Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга Мудри Соломонови изреки

1. Треба да се познае мудроста.

1. Изреки Соломонови, син Давидов, цар израилски,
2. за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот;
3. за да се усвојат правилата на благоразумието, правосудието, судот и правината;
4. да им се даде на простите разумност, на младите – знаење и расудување.
5. Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети,
6. за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки.
7. Почеток на мудроста е стравот Господов; добро разбираат сите, што се раководат од него; а послушноста кон Бога е почеток на разбирањето; само глупавите ги презираат мудроста и поуката.
8. Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си.
9. зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој.
10. Синко, ако те мамат грешници, не попуштај;
11. ако кажат: „Дојди со нас, да направиме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина,
12. жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб;
13. да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен;
14. ти ќе фрлаш жреб заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.”
15. Синко, не оди на пат со нив, задржи си ја ногата од патеките нивни,
16. зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат;
17. напразно се распнува мрежа пред птици.
18. Но тие прават заседа против крвта своја, демнат против душите свои.
19. Такви се патиштата на секого, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил.
20. Премудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плоштадите,
21. проповедта во главните места на собирите, при влезовите на градските порти смело говори:
22. „До кога, незналци, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето?
23. Обрнете се кон Моите изобличувања; еве, Јас Го ќе излеам Духот Свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите Свои.
24. Јас викав, а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте;
25. вие ги отфрливте Моите совети, не внимававте кога ве изобличував.
26. Затоа ќе се насмеам на вашата погибел; ќе се зарадувам на вашата погубност,
27. кога ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и уривање на градовите и кога ќе дојде пропаста.
28. Тогаш ќе Ме викаат, но Јас нема да чујам; ќе Ме бараат лошите и нема да Ме најдат.
29. Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов;
30. затоа што не го примија Мојот совет и ги презреа Моите разобличувања.
31. Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите лоши замисли.
32. Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа;
33. но кој Мене Ме слуша, ќе дживее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.

2. Опомена за внимателно барање мудрост.

1. Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди, и ги зачуваш во себеси,
2. ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој;
3. ако ги повикаш знаењето и разумот;
4. ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, –
5. ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога.
6. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓа знаењето и разумот;
7. Он го зачувува за праведните спасението; Он е штит за оние што одат непорочно;
8. Он ги чува патиштата на правдата и ја брани патеката на оние, кои Го почитуваат.
9. Тогаш ќе ги разбереш правдата и правосудието, правината и секој добар пат.
10. Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја,
11. тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува,
12. за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага,
13. од оние, што ги напуштиле патиштата на правдата, за да одат по пат не темнината;
14. од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност,
15. чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат;
16. за да те спаси од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои,
17. која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог.
18. Домот нејзин води кон смрт, и патеките нејзини – кон пеколот;
19. никој од влезените при неа не се враќа никогаш и не стапнува на патот кон животот.
20. Затоа оди по патот на добрите и придржувај се за патеките на праведните,
21. зашто праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа;
22. а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните – искоренети од неа.

3. Патот до мудроста; мудроста е поскапецена од богатството.

1. Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои;
2. зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир.
3. Милостињата и верата да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, –
4. па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето.
5. Надевај се на Господа од сè срце и не се потпирај врз твојот разум.
6. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки.
7. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото:
8. тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски.
9. Давај му принос на Господа од имотот твој и од привините на плодовите од твоите придобивки,
10. та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино.
11. Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување;
12. зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби.
13. Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум;
14. подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато;
15. таа е поскапа и од скапоцени камења; ни едно зло не може да ѝ се спротивстави; таа им е добро позната на сите, што се приближуваат кон неа, ништо, па и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа.
16. Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е – богатството и честа; од устата ѝ излегува правда; закон и милост носи на јазикот свој;
17. патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се – спокојни.
18. таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат.
19. Господ со премудроста ја основа земјата, со разум ги утврди небесата;
20. преку Неговата премудрост се отворија бездните, и облаците оросија со роса.
21. Синко, не ги испуштај од предвид овие, работи; запази ја мудроста и разумот;
22. тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; ќе бидат изцеление за твоето тело и лек за твоите коски.
23. Тогаш ќе одиш без опасност по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне.
24. Коге ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен.
25. Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците,
26. бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување.
27. Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне.
28. Не му вели на пријателот свој: „Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам” кога си во состојба да му помогнеш, зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден.
29. Не крои зло против ближниот свој, кој е придојден и кој со доверба живее при тебе.
30. Не се карај со човек без причина, кога не ти направил никакво зло.
31. не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни – еден од патиштата негови,
32. зашто на Господа му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот.
33. Проклетството Господово е врз домот на нечесниот, а живеалиштето на праведникот Бог го благословува.
34. Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените им дава благодат.
35. Мудрите ќе наследат слава, а безумните – срам.

4. Родителска поука.

1. Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите да ја разбирате,
2. зашто добар дар ви дарувам; не оставајте ја мојата заповед.
3. Зашто и јас бев син послушен на татка ми, и омилен на мајка ми;
4. и татко ми ме поучуваше и ми велеше: „Зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги!
5. Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не се отстранувај од зборовите на устата моја.
6. Не ја оставај, – и таа ќе те пази, сакај ја, – и таа ќе те чува.
7. Главно е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност.
8. Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш,
9. ќе положи на главата твоја благодатен венец, со венец на сладост ќе те закрили.
10. Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, – и ќе ти се умножат годините на животот.
11. Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки.
12. Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш.
13. Држи се здраво за поуката, не ја оставај; пази ја, бидејќи таа е твојот живот.
14. Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе;
15. остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го;
16. зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад;
17. оти тие јадат леб од беззаконие и се опиваат со вино од грабеж.
18. Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе дури не настане ден.
19. А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат.
20. Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои;
21. да не остапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свои:
22. зашто тие се живот за оние што ги наоѓаат, и здравје за целото тело нивно.
23. Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свео, зашто од него се изворите на животот.
24. Отфрли ја од себеси лажливата уста, а лукавството на јазикот од себеси оддалечи го.
25. Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени кон праведното.
26. Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат прави.
27. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото,
28. зашто десните патишта Господ ги надгледува, а левите се расипани.
29. Он ќе ги направи твоите патишта прави, и твоето одење ќе го уреди во мир.”-

5. Одбегнување на разврат.

1. Синко, внимавај на мудроста моја и приближи го увото кон зборовите мои,
2. за да ја запазиш добрата мисла, и устата твоја да го зацврсти знаењето; не ѝ обрнувај внимание на лошата жена,
3. зашто мед тече од устата на блудница, и нејзиниот збор е помек од елејот;
4. но последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две сечива;
5. нозете нејзини слегуваат кон смртта, стапките нејзини водат до пеколот.
6. Таа не оди по патот на животот, патиштата нејзини се непостојани, таа не е разумна.
7. Затоа сега, синко, послушај ме и не отстапувај од зборовите Мои.
8. Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќата нејзина,
9. за да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител;
10. за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и трудовите твои да не бидат за туѓа куќа,
11. за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени, –
12. оти потоа ќе речеш: „Зошто ја мразев поуката, и срцето мое го презираше разобличувањето,
13. зошто не го послушав гласот на моите учители, и не го приклонував увото кон оние што ме поучуваа?
14. За малку ќе паднев во секакво зло среде собранието и општеството!”
15. Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец.
16. Нека не се разлеваат твоите извори по улицата, водните потоци – по плоштадите;
17. нека ти припаѓаат тие само тебе, а не и на туѓинци.
18. Благословен да биде изворот твој; и утешувај се со жената на својата младост,
19. Нека ти е мила како кошута и како срна драга; нејзините гради нека те допираат во секое време, со љубовта нејзина насладувај се постојано;
20. и зошто ти е, синко, да се забавуваш со надворешна и да ги прегрнуваш градите на туѓа?
21. Оти патиштата на човекот се пред очите на Господа, и Он ги гледа сите патеки негови.
22. Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија, и врските на гревот негов го држат:
23. тој умира без да биде поучен, и поради големото свое безумие загинува.

