Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга Јов

1. Потеклото на Јова, неговото богатство и неговата богобојазливост.

1. Имаше еден човек во земјата Уз, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото.
2. И му се родија седум синови и три ќерки.
3. Имотот му беше: седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петсоттини ослици и мошне многу слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите синови на Исток.
4. Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив.
5. Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги советуваше, и станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови.
6. Еден ден дојдоа синовите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната.
7. И му рече Господ на сатаната: „Од каде дојде?” А сатаната му одговори на Господа и рече: „Одев по земјата и ја обиколив.”
8. И Господ му рече на сатаната: „Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Оти на земајта нема таков како него: човек непорочен, праведен, боговојазлив и кој го одбегнува злото.”
9. Му одговори сатаната на Господа и рече: „Зар попусто Јов е богобојазлив?
10. Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата;
11. но пружи ја раката Своја и допри се до сè што е негово, ќе Те благослови ли тогаш.”
12. И му рече Господ на сатаната: „Еве, сè што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака? – И си отиде сатаната од лицето Господово.
13. Еден ден синовите и ќерките на Јова јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот брат свој.
14. И ете, доаѓа известувач при Јова и вели: „Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив,
15. кога Савејците нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.”
16. Додека уште говореше, дојде друг и вели: „Оган Божји од небото падна, ги изгори овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.”
17. Додека тој говореше, дојде трет па вели: <Халдејците, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.” 18. И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на првородениот брат свој; 19. ете, дувна силен ветар откај пустињата и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.” 20. Тогаш Јов стана, ја раскина горната облека, ја острига главата своја и падна на земја, па се поклони 21. и рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!” 22. Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога.

2. Сатаната пак го обвинува Јова пред Господа. Него го напаѓа болест и жената го навредува; го посетуваат тројца пријатели.

1. Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната да застане пред Господа.
2. И му рече Господ на сатаната: „Од каде дојде?” Му одговори сатаната на Господа и рече: „Одев по земјата и ја обиколив.”
3. Тогаш му рече Господ на сатаната: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и уште цврсто се држи во својата непорочност, иако ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.”
4. Му одговори сатаната на Господа и рече: „Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сè што има;
5. но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благословува ли и тогаш?”
6. И му рече Господ на сатаната: „Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.”
7. Си отиде сатаната од лицето Господово и го порази Јова со лута рана – од стапалките на нозете негови до самото теме негово.
8. И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на буништето надвор од градот.
9. И му рече неговата жена: „Зар си уште цврст во добротата своја. Навреди Го Бога и умри!”
10. Но тој ѝ рече: „Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?” – Во сето тоа Јов не згреши со устата своја.
11. Слушнаат тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Темна и Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат.
12. И кога кренаа очите од далеку, тие не го познаа; па викаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои.
13. И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа оти страдањето му беше многу големо.

3. Јов го оплакува денот на своето раѓање.

1. Потоа ја отвори Јов устата своја и го проколна својот ден.
2. Па почна Јов и рече:
3. Нека е проклет денот, во кој се родив, и ноќта во која рекоа: – се роди дете!
4. Тој ден нека биде темнина; да не го побараше Бог одозгора и да не изгрееше над него светлина!
5. Да го затемнеше темнина и смртна сенка, црн облак да го покриеше, за да се плашат од него, како од врел сончев изгор!
6. Таа ноќ, – темнина да ја опфати, да не се смета меѓу дните на годината, да не влезе во бројот на месеците!
7. О, таа ноќ! Без луѓе да беше; веселба да не влезеше во неа!
8. Нека ја проколнат оние, што го колнат денот, кои се способни да го разбудат левијатанот!
9. Нека потемнат ѕвездите во самракот; да ја чекаше светлината и таа да не дојдеше за да не ги види трепките на зората;
10. зашто не ги затвори дверите на мајчината ми утроба и не ја сокри тагата од очите мои!
11. Зошто не без умрел кога сум се раѓал, и не бев издивнал – кога сум излегувал од утробата?
12. Зошто ме прифатија на колена? Што ми требаше да цицам гради?
13. И сега ќе лежев и ќе почивав; ќе спиев; и ќе ми беше спокојно
14. заедно со царевите и земни советници, кои градеа пустињи за себеси,
15. или со кнезови, што имаа злато и кои ги полнеа домовите со сребро;
16. или, како пометниче закопано, немаше да ме има, како младенците што не виделе светлина.
17. Таму беззакониците престануваат да задаваат страв, таму почиваат изнемоштените.
18. Таму затворениците заедно се насладуваат од спокојство и не ги слушаат викотниците на надзирателот.
19. Мал и голем таму се рамни; робот е слободен од господарот свој.
20. Зошто на бедниците им е дадена светлина, и живот – на душевно огорчените,
21. кои ја очекуваат смртта, а ја нема, што ја бараат повеќе отколку закопана драгоценост,
22. би се радувале до восхит, би се восхитиле, зашто нашле гроб?
23. Зашто му е дадена светлина на човекот, чиј пат е сокриен и кого Бог со мрак го опкружил?
24. Воздишките мои го испреваруваат лебот мој, офкањата мои течат како вода,
25. зашто страшното, од што се ужасував, тоа ме снајде; од што се плашев, тоа ме сполета.
26. Нема за мене мир, нема спокојство, нема утеха; настапи зло.”

4. Елифазовиот прв говор: Бог не го накажува праведникот.

1. Одговори Елифаз од Темна и рече:
2. „Ако се обидеме да ти проговориме, нема ли да ти биде тешко? Но кој може да се воздржи да не говори!
3. Ете, ти мнозина си советувал и си поткрепувал изнемоштени раце,
4. твоите зборови го исправале оној што паѓал, си ги поткрепувал раслабените колена.
5. А сега злото дојде до тебе, и ти изнемоште; допре до тебе, и ти падна со духот.
6. Твојата богобојзаливост не треба ли да биде твоја надеж, и непорочноста на твоите патишта – твојата поткрепа?
7. Спомни си, загинал ли некој невин, и кога праведните биле искоренувани?
8. како што сум гледал: оние што ораат нечесност и сеат зло, тоа и го жнеат;
9. од здивот Божји загинуваат и од духот на гневот негов исчезнуваат.
10. Рикањето на лавот и гласот на оној што вика замолчува, а забите на лавчињата се кршат;
11. силниот лав загинува кога нема плен, лавчињата на лавицата се распрснуваат.
12. И, ете, до мене скришно долета збор, и увото мое долови нешто од него.
13. Среде размислувањата за ноќните виденија, кога сонот ги обзема луѓето,
14. мене ме опфаќа страв и трепет и ги растресе сите мои коски.
15. И духот помина над мене; косата ми се крена.
16. Тој застана, – но јас не го видов лицето негово, – само облик беше пред очите мои; тивко веење, и чув глас:
17. „Зар човекот е поправеден од Бога? И почист ли и од својот Создател?”
18. Ете, Он и на слугите Свои не им верува и во ангелите Свои согледува недостатоци:
19. дотолку повеќе кај оние, што живеат во земјани куќи, чии основи се од прав и кои пропаѓаат и од молец.
20. Меѓу утрото и вечерта тие се растураат; нема ни да забележиш како исчезнале наполно.
21. не загинуваат ли со нив и достоинствата нивни? Тие умираат иако не станале мудри.

5. Казната е плод на нечист живот. Казнетиот треба да се обрне кон Бога.

1. Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? Кон кого од светиите мислиш да му се обрнеш?
2. Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот.
3. Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна.
4. Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити.
5. Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; жедните ќе го голтнат имотот негов.
6. Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од нивата;
7. човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре.
8. Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил.
9. Он создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број,
10. и дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата;
11. понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува.
12. Он го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуват започнатото.
13. Он ги фаќа мудрите со нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува;
14. Среде бел ден запаѓаат во темнина; попладне одат со пипање, како ноќе.
15. Он го спасува сиромавиот од меч, од устата нивна и од раката на силниот.
16. И за сиромавиот има надеж, а неправдата сама ја затвора устата своја.
17. Блажен е оној човек кого Бог го вразумува. Затоа не ја отфрлувај казната од Вседржителот,
18. зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува, и Неговите раце лекуваат.
19. Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне.
20. Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од силата на мечот.
21. Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето – кога ќе дојде.
22. На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш, –
23. зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе.
24. Ќе дознаеш дека шаторот ти е во безопасност, ќе си ја гледаш куќата и нема да згрешиш.
25. Ќе видиш, оти семето ти е многубројно, дека филизите твои се како трева на земјата.
26. Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја.
27. Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.”

6. Само страдалникот ја знае својата неволја.

1. Одговори Јов и рече:
2. „О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го бев ставил на терезија страдањето мое!
3. Тие навистина би биле потешки од морскиот песок! Затоа зборовите ми се жестоки.
4. Стрелите на Вседржителот се во моето тело; духот мој го пие отровот нивни; ужасите Божји се управија против мене.
5. Рика ли див осел при трева? Мука ли бик над крмата своја?
6. Се јаде ли блуткавото без сол и има ли вкус белката од јајцето?
7. До она до кое душата моја не сакаше да се допре, тоа ми е сега храна во болеста.
8. О, да се беше остварела желбата моја, и Бог да го исполнеше очекувањето мое!
9. О, да сакаше Бог да ме сотре, да ме млатнеше со раката Своја и да ме истребеше!
10. Тоа би ми била вистинска утеха, иако горам од мојата безмилосна болест, бидејќи не се откажав од зборовите на Светиот.
11. Колку ми е силата, та да се надевам на себе самиот? И каков е крајот, та да го продолжувам животот мој?
12. Камена сила ли е силата моја? И од бакар ли е телото мое?
13. Има ли во мене помош за мене, има ли за мене некоја поткрепа?
14. Кој одбива милост кон ближниот свој – ако тој не престанал да се бои од Севишниот Бог.
15. Но моите браќа ме напуштија, како безводни потоци и како бранови ме одминаа
16. Како снег и мраз што се топат од толина и не се познава што имало.
17. Во време сушно тие намалуваат, а во време на жеги исчезнуваат од местата свои.
18. Го менуваат правецот на патиштата свои, навлегуваат во пустињата и се губат;
19. погледнуваат кон нив патниците од Темна, им се надеваат на оние што одеа во Сева,
20. но остануваат посрамени во својата надеж: одат таму и црвенеат од срам.
21. Така сте и вие сега спрема мене: видовте страотија и се исплашивте.
22. Ви рекова ли: дајте ми, или подајте ми нешто од вашиот вишок;
23. избавете ме од раката душманска, откупете ме од раката на мачителите?
24. Научете ме, и јас ќе замолчам, покажете ми во што сум згрешил.
25. Колку се силни искрените зборови! Но што кажуваат вашите прекори?
26. Мислите ли зборовите мои да ги изобличите? Во ветар ги фрлате зборовите ваши?
27. Го напаѓате сиромавиот и му копате јама на пријателот свој.
28. Но, ве молам, погледнете ме: зборувам ли лага пред вашето лице?
29. Разгледајте по правда? – јас сум исправен.
30. Има ли во јазикот мој неправда? Зар грлото мое не може да го разликува лошото?

7. Јов Му се моли на Бога или да се смилува на него или да му го одземе животот.

1. Не ли е испит земниот живот за човекот? Дните негови не се ли како дни на наемник?
2. Како што слугата копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја,
3. така и јас добив наследство суетни месеци; тажните ноќи ми се избројани.
4. Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А кога станувам се прашувам: како ќе ја дочекам вечерта? Се измачувам од вечерта до утрото.
5. Телото ми е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми се распукнува и гнои;
6. дните ми летаа побрзо од совалка и исчезнуваат без надеж.
7. Спомни си, дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да види.
8. Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, – а мене ме нема,
9. како кога облак се проретчува и исчезнува, така слезениот во гроб нема да излезе;
10. нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае.
11. Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во духот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја.
12. Зар сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене?
13. Кога ќе си помислам: „Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја.”
14. Ти ме плашиш со соништата и со привиденија ме ужасуваш;
15. Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; смртта ми е помила од моите маки.
16. Ми омрзна животот: Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.
17. Што е човекот, та толку си го издигнал? И такво внимание му обрнуваш?
18. Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг?
19. Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја јас да ја голтнам?
20. Ако сум згрешил, што да правам, о Чуваре над луѓето? Зошто го стави Својот знак на мене, па да сум Ти на товар?
21. Зар престапот мој не можеш да го поднесеш? Зар не можеш да го презреш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку ќе мине и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.”

