Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга пророк Амос

1. За казните на соседите Израилеви.

1. Зборовите на Амоса, еден од пастирите на Текоја, што ги чува во видение за Израилот во деновите на јудејскиот цар Озија, и во деновите на јудејскиот цар Јеровоам, синот Јоасов, две години пред потресот.
2. И рече тој: Господ ќе загрми од Сион и ќе го пушти гласот Свој од Ерусалим, и ќе се расплачат куќите пастирски, и ќе се исуши врвот на Кармил.
3. Така вели Господ: за трите престапи на Дамаск и за четирите нема да го поштеди, зашто го вршеа Галад со железни орудија.
4. Ќе пуштам оган во домот Азаилов, и тој ќе ги проголта дворците на Венадад.
5. Па ќе ги разбијам резињата на Дамаск и ќе ги истребам жителите од долината Авен, и оној, што држи жезал, од домот Еденов; народот Арамејски ќе отиде во ропство во Кир, вели Господ.
6. Така вели Господ: за три престапи на Газа и за четири нема да ја поштедам, зашто тие ги одведоа сите во ропство, за да му ги предадат на Едома.
7. И ќе испратам оган во ѕидовите на Газа и тој ќе ги проголта дворците нејзини.
8. Па ќе ги истребам жителите на Азот, и оној, што го држи жезалот во Аскалон, и ќе ја свртам раката Своја против Екрон, и ќе загине остатокот на Филистејците, вели Господ.
9. Вака вели Господ: за трите престапи на Тир и за четири нема да го поштедам, зашто тие му ги предадоа на Едома сите заробеници, и не се сетија за братскиот сојуз.
10. Ќе пратам оган во ѕидовите на Тир, и тој ќе ги проголта дворците негови.
11. Така вели Господ: за трите престапи на Едома и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги гонеше браќата свои со меч, ги погази родбинските чувства, беше свиреп во гневот свој и секогаш ја држеше јароста своја.
12. Ќе испратам оган врз Теман, и тој ќе ги проголта дворците на Восор.
13. Така вели Господ: за трите престапи на синовите Амонови и за четири нема да ги поштедам, бидејќи тие ги расекуваа бремените жени во Галад, за да ги прошират границите свои.
14. И ќе запалам оган во ѕидовите на Рава, и тој ќе ги проголта дворците нејзини со врисок во денот на бојот и со виор во денот на бурата.
15. И ќе отиде царот нивни во ропство, тој и кнезовите негови заедно, вели Господ.

2. За казната на Моав, Јуда и Израилот.

1. Вака вели Господ: за трите престапи на Моав, и за четири нема да го поштедам, оти тој ги изгоре коските на царот едомски во вар.
2. Па ќе пратам оган врз Моав, и тој ќе ги проголта дворците кериотски, и ќе загине Моав при пораз со шум, при трубен звук.
3. И ќе го истребам судијата негов и ќе ги убијам сите кнезови негови заедно со него, вели Господ.
4. Така вели Господ: за трите престапи на Јуда и за четири нема да го поштедам, заради тоа што го отфрлија Законот на Господа и наредбите Негови не ги запазија; и идолите, по кои одеа татковците нивни, ги отклонија од патот.
5. И ќе испратам оган врз Јуда, и тој ќе ги проголта дворците ерусалимски.
6. Така вели Господ: за трите престапи на Израилот и за четири нема да го поштедам, бидејќи тие продаваат праведен за сребро, и сиромав за две сандали.
7. Чезнеа да видат прав земен врз главите на сиромасите, и патот на кротките го искруваа; дури татко и син одеа при иста жена, за да го бесчестат Моето свето име.
8. При секој жртвеник лежат врз облеки, земени во залог, и вино изнудено од обвинети, пијат во домот на боговите свои.
9. Но Јас ги истребив пред нив Аморејците, чија височина беше како височината на кедар, и кој беше јак како даб; Јас го уништив плодот негов горе, а коренот негов долу.
10. Вас, пак, ве изведов од земјата Египетска и ве водев по пустињата четириесет години, за да ја наследите земјата Аморејска.
11. Од синовите ваши избирав луѓе за пророци и од младичи ваши – за назореи; зар не е така синови Израилеви? – вели Господ.
12. А вие ги поевте назореите со вино и на пророците им заповедавте: »не пророкувајте«.
13. Еве, Јас ќе ве притегнам, како што се стега кола, натоварена со снопја,
14. и брзиот не ќе има сила за бегање, ни јакиот да издржи и храбриот да го спаси животот свој.
15. Ни оној, што стрела со лак, нема да се додржи, ниту брзиот ќе избега, ниту пак оној на коњ ќе го спаси животот свој.
16. И најхрабриот од храбрите во оној ден ќе избега гол, вели Господ.

