28. Повика Самсон кон Господа и рече: „Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои.” 29. И ги помести Самсон од местото двата средни столба, врз кои се крепеше домот, откако наблегна врз нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата. 30. И Самсон рече: „Умри, душо моја, со Филистејците!” И притисна со сета сила, и домот се урна врз кнезовите и врз сиот народ, што беше со него. И умрените, што ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку тој што беше умртвил во текот на целиот живот свој. 31. И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Сарај и Естаол, во гробот на татко му Маној. Тој беше судија над Израилот дваесет години. По Самсона се издигна Емегар, Енановиот син, и уби од другите племиња шестотини души, освен добитокот. И тој го спаси Израилот.

17. Идолопоконикот Миха.

1. Имаше еден човек од Ефремова гора, по име Миха.
2. Тој ѝ рече на мајка си: „Илјада и сто сикли што ти беа украдени и за кои ти изрече пред мене проклетство, тоа сребро е кај мене, јас го зедов.” Мајка му рече: „Багословен нека биде синот мој пред Господа!”
3. И тој ги врати на мајка си илјадата и сто сикли сребро. И мајка му рече: „Тоа сребро го посветив од себеси на Господа за мојот син, за да направи од него идол и излеана статуа, и така, ти го давам.”
4. Но тој ѝ го врати среброто на мајка си. Мајка му ги зеде двесте сикли сребро и ги даде на леарот. Тој направи од нив идол и излеа статуа, кој стоеше во домот на Миха.
5. И така, Миха имаше дом Божји. И направи тој ефод и серафим и посвети еден од синовите свои, за да му биде свештеник.
6. Во тие денови Израилот немаше цар; затоа секој го правеше она што го сметаше за право.
7. Тогаш живееше таму еден младич, левит, од Витлеем Јудејски, од Јудиното колено;
8. тој човек излезе од градот Витлеем Јудејски, од Јудиното колено, за да преживее каде што ќе најде место, и, како што одеше по патот, дојде до Ефремовата гора, до домот на Миха.
9. И Миха го запраша: „Од каде доаѓаш?” А тој му одговори: „Јас сум левит од Витлеем Јудејски и одам да поживеам, каде што ќе најдам место.”
10. А Миха му рече: „Остани кај мене и биди ми татко и свештеник; ќе ти давам годишно по десет сикли сребро, потребната облека и исхрана.”
11. Левитот се согласи да остане кај оној човек, и тој момок му беше како син.
12. Миха го посвети левитот, и тој момок му беше свештеник и живееше во домот на Миха.
13. И Миха си рече: „Сега знам дека Господ ќе ми прави добро, зашто имам левит свештеник.”

18. Племето Даново го освојува Лаис.

1. Во тие денови Израилот немаше цар; и во тоа време, пак, Дановото племе си бараше дел, каде да се насели, зашто дотогаш не му беше паднал полн дел меѓу Израилевите племиња.
2. И Дановите синови испратија од племето свое петмина храбри мажи, од Сарај и Естаол, за да ја прегледаат земјата и да ја испитаат, и им рекоа: „Одете, проучете ја земјата!” Тие дојдоа во Ефремовата гора близу до домот на Миха и таму ноќеваа.
3. Откако влегоа во домот на Миха, тие го познаа гласот на младиот левит, влегоа таму и го прашаа: „Кој те доведе овде? Што правиш тука? Зошто си овде?”
4. Тој им одговори: „Тоа и тоа направи за мене Миха, ме најми, и јас сум му свештеник.”
5. Тие тогаш му рекоа: „Прашај го Господа Бога, за да знаеме, успешен ли ќе биде патот наш, по кој сме тргнале.”
6. Свештеникот им рече: „Одете со мир; пред Господа е патот ваш, по кој сте тргнале.”
7. И петмината мажи тргнаа, и дојдоа во Лаис, и видоа дека тамошниот народ живее спокојно, според обичајот на Сидонците, дека е тих и безгрижен, и дека нема во оваа земја, кој да онеправда во нешто, или да има власт: тој народ живееше далеку од Сидонците и со никого немаа никаква работа.
