Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга Плач Јеремиин

1. Ерусалим тагува и моли за помош.

1. Како сам остана градот, некогаш полн со народ! Стана како вдовица; некогаш голем меѓу народите; кнезот над областите сега плаќа данок.
2. Горко плаче ноќе, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега нема никој да го утеши; сите негови пријатели го извенерија и му станаа непријатели.
3. Поради беда и ропство Јуда се пресели; се насели меѓу незнабошци, и не најде спокој;
сите што го гонеа, го притеснија.
4. Патиштата на Сион тагуваат, зашто нема кој да оди на празник сите негови порти запустеа; свештениците воздивнуваат, момите негови се нажалени, а и самиот е беден!
5. Непријателите негови станаа глава; на противниците негови им е добро, бидејќи Господ испрати врз него тага поради неговите бројни беззаконија; децата негови отидоа во ропство пред непријателот.
6. И отиде од ќерката Сионова сета нејзина слава; кнезовите нејзини се како елени, што не наоѓаат пасиште; обесилени, тие тргнаа пред терачот.
7. Се присетува Ерусалим во деновите на својата беда и на своите страдања за сите свои убавини, што ги имаше во поранешните дни, а сега, пак, народот падна од непријателска рака, и нема кој да му помогне; непријателите гледаат на него и се смеат на неговите саботи.
8. Тешко згреши Ерусалим, па затоа стана и одвратен; сите што го почитуваа, сега го гледаат со презир, оти ја видоа голотијата негова; и тој самиот воздивнува и го свртува лицето назад.
9. Нечистотија имаше по полите негови, но тој не помислуваше за својата иднина, па заради тоа многу се понизи и падна, па нема сега кој да го утеши. „Погледај, Господи, на мојата мака, зашто непријателот се возгордеа!”
10. Непријателот пружи рака над сè што му беше најдраго; и тој гледа како незнабошците вегуваат во неговото светилиште, за кое си заповедал да не влегуваат во Твојот храм.
11. Сиот негов народ воздивнува, барајќи леб, ги дава своите скапцени работи за храна – душата да ја поткрепи. „Погледај, Господи, и види колку сум презрен!”
12. Нека не ве снајде ова сите вас, кои врвите по патот. Погледајте и видете – има ли болка каква што е мојата болка, која ме постигна, каква што Господ ја испрати врз мене во денот на Својот пламенен гнев?
13. Он испрати оган одозгора во коските мои, и огнот ги опфати; распосла мрежа за нозете мои, ме кутна ничкум, ме направи беден и да тагувам секој ден.
14. Јаремот на беззаконијата мои го стегна со раката Своја; тие се испреплеткани и ми се искачија на вратот; Он ја ослаби силата моја; Господ ме предаде во раце, од кои не можам да се подигнам.
15. Сите јунаци од мојата средина Господ ги собори; свика против мене собрание за да ги истреби младичите мои, како во каца ја изгази Господ девојката, ќерката Јудина.
16. Заради тоа јас плачам: окото мое, окото мое солзи лие, зашто далеку е од мене утешителот, кој би ја оживеал душата моја; синовите мои пропаднаа, бидејќи непријателот ги надвладеа.
17. Сион ги протега рацете, но за него нема утешител. Господ заповеда за Јакова, па го опколија непријатели; Ерусалим стана нечистотија меѓу нив.
18. Праведен е Господ, зошто не му се покорував на словото Негово. Чујте, сите народи, и погледнете ја мојата болка; момоите мои и момчињата мои отидоа во ропство.
19. Ги повикувам пријателите свои, но тие ме измамија; свештениците мои и старешините мои умираат во градот, барајќи храна за да ја поткрепат душата своја.
20. Погледај, Господи, оти сум притеснет, утробата моја се буни, срцето ми се превртува, бидејќи жестоко се противев на Тебе; однадвор меч ме остави без чеда, а дома – смрт.
21. Слушаат како офкам, а утешител немам; за мојата неволја чуја сите мои непријатели и се зарадуваа, бидејќи Ти го направи тоа; о, да беше му заповедал на претскажаниот ден да дојде, па и тие да станат како мене.
22. Нека се појави пред Тебе сета злоба нивна; и постапи со нив како што постапи со мене за сите мои гревови, оти тешки се офкањата мои, и срцето мое малаксува.