3. По пророкувањето пристигнува казна.

1. Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови Израилеви, против целото племе, кое го изведов од земјата Египетска велејќи:
2. само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве посетам поради сите ваши беззаконија.
3. Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе.
4. Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа?
5. Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земајта стапица, ако не се фати ништо во неа?
6. Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ?
7. Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците.
8. Кога ќе зарика лав, кој е тој што нема да трепне? Господ Бог вели: кој нема да пророкува?
9. Прогласете од покривите на Азот и од покривите од земјата Египетска и кажете: соберете се по горите на Самарија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа.
10. Тие не знаат да постапуваат справедливо, вели Господ: со насилие и грабеж собираат добра во дворците свои.
11. Затоа вака вели Господ Бог: еве, непријателот е околу земјата, тој ќе ја нападне со сета своја моќ и дворците твои ќе бидат ограбени.
12. Така вели Господ – како што понекогаш пастирот истргнува од лавовска уста две потколенични коски или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израилеви, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое.
13. Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог, Саваот.
14. Зошто во оној ден, кога ќе го посетам Израилот за престапите негови, ќе го испитам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја.
15. Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украсите од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ.

4. Опомена за поглаварите во Израилот.

1. Чујте го ова слово, јунички васански, вие, кои сте на Самариска гора, вие, кои ги измачувате сиромасите, ги угнетувате бедните и им велите на своите господари: „донесете да пиеме!”
2. Се заколна Господ Бог во Својата светост, дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш – со јадици.
3. Па ќе излезете низ проломите на ѕидовите, секоја – како ќе може, и ќе ги фрлите сите украси, што се во дворците, вели Господ.
4. Одете во Ветил и грешете, во Галгал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трети ден.
5. Принесувајте како благодарствена жртва леб со квас, кажувајте ги доброволните свои приноси и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израилеви, вели Господ.
6. Затоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб по сите ваши населби; но вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ.
7. И го задржав по вас дождот три месеци до жетва; пуштив дожд врз еден град, врз друг град не пуштив; еден дел беше напојуван со вода, а другиот – ненаросен со дожд, и се исушуваше.
8. И се собраа два три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ.
9. Ве поразував со суша и метлика по житата: во многу ваши градини и лозја, насади со смокви и маслини ги јадеа гасеници, и при сето тоа пак не се обрнавте кон Мене, вели Господ.
10. Ви праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, отакако ги одведов коњите ваши во плен, така што смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се обрнавте кон Мене, вели Господ.
11. Ве сотирав, како што Бог го разруши Содом и Гомор, и вие бевте истргнати од огнот како гламња, но при сето тоа не се обрнавте кон Мене, вели Господ.
12. Затоа вака ќе постапам со тебе, Израиле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да го дочекаш твојот Бог, Израиле.
13. Зашто, ете, Оној е, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утрената светлина ја претвора во мрак и оди високо над земјата. Името Негово е Бог.

5. Позив за покајание.

