Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Даниил

1. Учењето Даниилово.

1. Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опседна.
2. И го предаде Господ во раката негова јудејскиот цар Јоакима и дел од садовите на домот Божји, и тој ги испрати во земјата Сенар, во домот на својот бог, и ги внесоа тие садови во ризницата на својот бог.
3. И му рече царот на Асвеназа, началникот на дворјаните, да му доведе од синовите Израилеви, од царски и кнежевски род,
4. момчиња кои немаа никаков телесен недостаток, лични на глед и способни за секаква наука, што ги разбираат науките и да се разумни и волни да служат во царските палати, и да ги научи халдејските книги и јазик.
5. И определи царот секојдневна храна од царската трпеза и вино што сам го пиеше, па заповеда да ги воспитуваат три години, а потоа тие требаше да се појават пред царот.
6. Меѓу нив беа од Јудините синови Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј.
7. Тогаш началникот на дворјаните им ги смени имињата: Даниила го нарече Валтазар, Ананија – Седрах, Мисаила – Мисах и Азарија – Авденаго.
8. Даниил науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното, што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува.
9. Бог му даде на Даниила милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните.
10. И така, началникот на дворјаните му рече на Даниила: „Се плашам од својот Господа, царот, кој лично ја определи храната и пењето; ако ги види вашите лица послаби, отколку што се кај момчињата, вашите врсници, вие ќе ја доведете во опасност славата моја пред царот.”
11. Тогаш Даниил му рече на Амелсара, кого го беше поставил при Даниила Ананија, Мисаила и Азарија началникот на дворјаните:
12. „Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат овошје како храна и вода за пиење;
13. а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како што ќе мислиш да е добро.”
14. Тој ги послуша во тоа и направи обид таков со нив десет дена.
15. По десетте дена лицата нивни изгледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хранеа со царските јадења.
16. Тогаш Амелсар го земаше нивното јадење и виното, па им даваше овошје.
17. И им дарува Бог на четворицата момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниила му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа.
18. Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносора.
19. Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј, и потоа тие почнаа да служат пред царот.
20. И во сè, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство.
21. И остана таму Даниил до првата година на царот Кир.

2. Даниил го толкува сонот на Навуходоносора.

1. Во втората година од царувањето свое Навуходоносор сони сон, од кој духот му се смати и сонот побегна од него.
2. Па заповеда царот да ги повикаат гатачите и гледачите, меѓепсниците и Халдејците за да му го протолкуваат сонот. Тие дојдоа и застанаа пред царот.
3. И им рече царот: „Сонив сон и духот ми се возбуди – сакам да знам што значи тој сон.”
4. Тогаш Халдејците му рекоа на царот по арамејски јазик: „Царе, да си жив довека, кажи им го на слугите својот сон и ние ќе објасниме што означува тој.”
5. Одговори царот и им рече на Халдејците: „Сонот избега од мене; ако не ми го кажете сонот и што означува тој, ќе бидете исечени на парчиња, и куќите ваши ќе биде претворени во урнатини;
6. ако, пак, ми го кажете сонот и што означува тој, од мене ќе добиете дарови, награда и голема чест; па кажете ми го сонот и што означува тој!”
7. Тие повторно одговорија и рекоа: „Царот нека им го каже на слугите својот сон и ние ќе објасниме што означува тој.”
8. Одговори царот и рече: „Гледам дека вие сакате да добиете во време, оти гледате, дека сонот веќе избегал од мене.
9. Бидејќи не ми го кажувате сонот, вие секако имате некоја намера: се готвите да ми кажете лага и измама, додека мине времето; но кажете му на синот мој и тогаш ќе знам дека вие можете да ми објасните и што значи тој.”
10. Халдејците му одговорија на царот и рекоа: „На земјата нема човек што може да му го открие на царот сонот, и затоа ниеден цар, голем и силен, не побарал слично нешто од ниеден јасновидец, гледач и Халдеец;
11. сонот, што го бара царот, е толку тежок, што никој друг не може да му го открие на царот, освен боговите, кои не живеат со смртниците.”
12. Царот се разгневи и се јадоса многу поради тој одговор, па заповеда да ги истребат сите вавилонски мудреци.
13. Кога излезе таа заповед да се убиваат мудреците, го побараа Даниила и другарите негови за да ги убијат.
14. Тогаш Даниил се обрна со претпазливост и мудрост кон Ариоха, началникот на царските телохранители, кој беше излезен да ги убива вавилонските мудреци,
15. и го праша Ариоха, а тој беше силен пред царот: „Зошто таква страшна заповед од царот?” Тогаш Ариох му ја прикажа на Даниила целата случка.
16. И Даниил појде кај царот и измоли да му даде време за да му го каже на царот толкувањето на сонот.
17. Даниил отиде дома и им ја кажа работата на своите другари Ананија, Мисаила и Азарија,
18. за да измолат милост од Бога небесни за таа тајна, па Даниил и другарите негови да не загинат заедно со другите мудреци вавилонски.
19. И тогаш тајната му беше откриена на Даниила во ноќно време, и Даниил го благослови небесниот Бог.
20. И рече тогаш Даниил: „Нека е благословено името на Господа од века и до века, зашто во него има мудрост и сила.
21. Он ги менува времињата и годините, соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни.
22. Он открива што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината и светлината живее со Него.
23. Те прославувам и величам, Боже на татковците мои, затоа што ми даде мудрост и сила и ми го откри она, за што те молевме; оти Ти ни го откри сонот на царот.”
24. Потоа Даниил отиде при Ариоха, кому царот му беше заповедал да ги убие мудреците вавилонски, влезе и му рече: „Не убивај ги мудреците вавилонски; одведи ме при царот и јас ќе му откријам што означува сонот.”
25. Тогаш Ариох веднаш го одведе Даниила кај царот и му рече: „При заробените синови на Јуда најдов човек кој може да му открие на царот што означува сонот.”
26. Царот му рече на Даниила, кој беше преименован во Валтазар: „Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што означува тој?”
27. Даниил му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓапесниците, ни јасновидците ни гледачите.
28. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Он ќе му отркие на царот Навуходоносор сè што ќе се збидне во последните денови. Твојот сон И она што го видела главата твоја на твоето легло, е ова:
29. Ти царе, на леглото свое си мислеше што ќе се случи после, и Оној Кој отркива тајни, ти покажа што ќе се случи.
30. А мене таа тајна ми се откри, не за да бидам помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги узнаеш мислите на срцето свое.
31. Твоето видение, царе, е вакво; ете, некаков си голем, огромен беше тој лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и погледот му беше страшен.
32. Главата на тој лик беше чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни.
33. Потколениците железни, а нозете дел железни, дел глинени.
34. Ти го гледаше, додека еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши.
35. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана колема планина и ја исполни целата земја.
36. Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој.
37. Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт сила и слава,
38. и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, – ти си таа златна глава.
39. По тебе ќе се крене друго царство, помало од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја.
40. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; оти како што железото троши и дроби сè, така и тоа железо што крши сè, ќе дроби и ќе уништува.
41. А тоа што си ги видел нозете и прстите на нозете направени дел од грнчарска глина и дел од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел железо, измешано со грнчарска глина.
42. И како што прстите на нозете беа дел од железо, а дел од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо.
43. А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа значи дека тие преку човечкото семе ќе се измешаат, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не е слеано со глината.
44. И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подиегне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно.
45. Бидејќи ти виде дека каменот што падна од планината сам, го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи потоа. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!”
46. Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниила, па заповеда да му донесат дарови и благопријатни кадива;
47. и му рече царот на Даниила: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар на царевите, Кој открива тајни, штом ти можеше да ја откриеш оваа тајна!”
48. Тогаш царот го возвиши Даниила, му даде многу големи дарови и го постави над целата област вавилонска, како главен началник над сите мудреци вавилонски.
49. Но Даниил го замоли царот, и тој ги постави Седраха, Мисаха и Авденаго над работите од земјата вавилонска, а Даниил остана при царскиот двор.

3. Три човека во вжарена печка.