6. Други опомени.

1. Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг,
2. ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста.
3. Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи, си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го;
4. не им давај сон на очите твои и дремка на клепките свои,
5. спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа.
6. Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар.
7. Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник;
8. но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. Или оди кај пчелата и види, колку е трудољубива, каква пофална работа врши; трудот нејзин го употребуваат за здравје и царевите и обичните луѓе; неа сите ја сакаат, и таа е славна; иако по силата е слаба, но по мудроста е почитувана.
9. До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?
10. малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:
11. и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник. Ако, пак, не бидеш мрзелив, жетвата твоја ќе дојде како извор, а скудноста ќе избега далеку од тебе.
12. Човек лукав, човек нечестив со лажлива уста,
13. намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите,
14. во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори.
15. Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – без излекување.
16. Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што му се одвратни на душата Негова:
17. очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв,
18. срце кои крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло,
19. лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.
20. Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја;
21. врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој.
22. Ако тргнеш, тие ќе те раководат; ако легнеш да спиеш, ќе те пазат, ако се разбудиш, ќе разговараат со тебе;
23. зашто заповедта е светило, и поуката – светлина, а опомената – пат кон животот,
24. за да те пазат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа.
25. Не ја посакувај убавината нејзина во срцето свое, за да не бидеш уловен преку очите свои и да не те вовлече со трепките свои,
26. зашто поради жена блудница човекот паѓа до корка леб, а жена прељубодејка уловува многу чесна душа.
27. Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова?
28. Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои?
29. Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој; кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина.
30. Не му проштеваат на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен;
31. ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот.
32. Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубива душата своја, оној што врши тоа;
33. биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише,
34. зашто љубомората е јарост на мажот, и во денот на одмаздата своја – тој не ќе знае за милост,
35. нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци.

7. За нечестиви жени.

1. Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои. Синко, почитувај Го Господа, – и ќе се зацврстиш и, освен од Него, не се плаши од никого.
2. Пази ги заповедите мои, и ќе живееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои.
3. Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое.
4. Кажи ѝ на мудроста: „Ти си ми сестра!” – и наречи го разумот твој роднина,
5. за да те пазат од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои.
6. Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка,
7. и видов меѓу неискусните, забележав меѓу младите едно неразумно момче,
8. кое минуваше преку плоштадот близу до нејзиниот агол и кое одеше по патот кон нејзината куќа,
9. квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот.
10. И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце,
11. зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи:
12. де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици.
13. Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше:
14. „Мирна жртва имам денес: денес го исполнив планот свој;
15. затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов;
16. со килими го украсив леглото свое, со разнобојни покривки египетски;
17. леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин;
18. дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување,
19. зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат;
20. една кеса сребро зеде со себеси; ќе си дојде дома кон полната месечина.”
21. Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овладеа.
22. Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како куче – на верига, како елен – на истрел,
23. додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за нејзина погибел.
24. И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја.
25. Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини,
26. зашто таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила.
27. Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта.

8. Пофалба на мудроста.

1. Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој?
2. Мудроста застанува на високи места, крај патот, на раскрсници;
3. таа вика пред портите при влезот во градот, при велзот на вратата силно извикува:
4. „Кон вас, луѓе, викам, и кон синовите човечки е мојот глас!
5. Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум.
6. Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда;
7. зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене.
8. Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство;
9. сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење.
10. Примете го учењето мое, а не сребро; подобро знаење, отколку најдобро злато;
11. зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа.
12. Јас, премудроста, живеам со разумот и барам ресудувачко знаење.
13. Стравот Господов ја мрази неправдата; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста.
14. Мои се советот и разумноста; јас сум разум, во мене е силата.
15. Преку мене цареви царуваат, и заповедници правда озаконуваат;
16. преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни.
17. Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина;
18. во Мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата;
19. плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро.
20. Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството,
21. за да им доставувам вистинско добро на оние, што ме сакаат, нивните ризници ги полнам. Кога го објавувам она, што станува секојдневно, нема да заборавам да го спомнам и она, што е од секогаш.
22. Господ ме создаде за почеток на Својот пат, на Своите творби,
23. ме создаде уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде земјата.
24. Јас сум се родила, кога уште немаше бездни, кога уште немаше извори, изобилни со вода.
25. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите,
26. кога Господ уште не беше ја создал земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената.
27. Кога Он го приготвуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше престолот Свој врз ветровите,
28. кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната,
29. кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брани, кога ги полнеше основите на земјата, –
30. јас бев при Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време,
31. веселејќи се на Неговиот земен круг, и радоста моја беше со синовите човечки.
32. И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта!
33. Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа.
34. Блажен е оној човек, кој ме слуша, станувајќи бодар секој ден при портите мои и стоејќи на стража при вратата моја!
35. Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господа;
36. а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.”

9. Мудрост и безумност.

1. Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови,
2. ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја;
3. ги испрати слугите свои да огласат од градските височини:
4. „Кој е неразумен, да наврати тука!” И на малоумните таа им рече:
5. „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила;
6. оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.”
7. Кој поучува бесрамник, ќе си спечали неславност, и кој го разобличува нечестивецот – дамка.
8. Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака.
9. Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој повеќе ќе напредне во знаењето.
10. Почеток на мудроста е стравот Господов, и познавањето на светиот е разум;
11. зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот.
12. Синко! Ако си мудар, мудар си за себеси и за ближните свои; и ако си лош, самиот ќе страдаш. Кој се крепи на лага, тој пасе ветрови, потскокнува зад птиците што фрчат: зашто тој го оставил патот кон своето лозје и талка по патеките на нивата своја; минува преку безводна пустиња и земја, осудена да жеднее со рацете свои собира бесплодност.
13. Жена без расудување е зборлива, безумна и ништо не разбира,
14. седнува пред куќната врата на стол, по високите места на градот,
15. за да им вели на минувачите, што си одат право по патот:
16. „Кој е глупав, нека наврати тука”, а на малоумните им вели:
17. „Крадена вода е слатка, и сокриен леб е – пријатен.”
18. И тој не знае дека поканетите од неа родени на земајта умираат, и дека се во дното на пеколот. Но ти оттргни се, не задржувај се на тоа место, не запирај го погледот свој на неа; зашто само така ќе минеш преку туѓа река. Бегај од туѓа вода и не пиј од туѓ извор, за да поживееш многу време и да ти се додадат години на животот.

10. Мудри изреки – за праведниците и за беззакониците.

