Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Четврта книга Мојсеева (Броеви)

1. Бројот на способните луѓе за борба во Израилот.

1. И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња, во скинијата на сведоштвото, во првиот ден од вториот месец, на втората година, откако беа излегле од Египетската земја, велејќи:
2. “Пребројте ја целата заедница на Израилеви синови според родовите нивни, според челадта нивна, според бројот на имињата нивни, сите од машки пол до еден;
3. од дваесет години нагоре, сите способни кај Изаилот за војна; според доброволечките чети пребројте ги ти и Арон;
4. заедно со вас треба да има од секое племе по еден претставник, кој е старешина на родот свој.
5. И еве ги имињата на мажите, што ќе бидат со вас: од Рувима – Елисур, синот Седиуров;
6. од Симеона – Саламиил, синот Сурисадаев;
7. од Јуда – Наасон, синот Аминадавов;
8. од Исахара – Натанаил, синот Согаров;
9. од Завулона – Елиав, синот Хелонов;
10. од синовите на Јосифа: од Ефрема – Елисам, синот Емиудов; од Манасија – Гамалиил, синот Фадасуров;
11. од Венијамина – Авидан, синот Гадеониев;
12. од Дана – Ахиезер, синот Амисадаев;
13. од Асира – Фагаил, синот Ехранов;
14. од Гада – Елисаф, синот Рагуилов;
15. од Нефралима – Ахиреј, синот Енанов.
16. Тие се избраните кнезови од народот на татковските племиња, началници на Израилевите илјадници.”
17. Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие именувани мажи
18. и го собраа сиот народ на првиот ден од месецот од втората година; и тие ги објавија своите родословија, според родовите свои, според домовите свои, според бројот на имињата, од дваесет години и нагоре, сите до еден од машки пол,
19. како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. И тој го изврши пребројувањето нивно во Синајската пустиња.
20. Од синовите на Рувима, првородениот син на Израила, според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата, сите до еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна.
21. Се изброија од племето Рувимово четириесет и шест илјади и петстотини.
22. Од синовите Семеонови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата, сите до еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
23. се изброија од племето Симеонови песедет и девет илјади и триста.
24. Од синовите Јудини според родовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
25. изброија од племето Јудино седумдесет и четири илјади и шестотини.
26. Од синовите Исахарови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
27. се изброија од племето Исахарово педесет и четири илјади и четиристотини.
28. Од синовите Завулонови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
29. се изброија од племето Завулоново педесет и седум илјади и четиристотини.
30. Од синовите на Јосифа, синовите Ефремови, според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
31. се изброија од племето Ефремово четириесет илјади и петстотини.
32. Од синовите Манасиеви според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
33. се изброија од племето Манасиево триесет и две илјади и двесте.
34. Од синовите Венијаминови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
35. се изброија од племето Венијаминово триесет и пет илјади и четиристотини.
36. Од синовите Гадови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
37. избројувањето од племето Гадово изнесува четириесет и пет илјади и шестотини и педесет.
38. Од синовите Данови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
39. се изброија од племето Даново, шеесет и две илјади и седумстотини.
40. Од синовите Асирови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите способни за војна,
41. се изброија од племето Асирово четириесет и една илјада и петстотини.
42. Од синовите Нефталимови според родовите нивни, според домовите нивни, според бројот на имињата нивни, еден по еден, сите од машки пол, од дваесет години нагоре, сите сопсобни за војна,
43. се изброија од племето Нефталимово педесет и три илјади и четиристотини;
44. тоа се оние, што влегоа во пребројувањето и што ги преброи Мојсеј и Арон и началниците Израилеви – дванаесетмина луѓе, по еден човек од секое племе – според племињата народни.
45. Сите, влезени во пребројувањето, синовите Израилеви, од дваесет години и нагоре, сите од Израилот способни за војна,
46. изброени беа шестотини и три илјади и петстотини и педесет.
47. А левитите меѓу нив не беа броени според татковите им племиња.
48. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
49. “Само Левиевото колено не вбројувајте го и тие бројки не мешај ги со синовите на Израилот;
50. но на левитите довери им ја скинијата на сведоштвото, сите нејзини принадлежности и си што е во неа: тие нека ја носат скинијата и сите нејзини принадлежности и да служат во неа, и околу скинијата да бидат распоредени;
51. а кога ќе треба да се пренесува скинијата, левитите да ја креваат, и кога ќе треба да се застане, левитите да ја симнат; ако, пак, до неа пристапи некој од друго племе, да биде убиен.
52. Синовите Израилеви треба да бидат распоредени секој според својот чин, и секој според своето старешинство, способен да војува.
53. А левитите да се сместат од спротивната страна, околу скинијата на сведоштвото, за да не падне гнев врз општеството на синовите Израилеви; левитите сами да стојат на стража при скинијата на сведоштвото.”
54. И направија синовите Израилеви се’ онака како што му заповеда Господ на Мојсеја; така направија.

2. Распоред на племињата во логорот.

1. И им рече Господа на Мојсеја и Арона, велејќи:
2. “Синовите Израилеви треба да се распоредат секој според својот чин, според знамето на домот свој, наоколу треба да се настанат синовите Израилеви пред Господа, околу скинијата на сведоштвото.
3. Најнапред, на исток, ќе се настани полкот Јудин со војниците свои, и началникот на Јудините синови Наасон, синот Аминадавов.
4. Силата на неговата војска изнесува седумдесет и четири илјади и шестотини војници.
5. По него да се распореди племето Исахарово, и началникот на Исахаровите синови Натанаил, синот Согаров,
6. чија сила е изброена на педесет и четири илјади и четиристотини војници.
7. Близу потаму да се смести племето Завулоново, и началникот на синовите Завулонови Елиав, синот Хелонов;
8. бројот на неговите доброволци изнесува педесет и седум илјади и четиристотини.
9. Сите изброени во Јудиновиот логор се сто и осумдесет и шест илјади и четиристотини; тие први да тргнат.
10. Кон југ да биде распореден Рувимовиот полк со војската и началникот на синовите Рувимови Елисур, синот Седиуров;
11. бројот на неговите војници, влезени во пребројувањето негово, е четириесет и шест илјади и петстотини.
12. До него да се настани племето Симеоново, и началникот на синовите Симеонови Саламиил, синот Сурисадаев;
13. а неговите војници изброени беа педесет и девет илјади и триста.
14. Потоа да се насели племето Гадово, и началникот на синовите Гадови Елисаф, синот Рагуилов;
15. неговите доброволци беа на број четириесет и пет илјади и шестотини и педесет.
16. Сета сила влезена во пребројувањето на Рувимовиот полк изнесува сто и педесет и една илјада и четиристотини и педесет; тие втори да појдат.
17. Кога ќе се крене скинијата на сведоштвото, населбата на левитите да биде во средината на другите населби. Како што се разместени, така и да одат, секој на своето место според чинот свој.
18. Кон морето да биде населбата на Ефремовиот полк со војската негова, и началникот на синовите Ефремови, Елисам, синот Емиудов,
19. а неговите војници изброени, се четириесет илјади и петстотини.
20. До него да се смести племето Манасиево, и началникот на синовите Манасиеви Гамалиил, синот Фадасуров,
21. со неговите доброволци, кои се триесет и две илјади и двесте.
22. Потоа да се смести близу до племето Венијаминово, и началникот на синовите Венијаминови Авидан, синот Гадеониев,
23. заедно со неговите војници, чиј број е триесет и пет илјади и четиристотини.
24. Сите изброени војници од Ефремовата населба се сто и осум илјади и сто; тие трети да поаѓаат.
25. Кон север да биде населбата на Дановата војка, и началникот на синовите Данови Ахиезер, синот Амисадаев,
26. и неговите војници, чиј број изнесува шеесет и две илјади и седумстотини.
27. А до него да се смести племето Асирово, и началникот на синовите Асирови Фагаил, синот Ехранов,
28. заедно со неговите војници на број, четириесет и една илјада и петстотини.
29. Потаму да се настани племето Нафталимово, и началникот на синовите Нафталимови Ахиреј, синот Енанов,
30. и неговите педесет и три илјади и четиристотини доброволци.”
31. Сите, влезени во пребројувањето на Дановиот полк, се сто и педесет и седум илјади и шестотини; тие последни да се креваат според чинот свој.
32. Сите изброени синови Израилеви според домовите нивни се шестотини и три илјади и петстотини и педесет.
33. А левитите не се вброени со синовите на Израилот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
34. И направија синовите Израилеви се’ што му беше заповедал Господ на Мојсеја; така се распоредија според чиновите свои, и така одеа секој според племето свое, според домовите свои.

3. Племето Ароново. Левитската служба. Откуп на првенците.

1. Ова е родословот Аронов и Мојсеев, во оној ден кога му говореше Господ на Мојсеја на планината Синај.
2. Еве ги имињата на синовите Аронови: првенецот Надав, Авуид, Елеазар и Итамар.
3. Тоа се имињата на Ароновите синови, помазани за свештеници, кои тој ги посвети за да свештенодејствуваат.
4. Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога донесоа туѓ оган пред Господа во Синајската пустиња, а немаа деца; Елеазар, пак, и Итамар останаа како свештеници кај татка си Арона.
5. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
6. “Доведи го Левиевото племе и постави го при свештеникот Арона, за да му служат;
7. и нека тие бидат на стража за него и на стража за целото општество Израилево при скинијата на сведоштвото, за да се извршуваат службите при скинијата;
8. и да ги пазат сите сосуди во скинијата на сведоштвото и да бидат на стража за синовите Израилеви во врска со сите работи што се вршат околу скинијата.
9. И дај му ги левитите на Арон, братот твој, и на синовите негови свештениците: нека Ми бидат тие дадени како дар од синовите Израилеви.
10. А Арон и синовите негови постави ги над скинијата на сведоштвото, за да ја пазат свештеничката дожност и се’ што е кај жртвеникот и зад завесата; а ако некој надворешен се доближи, да биде убиен.”
11. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12. “Ете, Јас ги зедов левитите меѓу синовите Израилеви наместо сите првородени од Израилевите синови, што ја отвораат утробата, тие се откуп; левитите да бидат Мои,
13. бидејќи сите првородени се Мои; во денот, кога ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас си осветив за Себе сите Израилеви провородени од човек до добиток: тие да бидат Мои. Јас сум Господ.”
14. И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња, велејќи:
15. “Преброј ги Левиевите синови според домовите нивни, според родовите нивни, преброј си од машки пол од еден месец, и нагоре!”
16. И ги преброи Мојсеј и Арон според зборовите Господови, како што беше заповедано.
17. Еве ги Левиевите синови според имињата нивни: Гирсон, Каат и Мерари.
18. А ова се имињата на Гирсоновите синови според родовите нивни: Ловен и Семеј.
19. И Катовите синови според родовите нивни: Амрам и Исар, Хеврон и Узиил.
20. И Мерариевите синови според родовите нивни: Моли и Муси. Тоа се Левисвите родови според домовите нивни:
21. Од Гирсона произлегува родот Ловенов, родот Семејов: тоа се Гирсоновците.
22. Сите, изброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа седум илјади и петстотини.
23. Родовите на Гирсоновци се беа сместиле зад скинијата, кон запад.
24. Началник на поколението од Гиросовите синови беше Елисаф, син Даилов;
25. на Гирсоновите синови при скинијата на сведоштвото им е доверено да ги пазат: скинијата и покривката нејзина, завесата над влезот во скинијата на сведоштвото,
26. оградите од тремот, завесата од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и сите други негови делови.
27. Од Каат произлегува родот Амрамов и родот Исаров, и родот Хевронов и родот Узиилов: тоа се Катовците;
28. Според пребројувањето сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа осум илјади и шестотини, кои го чуваа (пазеа) светилиштето.
29. Родовите на Каатовци да се сместат на јужната страна од скинијата;
30. а началникот на племето Каатовци беше Елисафан, синот Узиилов;
31. тие го чуваа ковчегот, трпезата, светилникот, жртвениците, садовите на светилиштето, со кои се служи, и завесата со сите нејзини работи.
32. Началник над началниците на левитите беше Елеазар, син на свештеникот Арон; поставен како стража да го чува светилиштето.
33. Од Мерари произлегува родот на Моли и родот на Муси; тоа се родови Мерариови;
34. сите преброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа на број шест илјади и двесте;
35. началник на домот на Мерариевци беше Суриил, син Авихеов; тие да се распоредат на северната страна;
36. на Мерариевите синови им беше доверено да ги пазат штиците на скинијата и јажињата нејзини, столбовите, подножјата нејзини, сите сосуди, и сите работи со целото нивно устројство,
37. столбовите од тремот наоколу и подножјата нивни, колците нивни и јажињата нивни.
38. А од предната страна на скинијата, на исток, сместени беа Мојсеј и Арон, и синовите негови, кои место синовите Израилеви, го пазеа светилиштето; ако, пак, некој туѓинец, се доближеше, биваше убиен.
39. Сите изброени левити, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, според родовите нивни, сите од машки пол, од еден месец нагоре, беа дваесет и две илјади.
40. И му рече Господ на Мојсеја: “Преброј ги сите првородени синови Израилеви од машки пол, од еден месец и нагоре, и преброј ги поименично;
41. и земи ги левитите за Мене, наместо сите првородени од синовите Израилеви, – Јас сум Господ, – а добитокот на левитите место сиот првороден добиток на синовите Израилеви.”
42. И ги преброи Мојсеј, како што му заповеда Господ, сите првородени од синовите Израилеви;
43. и сите првородени од машки пол, според бројот на имињата, од еден месец и нагоре, беа дваесет и две илјади и двесте и седумдесет и три.
44. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
45. “Земи ги левитите место сите првородени од синовите Израилеви, и добитокот на левитите, место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас сум Господ.
46. А за откуп на десте и седумдесет и трите првородени Израилеви, со кои го надминуваа бројот на левитите,
47. земи по пет сикли за човек, според свештената сикла земи, по даесет пенези од сикла,
48. и дај му го тоа сребро на Арона и на синовите негови, за откуп на оние, што го надминуваат нивниот број.”
49. И го зеде Мојсеј среброто од откупот за оние, што го надмунуваат бројот на заменетите со левитите.
50. Од првородените Израилеви синови зеде сребро илјада и триста и шеесет и пет сикли, според свештената сикла;
51. и среброто од откупот, за оние што го надминуваат бројот, Мојсеј му го даде на Арона и на синовите негови според зборовите на Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