1. Царот Навуходоносор направи златен идол, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави во полето Деир, во областа Вавилонска.
2. И нареди царот Навуходоносор, да се соберат сите сатрапи, намесници, војдови, врховни судии, ризничари, законодавци, судии и сите обласни управители да дојдат на свеченото откривање на идолот што беше го поставил царот Навуходоносор.
3. И се собраа сатрапите, немесниците, воените началници, врховните судии, ризничарите, правниците, судиите и сите обласни управители за откривање на идолот кој царот Навуходоносор го беше поставил, и застанаа пред идолот, што беше го подигнал Навуходоносор.
4. Тогаш гласникот високо извика: „Ви се објавувам вам народи, племиња и јазици –
5. штом ќе го чуете звукот од трубата, од свирката, од цитрата, од гуслето и од пеењето, како и од секакви свирки, паднете ничкум и поклонете му се на златниот идол што го постави царот Навуходоносор;
6. а оној што нема да падне на колена и не се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.”
7. Затоа, кога го чуја звукот од трубата, од свирката, од гуслето и од другите свирки, паднаа на колена сите народи, племиња и јазици и му се поклонија на златниот идол што го беше поставил царот Навуходоносор.
8. Во тоа исто време дојдоа некои од Халдејците и ги наклеветија Јудејците.
9. Тие му рекоа на царот Навуходоносор: „Царе, жив да си довека!
10. Ти царе, даде заповед секој човек што ќе го чуе гласот од трубата, свирката, цитрата, гуслето и од сите свирки да падне на колена и да му се поклони на златниот идол;
11. а оној што нема да падне и нема да му се поклони, тој треба да биде фрлен во вжарена печка.
12. Но има луѓе Јудејци што си ги постави над работите на земјата вавилонска – Седрах, Мисах и Авденаго; тие луѓе не се поклонија на твојата заповед, царе, на твоите богови не им служат и на златниот идол што го постави не му се поклонија.”
13. Тогаш царот Навуходоносор во гнев и јарост заповеда да ги доведат Седраха, Мисаха и Авденаго; и ги доведоа тие луѓе пред царот.
14. Навуходоносор им рече: – Седрахе, Мисахе и Авденаго, умислено ли не им служите на моите богови, и на златниот идол, што го поставив, не му се поклонивте?
15. Отсега, ако сте спремни, штом ќе го чуете звукот на трубата, свирката, цитрата, гуслето, пеењето и од сите други свирки, паднете на колена и поклонете се на идолот што го направив јас; ако не се поклоните, веднаш ќе бидете фрлени во вжарена печка и тогаш кој бог ќе ве избави од раката моја?
16. Одговорија Седрах, Мисах и Авденаго и му рекоа на царот Навуходоносор: „Нема потреба да ти одговориме на тоа.
17. Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нè спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе ќе нè избави.
18. Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме.”
19. Тогаш царот Навуходоносор се исполни со јарост и изгледот на лицето негово се измени против Седраха, Мисаха и Авденаго, па заповеда да запалат печка седумпати посилна отколку што обично ја угоруваа;
20. и им заповеда на најзилните луѓе од војската своја да ги врзат Седраха, Мисаха и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка.
21. Тогаш тие луѓе беа врзани со долните и горните облеки, со преврски на главата и со другите алишта и беа фрлени во печката огнена што гореше.
22. Бидејќи царската заповед беше строга, и печката вжарена необично многу, пламенот од огнот ги умртви луѓето што ги фрлија Седраха, Мисаха и Авденаго.
23. А тројцара – Седрах, Мисах и Авденаго – паднаа во вжарената печка врзани.
24. И одеа меѓу пламенот, славејќи Го Бога и благословувајќи Го Господа.
25. Тогаш Азариј стана и почна да се моли, па ја отвори устата своја среде огнот и изговори:
26. „Да си благословен Господе, Боже на татковците наши, нека е фалено и прославувано името Твое во сите векови.
27. Зашто Ти си преведен во сè што направи со нас и сите Твои дела се вистински, патиштата Твои се прави и судовите Твои се вистински.
28. Ти изврши вистински суд во сè што испрати против нас и против Ерусалим, светиот град на татковците наши, бидејќи по вистина и по суд Ти го испрати сево ова против нас заради гревовите наши.
29. Оти ние згрешивме и постапивме против законот кога отстапивме од Тебе, и во сè згрешивме.
30. Заповедите Твои не ги слушавме и не ги пазевме и не постапувавме како што ни беше заповедал, за да ни биде добро.
31. И сè што ни испрати и сè што направи со нас го направи според вистинскиот суд –
32. па нè предаде во рацете на безбожните непријатели, на најомразените отстапници и на неправеден и најлош цар на земјата.
33. И сега не можеме да ја отвориме устата своја; станавме за срам и потсмев на слугите Твои и на оние кои Те почитуваат.
34. Но не предавај нè за секогаш заради името Твое и не разрушувај го заветот Свој.
35. Не одземај ја од нас милоста Своја заради Авраама, Твојот слуга, заради Исака, твојот слуга, и Израилот, светијата Твој,
36. на кои си им рекол дека ќе го умножиш семето нивно како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег.
37. Намалени сме, Господи, повеќе од сите народи и сега сме понижени по целата земја заради гревовите наши;
38. немаме ни кнез, ни пророк, ни водач, ни сепаленици, ни жртви, ни приноси, ни темјан, ниту место да Ти принесуваме жртва и да ја најдеме милоста Твоја.
39. Но со скрушено срце и со дух смирен нека бидеме примени.
40. Како при сепаленици на овни и јунци, како при илјади угоени јагниња, така да ти биде благоугодна жртвата наша, денес пред Тебе Господи, оти нема срам за оние што се надеваат на Тебе.
41. И сега ние одиме по Твојот пати од сè срце и се боиме и го бараме Твоето лице.
42. Не посрамувај нè, но направи со нас според Твојата волја и според милоста Своја голема;
43. Избави нè преку силата на чудесата Свои и покажи слава на името Твое, Господи,
44. па да се засрамат сите што им прават зло на слугите Твои, да се засрамат со целата своја моќ и силата нивна да се скрши.
45. За да познаат дека Ти си Господ Бог, еден и славен по целата вселена.”
46. А во тоа време царските слуги што ги беа фрлиле, не престануваа да ја разгоруваат печката со нафта, смола, коноп и дрва,
47. па се креваше пламен над печката, висок четириесет и девет лакти,
48. и се одделуваше и ги изгоруваше и оние Халдејци што ќе ги досегнеше околу печката.
49. Но Ангел Господен слезе во печката заедно со Азарија и оние што беа со него.
50. И го исфрли огнениот пламен од печката и така направи што среде печката се појави како шумлив влажен ветар, и огнот воопшто не се допираше до нив и не ги повреди ниту ги возбуди.
51. Тогаш тие тројцата, како од една уста, почнаа да пеат во печката, да благословат и да Го прославуваат Бога:
52. „Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши и фален и прославуван во векови и благословено е името на Твојата слава, името свето и префалено и прославувано во сите векови.
53. Благословен си Ти во храмот на Твојата света слава и префален си и прославуван вечно.
54. Благословен си Ти, Кој ја гледаш бездната, Кој седиш над херувими и си префален и прославуван во веки веков.
55. Благословен си Ти врз престолот на славата на Твоето царство, префален си и прославуван вечно.
56. Благословен си Ти врз основата небеска, префален си и прославуван во сите векови.
57. Сите дела Господни, благословете Го Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
58. Ангели Господни, благословете Го Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
59. Благословете Го небеса, Господа, пејте и прославувајте Го во веки.
60. Благословете Го Господа сите води, што сте повисоки од небесата, пејте и прославувајте Го во веки.
61. Благословете Го Господа сите сили Господни, пејте и прославувајте Го Господа во веки.
62. Благословете Го Господа сонце и месечино, пејте и прославувајте Го во веки.
63. Благословете Го Господа ѕвезди небески, пејте и прославувајте Го во веки.
64. Благословете Го Господа сите дождови и роси, пејте и прославувајте Го во веки.
65. Благословете Го Господа сите ветрови и прославувајте Го во веки.
66. Благословете Го Господа, огне и жару, пејте и прославувајте Го во веки.
67. Благословете Го Господа, студе и горештино, пејте и прославувајте Го во веки.
68. Благословете Го Господа, росо и иње, пејте и прославувајте Го во веки.
69. Благословете Го Господа, ноќи и денови, пејте и прославувајте Го во веки.
70. Благословете го Господа, светлино и темнино, пејте и прославувајте Го во веки.
71. Благословете Го Господа, леду и мразе, пејте и прославувајте Го во веки.
72. Благословете Го Господа, шушлеку и снегу, пејте и прославувајте Го во веки.
73. Благословете Го Господа, молскавици и облаци, пејте и прославувајте Го во веки.
74. Да Го благослови Господа земјата, нека пее и нека Го прославува во веки.
75. Благословете Го Господа планини и ридови, пејте и прославувајте Го во веки.
76. Благословете Го Господа сите растенија по земјата, пејте и прославувајте Го во веки.
77. Благословете Го Господа извори, пејте и прославувајте Го во веки.
78. Благословете Го Господа мориња и реки, пејте и прославувајте Го во веки.
79. Благословете Го Господа китови и сè што се движи по водите, пејте и прославувајте Го во веки.
80. Благословете Го Господа сите птици небески, пејте и прославувајте Го во веки.
81. Благословете Го Господа ѕверови и сиот добиток, пејте и прославувајте Го во веки.
82. Благословете Го Господа синови човечки, пејте и прославувајте Го во веки.
83. Благослови Го Господа Израиле, пеј и прославувај Го во веки.
84. Благословете Го свештеници Господни, пејте и прославувајте Го во веки.
85. Благословете Го Господа слуги Господови, пејте и прославувајте Го во веки.
86. Благословете Го Господа духови и души на праведници, пејте и прославувајте Го во веки.
87. Благословете Го Господа преведни и смирени по срце, пејте и прославувајте Го во веки.
88. Благословете Го Господа Ананиј, Азариј и Мисаиле, пејте и прославувајте Го во веки, бидејќи Он нè извлече од пеколот и нè спаси од раката на смртта, нè избави од вжарената печка и нè спаси од сред огнот.
89. Славете Го Господа оти е Он добар, милоста му е во веки.
90. Благословете Го Бога над боговите сите вие што Го почитувате Господа, пејте и славете Го, зашто милоста Негова е вечна.”
91. Царот Навуходоносор кога чу дека тие пеат, се возбуди, стана брзо и им рече на големците свои: „Нели трите души врзани ги фрливме во огнот?” Тие му одговорија на царот: „Навистина така беше, царе!”
92. На тоа тој рече: „Еве јас гледам четири души, како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; и подобието на четвртиот е слично на синот Божји.”
93. Тогаш Навуходоносор се приближи до отворот на распалената печка со оган и рече: „Седрахе, Мисахе и Авденаго, слуги на севишниот Бог, излезете и дојдете.” Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот,
94. и штом се собраат сатрапите, намесниците, воените началници и советниците цареви, видоа дека огнот немал никаква сила врз телата на тие луѓе, дури и косата на главата не им беше опржена, а и облеките нивни не им се беа измениле, па дури и мирис на изгорено немаше на
нив.
95. Тогаш Навуходоносор рече: „Нека е благословен Бог на Седрах, Мисаха и Авденаго, Кој го испрати Својот ангел и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа телата свои на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг бог, освен на својот Бог!
96. И еве, јас давам заповед, ако некој од народите, племињата и јазиците изговори хула против Бога на Седраха, Мисаха и Авденаго, да се исече на парчиња и куќата да му се претвори во урнатини, зашто нема друг Бог, Кој може така да избавува.”
97. Тогаш царот ги возвиси Седраха, Мисаха и Авденаго во земјата Вавилонска и ги возвеличи и ги удостои со началства над другите Јудејци во царството свое.
98. „Царот Навуходоносор до сите народи, племиња и јазици што живеат по земјата – мирот да ви се умножи!
99. Угодно ми е да ве известам за знаците и чудесата кои Севишниот Бог ги изврши над мене.
100. Колку се големи знаците Негови и колку се силни чудесата Негови! Царството Негово е Царство вечно, и владеењето Негово – од род во род.”