8. И кога се вратија кај браќата свои во Сарај и Естаол, и браќата нивни ги запрашаа: „Што направивте?”
9. Тие одговорија: „Станете да одиме против нив; ние ја видовме земјата, таа е многу убава. Што, вие се двоумите? Не задржувајте се и тргнете да ја завладееме таа земја;
10. а кога ќе тргнете, ќе дојдете кај еден народ безгрижен, и таа земја е широка; Бог ја предава во ваши раце; местото е такво, што нема скудности во ништо, што дава земјата.”
11. И тргнаа оттаму, од Сарај и Естаол, шестотини души од Дановото племе вооружени.
12. Тие тргнаа и се улогорија во Киријат-Јарим, во Јудеја. Затоа и до денес она место го нарекуваа Даанов логор. Тој е од онаа страна на Киријат-Јарим.
13. Оттука тие тргнаа кон Ефремовата гора и дојдоа при домот на Миха.
14. И петмината мажи, што беа оделе да ја прегледаат земјата Лаис, им рекоа на браќата свои: „И дали знаете, дека во еден од тие домови има ефод, серафим, идол и излеана статуа? И така, помислете, што да се прави.”
15. И навратија таму и влегоа во домот на младиот левит, во домот на Миха, и го поздравија.
16. А шестотините Данови синови, вооружени, стоеја кај вратата.
17. Петмината, пак души, што беа оделе да ја обиколат земјата, отидоа, влегоа таму, го зедоа идолот и ефодот, серафимот и излеаната статуа. А свештеникот стоеше кај вратите со шестотините души, вооружени.
18. Кога влегоа во домот на Миха и го зедоа идолот, ефодот, серафимот и излеаната статуа, свештеникот им рече: „Што правите?”
19. Тие му одговорија: „Молчи, стави ја раката на устата своја и оди со нас и биди ни татко и свештеник; подобро ли ти е да бидеш свештеник во домот на еден човек, отколку да бидеш свештеник во Израилево племе и род?”
20. Свештеникот се зарадува, го зеде ефодот, серафимот и идолот и излеаната статуа, и тргнаа со народот.
21. Тие свртија и тргнаа, и ги испратија напред децата, добитокот и тешките предмети.
22. Кога се оддалечија од домот на Миха, Миха и жителите од домовите, соседи на Миховиот дом, се собраа и се втурнаа по Дановите синови
23. и викаа по Дановите синови. Дановите синови се свртија и му рекоа на Миха: „Што ти е, што викаш толку?”
24. Миха одговори: „Ми ги зедоте боговите, што бев ги направил, и свештеникот, и си заминавте. Што ми остана уште, па велите: што ти е?”
25. А Дановите синови му рекоа: „Да не се чуе гласот твој повеќе, инаку, некој од нас, ако се налути, ќе те нападне, и ти ќе си ја загубиш душата своја и челадта своја.”
26. И Дановите синови тргнаа по патот; а Миха, откако виде, дека се тие посилни од него, си тргна назад и се врати во домот свој.
27. А тие откако го зедоа она, што го беше направил Миха, и свештеникот, кој беше со него, отидоа во Лаис против спокојниот и безгрижен народ, и го поразија со меч, а градот го изгореа со оган.
28. Немаше кој да помогне, зашто тој беше оддалечен од Сидон и со никого немаше работа. Тој гред се наоѓаше во долината, што е близу до Вет-Рехов. И изградија одново град и се населија во него.
29. откако го нарекоа градот со името Дан, според името на татка си Дан, Израилевиот син; а порано тој град се викаше Лаис.
30. И Дановите синови си поставија идол; Јонатан, пак, синот на Гирсона, Манасиев син, тој и синовите негови, беа свештеници во Дановото племе сè до денот, кога жителите на онаа земја сè преселија;
31. и си имаа идол, што беше напарвен од Миха, за сето време, додека домот Божји се наоѓаше во Силом.

19. Жителите на Гаваон и нивното злодело спрема племето Венијаминово.

1. Во она време, кога Израил немаше цар, живееше еден левит, кој како придојден живееше во гората Ефремова. Тој си зеде наложница од Витлеем Јудејски.
