Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Јеремија

1. Јеремија повикан за пророк.

1. Зборовите на Јеремија, – синот на Хелкија, еден од свештениците кој живееше во Анатот, во земјата Венијаминова, –
2. кому му беше упатено слово Господово во времето на Јосија, син на јудејскиот цар Амон, во тринаесеттата година од царувањето негово,
3. а и во деновите на Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија, до крајот на единаесеттата година од царувањето на Седекија, син на јудејскиот цар Јосија, додека не беше преселен во Ерусалим во петтиот месец.
4. И би до мене слово Господово:
5. „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.”
6. Јас, пак, одговорив: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.”
7. Но Господ ми рече: „Не вели: – млад сум; – зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и сè, што ќе ти заповедам, ќе кажеш.
8. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам”, рече Господ.
9. И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: „Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја.
10. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разрушуваш, да ѕидаш и да насадуваш.”
11. И пак би слово Господово до мене: „Што гледаш, Јеремиј?” Одговорив: „Гледам гранка од бадемово дрво.”
12. Господ ми рече: „Добро гледаш, зашто Јас бдеам над Моето слово, за да се изврши тоа скоро.”
13. И по вторпат би слово Господово кон мене: „Што гледаш?” Одговорив: „Гледам котел што врие, а отворот му е спрема север.”
14. И ми рече Господ: „Од север ќе навлезе злото врз сите луѓе што живеат на земјата.
15. Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства – вели Господ – и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите ѕидишта негови и во сите јудејски градови.
16. И ќе го изречам судот Свој врз нив за сите нивни беззаконија, зашто што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и им се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце.
17. А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им сè, што ќе ти заповедам; не биде малодушен пред нив, за да не те поразам пред очите нивни.
18. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бакарен ѕид против сите цареви јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја.
19. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам” – вели Господ.

2. Израилот се казнува поради неблагодарност.

1. И пак би словото Господово до мене:
2. „Оди и извикај во ушите на Ерусалим – вака вели Господ: »се сеќавам на милоста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста, тргна по Мене во пустињата, во незасеана земја.«
3. Израилот му беше на Господа светиња, првина од плодовите Негови: сите, што јадеа од нив, биваа осудувани, ги стигнуваше зло,” вели Господ.
4. Чујте го словото Господово, доме Јаковов и сите родови на домот Израилев!
5. Вака вели Господ: „каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни;
6. и не рекоа: »каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската земја, нè водеше по пустињата, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?«
7. А кога ве воведов во земја плодородна, за да се храните од плодовите нејзини и од добрата нејзини; а вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и сопственоста Моја ја направивте гадотија.
8. Свештениците не рекоа: »каде е Господ?« И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Мене, и пророците пророкуваа во името на Ваала и одеа по оние, кои не помагаат.
9. Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам.
10. Затоа отидете на Хистимските острови и разгледајте, и испратете во Кидар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа?
11. Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше славата своја за она што не помага.
12. Чудете се на тоа, небеса, треперете и грозете се, вели Господ.
13. Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода.
14. Зар Израилот е слуга? Или е слуга домородец? Зошто така стана плен?
15. Зарикаа против него млади лавови, нададоа викотници и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови му се изгорени, никој не живее во нив.
16. И синовите на Мемфис и Тафна те познаа и ти го избрикоа темето.
17. не ли си го направи тоа сам, оставајќи Ме Мене, твојот Господ Бог во она време, кога Он те водеше по патот?
18. И сега, што бараш во Египет да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини?
19. Ќе те казни тебе остапувањето твое, и злобата твоја ќе те обезличи: и така познај и размисли, колку лошо и горчливо е тоа, што Ме остави, вели твојот Господ Бог, и не бев спомнуван од тебе, вели Господ, Бог Саваот.
20. Зашто одамна си го скршил јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: – Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли.
21. Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како се претвори ти во Мене во див ластар од туѓа лоза?
22. Затоа, макар и да се измиеше со сапун и да употребуваш многу пепелница, – твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог.
23. Како можеш да кажеш: »Јас не се осквернив, и не одев по Ваала?« Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која потскокнува (поттрчнува) наваму натаму?
24. Кој може да додржи навикната на пустиња дива ослица, која со страст во душата своја вдишува воздух? Сите, што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин ќе ја најдат.
25. Не им дозволувај на нозете свои да се боси, и грлото твое – да се мачи од жед. Но ти рече: »Ништо од тоа, зашто ги сакам туѓите и по нив ќе одам.«
26. Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, – така ќе се посрами Израилевиот дом: царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни и пророците нивни, –
27. велејќи му на дрвото: »ти си мој татко«, и на каменот: »ти ме роди«; зашто тие свртеа кон Мене грб, а не лице; а за време на своето озлобување ќе речат: »стани и спаси нè!«
28. Каде се, пак, твоите богови, што ти си ги направил? Нека станат тие, ако можат – да те спасат за време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш!
29. Зошто да се оправдуваш со Мене? Сите вие постапувате нечесно и грешите против Мене,” вели Господ.
30. Напразно го поразував децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши и вие не се уплашивте.
31. О роде, чујте го словото Господово: „Бев ли Јас пустиња за Израилот, бев ли земја неплодна? А зошто Мојот народ вели: »ние сами сме си господари, нема повеќе да дојдеме при Тебе?«
32. Го заборава ли девицата украсот свој, и невестата – накитот свој? а Мојот народ Ме заборави – има веќе безброј дни.
33. Како лукаво ги насочуваш ти патиштата свои, за да придобиеш љубов, и поради тоа дури и кон престапи ги нагодуваше патиштата твои.
34. Дури по твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; нив не ги затеков во ров, туку при секоја дубрава.
35. Велиш: »бидејќи сум невина, навистина гневот Негов ќе се одврати од мене.« – Ете, Јас ќе се судам со тебе, затоа што велиш: »не згрешив.«
36. Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ти исто така ќе бидеш посрамена и од Египет, како што беше посрамена од Асирија;
37. и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрла твоите надежи, и нема да имаш со нив успех.”

3. Повик на покајание.

1. Велат: ако мажот ја напушти жената своја, и таа го остави и стане жена на друг маж, може ли таа да се врати при него? Нема ли со тоа да се оскверни таа земја? А ти со мнозина милосници блудствуваше, – и при сето тоа врати се при Мене, вели Господ
2. – Крени ги очите кон идолските светилишта и гледај каде ли не блудствувале со тебе? По патиштата седеше ти заради нив како арапин во пустиња, и ја оквернуваше земјата со твојот блуд и со твоето лукавство.
3. Заради тоа беа запрени дождовите и немаше доцен дожд; но ти имаше чело на блудница, – не сакаше да се засрамиш.
4. Нема ли да викаш отсега кон Мене: »Оче, Ти беше наставник на младоста моја!«
5. Зар тој секогаш ќе биде во гнев, и зар вечно ќе го задржува во Себеси? Ете, што зборуваш ти, а вршиш зло и во тоа не успеваш.
6. Господ ми рече во дните на царот Јосија: виде ли ти, што врши отстапницата, ќерката Израилева? Таа оди на секоја висока гора и под секое лиснато дрво, и таму блудствува.
7. И откако таа го вршеше сето тоа, Јас велев: »врати се при Мене, но таа не се врати; и го виде тоа нејзината вероломна сестра Јудеја.«
8. И видов, дека, кога заради сите прељубни дејствија на отстапницата, ќерката Израилева, Јас ја напуштив и ѝ дадов разводно писмо; вероломната ѝ сестра, Јудеја, не се исплаши, туку отиде и сама блудствуваше.
9. И со јавното блудно дејствување таа ја оскверни земјата, и прељуба вршеше и со камен и со дрво.
10. Но при сето тоа нејзината вероломна сестра Јудеја не се обрна кон Мене од сè срце, туку само привидно – рече Господ.
11. И ми рече Господ: »отстапницата, ќерката Израилева, излезе поправа, отколку вероломната Јудеја.«
12. Оди и разгласи ги тие зборови спрема север и кажи: – врати се, отстапнице, ќерко Израилева – вели Господ. Јас нема да го излијам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив, – вели Господ – нема вечно да негодувам.
13. Признај ја само вината своја: зашто отстапи ти од Твојот Господ Бог и се распушти со туѓи под секое лиснато дрво, а Мојот глас не го слушаше, вели Господ.
14. Вратете се деца – отстапници, вели Господ, зашто Јас се соединив со вас, и ќе земам од вас по еден од град и по двајца од племе и ќе ве поведам на Сион.
15. И ќе ви дадам по срцето Свое пастири, кои ќе ве пасат со знаење и благоразумност.
16. И кога ќе се размножите и ќе станете многуплодни на земјата, тогаш, вели Господ, нема повеќе да велите: »ковчегот на заветот Господов; тој ни на ум нема да им дојде, и нема да се сетат за него, ниту ќе доаѓаат при него, ниту пак ќе го има повеќе.«
17. Во тоа време Ерусалим ќе го наречат престол на Господа, и сите народи заради името Господово ќе се соберат во Ерусалим и нема повеќе да постапуваат според упорноста на лошото си срце.
18. Во тие дни Јудиниот дом ќе дојде при Израилевиот дом, и ќе дојдат заедно од северната земја во земјата, која Јас им ја дадов во наследство на татковците ваши.
19. И реков Јас: »како да те поставам меѓу синовите и да ти ја дадам многу саканата земја, најпрекрасното наследство на многуте народи?« И реков: »ти ќе Ме нарекуваш твој Отец и нема да остапиш од Мене.«
20. Но, навистина, како што жена вероломна го изневерува сопругот свој, така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израилев, вели Господ.
21. Нека се чуе глас по идолските светилишта, жален плач на Израилевите синови, затоа што тие го свртија својот пат, го заборавија Господа, својот Бог.
22. Вратете се, синови одметници: Јас ќе го излекувам вашето непокорство. – Еве, ние идеме при Тебе, зашто Ти си Господ, Бог наш.
23. Навистина, напразно се надевавме на ридовите и на многуте гори; навистина, во нашиот Господ Бог, е Израилевото спасение!
24. Уште од млади години таа гадотија ги уништуваше трудовите на нашите татковци, овците и воловите нивни, синовите и ќерките нивни.
25. Ние лежиме во својот срам, а нашиот срам нè покрива, зашто грешевме пред нашиот Господ Бог, – ние и татаковците наши, уште од младите години наши дури до овој ден. – И не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог.

4. Пророкување за пустошењето на Јудејската земја.

1. Ако сакаш да се обрнеш, Израиле, вели Господ: „обрни се кон Мене; и ако ги отклониш гадотиите од пред Моето лице, ти нема да скиташ,
2. и ќе се колнеш: вистински верно и праведно: жив е Господ. И народите од Него ќе се благословуваат и со Него ќе се фалат.
3. Зашто вака им вели Господ на мажите од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње.
4. Обрежете се заради Господа и симнете го крајчето од срцето свое, мажи Јудини и ерусалимски жители, за да не се јави Мојот гнев како оган и да не пламне неизгасливо поради вашите лоши наклоности.
5. Објавете во Јудеја, и разгласете во Ерусалим, говорете и трубете со труба по земјата; викајте силно и велете: »соберете се, и да влеземе во утврдените градови.«
6. Кренете го знамето кон Сион – бегајте, не се запирајте, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел.
7. Излегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите: тој излегува од местото свое, за да ја направи земјата твоја пустиња, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители.
8. Затоа опашете се со вреќиште, плачете и ридајте, зашто јароста на Господовиот гнев нема да се одврати од нас.
9. И во тој ден, вели Господ, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудовидат пророците.”
10. И реков: о, Господи Боже, зар Ти само го лажеше овој народ и Ерусалим кога велеше: <мир ќе има кај вас”; а, меѓутоа, меч допре до душата? 11. Во тоа време ќе му биде речено на тој народ и на Еурсалим: топол ветар дува од пустињските височини врз патот на ќерката на Мојот народ, не за да вее, ниту да очистува. 12. И оттаму ќе дојде кон Мене ветар посилен од овој, и Јас ќе искажам суд над нив. 13. Ете, се крева тој како облак, и колите му се како виор, коњите му се побрзи од орли; тешко нив! зашто ќе бидат сосипани. 14. Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе стојат во тебе злосторнички мисли? 15. Зашто веќе се разнесува глас од Дан, и погибелна вест - од Ерфемовата гора: 16. јавете им на народите, известете го Ерусалим, дека идат од далечна земја опсадувачи и со викања ги исполнуваат градовите на Јудеја. 17. Како чувари на нивите го оградуваат од сите страни, зашто тој се крена против Мене, вели Господ. 18. Тоа ти го направија твоите патишта и делата твои; од твојата нечесност ти е толку горчливо, што допира до срцето твое. 19. Утробо моја! Утробо моја! нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик. 20. Зло по зло, целата земја се опустошува, ненадејно беа соборени шаторите мои, за миг - сениците мои. 21. Долго време ли ќе гледаме знаме, ќе слушаме трубен звук? 22. Тоа произлегува оттаму, што водачите на Мојот глупав народ не Ме познаваат: тие се безумни синови, и нема во нив расудување: тие се мудри за зло, но не умеат да вршат добро. 23. Ја гледам земајта - и ете, таа е разорана и пуста, - небесата, и нема на нив светлина. 24. Ги гледам горите - и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат. 25. Гледам - и ете, нема човек, и сите небески птици одлетале. 26. Гледам - и ете, Кармил е пустиња, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов. 27. Зашто вака рече Господ: - целата земја ќе биде опустошена, но целосно истребување нема да извршам. 28. Ќе заплаче земјата поради тоа, и небесата ќе се затемнат, зашто Јас реков, Јас решив, и нема да се покајам за тоа, ниту ќе отстапам од него. 29. Од викот на коњаници и на стрелци ќе се разбегаат сите градови: тие ќе отидат во густи шуми и ќе се искачат на карпи; сите градови ќе бидат напуштени, и во нив нема никој да живее. 30. А ти, опустошена, што ќе правиш? Макар и да се облекуваш во пурпур, и да се украсуваш со златни накити, да си ги украсуваш со боја очите свои - залудо ќе се украсуваш: те презираат наложниците - ти ја бараат душата твоја. 31. Зашто Јас слушам глас како на жена, кога раѓа, стенкање како на онаа, која раѓа за првпат, глас на ќерката Сионска; таа стенка, протегајќи ги рацете: »о, тешко мене, душата моја исчезнува пред убијците.«

5. Различни гревови на јудејскиот народ.

1. Поминете по ерусалимските улици, погледајте, испитајте и побарајте по плоштадите негови, нема ли да најдете човек, нема ли таков, кој пази правда, кој ја бара вистината? – па ќе му простам на Ерусалим.
2. Макар и да велат: »жив Господ!« но тие лажно се колнат.
3. О, Господи, Твоите очи не ли се свртени кон вистината? Ти ги поразуваш, а тие не чувствуваат болка; Ти ги истребуваш, а тие не сакаат да се вразумат; ги направиле лицата свои поцврсти од камен – не сакаат да се обратат.
4. Па си реков: – тоа се, можеби, сиромаси; тие се глупави, зашто не го знаат патот Господов, законот на својот Бог.
5. Ќе одам кај големците и ним ќе им зборувам, зашто тие го знаат патот Господов, законот на својот Бог. Но и тие сите го скршија јаремот, ги раскинаа веригите.
6. Поради тоа лав од шумата ќе ги порази, пустински волк ќе ги истреби, леопард ќе ги демне крај градовите нивни: кој ќе излезе од нив ќе биде раскинат; зашто се намножија престапите нивни, се засилија отстапувањата нивни.
7. Како да ти го простам тоа? Твоите синови Ме оставија и се колнат во оние, што не се богови. Јас ги наситував, а тие вршеа прељуба и во групи одеа во куќите на блудниците.
8. Тоа се како угоени коњи: секој од нив «ржи по жената на ближниот свој.
9. Зар да не казнам поради тоа – вели Господ; а душата Моја нема ли да одмазди на таков народ, како овој?
10. Качувајте се на ѕидиштата негови и урнувајте ги, но не до крај; уништете ги нивните диреци, зашто тие не се Господови;
11. оти домот Израилев и домот Јудин постапија спрема Мене многу вероломно, вели Господ;
12. тие излагаа против Господа и рекоа: »не, зло нема да нè снајде, и ние нема да видиме ни меч, ни глад.«
13. И пророците се ветар, и слово Господово нема во нив, врз нив самите нека се збидне тоа.
14. Поради тоа вака вели Господ, Бог Саваот: »затоа што говорите такви зборови, ете, Јас ќе ги направам Моите зборови во устата твоја оган, а овој народ – дрва, и овој оган ќе ги проголта.«
15. Ете, ќе доведам против вас, доме Израилев, народ од далеку, вели Господ, народ силен, народ одамнешен, народ, чиј јазик не го знаеш, и нема да разбираш, што ќе ти зборува.
16. Торбата за стрели му е како отворен гроб; сите тие се храбри луѓе.
17. И ќе ја изедат жетвата твоја и лебот твој, ќе ги изедат синовите твои и ќерките твои, ќе ги изедат овците твои и воловите твои, ќе го изедат лозјето твое и смоквите твои; ќе ги разрушат со меч утврдените градови твои, на кои ти се надеваш.
18. Но и во тие дни, вели Господ, нема да ве истребам сосема.
19. И ако речете: »зошто нашиот Господ Бог ни го прави сево ова?« Он ќе им одговори: »бидејќи Ме оставивте и им служите на туѓи богови во своја земја, затоа ќе служите на туѓинци не во вашата земја.«
20. Објавете го тоа во домот Јаковов, разгласете во Јудеја, велејќи:
21. чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш:
22. »од Мене ли не се плашите«, вели Господ, »пред Мене ли не треперите? Јас ставив песок како граница на морето, за вечен предел, кој нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат.
23. А овој народ има упорно и непокорно срце; тие отстапија и тргнаа.
24. И не рекоа во срцето свое: да се уплашиме од нашиот Господ Бог, Кој ни дава навреме дожд, ран и доцен, ги пази за нас седмиците, одредени за жетва.
25. Вашите беззаконија го отфрлија тоа, и вашите гревови го отстранија од вас тоа добро.
26. Зашто меѓу Мојот народ има безбожници: пазат како сокриени ловци на птици, се влечат по земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе.
27. Како кафез, со птици, домовите нивни се полни со измама: а преку тоа тие се издигнаа и се збогатија;
28. се здебелија, злото надмина секоја мерка, не разгледуваат судски дела, дела на сираци; и добро им е, иако не ги пресудуваат праведните дела на сиромасите.
29. Зар нема да казнам заради тоа – вели Господ; и нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?
30. Нешто исклучително и ужасно, станува во таа земја:
31. пророците пророкуваат лага, свештениците господарат преку нив – и Мојот народ го сака тоа. Што всушност ќе правите по сето тоа?

6. Доаѓаат страшни непријатели.

1. Бегајте, деца Венијаминови, од Ерусалим, трубете со труба во Текоја и јавете преку оган во Вет – Акерем, зашто откај север се појавува зло и голема погибел.
2. Јас ја разубавив ќерката Сионова, прекрасна и разнежена.
3. Ќе дојдат кај неа пастири со стадата свои, ќе распнат шатори околу неа; секој ќе го пасе својот дел.
4. Гответе против неа војна; станувајте да тргнеме на пладне. Тешко нам! Денот веќе одминува, се спушаат вечерни сенки.
5. Станувајте да одиме и ноќе, и да ги срушиме нејзините дворци!
6. Зашто вака вели Господ Саваот: сечете дрвја и кревајте насипи против Ерусалим: тој град треба да се казни; во него се врши секакво насилство.
7. Како што од извор блика вода, така и од него блика зло: во него се слуша насилство и отимање, пред Моето лице секогаш има навреди и рани.
8. Вразуми се, Ерусалиме, за да не се отстрани од тебе душата Моја и да не те направам пустиња, земја ненаселена.
9. Вака вели Господ Саваот: докрај ќе ги оберат остатоците на Израилот, како грозје; работи со раката своја, како берач на грозје, кога полни кошници.
10. Кому да му говорам и кого да го убедувам, за да чујат? Ете, нивното уво е необрезано, и тие не можат да слушаат; ете, словото Господово кај нив е за потсмев; тоа им е непријатно.
11. Поради тоа јас сум преполнет со Господова јарост, не можам да ја држам во себеси; ќе ја излеам врз децата по улиците и врз собрани младинци, ќе бидат земени маж со жена, старец со млад.
12. И куќите нивни ќе ги присвојат други, исто така и нивите и жените; зашто ќе ја протегнам раката Своја врз жителите на таа земја, вели Господ.
13. Зашто од мал до голем, секој од нив се предал на лакомост, и пророк и свештеник – сите дејствуваат лажливо:
14. ги лекуваат раните на Мојот народ лесномислено, велијќи: »мир! мир!« а мир нема.
15. Се срамуваат ли тие, кога вршат гадотии? Не, никако не се срамуваат и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите, и во време на Мојата посета ќе бидат соборени, вели Господ.
16. Вака вели Господ: – застанете на вашите патишта, разгледајте и распитајте за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои. Но тие рекоа: нема да врвиме.
17. И поставив чувари над вас, и реков: »слушајте го звукот на трубата. Но тие рекоа: – нема да слушаме.
18. И така, чујте народи, и знај, собрание, што ќе стане со нив.
19. Чуј, земјо: ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни; зашто тие не ги слушаа Моите зборови и Мојот закон го отфрлија.
20. Зошто Ми е Ливан, што иде од Сава, и миризлива трска – од далечна земја? Вашите сепаленици не Ми се угодни, и вашите жртви не Ми се пријатни.
21. Затоа вака вели Господ: »ете, поставувам пред овој народ пречки, и ќе се сопнат од нив таткото и децата заедно, соседот и неговиот пријател, и ќе загинат.
22. Вака вели Господ: – ете, иде народ од северна земја, и голем народ се крева од земните краишта;
23. во рацете држат лак и копје; тие се жестоки и немилостиви, гласот нивни им бучи како море, и летаа на коњи, наредени како еден човек, за да удрат протв тебе, ќерко Сионова.
24. Чувме вест за нив, и рацете ни премалеа, скрб нè обзеде, маки – како жена при раѓање.
25. Не излегувајте на нива и на пат не одете, зашто непријателски меч и ужас од сите страни е.
26. Ќерко на Мојот народ, препаши се со кострет и посипи се со пепел; тагувај како за син единец – горко плачи; зашто ненадејно ќе дојде врз нас погубник.
27. Те поставив за кула среде Мојот народ, за столб, за да знаеш да ги испитуваш нивните патишта.
28. Сите тие се упорни одметници, живеат со клевета; тоа се бакар и железо – сите се расипани.
29. Мевот изгоре; оловото се стопи од огнот; леарот топи напразно, зашто лошите не се отстранија;
30. ќе ги наречат лажно сребро, зашто Господ ги отфрли.

7. Надворешното служење без каење одвратно му е на Бога.