2. Тага поради пропаста на Јуда и на Ерусалим.

1. Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израилева и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев.
2. Господ ги сотре сите живеалишта на Јакова, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти.
3. Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израилеви, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јакова како огнен пламен, кој проголтува сè наоколу;
4. го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сè што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја.
5. Господ стана како непријател, го истреби Израилот, му ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач.
6. И ја сруши оградата Своја како од градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат поразниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник.
7. Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиштето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господен тие се развикаа како во празничен ден.
8. Господ реши да ја разруши карпата на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени.
9. Портите нејзини во земја потонаа; Он ги разруши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; нема веќе закон, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господа.
10. Старешините на ќерката Сионова седат на земи и молчат, си ги посипуваат со пепел главите свои, се препашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски.
11. Ми се истрошија од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот народ, кога децата и цицалчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим.
12. Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „каде има жито и вино?” и ги испуштаат душите свои во мајчините прегратки.
13. Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели?
14. Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не ги откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство.
15. Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?”
16. Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој и ден го чекавме ние, го дочекавме и го видовме!”
17. Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, изречен во поранешните времиња, безмилосно го разори и го предаде на непријателот, за да се порадува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели.
18. Срцето нивно повикува кон Господа. Карпо на ќерката Сионова! Лиј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои!
19. Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; изливај го како вода срцето свое пред лицето на Господа; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици.
20. „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој, младенците, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свешеник и пророк?
21. Децата и старците лежат на земи по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.”
22. Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господен никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.

3. Јеремиин плачи и утеха.

1. Јас сум човек, кој видов мака од жезалот на Неговиот гнев;
2. Он ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина.
3. Оне се обрна само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја;
4. го сплеска телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои;
5. ме загради и ме опколи со горчила и маки;
6. ме постави во темно место, како одамна умрените;
7. ме огради со ѕид, за да не изгегувам, ми направи тешки вериги;
8. и, кога викав и пискав, ја задржуваше молитвата моја;
9. со камења ги прегради патиштата мои, ги искриви патеките мои.
10. Он стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место;
11. ги искриви патиштата мои и ме раскина, ме уништи;
12. го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела;
13. ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја.
14. Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна песна.
15. Ме презасити со горчила, со пелин ме напои;
16. со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри.
17. Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи
18. и реков: ја снема силата моја и надежта моја од Господа.
19. Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката.
20. Душата моја силно се сеќава на тоа и отпаѓа во мене.
21. Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж:
22. по милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато;
23. тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема!
24. Гсопод е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам.
25. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара.
26. Добро му е на оној, кој треперливо го очекува спасението од Господа.
27. Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја.
28. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето на него.
29. Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж.
30. Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презастување,
31. бидејќи Господ не отфрла за навек.
32. Пратил ли неволја, Он и ќе се смилува според Својата голема милост.
33. Зашто Он не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки.
34. Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата,
35. кога неправедно го осудуваат човека пред лицето на Севишниот,
36. кога го притеснуваат човека во неговата работа: зар Господ не гледа?
37. Кој вели – „бива и она што Господ не заповедал да биде?”
38. Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господа?
39. На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои?
40. Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се обрнеме кон Господа.
41. Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата.
42. Ние згрешивме и се противевме, Ти не нè поштеди.
43. Ти се облече со гнев и нè прогони, нè умртвуваше, и не нè жалеше;
44. Ти се сокри во облак, за да не достигне молитвата наша;
45. смет и гнасотија нè направи меѓу народите.
46. Ги отворија против нас устите широко сите наши непријатели.
47. Ужас и јама, пустош и разорение – тоа е делот наш.
48. Потоци солзи лее окото мое за погибелта на ќерката од мојот народ.
49. Окото ми се прелива и не престанува, бидејќи нема одмор
50. сè додека Господ не погледне милостиво и види од небесата.
51. Окото мое е причина да страда душата моја заради сите ќерки на мојот град.
52. Постојано се силат непријателите мои да ме уловат како птичка, без никаква причина.
53. Го фрлија во јама животот мој и ме засипаа со камења.
54. Водата се подигна над главата моја; па си реков – „загинав.”
55. Го призвав името Твое, Господи, од јамата длабока.
56. Ти го чу гласот мој; не прикривај го увото Свое од мојата воздишка и од мојот плач!
57. Ти се приближуваше, кога ќе повикав кон Тебе, и велеше – не бој се!
58. Ти го заштитуваше, Господи, делото на мојата душа; го откупуваше мојот живот.
59. Ти го гледаш, Господи, моето притеснување; пресуди го делото мое.
60. Ти ја гледаш сета одмазда нивна, сите намери нивни против мене.
61. Ти ги слушаш, Господи, навредите нивни, сите намери нивни против мене,
62. зборовите на оние, што стануваат против мене, и лукавствата нивни против мене секој ден.
63. Погледај, седнат ли, станат ли, јас сум песна за нив.
64. Отплати им, Господи, според делата на рацете нивни;
65. прати им помрачение на срцето нивно и проклетсвото Твое врз нив;
66. гони ги, Господи, со гнев и истреби ги од поднебјето!