8. Говор на Вилдад: Само покајанието е патот до спасението. Бежбожниците загинуваат.

1. Тогаш одговори Вилдад од Сува и рече:
2. „До кога ли ќе говориш така? И зборовите од устата твоја да се бурен ветар!
3. Зар Бог суди криво? Може ли Седржителот да ја изопачи правдата?
4. Ако твоите синови пред Него згрешиле, затоа и ги предал на нивното беззаконие.
5. Но ако со срце Го побараш Бога и Му се помолиш за милост на Вседржителот,
6. и ако си чист и праведен, Он уште сега ќе ја услиши молитвата Твоја; и ќе го обнови животот твој како на праведник.
7. И ако порано си имал малку, после ќе имаш повеќе.
8. Запрашај ги поранешните поколенија и вникни во мудроста на нивните татковци;
9. ние сме вчерашни и ништо не знаеме, нашите дни се како сенка на земјата.
10. Зар тие нема да те научат, зар тие нема од срцето свое да кажуваат зборови:
11. никнува ли шевар без влага? Расте ли трска без вода?
12. Додека е уште зелена и додека непресечена, таа се суши пред секоја трева.
13. Такви се патиштата на сите, што го забораваат Бога; така пропаѓа надежта на безбожниот;
14. надежта му е тенка нишка, вербата негова – мрежа пајакова.
15. Ако се потпре на куќата своја, нема да устои; ќе се фати ли за неа, нема да додржи.
16. Се зеленее тој, на сонцето вирее, неговите фиданки градината ја прекриваат,
17. во грамада од камења се вплетуваат корењата негови, живот црпи од живиот камен.
18. Но кога ќе го искорнат од местото негово, тоа ќе се откаже и ќе рече: не сум те познавало!
19. Ете ја радоста на неговито пат! А од земјата никнуваат растенија други.
20. Не, Бог не ги отфрла непорочните и не ја поддржува раката на беззакониците.
21. Со смеа ќе ја наполни устата твоја, и усните твои – со радосни извици.
22. Оние што те мразат, со срам ќе се покријат, шаторот на нечесните ќе исчезне.”

9. Јов му одговара на Вилдада: со Сесилниот никој не може да спори.

1. На тоа одговори Јов и рече:
2. „Навистина знам, дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога?
3. Ако сака да влезе во расправија со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада.
4. Он е мудар по срце и моќен по сила; кој станувал против Него и останувал во спокојство?
5. Он ги преместува планините, а тие тоа не го знаат: ги превртува во гневот Свој;
6. ја поместува земјата од местото нејзино, и столбовите ѝ треперат;
7. ќе му каже на сонцето, – и тоа не изгрева, и на ѕвездите им става печат.
8. Он Сам ги распнува небесата и оди по морската површина;
9. Он ги создал Мечката, Орионот и Плејадата и ѕвездите на јужното небо;
10. врши големи дела, неиспитливи и чудесни, и безбројни се Неговите чуда.
11. Ете, Он оди пред мене, и јас не можам да Го видам; Он минува, а јас не Го забележувам.
12. Земе ли нешто, кој ќе Му забрани? Кој смее да Го праша: што правиш?
13. Бог нема да го отстрани гневот Свој; пред Него ќе паднат приврзаниците на гордоста.
14. Ако ме услиши и ги оцени зборовите мои,
15. дури и да сум прав, нема да одговарам, туку Судијата мој за милост ќе Го молам.
16. И кога на гласот мој би се одзвал, немаше да поверувам дека ги чул зборовите мои Оној,
17. Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои;
18. не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува.
19. Ако станува збор за сила, Он е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд?
20. Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини; ако сум невин, Он ќе ме прогласи за виновен.
21. А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам.
22. Сеедно е: затоа реков: дека Он го погубува и непорочниот и виновниот;
23. ако лукавите гинат со лута смрт, тогаш со невините се подбиваат.
24. Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Он им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Он не е, тогаш Кој е?
25. Но дните мои беа побрзи од гласникот, – далеку побегнаа, не видоа никаде добро;
26. летаат како лесни летала, како орел, што се спушта врз плен.
27. Ако речам: „Ќе ги заборавам тагите свои, ќе го отстранам својот мрачен изглед и ќе закрепнам,”
28. од сите мои маки ужас ме опфаќа, зашто, знам дека нема да ме оправдаш.
29. Ако сум, пак, виновен, зошто тогаш залудо се измачувам?
30. Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои,
31. и тогаш Ти ќе ме турнеше во тиња, па ќе се згнасеа од мене и алиштата мои.
32. Зашто Он не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам заедно со Него на суд!
33. Меѓу нас нема посредник, што би ја ставил раката своја меѓу двајцата.
34. Нека го тргне Он од мене жезалот Свој, и стравот Негов да не ме застрашува,
35. тогаш ќе зборувам и нема да се плашам од Него, бидејќи вака не знам за себе.

10. Јов продолжува да се оплакува.

1. и дотегна на душата моја мојот живот; ќе се предадам на тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја.
2. Ќе му речам на Господа: „Не ме обвинувај; кажи ми зошто се бориш со мене?
3. Мило ли тие е да ме измачуваш, да го презираш делото на рацете Свои, а намерите на нечесните да ги помагаш?
4. Зар имаш телесни очи? Гледаш ли како што гледа човек?
5. Зар Твоите дни се како дните на смртните, или Твоите години се како дните на човек,
6. та бараш порок во мене и бараш грев во мене,
7. макар што добро знаеш дека сум невин и дека нема кој да ме спаси од раката Твоја?
8. Твоите раце ме создале и ме оформиле, и Ти сега од сите страни ме поништуваш?
9. Сети се дека како глина си ме замешал, та пак ли во прав ќе ме претвориш?
10. Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење?
11. Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна,
12. живот и милост ми дарува, и Твојат грижа го чуваше духот мој?
13. Но и тоа во срцето Свое го криеше, знам дека тоа е во Тебе,
14. дека, ако згрешам, Ти ќе забележиш и нема да го оставиш гревот мој без казна.
15. Ако сум виновен, тешко ми мене! Ако сум прав, не ќе смеам да кренам глава. Од срам сум скршен, гледајќи ја маката своја.
16. Ако се исправам, како лав ме гониш, силата Своја на мене ја покажуваш со чудеса.
17. Обвинувања нови подигаш против мене; го засилуваш гневот Свој против мене; со нови сили се креваш против мене.
18. И зошто ме изведе од утробата? Да бев умрел кога ничие око уште не ме беше видело;
19. о, да бев пренесен од утробата во гроб, како да ме немало!
20. Нели се малку деновите мои? Остави ме уште малку да се радувам,
21. пред да појдам на пат без враќање – во земјата на темнината и смртната сенка,
22. во земјата на густата темнина, каде што нема уредба, каде што светлината е слична на најцрната ноќ.”

11. Првиот говор на Софар: Јов треба да Му се покори на Бога и да ја признае Неговата премудрост.

1. Потоа проговори Софар од Нам и рече:
2. „Зар на многу зборови не може да се даде одговор, и зар многузборливиот човек е прав?
3. Твоето празнословие ќе ги натера ли луѓето да молчат, за да се потсмевнуваш ти, та да нема кој да те засрами?
4. Ти рече: расудувањето ми е правилно, и јас сум чист во Твоите очи.
5. О, да проговореше Бог, да ја отвореше устата Своја кон тебе
6. и да ти ги откриеше тајните на мудроста, дека тебе ти се паѓа двојно повеќе да понесеш! И така, знај, оти Бог за тебе предаде на заборав некои од твоите беззаконија.
7. Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Вседржителот?
8. Он е повисок од небесата, – што можеш да направиш? Подлабок е од пеколот, – што можеш да дознаеш?
9. Подолга од земјата е мерката Негова и поширока од морето.
10. Ако преиначи и затвори некого во окови и го изведе на суд, кој ќе Му забрани.
11. Зашто Он ги знае оние што лажат и го гледа беззаконието; ќе го остави ли без презир?
12. Но и суетниот човек се опаметува; дивото осле на узда се покорува.
13. Ако го насочиш срцето свое и ги подадеш рацете кон Него,
14. ако порокот од раката своја го отфрлиш и не дозволиш беззаконие да престојува во твоите шатори,
15. тогаш ќе го кренеш неизвалканото лице свое, ќе бидеш цврст и нема да се плашиш.
16. Тогаш ќе ја заборавиш тагата: како за истечена вода ќе се сеќаваш за нив.
17. И животот твој ќе почне појасно од пладне; како утро ќе светнеш.
18. Во надежта своја ќе бидеш спокоен, ограден, ќе почиваш во мир.
19. Ќе легнеш и не ќе има кој да те заплашува; мнозина ќе ти се умилкуваат.
20. А очите на беззакониците ќе изгаснат, прибежиштето нивно ќе пропадне, а надежта нивна ќе биде исчезнувањето.”

12. Третиот говор на Јов: Божјата мудрост се појавува во Неговите дела.

1. Пак одговори Јов и рече:
2. „Само вие ли сте луѓе, и со вас ли ќе исчезне мудроста!
3. И јас знам да мислам како вас; и во ништо не сум подолен од вас; и кој не го знае истото тоа?
4. за потсмев станав јас на пријателот свој, јас што го повикував Бога, и Кој ми одговараше, – за потсмев е – праведниот и непорочниот човек.
5. Несреќниот треба да се презира – тие мислат, да се удира по оној, чии нозе се сопнуваат.
6. Спокојни се шаторите на крадците и безопасни на оние што Го гневат Бога, ним Бог им дава сè.
7. Но, прашај го добитокот, и ќе те научи; запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни.
8. Гуштерите ќе те поучат, ќе ти кажат и морските риби.
9. Кое од сите созданије не знае, дека раката на Господа го создала?
10. Но Неговата рака е душата на сè што е живо и духот на секоја човечка плот.
11. Нели увото ги разбира зборовите, и нели јазикот го распознава вкусот на храната?
12. Кај старците има мудрост, а кај долговечните – разум.
13. Но во Него има мудрост и сила, Негови се решението и разумот.
14. Она што Он ќе разурне, нема да се изгради: кого Он ќе заговори, нема да се ослободи.
15. Да ги запре водите, и сè ќе се исуши; да ги пушти, и земјата ќе ја разрушат.
16. Во Него е силата и сета мудрост, пред Него е оној, што е заблуден, и оној што воведува во заблуда.
17. Он ги приведува советниците во необмисленот и ги прави судиите безумни.
18. Он ги лушува царевите од власт и го врзува со јаже крстот нивни;
19. на кнезовите им го одзема достоинството и силните ги кутнува;
20. им го одзема јазикот на гордите и ги лишува од разум старците;
21. ги покрива со срам славните и јас ослабнува силата на моќните:
22. ја открива темнината во длабините и ја вади на видело смртната сенка;
23. ги издигнува народите и ги истребува; ги распрснува и ги собира;
24. им го одзема умот на кнезовите земни и ги упатува на безпатна пустиња:
25. со пипање одат тие по темнина, без светило, и скитаа како пијани.

13. Јов ја побива самоуверената мудрост на своите пријатели.