1. Слово, што му дојде на Јеремија од Господа:
2. „Застани при вратата на домот Господов и објави го таму ова слово и кажи: чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да му се поклонувате на Господа.
3. Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: »исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место.«
4. Не се надевајте на лажливите зборови: »ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов.«
5. Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате суд меѓу човекот и ближниот негов,
6. ако не притеснувате другоземец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло,
7. Јас ќе ве оставам да живеете на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на татковците ваши од века до века.
8. Ете, вие се надевате на лажливи зборови, кои нема да ви донесат полза.
9. Вие крадете и убивате, вршите прељуба и се колнете криво, му кадите на Ваала и одите по други богови, кои не ги познавате,
10. и потоа доаѓате и се исправате пред лицето Мое во овој дом, над кој е повикано името Мое, и велите: »спасени сме, за да ги вршите сите тие гадотии и понатаму.«
11. Не се претвори ли во вашите очи во разбојничко гнездо овој дом, над кој е повикано името Мое? Ете, Јас го видов тоа, вели Господ.
12. Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете, што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израилот.
13. И, бидејќи ги вршите сите тие работи, вели Господ, и Јас ви говорев од рано утро, а вие не слушавте, и ве викав, а вие не одговаравте, –
14. затоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото, што ви го дадов вам и на татковиците ваши, како што постапив со Силом.
15. И ќе ве отфрлам од лицето Свое, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото семе Ефремово.
16. А ти, не моли се за овој народ и не вознесувај заради него молитви и молби, и не посредувај пред Мене, зашто нема да те чујам.
17. Не гледам ли, што прават тие во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски?
18. Децата собираат дрва, а татковците палат оган, и жените месат тесто, за да прават банички за божицата на небото и да вршат преливи за други богови, за да Ме огорчуваат.
19. Но Мене ли Ме огорчуваат тие – вели Господ; не себеси ли – за нивни срам?
20. Затоа вака вели Господ Бог: ете, се излива Мојот гнев и Мојата јарост врз ова место, врз луѓето и врз добитокот, врз полските дрвја и врз земните плодови, ќе се разгори и нема да угасне.
21. Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: – вашите сепаленици поднесувајте ги заедно со вашите жртви и јадете го месото;
22. зашто Јас не им говорев на татковицте ваши и не им давав заповеди за сепаленици и жртви во тој ден, кога ги изведов од Египетската земја;
23. туку ова им го заповедав: »слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро.
24. Но тие не послушаа и не го наклонија увото, и живееја по желбите и по упорството на своето лошо срце, и ми свртеа грв, а не лице.
25. Од оној ден, кога татковицте ваши излегоа од Египетската земја, до денес ги испраќав при вас слугите Свои – пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано,
26. но тие не Ме послушаа и не го наклонија увото, туку станаа твродоглави, постапуваа полошо од татковците свои.
27. И кога ќе им ги кажуваш сите овие зборови, тие нема да те послушаат; и кога ќе ги викаш, тие нема да ти се одѕиваат.
28. Тогаш речи им: »еве народ, кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима поука! Нема кај нив вистина, таа е одземена од устата нивна.«
29. Истрижи ја косата своја и фрли ја, и почни да плачеш по горите, зашто Господ го отфрли и го остави родот, што го навлече гневот Негов.
30. Зашто синовите на Јуда вршат зло пред Моите очи, вели Господ; ги поставија своите гадотии во домот, над кои е повикувано името Мое, за да го осквернат;
31. и изградија идолско светилиште на Тофет во долината на Еномовите синови, за да ги изгоруваат во оган синовите свои и ќерките свои, што не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало.
32. Затоа, идат дни, вели Господ, кога тоа место нема повеќе да се нарекува Тофет и долина на синовите Еномови, туку крвна долина, и во Тофет ќе се погребуваат поради немање на место.
33. И труповите на овој народ ќе бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни, и ќе нема кој да ги брка.
34. Во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски ќе го прекратам гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста; зашто таа земја ќе стане пустелија.

8. Прогонство поради отпаѓање.

1. Во тоа време, вели Господ, ќе ги исфрлам од гробовите коските на царевите на Јуда, и коските на кнезовите негови, и коските на свештениците, и коските на пророците, и коските на жителите ерусалимски.
2. И ќе ги расфрлат пред сонцето и месечината и пред сета небесна војска, кои тие ги сакаа, на кои им служеа и по кои одеа, кои ги бараа и на кои им се поклонуваа; тие нема да се соберат и нема да се погребат; тие ќе бидат ѓубре на земјата.
3. И ќе претпочитаат смрт пред живот сите оние, што ќе останат од тоа лошо племе по сите страни, каде што Јас ќе ги изгонам, вели Господ Саваот.
4. И кажи им уште; вака вели Господ: зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат?
5. Зошто се свртил овој народ ерусалимски? Тие се држат цврсто за измамата и не сакаат да се обрнат.
6. Јас набљудував и слушав: тие не говорат право, никој не се кае за злото свое, никој не вели: »што направив;« секој тргнал по својот пат како коњ, што се впушта во бој.
7. И штркот под небото ги знае своите определени времиња; гугутката, ластовицата и жеравот го пазат времето, кога мораат да се вратат, а Мојот народ, не знае за судот Господов.
8. Како зборувате: »ние сме мудри, и законот Господов е во нас?« А, ете, лажливото перо на книжниците и него го претвораат во лага.
9. Се посрамија мудрите, се вознемирија и се заплеткаа во мрежа: ете, тие го отфрлија словото Господово; каде е тогаш нивната мудрост?
10. Заради тоа жените нивни ќе им ги дадам на други, нивите нивни – на туѓинци, зашто сите тие, од мал до голем, се предадоа на користољубие; од пророк до свештеник – сите дејствуваат лажливо.
11. Зашто, лекувајќи ја лесномислено раната на ќерката на Мојто народ, велит: »мир, мир,« а мир нема.
12. Срам ли им е, кога вршат гадотии? Не, воопшто не им е срам и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите; кога ќе ги посетам, тие ќе бидат соборени, вели Господ.
13. Наполно ќе ги оберам, вели Господ; нема да остане ни еден грозд на лоза, ни смоква на смоквата, ќе паднат и лисјата, и она што сум им го дал, ќе се одземе од нив.
14. „Зошто стоиме? Собирајте се, да одиме во утврдените градови и таму да загинеме; зашто Господ, нашиот Бог, определил да загинеме и ни дава да пиеме вода со жолчка, затоа што згрешивме пред Господа.”
15. Очекуваме мир, но нема ништо добро, – време за оздравување, а ете ужаси.
16. Од Дан се слуша фркање на коњите негови, од «ржењето на пастувите негови трепери целата земја; ќе дојдат и ќе ја опустошат земјата и сè што има на неа, градот и оние што живеат во него.
17. Зашто, ете, Јас ќе испратам против вас змии, отровници, против кои бајачка нема, и тие ќе ве каснуваат, вели Господ.
18. Сакам да се утешам во тагата своја, но срцето ми е малаксано.
19. Ете, слушам од далечна земја пискот од ќерката на Мојот народ: »зар нема Господ на Сион? Зар Царот негов не е таму? – Зошто ме разгневија со своите резани ликови, на туѓи адети.«
20. Мина жетвата, сврши летото, а ние не се избавивме.
21. Поради уништувањето на ќерката на Мојот народ и јас сум уништен, одам нажален, ужас ме обзема.
22. Зар нема балсам во Галад? Зар таму нема лекар? И зошто нема лек за ќерката на Мојот народ?

9. Жалење поради расипаноста на народот.

1. О, кој ќе даде на главата моја вода и на очите мои – извор на солзи? Јас бев плачел ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ.
2. О, кој би ми дал во пустињата последен престој! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив: зашто сите тие се прељубодејци, собир на престапници.
3. Како лак го запнуваат јазикот свој за лаги, со неправда се засилуваат на земјата; зашто минуваат од едно зло на друго и Мене не Ме познаваат, вели Господ.
4. Пазете се секој од пријателот свој, и не се доверувајте никому од браќата свои; зашто секој брат му става сопка на другиот, и секој пријател разнесува клевета.
5. Секој го лаже пријателот свој, и вистина не говорат: го научија јазикот свој да говори лага, се трудат да прават зло.
6. Ти живееш меѓу измами, па поради измама тие откажуваат дека Ме познаваат, вели Господ.
7. Затоа вака вели Господ Саваот: ете, ќе ги растопам и ќе ги испитам; зашто, како инаку да постапам со ќерката на Мојот народ?
8. Јазикот нивни – стрела смртоносна, говори подмолно; со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки.
9. Зар нема да ги посетам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?
10. На горите ќе кренам плач и пискот, и по пасиштата во степите – ридание, зашто тие се изгорени, така што преку нив никој не минува, ниту се слуша блеење на стада: и птиците небески и добитокот – сè се распрснало и избегало.
11. И ќе го претворам Ерусалим во купишта камења, живеалиште на змии, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња, без жители.
12. Има ли таков мудрец, што ќе го разбере ова? И оној, кон кого говори устата Господова – да објасни, зошто загина земјата и изгоре како пустиња, така што никој не минува низ неа?
13. И рече Господ – поради тоа што го оставија Мојот закон, што го бев определил за нив, не го слушаа гласот Мој и не постапија според него,
14. туку одеа според тврдокорноста на срцето свое и по Вааловци, како што ги научија татковците нивни.
15. Заради тоа вака вели Господ Саваот, Израилевиот Бог: еве, ќе ги нахранам тие луѓе со пелин, ќе ги напојам со вода и жолчка.
16. и ќе ги растурам меѓу народи, што не ги познаваа ни тие ни татковците нивни, и ќе испратам по нив меч, сè додека ги истреби.
17. Така вели Господ Саваот: побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испратете да дојдат вешти жени за таа работа.
18. Нека побрзаат и да заплачат заради нас, та од очите наши да се лејат солзи и од клепките наши вода да тече.
19. Затоа што глас од плач се слуша од кај Сион: „Како нè ограбија, лошо сме посрамени, бидејќи ја оставаме земјата – ни ги разрушија куќите.”
20. Па така, слушајте го, жени, словото од Господа и да внимава увото ваше на словото од устата Негова; и учете ги ќерките свои на плач, и една со друга – на тажни песни.
21. Бидејќи смртта влегува преку прозорците наши, се впушта во куќите наши, за да ги истреби децата од улиците и младешта од плоштадите.
22. Речи: така вели Господ – и ќе бидат фрлени труповите на луѓето како ѓубре в поле и како снопја зад жетвари, и не ќе има кој да ги собере.
23. Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое.
24. А кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ.
25. Ете идат денови, вели Господ, кога ќе ги посетам сите обрезани и необрезани:
26. Египет и Јудеја, Едома и синовите Амонови, Моава и сите кои се стрижат од страна, што живеат во пустињата; оти сите тие народи се необрезани, а сиот дом Израилев има срце необрезано.

10. Бог го казнува Својот народ со мерка.

1. Слушајте го словото, кое Господ ви го кажува, доме Израилев!
2. Вака вели Господ – не одете по патот на незнабошците и не плашете се од небесните знаци, од кои се бојат незнабошците.
3. Бидејќи наредбите од народите се суетни: отсекуваат дрво во гората, го изделкуваат човечки раце,
4. го украсуваат со сребро и злато, го прицврстуваат со клинови и со чекан за да не се ниша.
5. Тие богови се како столб, измазнет на струг, и не говорат; нив ги носат, оти не можат да одат. Не плашете се од нив, оти тие не можат да направат зло, но и добро не можат да направат.
6. Нема сличен на Тебе, Господи! Ти си велик и името Твое е велико со Твојата моќ.
7. Кој не ќе се бои од Тебе, Царе над народите, зашто само Тебе Ти припаѓа тоа; бидејќи меѓу сите мудреци кај народите и во сите царства нема сличен на Тебе.
8. Сите тие до еден се неразумни глупави; дрвото е суетно учење.
9. Среброто ковано во листови се носи од Тарсис, златото од Уфаз, дело на мајстор и на леар; облеклото нивно е од порфир и кадифе; сето тоа е дело на вешти луѓе.
10. А Господ Бог е вистина; Он е жив Бог и вечен Цар. Од Неговиот гнев трепери земјата, и народите не можат да го издржат Неговото негодување.
11. Така речете им: боговите што не ги направиле небото и земјата ќе исчезнат од земјата и од под небесата.
12. Он ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата.
13. Од гласот Негов шумат водите небески, и Он ги крева облаците од краиштата земни, создава молскавици среде дожд и изведува ветар од живеалиштето Свое.
14. Секој човек станува безумен во своето знаење, се срамува секој леар со идолот свој, бидејќи она што го излеал е лага, и во него нема дух.
15. Тоа е суета, дело на заблуда; во времето на посетата нивна тие ќе исчезнат.
16. Делот на Јакова не е како нивниот; бидејќи неговиот Бог е создател на сè, а Израилот е жезал на неговото наследство; името Му е Господ Саваот.
17. Прибери си го имотот свој од земјата, ти која ќе седиш во опсада.
18. Оти вака вели Господ: еве, овој пат ќе ги исфрлам жителите од оваа земја и ќе ги одведам во тесно место, за да ги фатат.
19. Тешко мене во маката моја; лута е раната моја, но јас си велам – „навистина тоа е моја болка и јас ќе ја поднесувам;
20. шаторот ми е опустошен и сите мои врвци се скинати; децата мои бегаат од мене, и ги нема: нема веќе кој да го распне шаторот мој и да ги постави завесите мои;
21. бидејќи пастирите станаа безумни и не Го бараат Господа, па затоа и тие постапија неразумно, така што целото стадо им се распрсна.”
22. Ете, се слуша глас и голема врева од северната страна за да ги направи градовите на Јудеја пустиња, живеалиште на шакали.
23. Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои.
24. Казни ме Господи, но по правда, не во гневот Свој, за да не ме сотреш.
25. Излеј ја јароста Своја врз народите, кои не Те познаваат, и врз племињата, што не го призовуваат името Твое; оти тие го изедоа Јакова, го проголтаа и го истребија и живеалиштето му го опустошија.

11. Пророкување за соседните народи.

1. Слово Господово до Јеремија:
2. Чујте ги зборовите на овој завет и кажете им на луѓето од Јудеја и на ерусалимските жители;
3. и речи им: вака вели Господ, Бог Израилев – проклет да е оној човек што нема да ги послуша зборовите на овој завет,
4. што им ги заповедав Јас на татковците ваши, кога ги изведов од Египетската земја, од железната печка, велејќи: чујте го гласот Мој и правете што ќе ви заповедам – па ќе бидете Мој народ, и Јас ќе бидам ваш Бог,
5. за да се исполни клетвата, со која им се заколнав на татковците ваши – да им дадам земја, каде што тече мед и млеко, како што е сега. Па одговорив и реков: амин, Господи!
6. И ми рече Господ: објави ги сите овие зборови по градовите на Јуда и по ерусалимските улици, и речи – слушајте ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги.
7. Зашто Јас постојано им напомнував на татковците ваши од оној ден, кога ги изведов од Египетската земја, па сè до денес; и им зборував од рано утро, велејќи: слушајте го гласот Мој.
8. Но тие не слушаа и не го свртија увото свое, туку одеа секој според тврдокорноста на своето лошо срце; затоа испратив врз нив сè што е речено во овој завет, кој им го заповедав да го исполнуваат, но тие не го исполнуваа.
9. И ми рече Господ: има бунт меѓу луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим;
10. тие се вратија кон беззаконијата на своите прадедовци, кои се откажаа да ги слушаат зборовите Мои, па тргнаа по туѓи богови, за да им служат. Домот на Јуда и домот на Израилот го нарушија Мојот завет, што го бев склучил со татковците нивни.
11. Затоа вака вели Господ: еве, ќе испратам врз нив зло, од кое не ќе можат да се избават, и кога ќе повикаат кон Мене, нема да ги чујам.
12. Тогаш градовите на Јуда и жителите на Ерусалим ќе појдат и ќе повикаат кон боговите, на кои им кадат; но тие нема да им помогнат во времето на нивното зло.
13. Оти, коку градови имаш, Јудо, толку имаш и богови, и колку улици има во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте на она што е срамно, жртвеници за кадење на Ваала.
14. Но ти немој да молиш за тој народ и не упатувај за нив молитви и молби; оти нема да ги чујам, кога во злото свое ќе повикаат кон Мене.
15. Што бара Мојата сакана во домот Мој, кога во него се извршуваат многу срамни работи?
И жртвуваното месо нема да ти помогне, кога се радуваш, правејќи зло.
16. Зелена маслина те нарече Господ која се украсува со убави плодови. А сега, при шумот на големиот смут, Он заполи оган околу неа и гранките нејзини се скршија.
17. Господ Саваот, Кој те посади, пресуди за тебе зло поради злото на домот Израилев и на
домот Јудин, што го направија со тоа што Ме разгневија со кадењето свое на Ваала.
18. Господ ми откри, и јас знам; ти ми ги покажа нивните дела.
19. Јас, пак, како кротко јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: „да му ставиме отровно дрво во неговото јадење, и да го истргнеме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува.”
20. Но Ти, Господе Саваоте, праведен Судијо, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го доверив своето дело!
21. Затоа така вели Господ, за луѓето од Анатот, кои сакаат да ја одземат душата твоја и кои велат: не пророкувај во името на Господа, за да не умреш од рацете наши;
22. поради тоа вака вели Господ Саваот: еве, Јас ќе ги посетам; младичите нивни ќе умрат од меч; синовите и ќерките нивни ќе умрат од глад.
23. И нема ништо да остане од нив, зашто ќе испратам зло врз Анатотите во годината, кога ќе ги посетам.

12. Пророкување за соседните народи – продолжение.

1. Праведен си Ти, Господи, ако би се оправдувал со Тебе; но ќе проговорам за судовите Твои. Зошто патот на безбожниците е успешен и живеат во мир сите оние што не веруваат?
2. Ти ги посади, и тие се вкоренија и израснаа, па и плод даваат; во устата нивна Ти си близок, но далеку си од срцето нивно.
3. А мене, Господи, Ти ме познаваш, Ти ме гледаш и го испитуваш срцето мое какво е кон Тебе. Одвои ги како овци за клање и приготви ги за денот, кога ќе бидат убиени.
4. Долго ли ќе тагува земјата, и ќе се исуши тревата по сите полиња? Добитокот и птиците гинат поради беззаконијата на жителите нејзини; оти велат: Он нема да види, што ќе стане со нас.
5. Кога трчаше со пешаците и тие те изморија, како можеш тогаш да се натпреваруваш со коњи? И ако беше спокоен во мирна земја, што ли ќе правиш, кога ќе се крене Јордан?
6. Зашто и браќата твои, и домот на таткото твој, неверно постапуваат со тебе и викаат со висок глас против тебе. Не верувај им и кога зборуваат добро за Тебе.
7. Јас го оставив Мојот дом, го напуштив наследството Свое; најмилото на душата Моја го предадов во рацете на непријателите негови.
8. Моето наследство стана за Мене како лав во гора: крена глас против Мене – затоа го замразив.
9. Наследството Мое стасна како птица шарена, врз која од сите страни се нафрлуваат други грабливи птици. Одете, собирајте се сите полски ѕверови, одете да го изедете.
10. Многу пастири го растурија Моето лозје, го изгазија со нозе делот Мој: Мојот драг дел го направија гола пустелија, –
11. го направија пустиња, и тој запусте, плаче пред Мене; целата земја ја опустошија, оти никој не го зема тоа при срце.
12. По сите гори во пустињата дојдоа опустошители, оти мечот Господов уништи сè од едниот крај на земјата до другиот: нема мир за ниедно суштество.
13. Тие сееја пченица, а жнееја трње; се мачеа и никаква корист не добиваа; засрамете се за трудот свој поради пламениот гнев на Господа.
14. Така вели Господ за сите мои лоши соседи, кои ги напаѓаа делата, што ги извршив за наследството на Мојот народ, Израилот. Еве, Јас ќе ги откорнам од земјата и домот Јудин ќе го истргнам од неговата средина.
15. Но, откако ќе ги истргнам, пак ќе ги вратам и ќе ги помилувам, и секого ќе го доведам во неговиот дел и секого – во земјата негова.
16. Па, ако ги научат патиштата на Мојот народ, за да се колнат во Мое име, велејќи „жив Господ”, како што тие го научија народот Мој да се колне во Ваала, ќе се населат меѓу Мојот народ.
17. Ако, пак, не послушаат, ќе ги искоренам и наполно ќе истербам таков народ, вели Господ.

13. Казната на Јудејците претставена со два знака.

1. Вака ми рече Господ: оди и купи си ленен појас и опаши се со него, но не клавај го во вода.
2. Јас си купив појас, како што рече Господ, и го препашав крстот свој.
3. И би слово Господово до мене по вторпат, и ми беше речено –
4. земи го појасот, што го купи, и кој ти е на крстот твој, па стани и оди до Ефрат и сокри го таму во некоја камена пукнатина.
5. Јас отидов и го сокрив при Ефрат, како што ми заповеда Господ.
6. А штом изминаа повеќе дни, Господ ми рече – стани, оди при Ефрат и земи го оттаму појасот, за кој ти бев заповедал да го сокриеш таму.
7. И јас отидов до Ефрат, ископав и го зедов појасот од местото, каде што го бев сокрил, а тоа – појасот беше изгнил и станал веќе неупотреблив.
8. И би слово Господово до мене:
9. вака вели Господ ќе ја скршам гордоста на Јуда, и големата гордост на Ерусалим.
10. Тој лош народ, кој не сака да ги слуша зборовите Мои, живее според тврдокорното срце свое и оди по други богови, за да им служи и да им се клања, па ќе биде како овој појас, кој не е годен за ништо.
11. Оти, како што појасот се прилепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израилев дом и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа.
12. Затоа, кажи им го овој збор: вака вели Господ, Бог Израилев – секој мев за вино се полни со вино. Тие ќе ти речат: зар ние не знаеме, дека секој мев за вино се полни со вино?
13. А ти кажи им: еве што вели Господ – Јас ќе ги наситам со вино до опивање сите жители на таа земја, и царевите, кои седат на Давидовиот престол, свештениците и пророците и сите ерусалимски жители,
14. и ќе ги судрам еден со друг, татковците со синовите заедно, вели Господ; нема да ги поштедам, нема да ги помилувам, нема да зажалам што ќе ги истребам.
15. Слушајте и внимавајте; немојте да бидете горди, оти Господ зборува.
16. Подајте слава на Господа, вашиот Бог, додека Он сè уште не испратил темнина и додека сè уште нозете ваши не се спотакнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Он ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина.
17. Ако, пак, не го послушате тоа, душата моја ќе ја оплакува вашата гордост во скришни места, ќе плаче горко, и очите мои слози ќе леат; бидејќи стадото Господово ќе биде во плен одведено.
18. Кажи му на царот и на царицата: смирете се, седнете пониско, оти ќе паднат од главите ваши венците на вашата слава.
19. Јужните градови се затворени, и нема кој да ги отвори; цела Јуда во ропство се одведува заедно со сиот плен.
20. Кренете ги очите и погледајте ги оние што идат од север: каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое?
21. Што ќе речеш, ќерко Сионова, кога ќе те посети Он? Ти сама ги научи да господарат над тебе: нема ли да те стегнат болки како жена кога раѓа?
22. Ако речеш во срцето свое: „зошто ме снајде ова?” – па, поради многуте твои беззаконија, ќе се кренат твоите поли и твоите пети се соголија.
23. Може ли Етиопјанин да ја смени кожата своја и леопардот – дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло?
24. Затоа ќе ги развеам како прав, ќе ги разнесам со пустински ветар.
25. Ете го твојот жреб, делот што сум ти го одмерил, вели Господ, бидејќи ти Ме заборави и се надеваше на лага.
26. Затоа, ќе ти биде крената полата твоја врз лицето твое, за да се види срамотијата твоја.
27. Го видов твоето прељубодејство и твоите бесни похоти и гнасотии по височинките и по полињата; тешко тебе, Ерусалиме; зар нема да се очистиш? А до кога уште?

14. Објавување суша и глад.

1. Слово Господово што би до Јеремија за суша.
2. Плаче Јуда, портите му се урнати, лежат на земјата поцрнети, и пискот се крена во Ерусалим.
3. Големците ги праќаат слугите свои по вода; тие одат при изворите и не наоѓаат вода; се враќааат со празни садови; посрамени и смутени, тие ги покриваат главите свои.
4. Бидејќи земјата напукнала од суша, и земјоделците се смутени и ги покриваат главите свои.
5. Дури и кошутата, кога ќе роди во полето, ги остава младите свои, оти нема трева.
6. И дивите осли стојат по високите места и голтаа воздух како шакали; очите им се потемнети, зашто нема трева.
7. И ако нашите беззаконија сведочат против нас, но Ти, Господи, постапи со нас заради името Твое; големо е нашето отстапништво, згрешивме пред Тебе.
8. Надеж Израилева, Спасителе негов во зло време! Зошто си како туѓинец во оваа земја, како патник што дошол да преноќева?
9. Зошто си како уморен човек, како јунак што нема сила да спасува? А и покрај сето тоа, Господи, Ти си меѓу нас и името Твое се призива од нас. Не оставај нè!
10. Така зборува Господ кон овој народ. Бидејќи сакаат да скитаат, не ги запираа нозете свои, Господ не благоволи кон нив, се сети сега за беззаконијата нивни и ги казнува гревовите нивни.
11. И ми рече Господ: немој да се молиш за доброто на овој народ.
12. Ако постат, нема да го чујам пискотот нивни; и, ако принесат и сепаленица и дар, нема да ги примам; но со меч, со глад, и со помор ќе ги истребам.
13. Тогаш реков: Господи Боже, еве пророците им кажуваат: меч нема да видите, и глад нема да има кај вас, а ќе ви дадам постојанен мир на ова место.
14. И ми рече Господ: пророците пророкуваат лага во Мое име, Јас не сум ги пратил и не сум им дал заповеди, ниту сум им зборувал; тие ви проповедуваат лажни виденија и баења, суета и измислици од своето срце.
15. Затоа вака вели Господ за пророците: тие пророкуваат во Мое име, но Јас не сум ги ипраќал; тие зборуваат: <меч и глад нема да има во таа земја” - со меч и глад ќе бидат истребени тие пророци. 16. И народот, кому му пророкуваат, од глад и од меч ќе биде кутнат по улиците ерусалимски, и не ќе има кој да ги погребе - нив и жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни; и Јас ќе ја излеам врз нив нивната лошотија. 17. Па кажи им ги овие зборови: нека се лијат солзи од очите мои дење и ноќе и нека не престануваат, оти со голем пораз, со тежок удар е поразена девојката, ќерката на мојот народ. 18. Излегувам по полето, а таму - убиени со меч; влегувам во градот, и ете многумина умираат од глад: дури и пророк и свештеник отидоа несвесно по земја што не ја знаеја. 19. Зар наполно ти го отрфли Јуда? Зар душата Твоја го замрази Сион? Зошто така нè поразуваш, за да не можеме да се излечиме? Чекаме мир - а нема ништо добро; чекаме време за спасување - а еве, ужаси. 20. Ја сознавме, Господи, нечесноста своја, беззаконијата на нашите татковци, дека згрешивме пред Тебе. 21. Не отфрлај нè нас заради името Твое; не понижувај го престолот на Својата слава: сети се, не разрушувај го Твојот завет со нас. 22. Име ли меѓу незнабожечките суетни богови такви, што можат да дадат дожд, или, пак, може ли небото самото од себе да лие голем дожд? Зар не си Ти тоа, Господи Боже наш? На Тебе се надеваме, оти Ти го создаваш сето тоа.