4. Посебни задолженија на левитите.

1. Му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:
2. “Пребројте ги Каатовите синови меѓу синовите Левиеви според родовите нивни, според домовите нивни,
3. од дваесет и пет години нагоре до педесет години, за да бидат на служба, вршејќи ги сите работи во скинијата на сведоштвото.
4. А ова е службата на Каатовите синови, левитите, според родовите нивни, според домовите нивни во скинијата на сведоштвото: да ја носат Свјатаја Свјатих.
5. Кога ќе треба да се крене на пат, Арон и синовите негови да влезат и да ја симнат покривната завеса и да го покријат со неа ковчегот на сведоштвото
6. и да го покријат со покровот од сини кожи, и над неа да ја стават покривката цела од синкава волна, и да го постават носилата.
7. И трпезата за лебот на предложението да ја покријат со платно од синкава волна и да ги наредат одозгора чиниите, и кадилниците, и чашите, и канчињата за пресипување, а на неа секогаш да има лебови;
8. да стават врз нив црвена покривка, да ја покријат со покривало од сина кожа и да ја постават на носилата.
9. Да земат исто така покривка сина, и да го покријат свеќникот за осветлување, и свеќите негови, и чистилките негови, и сите садови за елеј, со кои се служат,
10. да го обвијат, и сите негови сосуди да ги покријат со покривка од сини кожи и да го стават на носила.
11. А на златниот жртвеник да стават покривка од синкава волна, да го покријат со покривка од сини кожи, и да го постават на носилки.
12. Да ги земат сите сосуди за служење, со кои служат во светилиштето, да го обвијат во синкава волнена обвивка, да ги покријат со покривка од сини кожи, и да ги постават на носилки.
13. А покривка да стават и на жрвеникот и да го обвијат со пурпурно платно;
14. да ги стават одозгора сите сосуди негови, со кои се служат во нив – кадилата, виљушките, лопатките и чашите, сите сосуди на жртвеникот – да го покријат со покривка од сини кожи и да го постават на носилка. И да земат пурпурно платно, да го покријат умивалникот и подножјата негови, да го обвијат во сина кожена покривка, и да го стават на
носилка.”
15. И направија така, Арон и синовите негови, покривајќи го целото светилиште и сите сосуди на светилиштето, па кога ќе се крева населбата, тогаш Каатовите синови да влезат и да носат; но тие не смеат да се допираат до светите работи, за да не умрат. Тие работи од скинијата на сведоштвото да ги носат Каатовите синови.
16. Надѕирател ќе биде Елеазар, синот на свештеникот Арон, нему му се доверува елејот за светилникот, благомиризливото кадило, постојаниот лебен принос и елејот за помазание, – му се доверува целата скинија и си, што е во неа, светилиштето и она што му припаѓа нему.
17. И му рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:
18. “Не го погубувајте родот на Каатовците меѓу левитите,
19. туку еве што ќе направите за нив, за да бидат живи и да не умираат, кога пристапуваат кон Свјатаја Свјатих: Арон и синовите негови нека дојдат и нека му определат на секого од нив кој што ќе носи:
20. но тие не смеат да се доближуваат и ненадејно да ја видат Свјатаја, за да не умрат.”
21. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
22. “Преброј ги и Гирсоновите синови според домовите нивни, според родовите нивни,
23. од дваесет и пет години нагоре до педесет години, пребројте ги сите подобни за служба и за работа во скинијата на сведоштвото.
24. Еве ја работата на Гирсоновиот род, кога ќе служат и ќе се движат:
25. да ги носат оградите на скинијата, и скинијата на сведоштвото, покривката нејзина, и покривот од сини кожи, што е на неа, оградата на вратата од скинијата на сведоштвото,
26. оградата на тремот, завесите од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и си што им припаѓа ним; и сите сосуди за служење што извршуваат служба.
27. Сите служби на Гирсоновите синови, кога носат товари и кога вршат работа, треба да се извршуваат по заповед на Арона и на синовите негови; секому да му се каже посебно што кој ќе носи.
28. Тоа се службите на родовите на Гирсоновите синови во скинијата на сведоштвото и тоа е, што да пазат под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон.
29. Преброј ги Мерариевите синови според родовите нивни, според домовите нивни;
30. од дваесет и пет години нагоре до педесет години, преброј ги сите способни за служба, за да работат во скинијата на сведоштвото.
31. Еве што треба да носат тие според службата своја во скинијата на сведоштвото: оградите од скинијата и јажињата нејзини, столбовите нејзини и подлогите нивни,
32. и столбовите од сите страни на тремот и подножјата нивни, и столбовите за завесата на вратата од тремот, и колците нивни и јажињата нивни, и сите сосуди и подножјата и си што е потребно за служење и именувајте ги работите, што треба да ги носат.
33. Тоа е работата на родовите на Мерариевите синови според службата нивна при скинијата на сведоштвото, а под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон.”
34. И ги распоредија Мојсеј и Арон началниците Израилеви на Каатовите синови според родовите нивни и домовите нивни,
35. од дваесет и пет години нагоре дури до педесеттата што ќе служи и работи секој во скинијата на сведоштвото.
36. И излегоа на број според родовите нивни, две илјади и седумстотини и педесет.
37. Тоа се преброените родови Каатови, на сите што ќе служат при скинијата на сведоштовото, и што ги изброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадена преку раката на Мојсеја.
38. И Гирсоновите синови беа преброени според родовите нивни, и според домовите нивни,
39. од дваесет и пет години и нагоре, дури до педесет години, што секој ќе работи и врши во скинијата на сведоштвото;
40. и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, две илјади и шестотини и триесет.
41. Тоа се изброените од родовите на Гирсоновите синови, сите што ќе служат во скинијата на сведоштвото, а кои ги изброи Мојсеј и Арон, по заповед на Господа, преку раката на Мојсеја.
42. Родовите на Мерариевите синови беа изброени според родовите нивни, според домовите нивни,
43. од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни за служба и за работа при скинијата на сведоштвото;
44. и излегоа на број, според родовите нивни, според домовите нивни, три илјади и двесте.
45. Тоа се преброените од родовите на Мерариевите синови, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, дадени преку Мојсеја.
46. И беа изброени сите левити, што ги изброи Мојсеј и Арон и началниците Израилеви според родовите нивни и според домовите нивни,
47. од дваесет и пет години и нагоре, дури и до педесет години, сите способни да работат и да носат во скинијата на сведоштвото,
48. и излегоа на број осум илјади и петстотини и осумдесет.
49. По заповед на Господа ги распореди Мојсеј, секој за својата работа што ќе ја врши, и беа изброени, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

5. Отстранување на нечистите. Неверноста е грев.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Заповедај им на синовите Израилеви да ги истераат надвор од населбата сите лепрозни, и сите што имаа излив на семе, и сите што се оскверниле од мртовец;
3. и мажите и жените истерајте ги, надвор од населбата истерајте ги, за да не ги осквернуваат домовите свои, меѓу кои и Јас живеам.”
4. Така и направија синовите Израилеви и ги истераа надвор од населбата: како што му рече Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви.
5. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
6. “Кажи им на синовите Израилеви: ако маж или жена направи кој и да било грев против човек и со тоа изврши престап против Господа, виновна е таа душа.
7. Нека го исповеда направениот грев и да го врати она, за што е виновен, и да додаде кон тоа уште една петина и да му го даде на оној, спрема кого згрешил.
8. Ако тој човек нема наследник, кому би требало да му се врати за вината, тогаш да му го посвети тоа на Господа: нека биде тоа за свештеникот, освен овенот за очистувањето, над кој ќе се помоли тој за него.
9. И секоја првина, и си што се осветува за синовите Израилеви, а ќе го донесуваат за Господа при свештеникот, нему му припаѓа;
10. и посветеното, од кого и да е, нему му припаѓа, и, ако некој му даде нешто на свештеникот, нему му припаѓа.”
11. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12. “Зборувај со синовите Израилеви и кажи им: ако некого го извевери жената и го презре,
13. или ако некој преспие со неа и излие семе, и тоа се утаи од очите на мажот нејзин, или ако скрие дека се осквернила тајно, а против неа нема сведок, таа нема да биде разобличена;
14. а него го обземе ли љубоморен дух, и почне да љубомори на жена си, кога таа е осквернета, или го обзема љубоморен дух, и тој почне да љубомори на жена си, кога таа не е осквернета,-
15. тогаш мажот нека ја доведе жената при свештеникот и да принесе дар за неа една десетина од ефа јачмено брашно, на да не го полива со елеј и да не става на него ливан, зашто тоа е жртва за љубомора, жртва за спомен што наспомнува за беззаконие.
16. А свештеникот нека ја приведе жената и нека ја исправи пред Господа;
17. и да зема тој изворска вода во глинен сад и прав од сувата земја во скинијата, и да го стави во водата.
18. Потоа свештеникот да ја исправи жената пред Господа, и да и ја открие главата и да го стави врз рацете нејзини приносот за спомен, – а тоа е принос за љубомора, а свештеникот да ја држи во раката измешаната вода, која носи проклетство.
19. И свештеникот да ја заколне и да и рече на жената: “Ако никој не бил со тебе, и ти не си се осквернила и не си го изневерила својот маж, невина биди.
20. Но, ако си го изневерила својот маж и си се осквернила, и ако некој, освен твојот маж, спиел со тебе,-
21. тогаш свештеникот нека ја заколне жената со клетва за проклетството и нека и рече: – Да те предаде Господ на проклетството и на клетва во твојот народ, и да даде Господ утробата твоја да се исуши, и стомакот твој да се надуе;
22. и да мине внатре во тебе таа вода што носи проклетство, па стомакот твој да се надуе и утробата твоја да се исуши. – А жената да каже: ‘Амин, амин.’
23. И свештеникот да ја напише таа клетва на хартија, а потоа да ја избрише во измешаната вода;
24. и да и даде на жената да се напие од измешаната вода, што носи проклетство, и да влезе во неа водата, што донесува проклетство.
25. И да земе свештеникот од рацете на жената лебен принос за љубомора, и да го издигне тој принос пред Господа, и да го однесе кај жртвеникот.
26. И свештеникот да земе тогаш со рака малку од лебниот принос за спомен, да го изгори на жртвеникот и потоа да и даде да жената да ја испие водата;
27. и откога ќе ја напои со водата, ако е таа нечиста и ако направила престап спрема својот маж, измешаната вода што носи проклетство, ќе влезе во неа, и стомакот ќе и се надуе, и утробата нејзина ќе се исуши, и таа жена ќе биде проклета меѓу својот народ.
28. Ако, пак, жената не е осквернета и останала чиста, ќе остане без повреда и ќе се оплодува од семе.
29. Тоа е законот за љубомора: кога жената ќе го изневери својот маж и ќе се оскверни,
30. или кога љубоморен дух ќе го обзема мажот, и тој почне да љубомори на жена си, тогаш тој нека ја исправи жена си пред Господа, и нека го изврши свештеникот над неа си она според овој закон,-
31. и мажот ќе биде чист од грев, а жената ќе го прими врз себе својот грев.”

6. Закон за назореите. Благослов за Израилот.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ако маж или жена вети да Му се посвети на Господа, да даде завет за да се очисти со Господовата чистота,
3. тој треба да се воздржува од вино и од сикер, и од вински оцет, и од оцет од сикер, и не смее да пие ништо приготвено од грозје, а не смее да јаде ни свежо, ниту суво грозје;
4. во сите денови на својот завет тој не смее да јаде и да пие ништо, што е приготвено од грозје, – од семките до лушпите.
5. Во сите денови на неговиот завет за очистување брич не смее да ја допира главата негова; додека да минат деновите, во кои Му се посветил на Господа, тој е свет; треба да остави слободна да расте косата на неговата глава.
6. Во сите денови, во кои Му се посветил на Господа, тој не смее да се доближува до мртво тело;
7. тој не смее да се осквернува ни со допир до таткото свој и мајката своја, до братот свој и сестрата своја, кога ќе умрат, зашто заветот на Бога е врз главата негова;
8. во сите денови на неговиот завет нека биде свет пред Господа.
9. Ако некој кај него умре некој ненадејно, и со тоа се оскверни главата на неговиот завет, да ја истриже главата своја во денот на своето очистување, на седмиот ден да ја истриже,
10. а во осмиот ден да му однесе на свештеникот при влезот од скинијата на сведоштвото две грлици или два млада гулаба.
11. Свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и да се помоли за него за она во што се осквернил и да ја посвети главата негова во тој ден; во тој ден ќе се освети во Господа, во деновите на неговиот завет,
12. а тој одново треба да ги почне на Господа посветените денови според својот завет и да принесе едногодишно јагне како жртва за престап; поранешните, пак, денови да не се сметаат, зашто главата му беше осквернета.
13. И тоа е законот за оној што сака да освети, и во оној ден кога ќе завршат деновите за заветот негов, тој сам треба да принесе пред влезот од скинијата на сведоштвото,
14. приведувајќи Му дар на Господа едно едногодишно машко јагне без недостаток за сепаленица, и едно женско јагне без недостаток како жртва за грев и еден овен без недостаток како жртва за спасение,
15. и кошница со лебови без квас од пченично брашно, и лебови месени со елеј, и лебови помазани со елеј, и жртва за нив и за преливање.
16. И свешетникот да го донесе тоа пред Господа и да принесе жртва за грев и сепаленица за него;
17. овенот да Му го принесе на Господа како жртва за спасение заедно со кошницата бесквасни лебови; исто така свештеникот да го принесе лебот и преливот за него.
18. А при влезот од скинијата на сведоштвото ветениот да ја истриже својата посветена глава, и да ја стави косата од својата посветена глава на огнот, што е под жртвата за спасение.
19. И да земе свештеникот една сварена плешка од овенот, еден бесквасен леб од кошницата и еден леб и да ги стави во рацете на ветениот, откако тој ќе ја истриже својата глава;
20. и да го издигне тоа свештеникот, нишајќи го пред Господа; тоа е светиња за свештеникот заедно со нишканите приноси и издигнатата плешка. Потоа назореот може да пие вино.
21. Тоа е законот за ветениот, кој што ветил да Му даде дар на Господа за неговиот завет, освен она, што не е во состојба да даде: според законот за очистување.”
22. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
23. “Кажи му на Арона и на синовите негови: така да го благословувате синовите Израилеви и говорете им:
24. ‘да те благослови Господ и да те чува!
25. да погледна милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице на тебе и да те помилува;
26. да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!’
27. Така да го спомнувате името Мое над синовите Израилеви, и Јас, Господ ќе ги благословам.”

7. Жртви на племенските старешини за осветување на скинијата на сведоштвото.

1. Во оној ден кога Мојсеј ја изгради скинијата и ја помаза, кога ја освети неа и сите нејзини сосуди, и жртвеникот и сите негови сосуди, и ги помаза и ги освети, –
2. тогаш доведоа при него дванаесет началници Израилеви, глави на домовите нивни, старешини на племињата што го надгледуваа пребројувањето,
3. и донесоа принос свој пред Господа – шест покриени коли и дванаесет волови, по една кола од двајца началници и по едно теле од секого, и го донесоа тоа пред скинијата.
4. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
5. “Земи го тоа од нив; тоа ќе послужи за извршување на службите во скинијата на сведоштвото; и дај им го тоа на левитите, секому според службата негова!”
6. И ги зеде Мојсеј колите и воловите и им ги предаде на левитите:
7. две коли и четири вола им даде на Гирсоновите синови, според службата нивна;
8. и четири коли и осум волови им даде на Мерариевите синови, според службата нивна, под надзор на Итамара, синот на свештеникот Арон;
9. а на Каатовите синови не им даде, зашто нивната работа беше да го носат светилиштето: на рамо треба да го носат.
10. И донесоа началниците жртви за осветување на жртвеникот во оној ден кога го помазаа, а принесоа началниците и дарови свои пред жртвеникот.
11. Па му рече Господ на Мојсеја: “На ден по еден началник да донесува свој принос за обновување на жртвеникот.”
12. Во првиот ден го донесе својот дар Наасон, Аминадавовиот син, од племето на Јуда;
13. дарот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша, тешка седумдесет сикли, според свештената сикла, обете полни со пченично брашно, смешано со елеј за жртва;
14. една златна кадилница, тешка десет сикли, полна со темјан;
15. едно теле, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица;
16. еден козел од козите – жртва за грев;
17. и жртва за спасение, две јуниња, пет овни, пет козли, пет јагниња. Тоа беше дар од Наасона, Аминадавовиот син.
18. Во вториот ден дар свој донесе Натанаил, Согаровиот син, началник на племето Исахарово;
19. тој донесе свој принос: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
20. една златна касилница – десет сикли, полна со темјан,
21. едно теле, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
22. е еден козел како жртва за грев,
23. и жртва за спасение – два јунца, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа беше дарот од Натанаила, Согаровиот син.
24. Во третиот ден донесе началникот на синовите Завулонови Елиав, Хелоновиот син;
25. дарот му беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
26. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
27. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
28. еден козел – жртва за грев,
29. и жртва за спасение две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа беше дар од Елиав, Хелоновиот син.
30. Во четвртиот ден донесе началникот на Рувимовите синови Елисур, Седиуровиот син;
31. дарот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаше – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно со елеј за жртва;
32. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
33. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
34. еден козел – жртва за грев,
35. и жртва за спасение две јуници, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисур, Седиуровиот син.
36. Во петтиот ден донесе началникот на Симеоновите синови Саламиил, Сурисадаевиот син;
37. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, обете полни со пченично брашно, и измешано со елеј за жртва;
38. една златна кадилница – десет сикли, полна со кадиво,
39. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
40. еден козел – жртва за грев,
41. и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет колзли и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Саламиил, Сурисадаевиот син.
42. Во шестиот ден донесе началникот на Гадовите синови Елисаф, Рагуиловиот син;
43. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
44. една златна кадилница – десет сикли, полна со кадиво,
45. еден козел, едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
46. еден козел жртва за грев,
47. и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли и пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисаф, Рагуиловиот син.
48. Во седмиот ден донесе началникот на Ефремовите синови Елисам, Емиудовиот син;
49. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
50. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
51. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
52. еден козел – жртва за грев,
53. и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Елисам, Емиудовиот син.
54. Во осмиот ден донесе началникот на Манасиевите синови Гамалиил, Фадасуровиот син;
55. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
56. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
57. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
58. еден козел – жртва за грев,
59. и жртва за спасение, две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Гамалиил, Фадасуровиот син.
60. Во деветтиот ден донесе началникот на Венијаминовите синови Авидан, Гидеониевиот син;
61. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според севштената сикла, полни со пченично брашно измешано со елеј за жртва;
62. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
63. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
64. еден козел – жртва за грев,
65. е жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишно јагниња. Тоа е дар од Авидана, Гидеониевиот син.
66. Во десеттиот ден донесе началникот на Дановите синови Ахиезер, Амисадаевиот син;
67. приносот негов беше една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
68. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
69. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
70. еден козел – жртва за грев,
71. И жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот на Ахиезер, Амисадаевиот син.
72. Во единаесеттиот ден донесе началникот на Асировите синови Фагаил, Ехрановиот син;
73. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва;
74. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
75. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
76. еден козел – жртва за грев,
77. и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Фагаил, Ехрановиот син.
78. Во дванаесеттиот ден донесе началникот на Нефталимовите синови Ахиреј, Енановиот син;
79. приносот негов беше: една сребрена чинија, тешка сто и триесет сикли, една сребрена чаша – седумдесет сикли, според свештената сикла, полни со пченично брашно, измешано со елеј за жртва.
80. една златна кадилница – десет сикли, полна со темјан,
81. едно теле од воловите, еден овен, едно едногодишно јагне за сепаленица,
82. еден козел, жртва за грев,
83. и жртва за спасение – две јуници, пет овни, пет козли, пет едногодишни јагниња. Тоа е дарот од Ахиреја, Енановиот син.
84. Тоа беа даровите од началниците Израилеви при обновувањето на жртвеникот во денот на помазувањето негово: дванаесет сребрени чинии, дванаесет сребрени чаши, дванаесет златни кадилници.
85. Во секоја чинија имаше по сто и триесет сикли сребро и во секоја чаша по седумдесет; и така, сребро во тие садови си на си – две илјади и четиристотини сикли, според свештената сикла;
86. а дванаесетте златни кадилници полни со темјан, секоја имаше по десет сикли, според свештената сикла: злато во кадилниците си на си – сто и дваесет сикли.
87. За сепаленици имаше вкупно: дванаесет телиња крупен добиток, дванаесет овни, дванаесет едногодишни јагниња, и жртвите со нив и прелив за нив, како и жртвите за грев дванаесет козли;
88. а за спасение жртви имаше си на си: дваесет и четири телиња крупен добиток, шеесет овни, шеесет едногодишни козли, шеесет едногодишни јагниња без недостаток; тоа беа даровите при осветувањето на жртвеникот откако беше помазан.
89. Кога Мојсеј влегуваше во скинијата на сведоштвото да зборува со Господа, слушаше глас, кој му говореше од поклопецот, што е над ковчегот на откровението меѓу двата

8. За златниот свеќник. Посветување и времето на левитската служба.

1. И му рече Господ на Мојеја, велејќи:
2. “Јави му на Арона и кажи му: кога ги палиш кандилцата, отспреди на светилникот треба да горат седум канцилца.”
3. Арон така и направи: отспреди на светилникот ги запали кандилцата негови, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
4. И еве како е направен светилникот: излеан е од злато – од стеблото негово до цветовите негови; тој го направи светилникот според образецот, што Господ му го беше покажал на Мојсеја.
5. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
6. “Земи ги левитите меѓу синовите Израилеви и очисти ги.
7. А за да ги очистиш, постапи со нив вака: пороси ги со вода за очистување, и нека го избричат со брич целото тело свое и да ги исперат алиштата свои, па ќе бидат чисти.
8. И да земат едно теле од воловите и заедно со него и жртва принос од пченично брашно, измешано со елеј, и друго теле нека земат – жртва за грев.
9. И доведи ги левитите пред скинијата на сведоштвото и собери го целото општество на синовите Израилеви;
10. доведи ги левитите пред Господа, а синовите Израилеви нека ги стават рацете свои врз левитите.
11. Арон, пак, да го изврши над левитите посветувањето нивно пред Господа од страна на синовите Израилеви за да Му служат на Господа;
12. а левитите да ги ставаат рацете свои врз главите на телињата, и едното да го принесе како жртва за грев, а другото за сепаленица на Господа, за да се смили над нив Господ.
13. Потоа постави ги левитите пред Арона и пред синовите негови и тие да го извршат над нив посветувањето нивно во Господа;
14. така оддели ги левитите од синовите Израилеви, па левитите да бидат Мои.
15. Потоа левитите, откако ќе ги очистиш и ќе го извршиш над нив посветувањето нивно, да влезат да служат во скинијата на сведоштвото; зашто тие Ми се дадени меѓу синовите Израилвеи;
16. бидејќи место сите првородени од синовите Израилеви, кои отвораат секоја утроба, Јас ги зедов за Себе.
17. Зашто Мои се сите првородени меѓу синовите Израилеви, од човек до добиток: во оној ден, кога Јас ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас ги осветив за Себе,
18. и ги зедов левитите место сите првородени меѓу синовите Израилеви.
19. Меѓу синовите Израилеви левитите му ги предадов на Арон а на синовите негови, за да служат место синовите Израилеви при скинијата на сведоштвото и да внимаваат на синовите Израилеви да не им се случи зло, ако се доближат до светилиштето.”
20. Така и постапија со левитите Мојсеј и Арон и целото општество на синовите Израилеви; како што му заповеда Господ на Мојеја за левитите, така и постапија со нив синовите Израилеви.
21. И левитите откако се очистија и ги испраа облеките свои, Арон изврши над нив посветување пред Господа и ги очисти, и се помоли за нив за да бидат чисти.
22. Потоа левитите влегоа да служат во скинијата на сведоштвото пред Арона и пред синовите негови. Како што му заповеда Господ на Мојсеја за левитите, така и направи со левитите.
23. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: “Еве го законот за левитите: од дваесет и пет години и нагоре да стапуваат на служба при скинијата на сведоштвото,
24. а од педесет години натаму да престанат да служат и повеќе да не работат;
25. а тогаш тие нека им помагаат на браќата свои да чуваат стража при скинијата на сведоштвото, но служба да не служат, така постапувај со левитите, што се однесува до службата нивна.”

9. Израилот прославува Пасха. Пасха за нечистите и патниците. Столб од облак и столб од оган.

1. И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња во првиот месец од втората година, откако беа излегле од Египетската земја, велејќи:
2. “Нека напарват синовите Израилеви Пасха во определеното за неа време:
3. на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според занокот за неа и со сите обреди за неа направете ја!”
4. И им рече Мојсеј на синовите Израилеви да направат Пасха.
5. И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската пустиња: како што му заповеда Господ на Мојсеја, така и постапија во си синовите Израилеви.
6. А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеја и Арона,
7. и му рекоа на Мојсеја: “Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господа во определеното време меѓу синовите Израилеви?”
8. И им рече Мојсеј: “Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.”
9. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
10. “Кажи им на синовите Израилеви: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, при вас или кај родовите ваши, и тој нека направи Пасха Господова.
11. Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец вечерта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки;
12. и да не оставаат од неа за утрешниот ден и коските нејзини да не се кршат; нека ја направат според сите наредби за Пасха.
13. А оној што е чист, а не бил на долг пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господа во определеното време: грев нека прими врз себе тој човек.
14. Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; според наредбата за Пасха и спред обредот за неа тој трева да ја направи; една наредба нека е за вас – и за придојден, и за тукашен.
15. Во оној ден кога беше поставена скинијата, облак ја покри скинијата и домот на сведоштвото, и до вечерта па до мугри со гледаше нешто како оган над скинијата.
16. Така стануваше секогаш: облак ја покриваше дење и нешто како оган – ноќе.
17. И штом облакот ќе се кренеше од скинијата, синовите Израилеви тргнуваа на пат, и на местото, каде што облакот запираше, таму се сместуваа синовите Израилеви.
18. По заповед на Господа синовите Израилеви тргнуваа на пат и по заповед на Господа застануваа: за сето време, додека облакот сотеше над скинијата, стоеја и тие;
19. и ако облакот долго време остануваше над скинијата, синовите Израилеви го набљудуваа тој Господов знак и не тргнуваа.
20. Понекогаш, пак, облакот малку време остануваше над скинијата: според знакот Господов тие се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат.
21. Понекогаш облакот стоеше само од вечечерта до утрината, и наутро облакот се креваше, тогаш и тие тргнуваа; или облакот стоеше и дење и ноќе, и кога ќе се кренеше, тогаш и тие тргнуваа;
22. или ако еден ден, или цел месец, облакот остануваше над скинијата, тогаш и синовите Израилеви стоеја и не тргнуваа на пат; а кога ќе се издигнеше, тогаш тргнуваа.
23. На знакот Господов се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат, го набљудуваа знакот Господов по заповедта на Господа, дадена преку Мојсеја.

10. Употреба на трубата. Поаѓање од Синајската пустиња.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Направи си две сребрени труби, ковани направи ги, за да ти служат да го собираш народот и да ги креваш полковите.
3. А кога ќе затрубиш со нив, да се собере кај тебе целото општество пред влезот од скинијата на сведоштвото.
4. Кога ќе се затруби со едната труба, да дојдат кај тебе кнезовите и војводи Израилеви.
5. Кога ќе затрубите за поаѓање, да се кренат оние полкови, што се сместени кон исток.
6. Кога ќе затрубите по вторпат за поаѓање, тогаш да се кренат полковите, што се сместени кон југ; штом ќе затрубите по третпат за поаѓање, нека се кренат полковите што се настанети кон морето; кога по четврти пат ќе дадете знак, да се кренат полковите, што се настанети кон север; да се труби кога се тргнува на пат.
7. Кога, пак, се свикува собранието, трубете, но не со знак.
8. Со трубите да трубат Ароновите синови, свештениците: тоа да ви биде вечен закон во родовите ваши.
9. И кога ќе се кренете да ја браните земјата ваша од непријателот, кој оди против вас, трубете со знак, и Господ, Бог ваш, ќе си спомни за вас, и вие ќе се избавите од непријателите ваши.
10. И во деновите на веселбата ваша, и во празниците свои, и во новомесечијата свои трубете за сепаленица, а при жртвите ваши за спасение, – и тоа да биде сеќавање пред вашиот Бог: Јас сум Господ, Бог ваш.”
11. На втората година, во вториот месец, на дваесеттиот ден од месецот, облакот се крена од скинијата на сведоштвото.
12. Тогаш синовите Израилеви појдоа од Синајската пустиња со имотите свои, и облакот застана во пустињата Фаран.
13. И се кренаа тие за првпат, по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја.
14. Прво беше кренато знамето, што беше во полето на синовите Јудини, според доброволците нивни; над војската Јудина беше Наасон, Аминадавовиот син;
15. над војската од племето на синовите Исахарови беше Натанаил, Согаровиот син;
16. над војската од племето на синовите Завулонови беше Елиав, Хелоновиот син;
17. И се кренаа синовите Гирсонови и синовите Мерариеви, кои ја носеа скинијата.
18. А беше кренато и знамето во полкот на синовите Рувимови со нивната војска; и над војската Рувимова беше Елисур, Седиуровиот син;
19. а над војската од племето на синовите Симеонови беше Саламиил, Сурисадаевиот син;
20. над војските, пак, од племето на синовите Гадови беше Елисаф, Рагуилов син.
21. Потоа тргнаа Каатовите синови, носејќи го светилиштето; и скинијата ја поставуваа онде, каде што пристигнуваа.
22. И се крена знамето во полкот на синовите Ефремови со војската негова; и над војската Ефремова беше Елисам, Емиудовиот син;
23. а над војската од племето на синовите Манасиеви беше Гамалиил, Фадасуровиот син;
24. над војската пак, од племето на синовите Венијаминови беше Авидан, Гадеониевиот син.
25. Последно меѓу сите полкови беше кренато знамето во полкот на синовите Данови со војската нивна; и над војската Данова беше Ахиезер, Амисадаевиот син;
26. а над војската од племето на синовите Асирови беше Фагаил, Ехрановиот син.
27. над војската пак, од племето на синовите Нефталимови беше Ахиреј, Енановиот син.
28. Тоа се полковите на синовите Израилеви со војските нивни. И тргнаа.
29. И му рече Мојсеј на Јовав, Рагуиловиот син, Мадијамецот, Мојсеевиот тест: “Ние одиме во она место, за кое Господ рече: ‘вам ќе ви го дадам.’ Дојди со нас, ќе ти направиме добро, зашто Господ вети многу добрини за Израилот.”
30. Но тој му одговори: “Нема да дојдам; ќе отидам во земјата своја, при родот свој ќе појдам.”
31. А Мојсеј му рече: “Не оставај ни, зашто ти беше со нас во пустињата, и при нас ќе бидеш старешина.
32. Ако појдеш со нас, оние добра, што Господ нам ќе ни ги направи, ќе ти ги направите и ние тебе.”
33. И изминаа од планината Господова три дена пат, и ковчегот на заветот Господов одеше пред нив на три дена пат, за да им одбере место, каде да се сместат.
34. И облакот Господов ги осенуваше дење, кога тргнуваа од логорот.
35. Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: “Стани, Господи, за да се растурат Твоите непријатели, и да избегаат од Твоето лице оние, што Те мразат!”
36. А кога ковчегот се запираше, тој велеше: “Врати се, Господи, кај илјадите и десетиците илјади Израилеви!”

11. Пожар во логорот. Седумдесет старешини пророкуваат. Потполошки.

1. Народот почна гласно да мрмори пред Господа; и Господ чу, па Му се разгори гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и истреби еден дел од војската.
2. И повика народот кон Мојсеја; Мојсеј Му се помоли на Господа и огнот престана.
3. И го нарекоа тоа место “(оган)” тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Господов.
4. Продојдените меѓу нив почнаа да негудуваат, а заедно со нив и синовите Израилени седнаа, плачеа и велеа: “Кој ќе ни нахрани со месо?”
5. Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во Египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот;
6. а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.”
7. А маната прилегаше на кориандрово семе и изгледаше како кристал.
8. Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачници, и ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со елеј
9. Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него.
10. И чу Мојсеј дека народот плаче во колибите свои, секој пред вратата од шаторот свој; и гневот Господов силно се разгоре, и на Мојсеја му стана тешко.
11. И Му рече Мојсеј на Господа: “Зошто го озлоби Твојот роб и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ?
12. Зар јас го зачнав во утробата своја овој народ, и зар јас го родив, па ми велиш: ‘носи го на раце, како што доилката го носи детето, до земјата, која Ти со клетва му ја вети на татковците негови?’
13. Од каде при мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, оти тие плачат пред мене и велат: ‘дај ни месо да јадеме.’
14. Јас сам не можам да го водам сиот овој народ, зашто таа заповед е тешка за мене.
15. Штом така постапуваш со мене, подобро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја.”
16. И му рече Господ на Мојсеја: “Собери ми седумдесет мажи од старците меѓу старешините Израилеви, за кои знаеш дека се негови старешини и надзиратели, па доведи ги кај скинијата на сведоштовото, за да застанат таму заедно со тебе.
17. Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е во тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе товарот на народот, а не ти сам да го носиш.
18. А на народот кажи му: ‘очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господа велејќи: – кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, – затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо;
19. ќе јадете не ден, не два, не пет дена, не десет и не дваесет дена,
20. но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што го презревте Господа, Кој што е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: – што ни требаше да излегуваме од Египет?”
21. И рече Мојсеј: “Шестотини илјади пешаци има во тој народ, меѓу кои сум и јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец!
22. зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно, или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи?”
23. И му рече Господ на Мојсеја: “Зар е раката Господова кратка: сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не.:
24. Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата.
25. И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа.
26. Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот – Модад; но и над нив беше слегол Духот, тие беа меѓу запишаните, само што не излегоа при скинијата, но и тие пророкуваа во логорот.
27. Дотрча едно момче и му јави на Мојсеја, и рече: “Елдад и Модад пророкуваат во логорот.”
28. Во одговор на тоа Исус син Навинов, служител на Мојсеја, еден од избраниците негови, рече: “Господаре мој, Мојсеју, забрани им!”
29. Но Мојсеј му рече: “Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!”
30. Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините Израилеви.
31. Потоа ветар дувна од Господа, и донесе откај морето потполошки и ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата.
32. Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој набра десет гомери: и си ги наредија околу логорот да се сушат.
33. Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, и се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз.
34. И го нарекоа тоа место: гробишта на алчноста, зашто таму го погребаа народот, што се покажа алчен.
35. И се кренаа луѓето од гробиштата на алчноста, па појдоа за Асирот, и во Асирот се сместија.

12. Жената Аронова, Маријам, е казнета со болеста лепра.

1. Тогаш Маријам и Арон го прекоруваа Мојсеја поради жената Етиопјанка, што ја беше зел, зашто тој се беше оженил со Етиопјанка;
2. и рекоа: “Само на Мојсеја ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Он и нам?” И Господ го чу тоа.
3. А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата.
4. И им рече Господ веднаш на Мојсеја, Арона и на Маријам: “Излезете вие тројца пред скинијата на сведоштвото!” Тие излегоа и тројцата.
5. И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на сведоштвото, па го повика Арона и Маријам, и тие излегоа и двајцата.
6. И рече: “Чујте ги Моиве зборови: ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него;
7. не е така, меѓутоа со Мојот слуга Мојсеј, – тој е верен на целиот Мој дом:
8. Јас говорам со него уста со уста, и јавно, а не преку гатање, и тој ја виде славата Господова; а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеја?”
9. И се разгори гневот на Господа против нив, и Он си отиде.
10. Се повлече и облакот од скинијата, и ете, Маријам беше прокажена со лепра, бела како снег. Арон ја погледна Маријам, и, ете, таа е лепрозна.
11. И му рече Арон на Мојсеја: “Помоли Го Господа ова да не ни го смета за грев, бидејќи не знаевме дака погрешивме;
12. не оставај таа да остане како мртвородено младенче, чие тело, кога излегува од мајкината утроба, до половина веќе е гнило.”
13. И се обрна Мојсеј кон Господа, велејќи: “Боже, Ти се молам, исцели ја.”
14. Му рече Господ на Мојсеја: “Ако татко и ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена! И така, таа да биде затворена седум дена надвор од населбата, а потоа пак да се врати.”
15. И се одлучи Маријам да биде затворена надвор од логорот седум дена, и народот не тргна на пат, додека таа не се врати.

13. Извидници во земјата Хананска. Кога се враќаат, го заплашуваат народот.

1. Потоа народот тргна од Асирот и се размести во шатори, во пустињата Фаран.
2. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
3. “Испрати од себе луѓе да ја разгледаат Хананската земја, која Јас им ја давам на синовите Израилеви во владение: по еден човек од секое племе според домовите нивни; испрати ги сите нивни старешини!”
4. Тогаш Мојсеј ги испрати од пустињата Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите Израилеви.
5. Еве ги имињата нивни: од Рувимовото племе – Самуил, Захуровиот син;
6. од Симеоновото племе – Сафат, Суриевиот син;
7. од Јудиното племе – Халев, Јефониевиот син;
8. од Исахаровото племе – Игал, Јосифовиот син;
9. од Ефремовото племе Авсис Навиновиот син;
10. од Венијаминовото племе – Фалтиј, Рафувовиот син;
11. од Завулоновото племе – Гудиил, Судиевиот син;
12. од Јосифовото племе на синовите Манасиини – Гадиј, Сусиновиот син;
13. од Дановото племе – Амиил, синот на Гамалин;
14. од Асировото племе – Сатур, Михаиловиот син;
15. од Нефталимовото племе – Навиј, Савиновиот син;
16. од Гадовото племе – Гудиил, Махиловиот син.
17. Тоа се имињата на мажите, што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус.
18. Ги испрати Мојсеј од пустињата Фаран, за да ја разгледаат Хананската земја и им рече: “Одете во онаа пустиња и качете се на гората,
19. и погледајте ја земјата каква е, и народот, што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен;
20. и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не.
21. Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Поткрепете се, па земете од плодовите на земјата.” А тоа беше во пролет кога зреат јагодите.
22. Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустињата Син дури до Роов, близу до Емат;
23. и одејќи по пустињата, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Сесиј, и Теламин, од родот на Енах; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Танин;
24. и дојдоа до долината со лозја и ја разгледаа, и таму видоа прачка со еден грозд, ја пресекоа и обајцата ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви;
25. тие го нарекоа тоа место лозова долина поради гроздот што го пресекоа таму синовите Израилеви.
26. И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена.
27. И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви во пустињата Фаран, во Кадес, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја;
28. и му раскажаа и рекоа: “Бевме во земјата, во која ни испрати; во земјата каде што тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини;
29. но народот, што живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени со големи огради; таму го видовме и родот Енахов.
30. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хетејците, Евејците, Јевусејците и Аморејците живеат по планината, Хананејците, пак, жиевеат крај морето и по брегот на Јордан.”
31. Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеја, велејќи: “Да идеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја завладееме!”
32. А оние, што беа оделе заедно со него, рекоа: “Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.”
33. И протурија ужасни гласови меѓу синовите Израилеви за земјата, што ја беа разгледале и велеа: “Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите, што ги видовме на неа, се многу поголеми.
34. И таму видовме исполини, од родот Енахов; ние изгледавме пред нив како скакулци, такви бевме и во нивните очи.”

14. Народот мрмори и затоа Господ го казнува.

1. Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ;
2. и сите синови Израилеви роптаа против Мојсеја и Арона, и целиот народ им велеше: “О, да бевме умреле во Египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустиња!
3. И зошто Господ ни води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет.”
4. Па си велеа едни на други: “Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.”
5. Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото собрание на Израиловите синови.
6. И Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефониев, меѓу оние, што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои
7. и им рекоа на сите собрани синови Израилеви: “Земјата, што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра.
8. Ако Господ ни сака, ќе ни воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко;
9. но не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја; зашто Он ќе ни биде потпора наша; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.”
10. И целото собрание рече: “Да ги убиеме со камења!” Но славата Господова се јави во облак над скинијата на сведоштвото пред сите синовите Израилеви.
11. И му рече Господ на Мојсеја: “До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци, што ги извршив Јас меѓу него?
12. Ќе го поразам со смрт, ќе го истребам, и ќе создадам од тебе и од домот на таткото твој народ многуброен и посилен од овој.”
13. Но Мојсеј Му рече на Господа: “Ќе чујат Египтјаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ,
14. но чуја за тоа и жителите на оваа земја, дека Ти, Господи, си меѓу овој народ, и дека Ти, Господи, им се јавуваш како лице во лице, и Твојот облак стои над нив, и ти одиш пред нив дење во облаков столб, а ноќе во огнен столб;
15. па, ако Ти го истребиш овој народ до еден човек, тогаш сите оние што ја чуја славата Твоја, ќе речат:
16. ‘Господ не може да го воведе овој народ во земјата, која со клетва му ја вети, па затоа го погуби во пустињата.’
17. И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи:
18. ‘Господ е долготрпелив и многумилостив и вистинит, Кој ги простува беззаконијата и неправдите, и гревовите, и не остава без казна, а за беззаконијата на татковците ги казнува децата дури до третото и четвртото колено.
19. Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.”
20. И му рече Господ на Мојсеја: “Простувам според зборот твој;
21. но жив сум Јас, и секогаш ќе живее името Мое, и целата земја ќе се исполни со славата Господова:
22. бидејќи оние луѓе, што ја видоа славата Моја и делата Мои, што ги извршив во Египет и во пустињата, и Ме искушуваа веќе десетпати, и не го послушаа гласот Мој,
23. нема да ја видат земјата, која со клетва им ја ветив на татковците нивни; само на децата нивни, кои се тука со Мене, кои не знаат, што е добро, што е лошо, на сите малолетни, кои ништо не разбираат, ним ќе им ја дадам земјата, а сите оние што Ме огорчуваа, нема да ја видат;
24. но Мојот слуга Халев, поради тоа што во него имаше друг дух, и затоа што Ми беше наполно верен, него ќе го воведам во земјата, во која тој отиде, и неговото потомство ќе ја наследи.
25. Амаликијците и Хананејците живеат во долината; затоа утре вратете се и одете во пустињата кон Црвено Море!”
26. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
27. “До кога овој лош народ ќе негодува против Мене? Јас го слушам негодувањето на синовите Израилеви, што ги упатуваат против Мене.
28. Кажи им: жив сум Јас, вели Господ: како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам;
29. во оваа пустиња ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре, што роптате против Мене,
30. нема да влезете во земјата, во која Јас со крената рака решив да ве населам, освен Халев, Јофониевиот син, и Исус, Навиновиот син;
31. децата ваши, за кои велевте, дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, која вие ја презревте;
32. а вашите трупови ќе паднат во оваа пустиња;
33. синовите ваши, пак, ќе скитаат по пустињата четириесет години и ќе страдаат, носејќи го вашиот грев си додека не загинат телата ваши во пустињава;
34. според бројот на четириесет дена, во кои ја разгледувавте земјата, вие ќе стредате за гревовите ваши четириесет години, година за ден, па да ја разберете јароста на Мојот гнев.
35. Јас, Господ, ви велам, навистина така и ќе постапам со сиов овој народ, востанат против Мене: во оваа пустиња сите ќе се истребат и ќе изумрат.”
36. И оние, кои Мојсеј ги испрати да ја разгледаат земјата и, кои по враќањето свое, возроптаа пред сиов овој народ, ширејќи лоши гласови за земјата,
37. оние, што ширеа лоши гласови за земјата, умреа, поразени пред Господа;
38. само Иисус, синот Навинов, и Халев, синот Јефониев, останаа живи од оние мажи, што беа отишле да ја разгледаат земјата.
39. Откога ги кажа Мојсеј тие зборови пред сите синови Израилеви, народот се расплака.
40. И кога станаа рано утредента, се искачија на врвот од планината, велејќи: “Ете, ќе отидеме на она место, за кое Господ рече, бидејќи згрешивме.”
41. Но Мојсеј рече: “Зошто не ја исполнивте заповедта Господова? Нема да успеете:
42. не одете горе, оти Господ не е меѓу вас; и ќе паднете од непријателите ваши,
43. бидејќи таму пред нас си Амаликијците и Хананејците, и ќе паднете од нож, зашто не Му се покоривте на Господа, и Господ нема да биде со вас.”
44. Но тие решија и се искачија на врвот од планината; а ковчегот на заветот Господов и Мојсеј не се одделија од логорот.
45. Амаликијците и Хананејците, што живееја на онаа планина, ги сопреа и ги гонеа дури до Ермон и се вратија во логорот.