1. Ете, сето тоа окото мое го виде, увото мое го чу и го забележав за себеси.
2. Колку што знаете вие, знам и јас; не сум подолу од вас.
3. Но јас кон Вседржителот би сакал да говорам, би сакал со Бога да се соочам.
4. А вие сте ковачи на лаги; сите вие сте бескорисни лекари.
5. О, само да бевте молчеле! Тоа би ви се сметало за мудрост.
6. Ислушајте ги моите расудувања и проникнете во изразот на устата моја.
7. Требаше ли да говорите заради Бога неправда и заради Него да говорите лага?
8. Требаше ли да бидете лицепријатни кон Него и за Бога така да се препирате?
9. Добри ли ќе биде, Он да ве испитува? Ќе Го измамите ли како што го измамуваат човекот?
10. Он строго ќе ве казни, иако скришно лицемерите.
11. Зар големината Негова не ве плаши, и страв од Него не ве обзема ли?
12. Вашите забелешки прилегаат на пепел; вашата одбрана е глинена ограда.
13. Молкнете пред мене, а јас ќе говорам, што и да ме снајде.
14. Зар јас самиот да си го раскинувам со забите телото свое? И душата своја да си ја ставам в рака?
15. Ете, Он може да ме убие, но јас ќе се надевам; би сакал само однесувањето мое пред лицето Негово да го оправдам.
16. И тоа ми е веќе за спасение, бидејќи безбожник нема да се јави пред лицето Негово.
17. Ислушајте ги внимателно зборивите мои и објасненијата мои со ушите ваши.
18. Ете, започнав судска постапка; знам дека ќе бидам прав.
19. Кој има сила да ме надвие? Потоа ќе молкнам и ќе го испуштам духот.
20. Само две работи не прави со мене, и тогаш јас нема да се кријам од Твоето лице;
21. тргни ја од мене раката Своја, и Твојот ужас да не ме потресува.
22. Тогаш прашувај ме, и јас ќе одговарам; или јас да прашувам, а Ти да одговараш.
23. Колку се пороците и гревовите мои? Покажи ми го беззаконието мое и гревот мој.
24. Зошто го криеш сега лицето Свое од мене и ме сметаш за Твој непријател?
25. Зошто со страв го мачиш од ветрот скинатиот лист, зошто ја гониш сувата сламка?
26. Зошто пишуваш против мене горчливи пресуди и ми ги сметаш гревовите на младоста моја,
27. ги тураш во клада нозете мои и ги демнеш сите мои патишта, – ги испитуваш трагите на нозете мои?
28. Животот мој како изгниено дрво се распаѓа, како облека од молци изедена.”

14. Јов се оплакува од ништожноста на животот и залудо бара утеха и надеж.

1. „Роден од жена, човекот е кратковечен и презаситен од неволји:
2. како цвеќе никнува и бргу овенува; како сенка бега и не се запира.
3. И врз него ли ги отвораш Ти очите Свои, и пред Себе на суд го водиш?
4. Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден.
5. Па кога дните му се определени, кога бројот на месеците од Тебе зависи, ако си му определил меѓа, преку која не може да мине,
6. тогаш оддалечи се од него: нека си здивне додека како наемник не го заврши денот свој.
7. За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестајно избиваат,
8. макар и да е остарен коренот негов во земјата, и пенушката да му замрела во прав,
9. но, штом ќе осети вода, тоа дава младици и пушта фиданки, како да е одново посадено.
10. А човекот умира и истлејува; си оди, и каде е тој?
11. Истечуваат водите од морето, и реката секнува и пресушува:
12. така човекот ќе легне и нема да стане; до свршетокот на небото нема да се разбуди и нема да се разбуди од својот сон.
13. О, да беше ме сокрил и криел во пеколот, додека да мине гневот Твој, да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене!
14. Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената.
15. Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон созданието на Твоите раце;
16. а сега ги броиш стапките мои и го демнеш секој мој грев;
17. во свиок го запечати беззаконието мое, и секоја вина моја ја запиша.
18. Но планината паѓајќи се руши, и карпата се поместува од местото свое;
19. водата ги излижува камењата; сливот го одвлекува земниот прав: така ја унишутваш Ти и надежта на човекот.
20. Го притискаш докрај, и тој заминува; го менуваш лицето негово и го испраќаш.
21. На почит ли се децата негови – тој не знае; унижени ли се – тој не забележува;
22. но плотта на него боледува, и душата во него страда.”

15. Вториот говор на Елифаз. Зборовите на Јов ја покажуваат неговата заблуда.

1. Проговори Елифаз од Темна и рече:
2. „Ќе одговара ли мудриот со празни знаења и ќе го полни ли стомакот свој со врел ветар?
3. Ќе се оправдува ли со бескорисни зборови, и со зборови, што немаат никаква сила?
4. Ти пак го заборави стравот од Бога; пред Неговото лице ти трепет немаш.
5. Твоите зборови вината Твоја ја покажуваат, се служиш со јазикот на лукавите.
6. Тебе те обвинува устата твоја, а не јас; јазикот твој говори против тебе.
7. Зар ти си првиот роден од човек и пред ридовите ли си создаден?
8. Зарем си ги слушал тајните Божји и за сè мудрост си придобил?
9. Што знаеш ти, што ние не го знаеме? Што разбираш ти, а што го нема и во нас?
10. Меѓу нас има и седокоси, и старци, коишто според деновите го надминуваат татко ти.
11. Зар се за тебе малку Божјите утехи? И Неговите благи зборови?
12. Кон што те соблазнува срцето твое, кон што така гордо гледаш?
13. Зошто го устремуваш против Бога духот свој и со устата своја изнесуваш такви зборови?
14. Што е човек, та да биде чист и родениот од жена да биде праведен?
15. Ете, Он и на светите Свои не се доверува, и небесата се нечисти во Неговите очи:
16. толку повеќе е нечист и разтлеен човекот, којшто го пие беззаконието како вода.
17. Јас ќе ти говорам, слушај ме; ќе ти раскажам она што сум видел,
18. што го слушале мудрите и не го сокриле слушнатото од татковците свои,
19. на кои им била дадена оваа земја, каде туѓинец никогаш не стапнал.
20. Нечесниот се мачи себеси преку сите свои денови, годините му се одброени на потисникот;
21. звук од ужас секогаш е во ушите негови; додека мирува, погубникот налетува на него.
22. Не се надева да се спаси од темнината; пред себеси гледа меч.
23. За парче леб скита постојано; знае дека е сосема близу денот на неговата смрт.
24. Го плаши нуждата и теснотијата; го надвива; како цар, готов за бој,
25. затоа што кревал рака против Бога и Му се противел на Вседржителот,
26. се спуштал против Него со гордост, зад дебелите свои штитови;
27. затоа што го покрил лицето со маста своја и ги здебелил бедрата свои.
28. И тој се населува во разурнати градови, во куќи, каде што не се живее; и што приготвил за себе други ќе однесат.
29. Тој нема да се збогати, и имотот негов нема да напредува; ниту поседот негов ќе се рашири по земјата.
30. Нема да избега од темнината; пламен ќе ги исуши ветките негови, и со дување пламен од уста ќе изчезне.
31. Заблудениот нека не ѝ се доверува на суетата, затоа што суетата ќе биде и платата негова.
32. Тој предвреме ќе умре, и ветките негови никогаш нема да се зеленеат.
33. Ќе го фрли тој како лоза неузреаното грозје свое, како маслинка ќе го истресе цветот свој.
34. Така ќе опустее домот на нечестивиот, и оган ќе ги голтне шаторите на поткупништвото.
35. Тој зачна зло и роди лага, во утробата негова подготвува измама.”

16. Четвртиот говор на Јов: Пријателите не го разбираат и тој Му се оплакува на Бога.

1. Одговори Јов и рече:
2. „Јас сум слушал многу такви работи; немили утешители сте сите вие!
3. Ќе имаат ли крај празните зборови? И што те поттикнало да ми говориш така?
4. И јас можев да зборува исто како вас, ако вашата душа беше на местото на мојата душа; би се противставувал со зборови против вас и би кимнувал со главата против вас;
5. би ве поткрепувал со јазикот свој и со движењето на усните свои би ве утешувал.
6. Ако говорам, скрбта моја не се сталожува; ако замолчам, зар ќе ми одмине?
7. Но сега Ти ме изнемошти. Ти ми ја растури мојата челад.
8. Ти ме покри со брчки, за сведоштво против мене; мојата изнуреност се крева против мене, в лице ме прекорува.
9. Гневот негов се измачува и непријателствува против мене, ми скрца со забите; непријателот ги впива очите во мене.
10. Ја отвориле устата против мене; навредувајќи ме удираат по усните; сите направиле заговор против мене.
11. Бог ме предаде на беззаконите и ме предаде во рацете на нечестивите.
12. Си бев спокоен, но Тој ме потресе; ме фати за вратот, ме затересе и ме постави за цел на Себеси.
13. Ме опколија стрелците Негови; Тој ги раскинува моите внатрешнини, без да ме штеди, ја пролева на земјата жолчката моја,
14. пробива во мене рана до рана, трча против мене како бесен борец.
15. Вреќиште сошив на кожата моја и во прав ја турив главата своја.
16. Лицето мое поцрвене од плачење, и на клепките имам смртна сенка,
17. Во рацете мои нема крадено, и молитвата моја секогаш била чиста.
18. Земјо! Не криј ја крвта моја, та за мојот повик да нема место.
19. И сега, ете, на небото сведок имам, Застапникот ми е во висините!
20. Нека ја прими молитвата моја Господ и нека солзи окото мое пред Него.
21. О, да можеше човек да се бори со Бога, како синот човечки со својот ближен!
22. Зашто крајот на годините мои ми доаѓа; на пат без враќање треба да појдам.”

17. Јов гледа околу себе само неволји, а пред себе само – гроб.

1. „Дишењето ми ослабна; дните мои гаснат; гробишта има пред мене.
2. Да не беше нивниот потсмев, тогаш и покрај нивните приговори окото мое ќе беше спокојно.
3. Заштити ме, заложи се Сам за мене пред Себе! Инаку, кој ќе се заложи за мене?
4. Зашто Ти го затвори срцето нивно за да не можат да разбираат, и затоа нема да им дозволиш да ликуваат.
5. Кој им го дели на пријателите свои имотот свој, на неговите деца очите им истечуваат.
6. Он ме прави приказ кај луѓето и секој може в лице да ми плукне.
7. Окото мое од тага ми потемне, а рацете и нозете од слабост ми треперат.
8. Праведните ќе се зачудат на тоа и невините ќе негодуваат против беззакониците.
9. Но праведникот ќе се држи цврсто за својот пат, и чистиот во рацете сè повеќе и повеќе ќе се зацврстува.
10. Вратете се сите вие и одете си; нема да најдам мудар меѓу вас.
11. Дните мои изминаа; мислите мои – тежина на срцето мое – се разбиени.
12. Во ноќта најцрна нов ден се приближува, се приближува светлината што темнината ја гони.
13. А мојата надеж е да појдам во гроб и таму во темнина да ја постелам постелата своја;
14. на гробот ќе му речам: ти си ми татко, а на црвот – ти си мајка и сестра.
15. Каде е надежта моја? И кој некогаш ќе го види доброто што го очекувам?
16. Ќе слезе таа во пеколот и заедно во правот ќе почива со мене.”

18. Вториот говор на Вилдад ја опишува неизбежната пропаст на безбожниците.

1. Проговори Вилдад од Сува и рече:
2. „Кога најпосле ќе им ставиш крај на таквите зборови? Размисли се, па потоа да зборуваме.
3. Зошто нè сметаш за неразумни животни! Зар сме животни во твоите очи?
4. О ти, кој во гневот свој, ја раскинуваш душата своја! Зарем заради тебе да запустее земјата и карпата да се крене од своето место?
5. Да, светлината кај беззаконикот ќе згасне, и искрата од огнот негов нема да остане.
6. Светлината ќе потемнее во шаторот негов, светилото негово ќе згасне над него.
7. Стапките не силата негова ќе ослабеат, сопствената мисла ќе го отфрли,
8. зашто ќе падне во стапица со нозете свои, и по мрежи ќе оди.
9. Стапицата ќе ја фати ногата негова и грабач ќе го улови.
10. Скришно се поставени за него стапици на патот, по кој оди.
11. Ужаси од секаде го демнат и тој се метка наваму – натаму.
12. Од глад се истоштува силата негова, смртта е готова, близу е до него.
13. Ќе ги испојаде деловите на телото негово, ќе ги испојаде жилите негови првенецот на смртта.
14. Од шаторот негов ќе се искорне неговата надеж; и тоа ќе го одведе при царот на ужасите.
15. Ќе се населат во шаторот негов, бидејќи тој веќе не е негов: живеалиштето негово ќе биде посипано со сулфур.
16. Одоздола се сушат корените негови, одозгора ќе овенат ветките негови.
17. Споменот за него ќе изчезне од земјата, на плоштадот ќе го нема името негово.
18. Ќе го изгонат од светлина во темнина и ќе го избришат од лицето на земјата.
19. Ни син негов, ни внук нема да има во народот негов: никој нема да остане во живеалиштата негови.
20. За денот негов ќе се ужасат потомците, а современиците ќе бидат обземени од трепет.
21. Такви се живеалиштата на беззаконикот, и такво е местото на оној, кој не знае за Бога.”

19. Вера во конечното спасение на праведникот.

1. На тоа одговори Јов и рече:
2. „До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови?
3. Ете, веќе десетпати ме посрамувате, и не ли ви е срам да ме измачувате?
4. Ако сум и навистина згрешил, грешката моја останува за мене.
5. Ако, пак, сакате да се големеете над мене и да ме прекорувате со мојот срам,
6. знајте, дека Бог ме собори и со мрежата Своја ме обвитка.
7. Ете, јас викам: – неправда! – и никој не слуша; врескам, и суд нема.
8. Он ми го загради патот, и не можам да минам, и врз патеките ми спушти мрак.
9. Ја соблече од мене славата моја и го симна венецот од главата моја.
10. Од сите страни ме сосипува, и јас одам, и како дрво Он ја истргнува надежта моја.
11. Го разгори гневот Свој против мене и ме вбројува меѓу Своите непријатели.
12. Војските Негови дојдоа заедно, се упатија кон мене и се сместија околу шаторот мој.
13. Браќата мои Он ги оддалечи од мене; и оние, што ме познаваат, се отстрануваат од мене.
14. Ме напуштија блиските мои, ме заборавија познатите мои.
15. Оние што најдоа поткрепа во куќата моја и слугите и слугинките мои ме сметаат за туѓ; надворешен станав во нивните очи.
16. Го викам слугата свој, и тој не се одѕива; со устата своја треба да го молам.
17. Воздишката моја ѝ дотежна на жената моја, и треба да ја молам заради децата на утробата нејзина.
18. Дури и малите деца ме презираат; кога станам тие се подигруваат со мене.
19. Од мене се гнасат моите најверни пријатели, и оние, што ги сакав, – се свртија против мене.
20. Коските ми се залепија за кожата моја и телото мое, и јас останав со кожа само околу забите мои.
21. Смилувајте се, смилувајте се над мене, пријатели мои, – зашто раката Божја се допре до мене.
22. Зошто ме гоните и вие како Бог, и со телото мое не можете да се наситите!
23. О, да беа зборовите мои напишани! да беа ставени на книга!
24. Со железно длето и со олово, – да беа на вечни времиња врз камен издлабени!
25. Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа.
26. И јас во телото мое ќе го видам Бога.
27. Јас сам ќе го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат. Срцето ми се топи во градите мои!
28. Вам ви се паѓаше да кажете: – зошто го гониме! – Како да е коренот на злото најден во мене.
29. Плашете со од мечот, зашто мечот се одмаздува за неправда, а знајте дека има и суд.”

20. Вториот говор на Софар: радоста на безбожниците не трае долго.

1. Проговори Софар и рече:
2. „Размислувањата мои ме поттикнуваат да одговарам, брзам да ги искажам.
3. Срамен прекор чув за мене, но духот на мојот разум ќе одговори за мене.
4. Зар не знаеш ти дека е тоа од памтивека, – откога е човекот поставен на земјата,
5. дека славата на беззакониците е краткотрајна, и радоста на лицемерниот е за миг?
6. И до небесата да се издигне величието негово, и до облаците да се допира главата негова, –
7. тој засекогаш ќе пропадне, како и гадотиите негови; оние што го виделе, ќе кажат: – каде е тој?
8. Како сон ќе одлета, и нема да го најдат; како ноќно привидение ќе исчезне.
9. Кое око го видело, повеќе нема да го види, и местото негово повеќе нема да го зебележи.
10. Синовите негови ќе им се умилкуваат на сиромасите, и рацете негови ќе го вратат она што го ограбил
11. Коските негови се полни со гревови на младините негови, со него ќе легнат тие во земјата.
12. Ако злото е слатко во устата негова, и тој го крие од јазикот свој,
13. го чува и не го фрла, туку го држи во устата своја, –
14. сепак таа храна во утробата негова, внатре во него, ќе се претвори во змиски отров.
15. Ќе го изблуе доброто што го голтнал: Бог ќе го исфрли од стомакот негов.
16. Змиски отров ќе смука тој; јазикот на змијата ќе го умртви.
17. Нема да види потоци и реки од мед и млеко.
18. Спечаленото со труд ќе го врати, нема да го изеде; според имотот негов ќе стане и плаќањето негово; и тој нема да се зарадува.
19. Зашто јадеше и ги напаѓаше сиромасите; заграбуваше куќи што не ги беше градел;
20. не знаеше ситост во стомакот свој, и во жедта своја ништо не штедеше.
21. Ништо не се откинуваше од лакомоста негова, затоа и радоста негова нема долго да потрае.
22. При полно изобиле, тесно ќе му биде; рацете на сиромасите ќе се кренат врз него.
23. Кога има со што да го наполни стомакот негов, Тој ќе ја примени врз нега јароста на Својот гнев и ќе истури како дожд врз него болести во телото негово.
24. Ќе избега ли од железното оружје, – бакарен лак ќе го прободе.
25. Пуштената стрела ќе мине низ телото негово, ќе излезе со својот болскав врв низ жолчката негова; ужасите на смртта ќе се нафрлуваат врз него!
26. Сè што е мачно и сокриено во него, ќе го гори оган, од никого не раздуван; зло ќе ги снајде и другите во шаторот негов.
27. Небото ќе го открие беззаконието негово, а и земајта ќе се крене против него.
28. Ќе исчезне богатството на куќата негова; сè ќе се растури во денот на гневот Божји.
29. Тоа е делот од бога за беззакониот човек и наследство, определено за него од Вседржителот!”

21. Шестиот говор на Јов: Бог постапува со праведниците како што сака.

1. Одговори Јов и рече:
2. „Ислушајте го внимателно зборот мој; тоа ќе ми биде утеха од вас.
3. Потрпете ме, и јас ќе говорам; а потоа, откако ќе се искажам, потсмевајте се.
4. Зар на човек се оплакувам јас? Па како да не биде жалосен духот мој?
5. Погледајте ме и ужаснете се, и ставете прст на устата своја.
6. Само кога ќе помислам, – истрпнувам, и трепет го обзема телото мое.
7. Зошто беззакониците живеат, достигнуваат старост, и собираат богатство?
8. Децата нивни се со нив пред лицето нивно, и внуците им се пред очите нивни.
9. Куќите им се во мир и без страв, и жезалот Божји не е врз нив.
10. Бикот нивни оплодува и не пропушта, кравата нивна зачнува и не пометнува.
11. Ги пуштаат малите свои како стадо, и децата нивни скокаат.
12. Подвикнуваат при тимпани и гусли и се веселат со свирки;
13. ги поминуваат деновите во добро и во еден миг слегнуваат во гроб.
14. А меѓутоа, Му велат на Бога: – „Отстрани се од нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта!
15. Што е Вседржителот, та да му служиме? И каква полза има да прибегнуваме кон Него?”
16. Гледаш, доброто нивно не е од нивните раце. – Но далеку е од мене советот на нечестивите!
17. Често згаснува светилката кај беззакониците и ги сполетува зло, а Он во гневот Свој ги дарува со страдања?
18. Тие треба да бидат како сламка пред ветар и како плева, завеана од виор.
19. Ќе речеш: „Бог го чува злото негово за неговите деца. – Нека му воздаде Он на него самиот, за да го знае тој тоа.
20. Нека очите негови го видат злото негово; и сам нека пие од гневот на Вседржителот.
21. Зашто, што му е грижа за домот негов, кога бројот на месеците негови ќе се сврши?
22. Но Бога ли ќе Го учиме на мудрост кога им суди на горните?
23. Еден умира во најголема сила своја, сосема спокоен и мирен;
24. внатрешнината му е полна со маст, и коските му се напоени со мозок.
25. Друг, пак, умира со огорчена душа, без да вкуси добро.
26. И еден до друг лежат во земјата и црви ги покриваат.
27. Ги знам вашите мисли и судови, што ги кроите против мене.
28. Вие велите: »каде е кнезовиот дом, каде е шаторот, во кој живеат беззакониците?«
29. Зар не сте ги распрашувале патниците и не сте запознаени ли со нивните забележувања,
30. дека во денот на смртта безбожникот бива поштеден; во денот на гневот се одведува настрана?
31. Кој ќе му го прекори пред лицето негово неговиот пат, и кој ќе му врати за она што го вршел тој?
32. Го спроведуваат до гробиштата и во гробот свој останува тој.
33. Лесни се за него земјените грутки; по него одат многу луѓе, а оние што отишле пред него број немаат.
34. Како тогаш сакате да ме утешите со суета? Во одговорите ваши останува само измама.”

22. Последниот говор на Елифаз: го обвинува Јова за многу гревови, го советува да се покае. Бог казнува само по правда.

1. Проговори тогаш Елифаз од Темна и рече:
2. „Зар човек може да му биде користен на Бога? Човекот сам за себеси е мудар.
3. Се радува ли Вседржителот затоа што си праведен? И ќе има ли корист за Него, затоа што ги држиш непорочни патиштата Негови?
4. Зар Он, плашејќи се од тебе, ќе влезе во борба со тебе, ќе појде ли да се суди со тебе?
5. Навистина, твојата злоба е голема, и беззаконијата твои крај немаат.
6. Навистина, ти земаше залог од браќата свои за ништо и на полуголи им ги соблекуваше алиштата нивни.
7. На измачен од жед не му даваше вода, да се напие, а на гладен леб му откажуваше;
8. а на силен човек му даваше земја, и повидниот се населуваше на неа.
9. Вдовиците ги испраќаше без ништо, и сираците ги оставаше со празни раце.
10. Затоа околу тебе има стапици, и неочекуваниот ужас те збунува.
11. Темнина е околу тебе, во која ништо не гледаш и голема вода те покрива.
12. Бог не ли е повисоко од небесата? Погледај ги горе ѕвездите, колку се високо тие!
13. И ти велиш: »што знае Бог?« Може ли Он да суди во мрак?
14. Облаците се Негови завеса, така што не гледа, туку само оди по небесниот кург.
15. Зар ти не одиш по патот на старите, по кој оделе беззакониците,
16. а кои предвреме беа истребени, кога водата се беше разлеала под основите нивни?
17. Тие му велеа на Бога: »отстрани се од нас! Што ќе ни направи Вседржителот?«
18. Он ги полнеше со богатство куќите нивни. – Но далеку да е од мене советот на нечестивите!
19. Ќе видат праведници и ќе се радуваат, а непорочните ќе им се потсмеваат.
20. Зар не пропадна имотот нивни, а остатокот оган го гори.
21. Зближи се со Него – и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто.
22. Прими го од устата Негова законот и стави ги зборовите Негови во срцето свое.
23. Ако се обрнеш кон Вседржителот, одново ќе се средиш; ќе го отстраниш беззаконието од шаторот свој
24. и ќе ја фрлиш драгоценоста во прав, и по поточните камења – офирско злато.
25. Вседржителот ќе биде за тебе помошник, ќе те направи чист како блескаво сребро.
26. Зашто тогаш ќе се радуваш за Вседржителот, ќе го кренеш лицето свое кон Бога.
27. Ќе Му се молиш, и Он ќе те чуе, и ти ќе ги исполниш заветите свои.
28. Ќе наумиш нешто, и тоа ќе се исполни, над твоите патишта ќе свети светлина.
29. Кога некој ќе биде понизен, ќе речеш: »угоре!« и Он ќе го спаси оној со наведнатото лице;
30. ќе го спаси и виновниот; а ќе го спаси преку чистотата на твоите раце.”