2. Но наложницата негова се скара со него и си отиде во татковиот си дом, во Витлеем Јудејски, и остана таму четири месеци.
3. Мажот ѝ стана и отиде при неа, за да ја замоли и да ја врати назад. Со него беше слугата негов и две ослиња. Таа го воведе во татковиот дом.
4. Тестот негов, татко на таа млада жена, откако го виде, го пресретна радосно и го задржа. И тој престојуваше кај него три дни: јадеа, пиеја и ноќеваа таму.
5. На четвртиот ден станаа рано, стана и тој, за да си оди. И таткото на младата жена му рече на зетот свој: „Поткрепи го срцето свое со залак леб, и потоа ќе тргнете.”
6. Тие останаа, и двајцата заедно јадеа и пиеја. И таткото на таа млада жена му рече на тој човек: „Остани уште една ноќ, и нека се повесели срцето твое!”
7. Човекот беше станал за да си оди, но тестот го наговори и тој пак ноќеваше таму.
8. На петтиот ден изутрината тој стана, за да си оди. А таткото на младата жена рече: „Поткрепи си го срцето свое со леб, и почекајте, додека да измине денот.” И јадеа двајцата и пиеја.
9. И стана човекот да си оди, тој, наложницата негова и слугата негов. И тестот негов, таткото на младата жена, му рече: „Еве, почна да се стемнува, ноќевајте, ве молам, денот е на свршување, ноќевај тука, нека се повесели срцето твое; утре рано ќе тргнете на пат, и ќе си одиш во домот свој!”
10. Но мажот не се согласи да ноќева, стана и тргна; и наближи до Евус, кој е сега Ерусалим; со него двете натоверени ослиња и наложницата со него.
11. Кога беа близу до Евус, денот веќе беше изминал. И слугата му рече на господарот свој: „Да навратиме во овој евусејски град и да ноќеваме во него.”
12. Господарот му одговори: „Не, нема да одиме во град на други племиња, кое не се од синовите Израилеви, а ќе појдеме во Гаваон.”
13. И му рече на слугата свој: „Оди да стигнеме до едно од Гаваонските места и ќе ноќеваме во Гаваон или во Рама.”
14. Па тргнаа, и одеа, а сонцето зајде близу до Гаваон Венијаминов.
15. И тие навратија таму, за да одат да ноќеваат во Гива. Откако влезе, тој седна на градскиот плоштад, но никој не ги покани во домот свој да ноќеваат.
16. И ете, еден старец се враќаше вечерта од полска работа; тој беше родум од Ефремовата гора и живееше како придојден во Гаваон. Жителите, пак, од тоа место беа Венијаминоти синови.
17. Кога ги грена очите, тој виде на градскиот плоштад патник. И старецот запраша: „Каде одиш и од каде доаѓаш?”
18. Тој му одговори: „Од Витлеем Јудејски одиме за Ефремовата гора, од каде што сум јас; отидов во Витлеем Јудејски, а сега одам кон домот Господов; и никој не ме поканува во домот свој;
19. си имаме и слама и храна за ослите свои; исто така и леб и вино за мене и за твојата робинка и за овој слуга има кај твоите слуги, од ништо немаме потреба.”
20. Старецот му рече: „Биди спокоен; каква потреба и да имаш, јас ќе се погрижам, само на улица не ноќевај.”
21. И го одведе во домот свој и им даде храна на ослите негови, а самите тие се измија нозете свои, јадеа и пиеја.
22. Откако го развеселија срцето свое, ете, градските жители, развратници, ја опколија куќата, зачукаа на вратата и му говореа на старецот, стопанот на куќата: „Изведи го човекот, кој влезе во куќата твоја, за да го запознаеме.”
23. Стопанот на куќата излезе пред нив и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло, кога тој човек влегол во куќата моја, не правете го тоа безумие;
24. еве, јас имам ќерка мома, а тој има наложница ќе ги изведам осраметете ги и правете со нив, сè што ви е угодно; а со тој човек не правете го тоа безумие.”
25. Но тие на сакаа да го слушаат. Тогаш мажот ја зеде наложницата своја и ја изведе при нив на улица. Тие ја познаа и ја злоставуваа цела ноќ до утрината. И ја пуштија во зората.