4. Навуходоносор го објавува својот втор сон.

1. Јас, Навуходоносор, бев спокоен во својот дом и напредував во сè.
2. Но видов сон што ме уплаши, и размислувањата врз леглото мое и виденијата на главата моја ме смутија.
3. Па дадов заповед да ги доведат при мене сите мудреци вивилонски за да ми кажат што означува сонот.
4. Тогаш дојдоа јасновдците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав сонот, но тие не можеа да ми објаснат што значи.
5. Последен влезе при мене Даниил, чие име беше Валтазар – според името на мојот бог, и во кого е духот на Бога светецот; нему му го кажав сонот.
6. Валтазаре, глава на мудреците, знам дека е во тебе духот на Бога светецот и дека никаква тајна тебе не ти престставува; објасни ми го видението на мојот сон што го видов и што значи.
7. А виденијата на мојата глава врз леглото мое беа вакви: видов, ете, во средината на земјата дрво многу високо.
8. Големо беше тоа дрво и цврсто, а височината негова достигаше до небото, и се гледаше од сите краишта на целата земја.
9. Лисјата негови – многу убави, и плодовите на него – многубројни, и храна на него имаше – за сите; под него наоѓаа сенка ѕворовите полски, а по гранките негови си правеа гнезда птиците небески и од него се хранеше секое суштество.
10. И видов виденија на главата моја врз леглото мое, а тоа, од небесата слезе Будниот и Светиот.
11. Откако извика високо, Он рече: »Исечете го тоа дрво, искастрете ги гранките негови, истресете ги лисјата од него и расфрлете ги плодовите негови; нека избегаат ѕверовите од под него и птиците од под гранките негови;
12. но коренот оставете го во земјата, и во вериги железни и бакарни меѓу полската трева нека се напојува со росата небеска и со животните нека биде делот негов во земјата.
13. Срцето човечко ќе му се одземе и ќе му се даде срце ѕверско и над него ќе минат седум времиња.
14. По заповед на Будниот така е определено и по пресуда од светиите така е одредено за да знаат живите дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака и поставува над него понизени меѓу луѓето.«
15. Таков сон видов јас, царот Навуходоносор; а ти Валтазаре, кажи што означува сонот, бидејќи никој од мудреците во моето царство не може да објасни што значи тој, а ти можеш, оти во тебе е духот на Бога светецот.”
16. Тогаш Даниил, чие име беше Валтазар, остана занесен околу еден час и мислите негови му беа збркани. Царот прв почна да зборува и рече: „Валтазаре, да не те смутува овој сон и значењето негово.” Валтазар одговори и рече: „Господару мој, овој сон нека биде за твоите завидливци, а значењето негово е – за твоите непријатели.
17. Дрвото што си го видел кое беше големо и цврсто, и со височината достигало до небесата и се гледало по целата земја,
18. на кое имало прекрасни лисја и многу плодови и храна за сите, под кое живееле полски ѕверови и во чии гранки виеле гнезда птици небески,
19. тоа си ти царе што си се возвеличил и укрепил, и величието твое пораснало и достигнало до небесата, а власта твоја – до краиштата на земјата.
20. А тоа што царот го видел Будниот и Светиот, Кој слегнал од небесата и рекол: – исечете го дрвото и уништете го, но главниот корен оставете го во земјата и тој во вериги железни и бакарни меѓу полската трева да се напојува со небеската роса и дел од него да биде заедно со полските ѕверови, додека не изминат над него седумте времиња,
21. еве што значи тоа царе, и ова е решението на Севишниот што ќе го постигне мојот господар царот:
22. тебе ќе те одведат од луѓето и ти ќе живееш со ѕверовите полски, со трева ќе те хранат како вол, со небеска роса ќе се напојуваш и седумте времиња ќе минат преку тебе, сè додека не разбереш дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака.
23. А тоа што е заповедано да остане главниот корен на дрвото, тоа значи дека твоето царство ќе остане при тебе, кога ќе разбереш дека има небесна власт.
24. Затоа царе нека ти биде благоугоден мојот совет: откупи ги гревовите свои со правда, и беззаконијата твои – со милосрдие спрема бедните; ете со тоа може да се продолжи твојот мир.”
25. Сето тоа се збидна со царот Навуходоносор.
26. Откако минаа дванаесет месеци, одејќи по царските дворци во Вавилон,
27. царот рече: „Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие!”
28. Тој збор беше во устата на царот, а од небото се чу глас: „За тебе зборуваат, царе Навуходоносоре – царството побегна од тебе!
29. И ќе те одвојат од луѓето, па ќе живееш со полските ѕверови; со трева ќе те хранат како вол и седум времиња ќе минат преку тебе сè додека не узнаеш дека Севишниот владее над човечкото царство и дека го дава кому сака Он.”
30. Венаш се исполни тој збор на Навуходоносора, и тој беше одведен од луѓето, јадеше трева како вол и телото негово се напојуваше само со росата небеска, така што косите му израснаа како кај лав и ноктите му беа како кај птиците.
31. „Но, откако се изврши тоа во оние дни, јас, Навуходоносор, ги
кренав очите кон небото и разумот се врати во мене, па Го благословив Севишниот, Го восфалиф и Го прославив
вечно Живиот, чие владение е вечно и чие царство е од род во род.
32. И сите што живеат на земјата ништо не значат; Он дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата и нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што направи Ти?
33. Во тоа време разумот се поврати во мене и кон славата на моето царство ми се поврати величината и поранешниот вид: тогаш ме побараа советниците мои, великодостоинствениците мои, и јас бев повторно издигнат на царствово свое, и величието мое уште повеќе се издигна.
34. Сега јас, Навуходоносор, превознесувам слава и Го величам царот небесни чии сите дела се вистински и патиштата Негови праведни и Кој е силен да ги смири оние што одат гордо.”

5. Валтазаровата гозба.

1. Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и пред очите на илјадата пиеше вино.
2. Откако вкуси од виното, Валтазар заповеда да се донесат златните и сребрените садови, кои татко му Навуходоносор беше ги изнесол од Ерусалимскиот храм за да пијат од нив царот, достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови.
3. Тогаш ги донесоа златните садови кои беа земени од Светилиштето на домот Божји во Ерусалим и пиеја од нив царот и достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови.
4. Пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени.
5. Во истиот момент се појавија прсти од човечка рака и пишуваа спроти светилникот на ѕидот од царскиот дворец, и царот ги виде прстите на раката што пишуваше.
6. Тогаш царот го измени лицето, мислите му се смутија, појасот на бедрата му олабави и колената негови почнаа да се удираат едно со друго.
7. Извика царот силно за да доведат маѓепсници, Халдејци и гледачи: царот проговори и им рече на мудреците вавилонски: „Оној што ќе го прочита тоа што е напишано и ми објасни што значи, ќе биде облечен во скерлет и околу вратот ќе му биде ставена златна веришка, а во царството мое ќе биде трет достоинственик.”
8. И влегоа сите мудреци цареви, но никој не можеше да го прочита напишаното и да му го објасни на царот значењето негово.
9. Царот Валтазар се разгневи многу и видот на лицето му се измени, а се смутија и достоинствениците негови.
10. Царицата, пак, во врска со зборовите на царот и на достоинствениците негови влезе во собата каде што беше гозбата; проговори царицата и рече – „Царе, да си жив довека, да не те возмутуваат мислита твои и да не се менува изгледот на лицето твое.
11. Во царството твое има човек, во кото е духот на Бога светецот; во деновите на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост како мудроста на боговите и царот Навуходоносор, твојот татко, го постави како глава на јасновидците, Халдејците и гледачите, лично татко ти, царот,
12. бидејќи во него, во Даниила, кому царот му го промени името во Валтазар, се најде висок дух, знаење и разум способен да толкува соништа, да толкува загадочни работи и да разврзува јазли. Затоа нека го повикаат Даниила, и тој ќе го објасни значењето.”
13. Тогаш го воведоа Даниила при царот, и царот проговори и му рече на Даниила: „Ти ли си Даниил, еден од заробените синови јудејски, кого мојот татко, царот, те доведе од Јудеја?
14. Сум слушал за тебе дека во тебе има дух Божји и светлина и разум и голема мудрост.
15. Еве, ми ги доведоа мудреците и маѓепсниците за да го прочитаат она што е напишано и да ми објаснат што значи тоа; но тие не можеа да ми објаснат.
16. За тебе сум чул дека можеш да го објасниш значењето и да разврзуваш јазли; па така, ако можеш да го прочиташ она, што е напишано и ми објасниш што значи, ќе бидеш облечен во скерлет и околу вратот твој ќе има златна веришка, а во царството мое ќе бидеш трет достоинственик.”
17. Тогаш Даниил одговори и му рече на царот: „Даровите нека ти останат при тебе, а почестите дај му ги на друг; а напишаното ќе му го прочитам на царот и значењето ќе му го објаснам.
18. Царе, Севишниот Бог беше му дарувал на татко ти Навуходоносора царство, величие, чест и слава.
19. Пред величието што му го беше дал Он, сите народи, племиња и јазици трепереа и се плашеа – кого сакаше го убиваше и кого сакаше – го оставаше жив; кого сакаше го издигаше, и кого сакаше го понижуваше.
20. А кога срцето негово се возгордеа и духот негов се ожесточи во дрскост, тој беше симнат од царскиот престол и славата му беше одземена,
21. а беше одвоен од синовите човечки и срцето негово заприлега на ѕверско, и живееше со дивите осли; го хранеа со трева како вол, а телото негово се оросуваше од небеската роса, сè додека не разбра дека над човечкото царство владее Севишниот Бог и го поставува над него, кого сака.
22. А ти сине негов, Валтазаре, не го смири срцето свое, иако го знаеше сето тоа.
23. Туку се возгордеа против Господа небесниот и садовите од Неговиот дом ти ги донесоа, па ти и твоите великодостојници, твоите жени и наложниците пиевте од нив вино и ги славевте боговите сребрени и златни, бакарни и железни, дрвени и камени, кои не гледаат, ни слушаат, ниту разбираат; а Бога, во чии раце е и твојата душа и во Кого се сите твои патишта, ти не Го прослави.
24. Заради тоа и се појавија од Него тие прсти од рака и е напишано ова писмо.
25. А еве што е напишано: Мани, Текел, Фарес.
26. А еве го значењето на зборовите: Мани – го изброи Бог царството твое и му стави крај;
27. Текел измерен си на кантар и се најде многу лесен;
28. Фарес – царството ти е разделени и им е дадено на Мидијаните и Персијанците.”
29. Тогаш по заповед на Валтазара го облекоа Даниила во скерлет и му ставија околу вратот златна веришка, па го прогласи за трет великодостојник во царството.
30. Во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен.
31. А Дариј Мидијанинот го презеде царството, кој тогаш беше на шеесет и две години.

6. Даниил во лавовска јама.

1. Му се свиде на Дарија на царството да постави сто и дваесет сатрапи за да бидат управители во целото царство.
2. А над нив тројца кнезови, од кои еден беше Даниил – на кого сатрапите ќе му даваат сметка, за да не биде царството претоварено.
3. Даниил ги надминуваше другите кнезови и сатрапи, бидејќи во него имаше висок дух, и царот веќе се мислеше да го постави над целото царство.
4. Тогаш кнезовите и сатрапите смислија предлог да го обвинат Даниила во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и немаше никаква погрешка ни вина.
5. Но тие луѓе рекоа: „Нема да најдеме причина против Даниила, ако не најдеме против него нешто во Законот на неговиот Бог.”
6. Тогаш тие кнезови и сатрапи отидоа при царот и му рекоа вака: „Царе Дарие, жив да си довека!
7. Сите кнезови во царството, намесниците, сатрапите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама.
8. И така, утврди го царе тоа решение и потпиши ја наредбата за да не се изменува, како закон Мидијански и Персијски и да не биде нарушен.”
9. Царот Дариј го потпиша решението и заповедта.
10. А Даниил, штом разбра дека е потпишана таква повелба, отиде во домот свој. Прозорците на неговата дворна соба му беа отворени спрема Ерусалим, тој трипати во текот на денот ги приклонуваше колената свои и му се молеше на својот Бог и Го славословеше, како што го правеше тоа и порано.
11. Тогаш тие луѓе, демнејќи го, го најдоа Даниила дека се моли и бара милост пред својот Бог;
12. потоа отидоа и му кажаа на царот за царската заповед: „Нели ти потпиша повелба дека секој човек, кој во текот на триесет дена ќе му се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, да биде фрлен во лавовска јама?” Царот одговори и рече: „Тој збор е цврст како и законот на Мидијаните и Персијанците, што не допушта измени.”
13. Тогаш тие одговорија и му рекоа на царот: „Даниил, кој е од заробените синови од Јудеја, не обрнува внимание ни на тебе, царе, ниту на повелбата која си ја потпишал, туку по трипати на ден се моли со свои молитви.”
14. Царот кога го чу тоа, многу се јадоса и си стави при срце да го спаси Даниила и дури до зајдисонце многу размислуваше да го избави.
15. Но оние луѓе дојдоа при царот и му рекоа: „Царе, знај дека според законот на Мидјаните и Персијците ниедно решение или заповед, потврдено од царот не може да се измени.”
16. Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниила, па го фрлија во лавовската јама; тогаш царот му рече на Даниила: „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Он нека те избави!
17. Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстењата на великодостојниците свои, за да не се измени ништо по однос на Даниила.
18. Потоа царот си отиде во својот двор, легна да спие без вечера, па дури и порача да не му донесат храна, но сонот бегаше од него.
19. А утредента царот стана во зори и брзо се упати кон лавовската јама;
20. и кога се приближи до јамата, со нажален глас го повика Даниила и му рече: „Данииле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, може ли да те избави од лавовите?”
21. Тогаш Даниил му одговори на царот: „Царе, жив да си довека!
22. Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, оти јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап.”
23. Тогаш царот многу се зарадува за Даниила и заповеда да го извадат од јамата; го извадија Даниила од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, оти тој веруваше во својот Бог.
24. Царот заповеда, па ги доведоа оние луѓе, што го обвинуваа Даниила, и ги фрлија во лавовската јама, како нив самите, така и децата нивни и жените нивни и уште не беа стигнале до дното на јамата, лавовите ги беа зграбиле и им ги беа здробиле сите нивни коски.
25. Потоа царот Дариј им напиша на сите народи, племиња и јазици кои живееја по целата земја: „Мирот да ви се умножи!
26. Издавам повелба во секоја област на царството мое да треперат и да се плашат пред Данииловиот Бог, зашто Он е Бог жив и вечно живее, а царството Негово е непобедливо, и Неговото владение е бескрајно.
27. Он избавува и спасува, прави чудеса и знаци по небото и земјата; Он го избави Даниила од силата на лавовите.”
28. И така Даниило живееше добро и за царувањето на Дариј, а и во царувањето на Кир Персиски.

7. Даниил гледа во сон четири светски царства.

1. Во првата година на Валтазара, вавилонскиот цар, Даниил виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното.
2. И почна да зборува Даниил, па рече: „Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра се бореа над големо море,
3. и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот.
4. Првиот беше како лав, но со крилја орлови: гледав додека не му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце.
5. И ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: „стани и јади многу месо!”
6. Потоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард: на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт.
7. Потоа видов од ноќните виденија и ете, четврти ѕвер, страшен и ужасен и многу силен; имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите поренешни ѕверови, и имаше десет рогови.
8. Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа со корен, истргнати пред него, на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што зборува надуено.
9. Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, а тркалата му беа како оган што пламти.
10. Река огнена излетуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија.
11. Тогаш видов дека за искажаните горди зборови, што рогот ги говореше, ѕверот беше убиен пред очите мои и телото негово смачкано и предадено на оган за да изгори.
12. И од другите ѕверови власта беше одземена и животот нивни се продолжи само до извесно време и до рок.
13. Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред него.
14. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.
15. Духот мој затрепери во мене, Даниила, во телото мое и виденијата на главата моја се смутија.
16. Се приближив до еден од оние што стоеја напред и го прашав за вистинското значење на сето тоа, и тој почна да зборува со мене и ми ја објасни смислата на реченото:
17. „Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири цара ќе се издигнат од земјата.
18. Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него и во веки веков.”
19. Тогаш замолив точно објаснување за четвртиот ѕвер што се разликуваше од сите и кој беше многу страшен, со железни заби и бакарни нокти изедуваше и трошеше, а остатоците ги газеше со нозете,
20. и за десетте рогови што беа на неговата глава и за другиот што се појави, пред кој паднаа трите, за оној ист рог, на кој имаше очи и уста што зборуваа гордо и како да стана поголем од другите.
21. Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше,
22. додека најпосле не дојде Старецот по определени дни и судот беше даден на светиите од Севишниот, па настапи време светиите да го завладеат царството.
23. Освен тоа тој рече: „Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја изеде целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува.
24. А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поренешните и ќе ги покори трите цара.
25. И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени времињата нивни и закони, па и тие да бидат предадени во раката негова за време и за времиња и за половина време.
26. Потоа ќе седнат судиите и ќе ја одземат од него власта да погубува и да истребува до крај,
27. а царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите големодостојници ќе му служат и ќе му се покоруваат нему.”
28. Тука е крајот на овој збор. Мене, Даниила, силно ме возмутија размислувањата мои, и лицето ми се измени, но словото го запазив во срцето свое.