23. Седмиот говор на Јов: сака, иако без надеж, Бог да го изведе на суд.

1. Одговори Јоф и рече:
2. „Дури и сега зборот мој е горчлив, страдањата мои се потешки од воздишките мои.
3. О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов!
4. Би го изложил пред Него моето дело и би ја наполнил устата своја со оправдание;
5. ќе ги дознаев зборовите, со кои Он ми говореше, ќе разберев што ќе ми кажеше.
6. Зар Он, Сесилниот, би зел да се спори со мене? О, не! Туку би ми помогнал.
7. Тогаш праведникот би можел да се оправда пред Него, – и јас засекогаш би се ослободил од својот Судија.
8. Но, ете, јас одам напред – а Него Го нема, назад се враќам – и не Го наоѓам;
9. врши ли Он нешто на левата страна, јас не Го гледам.
10. Но, ако го знае патот мој, нека ме испита, – ќе излезам како злато.
11. Ногата моја здраво се држи за патеките Негови; патиштата Негови ги пазев и не се отстранував.
12. Од заповедите на устата Негова не отстапував; зборовите на устата Негова ги пазев повеќе отколку моите правила.
13. Но Он е силен; кој ќе Го отстрани? Он го прави она што го сака душата Негова.
14. Он ќе го направи она што го наумил за мене, слично на тоа во Него има многу.
15. Затоа јас треперам пред лицето Негово; кога мислам за тоа – се плашам од Него.
16. Бог ме обесхрабри, Вседржителот ме уплаши.
17. Зошто не сум уништен пред оваа темнина? Зошто со мрак го прекри лицето мое!”

24. Гатанка е зошто Бог им попушта на беззакониците.

1. „Зошто не се сокриени од Вседржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови?
2. Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат,
3. од сираците одземаат осел, од вдовица вол – за залог;
4. сиромаси истуркуваат по патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив.
5. Ете, како диви осли во пустиња, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустињата им дава леб за нив и за децата нивни;
6. жнеат по туѓи ниви, и берат грозје во туѓи лозја;
7. многу голи ноќеваат без покрив и без облека на студ;
8. наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпи;
9. раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав;
10. ги тераат да одат голи, без облека, и они што носат снопови – ги оставаат да гладуваат;
11. оние што маслиновиот елеј им го цедат, они што грозје во каците нивни гмечат – ги измачуваат со жед.
12. Во градот луѓето офкаат и душата на убиваните вика, и Бог не го забранува тоа.
13. Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини.
14. На разденување станува убиецот, убива сиромав и беден, а ноќе е крадец.
15. И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: »ничие око нема да види,« – и го покрива лицето свое.
16. Во темнината се провираат под куќите, оние што дење ги забележиле; не знаат за светлина.
17. Утрото за нив е смртна сенка, бидејќи им се позанти ужасите на смртната сенка.
18. Лесен е таквиот на водната површина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата.
19. Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода; така пеколот ги голта грешниците.
20. Нека го заборави утробата мајчина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се крши беззаконикот;
21. оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро.
22. Тие и силните ги ограбуваат со својата сила; остане ли некој, нема надеж за животот свој.
23. Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта.
24. Се креваат високо, – и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат.
25. Ако тоа не е така, – кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги претвори во ништо зборовите мои?”

25. Последниот говор на Вилдад: што е човекот пред Бога.

1. Проговори пак Вилдад од Сува и рече:
2. „Власт и страв има во Него; Он создава мир во Своите висини!
3. Имаат ли број Неговите војски? И врз кого не изгрева светлината Негова?
4. И како може човекот да биде прав пред Бога? Како да биде чист родениот од жена?
5. Ете, дури и месечината, и таа не е светла, и ѕвездите се нечисти пред очите Негови.
6. А камоли човекот, кој е црв, и синот човечки, кој е молец.”

26. Осмиот говор на Јов: вели дека и тој ја признава величината Божја.

1. Одговори на тоа Јов и рече:
2. „Како му помогна Ти на бессилниот, како ја поддржа мишката на слабиот!
3. Каков совет му даде Ти на немудриот и како наполно ја објасни целата работа!
4. Кому му ги кажуваше тие зборови? Чиј дух излегуваше од Тебе?
5. Исполините треперат под водите, и по оние што живеат во нив.
6. Пеколот е откриен пред Него, и нема покривка над пеколот.
7. Го послал Он северот над празнината, ја закачил земјата на ништо.
8. Он ги заклучува водите во облаците Свои, и облакот под нив не се отвора.
9. Го поставил престолот Свој и го распнал над него Својот облак.
10. Ставил црта над водната површина додека не дојде крајот на светлината и темнината.
11. Столбовите небески се тресат и треперат од силата Негова.
12. Со силата Своја го бранува морето и со разумот Свој го поразува беснеењето негово.
13. Неговиот Дух му дал велелепност на небото; раката Негова ја создала змијата што ползи.
14. Ете, тоа се делови од патиштата Негови; а колку малку сме слушале за Него! И кој може да го разбере громот на Неговата моќ?”

27. Јов тврди дека е невин и дека ја кажува вистината.

1. Го продолжи Јов својот возвишен збор и рече:
2. „Жив е Бог, Кој ме лиши од студ, и Вседржителот, Кој ја огорчи душата моја,
3. зашто, додека уште здивот мој е во мене и духот Божји во ноздрите мои,
4. устата моја нема да проговори неправда и јазикот мој нема да искаже лага!
5. Далеку од мене да ве признаам за справедливи; додека не умрам, нема да отстапам од својата справедливост.
6. Цврсто ја држев правдата своја и нема да ја пуштам; нема да ме прекори срцето мое во сите денови мои.
7. Непријателот мој ќе биде како безбожник, и оној што станува против мене – како беззаконик.
8. Зашто, каква надеж за лицемерниот, кога Бог ќе ја земе, кога ќе ја истргне душата негова?
9. Ќе го чуе ли Бог викањето негово, кога ќе го снајде неволја?
10. Ќе се утешува ли тој со Вседржителот и ќе Го повикува ли Бога во секое време?
11. Ќе ви кажем што има во раката Божја; нема да сокријам што има кај Вседржителот.
12. Ете, сите вие сами видовте; па зошто толку празни зборови кажувате?
13. Ете, тоа е делот од Бога за беззаконикот и наследство кое насилниците го добиваат од Вседржителот.
14. Ако синовите негови се умножуваат за меч; потомците негови нема да се наситат со леб.
15. Оние што ќе останат по него смртта ќе ги турне во гроб, вдовиците нивни нема да плачат по нив.
16. Да натрупа и сребро како прав и да приготви многу облека,
17. тој ќе приготви, но ќе се облекува праведникот, а непорочниот ќе го добие среброто како свој дел.
18. Си гради куќа како молец и како чувар си прави колиба;
19. лиегнува да спие богат, и не станува таков; отвора очи, и не е повеќе тој.
20. ужаси како голема вода ќе го стигнат; ноќе ќе го грабне луња.
21. Ќе го крене источниот ветар и виор ќе го понесе, и брзо ќе го однесе од местото негово.
22. Бог ќе го допушти тоа врз него и нема да го пожали, колку и да се труди да избега од рацете Негови.
23. Ќе заплескаат со рацете по него и ќе му потсвирнат од местото негово!”

28. Човекот може да знае што се крие во природата, но стравот Божји е патот до неговата мудрост.

1. „И така, среброто си има исходна жила, и златото – место, каде што го пречистуваат.
2. Железото се добива од земјата; од камен се претопува бакар.
3. Човекот определува предели во темнината и грижливо бара камен во мракот и во смртната сенка.
4. Ископуваат рудокопен извор во места, недостапни за нога, нишајќи се висат далеку од луѓето.
5. Од земјата никнува жито, а под неа сè е испревртено, како оган.
6. Во камењата нејзини има место за сафир, во нив има и златни зрнца.
7. Патеката за таму граблива птица не ја знае, јастребовото око не ја видело;
8. ѕверки мали не ја газеле, и не одле по неа лав.
9. Не гранит ја става човек раката своја, од дното превртува гори;
10. во карпи пресечува извори, и окото негово гледа сè што е скапоцено;
11. го запира текот на реките и сокриеното го вади на видело.
12. Но каде се наоѓа мудриста, и каде е местото на разумот?
13. Не ја знае човекот цената нејзина, ниту се наоѓа по земјата на живите.
14. Бездната вели: – не е во мене таа: – и морето вели: – не е кај мене -.
15. Таа не се дава за злато и не се добива за измерено сребро;
16. таа не се оценува со офирско злато, ниту со скапоцен оникс, ниту со сафир;
17. не се споредува со неа злато и кристал; нема да ја размениш со садови од чисто злато.
18. А за корал и бисер нема што ни да се спомнува, зашто здобивање со мудрост чини повеќе од рубини.
19. Со неа не се изедначува етиопскиот топаз; со чисто злато таа не се оценува.
20. Од каде, всушност, излегува мудроста? Каде е местото на разумот?
21. Сокриена е таа од очите на сè што е живо и притаена е од птиците небески.
22. Погубноста и смртта велат: »со ушите свои го чувме мрморењето за неа.«
23. Бог го знае патот нејзин; Он го познава местото нејзино.
24. Зашто Он гледа до крајот на земјата и гледа под целото небо.
25. Кога Он му даваше на верерот мерка и ја наместуваше водата по мера,
26. кога му даваше наредби на дождот и пат на громоносната молња,
27. уште тогаш Он ја виде и ја објави, ја приготви и уште ја испита.
28. А на човекот му рече: „Ете, стравот Господов е вистинска мудрост, а одбегнувањето од зло е разумот.”

29. Јов го опишува својот некогашен добар живот.

1. Го продолжи Јов својот возвишен збор и рече:
2. „О, да бев, како во поранешните месеци, како во оние денови, кога Бог ме пазеше,
3. кога светилото Негово светеше над главата моја, и под Неговата светлина одев среде темнина;
4. како што бев во деновите на своите млади години, кога милоста Божја беше над шаторот мој,
5. кога Вседржителот уште беше со мене, и децата мои околу мене,
6. кога патиштата мои се облеваа со кравјо масло, а горите мои лееја млеко,
7. кога излегував пред градските порти и го поставував седиштето мое на плоштадот, –
8. младите, кога ќе ме здогледаа, се оттргнуваа, а старците стануваа и стоеја;
9. кнезовите се воздржуваат да говорат и ставаа прст на устата своја;
10. гласот на првенците замолкннуваше, јазикот им се залепуваше за непцата нивни.
11. Уво, што ќе ме чуеше, ме ублажуваше; око, што ќе ме видеше, ме восфалуваше,
12. зашто јас го спасував страдалникот што викаше и беспомошниот сирак.
13. Врз мене доаѓаше благословот на оној што пропаѓаше; на вдовичиното срце му донесував радост.
14. Се облекував во правда, и судот ми беше како наметка, како мантија и превез.
15. Јас бев очи на слепиот и нозе на хромиот;
16. за сиромасите бев татко и внимателно ја проучував поплаката, која не ја знаев.
17. На беззаконикот му ги кршев забите, и од забите му го истргнував украденото.
18. Па си велев: »Ќе свршам во гнездото свое, и дните мои ќе бидат многу – како песокта.«
19. Коренот мој беше покрај вода, росата ноќеваше на гранките мои;
20. славата моја се подмладуваше, и лакот мој стануваше појак во раката моја.
21. Ме слушаа и чекаа; и не мрмореа на советот мој.
22. По моите зборови веќе не расудуваа; зборот мој ги натопуваше нив.
23. Ме очекуваа како дожд; ја отвораа устата како за задоцнет дожд.
24. Се случуваше, ќе им се насмевнев, – тие не веруваа; и светлината на лицето мое не ја замрачуваа.
25. Кога одев кај нив, седев не чело; и живеев како цар меѓу војници, како утешител на оние што плачат.”

30. Јов ја опишува својата сегашна неволја.

1. „А сега ми се потсмевнуваат помладите од мене, оние, чии татковци не би се согласил да ги ставам со кучињата на стадата свои.
2. И за што ми е силата на нивните раце? Над нив помина веќе времето.
3. Истоштени од сиромаштија и глад, тие бегаа во рамнина безводна, темна и запустена;
4. Береа лобода кај дабовите дрвја, и смрекови корења им беа храна.
5. Ги гонеа луѓето и викаа по нив како по крадци.
6. Живееја во поточни долови, земни дупки и пештери.
7. Викаа меѓу грмушките, се вовираа под трњето.
8. Луѓе отфрлени, луѓе безимени; подолни од земјата.
9. Ете, ним им станав јас сега песна и приказ за разговорот нивни.
10. Тие се гадат од мене, ме одбегнуваат и не се воздржуваат дури и да плукаат на мене.
11. Затоа што Бог ми ја одврза торбата за стрели и ме сотре; тие ја симнаа од себеси уздата пред лицето мое.
12. Оддесно се крева тој изрод, со нозете свои ми го стеснија патот за да ме погубат.
13. А мојот пат го разрушија; ги умножија моите маки; не ми е потребен помошник.
14. Доаѓаат кај мене како низ широк пролом; шумно се нафрлуваат врз мене.
15. Ужасно ме сполетаа; како ветар се расеа моето величие, и доброто мое одмина како облак.
16. Сега душата ми се топи во мене; мачни денови ме налегнаа.
17. Ноќе ме вртат коските мои, жилите ми немаат мир.
18. Со голема мака се соблекува од мене облеката моја; јаката на мојот хитон ме задавува.
19. Он ме фрли во калта; станав како прав и пепел.
20. Викам кон Тебе, а Ти не ме слушаш, – стојам, а Ти само ме гледаш.
21. Ти стана жесток спрема мене, со силна рака ме поарзуваш.
22. Ти ме крена и ме натера да се носам по ветар и ме сотираш.
23. Знам, дека Ти ќе ме дотераш до смрт, во домот каде што се собираат сите живи.
24. Вистина, Он нема да пружи рака врз домот на коските; ќе викаат ли тие, кога ќе бидат уништувани?
25. Зар не сум плачел за оној што беше во зло; зар не тагуваше душата моја за сиромасите?
26. Додека го чекав доброто, дојде злото дури чекав светлина, дојде темнина.
27. Утробата моја врие без престан и не се смирува; мачни денови ми наидоа.
28. Одам поцрнет, но не од сонце; станувам во собранието и викам.
29. Станав брат на шакалите и пријател на нојевите.
30. Кожата ми поцрне на мене, а коските ми се исушија од горештина.
31. И гуслето ми стана тага, и свирките мои – глас плачевен.”

31. Крај на Јововиот говор: тврди дека не е виновен ни пред Бога ниту пред луѓето.

1. „Завет направив со очите свои, за да не погледнам на девица.
2. Но каков дел би имал од Бога одозгора? И какво наследство ми испратил Седржителот од небесата?
3. Не ли е за нечесниот погибелта? Нели е за безбожникот пропаста?
4. Не ги виде ли Он патиштата мои и не ги брои ли сите мои чекори?
5. Ако одев во суета, и ако ногата моја брзаше кон лукавство, –
6. нека ме измерат со мерката на правдата, и Бог ќе ја дознае мојата непорочност.
7. Ако стапките мои се отстранувале од патот, ако срцето мое ги следело очите мои, и ако нешто нечисто се залепило за рацете мои,
8. јас нека сејам, а друг да јаде, и потомците мои искоренети да бидат.
9. Ако срцето мое се занесувало од жена и ако сум демнел крај вратата на ближниот свој,
10. жената моја нека му меле на друг, и друг нека се подигрува со неа,
11. зашто тоа е престап, тоа е беззаконие, кое подлежи на суд;
12. тоа е оган, што гори до истребување, што би го уништил целиот мој имот.
13. Ако не водев грижа за правата на слугата и на слугинката, кога имаа спор со мене,
14. што ќе правев, ако се кренеше Бог? И ако ме испитуваше, што ќе можев да Му одговорам?
15. Нели Он, Кој ме создал мене во утробата, го создал и него и еднакво нè обликувал во утробата?
16. Сум ја откажал ли молбата на оној што имал потеба, и сум ги просолзувал ли очите на вдовица?
17. Сам ли го јадев залакот свој, нели јадеше и сиракот од него?
18. Зашто од детството растел тој со мене како со татко, и од утробата на мајката негова сум го раководел јас.
19. Ако видев некој дека загинува без облека и сиромав без покрив, –
20. бедрате негови нели ме благословуваа и тој не ли биваше стоплен со волната од овците мои?
21. Ако сум кренал рака врз сирак, кога ќе видев, дека имам потпора пред портите,
22. рамото мое нека се оддели од грбот и раката моја нека се откине од лактот,
23. зашто казната од Бога е страшна за мене: пред Неговото величие јас не би можел да опстанам.
24. Сум го земал ли златото за моја потпора и сум велел ли на ризницата: »ти си моја надеж«?
25. Сум се радувал ли дека богатството ми беше големо и дека раката моја спечалила многу?
26. Гледајќи го сонцето, како свети, и месечината, како величествено оди,
27. се занесував ли во длабочините на срцето свое и ја бакнував ли со уста раката своја?
28. Тоа ќе беше исто така престап за суд, зашто тогаш би се откажал од Бога Севишниот.
29. Се радував ли за неволјата на непријателот мој и се веселев ли кога го снаоѓаше зло?
30. Не ѝ дозволував на устата моја да греши со проколнување на душата негова.
31. Не велеа ли луѓето од мојот шатор: »О, кој не се наситувал од неговите месни гозби?«
32. Туѓинец не ноќеваше не улица; вратата своја ја отварав на патникот.
33. Да ги криев грешките свои пред луѓето и ако ги таев во градите своите престапи,
34. ќе се плашев од големото мноштво, и од најмалиот во домот мој ќе имав страв, па затоа молчев и не излегува надвор од вратата.
35. О, да имаше кој да ме ислуша! Еве ја мојата желба: Вседржителот да ми одговори, а заштитникот мој да состави запис за тоа;
36. ќе го носев на рамениците мои и ќе се украсував со него како со венец;
37. ќе му го соопштев бројот на чекорите свои, ќе се приближев до него како кнез.
38. Ако нивите мои викаа против мене, ако браздите нивни се поплакуваа од мене,
39. ако сум им ги јадел плодовите нивни бесплатно и сум ја измачувал душата на земјоделците,
40. тогаш место жито нека расте трње и место јачмен – какол.” Зборовите Јовови свршија.

32. Првиот говор на Елијуј: Објасунва зошто го прекинува молчењето, иако е премногу млад.

1. Кога тие тројца мажи престанаа да му одговараат на Јова, бидејќи пред очите нивни беше прав.
2. Се разгори гневот на Елијуја, сен Варахиилов, од Вуз, од Рамовиот род; се разгоре гневот негов против Јова, поради тоа што тој се правеше поправеден од Бога;
3. а против тројцата негови пријатели се разгоре гневот негов затоа што тие не знаеја, што да одговорат, а пак го обвинуваа Јова.
4. Елијуј чекаше додека тие говореа со Јова, зашто по години беа постари од него.
5. А кога Елијуј виде оти нема одговор во устата на тројцата мажи, гневот негов се разгоре.
6. И одговори Елијуј, син Варахиилов, од Вуз, и рече: „Јас сум млад по години, а вие сте старци; затоа јас се плашев и не се осмелував да ви го кажам моето мислење.
7. Јас си велев: нека говорат дните и многулетието нека поучува во мудрост.
8. Но има дух во човекот, и духот на Седржителот го вразумува.
9. Не само многулетните се мудри, ниту само старците знаат што е право.
10. Затоа велам: ислушајте ме, ќе ви го кажам и јас моето мислење.
11. Ете, чекав вие да се искажете, го слушав вашето расудување, додека вие говоревте.
12. Внимателно ве следев, и никој од вас не го изобличи Јова и не одговори на зборовите негови.
13. Немојте да речете: »ние наидовме на мудрост: Бог ќе го убеди, а човекот не може.«
14. Ако тој ги упатуваше зборовите свои кон мене, јас ќе му одговорев не со вашите зборови.
15. Се исплашија повеќе не говорат; се збунија, престанаа да зборуваат.
16. Чекав, а тие пак не говореа, престанаа и повеќе не зборуваа.
17. Јас ќе говорам за сè, јас ќе го кажам мислењето свое.
18. Затоа што сум полн со зборови, и духот ме притиска одвнатре.
19. Ете, утробата моја, како затворено вино: готова е да прсне како нови мевови.
20. Ќе позборувам, за да ми се олесни; ќе си ја отворам устата и ќе одговорам.
21. Нема да гледам кој е кој и на никого нема да му ласкам,
22. зашто не умеам да ласкам: за миг Создателот мој би ме зел.”

33. Елијуј го прекорува Јова затоа што се оправдува. Божјото карање води кон спасение на душата.

1. „И така, слушај ги Јове, зборовите мои и внимавај на сите мои зборови.
2. Еве, ја отварам устата своја, јазикот ми говори во устата моја.
3. Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина.
4. Духот Божји ме создал, и здивот на Вседржителот ми дал живот.
5. Ако можеш, одговори ми и застани спроти мене.
6. Еве ме мене, според твојата желба, место Бога. И јас сум направен од кал;
7. поради тоа стравот пред мене не може да те збуни, и раката моја нема да биде тешка за тебе.
8. Ти рече пред мене, и јас го чув гласот на твоите зборови:
9. »Чист сум, без порок, невин сум; во мене нема неправда;
10. А Он најде обвинение против мене и ме смета за Свој противник;
11. нозете ми ги стави на клада, ги надгледува сите мои патишта.«
12. Ете, во тоа ти не си прав, ти одговарам; човекот со Бога не може да се мери.
13. Зошто ти е да се бориш против Него? Он не дава сметка за Своите дела.
14. Бог говори еднаш и двапати, но луѓето не внимаваат:
15. на сон, во ноќно видение, кога сонот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло,
16. тогаш Он му отвора на човекот увото и го запечатува Своето кажување.
17. за да го одвлече човекот од лошо дело, и да ја отстрани гордоста од него.
18. за да ја запази душата негова од бездна, и животот негов од пораз со меч.
19. Или, пак, го вразумува со болест на постелата негова, и со лута болка во сите коски негови, –
20. така што животот негов да се гади од лебот, душата негова од обичната храна.
21. Телото негово исчезнува; коските негови се подаваат, кои пред тоа не се гледале.
22. Душата негова се приближува кон гробот, а животот негов – до смртта.
23. Ако има кај него Ангел пазител, еден од илјада, за да му го покажува правиот пат, –
24. Бог би се смилувал над него и би рекол: »Ослободи го од гробот; јас најдов откуп.«
25. Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години.
26. Ќе Му се моли на Бога, и Он ќе биде милостив спрема него; со радост ќе го погледнува лицето негово и ќе му ја враќа праведноста негова.
27. Тој ќе ги гледа луѓето и ќе вели: »сум грешел и сум ја обвинувал правдата, и не ми се помогна;
28. Бог ја ослободи душата моја од гроб; животот мој гледа светлина.«
29. Ете, сето тоа Бог му го врши два до трипати на човекот,
30. за да ја изведе душата негова од бездната и да го просвети со светлината на живите.
31. Внимавај, Јова, слушај ме, молчи, јас ќе зборувам.
32. Ако имаш нешто да кажеш, одговарај; говори, зашто би сакал да те оправдам;
33. ако, пак, не тогаш слушај ме: молчи и јас ќе те научам на мудрост.”