26. И во зората дојде жената, падна пред куќната врата на човекот, кај кого беше господарот нејзин, и лежеше до осамнување.
27. Господарот нејзин стана утрината, ја отвори куќната врата и излезе, за да тргне на пат; и ете, наложницата негова лежи пред куќната врата, со рацете на прагот.
28. Тој ѝ рече: „Стани, ќе одиме!” Но одговор немаше зашто таа беше умрела. Тој ја стави на ослето, стана и замина за местото свое.
29. Кога дојде во домот свој, зеде нож, ја фати наложницата своја, ја пресече по деловите на телото нејзино на дванаесет делови и испрати по сите предели Израилеви.
30. Секој, што го виде тоа, велеше: „Не станало и не се видело такво нешто од денот, кога Израилевите синови изегоа од Египетската земја до денес. И им рече на луѓето што ги испрати: „Така зборувајте по сиот Израил: станало ли такво нешто? Размислете за тоа, посоветувајте се и кажете!”

20. Израилевите синови војуваат против племето на Венијамина.

1. Тогаш излегоа сите синови Израилеви, и се собраа целото општество како еден човек од Дан до Вирсавија и Галадската земја пред Господа во Масифа.
2. Се собраа пред Господа старешините на сиот народ, сите племиња Израилеви, во собранието на народот Божји, – четиристотини илјади пешаци мечоносци.
3. А Венијаминовите синови слушнаа дека синовите Израилеви дошле во Масифа. И Израилевите синови запрашаа: „Кажете, како станало тоа зло?”
4. Левитот, мажот на убавата жена, одговори и рече: „Дојдов со наложницата своја да ноќевам во Гаваон Венијаминов;
5. и се кренаа против мене жителите на Гаваон и преку ноќта ја опколија заради мене куќата; мене сакаа да ме убијат, а наложницата моја ја измачија, откако ја познаа, така што таа умре;
6. јас ја зедов наложницата своја, на парчиња ја исеков и ја испратив по сите области на владеењето Израилево, бидејќи тие извршија назаконито и срамно дело во Израилот;
7. ете, сите вие, синови Израилеви, разгледајте го тоа дело и решете тука.”
8. И се крена сиот народ како еден човек и рече: „Никој нема да отиде во шаторот свој и никој нема да се врати во домот свој.
9. А еве што ќе направиме сега со Гаваон: да фрлиме жреб за него!
10. Ќе земеме по десет души на сто од сите Израилеви племиња, по сто на илјада и по илјада на десет илјади, за да донесат храна за народот, кој што ќе тргне против Гаваон Венијаминов, за да го казни за срамот, што го беше извршил против Израилот.”
11. И сите Израилци се собраа против градот еднодушно, како еден човек.
12. И Израилиевите племиња испратија луѓе да му кажат по целото Венијаминово племе: „Каква гнасотија е извршена кај вас!
13. А сега, предајте ги тие развратници, што се во Гаваон; ние ќе ги убиеме и ќе го искорениме злото од Израилот.” Но синовите Венијаминови не сакаа да го послушаат гласот на браќата свои, синовите Израилеви.
14. И синовите Венијаминови од градовите се собраа во Гаваон, за да тргнат во војна против синовите Израилеви.
15. А во оној ден Венијаминовите синови, што се беа собрале од градовите свои, се изброија дваесет и шест илјади души мечоносци; освен тоа од жителите на Гаваон имаше одбрани на број седумстотини.
16. Во сиот тој народ имаше седумстотини души одбрани, кои беа леваци, и сите тие фрлаа камења со праќки, без да погрешат.
17. А Израилците, без Венијаминовите синови, броеја четиристотини илјади души мечоносци; сите тие беа способни за војна.
18. Тогаш Израилевите синови станаа и отидоа во Божјиот дом и го запрашаа Бога: „Кој од нас прв ќе тргне во бој против синовите Венијаминови?” И Господ одговори: „Јуда прв нека оди.”