8. Данииловата покајничка молитва.

1. Во третата година од царувањето на царот Валтазар, јас Даниил, имав второ видение по оние што ми се беа јавиле порано.
2. И видов во видението, и кога гледав, јас бев во Суза, престолнината на Еламската област, и видов во видението како да бев при реката Улај.
3. Ги кренав очите и видов: а таму при реката стои еден овен: тој имаше два рога и рогови високи, но едниот беше повисок од другиот и повисокиот се извиши подоцна.
4. Видов како тој овен бодеше кон запад, кон север и кон југ и ниеден ѕвер не можеше да устои против него, и никој не можеше да се избави од него; тој вршеше што сакаше и се осили.
5. Со внимание го гледав тоа и ете, од запад идеше еден козел, кој ја изоди целата земја, не допирајќи се до неа; и тој козел имаше знаменит рог меѓу очите свои.
6. Се впушти врз оној овен што имаше рог и кога го видов како стои крај реката, тој се фрли врз него со силна јарост.
7. И видов кога тој се приближи до овенот, свирепи се фрли на него и му ги скрши двата рога; и на овенот не му стигаа силите да устои против него, па затоа го кутна на земја и го згази, и немаше никој овенот да го избави од него.
8. Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири, свртени спрема четирите ветра небесни.
9. И од едниот од нив излезе среден рог, кој нарасна многу спрема југ и спрема исток и спрема убавата страна,
10. па се издигна до небесната војска, собори на земјата дел од таа војска и од ѕвездите и ги смачка;
11. се издигна дури и над Водачот на таа војска, Му ја одзеде секојдневната жртва и го урна местото на Неговата светиња;
12. и војската беше предадена заедно со секојдневната жртва поради бесчестието; а тој, откако ја собори вистината на земајта, дејстуваше и успеваше.
13. И чув еден од светиите да зборува, и тој светија му рече на еден кој прашуваше: „До кога ќе трае тоа видени за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, кога светлината и војската беа стапкани?”
14. И ми рече: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти.”
15. И кога јас, Даниил, го гледав тоа видение и замолив за неговото значење, ете пред мене застана некаков лик на човек.
16. И чув од средината на Улај човечки глас, кој извика и рече:„Гаврииле, објасни му го тоа видение!”
17. И се приближи тој до местото каде што стоев и кога дојде, јас се уплашив и паднав ничкум; а тој ми рече – знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето.
18. И кога зборуваше тој со мене, јас лежев ничкум на земјата без чувства; но тој се допре до мене и ме постави на моето место,
19. па ми рече: „Еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време.
20. Овенот со двата рога што ги виде тоа се мидијскиот цар и персискиот.
21. А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар:
22. тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила.
23. А кон крајот на царството нивно кога отстапниците ќе ја исполнат мерката на своите беззаконија, ќе се издигне еден цар бесрамен и искусен во сплеткарење;
24. неговата моќ ќе се зацврсти, иако не со неговата сила; тој ќе врши чудни пустошења и ќе успева, ќе дејствува и ќе погубува јунаци и народи на светиите;
25. со умот негов ќе напредува и сплеткарството во раката негова; во срцето ќе се возгордее и во мирно време ќе погуби мнозина; тој ќе се крене против Кнезот над кнезовите, но ќе биде победен – не со рака.
26. А видението за вечерта и утрината за кое ти се рече е вистинско, но ти сокри го тоа видение оти се однесува на далечни времиња.”
27. Јас, Даниил, истоштен и болен бев неколку дни, потоа станав и почнав да се занимавам со царските работи; се чудев на тоа видение и не го разбирав.

9. Данииловата покајничка молитва.

1. Во првата година од царувањето на Дариј, синот на Асуира, од мидијски род, кој беше поставен за цар над халдејското царство,
2. во првата година на неговото царување, јас, Даниил, го разбрав според книгите бројот на годините за словото што беше му го кажал Господ на Јеремија, дека седумдесет години ќе се навршат над опустошениот Ерусалим.
3. И го свртев лицето свое кон Господа Бога со молитва и со молба, во пост, во кострет и пепел.
4. И му се молев на Господа мојот Бог, се исповедав и Му реков: „Те молам, Господи, Боже Велики и чудесен, Кој пазиш на заветот и имаш милост за оние кои Те сакаат и кои ги пазат Твоите заповеди!
5. Згрешивме, постапивме беззаконо, дејствуваме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби
6. и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ од земјата.
7. Во Тебе, Господи, има правда, а во нас – срам на лицата, како што е денес кај секој Јудеец, при жителите на Ерусалим и во сиот Израил, и кај ближниот и кај далечниот, по сите краишта каде што си ги прогонил заради нивното отстапиништво, со кое отстапија од Тебе.
8. Господи, кај нас на лицата наши има срам, при царевите наши, при кнезовите наши и при татковците наши, зашто згрешивме пред Тебе.
9. А при Господа, нашиот Бог, има милосрдност и проштевање, бидејќи ние станавме против Него
10. И не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог за да постапиме според Неговите закони што ни ги дава преку своите слуги – пророците.
11. И сиот Израил го престапи Твојот закон и се одврати за да не го слуша Твојот глас; па затоа врз нас се излеа проклетство и клетва, што се напишани во законот Мојсеев, слугата Божји; оти згрешивме пред Него.
12. И Он ги изврши зборовите Свои што ги кажа против нас и против нашите судии, кои нè судеа, испраќајќи против нас голема беда каква што немало под небесата и каква што се извршува над Ерусалим.
13. Како што е напишано во законот Мојсеев, така нè постигна сето тоа зло; но не го молевме Господа, нашиот Бог, за да се ослободиме од беззаконијата свои и да ја разбереме Твојата вистина.
14. Господ внимаваше над тоа зло и го испрати врз нас; оти праведен е Господ нашиот Бог во сите Свои дела што ги врши, но ние не го слушавме гласот Негов.
15. И сега, Господи, Боже наш, Ти што го изведе народот Свој од земјата Египетска со силна рака, Ти ја покажа славата Своја како денес; згрешивме, постапивме нечесно.
16. Господи, по сета Твоја правда нека се одврати гневот Твој и негодувањето Твое од Твојот град, Ерусалим, од Светата Твоја Гора; зашто за гревовите наши и за беззаконијата на татковицте наши Ерусалим и народот Твој е поруган, кај сите, што нè опкружуваат.
17. А сега чуј ја, Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото молење, па заради Тебе, Господи, погледај со светлото Твое лице на опустошеното Твое светилиште.
18. Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, над кој се призива името Твое; оти ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност.
19. Чуј Господи, Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не забавај поради самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива над Твојот град и над Твојот народ!”
20. Додека зборував и се молев и ги исповедав гревовите свои и гревовите на мојот народ Израилот и ја принесував молбата своја пред Господа, мојот Бог, за светата Гора на мојот Бог,
21. додека ја продолжував молитвата, човекот Гавриил кого го бев видел во поранешното видение, долета брзо, се допре до мене во времето на вечерната жртва,
22. ме вразуми, говореше со мене и рече: „Данииле, сега излегов за да те научам да разбираш.
23. Во почетокот на твоето молење се појави твојот збор и јас дојдов да ти го соопштам, зашто ти си човек сакан; па така, внеси се во зборот и разбери го видението.
24. Седумдесетте седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град за да биде покриен престапот, за да бидат запечатени гревовите и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да биде запечатено секое видени и пророк и да биде помазан Светиот на светиите.
25. И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до Христа Владиката се седум седмици и шеесет и две седмици; и ќе се врати народот и одново ќе се изградат улици и ѕидовите, но во тешки времиња.
26. И по шеесет и двете седмици Христос ќе биде предаден на смрт и суд нема да има: а градот и светилиштето ќе бидат разрушени однародот на водачот што ќе дојде, и крајот ќе му биде како од поплава, и до крајот на војната ќе има опустошување.
27. И во една седмица ќе го потврди заветот за мнозина, а во половината на седмицата ќе престане жртвата и приносот, а на крилото од светилиштето ќе настапи мерзост на запустувањето и крајот на предопределената погибел ќе го постигне опустошителот.”