34. Елијуј ги осудува зборовите на Јова: Сесилниот не ја менува правдата.

1. Продолжи Елијуј и рече:
2. „Ислушајте го, мудри, зборот мој, и приклонете го увото кон мене, разумни!
3. Зашто увото ги разбира зборовите, како што непцата го разликуваат вкусот на храната.
4. Да расудиме меѓу себеси што е право и да познаеме што е добро.
5. Ете, Јов рече: »јас сум прав, но Бог ја отфрли мојата правда.
6. Треба ли да лажам против својата правда? Раната ми е неизлечива – рана без вина.«
7. Има ли човек како Јова, којшто ги пие подигравките како вода,
8. кој другарува со оние што вршат беззаконие и оди со безбожни луѓе?
9. Зашто тој беше рекол: – нема полза за човека да му угодува на Бога. –
10. И така, чујте ме, луѓе разумни! Не може да има кај Бога зло или кај Вседржителот неправда.
11. Он постапува со човекот според делата негови и му помага да го најде патот свој.
12. Навистина, Бог не прави зло и Вседржителот не суди криво.
13. Кој, освен Него, размислува за земјата? И кој управува со вселената?
14. Ако Он го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзиниот дух и нејзиното дишење, –
15. за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот.
16. И така, ако имаш разум, чуј го ова и внимавај на зборовите мои.
17. Кој ја мрази правдата, може ли да господари? И можеш ли ти да Го обвинуваш Сеправедниот?
18. Може ли да му се каже на царот: »ти си никаквец«, и на кнезовите: »вие сте беззаконици?«
19. Но Бог не гледа и на лицата на кнезовите и не цени богат пред сиромав, зашто сите тие се дело на раката Негова.
20. Тие умираат ненадејно, и среде ноќ народот ќе се вознемири и ќе исчезне;
21. зашто неговите очи се над патиштата на човекот; Он ги гледа сите чекори негови.
22. Нема темнина, ниту смртна сенка, каде што би можеле да се сокријат оние што вршат беззаконие.
23. Никому не му го одложува времето кога ќе му дојде да се суди со него.
24. Он ги уништува силните без испитување и поставува други на нивните места,
25. зашто Он ги знае нивните дела; кога настане ноќ – веќе ги нема.
26. Ги поразува како беззаконици пред очите на другите,
27. поради тоа што отстапиле од Него и не ги разбрале Неговите патишта,
28. така што дојде до Него повикот од сиромасите, го слушна офкањето на угнетените.
29. Ако даде Он мир, кој може да вознемири? Ако го сокрие лицето Свое, кој може да Го види? А тоа бива за сиот народ и за еден човек,
30. за да не царува лицемерниот над народот и да нема стапица за народот.
31. На Бога треба да Му се каже: „Претрпев, нема повеќе да грешам.
32. А она што јас не знам научи ме; ако сум направил беззаконие, нема повеќе да правам.”
33. Според твоето ли разбирање Он треба да плаќа? И бидејќи ти отфрлуваш, на тебе останува да избираш, а не на мене; зборувај сè што знаеш.
34. Умните луѓе ќе го кажат истото; мудрите ќе се согласат со мене,
35. дека Јов умно не зборува и дека зборовите негови не се разумни.
36. Би сакал јас Јов наполно да биде испитан, според одговорите негови, зашто одговара како лоши луѓе.
37. Инаку, кон гревот свој додава уште и беззаконие, плеска со рацете меѓу нас и уште повеќе ќе говори против Бога.”

35. Елијуј продолжува: Бог не е рамнодушен спрема човечките дела. Бог суди право.

1. Продолжи пак Елијуј и рече:
2. „Мислиме ли дека е право тоа што рече: »мојата правда е поголема од Божјата?«
3. Ти рече: »каква полза за мене и каква корист ќе имам, ако не грешам?«
4. Јас Ќе ти одговорам и на тебе и на твоите пријатели:
5. Погледај кон небото и види; загледај се во облаците – тие се повисоки од тебе.
6. Ако грешиш, што ќе Му направиш Нему? И ако товите престапи се умножуваат, што Му причинуваш Нему?
7. Ако си праведен, што Му даваш? Или што ќе добие од раката твоја?
8. Твоајта нечесност може да му направи лошо на човекот како тебе; а твојата праведност може да му помогне на синот човечки.
9. Од многу насилници офкаат угнетените и од рацете на силните пиштат;
10. но никој не вели: »каде е Бог, мојот Создател, Кој дава песни ноќе,
11. Кој нè прави поразумни од земниот добиток и помудри од птиците небески?«
12. Таму тие пиштат, поради гордоста на лошите луѓе, но Он не ги услишува.
13. Бог не ги слуша гордите, и Вседржителот не гледа на нив.
14. Макар и да велиш дека не Го гледаш, но судот е пред Него, и – очекувај го.
15. А сега, бидејќи гневот Негов те посети, а тоа не е ништо и Он не те испита со сета строгост,
16. затоа, Јов, лесномислено ја отвора устата своја и без размислување, неразумно говори.”

36. Елијуј говори за справедливоста Божја.

1. И пак продолжи Елијуј и рече:
2. „Стрпи се малку, ќе ти покажам, зашто има уште нешто да кажам за Бога.
3. Ќе го почнам зборот мој од далеку и ќе ти покажам дека мојот Создател е справедлив,
4. навистина зборовите мои не се лага: пред тебе е оној, кој исправно мисли.
5. Ете, Бог е моќен, но никого не презира; силен е со крепкото срце Свое;
6. не ги поддржува безбожниците, а угнетените ги оправдува;
7. не ги отстранува очите Свои од праведниците, но заедно со царевите ги става засекогаш на престол; и тие се воздигаат.
8. Ако, пак, се оковани во вериги и се држат во оковите на неволјата,
9. тогаш им ги напомнува делата нивни и беззаконијата нивни, бидејќи се умножиле.
10. Го отвора увото нивно за вразумување, им вели да се оттргнат од беззаконието.
11. Ако послушаат и почнат да Му служат, ќе ги поминат дните свои во добро и годините свои во радост;
12. Ако, пак, не послушаат, гинат од стрела и умираат во безумие.
13. Но лицемерните имаат во срцето свое гнев и не се обрнуваат кон Него, кога ги врзува во окови;
14. затоа душата нивна умира во млади години, и животот нивни згаснува со блудници.
15. Он го спасува страдалникот од маката негова и, кога е угнетен, му го отвора увото.
16. И тебе би те извел Он од теснината на широко, каде што нема угнетување; и трпезата твоја би била полна со мрс;
17. Ако си заслужил суд безбожнички, судот веќе и осудувањето ќе те снајдат.
18. Да не те порази Божјиот гнев со казна! Голем откуп нема да те избави.
19. Нема да гледа на Твоето богатство, ниту на златото, ниту на какво и да било сокровиште твое.
20. Не воздивнувај за онаа ноќ кога народите се истребуваат на местото свое.
21. Пази се, не подавај се на нечестието, што си претпочитал пред страдањето.
22. Бог е најголем со силата Своја; кој учител, како Него?
23. Кој Му Го одреди патот Негов? Кој може да Му каже: »постапуваш ли неправедно?«
24. Не заборавај да ги величаш делата Негови, кои луѓето ги гледаат.
25. Сите луѓе можат да ги видат; човек може да ги види и оддалеку.
26. Ете, Бог е голем, и ние не можеме да Го познаеме; бројот на годините Негови е неиспитан.
27. Он ги стега водните капки; тие лијат дожд од облаците Негови;
28. капат од облаците и се изливаат изобилно врз луѓето.
29. И кој може да го разбере ширењето на облаците, трескотот во шаторот Негов?
30. Ете, Он ја распростира врз нив светлината своја и го покрива морското дно.
31. Оттаму Он ги суди народите, дава храна во изобилие.
32. Он крие во дланките Свои молња и ѝ заповеда кого да удри.
33. Грмењето дава знак да се знае за неа; и добитокот чувствува што станува.”

37. Божјата велелепност и во луња.

1. „И од тоа трепери срцето мое и се крева од местото свое.
2. Чујте, чујте го гласот Негов и громот, што излегува од устата Негова.
3. Под целото небо се разнесува грмежот Негов, и светкавицата Негова – до краиштата на земјата.
4. По Него гром се разгласува; грми Он со гласот на Своето величие и не го запира, кога гласот Негов ќе се чуе.
5. Чудно грми Бог со гласот Свој, врши големи дела, за нас недостижни.
6. Зашто Он му вели на снегот: – паѓај на земјата; и ситниот и крупниот дожд се во Негова власт.
7. Он става печат врз раката на секој човек, за да ги знаат сите луѓе Неговите дела.
8. Тогаш ѕверот оди во прибежиштето и си останува на леглото свое.
9. Од југ доаѓа бура, од север – студ.
10. Од дувањето Божјо настанува лед: водената површина се собира.
11. Со влага ги полни облаците; а од облаците зрачи светлината Негова,
12. и тие се движат по целата земја според волјата Негова, за да го извршат она што им го заповедал Он.
13. Он им заповеда да отидат или за казна, или за благоволение, или за помилување.
14. Влушај се во ова, Јове; стој и гледај ги чудесните дела Божји.
15. Знаеш ли како Бог ги распоредува и како ѝ заповеда на светлината да болска од Неговиот облак?
16. Ја разбираш ли рамнотежата на облаците, чудното дела на Најсовршениот во секое знаење?
17. Како се стоплува облката твоја кога ја успокојува земјата од југ?
18. Со Него ли го распна небото, кое стои така цврсто како излеано огледало?
19. Научи нè што да Му кажеме. Во овој мрак не можеме ништо да распознаеме.
20. Ќе му биде ли јавено што зборувам јас? Кажал ли некој, дека Нему Му се соопштува, што е зборувано?
21. Сега не се гледа болскавата светлина во облаците, но ќе дувне ветер и ќе ги расчисти.
22. Убавото време доаѓа од север, но во Бога убавината е преголема.
23. Вседржителе! Ние не го достигнуваме. Голем е по сила, по судот и по полнотата на правосудието, но Он никого не го угнетува.
24. Поради тоа нека се плашат пред Него луѓето и нека треперат пред Него сите мудри по срце!”

38. Чудесата на создавањето на светот.