1. Чујте го ова слово, со кое ќе кренам плач за вас, доме Израилев.
2. Падна, нема повеќе да стане девицата Израилева! Фрлена е на земјата своја, и нема кој да ја крене.
3. Оти вака вели Господ Бог: град, од кој излегуваат илјадници, ќе остане само со сто, а од кој излегуваат сто, ќе остане само со десет во домот Израилев.
4. Оти така му вели Господ на домот Израилев: побарејте Ме и ќе бидете живи.
5. Не барајте го Ветил, не одете во Галгал и не патувајте во Вирсавија, зашто сиот Галгал ќе појде во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо.
6. Побарајте Го Господа, и ќе бидете живи, за да не се нафрли Он против домот Јосифов како оган, што ќе го проголта, и не ќе има кој да го гасне во Ветил.
7. О, вие, што го превртувате правосудството во отров и правдата ја фрлате на земја!
8. Кој го создал седмоѕвездието и Орион и ја претвора смртната сенка во јасно утро, а денот го прави темен како ноќ, ги извикува морските води и ги разлива по земјата? Господ е името Негово!
9. Он го заштитува рушителот против силниот, и опустошителот влегува во тврдината.
10. А тие го мразат оној, кој изобличува пред портите, и се гаснат од оној, кој кажува правда.
11. Па така, затоа што го измачувате сиромавиот и земате од него подароци во жито, вие ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, само вино од нив нема да пиете.
12. Зашто Јас знам колку се многубројни вашите престапи, и колку се тешки вашите гравови; вие сте му непријатели на праведникот, земате поткуп и ги извртувате делата на сиромасите во судот.
13. Поради тоа разумниот човек молчи во тоа време, оти времето е лошо.
14. Барајте добро, а не зло, за да останете живи – и тогаш Господ Бог Саваот ќе биде со вас, како што велите вие.
15. Мразете го злото, сакајте го доброто и поставете правосудство пред портите; можеби, Господ Бог Саваот, ќе се смилува на остатокот Јосифов.
16. Затоа вака вели Господ Бог Саваот, Седржителот: по сите ваши улици ќе има плач, и по сите ваши патишта ќе викаат: Оф, оф! И ќе повикаат земјоделец да жали и искусни за жални песни, да плачат;
17. и по сите лозја ќе има плач, оти Јас минам меѓу тебе, вели Господ.
18. Тешко им на оние, кои го бараат денот Господен! Зашто ви е тој ден Господен? Тој е темнина, а не светлина.
19. Тоа е исто како кога некој ако побегне од лав, па ќе го сретне мечка, или ако дојде дома и се потпре со раката на ѕид, па го касне змија.
20. Зар денот Господен не е мрак, туку светлина? Тој е мрак, и во него нема болскот.
21. Ги мразам и ги отфрлувам празниците ваши и не ги помирисувам жртвите ваши во времето на вашите прослави во собранијата.
22. Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња.
23. Отстрани го од мене шумот на твоите песни, зашто звуците на твојата гусла нема да ги слушам.
24. Правосудството нека тече како вода, и правдата – како силен поток.
25. Зар не ми принесувавте жртви и дарови во лебови во пустињата во текот на четириесетте години, доме Израилев?
26. Вие ја носевте скинијата Молохова и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, ликови што ги направивте за себе.
27. Затоа Јас ќе ве преселам зад Дамаск, вели Господ; Бог Саваот е името Негово.

6. Опомена.

1. Тешко им на оние што се без грижа во Сион и на оние што се надеваат на гората Самариска, кои се првенци во народот, и при кои доаѓа домот Израилев!
2. Минете во Калне и видете, оттаму одете во Великиот Емат и спуштете се во Гет филистејски: зар не се подобри тие во овие царства? Не ли се пошироки нивните предели од вашите предели?
3. Тешко вам, кои сметате дека е далеку злочестиот ден, а правите да се приближи славата на насилството,
4. вие, кои лежите на легла од слонова коска и се оптегате на постелите свои, вие, кои јадете најдобри овни од стадото и телиња од богато пасиште,
5. вие, кои пеете по звукот на гусла, мислејќи дека свирите како Давид,
6. вие, кои пиете вино од чаша, се мачкате со најдобри масла и не ве боли срцето за злото на Јосифа!
7. Затоа сега тие ќе појдат први во ропство пред заробените, и ќе се заврши ликувањето на разнежените.
8. Се колне Господ Бог Сам во себе и вака вели Господ, Бог Саваот: се гнасам од гордоста на Јакова и ги мразам дворците негови, и ќе го предадам градот и сè, што го исполнува.
9. И, ако во некоја куќа останат десет души, и тие ќе умрат.
10. ќе ги земе роднината нивни или соседот, за да ги изнесе коските нивни од куќите, па ќе го прашаат оној, кој стои пред куќата: „има ли уште некого?” Тој ќе одговори: „нема никого”. И овој ќе рече: <молчи, оти не бива да се спомнува името Господово.” 11. Зошто, ете, Господ ќе даде заповед и ќе ги сосипе големите куќи преку расцепување, а малите со напукнување. 12. Трчаат ли коњите по карпа? Може ли таа да се изоре со волови? Вие, пак, го превртувате правосудството во отров, а плодот на правдата - во горчина; 13. вие, што се восхитувате од ништо и од никакви работи и велите:„зар не спечаливме со силата на својата моќ?” 14. Еве, Јас, вели Господ Бог Саваот, ќе подигнам народ против вас, доме Израилев и ќе ве истерам од влезот во Емат до потокот во пустињата.