1. Мудар син го радува татка си, а безумниот син е тага на мајка си.
2. Беззакони ризници не донесуваат полза, а правдата од смрт спасува.
3. Господ не допушта да гладува душата на праведникот, но на безбожниците го одзема.
4. Мрзливата рака донесува сиромаштија, а раката на работливиот збогатува.
5. Кој собира преку летото, е разумен син, а кој спие за време на жетвата, е неразумен син.
6. Благослов почива врз главата на праведниот, а насилство им ја затвора устата на беззакониците.
7. Споменот за праведниот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато.
8. Мудриот по срце прима заповеди, а неразумниот, кој брбори, ќе се сопне.
9. Кој оди во непорочност, оди без страв; а кој ги искривува патиштата свои, ќе биде казнет.
10. Онаа што намигнува со очите, го срамоти мажот свој, а кој глупаво зборува – пропаѓа.
11. Устата на праведникот е извор на животот, а насилството им ја затвора устата на беззакониците.
12. Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови.
13. Во устата на разумниот има мудрост, а за грбот на глупавиот – стап.
14. Мудрите го чуваат знаењето, а устата на глупавиот е близу до смртта.
15. Имотот на богатиот е негов утврден град, а пропаст за бедните е нивната сиромаштија.
16. Трудот на праведникот води кон живот, успехот на нечестивиот – кон грев.
17. Кој ја пази поуката, тој е на патот кон животот; а кој го отфрла разобличувањето -талка.
18. Којшто крие омраза, има лажлива уста; а кој шири клетви, е глупав.
19. При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја.
20. Јазикот на праведниот е одбрано сребро, а срцето на нечестивите – нема вредност.
21. Устата на праведниот поучува мнозина, а глупавите умираат од недостиг на разум.
22. Благословот Господов – збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето.
23. Глупавиот со веселба го прави она што е престапно, а на разумниот човек мудроста му е својствена.
24. Од она од што се плаши нечестивиот, тоа ќе го снајде, а желбата на праведниците ќе се исполни.
25. Како што виорот минува, така и нечестивиот ќе исчезне; а праведникот е врз вечни основи.
26. Она што е јагуридата за забите и димот за очите, таков е и мрзливиот за оние што праќаат.
27. Стравот Господов додава денови, а годините на нечестивите ќе се скратат.
28. Очекувањето на праведниците е радост, а наджта на нечестивите ќе загине.
29. Патот Господов е крепост за непорочниот, а пропаст за оние, што вршат беззаконие.
30. Праведниот нема да се поколеба никогаш, а лошите нема да ја населат земјата.
31. Од устата на праведникот тече мудрост, а злоштетниот јазик ќе биде пресечен.
32. Устата на праведникот го познава благопријатното, устата на нечеситвите – развратното.

11. За праведниците и за грешниците.

1. Неисправните мерила се одвратни пред Господа, а точните мерки Нему Му се угодни.
2. Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените. Праведниот, умирајќи остава сожалување; а смртта на нечестивите е ненадејна и радосна.
3. Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби.
4. Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт.
5. Правдата на непорочниот го израмнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност.
6. Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уловувани од своето беззаконие.
7. Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува.
8. Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот.
9. Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење.
10. Кога праведниците благсловуваат, градот напредува, а преку устата на нечестувите се разрушува.
11. Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разурушува.
12. Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот човек молчи.
13. Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната.
14. Каде нема советување, неродот опаѓа, спасението е во многу советници.
15. Кој што презема јамство за друг, зло си донесува, а кој го мрази јемството, тој е во безопасност.
16. Добрата жена ја зголемува славата на мажот свој, а жената, која ја мрази правдата, е врв на нечесноста. Мрзливите се немоќни, а трудољубивите се здобиваат со богатство.
17. Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое.
18. Нечестивиот врши измамлива работа, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска.
19. Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја.
20. Подмолните по срце се одвратни пред Господа, а неопрочните во својот пат Нему Му се благоугодни.
21. Можеш со сигурност да речеш, дека порочниот нема да остане неказент, а семето на праведните ќе се спаси.
22. Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум.
23. Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев.
24. Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е штедлив, и пак е сиромав.
25. Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен.
26. Кој задржува храна за себеси, него народот го проколнува; а кој ја продава – врз главата негова стои благослов.
27. Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа.
28. Кој се надева на богатството свое, ќе падне; а кој се застапува за праведниците, тој ќе напредува.
29. Кој ја расипува куќата своја, ќе наследи ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот.
30. Плодот на праведникот е дрво на животот, а безбожниците предвреме ќе бидат земени.
31. Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешникот.

12. Поука и знаење; грижа за добитокот и за имотот; за разумните и за глупавите.

1. Кој ја сака поуката, го сака и знаењето; а кој го мрази изобличувањето – неразумен е.
2. Добриот добива благодат од Господа, а на подмолниот Он ќе му суди.
3. Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен.
4. Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови.
5. Помислете на праведните се правда, а плановите на нечестивите – подмолност.
6. Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува.
7. Каде и да се свртат нечестивите – исчезнуваат, а домот на праведните останува.
8. Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен.
9. Подобро и прост, но да работиш за себеси, отколку да се фалиш, а да немаш леб.
10. Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на грешникот е жестоко.
11. Кој ја обработува земјата своја ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, е малоумен. Кому му е драго да губи време по вино, тој ќе остави во куќата своја безчестие.
12. Желбите на грешниците се зли; но корењата на праведниците се силни.
13. Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа. Кој гледа кротко, ќе биде помилуван, а кој оди кон вратата, стеснува други.
14. Од плодот на устата своја човекот се наситува добро, и на човека му се дава според делата на рацете негови.
15. Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар.
16. Глупавиот веднаш ќе го покаже гревот свој, а благоразумниот го покрива срамот.
17. Кој го кажува она, што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок, говори измама.
18. Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува.
19. Праведната уста сведочи право, а лажливиот јазик е брз за измама.
20. Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците – радост.
21. Праведниот нема да го достаса никакво зло, а нечесните ќе бидат преполни со зло.
22. Лажливата уста е одвратност пред Господа, а којшто говори вистина, благоугоден Му е Нему.
23. Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите ја разгласува својата лудост.
24. Раката на избраните ќе господари, а на лажливите ќе биде во плен.
25. Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува.
26. Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечесните ги води во заблуда.
27. Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство.
28. По патот на правдата има живот, а во нејзината патека нема смрт.

13. Извор на големо богатство и голема надеж.

1. Мудар син слуша татковата поука, а непослушниот не го слуша прекорот.
2. Од плодот на устата своја човекот ќе вкуси добро, а душата на беззаконикот ќе загине предвреме.
3. Кој ја чува устата своја, тој ја чува душата своја; а кој широко ја отора устата своја, тешко нему.
4. Душата на мрзливиот посакува, но напразно; а душата на работливиот ќе се насити.
5. Праведиот го мрази лажливиот збор, а нечесниот се срами и нема смелост.
6. Правдата го чува непорочниот, а нечеснотса го погубува грешникот.
7. Некој се покажува богат, а нема ништо; друг се прикажува за сиромав, а има големо богатство.
8. Со богатство човек го искупува животот свој, а сиромавиот и заплашувањето не го слуша.
9. Светлината на преведниците свети секогаш, а светилото на нечесните згаснува. Подмолните души талкаат во гревови, а праведниците се милостиви и милуваат.
10. Од гордоста произлегува спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува.
11. Богатството, спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува.
12. Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнета желба е како дрво на животот.
13. Кој не води грижа за словото, тој си штети, а кој се бои од заповедта, нему ќе му се даде.
14. Кај лукав син нема ништо добро, а на разумен слуга делата му успеваат, и патот му е прав.
15. Учењето на мудриот е извор на животот, кој го оддалчува од мрежите на смртта.
16. Добриот разум донесува пријатност, а патот на беззаконицте, води во пропаст.
17. Секој благоразумен работи со знаење, а глупавиот се истакнува со глупости.
18. Лош гласник паѓа во беда, а верен гласник е спасение.
19. Немаштија е срам за оној, што го отфрла учењето; а оној, кој ја пази поуката, ќе се прослави.
20. Изполнета желба е пријатана за душата, но на глупавите им е тешко да го одбегнуваат злото.
21. Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде.
22. Грешниците злото ги гони, а на праведниците им се враќа добро.
23. Добриот остава наследство и на внуци, а богатството на грешникот се чува за праведните.
24. Праведните имаат богатство многу години, неправедните бргу го загубуваат.
25. Кој ја жали прачката своја, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува за да го поправи.
26. Праведникот јаде до наситување, а стомакот на беззакониците трпи од недостиг.