15. Посебен утешен збор за Јеремија.

1. И ми рече Господ: да беа застанале пред лицето Мое дури Мојсеј и Самуил, душата моја пак немаше да се приклони кон тој народ; отерај ги од пред лицето Мое, нека си одат.
2. Ако, пак, те прашаат: „каде да одиме?” – кажи им: вака вели Господ – кој е за смрт, нека оди во смрт: и кој е за меч – под меч; кој е, пак, за глад – на глад; и кој е за ропство – во ропство.
3. И ќе испратам врз нив четири вида смрт, вели Господа: меч за да ги убива, кучиња, за да ги раскинуваат, небески птици, и полски ѕверови, за да ги изедуваат и истребуваат.
4. И ќе направам да се озлобат против нив сите земни царства заради Манасија, синот на Јудејскиот цар Езекија, за оној што го изврши тоа во Ерусалим.
5. Оти, кој ќе те пожали, Ерусалиме, кој ќе ти изјави сочувство, и кој ќе наврати до тебе, за да те праша добро ли ти е?
6. Ти Ме остави, вели Господ, отстапи; затоа, ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те погубам; се уморив, за да покажувам милост.
7. Јас ќе ги одвеам со вејачка пред портите на земјата, ќе ги лишам од деца, ќе го сотрам Мојот народ; но тие нема да се вратат од своите патишта.
8. Ќе има кај нив вдовици многу повеќе од морскиот песок; ќе испратам врз нив, врз мајката на младичите, уништувач попладне, ненадејно ќе ги опфати страв и ужас.
9. Ќе изнемогне онаа што лежи, која родила седум, ќе го предава духот; уште во текот на денот ќе зајде сонцето нејзино; таа е смутена и посрамена. И другите од нив ќе ги предадам на меч пред очите на нивните непријатели, вели Господ.
10. „Тешко мене, мејко моја, зошто ме роди човек, кој се расправа и се кара со целата земја! Никому не сум давал со лихва и мене никој не ми давал, а сите ме проколнуваат.”
11. Годпод рече: крајот ќе ти биде добар, и Јас ќе го присилам непријателот твој да постапува со тебе добро во времето на бедата и за време жалоста.
12. Може ли железо да скрши северно железо и бакар?
13. Твојот имот и твоите сокровишта ќе ги предадам на разграбување, без цена, заради сите твои гревови, во сите твои предели.
14. И ќе те одведам со непријателите твои во земја, што не ја познаваш; зошто оган се разгоре од Мојот гнев, ќе гори над вас.
15. О Господи! Ти сè знаеш; сети се за мене и посети ме, и одмазди се за мене на моите гонители; според Своето долготрпение не погубувај ме; Ти знаеш дека заради Тебе поднесувам поруга.
16. Ги најдов зборовите Твои и ги проголтав; Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое; оти името Твое е призивано врз мене, Господи Боже Саваот.
17. Не, на совет со подбивачи и не сум се веселел: под Твојата тешка рака врз мене седев сам, бидејќи Ти ми беше исполнил со негодување.
18. Зошто е толку долготрајна болката моја, и раната моја е толку неизлечива, оти не се подавам ли на лекување? Зар Ти ќе бидеш за мене како лажлив извор, како неверна вода.
19. Затоа, вака рече Господ: ако се обратиш, ќе те поставам пак на нозе и ќе стоиш пред лицето Мое; и, ако извлечеш скапа работа од ништо, ќе бидеш како Мојата уста. Тие сами ќе се свртуваат кон тебе, а ти нема да се обрнуваш кон нив.
20. И за тој народ ќе те направам силен бакарен ѕид; тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат, бидејќи Јас сум со тебе, за да те спасувам и да те избавувам, вели Господ.
21. И ќе те спасам од рацете на лошите и ќе те избавам од рацете на насилниците.

16. Повраток на Израилот од Вавилон.

1. И би слово Господово до мене:
2. Немој да се жениш, ниту да имаш синови и ќерки на ова место.
3. Оти вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја:
4. од тешка смрт ќе умрат тие и нема да бидат оплакани, ниту погребани; ќе бидат како ѓубре земно; со меч и со глад ќе бидат истребени, и труповите нивни ќе им бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни.
5. Оти така вели Господ: не влегувај во дом на оној, кој тагува и не оди да плачеш и да жалиш со него; оти Јас го одзедов од тој народ Својот мир, милоста и сожалувањето, вели Господ.
6. И ќе умрат и големите и малите во таа земја; и нема да бидат погребани, ниту ќе бидат оплакувани, ниту некој ќе прави рез, а и нема да се стрижат за нив.
7. За оној што е во жалост нема да се прекршува леб за да биде утешен поради умрениот; и нема да му подадат утешна чаша, поради смртта на неговиот татко и неговата мајка.
8. Не влегувај исто така и во куќа за веселба, да седиш таму со нив, за да јадеш и да пиеш;
9. оти така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го прекратам гласот на радоста и гласот на веселбата, глас на младоженецот и глас на невестата во тоа место пред вашите очи и во ваше време.
10. Кога ќе им ги кажеш на луѓето сите овие зборови, и тие ќе ти речат: „зошто Господ ја искажа врз нас сега оваа беда, и каква е нашата неправда и кој е нашиот грев, со што згрешивме пред нашиот Господ Бог?” –
11. тогаш речи им: поради тоа што вашите татковци Ме оставија, вели Господ, и тргнаа по други богови, ним им служеа и им се поклонуваа, а Мене ме оставија, и законот Мој не го пазеа.
12. А вие постапувавте уште полошо од татковците ваши и секој од вас живее според упорството на своето лошо срце, за да не Ме слушате.
13. Поради тоа ќе ве исфрлам од оваа земја во земја, која не ја познавете ни вие ниту татковците ваши, и таму ќе им служите на други богови дење и ноќе; оти Јас нема да покажам милост спрема вас.
14. Затоа, ете, идат дни, вели Господ, кога нема веќе да се вели: „жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од Египетската земја”,
15. туку – „жив е Господ, Кој ги изведе Израилевите синови од северната земја и од сите земји, во кои беше ги прогонил.” Оти ќе ги вратам во земјата нивна, што им ја дадов на татковците нивни.
16. Ете, Јас ќе пратам многу рибари, вели Господ, и ќе ги ловат; а потоа ќе пратам многу ловци, и тие ќе ги гонат од сите планини и од секој рид и од камени процепи.
17. Зашто очите Мои се врз сите нивни патишта; тие не се сокриени од лицето Мое, и нивната неправда не е сокриена од очите Мои,
18. и ќе им платам пред сè за нивната неправда и за нивниот двоен грев, оти ја осквернија земјата Моја, со труповите на стрвината своја и со гнасотија го исполнија наследството Мое.
19. Господи, сило моја, крепост моја и прибежиште мое во тажен ден! При тебе ќе дојдат народите од земните краишта и ќе речат: само лага наследија нашите татковци, суета и она, од кое нема никаква полза.
20. Може ли човек да си направи богови, кои, всушност, не се богови?
21. Затоа, еве, Јас ќе ги научам сега, ќе им ја покажам Својата рака и силата Своја, па ќе познаат, дека името Мое е Господ.

17. Позив за празнување на саботата.

1. Гревот на Јуда е напишан со железно длето, со врв од дијамант е врежано врз плочите на срцето нивно и врз роговите на нивните жртвеници.
2. Та синовите нивни да се сеќаваат на нивните жртвеници и на нивните светилишта покрај зелените дрвја, на високи ридови.
3. Мојата гора во полето, имотот твој, и сите твои драгоцености ќе ги предадам на разграбување, и твоите идолски светилишта – за твоите гревови во сите твои предели.
4. И ти поради себеси ќе се лишиш од наследството свое, што ти го бев дал, и ќе те пратам во ропство кај твоите непријатели, во земјата, која ти не ја познаваш, заради тоа што вие го разгоревте огнот на Мојот гнев, он ќе гори вечно.
5. Така вели Господ: проклет да е оној човек, што се надева на човек и кој телото свое го смета за сила, и чие срце се клони од Господа.
6. Тој ќе биде како троскот во пустиња и нема да види кога ќе дојде доброто, па ќе се насели во топли пустињски места, во неплодна земја и негодна за живеење.
7. Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ.
8. Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води, што ги пушта корењата свои покрај потокот; тоа не знае кога настанува припек; лисјата му се зелени, и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод.
9. Лукаво е човечкото срце повеќе од сè и е наполно расипано; кој ќе го разбере?
10. Јас, Господ, проникнувам во срцето и ја испитувам утробата, за да му дадам на секого според патот негов и според плодовите на делата негови.
11. Јаребицата лежи врз јајца што не ги снесла: таков е оној, кој со неправда спечалува богатство; тој ќе го остави во половината до животот свој и ќе стане глуп пред крајот свој.
12. Престолот на славата, возвишен уште од почетокот, е место за нашето осветување.
13. Ти си, Господи, надеж Израилева; сите оние, кои Те оставаат нека се засрамат. „Кој отстапува од Мене нека биде запишан на земјата, зашто го оставија Господа, изворот на жива вода.”
14. Исцели ме Господи, и исцелен ќе бидам; спаси ме, и спасен ќе бидам, зашто Ти си моја похвала.
15. Еве, тие ми велат: „каде е словото Господово? нека дојде!”
16. Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден, Ти го знаеш тоа; што излезе од устата моја, откриено е пред лицето Твое.
17. Не биди страшен за мене, Ти си надеж моја во лош ден.
18. Нека се засрамат гонителите мои, но јас нема да се посрамам; нека затреперат, а јас нема да затреперам; испрати врз нив злочест ден и уништи ги со двојно уништување.
19. Така ми вели Господ: оди и застани пред портите на синовите народни, низ кои влегуваат царевите јудејски и низ кои излегуваат, и пред сите ерусалимски порти,
20. па речи им: цареви јудејски, цела Јудејо и сите ерусалимски жители, вие, кои влегувате низ овие порти, чујте го словото Господово.
21. Вака вели Господ: пазете ги душите свои и не носете товар во саботен ден и не внесувајте го низ портите ерусалимски,
22. и не изнесувајте товар од куќите свои и во саботен ден и не вршете никаква работа, но саботниот ден сметајте го за свет ден така, како што сум им заповедал на татковците ваши,
23. кои, пак, не послушаа и не го приклонија увото, туку станаа тврдоглави, за да не слушаат и да не примаат поука.
24. И, ако ме послушате, вели Господ, да не носите товар во саботен ден низ портите на овој град и саботата да ја сметате за света, во тој ден не вршејќи никаква работа,
25. тогаш низ портите на овој град ќе влегуваат цареви и кнезови, кои ќе седат на Давидовиот престол, кои ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и кнезовите нивни, Јудејци и ерусалимски жители, тогаш овој град ќе биде вечно населен.
26. Па ќе доаѓаат од градовите јудејски, од ерусалимската околина и од земјата на Венијамина, од рамнините, од планините и од југ, и ќе принесуваат сепаленици и жртви, лебен принос, ливан и благодарствени жртви во домот на Господа.
27. Ако, пак, не Ме послушате, за да го сметате саботниот ден како свет и да не носите товар, кога влегувате низ ерусалимските порти во саботен ден, тогаш ќе запалам оган пред портите негови, и тој ќе ги проголта куќите ерусалимски и нема да угасне.

18. Плачот и молитвата на Јеремија.

1. Слово Господово што дојде до Јеремија:
2. стани и слези во домот на грнчарот, и таму ќе ти ги кажам зборовите Мои.
3. Слегов во домот на грнчарот, а тој ја вршеше својата работа на тркалото.
4. Садот, пак, што го правеше грнчарот од глина, се растури во рацете негови. Но тој одново направи од него друг сад, како што му падна на ум да направи.
5. И би слово Господово до мене:
6. доме Израилев, не можам ли да постапам со вас како овој грнчар, рече Господ. Ете, како што е глината во рацете на грнчарот, тоа сте и вие во рацете Мои, доме Израилев.
7. Понекогаш, велам Јас за некој народ и царство, дека ќе го искоренам, ќе го згазам и погубам;
8. но, ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум намислил да го направам.
9. А понекогаш велам за некој народ и некое царство дека ќе ги подигнам и ќе ги зацврстам;
10. но, ако тој народ врши зло пред очите Мои и не го слуша гласот Мој, ќе го одменам доброто, со кое сум намислил да го дарувам.
11. Па така, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски: вака вели Господ – еве, Јас ви подготвувам зло и смислувам нешто против вас; затоа повратете се секој од својот лош пат и исправете ги патиштата свои и постапките свои.
12. Но тие велат: „Не надевај се; ние ќе си живееме како што сакаме и секој од нас ќе постапува според упорството на своето лошо срце.”
13. Затоа вака вели Господ: распрашајте се меѓу народите, дали чул некој нешто слично? Многу гнасни дела изврши Израилевата девојка.
14. Ги напушта ли ливанскиот снег планинските карпи, и секнуваат ли по други места течните студени води?
15. А Мојот народ Ме остави; кади на суети, се спотакнува на своите патишта, ги остава старите патишта, за да оди по патеки, по непрооден пат,
16. за да ја направи земјата своја ужас, вечен срам, така што секој што ќе минува преку неа да се чуди и да мавта со главата.
17. Како источен ветар ќе ги распрснам пред непријателот; со грбот, а не со лицето свое ќе се свртам кон нив во денот на нивната неволја.
18. А тие рекоа: „Дојдете да направиме заговор против Јеремија; оти нема да исчезне законот на свештеникот и советот на мудриот и зборот на пророкот, дојдете да го убиеме и да не обрнуваме внимание на неговите зборови.”
19. Послушај ме, Господи, и чуј го гласот на моите противници.
20. Треба ли да се враќа зло за добро, а тие ми копаат јама за душата моја. Сети се дека стојам пред лицето Твое, за да зборувам добро за нив, за да го одвратам од нив гневот Твој.
21. И така, предај ги синовите нивни на глад и направи да загинат од меч; жените нивни да немаат деца и да станат вдовици, мажите нивни да умираат, а младичите нивни да бидат убивани во бој.
22. Нека се слуша пискот од куќите нивни, кога ненадејно ќе испратиш војска; зашто тие копаат јама, за да ме фатат, и тајно поставија замка за нозете мое.
23. Но Ти, Господи, им ги знаеш сите нивни сплетки против Мене, за да ме убијат; не проштевај ги неправдите нивни, и не бриши го гревот нивни, пред лицето Свое; нека попаѓаат пред Тебе; дејствувај против нив, кога си гневен.

19. Опустошувањето на Ерусалим.

1. Вака рече Господ: оди, купи глинена стомна од кај грнчарот; поведи ги со себе најстарите од народот и свештеничките старешини.
2. Па излези во долината на синовите Еномови, која се наоѓа пред Источната порта, и објави ги таму зборовите, што ќе ти ги кажам,
3. и кажи: цареви јудејски и жители ерусалимски, чујте го словото Господово! Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе испратам врз ова место зло, и кој ќе чуе за тоа, ќе му пиштат ушите,
4. зашто Ме оставија и туѓо го направија ова место, па кадат во него на туѓи богови, кои не ги познавале ни тие, ниту татковците нивни, а ни јудејските цареви; го исполнија ова место со невина крв,
5. и му подигнаа светилиште на Ваала, за да ги горат синовите свои со оган како сепаленица за Ваала, што Јас не сум заповедал, не сум зборувал и што на ум не Ми доаѓало.
6. Затоа, еве, идат дни, вели Господ, кога ова место нема веќе да се наречува Тофет, односно долина на синовите Еномови, туку долина за убивање.
7. И ќе го уништам советот на Јуда и на Ерусалим во ова место и ќе дозволам да паднат од меч пред очите на непријателите нивни и од раката на оние, што ја сакаат душата нивна, и турповите нивни ќе им ги дадам како храна на птиците небески и на ѕверовите земни.
8. И ќе го направам овој град за ужас и поруга; и секој, што ќе минува низ него, ќе се чуди и ќе си потсвирнува, гледајќи ги многуте рани негови.
9. И ќе ги нахранам со телата на синовите нивни и со телата на ќерките нивни; и секој ќе го јаде телото на својот ближен, кога ќе се наоѓа во опсада и во тесно, кога ќе ги притскаат непријателите нивни и оние, што ја сакаат душата нивна.
10. Па скрши ја стомната пред очите на луѓето, што ќе дојдат со тебе,
11. и кажи им: вака вели Господ Саваот – така ќе го разбијам тој народ и тој град, како што е скршен овој грнчарски сад, кој веќе не може да стане цел, и ќе ги погребуваат во Тофет, поради немање место за погребување.
12. Така ќе постапам со тоа место, вели Господ и со неговите жители; и тој град ќе го направам сличен на Тофет.
13. А куќите на Ерусалим и куќите на царевите јудејски – ќе бидат како местото Тофет: нечисти, зашто врз покривите на сите куќи кадеа на цалата војска небесна и извршуваа преливи на туѓи богови.
14. Тогаш дојде Јеремија до Тофет, каде што го беше испратил Господ да пророкува, и застана во дворот на домот Господен и му рече на сиот народ:
15. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – еве, ќе испратам врз овој град и врз сите нивни градови секакво зло, што го изреков против него, бидејќи тие се тврдоглави и не ги слушаат зборовите Мои.

20. Јеремија го пророкува Вавилонското ропство.

1. Кога Пасхор, синот Емеров, свештеник и надзорник во домот Господен, чу дека Јеремија ги изговорил тие пророчки зборови,
2. тој го удри пророкот Јеремија и го затвори во затворот, што беше до горните порти Венијаминови при домот Господен.
3. Но утредента Пасхор, го ослободи Јеремија од затворот и Јеремиј му рече: Господ те нарече не Пасхот, туку Магор Мисавив.
4. Оти вака рече Господ: еве, ќе те направам ужас за тебе самиот и за сите твои пријатели, и ќе паднат во бој од непријателите свои и очите твои ќе го видат тоа. И сиот Јуда ќе го предадам во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го одведе во Вавилон и ќе го убие со меч.
5. И ќе го прададам сето богатство на тој град, сиот имот негов и сите негови драгоцености; и сите ризници на царевите јудејски ќе ги дадам на неговите напријатели, што ќе ги разграбаат, ќе ги земаат и ќе ги однесат во Вавилон.
6. И ти Пасхоре, и сите, што живеат во твојата куќа, ќе отидете во ропство; ќе отидеш во Вавилон, таму ќе умреш и таму ќе бидеш погребан, ти и сите твои пријатели, на кои ти лажно им пророкуваше.
7. Господи, ти ме вовлекуваше, и јас сум вовлечен; Ти си посилен од мене и ме победи, а јас секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене.
8. Затоа, што ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за разорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен потсмев.
9. Па се сетив: нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го здржам – но не можев.
10. Бидејќи слушав шепотење од мнозина, закана – од секаде: кажете, велеа тие, и ние ќе го обвиниме. Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: <можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.” 11. Но со мене е Господ како страшен јунак; затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат, оти постапуваат неразумно; срамот ќе биде вечен, нема никогаш да биде заборавен. 12. Господи на силите, Ти го испитуваш праведникот и ја гледаш утробата и срцето негово. Дозволи да ја видам одмаздата Твоја над нив, зашто Тебе Ти го доверив делото свое. 13. Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Он ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците. 14. Проклет да е денот, во кој се родив; денот, во кој ме роди мојата мајка, нека не е благословен! 15. Проклет да е човекот кој ја пренесе веста до татака ми и му рече: „ти се роди син” и со тоа многу го зарадува. 16. И со тој човек да стане она, што стана со градовите, кои Господ ги разруши и не ги пожали; нека слуша тој пискот наутро и напладне - плач, 17. затоа што не ме уби уште во утробата, така што мајка ми да станеше мој гроб и утробата нејзина да останеше вечно бремена. 18. Зошто излегов од утробата, за да гледам маки и таги и денови мои да минуваат во срам?

21. Јеремиј го пророкува разурнувањето на Ерусалим.

1. Слово, кое дојде од Господа до Јеремија, кога царот Седекија го испрати до него Пасхора, синот Молхиев, и свештеникот Софонија, син Маасиев, за да му кажат:
2. „Прашај Го Господа за нас, зашто вавилонскиот цар Навуходоносор војува против нас; можеби Господ ќе направи со нас некое од своите чудеса, за да си отиде тој од нас!”
3. И им рече Јеремиј: ова кажете му го на Седекија –
4. вака вели Господ, Бог Израилев – еве, Јас ќе ги свртам назад воените оружја, кои се во вашите раце, со кои се биете со вавилонскиот цар и против Халдејците, што ве опседнуваат наоколу, надвор од ѕидовите и ќе ги поразам во средината на градот;
5. и Сам ќе војувам против вас со протегната рака и со силна мишка, со гнев и со јарост и со големо негодување;
6. И ќе поразам сè, што живее во тој град – и луѓето и добитокот; од голем помор ќе изумрат тие.
7. А потоа, вели Господ, јудејскиот цар Седекија, слугите негови, народот и сите избавени од помор во тој град, од меч и од глад ќе ги предадам во рацете на Навуходоносора, царот вавилонски, во рацете на нивните непријатели и во рацете на оние, што ја бараат душата нивна, и тој ќе ги сотре со остар меч и нема да ги поштеди, нема да ги пожали и нема да се смилостиви над нив.
8. Па кажи му на тој народ – вака вели Господ: еве, Јас ви предлагам пат кон живот и пат кон смрт,
9. оној, што ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад и од помор, а кој ќе излезе и им се предаде на Халдејците, што го опсадуваат, ќе биде жив, но душата негова ќе биде заробена место него;
10. зашто Јас го свртив лицето Свое против тој град, вели Господ, за зло, а не за добро; тој ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган.
11. Зборувај и кон домот на јудејскиот цар: чујте го словото Господово –
12. доме Давидов, така вели Господ: судете рано изутрина и избавете го угнетуваниот од рацете на угнетувачот, за да не избувне оган од јароста Моја и да се разгори поради вашите лоши дела, што никој не ќе може да го угасне.
13. Еве, Јас сум против тебе, ти што седиш, како на карпа во долината, вели Господ, против вас сум,вие кои велите: „кој ќе излезе против нас и кој може да влезе во нашите живеалишта?”
14. Но, Јас ќе ве казнам според плодовите на делата ваши, вели Господ, и ќе запалам оган во вашата гора; кој ќе проголта сè што постои околу неа.

22. Пророкување против царевите.

