Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Малахија

1. Израилот е неблгодарен. Казнување на свештениците и на народот поради незаконски жртви.

1. Пророчко слово од Господа до Израилот преку Малахија.
2. Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: „Во што си покажал милост кон нас?” Зар Исав не е брат на Јакова, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јакова,
3. а Исава го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови – на шакалите пустински.
4. Ако Едом рече – ние сме разорени, но ќе се подигнеме сами, Господ Саваот вели – тие ќе се подигнат, но Јас пак ќе ги разурнам, и така ќе ги наречат – нечесен крај и народ – на кој се разгневил Господ засекогаш.
5. И вие ќе го видите тоа, па ќе речете: се возвеличи Господ над пределите Израилеви.
6. Синот го почитува татка си, а робот – господарот свој; а ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене – вели Господ Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое, велите: во што го презираме името Твое?
7. На жртвеникот Мој вие принесувате нечист леб, а велите, со што Те оскверуваме? – Со тоа што велите: трпезата Господова не заслужува почитување.
8. И кога како жртва принесувате слеп добиток – не ли е тоа лошо, или кога принесувате хромо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез – ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост, вели Господ Саваот.
9. И така, молете Му се на Бога за да нè помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Он тоа милоствно да го прими, вели Господ Саваот.
10. Подобро е таков од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник. Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце.
11. Зашто од сончев исток па сè до запад името Мое ќе стане големо меѓу народите, и тие на секое место ќе принесуваат темјан и чиста жртва; големо ќе стане името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот.
12. А вие го хулите со тоа што велите – трпезата Господова не заслужува почитување и користа од неа е мала.
13. А притоа велите уште: и ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, хромо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце, вели Господ Саваот.
14. Нека е проклет оној што лаже, оној кој во стадото свое има неповредено машко, а дал и завет, па во жртва на Господ Му принесува повредено; зашто Јас сум Цар голем и името Мое е страшно пред народите.

2. Проповед и казна.

1. И така, за вас свештениците е ова заповед:
2. ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му воздадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце.
3. И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотојата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив.
4. И тогаш ќе познаете, дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам заветот Мој со Левија, вели Господ Саваот.
5. Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и јас му го дадов за страв, и тој се боеше од мене и од името Мое се плашеше.
6. Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина отстрани од грев.
7. Оти устата на свештеникот треба да разполага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господа Саваот.
8. А вие се отстранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазан во Законот, го разрушивте заветот на Левија, вели Господ Саваот.
9. Затоа Јас ќе ве направам презрени и понизени пред сиот народ, оти не ги запазивте патиштата Мои и во Законот гледате кој е кој.
10. Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нè создаде?Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци?
11. Вероломно постапува Јуда, и одвратност се врши во Израилот и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата Господова, која требаше да ја сака, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог.
12. Господ ќе го истреби од шаторите на Јакова оној, кој прави така, кој е постојано на стража, кој одговара и принесува жртва на Господа Саваот.
13. А го правите и ова – го обливате со солзи жртвеникот Господов, плачејќи и воздивнувајќи, така што Он веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши.
14. Вие, пак, велите – зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, спрема која постапи вероломно, и ако ти е таа твоја помошничка и твоја законска жена.
15. Зар не го направи истото и еден друг, во кого имаше силен дух? А што направи тој? Тој сакаше да добие потомство од Бог. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост.
16. Ако, пак, ја напуштиш од омраза, вели Господ Бог Израилев, бесчестие ќе си навлечеш на облеката своја, така вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.
17. Вие го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите – секој што прави зло, добар е пред очите на Господа и кон Него благоволи, а и каде е Бог, Кој право суди?

3. За претечата на Месија.

1. И ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Он иде, вели Господ Саваот.
2. Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Он? Зашто Он е како оган, што растопува, и пепелница што чисти,
3. па ќе седне Он да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда.
4. Тогаш ќе биде пријатна на Господа жртвата Јудина и на Ерусалим, како во старите времиња и како во поранешните години.
5. И ќе дојде при вас за суд и ќе биде брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја задржуваат наградата на наемникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене не се бојат, вели Господ Саваот.
6. Оти сум Господ, Јас не се изменувам; затоа вие, синовите на Јакова, не бевте уништени.
7. Уште од деновите на вашите татковци отстапивте од наредбите Мои и не ги запазивте; обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас, вели Господ Саваот. Вие, пак, ќе речете, како да се обрнеме?«
8. Може ли човек да краде од Бога? Но вие крадете од Мене. Ќе речете: »што крадеме од Тебе? – од десетокот и од приносите.«
9. Со проклетство сте проколнати, зашто Ме одбирате – вие и сиот народ.
10. Донесете ги сите десетоци пред вратите, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?
11. Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот.
12. И блажени ќе ве наречуваат сите народи, оти ќе бидете земја пожелувана, вели Господ Саваот.«
13. Дрски се зборовите ваши пред Мене, вели Господ Саваот. Прашувате: – што зборуваме против Тебе?
14. Велите: залудно е служењето на Бога, и каква корист имаме, ако ги пазиме наредбите Негови и одиме во жална облека пред лицето на Господа Саваот?
15. Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господа, си остануваа незасегнати.
16. Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува споменкнига за оние што се бојат од Бога и го почитуваат името Негово.
17. И тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што ќе го приготвам, и ќе го милувам како што татко го милува синот свој, кој му служи.
18. И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи.

4. Господ за иднината.

1. Зашто, ете, ќе настапи ден, кој гори како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот оние што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња.
2. А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, и исцеление ќе има во зраците негови, и вие ќе излезете и ќе се разиграте како нахранети теленца;
3. и ќе ги газите нечестивите, оти тие ќе бидат прав под стапалата на нозете ваши во тој ден, што јас ќе го приготвам, вели Господ Саваот.
4. Помнете го законот на Мојсеја, слугата Мој, кому му заповедав на Хорив за сиот Израил, како и – правилата и наредбите.
5. Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен – големиот и страшниот.
6. И тој ќе ги обрне срцата на татковците – кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни, па кога ќе дојдам, за да не ја поразам земјата со проклетство.