10. Ново откровение.

1. Во третата година на персискиот цар Кир би откровение до Даниила, кој се викаше Валтазар, и вистинско беше тоа откровение и со голема сила. Тој го разбра тоа откровение и го објасни тоа видение.
2. Во тие дни јас, Даниил, бев тажен цели три седмици.
3. Вкусен леб не јадев; месо и вино не влезе во устата моја, и масла не употребив, додека не завршија трите седмици.
4. А во дваесет и четвртиот ден од првиот месец, се најдов покрај брегот на големата река Тигар;
5. ги кренав очите угоре и видов: ете еден човек, облечен во ленена облака, а крстот му беше препашан со злато од Уфаз.
6. Телото негово изгледаше како топаз, лицето – како светкавица – очите му беа како запалени светила, рацете негови и нозете негови изгледаа како сјаен бакар и гласот на зборовите негови како глас на многу луѓе.
7. И само јас единиот, Даниил, го видов тоа видение, а луѓето што беа со мене не го видоа тоа видение; но страв голем ги обзеде, и тие избегаа за да се сокријат;
8. Останав сам и го гледав тоа големо видение, но во мене не остана сила и видот на лицето мое се измени многу, не остана во мене бодрост.
9. И го чув гласот на зборовите негови; и штом го чув гласот на зборовите негови, ненадејно паднав ничкум и лежев со лицето кон земјата.
10. Но ете, рака една се допре до мене и ме исправи на колената мои и на дланките од рацете мои.
11. Па ми рече тој: „Данииле, сакани човеку, задалабочи се во зборовите што ќе ти ги кажам, и исправи се на нозете свои, зашто при тебе сум денеска испратен.” Штом ми ги кажа тие зборови, јас станав растреперен.
12. Но тој ми рече: „Не бој се Данииле! Од привиот ден кога го управи срцето свое за да постигнеш разбирање и да се смириш пред твојот Бог, зборовите твои беа примерни, и јас сакав да дојдам според зборовите твои.
13. Но кнезот на персиското царство стоеше спроти мене дваесет и еден ден; а тоа е Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне и јас останав таму при персискиот цар.
14. А сега дојдов да ти соопштам, што ќе се случи со твојот народ во последните времиња, зашто видението се однесува кон далечни дни.”
15. Додека ми зборуваше такви зборови, паднав ничкум на земјата и онемев.
16. Но ете, ете еден сличен на синовите човечки се допре до усните мои и јас ја отворив устата своја, почнав да зборувам и му реков на оној што стоеше пред мене: „Господаре мој, од ова видение утробата во мене се преврте и во мене не остана сила.
17. Па како може слугата Твој Господи, да зборува со мојот Господар? оти во мене нема сила, и дишењето мое запрело.”
18. Тогаш пак се допре до мене тој човечки образ, ме поткрепи
19. и рече: „Не бој се, сакан човеку, мир да имаш; охрабри се, охрабри се!” и кога зборуваше тој со мене, јас се закрепив и реков: „Зборувај Господи мој, зашто ти ме поткрепи.”
20. И тој ми рече: „Знаеш ли зошто дојдов при тебе? сега ќе се вратам за да се борам со персискиот кнез; а штом ќе излезам јас, ќе дојде грчкиот кнез.
21. Но јас ќе ти соопштам што е напишано во вистинското писмо; и нема никој друг, што ќе ми помогне во тоа, освен Михаил, вашиот кнез.”

11. Пророкување за царевите во Персија.

1. И така, од првата година на Мидјанинот Дариј јас му станав помошник и поткрепа.
2. Сега ќе ти ја кажам вистината: еве, уште тројца цареви ќе се издигнат во Персија; потоа четвриот ќе ги надмине сите со големо богатство, и кога ќе го намножи богатството свое, ќе ги крене сите против грчкото царство.
3. Потоа ќе се појави силен цар, кој ќе владее со голема власт и ќе дејствува според својата волја.
4. Но, кога ќе се издигне тој, царството негови ќе се сруши и ќе се раздели на четирите ветра небесни и нема да помине на неговите потомци, и не со таква власт, со која тој господареше; затоа што царството негово ќе се растури и ќе падне на други, а не на нив.
5. И јужниот цар ќе се засили, и еден од кнезовите негови ќе стане
посилен од него и ќе владее, и власта негова ќе биде голема.
6. Но по неколку години тие ќе се спријателат и ќерката на јужниот цар ќе дојде при северниот цар за да ги среди правилно односите помеѓу нив; но таа нема да ја задржи силата во рацете свои, и нема да го оддржи нејзиниот род, туку тие ќе бидат предадени, како таа, така и оние, што ќе ја придружуваат; и родениот од неа, како и оние што ѝ помагале во тоа време.
7. Но ќе се издигне фиданка од коренот нејзин, ќе дојде при војската, ќе влезе во тврдините на северниот цар, ќе дејствува во нив и ќе се засили.
8. Дури и боговите нивни, идолите нивни заедно со скапите садови, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет и неколку години ќе владее посилно од северниот цар.
9. И тој, ако и влезе во царството на јужниот цар, пак ќе се врати во земјата своја.
10. Потоа, ќе се вооружат синовите негови и ќе соберат многубројна војска; а еден од нив брзо ќе замине, ќе поплави и ќе замине, и потоа враќајќи се, ќе се бори со него до тврдината негова.
11. И јужниот цар ќе се налути, па ќе излезе да се удри со него, со северниот цар, и ќе изведе голема војска и војската ќе биде предадена во рацете негови.
12. Тогаш војската ќе се охрабри, и срцето на царот ќе се зарадува; тој ќе собори многу илјади, но со тоа нема да стане посилен,
13. бидејќи северниот цар ќе се врати и ќе изведе повеќе војска од поранешната и по неколку години ќе дојде со голема војска и со големо богатство.
14. Во тоа време мнозина ќе станат против јужниот цар, и бунтовниците меѓу синовите на твојот народ ќе се кренат, за да се исполни видението, и ќе паднат.
15. И ќе дојде северниот цар, ќе направи опкоп и ќе го завладее укрепениот град, и нема да се додржат мишките на југ, ниту неговата избрана војска: ќе нема сила да се спротивстави.
16. И кој ќе излезе во пресрет, ќе дејствува според неговата волја и никој не ќе може да устои пред него; и живеалиштето свое ќе го постави во славната земја, и таа ќе настрада од раката негова.
17. И ќе науми да навлезе во царството свое со сите сили, а и праведните со него, и ќе го направи тоа; и ќе му даде ќерка од жените свои за жена, за да го погуби, но таа намера нема да се исполни, и тој не ќе има никаква корист од тоа.
18. Потоа ќе го сврти лицето свое кон островите и ќе завладее многу од нив; но еден водач ќе го прекрати нанесениот срам од него и дури својот срам ќе го префрли врз него.
19. Потоа ќе го сврти лицето свое кон тврдините на својата земја, но ќе се сопне, ќе падне и нема да ги освои.
20. На негово место ќе се издигне друг што ќе прати даночник за да мине по царството на славата. Но и тој по неколку дни ќе загине, и тоа не од востание, ниту во бој.
21. А на негово место ќе се издигне презрениот, и нема да му дадат царски почести; но тој ќе дојде без шум и со лаги ќе го освои царството.
22. И напаѓачите ќе бидат потопени и победени од него, дури и кнезот со кого се поврзал.
23. Оти, откако стапи во сојуз со него, тој ќе дејствува со измама и ќе се искачи и ќе се одржи на врвот со малку народ.
24. Тој ќе влезе во мирни и плодни краишта и ќе го изврши она што не го правеле татковците негови и татковците на татковците негови; пленот, заграбениот имот и богатството ќе го троши како свое и за тврдините ќе помислува, но само за некое време.
25. Потоа ќе се охрабри духот негов и со многубројна војска ќе се крене против јужниот цар; јужниот цар ќе излезе во војна со голема и уште посилна војска, но нема да се додржи, оти против него ќе има сплетки.
26. Дури и оние што јадат леб со него ќе му станат убијци, и војската ќе му се распушти, па така многумина ќе паднат убиени.
27. Во срцето на двата цара ќе има сплетки, и ќе седнат на една трпеза и ќе зборуваат лага, но нема ништо да се случи, зашто крајот е одложен до определеното време
28. и така ќе се врати тој во својата земја со големо богатство и со непријателска замисла против светиот завет, и ќе го исполни и ќе се врати во земјата своја.
29. Во определеното време тој пак ќе појде против југ, но последниот поход нема да биде како поранешниот,
30. бидејќи истовремено со него ќе дојдат китимските кораби, ќе ослаби со духот и ќе се врати, ќе се озлоби против светиот завет и ќе ја изврши својата намера и пак ќе се договори со отстапниците од светиот завет.
31. И ќе постави определен одред војска што ќе го осквернува светилиштето на силата, ќе ја укине секојдневната жртва и ќе постави мерзост на запустување.
32. Со лукавство ќе ги привлече кон себе оние што постапуваат нечесно против заветот; но луѓето кои Го почитуваат својот Бог, ќе се засилат и ќе дејствуваат.
33. И разумните од народот ќе вразумуваат мнозина, макар и некое време да страдаат од меч и оган, од ропство и грабеж.
34. И во времето на страдањето свое ќе имаат извесна помош и мнозина ќе се присоединат кон нив, но дволично –
35. и од разумните некои ќе пострадаат за да ги испитаат, очистат, и обелат за последното време, зашто уште има време до рокот.
36. И ќе постапува тој цар според својата волја, ќе се крене и ќе се возвеличи повисоко од секое божество, ќе почне да хули на Бога над боговите и ќе успева, сè додека не се исполни гневот; зашто, она што е предопределено, тоа и ќе се изврши.
37. За боговите на татковците свои нема ни да помисли, ни желба за жени нема да има, дури ни никакво божество нема да уважува, бидејќи ќе се возгордее погоре од сите.
38. Но ќе укажува почест на бога што татковците негови не го знаеле, ќе го чести со злато и сребро и драгоцени камења, место Бога кој е најсилен.
39. И ќе изгради силна тврдина со туѓ бог: на оние, што ќе го признаваат, ќе им ги зголемува почестите и ќе им дава власт над мнозина и земја ќе раздава како награда.
40. Кон крајот на времето јужниот цар ќе се судри со него и северниот цар ќе се впушти како бура врз него со коли, коњаници и многубројни кораби, ќе нападне на областите, ќе ги поплави и ќе мине преку нив.
41. И ќе влезе во најубавата земја, а многу области ќе пострадаат, од раката негова ќе се спасат само Едом, Моав и голем број од синовите Амонови.
42. Ќе ја протегне раката своја врз разни земји; нема да се спаси ни земјата Египетска.
43. Ќе освои златни и сребрени ризници и разни скапоцени работи од Египет; Ливијците и Етиопјаните ќе тргнат по него.
44. Но гласовите од исток и од север ќе го смутат, па тој ќе излезе со најголема јарост за да истребува и погубува мнозина,
45. и ќе ги распне царските шатори меѓу морето и гората на преславното светилиште; но ќе му дојде крајот, и никој нема да му помогне.