1. Вака вели Господ: слези во домот на царот Јудин, и речи го таму ова слово,
2. па кажи: чуј го словото Господово, царе јудејски, ти, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и луѓето твои, кои влегуваат низ овие порти.
3. Вака вели Господ: извршувајте суд и правда и спасувајте го угнетуваниот од рацете на угнетувачот и не притеснувајте го придојдениот, како ни сиракот ни вдовицата, и не проливајте невина крв на ова место.
4. Оти, ако го исполнувате ова слово, низ портите на овој дом ќе влегуваат цареви, што ќе седат место Давида на престолот негов, што ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и слугите нивни и луѓето нивни.
5. Ако, пак, не ги послушате овие зборови, се колнам во Себе, вели Господ дека овој дом ќе запустее.
6. Оти, така вели Господ за домот на јудејскиот цар: ти си за Мене Галад и ливански врв; Јас ќе направам од тебе пустиња, и градовите твои ќе станат ненаселени;
7. а ќе повикам против тебе истребители, секој со своето оружје – и тие ќе ги исечат твоите најубави кедри и ќе ги фрлат во оган.
8. И многу народи ќе минуваат низ овој град и ќе си прикажуваат еден на друг: „Зошто така постапи Господ со овој голем град?”
9. И ќе си одговорат – „затоа, оти тие го оставија заветот на Господа, својот Бог, и се поклонија на други богови и ним им служеа.”
10. Не плачете за умрениот и не жалете за него; туку горко плачете за оној, што оди во ропство, оти тој веќе нема да се врати и нема да го види својот роден крај.
11. Оти вака вели Господ за Салума, синот на јудејскиот цар Јосија, кој царуваше по татка си Јосија, и кој излезе од тоа место, тој веќе нема да се врати во него,
12. Но ќе умре таму, каде што го одведоа како роб, и нема веќе да ја види оваа земја.
13. Тешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби – со беззаконие, кој го присилува ближниот свој да му работи без награда и не му дава плата,
14. кој вели – ќе си направам голема куќа и широки одделенија, и кој отвора прозорци, ги обложува со кедар и ги бојадисува со црвена боја.
15. Мислиш ли да стенеш цар, откако си се оградил со кедар? Татко ти јадеше и пиеше, но вршеше суд и правда, па затоа му беше добро.
16. Тој го разгледуваше делото на беден и на сиромав, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа, дека ти Ме познаваш? – вели Господ.
17. Но твоите очи и твоето срце се свртени само кон корист за себеси и кон проливање невина крв, за да притеснуваш и присилуваш.
18. Затоа, вака вели Господ за Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија: нема да го оплакуваат – „о брате!” и „о сестро!”, нема да го оплакуваат: „о господаре!” и „о неговото величие!”
19. Како осел тој ќе биде погребен; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти.
20. Качи се на Ливан и извикај, подигни го гласот свој на Васан и викни од Аварин, зашто погубени се сите твои пријатели.
21. Јас ти зборував, кога ти беше добро, но ти рече: нема да послушам. Такво беше твоето поведение уште од младоста, дека ти не го слушаше гласот Мој.
22. Сите твои пастири ветар ќе ги одвее, а пријателите твои во ропство ќе отидат и тогаш ти ќе бидеш посрамен и нажален за сите твои злодела.
23. Ти, кој живееше на Ливан и си свил гнездо во кедрите, колку ли ќе офкаш, кога ќе те постигнат болки, како на жена која раѓа!
24. Жив сум Јас, вели Господ: да ми беше јудејскиот цар Јехониј, синот на Јоакома, прстен на десната рака Моја, и оттаму ќе те откинам,
25. и ќе те предадам во рацете на оние, кои ја бараат душата твоја, и во рацете на оние, од кои се плашиш, во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор и во рацете на Халдејците.
26. Па ќе те исфрлам тебе и твојата мајка, која те родила, во туѓа земја, каде што не сте се родиле, а таму ќе умрете.
27. А во земјата, каде што душата нивна сака да се врати, таму нема да се вратат.
28. „Зар тој човек, Јехониј, презрено суштество, е отфрлен и негоден сад, бидејќи тој и племето негово беа фрлени во земја што не ја познавале?”
29. О, земој, земјо, земјо, чуј го словото Господово!
30. Така вели Господ, запишете го овој човек како лишен од деца, како човек со злочести дни, зашто никој од племето негово веќе нема да седи на престолот Давидов и нема да владее во Јудеја.

23. Против лажните пастири.

1. Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ.
2. Затоа вака вели Господ, Бог Израилев, кон пастирите, кои го пасат народот Мој: вие ги растуривте овците Мои, ги упропастивте и не се грижите за нив; еве, Јас ќе ве казнам за вашите лоши дела, вели Господ.
3. И ќе го соберам остатокот од Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни, па ќе се плодат и ќе се размножуваат.
4. И ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се бојат, ниту ќе се плашат и нема да се губат, вели Господ.
5. Еве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе му издигнам на Давида фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата.
6. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израилот ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе го именуваат е „Господ – наше оправдание!”
7. Затоа, еве, идат дните, вели Господ, кога веќе нема да се зборува: „жив Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од земјата Египетска”,
8. туку „да е жив Господ, Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израилев од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил”, и тие ќе живеат во земјата своја.
9. Поради пророците срцето ми се кине во мене, сите коски ми се тресат, јас сум како пијан, како човек што го фатило виното, заради Господа и заради Неговите свети зборови,
10. зашто земјата се наполни со прељубници, и земјата плаче поради проклеството; се исушиле пасиштата по пустињите, зашто стремежот им е зло, а силата нивна – неправда;
11. бидејќи и пророкот и свештеникот се лицемерни: дури и во домот Мој го забележав бесчестието нивно, вели Господ.
12. Затоа патот нивни ќе биде лизгаво место во темнината – ќе ги туркаат и тие ќе паѓаат таму; оти Јас ќе испратам врз нив беда во годината, кога ќе ги посетам, вели Господ.
13. А кај пророците во Самарија видов безумие, тие пророкуваат во името на Ваала и го воведуваат во заблуда народот Мој, Израилот.
14. А кај пророците во Ерусалим гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови – како Гомор.
15. Затоа вака вели Господ Саваот за пророците: еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со жолчна вода, заради тоа што од ерусалимските пророци се разнесе осквернување по целата земја.
16. Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, е не она што доаѓа од устата Господова.
17. Тие постаојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: „Господ рече, мир ќе имате.” И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: „зло нема да ве снајде.”
18. Зашто, кој е тој што стоел во советот на Господа, па видел и го чул словото Негово? Кој внимавал на Неговото слово и кој го чул тоа?
19. Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците.
20. Гневот Господов нема да се одврати сè додека Он не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; во последните дни тоа наполно ќе го разберете.
21. Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа.
22. Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе ги објавеа на Мојот народ зборовите Мои и ќе ги отклонеа од нивниот лош пат и од нивните лоши дела.
23. Зар Јас сум Бог, кој само одблизу зборувам, вели Господ, а не Бог и од далеку?
24. Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? – вели Господ. Зар не го исполнувам Јас небото и земјата – вели Господ.
25. Јас слушав што зборуваат пророците, кои во името Мое пророкуваат лага. Тие велат: <ми се сони, ми се сони.” 26. Долго ли ќе трае тоа во срцето на пророците, кои пророкуваат лага, кои пророкуваат измама од срцата свои? 27. Мислат ли тие дека преку своите соништа, што си ги раскажуваат еден на друг, да го доведат Мојот народ дотаму што да го заборави името Мое, како што го заборавија татковците нивни името Мое заради Ваала? 28. Пророкот што видел сон, нека го раскаже како сон, а во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое. Што заедничко има плевата со пченицата, вели Господ. 29. Зар не е Моето слово како оган, вели Господ, и не е ли како чекан што крши карпа? 30. Затоа, еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои ги крадат зборовите Мои еден од друг. 31. Еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои го креваат својот јазик и велат: „Он рече.” 32. Еве, Јас сум против пророците на лажни соништа, вели Господ кои ги кажуваат и преку своите измами и итрини го заблудуваат, Мојот народ, кога Јас не сум ги пратил, ниту сум им заповедал; затоа тие не донесуваат никаква полза за тој народ, вели Господ. 33. Ако те праша тој народ, или пророк, или свештеник: какво е бремето од Господа? а ти кажи му - „вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам,” вели Господ. 34. Ако пророкот, или свештеникот, или народот каже: „тоа е бреме од Господа”, Јас ќе го казнам тој човек и домот негов. 35. Туку вака велите еден на друг и брат брату: „што одговори Господ?” или - „што вели Господ?” 36. А тој збор: „бреме од Господа”, не употребувајте го во иднина, зашто на таков човек бреме ќе му биде неговиот збор, бидејќи вие ги изопачувате зборовите на живиот Бог, Господа Саваота, нашиот Бог. 37. Вака вели му на пророк: „што ти одговори Господ?” или - „што рече Господ?” 38. Ако пак сè уште велите: „бреме од Господа”, тоа така вели Господ, поради тој збор што го кажувате - „бреме од Господа”, кога пак, Јас ве пратив да велите: не говорете - „бреме од Господа”, 39. еве затоа ќе ве заборавам наполно, ќе ве оставам и ќе го отфрлам од лицето Свое овој град, кој ви го дадов вам и на татковците ваши. 40. И врз вас ќе испратам вечна поруга и вечен срам, кој нема да се заборави.

24. Подобриот и полошиот дел од народот на Јуда.

1. Господ ми покажа: и, еве, две кошници со смокви, поставени пред храмот Господен, откако вавилонскиот цар Навуходоносор го изведе од Ерусалим заробениот јудејски цар Јехониј, синот Јоакимов, и јудејските кнезови со дрводелците и ковачите и ги одведе во Вавилон;
2. едната кошница беше полна со многу добри смокви, какви што се раните смокви, а втората
кошница – со смокви, многу лоши, кои поради лошиот вкус не можеа да се се јадат.
3. И ме праша Господ: што гледаш, Јеремиј? – Јас одговорив смокви; убавите смокви се многу добри, а лошите – многу лоши, така што не можат да се јадат, оти не се вкусни воопшто.
4. И би слово Господово до мене:
5. вака вели Господ, Бог Израилев – како овие добри смокви Јас ќе ги препознаам добрите преселници јудејски, што ги испратив од ова место во земјата Халдејска.
6. И ќе ги свртам кон нив очите Мои за нивно добро и ќе ги вратам во оваа земја, и ќе ги подигнам, нема да ги сосипам, и ќе ги посадам, а не да ги искоренам;
7. и ќе им дадам срце, за да Ме познаваат, дека Јас сум Господ, и тие ќе бидат Мој народ. Јас пак ќе им бидам нивни Бог, оти тие ќе се обрнат кон Мене од сè срце.
8. А за лошите смокви, кои не можат да се јадат поради нивниот вкус, така вели Господ: такви ќе ги направам јудејскиот цар Седекија и кнезовите негови, и другите ерусалимци, што ќе останат во оваа земја и што ќе живеат во Египетската земја;
9. и ќе ги предадам на зло и тешко страдање во сите земни царства, за поруга и за приказ, за потсмев и за проклетство по сите места, каде што ќе ги растурам.
10. Па ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не ги истребам од земјата, која им ја дадов ним и на татковците нивни.

25. Пропаста на Вавилон.

1. Слово што дојде до Јеремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, синот Јосиев. Тоа беше првата година на вавилонскиот цар Навуходоносор,
2. кои пророкот Јеремија го изрече пред сиот јудејски народ и пред сите ерусалимски жители, велејќи:
3. од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јосија, синот Амонов, па до денес, ете веќе дваесет и три години, доаѓа до мене слово Господово, и јас од рано утро ви зборував, но вие не послушавте.
4. Господ ги праќаше при вас сите Свои слуги – пророците, од рано утро ги испраќаше, и вие не послушавте и не го наклонивте увото свое за да слушате.
5. Вам ви велеа: „отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела и живејте во земјата, која Господ ви ја даде вам и на вашите татковци од векот довека;
6. и не одете по други богови, за да им служите и да им се клањате, и немојте да Ме разгневувате со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло.”
7. Но вие не Ме послушавте, вели Господ, и ме разгневувате со делата на рацете свои, за свое зло.
8. Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои,
9. еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош.
10. И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од веденичен камен и светлината од светило.
11. И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години.
12. А кога ќе се исполнат седумдесетте години, ќе го казнам вавилонскиот цар и оној народ, вели Господ, за нивното бесчестие, и земајта Халдејска ќе ја направам вечна пустиња.
13. И ќе ги исполнам над таа земја сите Мои зборови, што ги реков против неа, сè што е напишано во оваа книга, што Јеремиј пророчки го кажа против тие народи.
14. Оти и нив ќе ги поробат многубројните народи и големи цареви. И Јас ќе им платам според нивните постапки и според делата на рацете нивни.
15. Зашто така ми рече Господ, Бог Израилев: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, при кои ќе те пратам.
16. И тие нека пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе видат меч, што ќе го пратам против нив.
17. Ја зедов чашата од раката Господова и ги напоив од неа сите народи, при кои Господ ме прати:
18. Ерусалим и градовите јудејски, и царевите негови, и кнезовите негови, за да ги опустошам и направам ужас, потсмев и проклетство, како што се гледа сега;
19. Фараонот, египетскиот цар, слугите негови, кнезовите негови и сиот народ негов;
20. сиот измешан народ, и сите цареви на земјата Уц, и сите цареви на земјата Филистејска, Аскалон и Газа, Екрон и другите делови на Азот,
21. Едом, Моав и Амоновите синови,
22. сите цареви на Тир и сите цареви на Сидон, царевите над островите, што се наоѓаат отаде морето,
23. Дедана, Тема, Буза и сите што ги потстрижуваат зулуфите свои,
24. сите цареви на Арабија и сите цареви на народите од разни племиња, кои живеат во пустињата,
25. сите цареви на Зимврија и сите цареви на Елам, сите цареви на Мидија,
26. сите цареви на север, што се блиски еден до друг, а и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата, а царот на Сесах ќе пие по нив.
27. Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас.
28. Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот – морате да пиете.
29. Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете неказнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот.
30. Затоа пророкувај им ги сите овие зборови и кажи им: Господ ќе загрми од висините и од своето свето живеалиште; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата.
31. Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Он ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ.
32. Така вели Господ Саваот – ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни.
33. А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата.
34. Плачете пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто се исполнија деновите ваши, за да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад.
35. и не ќе има прибежиште за пастирите и спас – за водачите на стадото.
36. Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нивни.
37. Јароста на гневот Господен ќе ги истреби мирните трла.
38. Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустиња од јароста на опустошителот и од Неговиот пламенен гнев.

26. Јеремијина беседа за покајание.

1. Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев, дојде ова слово од Господа –
2. вака вели Господ: застани во дворот на домот Господен и кажи им на сите градови во Јудеја, кои доаѓаат да се поклонат во домот Господен, сите оние зброви што ќе ти заповедам да им ги кажеш; ниеден збор да не пропуштиш.
3. Можеби, тие ќе те послушаат и ќе се отклонат секој од својот лош пат, па тогаш Јас ќе го одменам злото, што сум намислил да им го направам за нивните лоши работи.
4. И речи им – вака вели Господ: ако не Ме послушате, и не одите по Мојот закон, што ви го дадов,
5. и не ги примате зборовите на Моите слуги, пророците, кои ги праќам при вас, а ги праќам од рано утро, и кои вие не ги слушате –
6. тогаш со овој дом ќе го направам исто она, што со Силом, и овој град ќе го предадам на проклетство на сите земни народи.
7. Свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Јеремија, кога ги зборуваше овие зборови во домот Господен.
8. А кога Јеремија кажа сè, што му беше заповедал Господ да му каже на сиот народ, тогаш свештениците и пророците и сиот народ го фатија и рекоа: „заслужуваш смрт,
9. оти пророкуваш во името на Господа и велиш – овој дом ќе стане како Силом, и овој град ќе запустее и ќе остане без жители?” И сиот народ се собра околу Јеремија во домот Господен.
10. Кога го чуја тоа кнезовите јудејски, дојдоа од царскиот дом, во домот Господен и седнаа пред влезот на новите порти на домот Господен.
11. Тогаш свештениците и пророците вака им рекоа на кнезовите и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, затоа што пророкува против овој град; а тоа го чувте со ушите свои!”
12. И им рече Јеремија на сите кнезови и на сиот народ: „Господ ме прати да пророкувам против овој дом и против овој град со сите зборови, што ги чувте;
13. па така, исправете ги патиштата и делата ваши и послушајте го гласот на Господа, вашиот Бог, и Господ ќе го одмени злото, што го изрече против вас.
14. А што се однесува до мене, еве, јас сум во ваши раце; правете со мене, што сметате дека е добро и право;
15. само знајте добро, дека, ако ме убиете, ќе земете невина крв врз себе и врз овој град и врз жителите негови, оти навистина, Господ ме прати при вас да ви ги кажам на ушите ваши сите овие зборови.”
16. Тогаш кнезовите и сиот народ им рекоа на свештениците и на пророците – овој човек не потпаѓа под смртна пресуда, затоа што тој ни зборува во името на Господа, нашиот Бог.
17. И некои од старешините месни станаа и му зборуваа на целото собрание:
18. „Михеј од Мораст пророкуваше во деновите на јудејскиот цар Езекија и му зборуваше на сиот јудејски народ: вака вели Господ Саваот – Сион ќе биде разорен како нива, и Ерусалим ќе стане куп урнатини, и гората на овој дом како шумовит рид.
19. Па зар го уби заради тоа јудејскиот цар Езекиј и цела Јудеја? Па зар не се уплаши тој од Господа и зар не го замоли Господа, и Господ го одмени злото, што беше го изрекол против нив; а треба ли ние сега да навлечеме такво големо зло врз душите свои?
20. Пророкуваше во името на Господа и некој Уриј, синот на Семаја, од Киријат – Јарим, и тој пророкуваше против овој град и против оваа земја со истите зборови, како сега Јеремиј.
21. Кога ги чу тие зборови, царот Јоаким и сите негови големодостојници, и сите кнезови, побара да го убијат. А кога го разбра тоа, Уриј се уплаши и побегна, па отиде во Египет.
22. Но царот Јоаким испрати по него луѓе и во Египет: Елнатана, синот Ахборов, и неко други со него.
23. И го изведоа Урија од Египет, па го доведоа при царот Јоакима, и тој го уби со меч, а трупот негов го фрли кај гробиштата на обичните луѓе.”
24. Но раката на Ахикама, синот Сафанов, беше покрај Јеремија и не го даде во рацете на народот, за да биде убиен.

27. Јеремија ги повикува царевите да се покорат под јаремот на Вавилон.

1. Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоакима, син Јосиев, би слово Господово до Јеремија.
2. Вака ми рече Господ: направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот.
3. И прати исто такви до идумејскиот цар, до моавскиот цар, до царот на синовите Амонови, до тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници, што дошле во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија,
4. и порачај им да им кажат на господарите свои – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев -кажете им го ова на вашите господари:
5. ја создадов земјата, човекот и животните, што се по земјината топка, со големата своја сила и со Својата крената мишка, па му ја давам на оној, кому сакам.
6. А, еве, сега, сите тие земји ги предавам во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, дури и ѕверовите полски му ги предава, за да му служат.
7. И сите народи ќе му служат нему и на синот негов, и на внукот негов, сè додека дојде
времето на земјата негова и на него самиот, и ќе му служат многу народи и големи цареви.
8. А, ако некој народ и некое царство не ќе сака да му служи на вавилонскиот цар Навуходоносора и нема да го свитка вратот под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ Јас ќе го казнам со меч, со глад и со помор, вели Господ, додека не го истребам преку раката негова.
9. А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, кои ви велат: „Нема да му служите на вавилонскиот цар.”
10. Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете.
11. А оној народ, што ќе го подведе вратот свој под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја, вели Господ, и тој ќе си ја обработува и ќе живее во неа.
12. И на јудејскиот цар Седекија Јас му ги кажав истите зборови, велејќи: наведнете го вратот под јаремот на вавилонскиот цар и служете му нему и на народот негов, па ќе бидете живи.
13. Зошто да умреш ти и народот твој од меч, од глад и од помор, како што вели Господ за овој народ, што не сака да му служи на вавилонскиот цар?
14. И немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви велат: „нема да му служите на вавилонскиот цар”, зашто тие ви пророкуваат лага.
15. Јас не сум ги пратил, вели Господ; и тие лажно пророкуваат во Мое име, за да ве изгонам и да загинете, вие и пророците ваши, кои ви пророкуваат.
16. Им зборував и на свештениците и на сиот овој народ – вака вели Господ: не слушајте ги зборовите на вашите пророци кои ви пророкуваат и велат: „еве, наскоро ќе бидат вратени од Вавилон садовите на домот Господен”, бидејќи тие ви пророкуваат лага.
17. Не слушајте ги, туку служете му на вавилонскиот цар и живејте; зошто да го доведете овој град до запустување?
18. Ако се, пак, тие пророци, и ако во нив има слово Господово, нека се молат пред Господа Саваота, па садовите што станале во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим, и да не се однесат во Вавилон.
19. Оти вака вели Господ Саваот: за столбовите и за морето, и за подножјата како и за другите работи, што останаа во овој град,
20. а кои вавилонскиот цар Навуходоносор не ги зеде, кога го одведе во ропство јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, царот јудејски од Ерусалим и сите старешини во Вавилон,
21. зашто вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за садовите што останаа во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим:
22. тие ќе бидат однесени во Вавилон и таму ќе останат, сè додека ве посетам, вели Господ, и ве изведам и ве вратам во ова место.

28. Лажниот пророк Ананија.

1. Во истата година, во почетокот на царувањето на јудејскиот цар Седекиј, во четвртата година, во петтиот месец, Ананија, синот Азуров, пророк од Гаваон, зборуваше во домот Господен пред свештениците и сиот народ, велејќи:
2. – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар;
3. по две години ќе ги вратам во ова место сите садови од домот Господен, кои вавилонскиот цар Навуходоносор ги зеде одовде и ги однесе во Вавилон.
4. и јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, и сите заробени Јудејци, што отидоа во Вавилон, ќе ги вратам на ова место, вели Господ; бидејќи ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.
5. И му рече пророкот Јеремија на пророкот Ананија пред сите свештеници и пред сиот народ, што стоеше во домот Господен,
6. па кажа пророкот Јеремија: нека биде така, нека го изврши тоа Господ, нека ги исполни Господ зборовите твои што ги изрече за враќањето од Вавилон, на садовите од домот Господен на ова место, и за сите заробени!
7. Само чуј го зборот што ќе ти го кажам, чуј го ти, а нека го чуе и сиот народ;
8. пророрците, што беа пред мене и пред тебе, им претскажуваа на многу земји и на големи царства – војна, беда и помор.
9. Ако некој пророк претскажал мир, само тогаш тој бил признаван за пророк, навистина испратен од Господа, кога ќе се исполни зборот на тој пророк.
10. Тогаш пророкот Ананија го зеде јаремот од вратот на пророкот Јеремија и го скрши.
11. И рече Ананија пред сиот народ: „вака вели Господ – ете, така ќе го строшам јаремот на вавилонскиор цар Навуходоносора по две години, откако ќе го извадам од вратот на сите народ. Тогаш си отиде Јеремија по својот пат.
12. И би слово Господово до Јеремија, откако пророкот Ананија го скрши јаремот од вратот на пророкот Јеремија:
13. оди и кажи му на Ананија – вака вели Господ: ти го скрши дрвениот јарем, но место него направи железен.
14. Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израилев: железен јарем ќе им ставам на вратот на сите овие народи за да му работат на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тие ќе му служат; дури и ѕверовите полски нему му ги предадов.
15. Па му рече пророкот Јеремија на пророкот Ананија: слушај, Ананија, Господ не те пратил, и ти лажна надеж му даваш на овој народ.
16. Затоа, вака вели Господ: еве, Јас ќе те исфрлам од лицето на земјата; уште во текот на оваа година ќе умреш, бидејќи зборуваш против Господа.
17. И умре пророкот Ананија во таа година во седмиот месец.

29. Писмото од Јеремија до заробените Јудејци во Вавилон.