14. Праведните и грешниците; богатите и сиромасите.

1. Мудра жена си ја уредува куќата, а глупавата ја урива со рацете свои.
2. Кој оди по прав пат, се плаши од Господа; на кого патиштата му се криви, тој не мисли за Него.
3. Во устата на безбожникот се камшикот на гордоста; а мудрите ги запазува нивната уста.
4. Каде што нема волови, јаслите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.
5. Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.
6. Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.
7. Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста.
8. Мудроста на разумниот е да го знае патот свој, а безумноста на безрасудните е заблуда.
9. Домовите на беззакониците треба да се чистат, а домовите на праведните се чисти и пријатни.
10. Срцето ја знае тагата на душата своја, и туѓ не се меша во радоста негова.
11. Куќите на беззакониците ќе се сотрат, а живеалиштата на праведните ќе опстојат.
12. Има патишта, кои на човека му изгледаат прави, но крајот нивни води до дното на пеколот.
13. И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настаува тага.
14. Човек со развратно срце ќе се насити од своите патишта, но добриот – си оди по правите.
15. Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.
16. Мудриот бега од злото, а неразумниот се надева во себе и со беззаконици се дружи.
17. Избувливиот човек не слуша совет, а пакосниот е омразен.
18. Безумните се исполнуваат со злоба, а благоразумните се украсуваат со венец.
19. Лошите ќе се приклонат пред добрите, а нечесните – служат пред вратите на праведникот.
20. Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.
21. Греши оној што го презира сиромавиот, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.
22. Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Не знаат милост и верност, кои вршат зло; но милост и верност има кај оние што мислат добро.
23. Од секој труд има изобилен плод, а празните зборови и негрижата водат кон скудност.
24. Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е само зло.
25. Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.
26. Во стравот пред Господа има голема надеж, и на чедата Свои Он им е прибежиште.
27. Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.
28. Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот.
29. Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.
30. Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.
31. Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.
32. За своето зло нечесниот ќе биде отфрлен, а праведниот и при смртта ќе има надеж.
33. Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот не се јавува.
34. Правдата подига народ, а беззаконието ги срамоти племињата.
35. На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.

15. Мудри поуки.

1. Гневот и разумни погубува. Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува.
2. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупост им објавува.
3. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат лошите и добрите.
4. Кроток јазик е дрво на животот, кој го запазува – ќе се исполни со дух.
5. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша изобличувања, благоразумен е. Во многу правда име голема сила, а нечесните ќе бидат искоренети од земјата.
6. Во куќата на праведникот – обилни ризници, а имотот на нечесниот – пропаѓа.
7. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така.
8. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, а одговорите на праведните Му се благоугодни.
9. На нечесниот патот е одвратност пред Господа, а кој ја бара правдата, Он го сака него.
10. Казната на добриот сите ја гледаат, а кој го мрази изобличувањето – срамно завршува.
11. Пеколот и пропаста се откриени пред Господа, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки?
12. Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите.
13. Весело срце го прави лицето весело, а при срдечна жалост – тоа е натажено.
14. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со зло се хранат.
15. На измамник сите дни му се тажни; а на кого срцето му е весело, во него секогаш има гозба.
16. Подобро малку, но со страв Господов, отколку голема ризница, и со неа немир.
17. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза.
18. Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот расправии смирува. Трпеливиот караници смирува, а нечесниот ги разгорува.
19. Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист.
20. Мудар син го радува татка си, а безумниот – ја ожесточува мајка си.
21. На малоумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат.
22. Без советување намерите се расутраат, а при многу советници тие успеваат.
23. Безумниот не слуша добар совет, а и не советува она што е добро за сите.
24. Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси.
25. Господ ќе го сотре домот на гордите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне.
26. Помислите на лошите се одвратни пред Господа, а зборовите на непорочните Му се угодни.
27. Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази подароци, ќе живее; со милостиња и чесност гревовите се чистат, а стравот од Господа запазува од гревот.
28. Срцето на праведниот се поучува од верата, а устата на нечесните исфрла зло. Пријатни се пред Господа патиштата на праведните; преку нив и непријателите стануваат пријатели.
29. Господ е далеку од нечесните, но ја слуша молитвата на праведните.
30. Светол поглед срце радува, добра вест коски храни.
31. Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее.
32. Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој ја сака душата своја.
33. Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.

16. Господ и човечките патишта; мудроста е извор на животот; за подмолните луѓе.

1. Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господа.
2. Сите дела на смирениот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги мери душите.
3. Предај ги делата свои на Господа, и твоите намери ќе се исполнат.
4. Господ направи сè со определена цел, и за нечесниот – злочест ден.
5. Секој горделив по срце е одвратност пред Господа: можеш да потврдиш, дека тој нема да остане неказнет. Почетокот на добриот пат е – да се врши правда; тоа е поугодно пред Бога, отколку да се принесуваат жртви. Кој Го бара Господа, ќе најде знаење со правда; оние што навистина Го бараат, ќе најдат мир.
6. Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува.
7. Кој го бара Господа – тој добива разумност и праведност.
8. Кој што бара правда – тој ќе добие спокој.
9. Сите дела Господови се добри, а нечесниот – лош ден го очекува.
10. Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд.
11. Точните мерила и тасовите се од Господа; од него се и сите точни мерки.
12. Незаконско дела е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајкнува.
13. Спреведлива уста на царот му е пријатна, и Господ го сака оној, што ја кажува вистината.
14. Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот.
15. Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд.
16. Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за предпочитување отколку одбрано сребро.
17. Патот на праведните е отстранување од злото: патиштата на праведните водат кон долг живот; кои примаат поука – добрини ќе видат, а кои примаат прекори – помудри ќе бидат; кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази; кој го сака животот свој – тој внимава што зборува.
18. Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надуеноста.
19. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви.
20. Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господа, блажен е.
21. Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето.
22. Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е зло.
23. Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, разумнот се пројавува и во устата негова.
24. Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити.
25. Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта.
26. Кој се труди, се труди за себеси, зашто кон тоа устата го упатува; подмолниот во својата уста ја носи својата пропаст.
27. Лукав човек зло на себеси прави, во устата своја – оган разгорува.
28. Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува.
29. Насилник човек го мами својот ближен и го води кон лош пат;
30. замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло; тој е оган од злоба.
31. Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата.
32. Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови.
33. Жреб се фрла во скут, но сè што решава тој, од Господа е.

17. Устата на праведниците и беззакониците; мудроста во животот.