1. Кога Елијуј престана да говори, Господ му одговори на Јова од бурата и рече:
2. „Кој е тој, што замрачува Провидението со зборови без смисла?
3. Препаши ја сега половината своја како маж: Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми:
4. каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш.
5. Кој ѝ ги определи мерките? Знаеш ли: кој го оптегнува јажето околу неа?
6. Врз што се зацврстени основите нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен,
7. кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?
8. Кој го затвори морето со врата, кога тоа се истргна, та излезе како од утроба;
9. кога облаците ги направив негова облека и маглата – негова повивка;
10. кога му ја дадов мојата наредба и му наместив клучалки и врата;
11. кога му реков: »до тука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови?
12. Си му давал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си го посочувал ли на зората местото нејзино,
13. за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбожниците,
14. за да се измени земјата како глина под преса и да стане како разнобојна облека,
15. да се одземе од беззакониците светлината нивна и да се скрши издигнатата рака нивна?
16. Си слегувал ли во длабочината морска и си влегувал ли да ја испитуваш бездната?
17. Се отворале ли пред тебе вратите на смртта; си ја видел ли ти вратата на смртната сенка?
18. Си ја разгледал ли ширината на земјата? Кажи го, ако го знаеш сето тоа.
19. Каде е патот кон живеалиштето на светлината и каде е местото на темнината,
20. за да стигнеш до границите нејзини и да ги знаеш патеките до домот нејзин?
21. Ти го знаеш тоа, зошто тогаш беше веќе роден; но бројот на дните твои е мошен голем.
22. Си влегувал ли ти во местата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот,
23. што Јас ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна?
24. По кој пат се разлева светлината и се разнесува источниот ветар по земјата?
25. Кој ги отвора потоците за изливање на водата и патот за грмоносните светкавици,
26. за да паѓа дожд врз земјата без луѓе, врз пустињата, каде што нема човек;
27. за да ја заситува пустињата и степата и да ги разбудува зелените «ркулци да никнуваат?
28. Дождот има ли татко? Или кој ги раѓа какпите на росата?
29. Од чија утроба излегува мразот; и кој ја раѓа небеската слана?
30. Водите како камен да си зацврстуваат, и површината на бездната да замрзнува.
31. Можеш ли да го врзеш јазелот на Плејадата и да ги разврзеш врските на Орион?
32. Можеш ли да го изведуваш Соѕвездието во времето негово и да ја водиш Вечерната ѕвезда?
33. Ги знаеш ли законите на небото, можеш ли да уредиш тоа да владее над земјата?
34. Можеш ли да го кренеш гласот свој до облаците, за да те покрие обилно водата?
35. Можеш ли да испраќаш молњи, и да тргнат и да ти речат: »еве не?«
36. Кој вложи мудрост во срцето на човекот, и кој му даде смисла на разумот?
37. Кој може да ги преброи обалците со својата мудрост и да ги задржи садовите од небото,
38. кога правот се претвора во кал и грутките се слепуваат?
39. Ти ли ловиш плен за лавицата и ги наситуваш лавчињата,
40. кога тие лежат во леглата или почиваат под сенка во заседа?
41. Кој ѝ ја приготвува храната на враната кога пиленцата нејзини, скитајќи без храна, викаат кон Бога?

39. Чудесата во животинскиот свет сведочат за Божјата мудрост.

1. Го знаеш ли времето, кога дивите кози раѓаат по карпите, и си забележувал ли како раѓаат срните?
2. Можеш ли да ги преброиш месеците на нивната бременост? И го знаеш ли времето кога раѓаат?
3. Тие се превиткуваат, и раѓајќи ги малечките свои, се ослободуваат од болките свои.
4. Породот нивни зајакнува, радост е во полето, си оди и не се враќа при нив.
5. Кој го пуштил на слобода дивиот осел и кој му ги разврзал врските негови,
6. на кој сум му ја одредил пустињата за дом и соланите – за живеалиште.
7. Тој се потсмева на вревата во градот и не го слуша викањето на терачот,
8. си бара храна по горите и се впушта на секое зелено растение.
9. Ќе сака ли еднорог да ти служи и ќе ноќева ли во твоите јасли?
10. Можеш ли да го врзеш со јаже еднорогот за браздата, и ќе ја браносува ли по тебе нивата?
11. Ќе се потпреш ли на него, бидејќи силата му е голема и ќе му ја оставиш ли нему твојата работа?
12. Ќе му поверуваш ли, дека тој ќе ги врати семињата твои и ќе ги донесе на гумното твое?
13. Ти ли му даде убави пердуви на паунот и крилја и мов на нојот?
14. Тој ги остави јајцата свои на земјата и ги топли на песокот,
15. и заборава, дека нога може да ги скрши или полска ѕверка да ги згази;
16. немилостив е спрема малечките свои, како да не се негови, и не се плаши, оти трудот негов ќе биде залуден,
17. зашто Бог не му дал мудрост и не го надарил со разум;
18. а кога ќе се извиши високо, му се потсмева на коњот и на јавачот негов.
19. Ти ли му даде сила на коњот и ти ли го украси вратот негов со грива?
20. Можеш ли да го исплашиш како скакулец? Треперењето на ноздрите негови е ужас;
21. ја рове со нога земјата и се радува на силата своја; оди спроти оружје;
22. се смее на опасноста и не се плаши и не се отстранува од меч.
23. Торба со стрели ѕвечка на грбот негов, болска копјето и топузот;
24. од немир и јарост голта земја и не може да стои при трубен звук;
25. штом ќе засвири трубата, тој вришти и оддалеку ја претчувствува битката, громкиот глас на војводите и викот.
26. Поради твојата мудрост ли фрчи јастребот и ги насочува крилјата свои кон југ?
27. По твојот збор ли се издига орелот и си вие гнездо на високо?
28. Тој живее на карпа и ноќева на врв од стрмнината и на непристапни места;
29. оттаму ја здогледува храната: очите негови гледаат далеку;
30. и малечкте негови пијат крв; каде што има труп, таму е и тој.”
31. Продолжи Господ и му рече на Јова:
32. „Кој се бори со Вседржителот, ќе сака ли да поучува? Кој Го напаѓа Бога, нека Му одговори.”
33. Му одговори Јов на Господа и рече:
34. „Еве, јас сум ништожен, што да Ти одговорам? Раката своја ја ставам на устата моја.
35. Еднаш говорев, – сега нема да одговарам; говорев дури двапати, но повеќе не.”

40. Јов паѓа пред Бога. Господ пак говори од виорот; говори за Својата моќ.

1. Му одговори Господ на Јова од луњата и му рече:
2. „Препаши ја како маж половината своја: Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми.
3. Мојот суд ли сакаш да го собориш, да Ме обвиниш, а себеси да се оправдаш?
4. Таква ли е твојата мишка, како на Бога? И можеш ли како Него да згрмиш со гласот свој?
5. Тогаш украси се со величие и слава, облечи се во болскот и великолепие;
6. излеј ја јароста не гневот свој, погледај сè што е гордо и смири го;
7. погледај ги сите поносни и понизи ги, сотри ги безбожниците на местата нивни;
8. закопај ги сите во земја и покри ги лицата нивни со темнина.
9. Тогаш и Јас ќе признаам, дека твојата десница може да те спасува.
10. Ете слонот, што сум го создал, како и тебе; тој јаде трева како вол;
11. а силата негова е во бедрата негови, јачината негова – во мускулите е на стомакот негов;
12. ја размавтува опашката своја како кедар, а жилите на бедрата негови се како железни стапови;
13. нозете негови изгледаат како бакарни труби; коските негови – како железни прачки;
14. тоа е врвот на Божјите патишта: само Оној Кој го создал, може да го приближи мечот Свој до него;
15. горите негови му принесуваат храна, таму сите полски ѕверови играат;
16. тој си легнува под сенчести дрвја, меѓу трски и во глиб;
17. сенчестите дрвја го покриваат со сенката своја; врби крај потоците го опкружуваат;
18. ете, тој ја задржува реката за да пие и не брза; си останува спокоен, дури и кога би посакал Јордан да потече кон устата негова.
19. Ќе го фати ли некој јавно и ќе му го продупчи ли носот негов со кука?
20. Можеш ли со јадица да излвлечеш слон и со врвца да го врзеш за јазикот?
21. Ќе вовреш ли алка во ноздрите негови? Ќе ја прободеш ли со шило челуста негова?
22. Ќе ти се моли ли многу и ќе ти говори ли кротко?
23. Ќе направи ли договор со тебе, ќе го земеш ли засекогаш како слуга свој?
24. Ќе се забавуваш ли со него како со птичка, и ќе го врзеш ли заради девојченцата свои?
25. Ќе го продаваат ли другарите како лов, ќе го делат ли меѓу хананејските трговци?
26. Можеш ли да му ја продупчиш кожата негова со копје и главата негова со рибарска вила?
27. Стави ја на него раката своја и помни за борбата; оти во иднина не ќе смееш.”

41. Бог е многу посилен од човекот.

1. „Ете, надежта е суетна. Нема ли да паднеш само од еден негов поглед?
2. Нема толку силен кој би се осмелил да Ме обеспокои; и кој може да опстане пред Моето лице?
3. Кој Ми дал нешто порано, та Јас да му вратам? Под целото небо сè е Мое.
4. Нема да премолчам за деловите негови, за силата и нејзината убава сразмерност.
5. Кој може да ја одгрне горната облека негова, кој ќе се приближи до двојните челусти негови?
6. Кој може да ја отвори вратата на лицето негово? Забите негови наоколу се ужас.
7. јаките штитови негови – великолепие; тие се зацврстени како со тврд печат;
8. еден до друг се допираат толку блиску, така што и воздух не минува меѓу нив;
9. еден до друг стојат збиени, слепени се и не се размесуваат.
10. Кога кива, испушта светлина; очите му се како зраци на зората:
11. од устата негова излегуваат пламени јазици, излегуваат огнени искри;
12. од ноздрите негови излегува пара, како од зовриено грне или котел.
13. Здивот негов е разгорен јаглен, а од устата негова излегува пламен.
14. На вратот негов сила престојува, и пред него ужас трча.
15. Месестите делови на телото му се сплотени силно меѓу себе, не мрдаат.
16. Срцето му е цврсто како камен, кораво како долен воденички камен.
17. Кога се подига, јунаци треперат, сосема се губат од ужас.
18. Кој меч ќе се допре до него, не издржува; не издржува ни копје, ни кратко копје, ни оклоп.
19. Железото го смета за слама, бакарот – за гнило дрво.
20. Стрелата ни лакот нема да го подгони; камењата од праќката во плева се претвораат за него.
21. Боздоганот за него е како сламка; над пиштењето од стрелата тој се смее.
22. Под него има остри камења, и тој лежи врз остри камења во калта.
23. Он прави морската длабочина да врие како котел, морето го претвора во зовриена маст;
24. зад себе остава светла трага; бездната изгледа како бело руно.
25. На земјата нема сличен на него: он е создаден бестрашен;
26. на сè, што е високо, гледа смело; он е цар над сите синови на гордоста.

42. Јововото покајание. Бог го оправдува Јова и го благословува повеќе од порано.

1. Му одговори Јов на Господа и рече:
2. „Знам, дека Ти сè можеш, и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена.
3. Кој е тој, што го помрачува Провидението – со зборови што не ги разбира? Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела, што не можев да ги знам.
4. Послушај ме, викав јас, и ќе говорам, и што ќе Те прашам, објасни ми го.
5. Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат;
6. затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.”
7. И потоа, откако Господ му ги изговори на Јова овие зборови, му рече на Елифаза од Темна: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов.
8. Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себеси жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас, зашто само неговото лице ќе го примам, за да не ве отфрлам, поради тоа што не говоревте за Мене вистина, како слугата Јов.
9. И отидоа Елифаз од Темна, Вилдад од Сува и Софар од Нам, и направија како што им заповеда Господ, – а Господ го прими лицето Јовово.
10. Му ја врати Господ на Јова загубата, кога тој се помоли за пријателите свои; и му даде Господ на Јова двојно повеќе од она што го имаше пред тоа.
11. Тогаш дојдоа при него сите негови браќа и сите негови сестри и сите негови поранешни познати, па јадеа со него леб во куќата негова и му изјавија сочувство, утешувајќи го за сето зло, што Господ го беше допуштил врз него, и секој му даде по еден сребреник и по еден златен прстен.
12. И ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од напрешните: тој имаше четиринаесет илјади дробен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада ослици.
13. Имаше и седум синови и три ќерки.
14. Првата ја именува Емина, втората – Касија, а третата – Керенкапух.
15. По целата земја немаше такви убави жени, како Јововите ќерки; татко им и ним им даде наследство меѓу браќата нивни.
16. По ова, Јов живееше сто и четириесет години и доживеа да види синови и внуци до четвртото колено.
17. Умре Јов стар и сит од животот.