19. Утрината станаа синовите Израилеви и се распоредија на табори пред Гава;
20. и излегоа Израилците за борба против Венијамина и се наредија синовите Израилеви во бојни редови близу до Гава.
21. Тогаш излегоа од Гава и синовите Венијаминови и во тој ден убија дваесет и две илјади Израилци.
22. Но, народот израилски се совзеде и пак се нареди за борба на истото место, каде што беше претходниот ден.
23. И отидоа синовите израилеви пред Господа и плачеа до вечерта, па Го прашаа Господ: „Да влеземе ли пак во борба со синовите на нашиот брат Венијамин?” Господ им рече: „Одете против него!”
24. И вториот ден Израилевите синови пак настапија против синовите на Венијамина.
25. Во тој ден излезе и Венијамин од Гава и беа убиени од синовите Израилеви уште осумнаесет илјади души мечоносци.
26. Тогаш сите Израилеви синови и сиот народ тргнаа и дојдоа во Божјиот дом, па седеа таму и плачеа пред Господа, постеа целот ден до вечерта и Му принесоа на Бога сепалиници и мирни жртви.
27. И Го прашаа синовите Израилеви Господа (во тоа време Ковчегот на зеветот беше таму
28. и Финес, синот Елеазаров, син Аронов, стоеше пред него): „Дали да излеземе пак против нашиот брат Венијамин или не?” Господ им рече: „Одете! Утре ќе го предадам во вашите раце.”
29. Тогаш Израил постави заседа околу Гава.
30. На третиот ден излегоа синовите Израилеви против синовите на Венијамина, па, како и порано, се наредија за борба против Гава.
31. Венијаминовите синови излегоа против народот и се оддалечија од градот, и почнаа, како порано, да убиваа од народот по патиштата, од кои еден води за Ветил, а друг во Гаваон, преку полето, и убија до триесет души Израилци.
32. И Венијаминовите синови си рекоа: „Тие паѓаат пред нас како порано.” А Израилевите синови си рекоа: „Да бегаме од нив и да ги одвлечеме од градот на патот.”
33. Тогаш сите Израилци станаа од местото свое и се наредија во Ваал-Тамара. А Израилевата заседа се спушти од местото свое од западната страна на Гаваон.
34. И се собраа против Гаваон десет илјади души одбрани од сиот Израил, и почна жестока борба. Но Венијаминовите синови не знаеја дека ќе ги снајде зло,
35. и Господ го разби Венијамина пред Израилот, и Израилците кутнаа во тој ден од синовите Венијаминови дваесет и пет илјади и сто души вооружени со мечеви.
36. Кога Венијаминовите синови помислија, дека ги поразиле Израилците, кои им направија место, бидејќи Израилецот се надеваше на заседата, што ја беа поставле близу до Гаваон,
37. заседата побрза и се спушти кон Гаваон, – влезе и го порази со меч целиот град.
38. Израилците си беа договориле знак со заседата, да нападнат, кога ќе се крене дим од градот.
39. И така, кога Израилците отстапија од местото на борбата, и Венијамин почна да поразува и кутна до триесет души Израилци, велејќи: „пак паѓаат пред нас, како и во поранешните судири”,
40. тогаш почна да се издига од градот дим како столб. Венијамин погледна назад, и ете, од целиот град излгува дим кон небото.
41. И Израилците се вратија, а Венијамин се уплаши, бидејќи виде дека го снашло зло.
42. И избегаа синовите Венијаминови од Израилците по патот кон пустињата, но беа следени со колеж, и оние, што излегуваа од градовите, таму ги убиваа;
43. го опколија Венијамина и го гонеа без почивка од Нуа и го поразуваа до самата источна страна на Гаваон.
44. И од синовите Венијаминови паднаа осумнаесет илјади души, силни мажи.
45. А од другите што се свртија и се спуштија спрема пустињата, кон карпата Римон, насобраа пет илјади и ги гонеа дури до Гадам, и од нив убија две илјади души.
46. Сите, пак, Венијаминови синови, паднати тој ден, беа дваесет и пет илјади души, вооружени со мечеви, сите беа силни мажи.
47. Другите се свртија и избегаа во камената пустиња, при Римон, четиристотини души и таму останаа четири месеци.