7. Амос пророкува пропаст.

1. Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Он создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, и тоа беше тревата по царската косидба.
2. И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господе Боже, смили се; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал.
3. И Господ се сожали на тоа: „нема да стане тоа” – рече Господ.
4. Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог произведе оган за суд – и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата.
5. И реков: Господи Боже, запри: „како ќе се додржи Јаков? Па тој е многу мал.”
6. И Господ се сожали на тоа: „и тоа нема да се збидне”, рече Господ Бог.
7. Вакво видение ми откри Он: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка.
8. И ми рече Господ: „Што гледаш, Амосе?” Јас одговорив: „Висулка”. И Господ рече: „еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ Израилев; нема повеќе да му проштевам.
9. Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата Израилеви, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.”
10. И Амасиј, свештеникот ветилски, прати при израилскиот цар Јеровоама, да кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израилев; земјата не може да ги трпи зборовите негови,
11. оти тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израилот бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство.
12. И му рече Амасиј на Амоса: јасновидецу, оди и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај,
13. а во Ветил не пророкувај веќе, оти тој е светиња царева и е царски дом.
14. Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви.
15. Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај при мојот народ Израилот.
16. А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израилот и не кажувај зборови против домот Исаков.
17. Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе биде обесчестена во
градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерна врвка, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израилот ќе биде одведен од земјата своја.

8. Залудна жед за Божји збор.

1. Вакво видени ми откри Господ Бог: ете, кошница со зрели плодови.
2. И ми рече Он: што гледаш, Амосе? Одговорив: кошница со зрели плодови. Тогаш Господ ми рече: му дојде крајот на Мојот народ Израилот – нема повеќе да му проштевам.
3. Песните во дворците во оној ден ќе се претворат во ридање, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум.
4. Чујте го ова, вие, кои жедувате да проголтате бедни и да погубите сиромаси,
5. вие, кои велите: – кога ќе мине месечието, за да продаваме жито, и сабота, за да ги отвориме житниците, да ја намалиме мерката, да ја зголемиме цената на сиклата и да измамуваме со лажни мерки,
6. да купуваме сиромаси со сребро и бедни за два чевела, и да продаваме отсевки?
7. Се заколна Господ во славата на Јакова: навистина нема никогаш да заборавам ниту едно од делата негови!
8. Нема ли да се затресе земјата од тоа и нема ли да заплаче секој жител на неа? Таа целата ќе се разбранува како река и ќе се подига и ќе се спушта како реката египетска.
9. И во оној ден, вели Господ Бог, ќе направам сонцето да зајде попладне и ќе ја помрачам земјата среде бел ден,
10. ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни – во плач; ќе ставам вреќишта на сите бедра и ќелавост – на секоја глава, и ќе создадам во земјата плач како за син единец, и крајот ќе ѝ биде како тажен ден.
11. Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови.
12. И ќе одат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи
го словото Господово, и нема да го најдат.
13. Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња.
14. Они што се колнат во гревот Самариски и велат: жив е твојот бог, Дане, така да ни е жив и патот за Вирсавија! Тие ќе паднат и веќе нема да се кренат.

9. Разрушување на храмот.

1. Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси.
2. И да се закопаат во најдолниот дел на земјата, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги сметнам.
3. Макар да се скријат и на врв Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги земам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змајот морски да ги голтне.
4. И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро.
5. Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како река и ќе се спушти како реката египетска.
6. Он ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по земјата; Господ е името Негово.
7. Вие, синови Израилеви, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израилот од земјата Египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир?
8. Ете, очите на Господа Бога се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јакова нема целосно да го истребам, вели Господ.
9. Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распраснам домот Изралев по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја.
10. Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: „нема да нè постигне и нема да дојде при нас тоа зло!”
11. Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја средам, како во поранешните дни.
12. за да ги завладее остатокот од Едома и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа.
13. Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече.
14. Ќе ги повратам заробените на Мојот народ Израилот; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив.
15. И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог.