Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Книга Естира

1. Персискиот цар Артаксеркс ја отстранува својата жена, царицата Астин.

1. Во втората година од царувањето на Артаксеркса Велики, во првиот ден на месец Нисан, сон виде Мардохеј, син Јаиров, Семеев, Кисеев, од Венијаминовото племе, Јудеец, кој живееше во градот Суза, човек голем, што служеше во царскиот дворец. Тој беше од плениците, кои Навуходоносор, царот вавилонски, ги племи од Еруслаим со јудејскиот цар Јехонија. А сонот му беше ваков: страшен шум, грмотевица, земјотрес и смут по земјата. И, ете, излегоа две големи змии, готови да се бијат една со друга. Голема беше нивната борба, а по борбата нивна сите народи се подготвија за војна, за да го поразаат народот на праведните. И потоа настана ден на темнина и мрак, скрб и притисок, страдање и голема смут по земјата. Се смути сиот народ на праведните и, плашејќи се од зло за себеси, се подготвија да загинат и извикаа кон Господа. Од повикот нивни произлезе, како од мал извор, голема река со многу вода; се појави светлина и сонце огреа, се подигнаа смирените и ги истребија силните и горделивите. – Мардохеј, откако се разбуди по тој сон, кој покажуваше она што Бог сакаше да го изврши, го задржа тој сон во срцето и сакаше да го разбере во сите негови делови, до другата ноќ. Мардохеј живееше во дворецот заедно со двајца царски евнуси, Гават и Тара, кои го чуваа дворецот, и кога ги чу нивните разговори и се распраша за нивните намери, дозна дека тие се готват да стават рака врз царот Артаксеркс, и му јави за нив на царот; а царот ги распраша тие двајца евнуси и, откако признаа сè, беа погубени. Царот го запиша тој настан за спомен, го запиша и Мардохеј тој настан. И царот му нареди на Мардохеја да служи во дворецот и му даде подароци за тоа. Пред царот тогаш се беше издигнал Аман, син Амадатов, Вугеец; тој гледаше да му напакости на Мардохеја и на народот негов поради двајцата царски евнуси.

2. Гоштевање на Артаксеркс и Астин.

1. Потоа во дните на Артаксеркса, – тој Артаксеркс царуваше над сто и дваесет и седум области до Индија до Етиопија, –
2. во тоа време, кога царот Артаксеркс седеше на својот царски престол, што е во престолнината Суза,
3. во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и мидијската војска и на своите обласни управници,
4. покажувајќи многу денови, сто и осумдесет дена, големо богатство на царството свое и голем сјај на своето величие.
5. Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во престолнината Суза, за мало и големо, седумдневна гозба во градскиот дом на царскиот дворец.
6. Бели, памучни и со сина боја волнени пердиња, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, висеа на сребрени алки и мермерни столбови.
7. Имаше златни и сребрени легла на плочникот, послани со зелен, бел, жолт и црвен мермер.
8. Јадењата се служеа во златни садови и садови разнообразни, по цена од триесет илјади таланти; и царското вино беше изобилно, според богатството на царот. Пиењето беше слободно: никој не присилуваше, бидејќи царот им беше заповедал на сите свои управници на домот, да постапуваат според волјата на секој.
9. И царицата Астин исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Артаксеркс.
10. На седмиот ден, кога срцето на царот се развесели од виното, тој им рече на Амана, Вазана, Дареја, Вараза, Затолтана, Аватаза и Дарава – седум евнуси, што служеа пред царот Артаксеркс,
11. да ја доведат царицата Астин пред царевото лице со царски венец, за да им ја покаже најзината убавина на народите и на кнезовите, зашто таа беше многу убава.
12. Но царицата Астин не сакаше да дојде според царевата наредба, соопштена преку евнусите.
13. Царот многу се разгневи, и јароста пламна во него. И им рече царот на мудреците, кои ги познаваа поранешните времиња, – зашто царските дела се вршеа пред сите, што знаеја закон и правда,
14. а негови најблиски тогаш беа: Аркесеј, Сареотеј, и Малисеар, персиски и мидиски кнезови, кои седеа до царот на прво место:
15. „Како да постапиме според законот со царицата Астин, поради тоа што не го исполни зборот на царот Артаксеркс, соопштен преку дворјаните.”
16. Тогаш рече Мухеј пред лицето на царот и на кнезовите: „Не само пред царот е виновна царицата Астин, туку и пред сите кнезови и началници царски;
17. зашто за постапките на царицата ќе дознаат сите жени и ќе почнат да ги запоставуваат мажите свои и да говорат: »царот Артаксеркс заповедал да ја доведат пред него царицата Астин, но таа не отишла.«
18. Сега персиските и мидиските кнегињи, што ќе чујат за постапката на царицата, ќе им го
кажат тоа на сите царски кнезови; и ќе има горделивост, а и големи караници.
19. Ако му е на царот угодно, нека издаде царска заповед, што ќе се запише во персиските и мидиските закони и да не се менува, дека Астин нема да излегува веќе пред лицето на царот Артаксеркс, а нејзиното царско достоинство царот да го предаде на друга, подобра од неа.
20. Кога ќе чујат за таа царска заповед, која ќе се разнесе по целото негово царство, колку и да е големо, сите жени ќе ги почитуваат мажите свои, од најголем до најмал.”
21. Тие зборови му се допаднаа на царот и на кнезовите: и царот постапи според зборовите на Мухеја;
22. па испрати до сите царски области писма, напишани за секоја област со писмото нејзино и на секој народ на јазикот негов: секој маж да биде господар на домот свој, и тоа да му се објави на секого на неговиот роден јазик.

3. Се бара друга царица; Естира станува царица; нов заговор против царот Артаксеркс.

1. Откако стивна гневот на царот Артаксеркс, тој се сети на Астин и на она, што го направи таа и за решението за неа.
2. И рекоа царевите слуги, кои му служеа: „Да се побараат за царот млади и убави девојки,
3. а царот да определи во сите области на царството пратеници, што ќе ги соберат сите млади и убави на изглед девојки во престолнината Суза, во женскиот дом под надзор на царскиот евнух Хигеј, чувар на жените, и да им дадат сè што е потребно за дотерување.
4. И која девојка ќе му се свиди на царот, таа да стане царица место Астин. Му се допаднаа на царот тие зборови, и тој постапи така.
5. Имаше во престолнината Суза еден Јудеец, по име Мардохеј, син на Јаира, син на Семеја, син Кисеев, од Венијаминовото племе.
6. Тој беше преселен од Ерусалим со плениците, изведени заедно со јудејскиот цар Јехониј, што го беше преселил вавилонскиот цар Навуходоносор.
7. Тој ја воспитуваше Адаса – а таа е Естир – ќерка на чичко му, бидејќи таа немаше ни татко ни мајка. Таа девојка имаше тенка става и убаво лице, а по смртта на татко н, Мардохеј ја прибра при себеси место ќерка.
8. Кога беше објавена заповедта на царот и указот негов, и откога беа собрани многу девојки во престолнината Суза под надзор на Хигеја, тогаш беше земена и Естира во царскиот дом под надзор на Хигеја, чуварот на жените.
9. Таа девојка му се свиде и ја задоби неговата наклоност, и тој побрза да ѝ даде масла и си, што ѝ припаѓа, и да ѝ определи седум достојни девојки да бидат при неа, во царскиот дом, па ја премести неа и девојките нејзини во најубавото одделение на женскиот дом.
10. Естира не го кажуваше ни народот свој, ни потеклото свое, бидејќи Мардохеј ѝ беше заповедал да не кажува.
11. И секој ден Мардохеј доаѓаше во дворот на женскиот дом, за да дознае за дравјето на Естира и што станува со неа.
12. Кога доаѓаше времето на секоја девојка да влезе при царот Артаксеркс, откако двенаесет месеци по ред беше извршувано над неа сè, определено за жените, – зашто за толку време продолжуваа дните на дотерувањето нивно: шест месеци со смирново масло и шест месеци со благопријатни мириси и со други женски работи –
13. дури тогаш девојката влегуваше при царот. И што и да побараше таа, ќе ѝ дадеа и со тоа одеше од женскиот дом во домот на царот.
14. Вечерта таа влегуваше и утредента се враќаше во друг женски дом под надзор на царскиот чувар на наложниците; и веќе не влегуваше при царот, – освен ако царот ја побараше, и ќе ја повикаа по име.
15. Кога дојде време за Естира, ќерка на Аминадава, чичко Мардохеев, кој ја беше прибрал при себеси место ќерка, – да оди при царот, таа не побара ништо, освен она, што ѝ го кажа царскиот дворјанин Хигеј, чувар на жените. И Естира им се свиде на сите што ја видоа.
16. И беше земена Естира при царот Артаксеркс, во неговиот царски дом, во десеттиот месец, односно во месецот Тевет, во седмата година на царувањето негово.
17. Царот ја засака Естира повеќе од сите жени, и таа ја доби неговата благонаклоност и љубов повеќе од сите девојки; тој ѝ стави на главата царски венец и ја постави за царица место Астин.
18. И царот им приреди голема гозба на сите свои кнезови и слуги при него, – гоштевање поради Естира и им даде олеснувања на областите и раздаде подароци со царска штедрост.
19. И кога вториот пат беа собрани девојките, и Мардохеј седеше при царската врата,
20. Естира сè уште не говореше за своето потекло и за народот свој, според она како што ѝ беше заповедал Мардохеј; и зборот на Мардохеја го исполнуваше и сега така, како и кога беше при него на воспитување.
21. Во тоа време, кога Мардохеј седеше пред царската порта, двајцата царски дворјани Гавата и Тара, кои го чуваа прагот, се озлобија поради тоа што беше претпочитан Мардохеј, па размислуваа како да стават рака врз царот Артаксеркс.
22. Кога дозна за тоа, Мардохеј ѝ соопшти на царицата Естира, а Естира му кажа на царот од името на Мардохеја.
23. Работата беше испитана и се утврди дека е тоа вистина, и тие двајцата беа обесени на дрво. И тоа се запиша во книгата на летописот царски.

4. Заговор на Аман против Јудејците.

1. Потоа царот Артаксеркс го возвеличи Вугеецот Аман, син Амадатов, го воздигна и го постави престолот негов погоре од престолите на сите свои кнезови;
2. и сите слуги на царот, при царската порта се поклонуваа и паѓаа ничкум пред Амана, бидејќи така беше заповедал царот. Но Мардохеј не му се поклонуваше и не паѓаше на колена.
3. И му говореа на Мародхеја царевите слуги при царската порта: „Зашто ја кршиш царевата заповед?”
4. Но иако му говореа така секој ден, тој сепак не ги слушаше. Тогаш му јавија на Амана, да видат ќе остане ли при зборот свој Мардохеј, бидејќи им беше рекол дека е Јудеец.
5. Откако виде Аман, дека Мардохеј не се поклонува и не паѓа ничкум пред него, се исполни со гнев.
6. Но тој помисли дека не е достојна да става рака само на Мардохеја; но бидејќи му рекоа, од кој народ е Мардохеј, Аман намисли да ги истреби сите Јудејци во целото Артаксерксово царство, како народ Мардохеев.
7. Па свика совет во првиот месец, што е месец Нисан, во дванаесеттата година на царот Артаксеркс, и фрлаа жреб пред Амана од ден на ден и од месец на месец, и падна жребот во еден ден да го погубат Мардохеевиот народ на дванаесеттиот месец, односно во месецот Адар.
8. И Аман му рече на царот Артаксеркс: „Има еден народ, распрснат меѓу народите по сите краишта на твоето царство; законите нивни се разликуваат од законите на сите народи, и царските закони тие не ги исполнуваат; па не треба царот така и да ги остави.
9. Ако му е на царот угодно, нека заповеда да бидат истребени, и десет илјади таланти сребро ќе измерам во рацете на распоредниците, за да ги внесат во царската ризница.”
10. Тогаш царот го извади од раката прстенот свој и му го даде на Вугеецот Амана, синот Амадатов, за да ја потпечати повелбата против Јудејците.
11. И му рече царот на Амана: „Ти го предавам тебе тоа сребро и народот; прави со нив, што сакаш.”
12. И беа свикани царските писари во првиот месец, во тринаесеттиот ден негов, и беше напишано, како што заповеда Аман, до царските намесници на секоја област, од Индиската област до Етиопија, над сто и дваесет и седум области, до кнезовите на секој народ, – на секоја област со нејзиното писмо, и до секој народ на јазикот негов: сè беше напишано од името на царот Артаксеркс и потпечатено со царкиот прстен.
13. И беа распратени писма преку брзоодци до сите царски области, за да бидат убиени, погубени и истребени сите Јудејци, мали и големи, деца и жени, во еден ден, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, месец Адар, и имотот нивни да биде разграбен. Еве препис од тоа писмо: „Големиот цар Артаксеркс – до намесниците од Индија до Етиопија, над сто и дваесет и седум области и до потчинетите им началници. Царувајќи над многу народи и владеејќи над целата вселена, јас сакав, – да не се гордеам со власта, да управувам секогаш кротко и мирно, да го направам животот на поданиците постојано спокоен и, зажувавајќи го царството свое мирно и слободно во пределите негови, да го востановам саканиот за сите луѓе мир. Но кога ги запрашав советниците, на кој начин да го направам тоа, тогаш оној, кој кај нас се одликува со мудрост и се користи со неизменливо благовление и кој што докажа цврста верност и доби втора по царот чест, Аман, ни објасни, дека меѓу сите племиња на вселената се вовлекол еден непријателски народ, којшто поради законите свои е намразен од сите народи и којшто постојано не ги почитува царските заповеди, за да не се благуустрои беспрекорно раководеното од нас управување. И така, кога дознав, дека само тој народ секогаш му се противставува на секој човек оти води живот, туѓ на законите, и, притивејќи се на нашите распоредби, извршува најголеми злосторства, така што нашето царство да на ја достигне благосостојбата, ние заповедавме посочените ви писма на Амана, поставен над робовите и втор наш татко, сите со жените и децата исцело да бидат истребени со непријателски меч, беа секакво сожалување и поштедување, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец Адар оваа година, и тие и порано и сега непријателски луѓе, бидејќи беа во еден ден беа насилно соборени во пеколот, да не ни пречат отсега натаму да живееме мирно и спокојно до крај.”
14. Препис од писмото да се испрати до секоја област, како закон, којшто им се објавува на сите народи, за да бидат готови за оној ден.
15. Брзоодците тргнаа брзо со царската заповед. Повелбата беше објавена и во престолнината Суза: и царот и Аман седеа и пиеја, а градот Суза беше вознемирен и во смут.

5. Вчудоневиденост и пост кај Евреите; молитвата на Мардохеја и Естира.

1. Кога Мардохеј дозна за сè што се вршеше, ја раскина облеката, стави врз себе вреќиште и пепел, излезе среде градот и викаше силно и со горчливост: „Се истребува народ во ништо необвинет.”
2. И дојде до царската порта и запре, бидејќи не можеше да влезе со вреќиште и со пепел.
3. Исто така и во секоја област и место, каде и да пристигнеше заповедта на царот и повелбата негова, настануваше голема тага кај Јудејците и пост и плачење и викање; вреќиштата и попелта им служеа како постале на мнозина.
4. Дојдоа слугинките и дворјаните на Естира и ѝ раскажаа сè; царицата силно се возбуди. Таа испрати облека, да го преоблечат Мардохеја и да го симне од себе вреќиштето. Но тој не ги прими.
5. Тогаш Естира го повика Атаха, еден од евнусите на царот, кого тој го беше одредил при неа, и го испрати кај Мардохеја да дознае: што значи тоа и зашто е?
6. Атах отиде кај Мардохеја на градскиот плоштад, што беше пред царската порта.
7. Мардохеј му раскажа за сè, што се беше случило со него, и за определеното количество сребро, што Аман го беше ветил да го одмери во царската ризница, за да бидат истребени Јудејците;
8. и му врачи препис од повелбата, објавена во Суза, за истребувањето нивно, за да ѝ ја покаже на Естира, та таа да дознае за си; притоа ѝ порача да отиде при царот и да му се моли за својот народ, спомнувајќи ги дните на својата сиромаштија, кога таа се воспитуваше под моја рака – зашто Аман, втор до царот, нè осуди на смрт – и да Го повика Господа и да му каже за нас на царот, да нè избави од смртта.
9. Атах дојде и ѝ ги предаде на Естира Мардохеевите зборови.
10. И му рече Естира на Атаха, испраќајќи го, да му каже на Мардохеја:
11. „Сите слуги при царот и народите во царските области знаат, дека секој, бил тој маж или жена, што ќе влезе при царот од внатрешниот двор, а да не е повикан, го очекува еден суд – смрт; само оној, кон кого царот ќе го пружи својот златен жезал, останува жив. А јас не сум повикана при царот еве веќе триесет дена.”
12. И му ги предадоа на Мардохеја зборовите на Естира.
13. Мардохеј во одговор ѝ рече на Естира: „Не мисли, дека ти единствена од сите Јудејци ќе се спасиш во царскиот дом.
14. Аки ти премолчиш во ова време, тоа слободата и спасението на Јудејците ќе дојде од друго место, а ти и домот на таткото твој ќе загинете. И кој знае, дали токму за вакво време не си достигнала царско достоинство?”
15. А Естира му одговори на Мардохеја, велејќи:
16. „Оди, собери ги сите Јудејци, што се наоѓаат во Суза, и постете за мене, и не јадете, ниту пијте три дена, ни дење ни ноќе, и јас со слугинките свои исто така ќе постам и потоа ќе одам при царот, иако е тоа и против законот, па ако загинам – нека загинам.”
17. Тогаш отиде Мардохеј и направи, како што му порача Естира. Вака Му се молеше тој на Господа, спомнувајќи си за сите Господови дела и велеше: „Господи, Господи, Царе
Седржителу! Сите се во Твоја власт и нема, кој да Ти се противи, кога ќе посакаш да го спасиш Израилот: Ти си ги создал небото и земјата, и сè што е чудно под небото; Ти си Господ на сите, и нема таков кој би се противел на Тебе, на Господа. Ти знаеш сè; Ти знаеш Господи, дека не поради навреда и не поради гордост, не поради слава јас го вршев тоа, што не му се поклонував на горделивиот Аман, зашто јас доброволно би му ги бакнувал стапките на нозете негови за спасение на Израилот; но јас го правев тоа, за да не му воздадам на човек слава поголема од Божјата слава и да не му се поклонувам никому, освен на Тебе, мојот Господ; јас не го правам ова од гордост. И сега, Господи, Боже, Царе, Боже Авраамов, поштеди го Твојот народ; зашто ни кројат гибел и сакаат да го истребат Твоето исконско наследство; не презри го Твоето достоинство, кое Ти го избави за Себеси од Египетската земја; чуј ја мојата молитва и смилостиви се над Твоето наследство и претвори ја тагата наша во веселба, та, така живеејќи, да Го воспеваме Твоето име, Господи. Не ги погубувај устите, кои Те прославуваат, Господи!” – и сите Изразилци викаа со сета сила, зашто нивната смрт беше пред очите нивни. И царицата Естира се оддаде на Господа, обземена од смртна горчина, и, откако ја соблече облеката на славата своја, облече облека за жал и тага и, место со скапоцени масла, ја посипа со пепел и прав главата своја и многу многу го истошти телото свое, и секое место, украсувано во веселите нејзини дни, го покри со распуштената своја коса, Му се молеше на Господа, Бога Израилев, велејќи: „Господи мој! Ти единсетвен си наш Цар; помогни ми мене, која сум сама и немам помошник, освен Тебе! Зашто мојата неволја е близу до мене. Сум слушала, Господи, од таткото мој во моето родно колено, дека Ти, Господи, Си го избрал Израилот од сите народи, и нашите татковци – од сите нивни предедовци, за вечни наследници, и си го извршил за нив она, за кое си им говорел. Сега ние згрешивме пред Тебе, и Ти нè предаде во рацете на нашите непријатели, затоа што ги славевме нивните богови: праведен си Ти, Господи! Но сега тие не се задоволија со нашето горчливо ропство, туку ги ставија рацете свои во рацете на своите идоли, за да ја уништат заповедта на Твојата уста, да ги истребат Твоите наследници, да им ја затнат устата на оние, кои Те воспеваат, за да ја угаснат славата на Твојот храм и на Твојот жртвеник, да им ја отворат устата на народите за прославување на лажните богови, и плотскиот цар да се велича довека. Не предавај го Господи, Твојот жезал на непосточки богови, и нека не се радуваат на нашето паѓање, а сврти ја намерата нивна врз нив самите, и клеветникот против нас – предај го на срам! Спомни си, Господи, јави ни се нам во времето на жалоста наша и дај ми машкост. Царе над боговите и Владико на секое началство, подари ѝ на устата моја благопријатен збор пред тој лав и исполни го срцето негово со омраза кон оној, што ни прогонува, за гибел негова и на неговите истомисленици; нас, пак, избави ни преку Твојата рака и помогни ми мене, која сум сама и нема помошник, освен Тебе, Господи! Ти си знаеш, Ти знаеш дека ја мразам славата на беззакониците и се гнасам од леглото на необрезаните и од секој другоплемени; Ти знаеш дека јас сум принудена да се гнасам од знакот на мојата гордост, кој стои на главата моја, кога се појавувам, – се гнасам од него како од облека, извалкана со крв, и не го носам во дните што ми припаѓаа само мене. И Твојата слугинка не вкусила од трпезата на Амана и не ги цени многу царските гозби, не пие идоложртвено вино и не се весели Твојата слугинка од денот, откога се измени мојата судбина до денес, освен за Тебе, Господи, Боже Авраамов, Боже, Кој имаш сила над сите, чуј го гласот на безнадежните и спаси нè од рацете на оние, што кројат зло, и спаси ме од мојот страв!

6. Естира го поканува царот и Амана на Гозба; Аман смислува план да го убие Мардохеја.

1. На третиот ден Естира, откако престана да се моли, ја соблече облеката на жалоста, се облече по царски, па откако се накити, Го повика Севидецот Бог и Спасителот, зеде две слугинки, и на едната се потпираше, како да се галеше, а другата одеше по неа и ѝ ја придржуваше облеката нејзина. Таа беше прекрасна во цутот на убавината своја, а лицето ѝ беше радосно, како да беше исполнето со љубов, но срцето ѝ беше свиткано од страв. Таа застана пред внатрешниот двор на царскиот дом, пред домот на царот. А царот тогаш саедеше на својот царски престол во царскиот дом, токму спроти влезот на домот, облечен во полната облека на своето величие, целиот во злато и скапоцени камења, и беше многу страшен. Кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови. Кога го сврте лицето свое, светнато од слава, тој погледна силно разгневен; и царицата падна духом, го измени лицето од премалување и се потпре врз главата на слугинката, што ја придржуваше. И Бог го измени духот на царот во кроткост, тој брзо стана од престолот свој и ја зеде во прегратките свои, додека таа да се соземе. Потоа тој ја утеши со умилни збориви и ѝ рече: „Што ти е, Естира? Јас сум твој брат! Закрепи се нема да умреш, зашто нашата одредба е за обичните луѓе; дојди!”
2. И царот го подаде кон Естира златниот жезал, што беше во раката негова. Естира се приближи и го допре крајот на жезалот, а царот го стави жезалот на нејзиниот врат, ја бакна и рече: „Говори.” Таа му рече: „Јас видов во тебе, господару, како ангел Божји, па срцето мое се вознемири од страв пред твојата слава, зашто ти си прекрасен, господару, и лицето твое е исполнето со убавина.” – Но додека говореше, таа падна од премаленост; царот се вознемири, и сите слуги негови ја храбреа.
3. Тогаш царот ѝ рече: „Што ти е, царице Естира? Која е твојата молба? Дури и половината од царството ќе ти биде дадено.”
4. Тогаш Естира рече: „Денес имам празник. Ако му е на царот угодно, нека дојде царот со Амана на гозба, што сум му ја приготвила.”
5. А царот рече: „Одете поскоро по Амана, за да стане според зборовите на Естира.” И дојде царот со Амана на гозбата, што ја беше приготвила Естира.
6. И кога царот сакаше да пие вино, ја праша Естира: „Која ти е желбата? Таа ќе биде исполнета. И каква е твојата молба? Макар да бараш и половина царство, тоа ќе ти биде дадено.”
7. Одговори Естира и рече: „Еве ја мојата желба и мојата молба:
8. ,Ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е угодно да ја удоволи желбата моја и да ја исполни молбата моја, тогаш нека дојде царот со Амана на гозба, што ќе ја приготвам за нив и утре, па ќе постапам според царскиот збор.’“
9. Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеја при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеја.
10. Но Аман сепак се воздржа. А кога дојде во домот свој, испрати да ги повика пријателите свои и жената своја Сереса.
11. Аман им раскажа за големото свое богатство, за многуте свои синови и за сè она, како царот го возвеличил и како го воздигнал над кнезовите и слугите царски.
12. И рече Аман: „Па и царицата Естира никого не повика со царот на гозбата, што ја беше приготвила, освен мене; така и утре сум поканет при неа со царот.
13. Но сето тоа не ме задоволува додека го гледам Јудеецот Мародхеја да седи пред царската порта.”
14. И му рече жената негова Сереса, и сите негов и пријатели: „Нека приготват весилка, висока педесет лакти, и утре кажи му на царот да го обеси Мардохеја на неа, и тогаш оди весело на гозбата со царот.” Му се допаднаа на Амана тие зборови, и тој нареди бесилката да биде направена.

7. Заговор на Амана и неговиот неуспех.

1. Преку ноќта Господ не му даде сон на царот. Затоа му заповеда на слугата да ја донесе книгата за дневните белешки; и ги читаа пред царот;
2. и се најде запишано таму, дека Мардохеј беше соопштил за двајцата царски слуги Гават и Тара, кои го чуваа прагот и правеа план да става рака врз царот Артаксеркс.
3. Царот запраша: „Каква чест и какво одликување му е дадено на Мардохеја за тоа?” Царевите дворјани, што му читаа одговорија: „Ништо не му е направено.”
4. Кога царот се распрашуваше за Мардохеевото добро дело, дојде во дворот Аман, и праша царот: „Кој е во дворот?” Аман, пак, тогаш беше дошол во надворешниот двор на царскиот дворец да поразговара со царот, за да го обесат Мардохеја на бесилката што ја беше приготвил за него.
5. Дворјаните му одговорија на царот: „Ете, Аман стои во дворот.” Царот рече: „Нека влезе.”
6. И Аман влезе. Царот го праша: „Што да му направам на таков човек кого сакам да го одликувам со почести?” Аман си помисли во срцето: кого друг би посакал царот да го одликува, освен мене?
7. И Аман одговори: „На таков човек, кого царот сака да го одликува со почести,
8. нека му донесат царска облека, со која царот се облекува, и да го доведат коњот, на кој царот јава, да му постават царски венец на главата негова,
9. и нека облеката и коњот, во рацете на еден од првите царски кнезови, да го облечат човекот, кого царот сака да го одликува, да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на оној човек, кого царот сака да го одликува со почести!”
10. Тогаш царот му рече на Амана: „Добро рече; веднаш земи ја облеката и коњот, како што рече, и направи му го тоа на Јудеецот Мардохеја, кој седи пред царската порта; ништо да не пропуштиш од тоа, што го кажа.”
11. Ги зеде Аман облеката и коњот, го облече Мардохеја, го изведе на коњ на градскиот плоштад и објави пред него: „Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со
почести!”
12. Мардохех се врати кај царската порта. Аман, пак, тргна во домот свој, натажен и со наведната глава.
13. И ѝ раскажа Аман на жената своја Сереса, и на сите пријатели свои за сè, што се случило со него. Тогаш мудреците негови и жената негова Сереса му рекоа: „Ако Мардохеј, поради кого ти почна да паѓаш, е од јудејско племе, ти нема да го надвиеш, туку навистина ќе паднеш пред него, бидејќи со него е живиот Бог.”
14. Тие уште разговараа со него, и царските евнуси дојдоа и по поканија Амана да оди на гозбата, што ја беше приготвила Естира.

8. Аман на гозбата кај Естира.

1. И дојде царот со Амана на гозбата кај царицата Естира.
2. Царот ја запраша Естира исто така и во тој втор ден за време гоштевањето: „Која е твојата желба, царице Естира? Таа ќе биде исполнета; и која е молбата твоја? Макар и за половина од царството, таа ќе биде исполнета.”
3. Царицата Естира одговори и рече: „Ако сум нашла милост во твоите очи, царе, и ако на царот му е угодно, нека ми бидат подарени мојот живот, по моја желба, и мојот народ, по моја молба!
4. Зашто јас и мојот народ сме продадени да бидеме истребени, убиени и загинати. Да бевме продадени како робови и робинки, јас ќе молчев, макар непријателот и да не ја надомести штетата на царот.”
5. Проговори царот Артаксеркс и ја праша царицата Естира: „Кој е тој и каде е тој, кој се осмелил во своето срце да постапи така?”
6. Естира му одговори: „Врагот и непријателот е овој злобен Аман!” И Аман затрепери пред царот и царицата.
7. И во гневот свој царот стана од гозбата и отиде во градината на дворецот; Аман, пак, остана да ја моли за животот свој царицата Естира, зашто виде дека до царот го чека зло.
8. Кога царот се врати од градината при дворецот во домот на гозбата, Аман се беше наведнал кон леглото, на кое седеше Естира. И царот рече: „Сака дури и да ја обесчести царицата во куќата моја!” Излезе зборот од устата на царот, – му го покрија лицето на Амана.
9. И рече Арвона, еден од царските слуги: „Еве ја бесилката, што ја беше приготвил Аман за Мардохеја, кој говореше добро за царот, стои во домот на Амана, висока е педесет лакти.” И царот рече: „Обесете го на неа!”
10. И го обесија Амана на весилката, што тој ја беше направил за Мардохеја. Тогаш гневот на царот стивна.

9. Прославување на Мардохеја и нов царски указ.

1. Во тој ден царот Артаксеркс ѝ го даде на царицата Естира домот на Амана, непријателот на Јудејците; а Мардохеј влезе пред лицето на царот, зашто Естира беше соопштила што ѝ е тој.
2. И царот го извади прстенот свој, што го беше одзел од Амана, и му го даде на Мардохеја; а Естира го постави Мардохеја за надзорник на Амановиот дом.
3. И Естира говореше уште пред царот, падна пред нозете негови, плачеше и го молеше да ја измени злобата на Вугеецот Амана и плановите негови, што беше ги скроил против Јудејците.
4. Царот го подаде кон Естира златниот жезал; Естира стана и застана пред лицето на царот,
5. па му рече: „Ако му е на царот угодно, ако сум нашла милсот пред неговото лице, а тоа дело биде справедливо пред лицето на царот, нека се напише, да се вратат писмата според замислата на Вугеецот Амана, син Амадатов, кој беше пишал за погубувањето на Јудејците во сите цареви области;
6. зашто, како би можела да ја гледам неволјата, што ќе го снајде мојот народ, и како би можела да го гледам загинувањето на моите сродници?”
7. Тогаш царот Артаксеркс им рече на царицата Естира и на Јудеецот Мардохеја: „Еве, јас ѝ го дадов на Естира домот на Амана, и самиот него го обесив на бесилка, поради тоа што беше кренал рака на Јудејците;
8. напишете и вие за Јудејците, она што ви е угодно, од името на царот и потпечатете го со царскиот прстен, зашто писмо, напишано од името на царот и потпечатено со царски прстен, не може да се измени.”
9. Веднаш беа повикани царските писари во третиот месец, односно, во месецот Сиван, на дваесет и третиот ден, и беше напишано сè онака, како што заповеда Мардохеј, до Јудејците и до сатрапите, до обласните наместици, до управниците на областите од Индија до Етиопија – сто и дваесет и седум области на секоја област со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик и до Јудејците со нивните писма и на нивни јазик.
10. И беа напишани писма од името на царот Артаксеркс, ги потпечати со царкиот прстен и им ги испрати по брзоодци на коњи, на камили и на царски мулиња,
11. дека царот им довозлува на Јудејците, што се наоѓаат во секој град да се соберат и да го заштитат својот живот, да ги истребат, убијат и погубат сите силни во народот и во областа, кои постапуваат непријателски спрема нив, децата и жените, а имотот нивни да го разграбаат
12. во еден ден по сите области на царот Артаксеркс, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, во месецот Адар. А еве го преписот од таа повелба: „Великиот цар Артаксеркс до началниците од Индија до Етиопија над сто и дваесет и седум области и до властите, наши доброжелатели, поздрав! Мнозина, по извонредната добрина на благодетелите, штедро наградувани со почести, прекумерно се возгордеаја и не само што сакаат да им причинуваат зло на нашите поданици, туку, неможејќи да ја наситат гордоста, се обидуваат да коваат заговори против самите свои добротвори; не само што го губат чувството на човечка признателност, туку, китејќи се со гордоста на безумните, престапно мислат да го одбегнат судот на Бога, Кој секогаш си гледа. Но често и мнозина, бидејќи се облечени со влат, за да ги уредуваат работите на пријателите што им ги довериле работите, со своето убедување ги прават виновници во пролевањето на невина крв и поттикнуваат на непоправливи зла, при што со вешто сплетени лаги ја измамуваат добрата намера на владетелите. Тоа може да се види не толку од древните истории, како што рековме, колку од делата, престапно извршувани пред вас со злобата на недостојни вршители на власта. Затоа, за во иднина треба да се погрижиме да уредиме во царството да има за сите луѓе мир, да не
допуштиме измени, но појавуваните дела да ги разгледуваме со нужна претпазливост. Така Аман Амадатов, Македонец, поправо туѓ на персиската крв и многу далеку од нашата благост, бидејќи беше примен кај нас на гости, се здоби со благонаклоност, што ја имаме кон секој народ, дотолку, што беше прогласен за наш татко и почитуван од сите, при што претставуваше втор човек при царскиот престол; но, бидејќи не ја скроти гордоста, замисли да нè лиши од власта и душата, а нашиот спасител и секогаш благодетел Мардохеј и непорочната соучесничка на царството Естира со сиот нивни народ се стремеше да ги погуби со разни сплетки. На тој начин тој мислеше да ни остави без луѓе, а персиската држава да им ја предаде на Македонците. Но ние наоѓаме, дека Јудејците, осудени од тој злосторник на истребување, не се злосторници, туку живеат според најправедните закони, како синови на Севишниот, живиот Бог, Кој ни го подари нам и на нашите прадедовци царството во најдобра состојба. Затоа ќе направиме добро, да не ги исполниме писмата што Аман Амадатов ги испрати; зашто тој, што го изврши тоа е обесен со целиот дом свој при портата на Суза според волјата на Бога, Кој господари над сè и Кој скоро му даде заслужен суд. А откако ќе го изложите јавно на секое место преписот од оваа повелба, оставете ги Јудеците да се користат со своите закони и помагајте им, за да можат на оние, што ќе се кренат против нив во времето на жалоста, да им се одмаздат на тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец Адар, во истото тој ден. Зашто, Бог, Кој владее над си, наместо гибел на избраниот род, им подготви таква радост. И вие, меѓу видните вашИ празници, празнувајте го и овој бележит ден со секаква веселба, та сега и после да се памети спасението за нас и за благорасположените кон нас Персите и за гибел на оние, што ни коваа заговори. Секој град или област воопшто, која нема да го исплни ова, ќе биде безмилосно опустошена со меч и оган и ќе стане не само невозможна за живеење на луѓе, туку и одвратна за ѕверовите и птиците засекогаш.
13. Препис од таа повелба да се испрати до секоја област, како закон, објавен за сите народи, та Јудејците да бидат готови за тој ден да им се одмаздат на непријателите свои.”
14. Брзоодците, јавнати на брзи царски коњи, тргнаа скоро и брзаа со царката заповед.
Повелбата беше објавена и во престолнината Суза.
15. Тогаш Мардохеј излезе од царот во царски сини и бели алишта, со голем златен венец и во ленена и пурпурна облека. Градот Суза се развесели и се зарадува.
16. Кај Јудејците тогаш имаше светлина и радост, веселба и свеченост.
17. И во секоја област, во секој град и секое место, каде што ќе стигнеше заповедта на царот и неговата повелба, настануваше радост, веселба, гозба и празник за Јудејците. И мнозина луѓе од народите во земјата станаа Јудејци, зашто ги беше обзел страв од Јудејците.

10. Јудејците ги уништуваа своите непријатели и установување на новиот празник Пурим.