1. Подобро сув залак и со него мир, отколку куќа полна со заклан добиток, но во раздор.
2. Разумен слуга господари над развратник и со браќата ќе го подели наследството.
3. Топилницата е за сребро, печката – за злато, а срцата Господ ги испитува.
4. Лош човек се вслушува во беззакона уста; праведникот лажлива уста не слуша.
5. Кој се подбива со сиромав, Создателот Му го навредува; кој се радува на зло, нема да остане неказнет, а милосрдниот ќе биде помилуван.
6. Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родителите ниви. Во верникот има огромно богатство, а во неверниот нема ни пара.
7. На безумен умен збор не му прилега, уште повеќе на големец – лажлива уста.
8. Дарот е скапоцен камен во очите на оној што го има: каде и да се сврти ќе успее.
9. Кој ги покрива престапите, бара љубов, а кој одново напомнува за нив, оддалечува дури и пријател.
10. Врз разумниот посилно дејствува прекорот, безумниот – и кога го бијат не чувствува.
11. Будалиот бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него.
12. Подобро човек на сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство.
13. Кој враќа зло за добро, злото нема да ја напушти куќата негова.
14. Почеток на караницата е како кога водна брана се отвара: отстапи од караницата пред да се разгори.
15. Кој оправдува нечесен и кој обвинува праведен – и обајцата се одвратност пред Господа.
16. Што ќе му се пари во рацете на безумен? За да купи мудрост, но тој нема разум. Кој си прави висока куќа, бара да се сотре, а кој се остранува од учењето, запаѓа во беда.
17. Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја.
18. Малоумен човек дава рака и се залага за ближниот свој.
19. Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне.
20. Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда.
21. За таткото на безумен нема радост, а разумниот син ја весели својата мајка.
22. Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши.
23. Не се прави патиштата на нечесните што земаат подароци; нечесните го искривуваат патот на правосудието.
24. Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата.
25. Безумен син е мака за таткото и огорчување за мајката.
26. Не е добро да го казнуваш правиот, ниту кнезовите да го бијат оној што исправно работи.
27. Разумниот е воздржан во зборовите свои, трпеливиот е подобар од оној што бара знаење.
28. И безумниот кога молчи за мудар го сметаат, и кој ја затвара устата своја – за разумен го сметаат.

18. Зборовите на разумниот и на глупавиот.

1. Тврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сè што е умно.
2. Безумниот не сака знаење; него глупоста го води.
3. Со доаѓањето на нечесниот доаѓа и презирот, а со прекорот – доаѓа и срамот
4. Зборовите на човечката уста се длабоки води; тоа е река од изворот на животот.
5. Не е добдро да бидеше лицемерен кон нечесниот, за да го собориш праведниот во судот.
6. Устата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат смрт.
7. Јазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за душата негова.
8. Сравот го соборува мрзливиот, а мажите со души слични на жени ќе гладуваат.
9. Зборовите на клеветникот се како слатки, и тие вегуваат внатре во утробата.
10. Немарниот во работата своја е брат на расипникот.
11. Името на Господа е цврста кула: ако во неа побегне праведник, во безопасност е.
12. Имотот на богат човек е како силен град и во мислите му е како висока ограда.
13. Пред паѓање срцето на човекот се возгордува, а смиреноста оди пред славата.
14. Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е, тоа е срам за него.
15. Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух – кој може да поткрепи?
16. Срцето на разумнитот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара знаење.
17. Подарокот, што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува.
18. Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува.
19. Жребот прекинува расправии и решава спор меѓу силните.
20. Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како силна тврдина.
21. Од плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува.
22. Смртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови.
23. Кој нашол добра жена, нашол добро и добил благодат од Господа. Кој избркува добра жена, го брка доброто, а кој поддржува прељубница, безумен е и нечесен.
24. Сиромавиот говори со молба, а богатиот одговара остро.
25. Кој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат.

19. За богатството и сиромаштијата; за советот и поуката.

1. Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.
2. Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува.
3. Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа.
4. Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов.
5. Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси.
6. Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци.
7. Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема.
8. Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа добро.
9. Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага ќе загине.
10. На безумниот не му прилега раскош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови.
11. Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките.
12. Гневот на царот е како лавовско рикање, а љубовта негова – како роса по трева.
13. Безумен син е пропаст за татка си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.
14. Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господа.
15. Мрзливоста тоне во сон, е немарна душа трпи глад.
16. Кој пази запоевд, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.
17. Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина.
18. Казни го сина си, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.
19. Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.
20. Слушај го, синко, советот на таткото твој, за да станеш потоа мудар.
21. Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господа.
22. Радост за човека е неговата милостиња; сиромавиот е подобар праведник од лажливиот богаташ.
23. Стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.
24. Мрзливиот ја крие раката во пазувата своја и не сака да ја подигне до устата своја.
25. Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.
26. Кој го упропастува татка си и ја набркува мајка си, син е бесрамен и нечесен.
27. Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.
28. Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.
29. Готови се судовите за невоздржливи, и ударите за телото на безумните.

20. Непорочноста и праведникот; неправедно наследство.

1. Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен.
2. Заплашувањето од царот е како лавовско рикање: кој го дразни, греши против себеси.
3. Чест е за човекот да се воздржи од кавга; а секој неразумен се вплеткува во неа.
4. Мрзливиот од укори не се срамува, не се срамува ни оној, кој позајмува жито за време на жетва.
5. Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува.
6. Мнозина го фалат човекот за милосрдноста негова, но кој наоѓа вистински човек?
7. Праведникот оди по својата непорочност: блажени се децата негови по него.
8. Кога цар праведен седи на престол, нему не му се противи никакво зло.
9. Кој може да каже: „Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?”
10. Нееднакви терзии, нееднаква мерка, – и едното и другото се одвратност пред Господа.
11. Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово?
12. Уво, кое слуша, и око, кое гледа, – и едното и другото Господ го создал.
13. Не љуби да спиеш, за да не осиромашиш; држи ги отворени очите свои, и ќе јадеш леб до наситување.
14. „Лошо е, лошо е,” вели купувачот, а кога ќе одмине, тогаш се фали.
15. Има злато и многу скапоцени камења, но разумната уста е поскапоцена од сè.
16. Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него.
17. Леб, спечален со неправда, му се засладува на човека; но подоцна – устата негова со песок се наполнува.
18. намерите добиваат цврстина преку советување: и по советувањето водат војна.
19. Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај.
20. Кој зборува лошо за татка си и мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина.
21. Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле.
22. Не вели: „Ќе му се одмаздам на непријателот”, туку остави на Господа, Он ќе ти помогне.
23. Двојни мерки се одвратност пред Господа; и неточни мерки не се добри пред Господа.
24. Стапките на човекот се определуваат од Господа; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој?
25. Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае.
26. Мудар цар ги распознава нечесните и го свртува врз нив тркалото.
27. Господово светло е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето.
28. Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одржува престолот свој.
29. Слава за младите е нивната сила, а украс за старците – е нивната бела коса.
30. Раните од борбата се лек против злото, исто така и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата.

21. Ризниците на мудрите и ризниците на нечесните.

