Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Јоил

1. Знаци на денот Господен, плач и молба.

1. Слово Господово до Јоила, синот Ватуилов.
2. Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци?
3. Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им расакажуваат на нивните деца, и нивните деца – на следниот род;
4. сè што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бубамарите.
5. Разбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша.
6. Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица.
7. Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја обели до голо и ја фрли; гранките ѝ останаа бели.
8. Плачи како што плаче млада жена, опашана со вреќиште, за мажот од својата младост.
9. Се прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господен; плачат и свештениците, служителите Господови.
10. Опустошено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, овенала маслината.
11. Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, оти нема веќе жетва по нивите,
12. лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата кај синовите човечки исчезна.
13. Препашете се со кострет, свештеници, и плачете; ридајте, служители на Светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во кострет, зашто во Домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив.
14. Определете пост, објавете свечен собир, повикајте ги старците и сите жители од тој крај во домот на Господа, вашиот Бог – викајте кон Господа.
15. О каков ден! Оти денот Господен е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.
16. Зар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог – веселбата и радоста?
17. Изгниени се зрната во своите лушпи, запустени се житниците, урнати се амбарите, оти нема веќе жито.
18. Ете, стенка добитокот, нажалени одат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци.
19. Кон Тебе, Господи, викам, оти оган ги проголта сочните пасишта во пустињата, и пламен ги подгори дрвјата во полето.
20. Дури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгори пасиштата во пустињата.

2. Позив на покајание. Светиот Дух.

1. Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, оти настапува денот Господен, бидејќи е близу,
2. денот на темнина и мрак денот облачен и маглив: како зората ќе се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род.
3. Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустиња, и за никого од него нема да има спас.
4. Изгледаат како коњи, потскокнуваат како коњаници,
5. скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како праскот од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба.
6. Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им побледат.
7. Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да се отстранува од патот свој.
8. И нема да се притискаат еден со друг, а ќе паѓаат врз копја, но ќе остануваат неповредени.
9. Ќе трчаат по градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадачи.
10. Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месечината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја.
11. И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и силен е оној што ќе ја извршува волјата Негова; оти голем е денот Господен и многу е страшен, и кој ќе истрпи?
12. Но и уште сега вели Господ: обрнете се кон Мене од сè срце со пост, плач и ридание.
13. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува за злото.
14. кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господа, вашиот Бог?
15. Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир.
16. Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и цицалчињата; нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја.
17. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господа и нека велат: „Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со
него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?”
18. Тогаш Господ ќе поревнува за земјата Своја, па ќе се смили и на народот Свој.
19. Тогаш ќе одговори Господ и ќе му рече на народот Свој: „Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и елеј, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на поруга пред народите.
20. И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – предната сила – во источното море, а задната – во западното море, и ќе се крене омразата од него, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло.
21. Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто голем е Господ и може да го направи тоа.
22. Не бојте се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустињата ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе ја покажат својата сила.
23. А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – дожд ран и дожд доцен, како и порано.
24. И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј.
25. И ќе ви надоместат за оние години, кога испојадоа сè скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас.
26. И до наситка ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој пред вас изврши големи чудеса, така што Мојот народ нема да се посрами довека.
27. И ќе познаете дека Јас сум меѓу Израилот и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека.
28. И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија.
29. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух.
30. И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим.
31. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот.
32. Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а и по другите места, што ќе ги повика Господ.

3. Казна Божја над непријателот и радост.

1. Зашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам плениците на Јуда и од Ерусалим,
2. тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јосафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство – Израилот, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија.
3. За народот Мој фрлија жреб и даваа момче за блудница, и продаваа девојче за вино, па пиеја.
4. Па што барате од Мене вие, Тире и Сидоне и сите краеви филистејски? Сакате ли да Ми отплатите или рака да Ми вратите? Но наскоро ќе ја свртам отплатата ваша врз вашите глави,
5. бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни драгоцености и ги внесовте во безбожнички светилишта;
6. а синовите на Јуда и на Ерусалим ги продавате на синовите елински, за да ги отстраните од нивните предели.
7. Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе ја свртам вашата отплата врз главите ваши.
8. И ќе ги предадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе ги предадат на Савејците, народ далечен. Така вели Господ Саваот.
9. Кажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници.
10. Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: силен сум.
11. Побрзајте, вие народи, сите наоколу и соберете се. Господи, поведи ги јунаците Свои!
12. Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на народите по ред.
13. Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, оти злобата им е голема.
14. Групи, групи во долината на судот! Оти близу е денот Господен во долината на судот.
15. Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај.
16. И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израилеви.
17. Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Ерусалим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него.
18. И, ете, во тој ден, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, и сите долини јудејски ќе се преполнат со вода, а од домот Господен ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим.
19. Египет ќе стане пустиња и Едом ќе стане пустиња, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна.
20. А Јуда ќе живее вечно, и Ерусалим – од род во род.
21. Јас ќе ја измијам крвта нивна, која уште не сум ја измил, и Господ ќе живее на Сион.