1. Во дванаесеттиот месец, во месецот Адар, на тринаесеттиот ден, кога дојде време да се исполни заповедта на царот и на неговата повелба, во тој ден, кога непријателите на Јудејците, се надеваа да ја земат власта над нив, Јудејците ја зедоа власта над своите непријатели, –
2. се собраа Јудејците во градовите свои по сите области на царот Артаксеркс, да стават рака врз своите напријатели, и никој не можеше да устои пред лицето нивно, затоа што стравот од нив ги беше опфатил сите народи.
3. И сите кнезови по областите и сатрапите и обласните намесници и извршители на царските дела ги помагаа Јудејците, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеја.
4. Оти Мардохеј беше силен во царскиот дом, и славата негова се пренесуваше по сите области, бидејќи тој човек, Мардохеј, се издигаше сè повеќе и повеќе.
5. Јудејците ги погубуваа сите свои непријатели, убивајќи ги со меч, ги умртвуваа и ги истребуваа; и постапуваа со нпријателите свои по своја волја.
6. Во престолнината Суза убија и истребија петстотини души;
7. и Фарсана и Нестана, и Делфона, и Фасгана,
8. и Фардатана, и Вареа, и Сарвакана,
9. и Мармасима, и Руфеја, и Арсеја, и Завутетама –
10. десетте синови на Амадатовиот син Аман, непријател на Јудејците, ги убија, но за грабеж рака не подадоа.
11. Во истиот ден му го соопштија на царот бројот на убиените во престолнината Суза.
12. Тогаш ѝ рече царот на царицата Естира: „Во престолнината Суза Јудејците убија и истребија петстотини души и десетмина Аманови синови; а што ли извршиле во другите царски области? Каква е твојата желба? И таа ќе биде удоволена. И каква е уште твојата молба? И таа ќе биде исполнета.”
13. Естира му одговори: „Ако му е на царот угодно, нека им биде дозволено на Јудејците во Суза, да го вршат истото и утре, она што беше денес, и десетте Аманови синови да бидат обесени на бесилка.”
14. Царот заповеда да се направи така. Затоа беше издадена повелба во Суза, и ги обесија десетте Аманови синови.
15. Се собраа Јудејците, што беа во Суза, исто така и на четиринаесеттиот ден од месецот Адар и убија во Суза триста души, но за грабеж рака не пуштија.
16. И другите Јудејци, кои се наоѓаа во царските области, се собраа да го заштитуваат животот свој и да бидат спокојни од своите непријатели, па убија од непријателите седумдесет и пет илјади, но за грабеж рака не пуштија.
17. Тоа стана на тринаесеттиот ден од месец Адар, и на четиринаесеттиот ден од тој месец тие се успокоија и направија ден за гозби и веселби.
18. А Јудејците, што беа во Суза, се собраа на тринаесеттиот ден и на четиринаесеттиот ден, а на петнаесеттиот ден се успокоија и ги направија ден за гозби и веселби.
19. Затоа Јудејците селани, што живееја во неутврдени села, го поминуваат четиринаесеттиот ден на месец Адар во веселби и гоштевки, како празник, и заемно си испраќаат подароци; а оние што живеат во утврдените градови, го поминуваат и петнаесеттиот ден на Адар во добра веселба и им испраќаат подароци на блиските.
20. Мардохеј ги опишта тие настани и испрати писма до сите Јудејци во областите на царот
Артаксеркс, до блиските и далечните,
21. за да установат да го празнуваат секоја година четиринаесеттиот ден од месецот Арад и неговиот петнаесетти ден,
22. како дни, во кои Јудејците се успокоија од своите непријатели, и како таков месец, во кој се претвори кај нив жалоста во радост и тагата – во празник, – за да ги направат дните за гоштевки и веселби, при што заемно да си испраќаат подароци и дарови на сиромасите.
23. Јудејците го примија тоа, кое веќе сами беа почнале да го вршат и за кое им пиша Мардохеј,
24. дека Вугеецот Аман, Амадатов син непријател на сите Јудеци, мислеше да ги погуби Јудејците и фрлаше жреб, за да ги истреби и погуби,
25. и како Естира отиде кај царот, и како царот заповеда со ново писмо, зласторничкиот план на Амана, што беше намислил за Јудејците, да се сврти против главата нивна, и да го обесат него и синовите негови.
26. Затоа и ги нарекоа тие дни Пурим, од зборот пур – жреб. Ете зошто, согласно со сите зборови од тоа писмо и со она, што сами го видоа и пропатија,
27. Јудејците установија и примија за себеси и за децата свои и за сите, што се присоединуваа кон нив, неодменливо да ги празнуваат тие два дена, според заповеданото за нив и на времето нивно, секоја година;
28. и да бидат тие дни за сеќавање и празнувани во сите родови, во секое племе, во секоја област и во секој град; а тие дни Пурим да не се менуваат кај Јудејците, па споменот за нив да не исчезне кај децата нивни.
29. Напиша и царицата Естира, ќерка Авихаилова, и Јудеецот Мардохеј, најупорно, да го исполнуваат тоа ново писмо за Пурим;
30. и испратија писмо со зборови за мир и правда до сите Јудејци во сто и дваесет и седум области на царот Артаксеркс,
31. за да ги пазат постојано тие дни Пурим за времето нивно, како што ги установија за нив Јудеецот Мардохеј и царицата Естира и како што тие сами ги определија за себеси и за децата свои, во дните на пост и плачење.
32. Така заповедта на Естира ја потврди таа наредба за Пурим, а таа се запиша и во книгата.

11. Пофалбата на Мардохеја.

1. Потоа царот Артаксеркс ѝ наметна данок на земјата и на морските острови.
2. Сите дела на силата негова и моќта негова и подробниот приказ за големината на Мардохеја, со која царот го возвеличи, се запишани во книгата за дневни белешки на мидиските и персиските цареви,
3. како и тоа, дека Јудеецот Мардохеј беше втор по царот Артаксеркс, велик кај Јудејците и љубен од многу свои браќа, зашто му го мислеше доброто на својот народ и говореше за доброто на целото свое племе.
4. И рече Мардохеј: „Од Бога стана тоа, зашто се сетив на сонот, што го видов за тие настани; од него не остана ништо неисполнето. Малиот извор стана река, и стана светлина и сонце и голема вода; таа река е Естира, која царот ја зеде за своја жена и ја направи царица. А двете змии – тоа сме јас и Аман; народите – тоа се тие, што се беа заканиле да го истребат името на Јудејците, а мојот народ – тоа се Израилците, кои повикаа кон Бога и беа спасени. И го спаси Господ Својот народ, и нè избави Господ од сите тие лошотии; направи Бог чуда и чудеса големи, каде што не станувале меѓу незнабошците. Така Бог устрои два жреба – едниот за Божјиот народ, а другиот за сите незнабошци; и излегоа тие два жреба во час и време и во ден суден пред Бога и пред сите незнабошци. И се сети Господ за Својот народ и ги оправда Своите наследници. Затоа ќе се празнуваа тие дни во месецот Адар, во четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден на тој месец, со свеченост, со радост и веселба пред Бога во вечни родови на народот Негов Израилот. Во четвртата година од царувањето на Птоломеја и Келопатра Доситеј, кој, велат, вил свештеник и левит, и Птоломеј, син му, го донесоа во Александрија ова послание за Пурим, кое, велат, го протолкувал Лисаимах, Птоломеев син, кој беше во Ерусалим.