1. Срцето на царот е во раката на Господа, како водните потоци: Он го насочува, каде што ќе посака.
2. Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата.
3. Да ја пазиш правдата и правосудието Му е поугодно на Господа, отколку крвта од жртвите.
4. Горделивите очи и надуеното срце се светило на грешник, а тоа е грев.
5. Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие, а секој што пребрзува трпи немаштија.
6. Богатство добиено со лажлив јазик е суета, која брзо одминува кај оние што ја бараат смртта.
7. Насилството на нечесните ќе се струполи врз нив, зашто се откажале да го прават она што е добро.
8. Крив е патот на развратниот човек; а на чистиот постапките му се прави.
9. Подобро е да живееш во агол под покривот, отколку во заедничка куќа, а со жена кавгаџика.
10. Душата на нечесниот сака зло: во неговите очи нема да најде милост ни пријателот негов.
11. Кога го казнуваат подбивачот, простиот станува мудар; и кога мудриот го вразумуваат, тој се здобива со знаење.
12. Праведниот го набљудува срцето на нечесниот: гледа како нечесните паѓаат во грев.
13. Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша, и тој самиот ќе пишти, – и нема да го чујат.
14. Таен подарок го стивнува гневот, а дар под рака – и жестоката јарост.
15. Да го пази правосудието е радост за праведникот и страв за оние, што вршат зло.
16. Човек кој скршнал од патот на разумнот, ќе се насели во собранието на мртвите.
17. Кој сака веселби, ќе осиромаши, а кој сака вино и мрс, нема да се збогати.
18. Нечесниот ќе биде откуп за праведниот, и лукавиот – за простодушниот.
19. Подобро да живееш во пуста земја, отколку со жена лута и кавгаџика.
20. Скапоцени добра и елеј има во куќата на мудриот, а безумниот човек ги растура.
21. Кој ја пази правдата и милоста, ќе најде живот, правда и слава.
22. Мудриот влегува во градот на силните и ја соборува силата, на која се надевале нечесните.
23. Кој ја чува устата своја и јазикот свој, ја чува душата своја од зло.
24. На дрскиот силник – името му е потсмевач – дејствува со прекумерна дрскост.
25. Гладот мрзливиот го убива, зашто рацете негови откажуваат да работат.
26. тој секој ден гладува, а праведниот дава и не му е жал.
27. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, зашто ја принесуваат со лукавство.
28. Лажниот сведок ќе загине, а човек, кој говори она што знае, ќе говори секогаш.
29. Нечесниот човек има дрско лице, а праведниот право оди по патот свој.
30. Нема мудрост, нема разум, нема совет – против Господа.
31. Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Господа.

22. Вредноста на доброто име и на мудрите зборови.

1. Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е добра слава, отколку сребро и злато.
2. Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ.
3. Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат.
4. Плодови на мудроста се: стравот Господен, богатството, славата и животот.
5. По патот на подмолниот – трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив.
6. Поучи го момчето го почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.
7. Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот.
8. Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе го удри него самиот,
9. Господ го сака човекот, што доброволно дава, и ќе го пополни недостигот не делата негови.
10. Милосрдниот ќе биде благословен, што им дава на бедните од лебот свој. Кој дава подароци, печали победа и чест, и дури овладува со душите на оние, што ги добиваат.
11. Истерај го подбивачот, и раздорот ќе изчезне, ќе престанат кавгата и навредите.
12. Господ љуби чисто срце, Нему Му се пријатни оние, што одат по прави патишта; со устата своја управува царот над народот свој.
13. Очите на Господа го чуваат знаењето, а зборовите на престапникот Он ги презира.
14. Мрзливиот вели: „Лав на улицата! На патот има разбојници!”
15. Устите на законопрестапниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа. Пред лошите се појавува лош пат, но тие продолжуваат да одат по него,
16. Безумието на детето му е приврзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него.
17. Кој ограбува сиромав, за да го умножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, – ќе осиромаши.
18. Наклони го увото и слушај ги зборовите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови, за да разбереш дека се добри.
19. Зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја.
20. За да биде твојата надеж во Господа, јас ти го покажувам патот твој.
21. А ти сега запиши ги трипати, советите и поуките во срцето свое; јас те поучив на зборовите вистински и добри, ти одговарам, точно на сите твои прашања.
22. Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник при портите, –
23. оти Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни.
24. Не дружи со гневлив и не оди со човек жесток,
25. за да не се навикнеш на нивни патишта и да не навлечеш стапица на душата своја.
26. Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови:
27. ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе?
28. Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле.
29. Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе стои пред цареви, нема да стои пред прости.

23. За вкусни јадења; мудри совети кон синот свој.

1. Кога ќе седнеш да јадеш со силен, гледај добро што има пред тебе,
2. и постави ограда на грлото свое, ако си лаком.
3. Не се занесувај од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна.
4. Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли.
5. Ќе ги устремиш очите кон него, о – веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото.
6. Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните гозби негови;
7. зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој; »јади и пиј« ти вели, но срцето негово не е со тебе.
8. Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш.
9. Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните зборови твои.
10. Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај;
11. зашто нивниот Заштитник е силен; Он ќе се замеша во делото нивно против тебе.
12. Управи го срцето свое кон учење и ушите свои – кон умни зборови.
13. Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре;
14. Ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот.
15. Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува;
16. ќе се радуваат и моите внатрешности, кога твојата уста говори право.
17. Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов;
18. зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена.
19. Слушај, синко, и биди мудар и управувај го срцето свое по прав пат.
20. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, –
21. зашто пијаницата, и блудникот и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали.
22. Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее.
23. Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум.
24. Праведниот добро го воспитува синот свој; на умниот свој син, му се радува тој.
25. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила.
26. Синко, дај ми го мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата мои, –
27. зашто блудницата е длабока пропаст, и туѓа жена – тесен кладенец;
28. таа како разбојник ги пречекува и ги умножува престапниците на законот меѓу луѓето.
29. На некого – ах, на некого -ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?
30. На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми.
31. не го гледај виното како се црвенее, какви се искрите во чашата, како убаво се лее;
32. отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница;
33. очите твои ќе гледаат туѓи жени, и срцето твое ќе почне да говори развратно;
34. и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врв на јарбол,
35. па ќе речеш: „Ме биеја, не ме болеше; ме туркаа, не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.”

24. Значењето на мудроста; совети на својот син; мудри изреки.

1. Синко, не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив,
2. зашто срцето нивно насилство намислува, и устите нивни за лошо зборуваат.
3. Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува,
4. а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра.
5. Мудриот човек е подобар од силниот, а разумниот – од оној што има голем имот.
6. Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања.
7. Пред вратите на мудрите има мудрост и добра мисла; мудрите не се оддалечуваат од законот на Господа.
8. Кој мисли да направи зло, ќе го наречат лош човек.
9. Безумниот умира во гревови; нечистотата негова го убива.
10. Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата.
11. Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и оние што сакаат да ги убијат, не откажувај се од нив.
12. Ако кажеш: »ете, ние не го знаевме тоа?« А Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на човекот според делата негови.
13. Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое:
14. такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави.
15. Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојство негово,
16. зашто седумпати ќе падне праведник – и пак ќе стане; а падне ли нечесен, тој изнемогнува во злото.
17. Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне.
18. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Он ќе го оттргне од него гневот Свој.
19. Не лути се поради зломисленици и не завидувај им на безбожниците,
20. зашто лошиот нема потомство; и светилото не нечесните ќе згасне.
21. Бој се, синко, од Господа и до царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот,
22. оти неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста до нив двајцата?
23. Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрастност.
24. Кој му вели на виновниот: »прав си«, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат;
25. а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот.
26. Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни.
27. Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој.
28. Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја?
29. Не вели: »Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.«
30. Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на малоумен човек:
31. и ете, сè беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната.
32. И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков:
33. »малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце, ќе полежиш« –
34. и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.«

25. Зборник од други мудри изреки Соломонови.