1. Еве ги зборовите од писмото, кое пророкот Јеремија го испрати од Ерусалим до другите старешини меѓу преселените, до свештениците, до пророците и до сиот народ, кој Навуходоносор беше го одвел од Ерусалим во Вавилон,
2. откако беа излегле од Ерусалим царот Јехонија, царицата, дворјаните, кнезовите на Јудеа и на Ерусалим, дрводелците и ковачите,
3. преку Елеаса, синот Сафанов, и преку Гамарија, синот Хелкиев, кои јудејскиот цар Седекија ги испрати во Вавилон до вавилонскиот цар Навуходоносора,
4. – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, до сите заробени, кои Јас ги преселив од Ерусалим во Вавилон –
5. правете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете ги плодовите нивни;
6. женете се и раѓајте синови и ќерки; и на синовите земајте им жени и ќерките и мажете ги, за да раѓаат синови и ќерки, па размножувајте се таму, а не да се намалувате.
7. Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; оти, ако му е нему добро, и вие ќе имате мир.
8. Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израилев: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите бајачи; и не верувајте им на соништата што ги сонувате.
9. Лажно ви пророкуваат во Мое име; Јас не сум ги пратил, вели Господ.
10. Бидејќи така вели Господ – кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор за вас, за да ве вратам на ова место.
11. Оти само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж.
12. Па ќе повикате по Мене, ќе појдете и ќе Ме замолите, и Јас ќе ве чујам;
13. ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сè срце.
14. Ќе Ме најдете, вели Господ, и ќе ве вратам од ропство и ќе ве соберам од кај сите народи и од сите мсета, каде што ве изгонив, вели Господ, и ќе ве вратам онаму, од каде што ве преселив.
15. Вие велите: „Господ ни издигна пророци и во Вавилон.”
16. Така вели Господ за царот, кој седи на Давидовиот престол, и за сиот народ, што живее во тој град; за браќата ваши, што не се одведени со вас во ропство.
17. Вака вели Господ Саваот за нив – еве, ќе испратам врз нив, меч, глад и помор и ќе ги направам како лошите смокви, што не можат да се јадат поради негодниот вкус;
18. и ќе ги гонам со меч, глад и помор и ќе ги предадам на зло кај сите земни царства, за проклетство и ужас, за потсмев и навреда меѓу сите народи, каде што ќе ги оттерам,
19. поради тоа што не ги слушаа зборовите Мои, вели Господ, што ги праќав до нив преку слугите Мои, пророците, ги праќав од рано утро, но не послушавте, вели Господ.
20. А вие, сите преселиен, што ве пратив од Ерусалим во Вавилон, чујте го словото Господово:
21. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за Ахава, синот на Колија, и за Седекија, синот на Масеа, кои ви пророкуваат лага во Мое име: еве, Јас ќе ги предадам во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тој ќе ги убие пред очите ваши.
22. И сите преселени Јудејци, кои се во Вавилон, ќе се научат од нив да колнат: „Да ти направи Господ, како што им направи на Седекија и на Ахава, кои вавилонскиот цар ги изгоре на оган,”
23. поради тоа што вршеа гнасни работи во Израилот: прељубодејствуваа со жените на ближните свои и во Мое има кажуваа лага, што не сум им заповедал; Јас го знам тоа и Сам сум сведок, вели Господ.
24. И на Семаја од Елам речи му:
25. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: поради тоа што во свое име праќаше писма до сиот народ во Ерусалим и до свештеникот Софонија, син Масејев, и до сите свештеници, велејќи:
26. Господ те поставил за свештеник место свештеникот Јодај, за да бидеш меѓу надзорниците во домот Господен, та секој што беснее и пророкува, да го затвориш и да го ставиш во клада.
27. Зошто не му забраниш на Јеремија од Анатот да пророкува кај вас?
28. Заради тоа и до нас во Вавилон испрати да кажат: <ропството ќе трае долго - правете куќи и живејте во нив, обработувајте ги градините и јадете ги плодовите нивни.” 29. Кога свештеникој Софониј го прочите тоа писмо на глас пред пророкот Јеремиј, 30. тогаш би слово Господово до Јеремија: 31. Испрати, па кажи им на сите преселени - вака вели Господ за Семаја од Елам - бидејќи Семаја пророкува кај вас, а Јас не сум го пратил, и ви кажува лажна надеж, 32. затоа, вака вели Господ: еве, ќе го казнам Семаја од Елам и племето негово; ќе нема од него човек да живее меѓу овој народ и нема да го види доброто, што ќе му го направам на Мојот народ, вели Господ - оти тој зборува против Господа.

30. Пророкување за спасувањето на Израилот и на Јуда.

1. Слово Господово што дојде до Јеремија –
2. вака вели Господ, Бог Израилев: запиши ги во книга сите зборови, што ти ги кажав.
3. Оти, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе го вратам од ропство Мојот народ, Израилот и Јуда, вели Господ; и повторно ќе ги доведам во земјата, која им ја дадов на татковците нивни, и тие ќе ја владеат.
4. А еве ги зборовите, што ги изрече Господ за Израилот и за Јуда.
5. Вака вели Господ: глас од смут и ужас слушаме ние, а не мир.
6. Прашајте и размислете: раѓа ли маж? А зошто гледам при секој човек рацете да му се на бедрата како при жена, кога раѓа, и лицата на сите да им се бледи?
7. О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јакова, но тој ќе биде избавен од него.
8. И во оној ден, вели Господ Саваот, ќе го здробам јаремот негов, што му е околу вратот, и твоите окови ќе ги раскинам; па повеќе нема да служи на туѓинци,
9. туку ќе Му служите на својот Господ Бог и на царот свој Давида, кого што ќе им го издигнам.
10. И ти, слуго мој Јакове, не бој се, вели Господ, и не плаши се, Израилу, оти еве, Јас ќе те избавам тебе од земјата далечна и племето твое – од земјата на ропството; па ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно и нема никој да го заплашува,
11. оти Јас сум со тебе, вели Господ, за да те избавувам: Јас наполно ќе ги истребам сите народи, меѓу кои те прогонив, но тебе нема да те истребам; ќе те казнам по мерка, но неказнет нема да те оставам.
12. Оти така вели Господ: твојата рана не е излечива, болката ти е жестока;
13. никој не се грижи за твоето дело, за да ти ја излекува раната твоја; за тебе лек нема;
14. сите пријатели твои те заборавија, не те бараат, бидејќи Јас те удрив со непријателски удари, со жестока казна за многуте твои беззаконија, бидејќи гревовите твои се намножија.
15. Зошто викаш поради раните свои, од лутина на твојата болест? За многуте твои беззаконија ти го направив тоа, оти гревовите твои се намножија.
16. Но сите, што те голтаат, ќе бидат проголтани; и сите твои непријатели – ќе појдат во ропство, и твоите опустошители ќе бидат опустошени, и сите твои грабачи ќе ги предадам на грабеж.
17. Ќе ги обложам и ќе ги излекувам твоите рани, вели Господ. Тебе те нарекуваа отфрлен, велејќи: „еве го Сион, за кого никој не прашува.”
18. Така вели Господ: еве, ќе ги вратам заробените од шаторите на Јакова и ќе се смилувам на нивните живеалишта, и градот пак ќе биде изграден на својот рид, а и храмот ќе биде обновен, како што си беше.
19. И ќе се крене од нив благодарност и глас на весели луѓе; и Јас ќе ги размножам, и нема да се намалуваат, па ќе ги прославам, и нема да бидат понизени.
20. И синовите негови ќе бидат како порано, и собранието негово ќе стои пред Мене, а ќе ги казнам сите негови насилници.
21. И ќе излезе од него водач, и владетел негов ќе произлезе од него; и Јас ќе го привлечам, па ќе доје при Мене; оти кој е тој што сам од себе пристапува до Мене? – вели Господ.
22. И вие ќе бидете Мој народ, а Јас ќе ви бидам Бог.
23. Еве, виорот на јароста од Господа доаѓа, виор страшен; ќе падне врз главите на безбожниците.
24. Пламениот гнев на Господа нема да отстапи, сè додека не ја изврши и не ја исполни замислата на срцето Свое. Во последните дни ќе го разберете тоа.

31. Второ пророкување за идното спасение на Израилот и на Јуда и за новиот завет.

1. Во тоа време, вели Господ, Јас ќе им бидам Бог на сите племиња Израилеви, а тие ќе бидат Мој народ.
2. Така вели Господ: народот, што се спасил од меч, најде милост во пустињата; одам да го успокојам Израилот.
3. Оддалеку ми се јави Господ и ми рече: со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.
4. Јас пак ќе те кренам, и ти ќе биде обновена, девојко Израилева, па ќе ги земеш тимпаните свои и ќе излезеш на собор со оние што играат;
5. пак ќе садиш лоза по самариските височини; лозарите, што ќе ги садат, сами и ќе се користат од нив.
6. Оти ќе дојде ден, кога стражата на планината Ефремова ќе извика: „станувајте да се искачиме на Сион при нашиот Господ Бог.”
7. Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јакова и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ Твојот народ, остатокот од Израилот!
8. Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краишта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив – големо множество ќе се врати овде.
9. Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги поведам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој нема да се сопнуваат; бидејќи Јас сум отец на Израилот, и Ефрем е Мојот првороден.
10. Чујте го, народи, словото Господово и разгласете го по островите далечни и кажете: Оној што го расеа Израилот, Он и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо;
11. оти Господ ќе го откупи Јакова и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него.
12. И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, виното и елејот, кон јагнињата и воловите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат.
13. Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка.
14. И ќе ја нахранам душата на свештениците со мрс, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Господ.
15. Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахил плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, оти ги нема.
16. Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои – од солзи, оти за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вартат од непријателската земја.
17. И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вратат во пределите свои.
18. Го слушам Ефрема како плаче: „Ти ме казни, и јас сум казнет како нескротен јунец; сврти ме – и ќе се свртам, зашто ти си мој Господ Бог.
19. Кога се обрнав, јас се покајав; кога бев вразумен, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.”
20. Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Оти, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ.
21. Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девојко Израилева, враќај се во тие твои градови.
22. Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничка? Оти Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го спаси мажот.
23. Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во иднина, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: „Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!”
24. И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и они што пасат стада.
25. Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа.
26. Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен.
27. Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израилев и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток.
28. И како што внимавав за нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе внимавам на нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ.
29. И тогаш, нема да велат веќе: „Татковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат оскомина.”
30. Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат оскомина.
31. Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет.
32. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од Египетската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ.
33. Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.
34. И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: „познајте Го Господа”, оти сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам.
35. Така вели Господ, Кој го определи сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, и брановите негови да бучат; Господ Саваот е името Негово.
36. Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израилево ќе престане да биде народ пред Мене за секогаш.
37. Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе Израилево, за сè она, што го правеа, вели Господ.
38. Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Господа, од кулата на Анамеила до Аголната порта,
39. и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Гарив и ќе свие кон Гоат.
40. И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кедрон, до аголот на Коњската порта спрема исток, ќе биде светиња Господова; нема да се разрушува и нема да се расипува довека.

32. Јеремија добива ветување Божјо дека Израилот ќе се спаси.

1. Слово Господово што дојде до Јеремија во десеттата година на јудејскиот цар Седекија; таа година беше осумнаесеттата година на Навуходоносора.
2. Тогаш војската на вавилонскиот цар го опсадуваше Ерусалим, а пророкот Јеремија беше
затворен во стражарницата, што се наоѓаше при домот на јудејскиот цар.
3. Јудејскиот цар Седекија го затвори таму, откако рече: „Зошто пророкуваш и велиш – така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе;
4. и Седекија, јудејскиот цар, нема да избега од рацете на Халдејците, туку бездруго ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и ќе зборува со него уста во уста, и очите негови ќе ги видат неговите очи;
5. и тој ќе го одведе Седекија во Вавилон, каде што и ќе остане, додека не го посетам, вели Господ. Ако се борите против Халдејците, нема да победите?”
6. И рече Јеремија: такво беше словото Господово до мене.
7. Еве, Анамеил, синот на твојот чичко Салума, доаѓа при тебе да ти каже: купи ја нивата моја, што се наоѓа во Анатот, зашто, според родбинското право, тебе ти се паѓа да ја купиш.
8. И Анамеил, синот на мојот чичко, дојде при мене, според словото Господово, во стражарницата и ми рече – купи ја мојата нива во Анатот, во земјата на Венијамина, зашто правото на наследство е твое и куповното право е твое: купи ја. Тогаш разбрав дека тоа беше слово Господово.
9. И ја купив од Анамеила, синот на мојот чичко, нивата во Анатот, и му измерив седум сикли сребро и десет сребреници;
10. И запишав во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив.
11. Па ја зедов потврдата за купопродавање, потпечатена според законот, и наредбата, и така, отворено,
12. му ја дадов потврдата за купување на Варуха, синот на Нирија, Маасеев син, пред очите на Анамеила, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата;
13. и му заповедав на Варуха во нивно присуство;
14. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – земи ја оваа книга, договоров за купопродавање, која е потпечатена и оваа отворена книга, и стави ги во глинен сад, за да останат таму долго време.
15. Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во ова земја пак ќе се купуваат куќи, ниви и лозја.
16. И откако му ја предадов на Нириевиот син Варуха купопродажната потврда, јас се помолив на Господа:
17. „О, Господи Боже, Ти го создаде небото и земјата со силата Твоја голема и со крената мишка; за Тебе не постои ништо невозможно;
18. Ти покажуваш милост на илјадници и за гревовите на татковците нивни им отплаќаш на децата нивни по нив: Боже Велики, Силни, на Кого името Му е Господ Саваот.
19. Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки, за да отплатува секому според патиштата негови и според плодовите на делата негови,
20. Кој изврши чудеса и покажа знаци во земјата Египетска, а извршуваш и до денес во Израилот и меѓу сите луѓе, и Си создаде име, како во оној ден,
21. па го изведе Твојот народ Израилот од земјата Египетска со знаци и чудеса, со силна рака и крената мишка и со голем страв.
22. И им ја даде оваа земја, која со клетва им ја беше ветил на татковците нивни, дека ќе им ја дадеш, земја, каде што тече мед и млеко.
23. Ти влегоа и ја наследија, но не го слушаа гласот Твој и не одеа по законот Твој, не вршеа што им беше заповедал Ти да прават, па заради тоа Ти го испрати врз нив сево ова зло.
24. Еве, насипите дојдоа до градот, за да го преземат; и од меч, глад, и од помор градот ќе се предаде во рацете на Халдејците, кои се борат против него; сè што рече Ти, се исполнува, и, еве, Ти го гледаш тоа.
25. Ти, Господи Боже, ми рече: купи си нива за сребро и повикај сведоци тогаш, кога градот се предава во рацете на Халдејците.”
26. И би слово Господово до Јеремија: –
27. Еве, Јас сум Господ, Бог на секоја плот; има ли нешто, што не е можно за Мене?
28. Затоа, вака вели Господ: еве, Јас го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тој ќе го преземе,
29. и ќе влезат Халдејците, што го опсадуваат овој град, ќе го запалат градот со оган и ќе го изгорат него и куќите, под чии стреи се вознесувало кадење на Ваала и се извршувал прелив на туѓи богови, за да Ме разгневуваат.
30. Оти синовите Израилеви и синовите Јудини уште од младоста своја само зло вршеа пред очите Мои; синовите Израилеви Ме разгневуваа со делата на рацете свои, вели Господ.
31. И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сè до денес, за да го отфрлам од лицето Свое
32. за сето зло на синовите Израилеви и на синовите Јудини, кои, за да Ме разгневуваат, го правеа тие, царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим.
33. Па Ми го свртија грбот, место лицето и, кога ги учев, ги учев од рано утро, но тие не сакаа да примат поука,
34. и во домот, во кој се призима името Мое, ги поставија своите гнасни работи и го осквернија.
35. Во долината на Еномовите синови изградија незнабожечко светилиште на Ваала, за да ги принесуваат синовите свои и ќерките свои во чест на Молоха, што не сум им заповдал, и на ум не ми идело, дека тие ќе ги вршат тие гнасни работи, воведувајќи го Јуда во грев.
36. Но сега, вака вели Господ, Бог Израилев, за овој град, за кој вие велите: „Со меч, глад и помор се предава во рацете на вавилонскиот цар”,
37. еве, Јас ќе ги соберам од сите страни, во кои бев ги расеал во гневот Свој во јароста Своја и во големото негодување, па ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно.
38. Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог.
39. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во текот на сите дни од животот нивни, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив.
40. Па ќе склучам со нив вечен завет, според кој нема да се одвратам од нив и ќе им правам добрини, и ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не отстапуваат од Мене.
41. И ќе се радувам за нив, правејќи им добро, и ќе ги населам цврсто на оваа земја – од сè срце и од сета душа.
42. Зашто така вели Господ: како што го испратив ова големо зло врз оној народ, така ќе испратам врз нив секакво добро што го изреков за нив.
43. И тие ќе купуваат ниви во оваа земја, за која велат: „тоа е пустиња, без луѓе, без добиток; таа е предадена во рацете на Халдејците;”
44. ќе купуваат ниви за сребро, ќе потпишуваат купопродажни книги, ќе ги потпечатуваат и ќе повикуваат сведоци – во земјата на Венијамина, во ерусалимската околина и во градовите на Јуда, во планинските градови, во градовите на полето и во јужните градови; бидејќи ќе ги вратам заробените нивни, вели Господ.

33. Пророкување за вечниот завет.

1. И вторпат би слово Господово до Јеремија, кога беше тој затворен во стражарницата –
2. вака вели Господ, Кој ја создаде земјата, Господ, Кој ја уреди и зацврсти, – Кому Му е името Господ:
3. повикај кон Мене, и Јас Ќе ти одговорам, ќе ти покажам нешто големо и недостапно, нешто, што ти не го знаеш.
4. Оти, така вели Господ, Бог Израилев, за куќите на овој град и за куќите на јудејските цареви, што ќе се урнат за окопи и за борби.
5. Оние, што дојдоа да се борат против Халдејците, за да ги исполнат домовите со трупови на луѓе, кои Јас во Својот гнев и во јароста Своја ќе ги поразам и поради чие беззаконие Јас го сокрив лицето од тој град.
6. Еве, Јас ќе ги излекувам, ќе ги исцелам и ќе им откријам изобилие на мир и вистина,
7. ќе ги вратам заробените на Јуда и заробените на Израилот и ќе ги зацврстам како порано,
8. ќе ги исчистам од секое нивно беззаконие, со кое згрешија пред Мене, и ќе им ги простам сите нивни гревови, со кои се огрешија пред Мене и остастапија од Мене.
9. И Ерусалим ќе биде за Мене радосно име, похвала и чест, пред сите земни народи, што ќе чујат за сите добра, какви што ќе им давам и ќе се уплашат и ќе затреперат од сите добра и од секаков благослов, што ќе им го дадам.
10. Така вели Господ: на ова место за кое вие велите – „тоа е пусто, без луѓе и без добиток”, во јудејските градови и во ерусалимските улици, кои се пусти, без луѓе, без жители, без добиток,
11. пак ќе се слуша глас од радост и глас од веселба, глас на младоженец и глас на невеста, глас на оние што велат: „славете Го Господа Саваота, зашто е благ Господ, зашто е милоста Негова вечна”, и глас на оние што принесуваат благодарствена жртва во домот Господен; бидејќи Јас ќе ги вратам заробените од оваа земја во нивната поранешна состојба, вели Господ.
12. Така вели Господ Саваот: во ова место, кое е пусто – без луѓе, без добиток, и во сите негови градови пак ќе има живеалишта на пастири, што ќе ги доведуваат стадата свои на одмор.
13. Во планинските градови, во градовите по полето и во јужните градови, во земјата на Венијамина, во ерусалимските предградија и во градовите Јудини пак ќе врват стада под раката на оној што ќе ги пребројува, вели Господ.
14. Еве настапуваат дни, вели Господ, кога ќе го исполнам ова добро слово, што го изреков за домот Израилев и за домот на Јуда.
15. Во тие дни и во тоа време ќе благословам на Давида да му израсте Подмладок на правдата, и Он ќе изврши суд и правда на земјата.
16. Во тие дни Јуда ќе биде спасен, и Ерусалим ќе живее безопасно и ќе Му стават име: „Господ е наша правда!”
17. Оти, така вели Господ: нема да снема маж при Давида, што не ќе седи на престолот во домот Израилев,
18. и кај левитските принесувачи на жртви нема да снема пред лицето Мое човек, кој преку сите дни да не вознесува сепаленица, да изгорува приноси и да принесува жртви.
19. И би слово Господово до Јеремија –
20. вака вели Господ: ако можете да го разрушите заветот Мој со денот и заветот Мој со ноќта, така што денот и ноќта да не се сменуваат во определеното време,
21. тоа тогаш ќе можете да го разрушите и заветот Мој со Мојот слуга Давида, така што да
нема при него син, што ќе царува на неговиот престол, а исто така и со левитите -свештеници, служители Мои.
22. Како што е небесната војска безбројна, и песокта морска неизброива, така ќе се размножи племето на Мојот слуга Давида и на левитите кои Ми служат.
23. И би слово Господово до Јеремија:
24. зар не гледаш, дека овој народ вели – „двете племиња, кои Господ ги избра, Он ги отфрли”, и со тоа тие го презираат Мојот народ како веќе да не е народ Мој пред очите нивни?
25. Така вели Господ: да не бев го утврдил заветот Мој со денот и ноќта и наредбите на небото и на земјата,
26. тоа тогаш и племето на Јакова и на Мојот слуга Давида, ќе го отфрлев, за да не земаат веќе од неговото племе владетели, за племето на Авраама, и Исака, и Јакова, бидејќи ќе ги вратам нивните заробени и ќе ги помилувам.

34. Царот Седекија е казнет заедно со народот.

1. Слово што дојде до Јеремија од Господа, кога вавилонскиот цар Навуходоносор, сета војска негова, сите земни царства, подвластени под негова рака, и сите народи се бореа против Ерусалим и против сите негови градови –
2. Така вели Господ Бог Израилев: оди, кажи му на јудејскиот цар Седекиј и речи му – вака вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган;
3. и ти нема да избегаш од рацете негови, туку ќе бидеш фатен и предаден во рацете негови и очите твои ќе ги видат очите на вавилонскиот цар, и устата негова ќе ѝ зборува на твојата уста, па ќе појдеш во Вавилон.
4. Ислушај го словото Господово, царе јудејски, Седекија. Вака вели Господ за тебе – ти нема да умреш од меч;
5. ти ќе умреш во мир, како и таковците твои, царевите поранешни, кои беа пред тебе и за кои при погребението гореа благопријатни мириси, така ќе горат и за тебе и ќе те исплачат – „о, господаре!” заради тоа што Јас го реков овој збор, вели Господ.
6. Пророкот Јеремија му ги кажа сите овие зборови на јудејскиор цар Седекија во Ерусалим;
7. а војската на царот вавилонски удираше на Ерусалим и против сите јудејски градови, кои уште се држеа, против Лахис и Азек; бидејќи од јудејските градови само тие останаа поцврсти.
8. Слово Господово што дојде до Јеремија, откако царот Седекија склучи договор со сиот народ, што беше во Ерусалим, за да прогласат слобода,
9. па секој да го пушти својот роб на слобода и робинката, Евреин и Еврејка, така што никој од нив да не го држи во ропство, Јудеецот братот свој.
10. И послушаа сите кнезови и сиот народ, што беа пристапиле кон заветот, така што секој да го отпушти на слобода својот роб и секој – робинката своја, па во иднина да не ги држат како робови; послушаа и ги отпуштија.
11. Но потоа, откако размислија, почнаа да ги враќаат робовите и робинките, што беа ги пуштиле на слобода, и ги принудија пак да бидат робови и робинки.
12. И би слово Господов до Јеремија:
13. така вели Господ, Бог Израилев: Јас склучив завет со вашите татковци, кога ги изведов од Египетската земја и од домот на ропството, па реков –
14. „Во крајот на седмата година отпуштај го братот свој Евреин, кој ти се продал; нека ти работи шест години, а потоа отпушти го од кај тебе на слобода.” Но татковците ваши не го приклонија увото свое и не Ме послушаа.
15. Вие сега се повративте и постапивте справедливо пред очите Мои, што му објавивте секој од вас на ближниот свој слобода, и склучивте пред Мене завет во домот, над кој се призовува името Мое;
16. но отпосле се предомисливте и го обесчестивте името Мое, па ги зедовте назад секој својот роб и секој својата робинка, кои бевте ги пуштиле на слобода, кому каде му беше угодно, и ги принудивте сега пак да ви бидат робови и робинки.
17. Затоа, вака вели Господ: вие не Ме послушавте да објавите слобода на братот свој и на ближниот свој; затоа, еве, Јас, вели Господ, ви објавувам слобода за да бидете предадени на меч, за помор и на глад и ќе ве предадам на поруга пред сите цареви земни;
18. и ќе ги предадам оние, што го престапија заветот Мој и не ги исполнија зборовите на заветот, што го склучија пред лицето Мое, откако пресекоа теле на две половини и минаа меѓу расечените делови,
19. јудејските кнезови и ерусалимските кнезови, дворјаните и свештениците и сиот народ на земјата, кој мина меѓу расечените делови на телето,
20. ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја бараат душата нивна, а труповите нивни ќе бидат храна за птиците небески и за ѕверовите земни.
21. И Седекија, царот јудејски, и кнезовите негови ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја сакаат душата нивна, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, која остапи од вас.
22. Еве, Јас ќе заповедам, вели Господ, и ќе ги вратам кон овој град и тие ќе го нападнат, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња без луѓе.

35. Непослушност на народот јудејски спрема Бога.

