Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Јона

1. Господ го повикува Јона и го казнува поради непослушност.

1. И би словото Господово до Јона, синот Аматиев:
2. „Стани и оди во Ниневија, град голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене.”
3. А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јопа, каде што најде кораб што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега со него во Тарсис од лицето Господово.
4. Но Господ подигна силен ветар на морето, и настана голема бура, така што коработ за малку ќе се разбиеше.
5. Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од коработ да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона беше слегол во дното на коработ, легнал и длабоко заспал.
6. Тогаш дојде при него капетанот на коработ и му рече: „Што, ти спиеш! Стани и повикај кај твојот Бог. Можеби Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме.”
7. Па си рекоа еден на друг: „Да фрлиме жреб и да видиме поради кого нè снајде оваа беда.” Фрлија жреб и жребот падна на Јона.
8. Тогаш му рекоа: „Кажи ни заради што нè снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде идеш? Каде е твојата земја и од кој народ си?”
9. Тој им рече: „Јас сум Евреин, Го почитувам Господа Бога на небесата, Оној што ја создаде земјата и водата.”
10. Тогаш луѓето се уплашија многу и му рекоа: „Зошто го направи ова?” Оти тие узнаа дека тој бега од лицето Господово, – како што тој сам им беше кажел.
11. И му рекоа: „Што да направиме со тебе, та морето да стивне за нас?” Бидејќи морето се брануваше.
12. Тогаш тој им рече: „Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, оти знам дека поради мене се крена оваа бура.”
13. Луѓето потоа се трудеа некако да се приближат до суво, но не можеа, бидејќи морето сè повеќе беснееше против нив.
14. Тогаш повикаа кон Господа и рекоа: „Те молиме Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што ти е Тебе угодно.”
15. Па го зедоа Јона и го фрлија во морето; и морето престана да се бранува.
16. Тогаш луѓето се уплашија многу од Господа, Му принесоа на Господа жртви и се заветуваа.

2. Молитвата на Јона и неговото избавување.

1. И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи.
2. Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на китот,
3. па рече: „Кон Господа повикав во мојата неволја Он ме чу; извикав од утробата на пеколот – и Ти го чу гласот мој.”
4. Ти ме фрли во длабините, во срцето на морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минеа преку мене.
5. Тогаш реков: Отфрлен сум од очите Твои, но сепак, ќе ја видам светињата Твоја.
6. Ме притиснаа водите до душата моја, бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена.
7. Слегнав до основите на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ќе ја изведеш душата моја од пеколот.
8. Кога изнемогна душата моја, се сетив на Господа, и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој.
9. Оние, кои почитуваат лажни богови, Го оставија својот Милосрден,
10. но јас со похвален глас ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го исполнам. Во Господа е спасението!”
11. Тогаш му заповеда Господ на китот, и тој го исфрли Јона на суво.

3. Проповед во Ниневија за пропаста на градот.

1. И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му:
2. „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.”
3. Стана Јона и отиде во Ниневија по заповед на Господа; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење.
4. И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!”
5. И поверуваа ниневијците во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо.
6. Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел,
7. па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци – ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат;
8. и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на рацете свои.
9. Кој знае – можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас својот разгорен гнев, и така да не загинеме.
10. И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли.

4. Јона се лути што Ниневија не е уништена, но се вразумува.

1. Поради тоа Јона многу се огорчи и вознегодува.
2. Па Му се помоли на Господа и рече: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побегнав во Тарсис, оти знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, па ќе се сожалиш за бедата.
3. А сега, Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам.”
4. Господ, пак, му рече: „Зошто тоа толку многу те огорчи?”
5. Тогаш Јона излезе од градот, па седна од источната страна, и таму си направи сеница и се смести во неа под ладовина, за да види што ќе стане со градот.
6. Господ Бог нареди сега да израсне растение над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од огорчението негово. Јона многу му се зарадува на тоа растение.
7. И нареди Господ, вториот ден, кога зората се зазори, црви да ја подгризат тиквата, и таа се исуши.
8. А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја вжештува главата на Јона, така што тој изнемоште толку што се помоли да умре, велејќи: „Подобро е да умрам отколу да живеам.”
9. А Бог му рече тогаш на Јона: „Па зар е добро тоа што се лутиш заради растението?” А тој одговори: „Многу сум лут, лут сум дури до смрт!”
10. Тогаш Господ рече: „Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и се исуши,
11. а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?”