1. И ова се мудри изреки Соломонови, што ги собраа луѓето на јудејскиот цар Езекија.
2. Слава за Бога е да ја вообликува секога работа со тајна, а слава за царевите е да ги истражуваат работите.
3. Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо.
4. Оддели ја смесата од среброто, и истата ќе биде работа на златарот;
5. оддалечи го неправедниот од царот, и престолот негов ќе се зацврсти со правда.
6. Не се кревај на големо пред лицето на царот и не седнувај на местото на големците;
7. зашто подобро е кога ќе ти кажат: »дојде тука погоре«, отколку кога ќе те понизат пред кнезот, кога го виделе очите твои.
8. Она што го виделе твоите очи не брзај да го изнесеш во обвинение, зашто, што ќе правиш на крајот, кога твојот противник ќе те посрами?
9. Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај,
10. за да не те прекори оној, што ќе го чуе тоа, и тогаш нечесноста твоја нема да избега од тебе. Љубовта и дружбата ослободуваат: запази ги за себеси, за да не станеш достоен за навредување; запази си ги патиштата свои добро уредени.
11. Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка.
12. Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато.
13. Како ладен снег во време на жетва, така е верен оној пратеник, што се испраќа: тој му донесува утеха за душата на својот господар.
14. Како облаците и ветровите без дожд, таков е човекот, кој се фали со лажливи подароци.
15. Во долготрпеливота е успехот на царевите, а мек јазик коски крши.
16. Ако најдеш мед, само јади, колку што ти треба за да не се прејадеш и да не го повратиш.
17. Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази.
18. Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој што сведочи лажно против ближниот свој.
19. Она што е скршен заб и крива нога, таква е надежта на безнадежниот во злочест ден.
20. Она што е оној, кој соблекува облека во студен ден, она што е оцет на рана, таков е оној, кој песни пее на натажено срце. Како што молец ја повредува облеката и црвот -дрвото, така жалоста го повредува човековото срце.
21. Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода;
22. зашто, правејќи го тоа, ти натрупуваш жар врз главата негова, и Господ ќе ти воздаде.
23. Северниот ветер дожд донесува, а таен јазик – незадоволни лица.
24. Подобро да живееш во агол на покривот, отколку со жена кавгаџика во широка куќа.
25. Она што е студената вода за измачената душа од жед, тоа е добрата вест од далечна страна.
26. Она што е заматен извор и растурен кладенец, тоа е праведниот кој паѓа пред нечесниот.
27. Како што не е добро да се јаде многу мед, така не е добро и да лакомиш за слава што не е слава.
28. Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој.

26. Безумниот и неговата глупост; мрзливиот и лажливиот јазик.

1. Како снег во летно време и дожд во време на жетва, така и честа не му прилега на безумниот.
2. како врапче што ќе фркне, како ластовица што ќе одлета, – така и незаслужена клетва нема да се збидне.
3. Камшик – за коњ, узда – за осел, а стап – за безумните.
4. Не му одговаран на безумниот според глупоста негова, за да не станеш и ти сличен на него;
5. но одговори му на безумниот против глупоста негова, за да не помисли оти е мудар.
6. Кој усно порачува на безумен, тој ги потсекува нозете свои, трпи непријатност.
7. Како што криват нозете на куциот, така и расказот куца во устата на безумните.
8. Она што е оној што клава во праќка скапоцен камен, таков е и оној, кој му прави чест на безумен.
9. Она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните.
10. Силниот сè врши по своја волја: и глупавиот го дарува, и секој минувач го наградува.
11. Како што кучето се враќа на изблуеното, така и безумниот ја повторува својата глупост.
12. Ако си видел човек, кој што се смета за мудар, тогаш повеќе надевај се на безумен, отколку на него.
13. Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: »ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!«
14. Вратата се врти на куките свои, а мрзливиот – на леглото свое.
15. Мрзливиот ја крие раката своја во пазувата, и тешко му е да ја принесе до устата своја.
16. Мрзливиот се смета за помудар од седуммина, кои смислено одговараат.
17. Кој, минувајќи, се замешува во туѓа караница, фаќа куче за уши.
18. Како што разгневениот фрла оган, стрели и смрт,
19. таков е и човекот, кој подмолно го оштетува пријателот свој и потоа вели: »Јас само се пошегував.«
20. Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува.
21. Јагленот е за жар, а дрвата – за оган, кавгаџијата, пак – кавга да разгорува.
22. Зборовите на оговарачот се како слатки и влегуваат внатре во утробата.
23. Она што е глинен сад, глеѓосан со сребро, такви се пламените усти и злобното срце.
24. Со устата своја непријателот се преправа, а во срцето подмолност крие;
25. кога говори дури и со нежен глас, не верувај му, зашто во срцето негово има седум одвратности.
26. Ако омразата негова се прикрива насамо, злобата негова ќе се открие во собранието народно.
27. Кој копа јама, ќе падне во неа, и кој тркала камен угоре, врз него ќе се врати.
28. Лажливиот јазик ги мрази оние, што ги сопира, и устата ласкава подготвува пропаст.

27. Мудроста и човековите недостатоци.

1. Не се фали со утрешниот ден, зашто не знаеш, што ќе роди тој ден.
2. Нека те фали друг, е не устата твоја, – туѓ, а не јазикот твој.
3. Тежок е каменот, тешка е и песокта; но гневот на безумниот е потежок и од едното – и од другото.
4. Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?
5. Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов.
6. Искрени се ударите од оној, кој сака, а лажливи се бакнежите од оној, кој мрази.
7. Сита душа го гази и восочниот мед, а на гладна душе сè што е горчливо – слатко ѝ е.
8. Она што е птица, која го напушта гнездото свое, тоа е човек, кој го напуштил местото свое.
9. Мирисот од елеј и темјанот го радуваат срцето; така сладок му станува на секого пријателот со неговиот срдечен совет.
10. Не напуштај го пријателот свој, ниту пријателот на таткото твој, и не му оди на братот во куќата негова во денот на неволјата твоја; подобро сосед во близина, отколку брат надалеку.
11. Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, – и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети.
12. Умниот го гледа злото и се клони од него; а неискусните одат напред и биваат казнувани.
13. Земи му ја облеката, зашто се заложил за туѓинец; и за туѓинката земи од него залог.
14. Кој многу го фали пријателот свој од рано утро, ќе го сметаат за клеветник.
15. Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто:
16. кој сака да ја задржи, задржува ветар, а таа се појавува како миризлив елеј во десницата.
17. Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој.
18. Кој сади смоква, ќе ги јаде плодовите нејзини, и кој го чува господарот свој, ќе биде почитуван.
19. Како што е во водата лице спроти лице, така е и срцето на човека спроти човек.
20. Пеколот и бездната не можат да се наситат: така се ненаситни и очите човечки. Одвратен пред Господа е оној, кој дрско ги крева очите, и неразумни се, оние што имаат
невоздржлив јазик.
21. Она што е топилницата за среброто и печката за злато, тоа се за човекот устите, што го фалат. Срцето на беззаконикот бара зло, а правото срце бара знаења.
22. Безумниот да го толчиш со железо во дибек заедно со зрната, – безумието нема да се оддели од него.
23. Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои;
24. зашто богатството не е вечно, пак и власта – зар сè е од род во род?
25. Тревата никнува, и зеленило се јавува, па се собираат билки горски,
26. Тогаш овците треба да ти бидат тебе за облека, и козите – за купување ниви;
27. Ќе имаш доволно козјо млеко за тебе и за твоите домашни за храна и на твоите слуги за исхрана.