1. Слово од Господа, упатено до Јеремија во дните на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев:
2. оди во домот на Рехавовци, позборувај со нив и доведи ги во домот Господов, во една од собите и дај им да пијат вино.
3. Јас го поведов Јазанија, синот на Јеремија, син Авациниев, и братот негов, сите синови негови и сиот дом на Рехавовци,
4. па ги доведов во домот Господен, во собата на синовите од Годолија, син Ананов, човек Божји, која се наоѓа до собата на кнезовите, а над собата на Масеа, син Селумов, стражар при влезот.
5. И поставив пред синовите од домот на Рехавовци полни грнци со вино и чаши, па им реков: „Пијте вино!”
6. Но тие рекоа: „Ние вино не пиеме, бидејќи нашиот татко Јонадав, син Рехавов, ни заповедал, велејќи – »вино не пијте ни вие, ниту децата ваши довека;
7. и куќи не правете, и семиња немојте да сеете, лоза не садете; такви работи да нема при вас, туку преку сите денови на животот свој живејте во шатори, за да поживеете долго на оваа земја, каде што сте туѓинци.«
8. И ние го послушавме гласот на нашиот татко Јонадав, син Рехавов, во сè, што ни заповеда – да не пиеме вино во текот на сите наши дни, ние и жените наши, синовите наши и ќерките наши,
9. и да не правиме куќи за наше живеење; и, ете, ние немаме ни лозја, ни ниви, ниту градини,
10. туку живееме во шатори и во сè се покоруваме и го вршиме сето она, што ни заповеда нашиот татко Јонадав.
11. А кога вавилонскиот цар Навуходоносор дојде во оваа земја, ние си рековме: да си одиме, да појдеме во Ерусалим пред халдејската војска и пред арамејската војска, и, еве, ние живееме во Ерусалим.”
12. И би слово Господово до Јеремија:
13. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: оди, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски – зар нема да излечете поука од ова за себе, па да ги послушате зборовите Мои, вели Господ.
14. Се исполнуваат зборовите на Јонадава, синот Рехавов, кој им заповеда на синовите свои да не пијат вино, и тие до ден денес не пијат, бидејќи му се покоруваат на заветот што му го дале на својот татко; Јас, пак, постојано ви зборував од рано утро, а вие не Ме послушавте.
15. Ги испраќав Јас при вас сите Мои слуги – пророците ги праќав од рано утро, и велев – повратете се секој од својот лош пат и исправете го поведението свое и не одете по други богови, за да им служите, па ќе живеете во оваа земја, кој ви ја дадов вам и на татковците ваши; но вие не го приклонивте увото и не Ме послушавте.
16. Бидејќи синовите на Јонадава, синот Рехавов, ја исполнуваат заповедта на својот татко, што беше им ја дал, а овој народ Мој Мене не Ме слуша,
17. затоа, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе го испратам врз Јудеја и врз сите жители ерусалимски сето ова зло, што го изреков врз нив, зашто Јас им зборував, а тие не слушаа, им викав, а тие не одговараа.
18. А на домот на Рехавовци, Јеремиј им рече – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: бидејќи го послушавте заветот на вашиот татко Јонадава и ги пазите сите негови заповеди и во сè постапувате, како што ви заповедал,
19. затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – никогаш нема да недостига од Јонадава, синот Рехавов, човек што ќе стои пред лицето Мое во сите дни.

36. Пророштвата на Јеремиј се палат.

1. Во четвртата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, би ова слово Господово до Јеремија:
2. земи си книга и напиши ги во неа сите зборови, што ти ги кажав за Израилот, за Јуда и за сите народи од оној ден, откако почнав да ти кажувам, од дните на Јосија па до денес;
3. можеби домот Јудин ќе чуе за сите беди што мислам да му ги направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ја простам неправдата нивна и гревовите нивни.
4. И го повика Јеремиј Варуха, синот Нириев, и ги напиша Варух во книга како свиток книжен од устата на Јеремија сите Господови зборови, што му ги беше кажал Он.
5. Тогаш Јеремија му заповеда на Варуха и му рече: „Јас сум затворен и не можам да појдам во домот Господен;
6. затоа оди и прочитај ги ти од свитокот книжен запишаните зборови Господови од мојата уста гласно пред народот во домот Господов, во денот на постот, прочитај ги гласно и пред сите Јудејци, што се дојдени од градовите свои;
7. можеби, тие ќе упатат смирена молба пред лицето Господово и ќе се повратат секој од својот лош пат; оти голем е гневот и негодувањето, кое Господ го изрече против овој народ.”
8. Варух, синот Нириев, направи сè, како што му заповеда пророкот Јеремија – и ги прочита од свитокот книжен во домот Господоен, запишаните зборови Господови.
9. Во петтата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, во деветтиот месец, објавија пред лицето Господово пост за сиот народ ерусалимски и за сиот народ, што беше дошол од јудејските градови во Ерусалим.
10. И Варух ги прочите гласно пред сиот народ запишаните во свитокот книжен Јеремиевите зборови во домот Господен, во собата на писарот Гемариј, син Сефанов, во горниот двор при влезот кон новите порти на домот Господен.
11. Михеј, синот на Гемарија, Сафанов син, ги чу сите Господови зборови, запишани во свитокот книжен,
12. и слезе во домот на царот, во собата на царевиот писар, а тоа, таму седеа сите кнезови: Елисам, писарот царев, Делаја, синот Семаев, Елнатан, синот Ахборов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиев, и сите кнезови.
13. И им ги кажа Михеј сите зборови, што ги чу, кога Варух го читаше свитокот книжен гласно пред народот.
14. Тогаш сите кнезови го пратија при Варуха Јехудија, синот Натаниев, син Селемиев, син Хусиев, да му каже: „Земи го в рака свитокот книжен, што го читаше гласно пред народот, па дојди!” И го зеде Варух, синот Нириев, свитокот в рака и отиде при нив.
15. Тие му рекоа: „Седни и прочитај ни го гласно!” И Варух им го прочита гласно.
16. Кога ги ислушаа сите зборовите, со ужас се погледаа помеѓу себе и му рекоа на Варуха: „Ние ќе му ги кажеме на царот сите овие зборови.”
17. И го прашаа Варуха: „А кажи ни ти како ги напиша сите овие зборови од устата негова?”
18. И им одговори Варух: „Он ми ги изговори со устата своја сите овие зборови, јас, пак, ги запишав со мастило во овој свиток книжен.”
19. Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди и сокри се, ти и Јеремија, па никој да не знае, каде сте.”
20. И отидоа при царот во дворецот, а свитокот книжен го оставија во собата на Елисама, писарот царев; па му ги раскажаа гласно пред царот сите тие зборови.
21. Царот го испрати Јехудија да го донесе свитокот книжен, и тој го зеде од собата на Елисама, писарот царев; и го прочита Јехудиј гласно пред царот и гласно пред сите кнезови, што стоеја околу царот.
22. Царот во тоа време, во деветтиот месец, престојуваше во зимскиот дворец и пред него имаше мангал со разгорен јаглен.
23. Штом Јехудиј ќе прочиташе два – три столпца, царот ги сечеше со писарското ноже и еден по еден ги фрлаше во мангалот, сè додека не беше уништен целиот свиток во огнот, што го имаше во мангалот.
24. Не се уплашија и не ги раскинаа облеките свои ни царот, ниту слугите негови, кои ги чуја сите зборови.
25. Иако Елнатан, Делаја и Гемариј го молеа царот да не го гори свитокот книжен, но тој не ги послуша.
26. И царот му заповеда на царевиот син Јерамеила, и на Сераја, синот Азрилов, и на Селемија, синот Авдилов, да го фатат писарот Варух и пророкот Јеремија. Но Господ ги сокри.
27. И би слово Господово до Јеремија, откако царот го изгоре свитокот книжен и зборовите, што беше ги напишал Варух од устата на Јеремија, и му беше речено:
28. „Земи си пак друг свиток и напиши ги во него сите поранешни зборови, што беа во првиот свиток книжен, кои јудејскиот цар Јоаким ги изгори;
29. а на јудејскиот цар Јоаким кажи му – вака вели Господ: ти го изгори свитокот, зашто рече – бидејќи напиша во него: „бездруго ќе дојде вавилонскиот цар и ќе ја разори оваа земја и ќе ги истреби во неа луѓето и добитокот”,
30. поради тоа, вели Господ, за јудејскиот цар Јоаким: ќе нема од него човек што ќе седи на Давидовиот престол, и трупот негов ќе биде фрлен на дневниот припек и на ноќниот студ.
31. Па ќе го посетам него, и племето негово, и слугите негови за неправдите нивни, и ќе го испратам врз нив и врз ерусалимските жители, и врз луѓето на Јуда, сето она зло, што го искажав врз нив, а тие не послушаа.”
32. И зеде Јеремија друг свиток и му го даде на писарот Варух, синот Нириев, и тој ги напиша во него од устата на Јеремија сите зборови од оној свиток книжен, што го изгори во оган јудејскиот цар Јоаким; а додаде кон нив и уште многу други, слични на нив зборови.

37. Јеремија го бијат и заробуваат.

1. Место Јехонија, синот Јоакимов, царуваше Седекија, синот Јосиев, кого вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за цар во Јудејската земја.
2. Ни тој, ни слугите негови, ниту, пак, народот од земјата не ги послушаа зборовите на Господа, кои Он им ги кажа преку пророкот Јеремија.
3. Царот Седекија го испрати Јехухала, синот Селемиев, и свештеникот Софониј, син Масеев, при пророкот Јеремија да кажат: „помоли се заради нас на нашиот Господ Бог.”
4. Јеремија тогаш сè уште слободно влегуваше и излегуваше пред народот, бидејќи уште не беа го затвориле во темница.
5. Во меѓувреме Фараоновата војска излезе од Египет, и Халдејците кои го опседуваа Ерусалим, штом разбраа за тоа, отидоа од Ерусалим.
6. И би слово Господово до пророкот Јеремија:
7. вака вели Господ, Бог Израилев – кажете му на јудејскиот цар, кој ве испрати до мене да ме прашате: еве, војската на Фараонот, што ви дојде на помош, ќе се врати во земјата своја, во Египет;
8. а Халдејците пак ќе дојдат и ќе се борат против овој град, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган.
9. Така вели Господ – не лажете се, велејќи си во себе: „бездруго ќе си отидат Халдејците од нас”, зашто нема да си отидат;
10. дури и да бевте ја разбиле сета војска на Халдејците, кои војуваат против вас, и да останеа при вас само ранетите, тоа тогаш и тие би станале, секој од шаторот свој и би го изгореле овој град со оган.
11. И во тоа време, кога халдејската војска се оддалечи од Ерусалим, поради Фараоновата војска,
12. Јеремија појде од Ерусалим, па дојде во земјата на Венијамина, сокривајќи се од народот.
13. А кога беше пред портата Венијаминова, тамошниот управител на стражата, по име Јерај, син Селемиев, син Ананиев, го задржа пророкот Јеремиј и рече: „Ти сакаш да побегнеш при Халдејците, зар не?”
14. Јеремија одговори – „Лага е тоа; не сакам да бегам при Халдејците.” Но Јерај не го послуша, го фати Јеремија и го одведе кај кнезовите.
15. Кнезовите се разгневија на Јеремија, го биеја и го затворија во темница, во куќата на писарот Јонатан, бидејќи ја беа направиле затвор.
16. Кога Јеремија влезе во темницата и во визбата, таму остана повеќе дни.
17. Царот Седекија испрати по него и го доведоа. И го праша царот во својот дом тајно, велејќи: „Нема ли слово од Господа?” Јеремија одговори: „Има”, и додаде: „ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар.”
18. Тогаш Јеремија му рече на царот Седекија: „Што згрешив пред тебе, пред слугите твои и пред овој народ, па ме фрливте во темница?
19. И каде се вашите пророци, кои ви пророкуваат кажувајќи: »Вавилонскиот цар нема да дојде против вас и против оваа земја?«
20. А сега, чуј, господаре мој, царе, услиши ја молбава моја пред лицето твое; не враќај ме во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму.”
21. Тогаш царот Седекиј заповеда да го затворат Јеремија во стражарницата, и таму му даваа по едно парче леб на ден од улицата не лебарите, сè додека не се заврши сиот леб во градот. И така остана Јеремиј во стражарницата.

38. Јеремиј го фрлаат во јама.

1. Сафатиј, синот Матанов, Годолиј, синот Пасхоров, Јухал, синот Селемиин, и Пасхор, синот Малхиев ги чуја зборовите, што ги кажа Јеремија пред народот, откако рече:
2. „Вака вели Господ – оној, што ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад и од помор; а оној, што ќе појде при Халдејците, ќе биде жив, и неговата душа ќе му биде заменета место грабеж, и тој ќе остане жив.
3. Така вели Господ – овој град бездруго ќе биде предаден во рацете на војската од вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе.”
4. Тогаш кнезовите му рекова на царот: „Овој човек нека биде предаден на смрт, оти влијае да ослабат рацете на војниците, што ќе останат во овој град, рацете на сиот народ, откако им ги кажа тие зборови; бидејќи овој човек не му пожелува добро на овој народ, туку зло.”
5. И рече цаот Седекиј: „Ете, тој е во ваши раце, бидејќи царот не може ништо да направи против вас.”
6. Тогаш го фатија Јеремија и го фрлија во јамата на Мелхија, синот царев, кој беше во стражарницата, и го пуштија Јеремија со јаже; во јамата немаше вода, туку само тиња, и Јеремија падна во тињата.
7. И чу Авдемелех Етиопјанинот, еден од дворјаните, што се наоѓаше во царскиот дом, дека Јеремија го фрлиле во јамата, а царот тогаш седеше пред портите Венијаминови.
8. Па излезе Авдемелех од царскиот дом и му рече на царот:
9. „Господаре мој, царе, лошо ти направија оние луѓе што така постапија со пророкот Јеремија, кого го фрлија во јамата; тој ќе умре таму од глад, оти во градот веќе нема леб.”
10. Царот му заповеда на Авдемелеха Етиопјанинот и рече: „Земи со себеси одовде триесетина луѓе и извлечи го пророкот Јеремија од јамата, додека уште не умрел!”
11. Авдемелех зеде со себе луѓе и влезе во царскиот дом, во подземјето, и зеде оттаму износени алишта, стари крпи, па ги спушти со јаже во јамата при Јеремија.
12. И му рече Авдемелех Етиопјанинот на Јеремија: „Стави ги тие ветви алишта и крпите под мишките на рацете свои, под јажето. И Јеремија направи така.
13. Па го повлекоа Јеремија со јажето и го извлекоа од јамата. И остана Јеремиј во стражарницата.
14. Тогаш царот Седекиј прати, па го повика при себе Јеремија, при третиот влез за во домот Господен; и му рече на Јеремија – „Ќе те прашам нешто, но не сокривај ништо од мене.”
15. И му рече Јеремија на Седекија: „Ако ти откријам, нема ли да ме предадеш на смрт, а ако те посоветувам, ти нема да ме послушаш.”
16. И му се заколна тајно царот Седекиј на Јеремија, велејќи: „Жив Господ, Кој ни ја создаде душата, нема да те предадам на смрт и нема да те предадам во рацете на оние луѓе, што ја сакаат душата твоја.”
17. Тогаш Јеремиј му рече на Седекија: „Вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – ако отидеш при кнезовите на вавилонскиот цар, душата ќе ти остане жива, и овој град нема да биде изгорен со оган, и ти ќе бидеш жив, а и домот твој;
18. ако, пак, не појдеш при кнезовите на вавилонскиот цар, овој град ќе биде предаден во рацете на Халдејците, и тие со оган ќе го изгорат, а ти нема да побегнеш од рацете нивни.”
19. И му рече царот Седекија на Јеремија: „Се плашам од Јудејците, кои појдоа при Халдејците, за да не ме предадат Халдејците во рацете нивни, па тие да се исмеат со мене.”
20. И му рече Јеремија: „Нема да те предадат; послушај го гласот Господов за ова, што ти го кажувам, па ќе ти биде добро, и жива ќе остане душата твоја.
21. Ако, пак, не сакаш да појдеш еве го словото, што ми го откри Господ:
22. ете, сите жени, што ќе останат во домот на јудејскиот цар, ќе бидат одведени при кнезовите на вавилонскиот цар, и ќе речат: „тебе те излагаа и те победија твоите пријатели; нозете твои потонаа во тиња, а тие побегнаа од тебе,
23. и сите твои жени и децата твои ќе ги одведат при Халдејците, и ти не ќе можеш да избегаш од рацете нивни; ти ќе бидеш грабнат од раката на вавилонскиот цар и ќе направиш овој град да биде изгорен со оган.”
24. И му рече Седекија на Јеремија: „Никој да не ги знае овие зборови, и тогаш ти нема да умреш;
25. ако, пак, чујат кнезовите дека сум зборувал со тебе, и дојдат при тебе и ти речат – кажи ни, што му зборуваше на царот, не криј од нас, и ние нема да те убиеме, а и она, што ти рече царот,
26. тогаш кажи им: јас му ја изнесов пред лицето на царот мојата молба, за да не ме враќа во домот на Јонатана, па да не умрам таму.”
27. И дојдоа сите кнезови при Јеремија и го прашаа, а тој им одговори точно онака, како што му беше заповедал царот да каже, и тие молчешкум го оставија, бидејќи не го разбраа она што му беше речено на царот.
28. И остана Јеремија во стражарницата до денот, во кој Ерусалим беше преземен. И Ерусалим го презедоа.

39. Ерусалим е освоен.

1. Во деветтата година на Седекија, царот јудејски, во десеттиот месец, дојде Навуходоносор, царот вавилонски со сета војска своја до Ерусалим и го опседна.
2. А во единаесеттата година на Седекија, во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот градот беше преземен.
3. И влегоа во него кнезовите на вавилонскиот цар – Нергал – Саресер, Самгар – Нево, Сарсехим, началник на дворјаните, Нергал – Саресер, началник на гледачите, и сите други кнезови на вавилонскиот цар и се сместија до средните порти.
4. Кога Седекија, царот јудејски, и сите воени началници, ги видоа, побегнаа, и во текот на ноќта излегоа од градот преку царската градина, низ портите меѓу двата ѕида и тргнаа по патот кон рамнината.
5. Но халдејскста војска се спушти по нив; го достигнаа Седекија во Јерихонската рамнина; го фатија и го одведоа при вавилонскиот цар Навуходоносор во Ривла, во земјата Емат, и го судеше, пред очите негови, и сите јудејски великодостојници вавилонскиот цар ги закла; а на Седекија му ги извазди очите и го стави во окови, за да го одведат во Вавилон.
6. И вавилонскиот цар во Ривла ги закла синовите на Седекија пред неговите очи; вавилонскиот цар ги закла и сите велможи јудејски;
7. а на Седекија му ги извади очите и го опкова во окови, за да го одведе во Вавилон.
8. Домот на царот и домовите на народот Халдејците ги изгореа со оган и ѕидовите ерусалимски ги срушија.
9. А остатокот од народот, што остана во градот, како и одметниците, кои му се придружија, и другиот народ Навузардан, началникот на телохранителите, ги пресели во Вавилон.
10. Бедните од народот, пак, кои немаа ништо, Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави во јудејската земја и им даде уште тогаш лозја и ниви.
11. А за Јеремија Навуходоносор, царот вавилонски, му даде таква заповед на Навузардана, начланикот на телохранителите –
12. „Земи го, грижи се за него, и не прави му ништо лошо, туку постапувај со него онака, како што ќе ти каже тој.”
13. И прати Навузардан началникот на телохранителите, и Навузазван, началник на дворјаните, и Нергал – Саресер началник на гледачите, и сите кнезови на вавилонскиот цар,
14. испратија и го зедоа Јеремија од стражарницата и му го доверија на Годолија, синот на Ахикама, синот Сафанов; го изведоа и тој остана да живее меѓу народот.
15. Кога Јеремија уште беше затворен во дворскиот затвор, би слово Господово до него:
16. оди, речи му на Авдемелех Етиопјанинот – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе ги исполнам зборовите за овој град на зло, но не на добро, и тие ќе се извршат во оној ден пред очите твои;
17. но тебе ќе те избавам во оној ден, вели Господ, и нема да бидеш предаден во рацете на луѓето, од кои се плашиш.
18. Јас ќе те избавам и ти нема да паднеш од меч, и душата твоја ќе остане место грабеж, бидејќи на Мене се надеваше, вели Господ.

40. Јеремија останува при намесникот Годолија.

1. И би слово Господово до Јеремија, откако Навузардан, началникот на телохранителите, го отпушти од Рама, каде што го беше зел окован во вериги од другите заробени ерусалимци и Јудејци, преселувани во Вавилон.
2. Началникот на телохранителите го зеде Јеремија и му рече: „Твојот Господ Бог го изрече ова зло врз ова место
3. и го испрати Господ, и направи, како што рече – бидејќи вие згрешивте пред Господа и не го послушавте гласот Негов, и ете заради тоа и ве постигна ова.
4. Па така, еве, јас денес те ослободувам од веригите, што ти се на рацете твои; ако ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, дојди и јас ќе се грижам за тебе; ако, пак, не ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, остани овде. Еве, оваа земја е пред тебе; каде што ти е угодно и каде што ти е мило да одиш, појди таму.”
5. Додека тој уште не беше тргнал, Навузардан рече: „Оди при Годолија, синот на Ахикама, сино Сафанов, кого вавилонскиот цар го постави за началник над јудејските градови, и остани со него меѓу народот; или, оди, каде што ти е мило да одиш.” И началникот на телохранителите му даде храна и дар, па го отпушти.
6. И дојде Јеремија при Годолија, синот Ахикамов, во Масифа и живееше со него меѓу народот, што беше останал во земјата.
7. Кога сите воени началници, што беа во рамнината, тие и луѓето нивни, чуја дека вавилонскиот цар го поставил Годолија, синот Ахикамов, за началник над земјата и му ги доверил луѓето, жените и децата и бедните во земјата, што не беа преселени во Вавилон,
8. тогаш дојдоа во Масифа при Годолија Исмаил, синот Натаниев, Јоанан и Јонатан, синовите Карееви, Сераја, синот Танасметов, синовите на Офа од Нетофат и Језонија, синот на Махат, тие и дружината нивна.
9. Годолиј, синот на Ахикама, син Сафанов, им се заколна ним и на луѓето, велејќи: „Не бојте се да им служите на Халдејците, останете си во земјата и служете му на вавилонскиот цар, па ќе ви биде добро;
10. јас пак ќе останам во Масифа за да се застапувам пред Халдејците, што ќе доаѓаат при нас; а вие собирајте вино, летни плодови и елеј, собирајте го во вашите садови и живејте во градовите свои, што ги зазедовте.”
11. Исто така и сите Јудејци, што се наоѓаа во земјата Моав, меѓу синовите на Амона, во Идумеја и по сите краишта, чуја дека вивилонскиот цар оставил дел од Јудејците и го поставил над нив Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов,
12. па се вратија сите тие Јудејци од сите места, каде што беа прогонети, и дојдоа во јудејската земја при Годилија во Масифа, и собраа многу вино и летни плодови.
13. Меѓутоа, Јоанан, синот на Кареја, и сите воени началници, што се наоѓаа во полето, дојдоа при Годолија во Масифа,
14. и му рекоа: „знаш ли ти дека Валис, царот на синовите Амонови, го испрати Исмаила, синот Натаниев, да те убие?” Но Годолија, синот Ахикамов, не им поверува.
15. Тогаш Јоанан, синот Кареев, му рече тајно на Годолија во Масифа: „Дозволи ми да појдам и да го убијам Исмаила, синот Натаниев, и никој нема да разбере; зошто да дозволиш да те убие и да се растураст сите собрани при тебе Јудејци, и да загине остатокот од Јуда?”
16. Но Годолија, синот Ахикамов, му рече на Јоанан, синот Кареев: „Не прави го тоа, оти она, што ми го кажуваш за Исмаила, не е вистина.”

41. Исмаил го убива Годолија.