12. Пророкувањето е запечатено.

1. И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес; но ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во книгата.
2. И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за укор и срам.
3. И разумните ќе сјајат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш.
4. „А ти, Данииле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време; мнозина ќе ја прочитаат и знаењето ќе се умножи.”
5. Тогаш јас, Даниил, погледав и ете пред мене стојат двајца други, еден од едната страна на реката, а друг од другата страна на реката.
6. Едниот му рече на човекот со ленена облака кој стоеше над реката: „Кога ќе биде крајот на овие чудни работи?”
7. И чув, кога човекот со ленената облека, што се наоѓаше над реката, откако ја крена десната и левата рака кон небото, се заколна во вечно Живиот, дека сето тоа ќе се изврши кон крајот на времето и времињата и полувремето и по завршувањето снемување сила на светиот народ.
8. Јас го чув тоа но не го разбрав, па затоа прашав: „Господаре мој, што ќе биде потоа?”
9. Тој одговори: „Оди си Данииле, оти тие зборови се сокриени и запечатени до последното време.
10. Многумина ќе се очистат, ќе се избелат и ќе бидат искушани; нечестивете ќе почнат пак нечесно, и никој од нив нема тоа да го разбере, само мудрите ќе разберат.
11. Од времето, кога ќе се прекрати секојдневната жртва и ќе се постави мерзоста на запустувањето, ќе минат илјади и двесте и деведесет денови.
12. Блажен е оној што чека и ќе дочека илјада и триста и триесет и пет дена.
13. А ти оди си во својот крај, па ќе се успокоиш, и ќе останеш да го
добиеш својот дел со жреб до крајот на своите дни.”

13. Даниил ја избавува Сузана.

1. Во Вавилон живееше еден човек по има Јоаким.
2. Тој се ожени со Сузана, ќерката на Хелкија, многу убава и богобојазлива.
3. Нејзините родители беа праведни и својата ќерка ја научија на Мојсеевиот закон.
4. Јоаким беше многу богат и имаше градина близу до својата куќа; при него се собираа Јудејците, зашто беше многу почитуван од сите.
5. Во тоа време избраа двајца старци од народот за судии, за кои Господ беше рекол, дека безаконието е излезено од Вавилон од старешините – судии, кои се сметаа за управници на народот.
6. Тие постојано го посетуваа домот на Јоакима, а кон нив се обрнуваа сите што имаа спорни дела.
7. Кога народот се разотидуваше попладне, Сузана влегуваше во градината на својот маж, каде се шеташе.
8. Тие двајца старци ја гледаа, дека секој ден доаѓа да се шета, и кај нив се појави грешна желба кон неа.
9. Од тоа го загубија својот разум и ги свртија своите очи – да не гледаат на небото и да не си спомнуваат за праведните одредби.
10. Обајцата беа ранети од похотта кон неа, но еден на друг не си ја откриваа својата болка,
11. оти се срамуваа да си ја откријат својата желба, дека сакаат да се соединат со неа.
12. И тие внимателно настојуваа секој ден да ја видат, а си велеа еден на друг:
13. „Ајде да си одиме дома, зашто е време за ручек”, па, откако ќе излезеа, се разделуваат еден од друг.
14. Но, кога ќе се вратеа, се враќаа на истото место, па се прашуваа за причината на тоа, и најпосле си признаа еден на друг за својата грешна желба и тогаш заедно определија време кога би можеле да ја најдат сама.
15. И, ете, така чекајќи го погодниот ден, Сузана влезе, како вчера и завчера, само со две слугинки и посака да се избања, зашто беше многу топло.
16. Таму немаше никого, освен двајцата старци, кои сокриени демнеа.
17. Таа им рече на слугинките: „Донесете ми миризливо масло и сапун, заклучете ја вратата од градината, за да се избањам.”
18. Тие направија, како што им рече, ја заклучија вратата од градината, па излегоа низ задната врата, за да донесат она што им беше заповедано и не ги видоа старците, кои беа сокриени.
19. Штом слугинките излегоа, двајцата старци станаа и притрчаа кон
неа и ѝ рекоа:
20. „Еве, вратата од градината е затворена, никој не нè гледа, а ние те пожелуваме, затоа, согласи се и подај ни се.
21. Ако не се согласиш, ќе сведочиме дека еден младич беше со тебе и затоа си ги испратила слугинките.”
22. Тогаш Сузана заофка и рече: „Отсекаде сум притеснета: ако го направам ова, смрт ме чека; ако не го направам, нема да се извлечам од вашите раце.
23. За мене е подобро да не го направам ова и да паднам во вашите раце, отколку пред Господа да згрешам.”
24. И извика Сузана со висок глас, извикаа и двајцата старци против неа,
25. а едниот од нив потрча и ја отвори вратата од градината.
26. Кога оние, што беа во куќата, ги чуја викотниците во градината, потрчаа кон задната врата, за да видат што се случува со неа.
27. И откако старците ја раскажаа својата приказна, слугите многу се засрамија, зашто никогаш такво нешто не беа слушнале за Сузана.
28. И, ете, утредента, кога се беше собрал народот кај Јоакима, нејзиниот маж, дојдоа и двајцата старци, наполнети со безбожна замисла, за да ја предадат Сузана на смрт.
29. Тие рекоа пред народот: „Испратете да ја доведат сузана, ќерката на Хелкија и жената на Јоакима;” и испратија по неа.
30. Дојде таа и родителите нејзини, и децата нејзини и сите роднини нејзини.
31. А Сузана беше многу нежна и убава на лице.
32. Оние безбожници заповедаа да ѝ го откријат лицето, зашто беше покриена, за да се наситат на нејзината убавина.
33. Роднините нејзини и сите, кои ја гледаа, плачеа.
34. А двајцата старци, откако станаа среде луѓето, ги ставија своите раце на нејзината глава.
35. Таа, пак, расплаката погледна кон небото, зашто срцето нејзино се надеваше на Господа.
36. Старците рекоа: „Кога се шетавме сами низ градината, таа влезе со две слугинки, ја затвори вратата од градината и им рече на слугинките да си одат;
37. при неа дојде еден младич, кој се криеше таму и легна со неа.
38. Ние бевма во аголот на градината, па кога го видовме тоа беззаконие, потрчавме кон нив.
39. Ги видовме како се соединуваат. Младичнот не можевме да го фатиме, зашто беше посилен од нас, па ја отвори вратата и избега,
40. но неа ја фативме и ја прашавме: »Кој беше тој младич?« Но таа не сакаше да ни каже. За тоа ние сведочиме.
41. Луѓето им поверуваа, како на народни старешини и судии, и ја осудија на смрт.
42. Сузана извика со силен глас и рече: „Боже вечни, Кој гледаш сè што е скриено и Кој знаеш сè пред да се случи!
43. Ти знаеш, дека лажно сведочеа против мене, и, ете, јас умирам, а да не сум направила ништо од она, што овие пакосни луѓе измислија против мене.”
44. Господ го чу нејзиниот повик,
45. и кога ја водеа на смрт, Бог го возбуди светиот дух на младичот Даниил,
46. и тој извика со висок глас: „Јас сум чист од нејзината крв!”
47. Тогаш сите луѓе се свртеа кон него и рекоа: „Што сакаш со тоа да кажеш?”
48. Застана тој меѓу нив и рече: „Толку ли сте неразумни, синови Израилеви, без да испитате и беа да ја дознаете вистината, ја осудивте ќерката Израилева?
49. Вретете се во судницата, зашто овие лажно сведочеа против неа.”
50. Сите луѓе веднаш се вратија, а старешините му рекоа: „Дојди, седни меѓу нас и кажи ни, бидејќи Бог на тебе ти даде старешинство.”
51. Тогаш Даниил им рече: „Одделете ги еден од друг, а јас ќе ги распрашам.”
52. Откако ги одделија еден од друг, го повика едниот и му рече: „Стар злодеецу, сега се покажуваат твоите гревови, што си ги направил некогаш,
53. кога донесуваше неправедни пресуди, осудувајќи невини и оправдувајќи виновни, а Господ говори: »Невин и праведен не убивај!«.
54. А сега, ако навистина си ги видел, кажи ни под кое дрво ги виде заедно? Тој одговори: »Под мастиковото дрво.«
55. Даниил му рече: „Навистина ти излага и ќе ја загубиш твојата глава. Еве, Ангел Божји, доби заповед од Бога и ќе те расече на половина.”
56. Откако го отстрани него, заповеда да го доведат другиот, па му рече: „Ти си семе Ханово, а не Јудино! Тебе те прелага убавината, гревовната желба го направи страсно твоето срце!
57. Вака постапувате со ќерките Израилеви, а тие од страв ви се подаваа; но ќерката Јудина не подлегна на вашето беззаконие.
58. И така, кажи ми: „Под кое дрво ги виде заедно?” Тој одговори и рече: „Под зелениот даб.”
59. Даниил му рече: „Навистина и ти излага и ќе ја загубиш твојата глава; Ангелот Божји, еве, стои со меч во раката, за да те пресече на половина, па обајцата да ве погуби.”
60. Тогаш сите луѓе извикаа со висок глас и Го благословуваа Бога, Кој ги спасува оние што се надеваат на Него.
61. Се кренаа против двајцата старци, кои Даниил ги изобличи со она што самите го рекоа, дека лажно сведочеле.
62. Со нив постапија онака, како што мислеа да посатапат со неа; ги погубија, според законот на Мојсеја. Тој ден беше спасена невина крв.
63. А Хелкија и неговата жена Го прославија Бога за својата ќерка Сузана, заедно со Јоакима, нејзиниот маж и сите нејзини роднини, зашто кај неа не се најде никакво дела срамотно.
64. Од тој ден Даниил стана голем пред очите на народот.