28. За нечесните и за праведниците.

1. Нечесниот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел како лав.
2. Кога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна.
3. Човекот сиромав што врши зло на слабите и исто како излеан дожд, од кој полза нема.
4. Отстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што Го бараат Господа, негодуваат против нив.
5. Лошите луѓе не ја разбираат справедливоста, а оние, што го бараат Господа, разбираат сè.
6. Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној, што ги искривува своите патишта, макар и да е богат.
7. Кој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татка си.
8. Кој го умножува имотот свој преку нечесност и лихва, тој го собира за добротворецот на сиромасите.
9. Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна.
10. Кој ги упатува праведните кон патот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро.
11. Богатиот човек се смета за мудрец, меѓутоа, умен сиромав ќе го разобличи.
12. Кога праведници победуваат, голема е славата, но кога нечесните се издигаат, луѓе гинат.
13. Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван.
14. Блажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја.
15. Лав што рика и мечка гладна, тоа е нечесниот властодржец над беден народ.
16. Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни.
17. Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој. Казнувај го синот твој, и ќе те засака: ќе ја весели твојата душа; нема нечесните да ги слуша.
18. Кој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив.
19. Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија.
20. Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој бара да се збогати, не останува без казна.
21. Не е добро кога некој не се срамува од праведните: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда.
22. Завидлив човек брза кон богатството и не мисли, дека сиромаштијата ќе го стигне.
23. Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној, што му ласка со јазикот.
24. Кој го краде татка си и мајка си и вели: »тоа не е грев« тој им е соучесник на грабителите.
25. Гордиот се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен.
26. Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен.
27. Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван.
28. Кога нечесните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат.

29. Пофалба за правосудноста и проклетсво на нечесноста.

1. Човек, кој, бидејќи разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек.
2. Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога нечесниот господари, народот офка.
3. Човек, кој ја сака мудроста, го радува татка си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура.
4. Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува.
5. Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови.
6. Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува.
7. Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а нечесниот не се интересира за тоа.
8. Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот.
9. Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, – нема мир.
10. Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот.
11. Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува.
12. Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови поданици се нечесни.
13. Сиромавиот и зајмодавецот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите.
14. Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш.
15. Пратот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители.
16. Кога се умножуваат нечесните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање.
17. Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја.
18. Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, блажен е.
19. Лошиот човек со зборови нема да се научи, зашто, и да ги разбира, не ги слуша.
20. Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него.
21. Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син.
22. Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши.
23. Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест.
24. Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; и слуша клетви, но не ги соопштува.
25. Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господа, ќе се развесели; нечесноста води кон соблазна, а кој се надева на Господа, тој ќе се спаси.
26. Мнозина го бараат благосклоното лице на управителот, но правдата на човека е од Господа.
27. Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за нечесниот е оној што оди по прав пат.

30. Агуровата исповед.

1. Зборовите на Агура, син Јакеов, од Маса; негово пророштво, кажано на Итила, за Итила и Укала.
2. Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки,
3. Бог ме научи на премудрост и ја разбрав разумноста на светиите.
4. Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли?
5. Секој збор од Бога е чист; Он му е штит на оној, што се надева на Него.
6. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец.
7. За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам:
8. суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, – храни ме со насушниот леб,
9. та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: »Кој е Господ« и, откако ќе осиромашам, за да не почнам да крадам и да го употребува името на мојот Бог напразно.
10. Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен.
11. Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови!
12. Лошото чедо се смета за чисто, а не е измиено од нечистотиите свои.
13. Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови!
14. Лошото чедо има заби како мечеви, а катниците негови се како ножеви, за да ги изедува сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето.
15. Пијавицата има две ќерки кои велат „Дај, дај!” Има три работи ненаситни и четири што не велат „Доволно.”
16. Тое се: пеколот и утробата неплодна, земјата, која не се наситува со вода, и огнот, кој не вели: »доста«!
17. Око, кое му се потсмева на татка си и не сака да се покорува на мајка си, кое ќе биде исколвано од долински гаврани и од орлови пилци изедено!
18. Тие работи се недостижни за мене, а четвртата, не ја ни разбирам:
19. патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, патеките на коработ среде море и патот на маж во младоста негова.
20. Таков е патот и на жена прељубница: се најала и ја избришала устата своја, па вели:
»ништо лошо не сум направила.«
21. Од три работи се тресе земјата, а четвртата не може да ја поднесе:
22. од слуга, кога ќе стане цар; од безумен, кога до наситување ќе се најаде со храна,
23. од распуштена жена, кога ќе се омажи, и од слугинка, кога го зазема местото на господарката своја.
24. Има четири мали животни на земјата, но тие се помудри и од мудреците:
25. мравките – во кои нема сила, но лете сепак си ја приготвуваат храната;
26. јазовците – иако слаби животни, но ги прават куќите свои во камен;
27. скакулците, кои немаат цар, но излегуваат во војна сите во редови;
28. пајакот, кој со раце се лови, но се наоѓа и во царските палати.
29. Еве три, коишто убаво чекорат, и четвриот, кој свечено настапува:
30. лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој нема да се врати и да се исплаши од никого;
31. и петелот кој надуено шета меѓу кокошките; како царот меѓу својот народ.
32. Ако гордоста те тера на безумни дела и си намислил зло, стави ја раката на устата своја.
33. Зашто, како кога се бие млеко, се добива масло, кога ќе се удри носот, потечува крв, така и кога се предизвикува гнев, произлегува кавга.

31. Мајчина поука на еден цар.

1. Зборовите на царот Лемуил, со кои го поучила неговата мајка.
2. Што, што сине на утробата моја? Тебе ти говорам, сине мој, првенец, чедо на моите молитви.
3. Не им го давај на жени татковството свое, ниту патиштата на оние од нив, кои цареви погубуваат. Светувај се пред на направиш нешто.
4. Не е за царевите, Лемуиле, не е за царевите вино да пијат, ниту за кензовите – сикер,
5. за да не го заборават, откако ќе се опијат, законот и да ја искривуваат правдината на угнетените.
6. Дајте му сикре на оној што е ожалостен; вино нека пијат оние што се болни.
7. нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствуваат веќе болките свои.
8. Синко, отворај ја устата своја за слава Божја и на сите суди им по правда.
9. Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот.
10. Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења.
11. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка;
12. таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов.
13. Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои.
14. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна.
15. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои.
16. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје.
17. Ја препашува со сила половината своја и ги зацврстува мишките свои за работа.
18. Таа гледа колку е добро што работи, и светилката нејзина не се гасне ноќе.
19. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното.
20. Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава.
21. Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта.
22. Таа си ткае покривачи; он висон и пурпур е нејзината облека.
23. Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата.
24. Таа работи покривки и ги продава, на Финикијците и појаси на Хананејците.
25. Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината.
26. Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин.
27. Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност.
28. Стануваат децата и ја ублажуваат, – мажот, и тој ја фали:
29. »многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.«
30. Миловидноста е примамлива и убавината – суетна; но жена, која се плаши од Господа, е достојна за пофалба.
31. Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува при мажот нејзин, при градските порти!