1. Во седмиот месец, Исмаил, синот на Натанија, син Елисамов, од царски род и великодостојник при царот, и десет души со него дојдоа во Масифа при Годолија, синов Ахикамов, и таму, во Масифа, јадеа заедно леб.
2. И стана Исмаил, синот Натаниев и десетте души со него, па го убија со меч Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов, и го убија оној, кого вавилонскиот цар го беше поставил за управник на земјата.
3. Исмаил ги уби и сите Јудејци, што беа со Годилија во Масифа, и Халдејците, војници што се наоѓаа таму.
4. На вториот ден, по убивањето на Годилија, додека уште никој не знаеше за тоа,
5. дојдоа од Сихем, Силом и Самарија, осумдесет души со избричени бради и раскинати облеки и со гребнатинки по телото, со дарови и ливан во рацете, за да ги принесат во домот Господен.
6. Исмаил, синот Натаниев, излезе од Масифа да ги пресретне, одејќи и плачејќи, и кога ги сретна, им рече: „Одете при Годолија, синот Ахикамов.”
7. И кога влегоа во градот, Исмаил, синот Натаниев, заедно со оние што беа со него, ги уби и нив и ги фрли во јама.
8. Но се најдоа меѓу нив десет души, кои му рекоа на Исмаила: „Не убивај нè, бидејќи во полето имаме сокриени клетови со пченица и јачмен, елеј и мед.” И тој се воздржа, па не ги уби со нивните други браќа.
9. А ровот, каде што ги фрли Исмаил труповите на луѓето, што ги уби поради Годилија, беше истиот, што го беше направил царот Аса, од страв пред Васа, царот израилски; него го наполни Натаниевиот син Исмаил со убиените.
10. Тогаш го зароби Исмаил сиот народ во Масифа, царските ќерки и сиот друг народ што беше останал во Масифа, кого Навузардан, началникот на телохранителите, беше го доверил на Годилија, синот Ахикамов, па во зората тргна Исмаил, Натаниевиот син кон земјата на синовите Амонови.
11. Но, Јоанан, синот на Кареја, и сите со него воени началници, чуја за сите злодела што беше ги извршил Исмаил, синот Натаниев,
12. па ги поведоа сите луѓе и отидоа да се бијат со Исмаила, синот Натаниев, и го стигнаа при големите води, во Гаваон.
13. И кога сиот народ, што беше со Исмаила, го виде Јоанана, синот Кареев, и сите со него воени началници, тој се зарадува.
14. Тогаш сиот народ, што беше го заробил Исмаил од Масифа, се откажа и се приклучи, па отиде при Јоанана, синот на Кареја.
15. А Исмаил, синот Натаниев, побегна од Јоанана со осум души и отиде при синовите Амонови.
16. Тогаш Јоанан, синот Кареев, и сите со него воени началници го поведоа од Масифа сиот народ, што го ослободи тој од Исмаила, синот Натаниев, откако го беше убил Годолија, синот Ахикамов, луѓе, војници, жени, деца и дворјани, што ги беше извел од Гаваон:
17. отидоа, па се задржаа во населбата Химам, близу до Витлеем, за да избегаат во Египет,
18. бидејќи се плашеа од Халдејците, оти Исмаил, синот Натаниев го уби синот Ахикамов, Годолија, кого вавилонскиот цар беше го поставил за управник на земјата.

42. Јеремија по заповед на Господа му забранува на Јоанана да оди по Египет.

1. Потоа дојдоа сите војводи и Јоанан, синот на Кареја, и Језаниј, синот Осаин, и сиот народ, од мало до големо.
2. и му рекоа на пророкот Јеремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нè гледаат твоите очи,
3. па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.”
4. И им рече пророкот Јеремија: „Ве чув, ќе Му се молам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сè, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.”
5. Тие му рекоа на Јеремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа, дека ние ќе направиме сè, што твојот Господ ќе заповеда за нас;
6. добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ние ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, при Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господа, нашиот Бог.”
7. По десет дни би слово Господово до Јеремија.
8. Тој го повика при себе Јоанана, синот Кареев, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо,
9. па им рече: вака вели Господ, Бог Израилев, – до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба
10. ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за бедата, што ви ја направив.
11. Не бојте се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака.
12. И ќе покажам милост спрема вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.
13. Ако, пак, речете: „не сакаме да живееме во оваа земја” и не го послушате гласот на Господа, вашиот Бог, велејќи –
14. „не, туку ќе отидеме во земјата Египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме”,
15. тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: <ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите, 16. тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве постигне таму, во земјата Египетска, и гладот, од кого се боевте, секогаше ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете. 17. И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од бедата што ќе ја пратам врз нив. 18. Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место. 19. Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте, дека ви сведочам јас. 20. Оти вие згрешивте против самите себеси - вие ме пративте пред Господа, нашиот Бог, и ми рековте: „помоли се за нас на Господа, нашиот Бог, а сè што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме.” 21. И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господа, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Он до вас. 22. Па така, знајте, дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место, каде што сакате да појдете, за да живеете таму.

43. Јудејците и покрај опомената Божја одат во Египет.

1. Кога Јеремија му ги изговори на сиот народ овие зборови на нивниот Господ Бог, сите тие зборови со кои нивниот Господ го прати до нив,
2. тогаш Азариј, синот Осаиев, и Јоанан, синот Кареев, и сите охоли луѓе му рекоа на Јеремија: „Тоа, што го зборуваш не е вистина; Господ, нашиот Бог, не те прати да кажеш – не одете во Египет, за да живеете таму”
3. туку Варух, синот Нириев, те наговори против нас, за да нè предадеш во рацете на Халдејците, па да нè убијат, или да нè одведат како робови во Вавилон.”
4. И Јоанан, синот Кареев, сите војводи и сиот народ не го послушаа гласот на Господа, за да останат во земјата Јудејска:
5. Тогаш Јоанан, синот Кареев, и сите војводи го поведоа сиот остаток од Јудејците, кои се беа вратиле од кај сите народи, каде што беа прогонети, за да живеат во земјата јудејска;
6. мажи, жени, деца, царевите ќерки и сите оние, кои Навузардан, началник на телохранителите, ги остави со Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов, и пророкот Јеремија, и Варуха, синот Нириев;
7. па отидоа во земјата Египетска, бидејќи не го послушаа гласот на Господа, и стигнаа до Тафнис.
8. И би слово Господово до Јеремија во Тафнис:
9. земи во рацете големи камења и сокри ги во измесена глина пред влезот на Фараоновиот дом во Тафнис, пред очите на Јудејците,
10. и кажи им – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, ќе пратам и ќе го доведам Навуходоносора, царот вавилонски, слугата Свој, и ќе го поставам престолот негов врз овие камења што ги сокрив, и тој ќе го распне над нив својот великолепен шатор
11. и ќе дојде, па ќе ја порази Египетската земја: и кој е за смрт, ќе биде предаден на смрт; и кој е за ропство, ќе отиде во ропство, а кој е за под меч – под меч.
12. Па ќе запалам оган во светилиштата на боговите египетски; и тој ќе ги изгори, а нив ќе ги зароби, и ќе се нагрне со Египетската земја, како пастир што се наметнува со облеката своја, па ќе си отиде оттаму со мир.
13. И ќе ги собори статуите на Бетсамис, што се наоѓаат во Египетската земја, и светилиштата на египетските богови ќе ги изгори со оган.

44. На Јудејците во Египет им се заканува опасност поради идолопоклонство.

1. Дојде словото Господово до Јеремија за сите Јудејци, кои живеат во Египетската земја, населени во Магдол, Тафнис, Ноф и во земјата Патрос –
2. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: вие ја видовте сета беда, што ја испратив врз Ерусалим и врз сите градови јудејски; ете, тие се сега запустени и никој не живее во нив,
3. поради нивната злоба, што згрешија, откако Ме разгневуваа, одејќи да кадат и да служат на други богови, што не ги познаваа ни тие, ни вие, ниту татковците ваши.
4. И ги праќав при вас сите слуги Мои – пророците, ги праќав од рано утро, за да ви кажат: „Не правете го тоа гнасно дело, што Ми е одвратно.”
5. Но тие не го приклонија увото и не слушаа, за да се одвратат од своето зло, да не кадат на други богови.
6. И Мојата јарост и Мојот гнев се излеа и се разгори врз градовите на Јудеја и по ерусалимските улици; тие станаа урнатини и пустелија, како што гледате сега.
7. А сега, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев: зошто го вршите тоа големо зло на душите свои, истребувајќи ги помеѓу себе мажите и жените, возрасните, децата и младинците во Јудеја, за да не оставите остаток, па,
8. бидејќи Ме разгневувате со делата на рацете свои, со кадењето пред други богови во земјата Египетска, каде што дојдовте да живеете, та да се погубите самите себе и да станете за проклетство и укор кај сите народи по земјата?
9. Зар го заборавивте нечестието на вашите татковци и нечестието на јудејските цареви, вашето сопствено нечестие и нечестието на вашите жени, што го вршеа во земјата Јудејска и по ерусалимските улици?
10. Но, тие не се смирија ни до денес, не се бојат и не одат по Мојот закон и по Моите наредби, што ви ги дадова вам и на татковците ваши.
11. Затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: »еве, ќе го свртам против вас лицето Свое за погибел, и за да ја истребам цела Јудеја,
12. и ќе го земам остатокот Јудин што реши да замине во земјата Египетска и да живее таму, и ќе бидат истребени сите; ќе паднат во земјата Египетска и со меч и со глад ќе бидат истребени; мало и големо ќе умрат од меч и од глад, и ќе бидат изложени на проклетство и ужас, за поруга и укор.
13. Ќе ги посетам оние, што живеат во земјата Египетска, како што ги посетив Ерусалим, со меч, со глад и со помор,
14. и никој нема да избега и нема да се спаси од остатокот на Јудејците, кои дојдоа во земјата Египетска, за да живеат таму и потоа да се вратат во земјата Јудејска, каде што од сè срце сакаа да се вратат, за да живеат таму; никој нема да се врати освен оние, што ќе побегнат оттаму.«
15. И сите мажи, кои знаеја дека жените нивни им кадат на други богови, и сите жени, што стоеја таму во големо множество, и сиот народ кој живееше во земјата Египетска, во Патрос, му одговорија на Јеремија и му рекоа:
16. „Зборот, што ни го кажа во името Господово, ние не го слушаме;
17. туку ќе правиме сè што е излезено од устите наши: ќе ѝ кадиме на богињата на небото и ќе ѝ правиме преливи, како што го правевме тоа, ние и татковците наши, царевите наши и кнезовите наши, по градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски, бидејќи тогаш бевме сите во добра состојба и беди не видовме;
18. и, откако прекративме да ѝ кадиме на богињата на небото и да ѝ правиме преливи, трпиме секакви скудности и загинуваме од меч и од глад.
19. И кога ѝ кадиме на богињата на небото и ѝ принесуваме преливи, зар без знаење на нашите мажи ѝ правевме лепчиња со нејзиниот лик или принесувавме преливи?”
20. Тогаш Јеремија му рече на сиот народ, на мажите и жените, и на сиот народ што така му одговараше:
21. „Зар Господ не си спомна за кадењето, што го извршувавте во јудејските градови, по улиците ерусалимски, вие и татковците ваши, царевите ваши, кнезовите ваши и народот од земјата, и зар не влезе тоа во срцето Негово?
22. Господ не може веќе да ги поднесува вашите лоши дела и одвратности, што ги правевте; затоа и земјата ваша стана пустиња, ужас и проклестство, без жители, како што гледате сега.
23. Затоа што кадевте и Му грешевте на Господа, не го слушавте гласот на Господа и не одевте според законот Негов, по наредбите Негови и по заповедите Негови, па затоа и ве постигна ова зло, како што гледате сега.”
24. Тогаш Јеремија му рече на сиот народ и на сите жени: „Чујте го словото Господово, вие, сите Јудејци, што сте во земјата Египетска;
25. вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: сè што зборувавте со устата, тоа и со раце го правевте вие и жените ваши; вие велите: »да ги исполнуваме нашите завети, што ги ветивме, да ѝ кадиме на богињата на небото и да ѝ принесуваме преливи.« Навистина, вашите завети, ги одржавте и ги извршивте точно вашите ветувања.
26. Затоа сега чујте го словото Господово, вие, сите Јудејци, што живеете во земјата Египетска: еве, Јас се заколнав во Своето велико име, вели Господ, дека во сета Египетска земја нема повеќе да се изговара името Мое од устата на кој и да било Јудеец, за да рече: »жив да е Господ Бог!«
27. Еве, Јас ќе бдеам над вас за погибел, а не за добро, и сите Јудејци во земјата Египетска ќе загинат од меч и од глад, сè додека не бидат наполно истребени.
28. Само малкумина оттргнати од мечот ќе се вратат од земјата Египетска во Јудејската, а сите други Јудејци, што отидоа во земјата Египетска, за да поживеат таму, ќе узнаат дека зборот ќе се изврши: Мојот или нивниот.
29. И, еве ви знак, вели Господ, дека ќе ве посетам на тоа место, за да знаете, дека ќе се исполнат зборовите Мои за вас, за ваша погибел.
30. Така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам египетскиот цар, фараонот Вафрија, во рацете на непријателите негови и во рацете на оние, што ја бараат душата негова, онака како што го предадов јудејскиот цар Седекија во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, непријателот негов, кој ја бараше душата негова.”

45. Пророкот го утешува Варуха дека Бог ќе му го поштеди животот.

1. Слово кое пророкот Јеремија му го кажа на Варуха, синот Нириев, кога тој ги запиша во книга овие зборови од устата на Јеремија, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, син Јосиев –
2. „Вака вели Господ, Бог Израилев, за тебе, Варухе:
3. ти велиш, – »тешко мене! оти Господ ми придодаде кон болката моја; изнемоштен сум од воздишки и спокој немам.«
4. Кажи му вака: така вели Господ – еве, што сум направил ќе разрушам, и, што сум посадил ќе искорнам – целава оваа земја.
5. А ти за себе сакаш нешто големо: не барај; бидејќи еве, Јас ќе испратам беда врз секое суштество, вели Господ, а место плен ќе ја оставам душата твоја насекаде каде и да појдеш.”

46. Пророкување за пропаста на Египтјаните.

1. Слово Господово, упатено до пророкот Јеремија за незнабожечките народи:
2. за Египет, за војската на фараонот Нехао, цар египетски, која беше при реката Ефрат во Кархамис и која ја победи Навуходоносор, царот вавилонски во четвртата година на Јоакима, синот Јосиев, цар јудејски:
3. „Пригответе ги штитовите и копјата и стапете во бој;
4. оседлајте ги коњите и качете се на нив, коњаници, и поставете ги шлемовите; наострете ги копјата, облечете се во оклопи.
5. А зошто, гледам, тие се уплашија и се свртија назад? Јунаците нивни се разбиени и бегаат, не обѕрнувајќи се назад, страв од секаде, вели Господ.
6. Нема да побегне брзоногиот и нема да се избави силниот; на север, покрај реката Ефрат, ќе се сопнат и ќе паднат.
7. Кој е тој што се подига како поток и водите да му се брануваат како во река?
8. Египет се подига како река и водите му се разбрануваат како потоци, па вели: ќе се кренам и ќе ја покријам земјата, ќе го уништам градот и жителите негови.
9. Седнувајте на коњите и впрегнувајте ги колите, излегувајте, и гинете, јунаци, Етиопјани и Либијци, вооружени со штит, и Лидијци, што ги држите и затегнувате лаковите;
10. зашто овој ден е за Господа, Бога Саваота, ден за одмазда, за да им се одмазди на непријателите Свои; и меч ќе изедува, ќе се насити и ќе се опие од крвта нивна; бидејќи тоа ќе се изврши за Господа Бога Саваота, како жртвен принос во северната земја, при реката Ефрат.
11. Оди во Галад и земи балсам, девојко, ќерко египетска; залудо ќе трупаш лекови – исцеление за тебе нема.
12. Чуја народите за твојот срам, и пискотот твој ја исполни земјата; бидејќи јунак со јунак се судрува, па обајцата паѓаат.”
13. Слово, кое Господ му го кажа на пророкот Јеремиј за доаѓањето на Навуходоносора, царот вавилонски, за да ја порази земјата Египетска:
14. „Соопштете во Египет, и кажете во Мигдол, јавете во Ноф и во Тафнис; кажете: »кажи ѝ да се приготви оти мечот ќе ги изеде околните населби.«
15. Зошто е јунакот твој соборен? Не се одржа, оти Господ го собори;
16. Он направи така, што многумина се судруваа и паѓаа дури еден врз друг, велејќи: »станувај да си појдеме при нашиот народ во својата родна земја, далеку од насилничкиот меч.«
17. а таму викаат: »Фараонот, царот египетски, пропадна; го пропушти определеното време.«
18. Жив сум Јас, вели Царот, чие име е Господ Саваот: ќе дојде Он како Тавор меѓу горите и како Кармил покрај морето.
19. Подготви се за преселување, ќерко, жителко египетска, зашто Ноф ќе биде опустошен, разорен, па не ќе остане ниту еден жител.
20. Египет е убава јунечка: но погибелта иде, доаѓа од север.
21. И наемниците негови кај него не изгледаат како згоени телци, па и самите тргнаа да бегаат, побегнаа сите, не можеа да издржат, бидејќи врз нив дојде нивниот погибелен ден, време за да им одмаздам.
22. Гласот нивни писка како глас на змија, тие доаѓаат со војска, ќе дојдат врз него со секри како дрвари,
23. ќе ја исечат шумата негова, вели Господ, бидејќи се безбројни; повеќе се отколку скакулците, па број немаат.
24. Засрами се, ќерко египетска, ти, која си предадена во рацете на северниот народ.
25. Господ Саваот, Бог Израилев, вели: еве, Јас ќе го посетам Амона, кој живее во Ноф, Фараонот и Египет, боговите негови и царевите негови, Фараонот и оние што се надеваат во него,
26. И ќе ги предадам во рацете на оние што ја бараат душата нивна и во рацете на Навуходоносора, царот вавилонски, и во рацете на слугите негови, но потоа тој ќе биде населен, како и во поранешните дни, вели Господ.
27. А ти, Јакове, слуго Мој, не бој се и не плаше се, Израеле: оти еве, Јас ќе те избавам од далечната земја и семето твое – од земјата на ропството нивно; и ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно, и никој нема да го заплашува.
28. Не бој се, Јакове, слуго Мој, вели Господ, оти Јас сум со тебе. Јас ќе ги истребам сите народи, при кои те изгонив, но тебе нема да те истребам; само ќе те казнам тебе по мерка; неказнет нема да те оставам.”

47. Пророкување за пропаста на Филистеја, на Тир и на Сидон.

1. Слово Господово што дојде до пророкот Јеремија за Филистејците, пред Фараонот да ја порази Газа.
2. Така вели Господ – еве, се креваат од север води, што ќе се претворат во буен поток и што ќе ја потопат земјата и сè што ја исполнува, градот и жителите во него: тогаш ќе повикаат луѓето и ќе заплачат сите жители на земјата.
3. Од топотот на копитата од силните коњи и од татнежот на неговите коли, од чкртањето на тркалата нивни, татковците не ќе можат да управат поглед кон децата свои, бидејќи рацете нивни ќе им отпаднат
4. од оној ден што ќе дојде да ги сотре сите Филистејци, да ги оттргне од Тир и Сидон сите други помошници, бидејќи Господ ќе ги разори Филистејците, остатокот од островот Кафтор.
5. Ќе оќелавее Газа, ќе пропадне Аскалон и остатокот од нивната долина.
6. До кога ќе сечеш, о мечу Господов, кога ќе престанеш? Врати се во ножницата своја, престани и одмори се.
7. Но, како да се одмориш, кога Господ заповеда против Аскалон и против морскиот брег; натаму Он го определи.

48. Пророкување против Моава.

1. За Моав вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: тешко на Невон, бидејќи ќе биде опустошен; Киријатим ќе се осрамоти, и ќе се предаде; Мизгав ќе се посрами и ќе се вџаши.
2. Ќе ја снема повеќе слава на Моав; во Есевон ќе преземаат зло против него: да отидеме за да го сотреме меѓу народите. И ти, Мадмено, ќе опустееш; меч ќе те гони.
3. Се слуша пискот од Оронаим, пустошење и сотирање големо!
4. Моав е сотрен; пискот кренаа децата негови.
5. На искачување кон Лухит се слуша непрестаен плач; слегувајќи од Оронаим, непријателот слуша ужасен викот поради пропаста.
6. Бегајте, спасувајте си ги животите свои и бидете како оголено дрво во пустиња.
7. Бидејќи ти се надеваше на делата свои и на ризниците свои, затоа ќе бидеш фатен, и Хамос ќе појде во ропство заедно со свештениците и со кнезовите свои.
8. И ќе дојде опустошител врз секој град, и нема ниеден град да се одржи; ќе загине долината и ќе запусти рамнината, како што вели Господ.
9. Подајте му крилја на Моав, за да може да полета; градовите негови ќе станат пустиња, оти ќе нема во нив кој да живее.
10. Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!
11. Од младоста своја Моав беше спокоен, и се гордееше на својата слава, и не се преточуваше од сад во сад и во ропство не беше отишол; затоа во него си остануваше вкусот негов, и мирисот негов не се менуваше.
12. Но, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе пратам врз него преливачи, што ќе го преливаат и ќе ги испразнат садовите негови и ќе ги скршат стомните негови.
13. Па ќе биде посрамен Моав заради Хамоса, како што беше посрамен домот Израилев поради Ветил, надежта негова.
14. Зошто вие велите: – ние сме луѓе храбри и силни сме во бој?
15. Моав е сотрен, и градовите негови горат, и одбраните младичи негови појдоа на клање, вели Царот – Господ Саваот е името Негово.
16. Блиска е погибелта на Моав, и брза неговото зло.
17. Сожалете го сите негови соседи, и сите што го знаете името негово, речете: како се здроби моќниот жезал и славната патерица!
18. Слези од височината на величието твое и седни во жедната земја, ќерко, жителко на Дивон, бидејќи опустошителот на Моав ќе дојде при тебе и ќе ги разруши тврдините твои.
19. Застани на патот и погледај ти, која живееш во Ароир, прашај го оној, што бега, и онаа, што гледа да се избави: што станува?
20. Засрамен е Моав, зашто е сотрен; плачете и викајте, соопштете во Арнон дека Моав е опустошен.
21. И суд дојде врз рамнината, врз Хелсон, врз Јаса и врз Мофат,
22. врз Девон, врз Невон и врз Бет – Девлатаим,
23. врз Киријат – Јарим, врз Бет – Гамул и врз Бет – Маон,
24. врз Кариот, врз Восор и врз сите градови на земјата Моавска, далечни и блиски.
25. Одбиен е робот на Моав и мишката негова е скршена, вели Господ.
26. Опијте го, зашто тој се крена против Господ; нека се валка Моав во блуеницата своја, и сам ќе стане за потсмев.
27. Зар не стана при тебе Израил за потсмев? Зар не те најде фатен меѓу крадците, па ти, кога зборуваше за него, само ја мавташе главата?
28. Жители Моавски, оставете ги градовите и живејте по карпите и бидете како гулаби, кои вијат гнезда при влезот на пештера.
29. Чувме за гордоста на Моав, гордост прекумерна, за неговата самоувереност и неговата надуеност, за неговото фалење и за горделивото негово срце.
30. Ја знам Јас дрскоста негова, вели Господ, но тоа е безнадежно; лагите негови нема ништо да направат.
31. Затоа, ќе плачам за Моав и ќе пиштам за целиот Моав; ќе воздивнувам за оние во Кир – Харес.
32. Ќе плачам за тебе, лозо севамска, како што плачев за Јазера; твоите лозинки се префрлуваат преку морето, стигаат до езерото Јазерско; сотирачот ги нападна твоите летни производи и зрелото грозје.
33. Радоста и веселбата се одзеде од Кармил и од земјата Моавска. Јас ќе направа виното во бурињата да заврши; никој веќе нема да гази во каците со песни; боен повик ќе име, а не радосен миг.
34. Од пискотот на Есевон до Елеала и до Јаца тие ќе креваат глас од Сихор до Оронаим, до третата Егла, бидејќи и водите на Нимрим ќе пресушат.
35. Ќе го сотрам Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите.
36. Затоа срцето Мое ќе пишти за Моав како свирка, за жителите во Кир – Харес, срцето ќе им биде како свирка, бидејќи сите добра од нивните богатства пропаднаа;
37. на секого главата ќе му биде гола и на секого брадата истрижена, кај сите на рацете ќе има зарези, а околу бедрата вреќиште.
38. По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ.
39. Како е сотрен тој, ќе речат, плачејќи; како Моав се покри со срам, кога го сврти тилот, и ќе биде Моав за потсмев и ужас, за сите, што го опкружуваат,
40. зашто вака вели Господ: ете, како орел ќе летне тој и ќе ги рашири крилјата над Моав.
41. Градовите ќе бидат победени и трврдините освоени, а срцето на храбрите Моавци ќе биде во оној ден како срце на жена, што се измачува при породување.
42. И ќе биде истребен Моав меѓу народите, бидејќи се крена против Господа.
43. Страв, јама и клопка околу тебе – жителу моавски, вели Господ.
44. Кој ќе избега од ужасот, ќе падне во јама; а кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; бидејќи ќе ја испратам врз него, врз Моав годината на нивната казна, вели Господ.
45. Под сенката на Есевон застанаа оние што бегаа од сила; но оган излезе од Есевон, и пламен среде Сихон, па ќе го изгори крајот на Моав и темето на вознемирените синови.
46. Тешко тебе, Моаве! Пропадна народот од Хамос, бидејќи синовите твои ти ги одведоа во ропство, и ќерките твои во – плен.
47. Но во последните дни ќе ги вратам моавските заробеници, вели Господ. Дотука е судот за Моав.