48. А Израилците се вратија кај синовите Венијаминови и ги поразија со меч – и луѓето од градот, и добитокот, и сè, што се среќаваше во сите градови, и со оган ги изгореа сите градови што се наоѓаа по патот.

21. Племето Венијаминово повторно се издига.

1. И се заколнаа Израилците во Масифа, велејќи: „Никој од нас да не ја дава ќерка си на Ванијаминовите синови за жена!”
2. И народот дојде во Божјиот дом, седеа таму до вечерта пред Бога, кренаа голем писок, силно плачеа
3. и велеа: „Господи, Боже Израилев, зошто се случи ова во Израилот, па сега изчезна едно племе во Израилот.”
4. На другиот ден народот порани, и подигна таму жртвеник и принесоа жртви сепаленици, и мирни жртви.
5. И рекоа синовите Изарилеви: „Кој уште од сите Израилеви племиња не дошал на собранието пред Господа?” Зашто голама клетва беше изречена пред оние, што не беа дошле пред Господа во Масифа, и беше речено, дека тие ќе бидат предадени на смрт.
6. И синовите Израилеви се смилија над братот свој Венијамина и рекоа: „Денес се истреби едно племе од Израилот;
7. што да направиме за жени на другите од нив, кога се заколнавме во Господа дека нема да им ги даваме ќерките свои за жени?”
8. И рекоа: „Нема ли некое од племињата Израилеви, кое не е дојдено пред Господа во Масифа?” И се покажа дека од Јавис Галадски никој не дошол на собранието пред Господа.
9. Го прегледаа народот, и ете, немаше ни еден од жителите на Јавис Галадски.
10. И општеството испрати таму дванаесет илјади души, и им дадоа заповед, велејќи: „Одете и поразете ги со меч жителите на Јавис Галадски, и жените и децата;
11. и еве што ќе направите: „Секој маж и секоја жена, што познава машко легло, убијте ги, а момите оставете ги живи.” Така и направија.
12. И најдоа меѓу жителите на Јавис Галадски четиристотини моми, што не познале машко легло, и ги доведоа во логорот при Силом, кој е во Хананската земја.
13. Тогаш целото општество испрати луѓе да разговараат со синовите Венијаминови, кои беа кај карпата Римон, и им објави мир.
14. И така Венијаминовите синови се вратија и им дадоа жени, што беа останале живи од жените на Јавис Галадски; но излезе, дека тие на стасуваат.
15. А на народот, пак, му беше жал за Венијамина, поради тоа што Господ не ја зачува целината на Израилевите племиња.
16. И си рекоа старешините народни: „Што да направиме за жени на другите синови, бидејќи жените кај Венијамина се истребени?”
17. И рекоа: „Наследството на Венијамина нека остане, за да не се сотре едно племе од Израилот.
18. Но ние не можеме да им дадеме жени од нашите ќерки, зашто синовите Израилеви се заколнаа, велејќи: „Проклет да биде оној, што ќе му даде жена на Венијамина!”
19. И рекоа: „Ете, секоја година е празник Господов во Силом, на север од Ветил и на исток од патот, кој води од Ветил за Сихем, и на југ од Левона.”
20. И им заповедаа на синовите Венијаминови, велејќи: „Одете и сокријте се во лозјата,
21. и гледајте, кога ќе излезат силомските моми да играат оро, излезете од лозјата и грабнете си секој жена за себе од силомските моми, па одете си во земјата Венијаминова;
22. а кога ќе дојдат татковците, или браќата нивни да се поплачат кај нас, ние ќе им речеме: „Простете ни за нив, бидејќи ние не зедовме за секого од нив жена во време на војната, и вие не им дадовте; сега вие сте виновни.”
23. Така и направија синовите Венијаминови, и зедоа според бројот свој жени од оние, што беа во орото и кои ги одзедоа, па тргнаа и се вратија во делот свој, и изградија градови и заживееја во нив.
24. Во исто време Израилците се разотидоа оттаму секој во родот свој и во племето свое, а оттаму отиде секој во делот свој.
25. Во тие денови Израил немаше цар: секој го правеше она, што му се чинеше дека е право.