15. За даровите во јадења и пијалоци и за првините од брашно. Гревови и казни. Знак на облеката.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‘Кога ќе влазете во земјата, во која ќе живеете и која ви ја давам,
3. и почнете да принесувате на Господа сепаленици, или жртви заклани, или по завет, или од сесрдност, или во текот на празниците ваши, нека биде со пријатен мирис пред Господа, тоа да биде жртва од стадата на говедата или од овците ваши;’
4. тогаш оној, кој ја принесува жртвата на Господа, треба да принесе и дар принос на Господа од една десетина ефа пченично брашно, измешано со четврт ин елеј;
5. и вино за прелив принесувај по чеврт ин за сепаленица, или приклана жртва: по едно јагне за благопријатен мирис пред Господа.
6. И овен кога принесувате за сепаленица, принесувајте и жртва, принос две десетини ефа пченично брашно, измешано со една третина ин елеј;
7. и вино за прелив принеси една третина ин за благопријатен мирис пред Господа.
8. Ако принесувате сепаленица од говедата, или клана жртва, за да ти е молитвата поусрдна пред Господа, или жртва за спасение,
9. тогаш заедно со телето принесете и принос три десетини ефа пченично брашно, измешано со половина ин елеј,
10. и вино за прелив принесете половина ин како жртва, за благопријатен мирис пред Господа.
11. Така прави при секој принос на теле, на овен, и на јагне од овците или од козите;
12. според бројот на жртвите, што ги принесувате, така правете при секоја од нив, според бројот нивни.
13. Секој тукашен така треба да прави, кога сево ова го принесува како жртва за благопријатен мирис пред Господа;
14. и кога меѓу вас има придојден или кој и да било меѓу вас во редовите ваши, и принесе жртва за благопријатен мирис пред Господа, и тој треба да прави така, како што правите вие;
15. за вас, народот Господов, и за придојдениот, кој живее меѓу вас, наредбата да биде една, наредбата вечна во редовите ваши: што сте вие, тоа да биде и придојдениот пред Господа;
16. еден закон и еднакви права да бидат за вас и за придојдениот, кој живее меѓу вас.”
17. Му рече уште Господ на Мојсеја, велејќи:
18. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе влезете во земјата, во која ве водам,
19. и ќе почнете да јадете леб од таа земја, оставете и дел за Господа;
20. од првините на тестото принесете; леб принесете од гумното.
21. Така одвојувајте го лебот, првина на тестото ваше и принесувајте Му на Господа во родовите ваши.
22. Ако погрешите и не ги исполнувате сите тие заповеди, кои Господ му ги кажа на Мојсеја,
23. си она, што ви заповеда Господ Бог преку Мојсеја, од денот, кога Господ ви заповедал, и за во иднината во родовите ваши,-
24. ако грешката е направена неволно од народот, тогаш целото општество нека принесе едно теле без недостаток за сепаленица, за благопријатен мирис на Господа, заедно со тоа и принос за прелив, според наредбите, и едно јаре од козите – жртва за грев.
25. И свештеникот да се помоли за целото општество на синовите Израилеви, и ќе им се прости, зашто тоа било грешка, и тие принеле свој дар на Господа, жртва за грев пред Господа, поради своето незнаење.
26. И ќе му биде простено на целото општество на синовите Израилеви и на придојдениот, кои живее меѓу нив, зашто целиот народ го направил тоа поради незнаење.
27. Ако некој сам згреши поради несакање, нека принесе едногодишна коза заради својот грев.
28. И свештеникот да се помоли за таа душа, која не сакајќи направила пред Господа грев, и таа ќе биде очистена и ќе и биде простено.
29. Еден закон да биде за вас, како за жителите од синовите Израилеви, така и за придојдениот, кој живее меѓу вас, кога некој ќе погреши не сакајќи.
30. Ако некој од тукашните или придојдените изврши нешто со дрска рака, тој хули на Господа; да се истреби таа душа од народот свој,
31. зашто тој го презрел зборот на Господа и ја нарушил заповедта Негова, да биде истребена таа душа; гревот нејзин да биде врз неа.”
32. Кога синовите Израилеви беа во пустињата, најдоа еден, како собира дрва во саботен ден;
33. и оние, што го најдоа, како собира дрва во саботен ден, го приведоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви;
34. и го затворија, бидејќи уште не беше решено, што да се прави со него.
35. И му рече Господ на Мојсеја: “Тој човек треба да умре; целото општество да го убие со камења надвор од населбата.”
36. Тогаш целото општество го изведе надвор од населбата, и го убија со камења, и тој умре, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
37. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
38. “Објави им на синовите Израилеви и кажи им да си прават реси по полите на своите облеки во поколенијата свои, и во ресите, што се по полите, да влегуваат нишки од сина преѓа,
39. и тие да ви бидат на ресите, па, кога ги гледате, да се спомните на сите заповеди Господови и да ги извршувате и да не се развратувате по срцето свое и очите ваши, со кои се заблудувате.
40. Да ги помните и извршувате сите Мои заповеди и да бидете свети пред вашиот Бог.
41. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, за да ви бидам Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.”

16. Побуна на Кореевата дружина. Ароновата кадилница.

1. Кореј, синот на Исар, синот Каатов, синот Левиев, Датан и Авирон, синовите на Елиав, и Авнан, синот на Фалет, синови Рувимови,
2. востанаа против Мојсеја заедно со двесте и педесет мажи од синовите Израилеви, началници на народот, повикувани на собранието, мажи познати.
3. И се собраа против Мојсеја и Арона и им рекоа: “Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?”
4. Кога го чу тоа, Мојсеј падна ничкум
5. и му кажа на Кореја и на сите негови соученици, велејќи: “Утре ќе покаже Господ, кој е Негов, и кој е свет, за да го приближи кон Себеси; и кого Он ќе го избере, него и ќе го доближи до Себеси.
6. Еве што ќе направи: Кореј и сите негови соучесници, земете си ги кадилниците
7. и утре ставете во нив оган и сипете во нив темјан пред Господа; кого Господ ќе го избере, тој и ќе биде свет. Доста ви е толку Левиеви синови!”
8. И му рече Мојсеј на Кореја: “Чујте Левиеви синови!
9. Малку ли ви е тоа, што Бог Израилев ве оддели од Израилевото општество и ве приближи кон Себеси, за да служите при скинијата Господова и да стоите пред народот Господов, служејќи за нив?
10. Он те приближи тебе и заедно со тебе сите твои браќа, Левиеви синови, а вие барате уште и да свештенодејствувате.
11. И така, ти и целата твоја дружина сте се собрале против Господа. Што е Арон, па негодувате против него?
12. Мојсеј испрати да го повикаат Датана и Авирона, Елиавовите синови. Но тие рекоа: “Нема да одиме!
13. Малку ли ти беше, што ни изведе од земјата, каде што тече мад и млеко, за да ни погубиш во пустињата, а сакаш уште и да господариш над нас; си станал кнез.
14. Ни воведе ли во земјата, каде што тече мед и млеко, и ни даде ли да владееме ниви и лозја, или сакаш да им ги изведиш очите на тие луѓе? Нема да одиме!”
15. Мојсеј се јадоса многу, и Му рече на Господа: “Не свртувај го погледот Свој кон нивниот принос; на никого од нив не сум му зел осел, никому од нив не сум му направил зло.”
16. И му рече Мојсеј на Кореја: “Утре ти и целиот твој народ застанете пред лицето Господово, ти и Арон, и другите,
17. па секој нека ја земе кадилницата своја, и ставете во нив темјан, и донесете ја пред лицето Господово секој својата кадилница – двесте и педесет кадилници; и ти и Арон, секој својата кадилница.”
18. И сите ги зедоа своите кадилници, ставија во нив оган, ставија во нив темјан, и застанаа при влезот од скинијата на сведоштовото; исто така и Мојсеј и Арон.
19. И Кореј ги собра против нив целото општество при влезот од скинијата на сведоштвото. И славата Господова се јави пред целото општество.
20. И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:
21. “Секој од вас нека се истави од тие луѓе, и во еден миг ќе ги истребам.”
22. А тие паднаа ничкум и рекоа: “Боже, Боже на духовите и на секоја плот! Еден човек згреши, а Ти на целото општество ли се гневиш?”
23. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
24. “Кажи му на народот: отстапете наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона!”
25. И стана Мојсеј и отиде кај Датана и Авирона, и по него отидоа и старешините Израилеви.
26. И му рече на народот: “Тргнете со од шаторите на тие луѓе со жестоко срце и не се допирајте до ништо нивно, за да не загинете заедно со нив во сите нивни гревови!”
27. Тие се тргнаа наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона; а Датан и Авирон излегоа и застанаа пред вратите на шаторите свои и жените нивни, и децата нивни, и стоката нивна!
28. Тогаш Мојсеј рече: “Во ова ќе познаете, дека Господ ме испрати да ги извршам сите овие дела, а не го правам тоа сам од себеси.
29. Ако умрат тие, како што умираат сите луѓе, и ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тоа тогаш Господ не ме пратил;
30. но, ако Господ изврши нешто необично, и земјата ја отвори устата и ги голтне и домовите нивни, и куќите нивни и си што има кај нив, и тие слезат живи во адот, тогаш уверете се, дека овие луѓе Го разгневиле Господа.”
31. Штом ги изговори тие зборови, земјата се распука под нивните нозе,
32. и земјата ја отвори устата своја и ги голтна нив и домовите нивни, и сите луѓе заедно со Кореја и добитокот нивни,
33. и тие слегоа живи во адот со си што беше нивно, и земјата го покри, и нив ги снема од средината на општеството.
34. Сите Израилци, што беа околу нив, се разбегаа од нивното викање, за да не ни голтне, велеа тие, и нас – земјата.
35. Оган излезе од Господа и ги изгори оние двесте и педесет мажи, што беа принеле темјан.
36. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
37. “Кажи му на Елеазара, синот на свештеникот Арон, да ги собере бакарните кадилници на изгорените и туѓиот оган да го исфрли, бидејќи се осветија преку нивната смрт,
38. и да се сплескаат како листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, а затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите Израилеви.”
39. Тогаш Елеазар, синот на свештеникот Арон, ги зеде бакарните кадилници, што ги беа донеле изгорените, и ги сплеска на листови за оковување на жртвеникот,
40. за да помнат синовите Израилеви, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господа, за да не стане и со него она, што стана со Кореја и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја.
41. На вториот ден целото општество на синовите Израилеви возропта против Мојсеја и Арона и рече: “Вие го уништивте народот Господов.”
42. И кога се собра народот, нападна на Мојсеја и на Арона, тие погледаа кон скинијата на сведоштвото,
43. и ете, ја покри облак, и славата Господова се јави. И влегоа Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото.
44. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
45. “Отстранете се од тоа општество и Јас во еден миг ќе ги погубам!” Но тие паднаа на колена.
46. И му рече Мојсеј на Арона: “Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што поскоро кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господа, и почна да ги погубува луѓето.
47. И зеде Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот:
48. застана меѓу мртвите и живите, и смртта престана.
49. Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореја.
50. Тогаш Арон се врати кај Мојсеја, при влезот од скинијата на сведоштвото, откако престана поморот.

17. Ароновата патерица процветува.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и земи од нив по еден жезал од колено, по еден жезал од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезалот;
3. Ароновото име напиши го на Левиевиот жезал, зашто тие треба да дадат еден жезал, според племето на нивниот род,
4. и стави ги во скинијата на сведоштвото, пред ковчегот на откровението, каде што ви се јавувам;
5. и кого Јас ќе го одберам, и неговиот жезал ќе го расцутам; и така ќе го отстранам ропотот на синовите Израилеви, што го креваат против вас.”
6. И им рече Мојсеј на синовите Израилеви, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезал, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезал беше меѓу жезлата нивни.
7. Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на сведоштвото.
8. На вториот ден влезе Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото, и ете, Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, беше потерал, пуштил гранчиња, процутил и родил ореви.
9. И ги изнесе Мојсеј сите жезли од лицето Господово пред сите синови Израилеви; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезал.
10. И му рече Господ на Мојсеја: “Постави го пак Ароновиот жезал пред ковчегот на откровението да се чува, како претсказание за непокорените, па ропотот против Мене да престане и тие да не изумрат.”
11. И Мојсеј и Арон направија така, како што му заповеда Господ на Мојсеја, така направија.
12. И му рекоа синовите Израилеви на Мојсеја: “Ете, ние се требиме, гинеме, исчезнуваме;
13. секој, што се приближува кон скинијата на сведоштвото Господово, умира: дали ќе изумреме така сите?”

18. Службата на свештениците и левитите и нивната издршка.