4. Беда и срам за Јуда.

1. Како потемна златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати.
2. Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце!
3. Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустиња;
4. јазикот на цицалчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава.
5. Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во скерлет, се валкаат во смет.
6. Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него.
7. Кнезовите ѝ беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир;
8. а сега лицето им е потемно од сè што е црно; не ги узнаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво.
9. Убиваните со меч се почестите од оние, што глад ги убива, зашто тие чезнеат поради недостиг од полски плодови.
10. Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ.
11. Господ го исполнуваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови.
12. Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа, дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски.
13. Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него проливаа крв на праведници;
14. скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни.
15. „Отстранете се, нечисти!” им викаа; „отстранете се, отстранете се, не допирајте се!” и тие се отстрануваа посрамени; а меѓу народот се зборуваше: „нив ќе ги нема веќе!”
16. Лицето на Господа ги расеа; Он нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи тие не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат.
17. Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нè спаси.
18. А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде.
19. Оние, што нè гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нè гонеа, ни поставуваа заседи по пустињите.
20. Духот на нашиот живот, помазаникот Господен, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме – под сенката негова ќе живееме меѓу народите.
21. Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш.
22. Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Он нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Он ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои.

5. Молитва на угнетениот народ.

1. Спомни си, Господи, што нè снајде; милостиво погледај и види ја поругата наша!
2. Наследството наше мина на туѓинци, куќите наши – на луѓе од други племиња;
3. останавме сираци, без татко; мајките наши се како вдовици.
4. водата своја ја пиеме за сребро, дрвата наши ги купуваме со пари.
5. На вратот имаме јарем, и нè гонат; исцрпени сме и не ни даваат да здивнеме.
6. Протегаме рака кон Египтјаните, кој Асирците, за да се нахраниме со леб.
7. Татковците наши грешеа: нив ги нема веќе, а ние трпиме казна за нивното беззаконие.
8. Робовите ни се господари, а нема кој да нè избави од рацете нивни.
9. Лебот го добиваме со страв – пред мечот во пустињата.
10. Кожата ни поцрнела како печка од лут глад.
11. Жените ни ги бесчестат на Сион, девојките – во градовите јудејски.
12. Кнезовите ги изобесија со свои раце, лицата на старците не ги почитуваа.
13. Младичите носеа рачници, а децата паѓаа под товари дрва.
14. Старците веќе не седат пред портите; младичите не пеат.
15. Се сврши радоста на срцето наше; нашите ора се претворија во тага.
16. Падна венецот од нашата глава; тешко нам, што згрешивме!
17. Поради тоа и чезнее срцето наше; поради тоа и потемнеа очите наши.
18. Бидејќи запусте гората Сион, лисици одат по неа.
19. Ти, Господи, остануваш вечно; престолот Твој е од род во род.
20. Зошто наполно нè забораваш, нè оставаш долго време?
21. Обрни нè кон Себе, Господи, и ние ќе се обрнеме; обнови ги деновите наши како во старо време.
22. Зар наполно си нè отфрлил, зар без мерка си се разгневил на нас?