14. Даниил не му се поклонува на Вила. Даниил ја открива измамата. Даниил во јамата на лавовите.

1. Царот Астијаг се прибра при своите татковци, а него го наследи Персиецот Кир.
2. А Даниил живееше со царот заедно и беше пославен од сите свои пријатели.
3. Кај Вавилонците имаше идол, именуван Вил, на кој секој ден му принесуваа дванаесет мери најубаво пченично брашно, четиринаесет овци и шест мери вино.
4. Царот го почитуваше и одеше секој ден да му се поклонува, а Даниил Му се поклонуваше на својот Бог. Затоа царот го праша Даниила: „Зошто не му се поклонуваш на Вила?”
5. Тој му одговори: „Затоа што не им се поклонувам на идоли, направени од човечки раце, туку Му се поклонуван на живиот Бог, Кој ги создал небото и земјата и Кој владее над секое тело.”
6. Тогаш царот му рече: „Мислиш ли ти дека Вил не е жив бог? Не гледаш ли колку тој јаде и пие секој ден?”
7. Кога се насмевна, Даниил рече: „Царе, не мами се; одвнатре тој е глина, а однадвор е од бронза; тој никогаш ни јал ниту пиел.”
8. Тогаш царот, откако се разгневи, ги повика сите жреци и им рече: „Ако не ми кажете кој ја јаде сте оваа храна, ќе умрете.
9. Ако пак ми докажете дека ја јаде Вил, тогаш ќе умре Даниил затоа што го похули.” А Даниил му рече на царот: „Нека биде според твојот збор.”
10. Имаше седумдесет жреци, освен жени и деца.
11. И дојде царот со Даниила во храмот на Вила, а жреците на Вила рекоа: „Царе, ете, ние ќе излеземе надвор, а ти стави ја храната и, откако го налееш виното, затвори ја вратата и запечати ја со твојот прстен.
12. Па утре, кога ќе дојдеш и не најдеш дека Вил изел сè, нека умреме
ние или нашиот клеветник Даниил, кој лажел против нас.”
13. Тие не се плашеа од тоа, што го рекоа, зашто под трпезата беа направиле таен влез и низ него секогаш влегуваа и ја јадеа сета храна.
14. Кога тие излегоа, царот ја стави храната пред Вила, а Даниил им заповеда на своите слуги, и тие донесоа пепел, па, во присуство на царот, го посипаа целиот храм. Тогаш излегоа, ја затворија вратата, ја запечатија со царскиот прстен и си отидоа.
15. А жреците, според својот обичај, дојдоа преку ноќта заедно со своите жени и деца, па изедоа и испија сè.
16. Утредента царот стана рано и дојде во храмот, и Даниил дојде со него.
17. Царот запраша: „Данииле, дали се печатите неповредени?” Тој му одговори: „Да, царе, тие не се повредени.”
18. И штом ја отворија вратата, царот, откако ја погледна трпезата, извика со силен глас: „Велик си, Виле, и во тебе нема никаква измама!”
19. Откако се насмевна, Даниил го задржа царот, за да не влезе внатре, и му рече: „Погледај го подот и испитај чии се овие стапалки.”
20. А царот рече: „Гледам стапалки на мажи, жени и деца.”
21. И царот се разгневи многу и заповеда да ги фатат жреците и нивните жени и деца, за да ја покажат тајната врата, низ која влегувале и иезедувале сè што било на трпезата.
22. Тогаш царот заповеда да ги погубат, а идолот Вил да му го предадат на Даниила, а тој да го разурне него и неговиот храм.
23. А на тоа место имаше и еден голем змеј, кого го почитуваа Вавилонците.
24. Царот му рече на Даниила: „Нема ли за него да речеш дека е бронза? Ете, тој е жив, и јаде и пие; не можеш да кажеш дека овој бог не е жив; па затоа поклони му се.”
25. Даниил му одговори на царот: „Јас Му се поклонувам на Господа, мојот Бог, зашто Он е жив.
26. Но, ти, царе, дозволи ми, јас ќе го убијам змејот, без меч и без стап.” Царот му рече: „Ти давам дозвола.”
27. Тогаш Даниил зеде смола, лој и влакна, ги свари заедно, па, откако направи од тоа грутка, му ја фрли во устата на змејот, а змејот ја проголта грутката и се расцепи. А Даниил рече: „Ете, гледајте на што се поклонувате!”
28. Кога Вавилонците слушнаа за тоа, многу се разгневија, се кренаа против царот, велејќи: „Царот стана Јудеец, го разурна Вила, го уби змејот и жреците ги предаде на смрт.”
29. Па, кога дојдоа кај царот, му рекоа: „Предај ни го Даниила, инаку ќе те убиеме и тебе и твојот дом.”
30. И кога виде царот дека силно настојуваат, беше принуден да им го предаде Даниила.
31. Тие го фрлија во лавовска јама, а тој остана таму шест дена.
32. Во јамата имаше седум лавови, на кои секој ден им даваа по два вола и по две овци; но во тоа време не им ги даваа, за да го изедат Даниила.
33. Во тоа време имаше во Јудеја еден пророк, по име Авакум, кој токму што беше сварил каша и надробил леб во сад и одеше кон својата нива, за да им го однесе тоа на жетварите.
34. Но Ангел Господов му рече на Авакума: „Ова јадење што го имаш, однеси му го во Вавилон на Даниила, кој е во лавовската јама.”
35. А Авакум одговори: „Господи, јас никогаш не сум го видел Вавилон и не ја знам таа јама.”
36. Тогаш Ангелот Господов го фати Авакума за темето и, откако го подигна за косата од неговата глава, го однесе во Вавилон и го спушти кај јамата со силата на својот дух.
37. Авакум извика и рече: „Даниила, Данииле, земи го јадењето што ти го испраќа Бог!”
38. А Даниил рече: „Боже, Ти си спомна за мене; Ти не ги оставаш оние што Те љубат.”
39. И стана Даниил и јадеше, а Ангелот Божји веднаш го врати Авакума во земјата негова.
40. Седмиот ден дојде царот, за да го оплаче Даниила и, откако се приближи до јамата, се наведна во неа, кога, ете, го виде Даниила како седи.
41. Тогаш извика со висок глас и рече: „Велик си Ти, Господи, Боже Даниилов, и нема друг Бог освен Тебе!”
42. Па заповеда царот да го извадат Даниила од јамата, а во неа да ги фрлат оние што сакаа него да го погубат, и лавовите ги изедоа веднаш, пред неговите очи.