49. Пророкување за пропаста на Амона.

1. За синовите Амонови вака вели Господ – зар Израилот нема синови, зар нема наследник, зошто Малхом ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови?
2. Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израил ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ.
3. Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гад; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе кострет, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Малхом ќе отиде во ропство, свештениците негови и кнезовите негови заедно.
4. Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничка, која се надеваш на богатството свое, велејќи: »кој ќе излезе против мене?«
5. Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите.
6. Но потоа Јас ќе ги повратам заробените – синовите Амонови, вели Господ.
7. За Едома, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост?
8. Бегајте, свртете се со грбот, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, во време кога ќе го посетам.
9. Ако би ти дошле берачите на лозјата при тебе, сигурно би оставиле некој пабирок. И крадци да дојдат во текот на ноќта, тие би украле, онолку колку што им е потребно.
10. Јас, пак, Исава ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истребено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема.
11. Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене.
12. Оти, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата.
13. Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустиња и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустиња.
14. Чув глас од Господа, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, подигнете се на војна,
15. бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.
16. Твојата страшна положба и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој живееш во камени пештери и ги држиш врвовите на ритчињата. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те сметнам, вели Господ.
17. И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови.
18. Како што беа разорени Содом и Гомор и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да престојува во него.
19. И, ете, како лав ќе излезе од висините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе ги принудам брзо да излезат од Идумеја, и кој е избран, него ќе го поставам над неа. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене и кој пастир ќе ми се спротиви?
20. Па така, чујте го решението на Господа, што го постави Он за Едома, и замислите Негови, што ги има за жителите темански: навистина, нив најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни.
21. Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното викање ќе се чуе дури до Црвеното Море.
22. Ете, како орел ќе се крене тој, ќе полета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Идумејци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува.
23. Што се однесува, пак, до Дамаск – Емат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и, како разбрането море, тие не можат да се успокојат.
24. Се уплаши Дамаск и се сврти да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува.
25. Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост?
26. И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот.
27. Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Венадад.
28. За Кидар и за царствата асорски, што го победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кидар и сосипете ги синовите на Исток!
29. Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна
покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни.
30. Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители асорски, вели Господ, оти Навуходоносор, царот вавилонски се реши против вас и смисли заговор против вас.
31. Станувајте, тргнете против мирниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами.
32. Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ветрови, нив, кои си ги стрижат зулуфите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ.
33. И ќе стане Асор живеалиште на шакали, пустиња вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него.
34. Слово Господово, што беше кажано од пророкот Јеремија против Елама во почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски.
35. Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елама, неговата главна сила;
36. и ќе испратам против Елама четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, при кого нема да појдат прогонетите Еламци;
37. и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја сакаат душата нивна; и ќе испратам врз нив беда, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам;
38. и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ.
39. Но во последните денови заробените Еламци ќе ги вратам, вели Господ.

50. Пророкување за пропаста на Вавилон.

1. Слово што Господ го кажа преку пророкот Јеремија за Вавилон и за земјата Халдејска:
2. „Соопштете и разгласете меѓу народите, подигнете знаме, објавете, не кријте ги, зборувајте: Вавилон падна, Вил е посрамен, Меродах е скршен, боговите негови се посрамени, идолите негови се скршени.
3. Зашто од север се подигна врз него народ, кој ќе ја направи земјата негова пустиња, и никој нема да живее таму, и човек, и добиток, сè ќе се крене и ќе се разотидат.
4. Во оние денови и во она време, вели Господ, ќе дојдат синовите Израилеви, тие и синовите Јудини, заедно, ќе одат, ќе плачат и ќе Го побараат својот Господ Бог;
5. ќе прашаат за патот кон Сион и, свртени со лицето кон него, ќе велат: одете и присоединете се кон Господа со вечен завет, кој нема да се заборави.
6. Народот Мој беше како загубено стадо; пастирите негови го оттргнаа од патот, па скитаа по планините; од гора на рид и го заборавија леглото свое.
7. Сите, што ги наоѓаа, ги изедуваа, и непријателите им велеа: не сме виновни, оти тие згрешиле пред Господа, пред живеалиштето на правдата, и пред Господа, надежта на татковците нивни.
8. Бегајте од Вавилон, заминете од земјата Халдејска и бидете како кози пред стадо од овци.
9. Зашто, еве, Јас ќе подигнам и ќе доведам врз Вавилон збир голем од народи од северната земја, и ќе застанат против него, и тој ќе биде преземен: стрелите негови, бидејќи е искусен војник, напразно нема да се враќаат.
10. И Халдеја ќе стане нивни плен; и оние, што ќе ја опустошат, ќе се наситат, вели Господ;
11. зашто вие, грабачи на Моето наследство, се веселевте, прославувавте, потскокнувавте од радост, како јунечки на трева, и ‘ржевте како бојни коњи.
12. За голем срам ќе стане мајката ваша, ќе црвенее онаа, што ве родила; ете, иднината на тие народи ќе биде пустиња, земја сува и пустелија.
13. Од гневот Господен таа ќе стане ненаселена и целата ќе запусти; и секој, што ќе мине низ Вавилон, ќе се вчудовиди и ќе си потсвирне, гледајќи ги сите рани негови.
14. Наредете се во боен ред околу Вавилон, вие сите, кои затегнувате лак, стрелајте во него, не жалете ги стреилте, бидејќи тој згреши против Господа.
15. Повикајте против него од сите страни; тој ја протегна раката; паднаа тврдините негови, испопаѓаа ѕидовите негови, зашто тоа е Господовата отплата; одмаздувајте му се; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него.
16. Истребете во Вавилон и сеач, и оној, што работи со срп во жетва; од страв пред опасниот меч секој нека се врати при својот народ и секој нека бега во земјата своја.
17. Израилот е прснато стадо; го гонеа лавови; најнапред го гризеше асирскиот цар, а потоа Навуходоносор, царот вавилонски, и коските му ги здроби.
18. Затоа, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го посетам вавилонскиот цар и земјата негова, како што го посетив асирскиот цар;
19. и ќе го вратам Израилот на неговото пасиште, и ќе си пасе по Кармил и по Васан, и душата негова ќе се наситува на гората Ефремова и во Галад.
20. Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе ја побарам неправдата Израилева, и нема да ја има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи.
21. Појди против неа, против бунтовната земја и казни ги нејзините жители: пустоши и истребувај сè по нив, вели Господ, и направи сè што ти заповедав;
22. Шум голем од борба ќе се крене по земјата и голем потрес.
23. Како се скрши и како се разби чеканот по целата земја, како ли Вавилон стана ужас меѓу народите!
24. Јас поставив стапици за тебе, и те фатив, Вавилоне, иако не го предвиде ти тоа; ти се најде и беше фатен, зашто стана против Господа.
25. Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој, зашто тоа е дело на Господа Седржителот во земјата Халдејска.
26. Појдете против неа од сите краишта, отварајте ги житниците нејзини, газете ја како снопје, наполно истребете ја, та ништо да не остане од неа;
27. убивајте ги сите волови нејзини, нека одат на клање; тешко ним, бидејќи дојде денот нивни, времето на нивната посета.
28. Се слуша глас од оние што бегаат и од оние што се спасуваат од Вавилонската земја, за да му го соопштат на Сион одмаздувањето Господово, на нашиот Бог, одмаздувањето за Неговото живеалиште.
29. Повикајте ги против Вавилон сите стрелци, кои запнуваат лак, сместете се околу него, за да не се избави никој од него, платете му според делата негови; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него, бидејќи тој се крена против Господа, против Светецот Израилев.
30. Затоа младите негови ќе паднат по улиците негови, и сите војници негови ќе бидат истербени во оној ден, вели Господ.
31. Еве, јас сум против тебе, о гордости, вели Господ, Бог Саваот; зашто дојде денот твој, времето на твојата посета.
32. И ќе се сопне таа гордост и ќе падне, и никој нема да ја крене; па ќе запалам оган во градовите нејзини, и тој ќе уништи сè околу неа.
33. Така вели Господ Саваот: угнетени се синовите Израилеви, како и синовите Јудини, и сите што ги заробија, ги држат цврсто и не сакаат да ги пуштат.
34. Но Искупителот нивни е силен, Господ Саваот е името Негово; Он ќе го разгледа делото нивно, за да ја смири земјата и да ги дотера во страв вавилонските жители.
35. Меч против Халдејците, вели Господ, и против жителите на Вавилон, и против кнезовите, негови, и против мудреците негови;
36. меч против маѓепсниците негови, и тие ќе избезумат; меч против војниците негови, и тие ќе се уплашат;
37. меч против коњите негови, против колите негови и против сите разни племенски народи меѓу него, и тие ќе бидат како жени; меч против ризниците негови, и нив ќе ги разграбаат;
38. суша за водите негови, и тие ќе секнат; бидејќи тоа е земја на идоли и тие се фалат со своите идолски страшилишта.
39. И таму ќе се населат пустиски ѕверови со шакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населенеа довека и населувана од род во род.
40. Како што ги сосипа Бог Содом и Гомор, и нивните соседни градови, вели Господ, така и тука нема да живее ниту еден човек, и човечки син нема да се запира таму.
41. Ете, од север иде народ, народ голем и многу цареви се креваат од краиштата земни;
42. во рацете свои држат лак и копје; тие се жестоки и немилосрдни; гласот нивни бучи како море; јаваат на коњи, наредени се како еден човек, за да се удрат со тебе ќерко вавилонска!
43. Чу за нив вест царот вавилонски, и рацете му малаксаа; жал го обзеде, мака – како на жена, кога се породува.
44. Ете, излегува тој, како лав од височините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе го принудам да излезе бргу од него; и кој е избран, нему ќе му го доверам, зашто кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене, и кој пастир ќе устои против Мене?
45. Па така, чујте го решението на Господа, што го определи Он против Вавилон, и Неговата замисла, што ја има за Халдејската земја; навистина, нив најмалите од стадата, ќе ги повлечат; навистина, Он ќе ги опустоши живеалиштата нивни зедно со нив.
46. Од шумот при преземањето на Вавилон ќе се затресе земјата, и пискот ќе се чуе меѓу народите.”

51. На Јудејците им се дозволува повраток.

1. Така вели Господ: еве, Јас ќе подигнам уривачки ветар против Вавилон и против Моите противници, што живеат во него;
2. и ќе испратам против Вавилон веачи, што ќе го развеат, и ќе ја опустошат земјата негова, бидејќи во денот на неговата беда ќе нападнат врз него од сите страни;
3. стрелец нека оптегне лак на стрелец, и против оној, што се гордее со својот оклоп; не штедете ги младите негови, сотрете ја целата војска негова.
4. Удрените нека паднат на Халдејската земја и стреланите – по патиштата нејзини.
5. Зашто, не е оставен Израилот сам, ниту Јуда, од својот Бог, Господа Саваота, иако им е
земјата полна со гревови пред Светецот Израилев.
6. Бегајте од Вавилон и секој нека ја спасува душата своја, за да не загине од беззаконијата негови, зашто тоа е време на одмазда за Господа: Он му отплатува како што
заслужил.
7. Вавилон беше во раката Господова како златна чаша, што ја опиваше целата земја; народите пиеја од неа вино, и обезумуваа.
8. Ненадејно падна Вавилон и се скрши; плачете за него, земете балсам за раните негови, можеби тој и ќе оздрави.
9. Го лекувавме Вавилон, но не оздраве; оставете го, и да си одиме секој во земајта своја, бидејќи пресудата за него стигна до небесата и се дигна до облаците.
10. Господ ја изведе на видело нашата правда; да појдеме и да го соопштиме во Сион делото на нашиот Господ Бог.
11. Острете ги стрелите, ставете ги во торбите за нив; Господ го возбуди духот на царевите од Мидија; бидејќи Он замисли нешто против Вавилон, за да го уништи, оти тоа е одмазда од Господа, одмазда за Неговото живеалиште.
12. На вавилонските ѕидови дигнете знамиња, засилете го надзорот, поставете стражи, пригответе заседи, зашто, како што замислил Господ, така и ќе го направи она што го изрече против жителите вавилонски.
13. О, ти, што живееш покрај големите води, кој изобилуваш со ризници, дојде крајот твој, и на твојата лакомост!
14. Господ Саваот се заколна Сам во Себе: вистина велам, дека ќе те исполнам со луѓе како со скакулци, и ќе подигнам повик против тебе.
15. Он ја создаде земјата со силата Своја, и ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата.
16. Според гласот Негов шумат водите небесни, и Он ги подига облаците од краиштата земни, пушта светкавици со дожд и изведува ветер од клетовите Свои.
17. Безумен е човекот во своето знаење, секој леар се срамува со идолите свои, зашто идолот е лага, и нема дух во него.
18. Тоа е чиста суета, дела на заблуда; во времето на нивната казна тие ќе исчезнат.
19. Делот на Јакова не е како делот нивни, зашто Бог е Создателот на сè, и Израил е жезал на неговото наследство, името негово е Господ Саваот.
20. Ти беше Мој чекан, бојно оружје; со тебе народите ги победував и со тебе царства сосипував;
21. со тебе поразував коњ и неговиот јавач, и со тебе поразував кола и нејзиниот возач;
22. со тебе сотирав маж и жена, со тебе убивав и стар и млад, со тебе уништував и момче и мома;
23. со тебе уништував пастир и неговото стадо, со тебе го убивав земјоделецот и неговиот добиток за работа, со тебе поразував и обласни началници и градски управители.
24. И ќе му отплатам на Вавилон и на сите жители халдејски за сето она зло, што му го направија на Сион пред очите ваши, вели Господ.
25. Еве, Јас сум против тебе погубна горо, вели Господ, што ја разорува целата земја; и ќе ја протегнам против тебе раката Своја, ќе те сметнам од карпите и ќе те направам обгорена планина.
26. И од тебе нема да земат камен за агол, ниту камен за темели, туку ќе бидеш вечна пустелија, вели Господ.
27. Подигнете знаме на земјата, трубете со труба меѓу народите, вооружете ги против него народите, повикајте против него царства араратски, миниски и аскенаски, изберете водач против него, збоднете ги коњите како страшни скакулци.
28. Вооружете ги народите против него, царевите на Мидија, нејзините обласни началници и сите нејзини градски управители и целата земја, што ѝ е потчинета.
29. Земјата се тресе и потреперува, оти над Вавилон се извршуваат замислите на Господа, за да ја направи земјата Вавилонска пустиња без жители.
30. Вавилонските борци престанаа да се борат, седат во свите тврдини; се исцрпи силата нивна, станаа како жени, живеалиштата нивни се изгорени, резињата нивни се скршени;
31. гласник брза по гласник, известувач спроти известувач, за да му кажат на вавилонскиот цар дека му е градот од сите страни освоен;
32. и дека бродовите му се земени, а оградите изгорени со оган, и дека војниците од страв се поразени.
33. Оти, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ќерката вавилонска е како на гумно, кога се врши на него; уште малку и ќе дојде време за нејзината жетва.
34. Ме јадеше и ме гризеше Навуходоносор, царот вавилонски; ме направи празен сад; ме проголта како змеј; ја наполни својата утроба со сладостите мои, и ме фрли.
35. Неправдата над мене и над телото мое нека биде врз Вавилон, ќе рече жителката Сионова, и крвта моја – врз жителите халдејски, ќе рече Ерусалим.
36. Затоа вака вели Господ: еве, Јас ќе се застапам за твоето дело и ќе отплатам за тебе, па ќе го пресушам морето негово и ќе ги исушам каналите негови.
37. И Вавилон ќе стане купиште на урнатини, живеалиште на шакали, за ужас и за потсмев, без жители.
38. Како лавови ќе завиваат сите тие и како мали лавчиња ќе ‘ржат.
39. А кога ќе се загреат, ќе им дадам гозба и ќе ги опијам, за да се развеселат, за да заспијат со вечен сон и да не се разбудат, вели Господ.
40. Ќе ги потерам како јаганца на клање, како овни заедно со козли.
41. Како се презеде Сесах, и беше победена славата на целата земја! Како стана Вавилон за ужас меѓу народите!
42. Морето го проголта Вавилон; тој е сега покриен од брановите.
43. Градовите негови станаа пустиња, сува земја, пустелија, земја каде што не живее ниту еден човек и каде што не поминува син човечки.
44. И ќе го посетам Вил во Вавилон и ќе истргнам од устата негова сè што проголтал, и народите нема веќе да брзаат кон него, дури и ѕидовите вавилонски ќе паднат.
45. Излези од него, народе Мој, и секој нека ја спасува душата своја од јаросниот гнев Господен.
46. Нека не ослабува срцето ваше и не бојте се од гласот, што ќе се чуе по земјата; гласот ќе дојде во една година и потоа во друга година, и на земјата ќе се појави насилство, властодржец ќе стане против властодржец.
47. Затоа, еве, идат денови, кога ќе ги посетам идолите на Вавилон и целата негова земја ќе се засрами и сите негови поразени ќе паднат во него.
48. И ќе ликуваат над Вавилон небото и земјата и сè друго што е во нив; зашто од север ќе му дојдат сотирачите, вели Господ.
49. Како што Вавилон направи да паднат на земја поразените Израилци, така во Вавилон ќе бидат соборени поразените по целата земја.
50. Вие, кои се спасивте од меч, бегајте и не запирајте се, сетете се од далеку за Господа, и на срцето ваше нека ви дојде Ерусалим.
51. Ни беше срам, кога ги чувме поругите; бесчестие ги покриваше лицата наши, кога туѓинци влегоа во светилиштето на домот Господен.
52. Затоа, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе ги посетам идолите негови, и по целата негова земја ќе офкаат ранетите.
53. Кога би се дигнал Вавилон и до небесата и кога високо би си ја зацврстил тврдината своја, од Мене ќе му дојдат опустошителите, вели Господ.
54. Екот и пискот ќе се подигнат од Вавилон, и рушење големо – од земјата Халдејска;
55. зашто Господ ќе го опустоши Вавилон, и ќе стави крај на неговиот горделив глас. Ќе зашумат брановите кеко на големи води, ќе заечи неговиот шумен глас.
56. Оти ќе дојде врз него, врз Вавилон, опустошителот и ќе бидат фатени војниците негови, ќе бидат скршени лаковите негови; бидејќи Господ, Бог на отплатата, ќе отплати.
57. И ќе се опијат кнезовите негови и мудреците негови, неговите обласни началници и неговите градски управители, и војниците негови, па ќе заспијат со вечен сон и нема да се разбудат, вели Царот, Господ Саваот името е Негово.
58. Така вели Господ Саваот: дебелите ѕидови вавилонски ќе бидат разрушени до темели, и портите негови високи ќе бидат изгорени со оган; па така, залудно се трудеа народите, и
племињата се грижеа за огнот.
59. Слово што пророк Јеремиј му го заповеда на Сераија, синот на Нирија, Масеев син, кога тој појде за Вавилон со Седекија, царот јудејски, во четвртата година од неговото царување; Сераија беше главен коморник.
60. Јеремиј ги запиша во една книга сите зла, што требаше да го снајдат Вавилон, сите тие зборови, што беа напишани против Вавилон.
61. И му рече Јеремија на Сераија: кога ќе влезеш во Вавилон, тогаш погледај и прочитај ги сите овие зборови,
62. и кажи: Господи, Ти рече за ова место, дека ќе го уништиш така, што да не остане во него ни човек, ни добиток, туку ќе стане вечна пустиња.
63. И кога ќе завршиш со читањето на оваа книга, врзи за неа камен, па фрли ја среде Ефрат,
64. и кажи: така ќе потоне Вавилон и да не се подигне од оваа беда, која Јас ќе ја испратам врз него, и тие наполно нека папсаат.

52. Пропаста на Ерусалим.

1. Седекија беше на двесет и една година, кога почна да царува, и царуваше во Ерусалим единаесет години; името на неговата мајка беше Хамутал, ќерка на Јеремија од Ливна.
2. И тој вршеше зло пред очите на Господа, сето она што го изврши Јоаким;
3. заради тоа гневот Господен се нафрли над Ерусалим и над Јуда, додека ги отфрли од лицето Свое. А Седекија се одметна од вавилонскиот цар.
4. И во деветтата година од царувањето негово, во десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот, дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, тој и сета негова војска против Ерусалим, го опседна и подигна околу него насипи.
5. И остана градот опсаден до единаесеттата година на царот Седекија.
6. Во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот, се засили гладот во градот, и народот во земјата немаше леб.
7. Се направи пролом во градот и сите војници избегаа од градот ноќе низ портите, што се наоѓаа меѓу двата ѕида до царската градина, па отидоа по патот кон пустелијата; а Халдејците беа околу градот.
8. Но халдејската војска изврши потера по царот, и го стигна Седекија во јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.
9. И го фатија царот и го доведоа пред вавилонскиот цар во Ривла, во земјата Емат, каде што му беше судено.
10. И така ги закла вавилонскиот цар синовите на Седекија пред очите негови, ги закла и сите кнезови јудејски во Ривла;
11. а на Седекија му ги извади очите и заповеда да го оковат во бакарни окови; па го одведе вавилонскиот цар во Вавилон и го стави во стражарницата до денот на неговата смрт.
12. Во петтиот месец, во десеттиот ден од месецот, тоа беше деветнаесеттата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде во Ерусалим Навузардан, началникот на телохранителите, кој му служеше на царот вавилонски,
13. и го запали домот Господен, царскиот дом и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи со оган ги изгори.
14. И сета војска халдејска, која беше со началникот на телохранителите, ги урна сите ѕидови околу Ерусалим.
15. Навузардан, началникот на телохранителите, ги исели бедните и другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, што му се предадоа на вавилонскиот цар, и воопшто сиот прост народ.
16. Само неколкумина од бедните во земјата Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави како лозари и земјоделци.
17. Халдејците ги испокршија и бакарните столбови, што беа во домот Господен, и подножјата, и бакарното море, кое беше во домот Господен, па го однесоа сиот бакар во Вавилон.
18. И ги зедоа котлите, лопатките, ножевите, чашите, лажиците и сите бакарни садови што се употребуваа при богослужбата;
19. началникот на телохранителите ги зеде и умивалниците и машичките и чашите и котлињата и кандилцата и кадилниците секачите, сè што беше од злато и што беше од сребро;
20. исто така, и двата столба, едно море, дванаесет бакарни волови кои служеа како подножја, што царот Соломон ги направи во домот Господен; бакарот на сите тие предмети не можеше да се процени.
21. Секој од тие столбови беше висок по осумнаесет лакти, а врв од дванаесет лакти ги
опкружуваше, одвнатре беше шуплив, а страните му беа дебели четири прсти.
22. И имаше над него бакарна глава, а главата беше висока пет лакти; и мрежичката на наровите наоколу беа сите од бакар; исто така беше и другиот столб со нарови.
23. Наровите од сите страни беа деведесет и шест; а сите нарови околу мрежичката – сто.
24. Началникот на телохранителите го зеде исто така Сераија, првосвештеникот, и Софонија, вториот свештеник, и трите чувари на прагот.
25. А од градот зеде еден дворјанин, кој беше началник над војниците, и седум мажи, што му служеа на царот, кои се наоѓаа во градот, и главниот писар во војската, кој го запишуваше народот од земјата за војска, како и шеесет мажи, од народот во земјата, најдени во градот.
26. И ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла.
27. И ги уби вавилонскито цар и ги погуби во Ривла, во земјата Емат; и така иселен беше Јуда од земјата своја.
28. Еве го народот, кој Навуходоносор го исели: во седмата година – три илјади и дваесет и тројца Јудејци.
29. Во осумнаесеттата година на Навуходоносора од Ерусалим беа иселени осумстотини триесет и две души;
30. Во дваесет и третата година на Навуходоносора, Навузардан, началникот на телохранителите, иссели седумстотини четириесет и пет души Јудејци; сè на сè – четири илјади и шестотини души.
31. Во триесет и седмата година по преселувањето на јудејскиот цар Јоаким, во дванаесеттиот месец, во дваесет и петтиот ден од месецот, Евилмеродах, цар вавилонски, во првата година од своето царување, го подигна јудејскиот цар Јоаким и го изведе од затвор.
32. И откако пријателски си поразговараа, го постави престолот негов повисоко до престолите на другите цареви, што беа при него во Вавилон;
33. и му ги смени затворските облеки, па тој секогаш со него јадеше во сите дни од животот свој.
34. И трошоците негови, разните потреби, му се даваа од царот секој ден до денот на неговата смрт, во текот на сите денови од неговиот живот.