1. И му рече Господ на Арона: “Ти и синовите твои и татковиот ти дом заедно со тебе, понесете го врз себе гревот за немарноста во светилиштето; и ти и синовите твои заедно со тебе ќе го понесете врз себеси гревот за свештенодејствието свое.
2. Земи ги кај себе браќата твои, од племето Левиево од родот на таткото твој; нека бидат тие кај тебе и нека ти служат, а ти и синовите твои заедно со тебе бидете кај скинијата на сведоштвото;
3. и да пазат на тебе и на скинијата; само да не се доближуваат до светите сосуди и до жртвеникот, за да не умрете и вие, и тие.
4. Нека бидат тие при тебе и да ја чуваат скинијата на сведоштвото, и на сите работи во скинијата; а човек надворешен да не пристапува кон тебе.
5. Така пазете го светилиштето и жртвеникот, за да нема во иднина гнев против синовите Израилеви;
6. зашто вашите браќа, левитите, Јас ги зедов меѓу синовите Израилеви и ви ги дадов вам како дар што Му е даден на Господа, за да служат при скинијата на сведоштвото;
7. а ти и синовите твои заедно со тебе пазете го свештенството свое со си што принадлежи на жртвеникот; Јас ви подарувам служба свештена, а надворешен кој ќе се доближи, да биде убиен.”
8. И му рече Господ на Арона: “Ете, Јас ти ги давам првините за возношение, од сите осветени дарови за Мене, додека од синовите Израилеви, тебе ти ги давам и на синовите твои преку вечна наредба.
9. Ова нека биде ваше: од Свјатаја Свјатих, од сите нивни дарови, од сите нивни жртви, и од си поради престап, и од си поради грев; од си што Ми принесуваат Мене, од сите осветени дарови: тоа нека биде за тебе и за синовите твои.
10. Тоа да го јаде секој; од машки пол може да го јаде; тоа да ти беде свето.
11. И ова да биде ваше – од првините што се принесуваат, од си што се вознесува од синовите Израилевни преку вечен закон ти го дадов тебе, и на синовите твои, и на ќерките твои заедно со тебе, секој чист во куќата твоја може да јаде од тоа.
12. Секоја првина од елеј, секоја првина од вино и од пченицата, – сите првини, што тие Му ги принесуваат на Господа, твои да се;
13. и сите првини од плодовите на земјата нивна, што Му ги принесуваат на Господа, твои нека бидат; секој чист од куќата твоја може да го јаде тоа.
14. Си ште е осветено во земјата Израилева, да биде твое.
15. И си она, што ја отвора утробата во секоја плот, а се принесува на Господа, од луѓе и добиток, да биде твое: само првородените од луѓето се откупуваат за избавување, и првороденото од нечист добиток да биде откупено.
16. А откупот им е: кога ќе почнеш од еден месец нагоре, според оценката твоја, земај откуп пет сикли сребрени, според свештената сикла, која има дваесет бакреници;
17. но за првороденото теле и за првороденото од овците и за првороденото од козите не земај откуп: тие се свети; со крвта нивна пороси го жртвеникот, а лојот принеси го како жртва за благопријатен мирис на Господа,
18. а месото нивно, пак, ти припаѓа тебе, како што ти припаѓаат градите за возношение и десната плешка.”
19. Сите вознесувани свети дарови кои синовите Израилеви Му ги принесуваат на Господа, преку вечно озаконување ти ги давам тебе и на синовите твои и на ќерките твои заедно со тебе; тоа е завет скап, вечен пред Господа, даден за тебе и за потомството твое заедно со тебе.
20. И му рече Господ на Арона: “Од земјата нивна ќе немаш наследство и дел нема да имаш меѓу нив, бидејќи Јас сум твојот дел и твоето наследство меѓу синовите Израилеви.
21. А на Левиевите синови, ете, Јас им дадов како дел десеток од си, што има Израилот, за службата нивна, што ја вршат во скинијата на сведоштвото.
22. И по сево ова синовите Израилеви да не пристапуваат до скинијата на сведоштвото, за да не згрешат и да не умрат.
23. Левиевите сами нека ја вршат службата во скинијата на сведоштвото и да го носат врз себе нивниот грев. Тоа е вечно озаконување во поколенијата ваши; но меѓу синовите Израилеви тие нема да добиваат дел;
24. бидејќи на левитите им го давам како дел десетокот од синовите Израилеви, кој тие го принесуваат за возношение пред Господа, затоа и им реков: меѓу Израилевите синови тие нема да наследуваат дел.”
25. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
26. “Кажи им на левитите и речи им: ‘кога го земате од синовите Израилеви десетокот, кој ви го дадов од нив во дел, затоа вознесувајте Му од него возношение на Господа, од десетокот десеток, –
27. и тоа веше возношение ќе ви се прими како жито од гумното и како дел од течноста;
28. така и вие вознесувајте Му вознешение на Господа, од сите ваши десетоци, што ги земате од синовите Израилеви, и давајте го осветениот дар од нив за возношение Господово на свештеникот Арон.
29. Од си што ви се дарува, принесувајте на Господа, од секоја првина што се осветува од него.’
30. И кажи им: ‘кога ќе принесувате жртви тоа ќе им се смета за левитите какодар од гумно и дел од течност.’
31. Можете да го јадете тоа не секое место, вие и синовите ваши и домашните ваши, зашто тоа ви е награда за вашата служба во скинијата на сведоштвото;
32. и нема да погрешите ако ги принесувате првините од тоа; и не осквернувајте ги даровите за осветување од синовите Израилеви, за да не умрете.”

19. За водата од пепелта на црвената јуница.

1. И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велеќи:
2. “Еве ја наредбата на законот, што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите Израилеви да ти доведат јуница црвеникава, без повреда, без недостаток, и која не била впрегнувана;
3. дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата на чисто место, и да ја заколат пред него.
4. И нека зема свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска од нејзината крв седумпати пред скинијата на сведоштвото.
5. И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото нејзино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат.
6. И свештеникот да зема кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги стави во средината на огнот каде што гори јуницата.
7. А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта.
8. И оној, што ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта.
9. А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите Израилеви, за приготвување очистителна вода.
10. А оној, пак, што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконение за синовите Израилеви и за придојдените, што живеат меѓу нив.
11. Оној што ќе се допре до мртво тело на кој и да било човек, да биде нечист седум дена:
12. тој треба да се очисти со таа вода на третиот ден и на седмиот ден, и ќе биде чист; ако, пак, не се очисти на третиот и седмиот ден, нема да биде чист.
13. Секој, што се допрел до мртво тело на кој и да било умрен човек и не се очистил, ќе ја оскверни скинијата Господова; тој човек да се истреби од Израилот, зашто не е попрскан со вода за очистување, тој е нечист, нечистотата е си уште на него.
14. Еве го законот: ако човек умре дома, тогаш секој, што ќе влезе во домот, и си што е во шаторот, да биде нечисто седум дена;
15. секој откриен сад, незаврзан и непокриен, е нечист.
16. Секој, што ќе се допре в поле до ранет, или до умрен, или до човечка коска, или до гроб, да биде нечист седум дена.
17. За нечистиот да земат пепел од онаа изгорена жртва за очистување и да сипаат над неа изворска вода во сад.
18. И некој чист нека зема исоп и нека го потопи во вода и да го попрска домот и сите садови и луѓе, што ќе се најдат таму, и оној, што се допрел до човечка коска, или до ранет, или до умрен, или до гроб;
19. и чистиот да го попрска нечистиот на третиот и седмиот ден и во седмиот ден тој ќе се очисти; и да ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода, и нечист ќе биде до вечерта.
20. Ако некој се оскверни и не се очисти, тој човек да се истеби од народот, зашто тој го осквернил светилиштето Господово: тој не е испрскан со вода за попрскување, нечист е.
21. Тоа нека ви биде вечна наредба. И оној, кој прска со вода за попрскување да ја испере облеката своја; и оној кој се допрел до вода за попрскување, да биде нечист до вечерта.
22. И се’, до што ќе се допре нечистиот, да биде нечисто, и човек кој се допрел, ќе биде нечист до вечерта.”

20. Вода во карпата. Смртта Аронова.

1. Тогаш синовите Израилеви, целото општество, дојдоа во пустињата Син во првиот месец, и народот се задржа во Кадес; таму умре Маријам, каде што беше и погребана.
2. За народот немаше вода, и тие застанаа пред Мојсеја и Арона;
3. и роптаа против Мојсеја и велеа: “О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господа!
4. Зошто го доведовте народот Господов во оваа пустиња, па да изумреме тука ние и добитокот наш?
5. И зошто ни изведовте од Египет, па ни доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни јаболка, дури ни вода за пиење?”
6. Тогаш Мојсеј и Арон се повлекоа од народот, кон влезот од скинијата на сведоштвото, и паднаа ничкум, и им се јави славата Господова.
7. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
8. “Земи го жезалот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете и на карпата пред нив и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата и ќе го напоиш народот и добитокот негов.”
9. Го зеде Мојсеј жезалот што е пред Господа, како што му заповеда Он.
10. И го собраа Мојсеј и Арон народот кај карпата и тој им рече: Чујте ме, непокорници, зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?”
11. И ја крена Мојсеј раката своја и удри двапати на карпата со жезалот свој, и потече многу вода, и народот се напи, а и добитокот негов.
12. И им рече Господ на Мојсеја и Арона: “Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја пројавивте Мојата светост пред очите на синовите Израилеви, вие нема да го воведете тој народ во земјата, која Јас му ја давам.”
13. Тоа е водата кај која синовите Израилеви возроптаа пред Господа, и Он се освети пред нив,
14. и испрати Мојсеј пратеници од Кадес до едомскиот цар за да му кажат: “Вака вели братот твој Израил: ти ги знаеш сите тешкотии, што ни снајдоа;
15. татковците наши слегоа во Египет, и ние живеевме во Египет долго време, и Египтјаните лошо постапуваа со нас и со татковците наши;
16. и повикавме кон Господа, и Он го чу нашиот глас, па испрати Ангел, и ни изведе од Египет; и ете, ние сме сега во Кадес, град до самите твои предели.
17. Дозволи ни да минеме преку твојата земја: нема да одиме преку села, ниту преку лозја, и нема да пиеме вода од потоците твои: туку ќе одиме по царскиот пат, и нема да скршнуваме ни десно, ни лево, додека да ги минеме твоите предели.”
18. Но Едом им рече: “Не минувај преку мене, зашто со војската ќе излезам против тебе.”
19. И му рекоа синовите Израилеви: “Ќе одиме покрај гората, и ако пиеме од водата твоја, јас и добитокот мој, ќе платиме за неа; но нема да има никаква штета, зашто покрај гората ќе минеме.”
20. Но тој рече: “Не минувај преку мене!” И Едом излезе против него со многуброен народ и со силна рака.
21. И така, Едом не се согласи да му дозволи на Израилот да мине преку неговите предели. И Израил се повлече од него.
22. И се кренаа синовите Израилеви од Кадес, и целиот народ стигна до планината Ор.
23. И им рече Господ на Мојсеја и Арона на планината Ор, близу до пределите на Едомската земја, велејќи:
24. “Нека умре Арон при народот свој, зашто тој нема да влезе во земјата, која Јас им ја давам на синовите Израилеви, затоа што Ме огорчивте кај водата на расправија.
25. И земи го братот твој Арона и синот негов Елеазар, и искачи ги на планината Ор пред целиот народ;
26. и соблечи ја од Арона облеката негова и облечи го со неа синот негов Елеазар, и нека замине Арон и нека умре таму!”
27. И направи Мојсеј така, како што заповеда Господ. Тие се искачија на планината Ор пред очите на целото општество,
28. и ја соблече Мојсеј облеката од Арона и го облече со неа синот негов Елеазар.
29. И умре таму Арон на врвот од планината, А Мојсеј и Елеазар слегоа од планината.
30. И целото општество виде дека Арон умре, целиот Израилев дом плачеше по Арона триесет дена.

21. Змија од бакар. Победата над Сион и Ор.

1. Еден од хананските цареви, – царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу, дека Израилот доаѓа по патот од кај Атарим, стапи во борба против Израилците и зароби неколкумина од нив.
2. и се заветува Израилот пред Господа, и рече: “Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе ги истребам градовите нивни, ќе ги уништам.”
3. Господ го чу гласот на Израилот и ги предаде Хананејците во рацете негови, и тој победи и градовите негови ги опусти, и тоа место го нарече: запустение.
4. Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата на Едом. И по патот народот падна со духот;
5. и возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: “Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?”
6. и испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите Израилеви.
7. И дојде народот при Мојсеја и рече: “Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.” И Мојсеј Му се помоли на Господа за народот.
8. И му рече Господ на Мојсеј: “Направи бакарна змија и закачи ја на знамето како знак, и ако касне некого змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив.”
9. И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на знамето како знак, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, остануваше жив.
10. И тргнаа синовите Израилеви и се задржаа во Овот;
11. се кренаа и од Овот, и застанаа во Ахалгеј, спроти пустињата Моав, која е на исток.
12. Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Заред;
13. оттука, кога тргнаа, се задржаа во оној дел од страната на Арнон, кој тече од пределите на Амореја, бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и Амореја.
14. Затоа и е речено во книгата за војните Господови: ‘го уништи Зоов, и потокот Арнон.’
15. И по потокот ја изгради населбата Ир, која му припаѓа на Моав.
16. Оттука тргнаа кон еден извор, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеја: ‘собери го народот и ќе им дадам вода.’
17. Тогаш Израилот ја запеа песната: ‘извирај, кладенец!’
18. Пејте за кладенецот што го ископаа кнезовите, а народните водачи заедно со законодавецот го разрушија со жезлата свои. И од кладенецот тргнаа кон Мантанаил.
19. Од Мантанаил во Наадил, од Наадил, во Вамот,
20. а од Вамот за Напин, кој е во Моавската земја, од пресечениот врв, свртен со лицето кон пустињата.
21. И ги прати Мојсеј пратениците при Сион, аморејскиот цар, со предлог за мир, и да му кажат:
22. “Дозволи ни да минеме преку твојата земја; ќе одиме по патот, нема да навлегуваме ни во селата, ни во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, а ќе одиме по царскиот пат, додека да ги минеме пределите твои.”
23. Но Сион не му дозволи на Израила да мине преку пределите негови; и го собра Сион целиот свој народ и излезе против Израилот во пустињата, и стигна до Јасан и се судри со Израилот.
24. И го порази Израил со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи Јазир е амонитски предел.
25. И ги зазеде Израил сите тие градови, и се насели Израилот во сите аморејски градови, во Есевон и во сите нему потчинети;
26. зашто Есевон беше град на аморејскиот цар Сион, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова од Ароир дури до Арнон.
27. Затоа велат писателите: дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот Сион;
28. бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сионов и изгоре дури до Моав и ги проголта столбовите арнаитски.
29. Тешко тебе, Моаве, изгинаа луѓето Хамосови, синовите негови ги заробија, и ќерките му станаа робинки на аморејскиот цар Сион.
30. И семето нивно се затре од Есевон дури до Девон, и жените нивни, кои изгореа од оган кај Моав.
31. И се насели Израилот во Аморејската земја.
32. И испрати Мојсеј да го разгледаат Фазир, па го зазедоа него и селата негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму.
33. Тогаш се повратија и појдоа кон Васан. И излезе против нив васанскиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едраин.
34. И му рече Господ на Мојсеја: “Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.”
35. И го порази него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана жив; и ја наследија земјата негова.

22. Валаам треба да ги проколне синовите Израилеви. Неговата ослица зборува.

1. Тогаш синовите Израилеви тргнаа и се задржаа на запад од Моав, кај Јордан спроти Јерихон.
2. И Валак, синот Сепфоров, виде си што им беше направил Израилот на Аморејците.
3. И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од синовите Израилеви.
4. Тогаш Моавците им рекоа на Мадијамските старешини: “Овој народ сега истребува си околу нас, како што телињата ја изедуваат полската трева.” А Валак, синот Сепфоров, беше моавитски цар во тоа време.
5. Тој испрати пратеници при Валаам, синот Веоров во Фадур, крај реката во земјата на синовите на неговиот народ, да го повикаат и да му кажат: ‘Ете, овие луѓе дојдоа од Египет и го покрија лицето земно, и сега се сместени во моето владение.
6. Па дојди и проколни ми го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам, дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.’
7. И отидоа моавските старешини и старешините Мадијамски со подароци во рацете и дојдоа при Валаам и му ги соопштија Валаковите зборови.
8. И тој им рече: “Преноќевајте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.” И моавските старешини останаа кај Валаама.
9. И дојде Бог при Валаам и му рече: “Кои се оние луѓе кај тебе?”
10. Валаам Му одговори на Бога: “Моавскиот цар Валак, синот Сепфоров ги испратил при мене да кажат:
11. ‘ете, луѓе дојдоа од Египет и го покрија земното лице, па се сместија на моето владение; дојди, па, проколни ги; тогаш можеби ќе можам да ги поразам и да ги изгонам од земјата.’“
12. И му рече Бог на Валаама: “Не оди со нив, не проколнувај ги тие луѓе; тие се благословени.”
13. И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: “Вратете се при својот господар, зашто Бог не ми позволува да одам со вас.”
14. Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: “Валаам не сакаше да дојде со нас.”
15. И Валак пак реши да испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите.
16. И тие дојдоа при Валаама и му рекоа: “Вака вели Валак, синот Сепфоров: те молам не задоцнувај да дојдеш при мене;
17. ќе ти укажам големи почести и ќе направам за тебе си, што ќе ми кажеш; па дојди и проколни ги тие луѓе.”
18. Валаам одговори и им кажа на кнезовите Валакови: “Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господа Бога, и да извршам нешто мало или големо по своја волја;
19. но сепак, останете и вие тука, оваа ноќ и јас ќе разберам, што уште ќе ми каже Господ.”
20. И дојде ноќта Бог при Валаама и му рече: “Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она, што ќе ти го речам Јас.”
21. Утрината Валаам стана, ја оседла ослицата своја и тргна со моавските кнезови.
22. И се разгневи јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана Ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на ослицата своја, а со него и двајца слуги негови.
23. И ослицата го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето, а Валаам почна да ја бие ослицата со својот жезал за да се врати на патот.
24. И застана Ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени и од едната и од другата страна.
25. Ослицата кога го виде Ангелот Господов, тргна кон оградата и ја притисна ногата на Валаама; и тој пак почна да ја бие.
26. Но Ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне ни надесно, ниту налево.
27. Ослицата, кога го виде Ангелот Господов, легна под Валаама. И се разгневи Валаам и пак почна да ја бие ослицата со жезалот.
28. Тогаш ја одврза Бог устата на ослицата и тој му рече на Валаама: “Што ти направив, та ме биеш еве веќе третпат?”
29. Валаам и’ рече на ослицата: “Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.”
30. А ослицата му рече на Валаама: “Не ли сум јас твојата ослица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?” Тој одговори: “Не”.
31. И му ги отвори Господ очите на Валаама, и тој го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум.
32. И му рече Ангелот Господов: “Зошто ја биеш ослицата еве веќе три-пати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја!
33. и ослицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе три пати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.”
34. И му рече Валаам на Ангелот Господов: “Згрешив, бидејќи не знаев, дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.”
35. И му рече Ангелот Божји на Валаама: ‘оди со овие луѓе; зборувај го само она што Јас ќе ти го кажувам.’ И отиде Валаам со Валаковите кнезови.’
36. Валак, кога чу, дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај.
37. И му рече Валак на Валаама: ‘нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде при мене? Или зар не можам да ти укажам почести?’
38. И му рече Валаам на Валака: ‘ете, јас дојдов при тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог го вложува во устата моја тоа и ќе го кажам.’
39. И тргна Валаам со Валака, и влегоа во градските куќи.
40. И закла Валак телиња и овци и му испрати на Валаама и на кнезовите, кои беа со него.
41. А утрината Валак го зеде Валаама и го качи на Вааловите ѕидини, за да види оттаму еден дел од народот.

23. Валаамовата клетва Бог ја претвора во двоен благослов.

1. Тогаш Валаам му рече на Валака: “Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.”
2. Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.
3. И му рече Валаам на Валака: “Застани при својата сепаленица, а јас ќе појдам, можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти кажам.” И остана Валак при сепаленицата своја, а Валаам отиде на другата страна за да Го праша Бога.
4. И му се јави Бог на Валаама, и Валаам Му рече: “Јас подигнав седум жртвеници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.”
5. И му вложи Господ збор во устата на Валаама и рече: “Врати се при Валака и речи вака.”
6. И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови. А Духот Божји беше врз него.
7. И ги прими овие зборови, па рече: “Од Месопотамија, од источните планини, ми рече Валак, моавскиот цар: дојди, проколни ми го Јакова, и дојди, проколни ми го Израилот!
8. Како ќе проколнам? Бог не го проколнува. Што лошо ќе речам, кога Господ не злословува.
9. Од врвот на гората го гледам, од ридовите го гледам: ете народ кој живее одделно и не се вбројува меѓу народите.
10. Кој ќе го изброи семето на Јакова и кој ќе го пресмета бројот на народот Израилев. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!”
11. И му рече Валак на Валаама: “Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш со благослов.”
12. Тој одговори и рече: “Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?”
13. И Валак му рече: “Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема целиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.”
14. И го одведе до границата на полето на врвот на една карпа, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.
15. И му рече Валаам на Валака: “Стој тука при сепаленицата своја, јас пак, ќе одам понатаму за да Го прашам Бога.”
16. И го сретна Бог Валаама, и му вложи слово во устата негова, па рече: “Врати се при Валака и кажи му така.”
17. И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Валак: “Што вели Господ?”
18. Тој го започна своето кажување и рече: “Стани Валако, слушај и внимавај, сине Сепфоров!
19. Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не биде така?
20. Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако инаку.
21. Не се гледа мака во Јакова, и не се забележува ни болест кај Израилот; Господ Бог е со него, и тој има слава царска.
22. Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог:
23. нема гатање кај Јакова, нема маѓепсништво кај Израилот; некогаш ќе речат за Јакова и за Израилот: ете, што направи Бог!
24. Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победените.”
25. И му рече Валак на Валаама: “Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај.”
26. И одговори Валаам и му рече на Валака: “Не ли ти реков што ќе рече Господ, тоа и ќе го изврши.”
27. И му рече Валак на Валаама: “Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.”
28. И го поведе Валак Валаама на врвот од Фагор, што се протега спрема пустињата.
29. И му рече Валаам на Валака: “Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.”
30. И Валак направи, како што рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

24. Валаам му пророкува на Израилот добро: ѕвезда од Јакова.

1. Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Израилот и не отиде во пресрет како порано, за да претскажува, а го сврти лицето кон пустињата.
2. Погледна Валаам и го виде Израилот, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него.
3. И започнувајќи ја својата беседа, рече: “Валаам, синот Веоров, говори тој што ја гледа вистината.
4. Зборува оној, кој ги слуша зборовите на Семоќниот; бидејќи видение Божјо виде во сон, и тоа му ги отвори очите.
5. Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израиле!
6. Тие се распростираат како дубрави со сенки, како градини крај река, како куќи што ги изградил Господ, како кедри крај води;
7. од семето негово ќе излезе човек, и ќе завладее многу народи, и царството негово ќе со возвиси погоре од царството на Гога, и ќе се преувеличи.
8. Бог го изведе од Египет; тој е брз како еднорог, ќе ги голтне непријателски расположените народи спрема него, ќе им ги скрши коските нивни и со стрелите свои ќе го порази непријателот.
9. Легнал тој како лав и како лавче; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!”
10. Се разгневи Валак против Валаама, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаама: “Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а ти ги благословуваш еве веќе по третпат;
11. бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.”
12. И му рече Валаам на Валака: “Не ли им реков на твоите пратеници што ми ги испрати:
13. ‘Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Господова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?’
14. И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи во последните дни овој народ со твојот народ.”
15. И го раскажа видението свое, велејќи: “Валаам, синот Веоров, зборува човек со отворени очи,
16. го зборува оној, што ги пази зборовите Божји, кој доби знаење од Севишниот, и откако виде видение Божјо во сон, очите му се отворија.
17. Ќе му покажам, но не сега уште, го сакам но не одблиску. Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги заробува сите Ситови синови.
18. И Едом ќе биде негово наследство, Сеир ќе завладее над непријателите свои, а Израил ќе ја покаже силата своја.
19. Произлезениот од Јакова ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од градот.
20. И го виде тој Амалика, и ја раскажа таа своја приказна, велејќи: Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре.
21. И го виде и Кенеон, и пророкува, велејќи: “Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо,
22. иако му е на Веор тоа гнездо на сплетки, Асирците ќе те заробат.
23. И кога го виде Ога, пак пророкува, и рече: “Тешко, тешко, кој ќе остане жив, кога Бог ќе го направи тоа.
24. Ќе ги изведат од рацете Китиски, ќе го озлобат Асура, ќе го озлобат и Евера, но и самите ќе се уништат.”
25. И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој.

25. Казни поради прељуба и поклонување на други богови.

1. Израил живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав;
2. и ги покануваа тие да принесуваат жртва на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се клањаше на боговите нивни.
3. И му се поклони Израилот на Ваал-Фегор. И се разгори гневот Господов против Израилот.
4. И му рече Господ на Мојсеја: “Земи ги сите началници народни и разобличи ги пред Господа спроти сонцето, и ќе се одврати јаросниот гнев Господов од Израилот.”
5. Тогаш Мојсеј им рече на племињата Израилеви: “Секој нека ги убие своите луѓе, што му служат на Ваал-Фегор.”
6. И ете, еден од синовите Израилеви дојде и доведе при братот свој една Мадијамка, пред очите на Мојсеја, и пред очите на целото општество на синовите Израилеви, кога тие плачеа при влезот од скинијата на сведоштвото.
7. Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, кога го виде тоа, стана среде општеството и зеде во раката копје,
8. и влезе по Израилецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата: Израилецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите Израилеви.
9. А умрените од помор беа дваесет и четири илјади.
10. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
11. “Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите Израилеви, покажувајќи меѓу нив ревност за Мене, и Јас не ги истребив синовите Израилеви во ревноста Своја.
12. Така кажи им: ‘ете, Јас му давам мирен завет;
13. и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите Израилеви.”
14. Името на убиениот Израилец, кој беше убиен со Мадијамката, е Замври, син на Сало, началник на Симеоновото поколение;
15. а името на убиената Мадијамка е Хазва; таа беше ќерка на Сура, началник на Мадијамското племе Омот.
16. Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
17. “Сметајте ги за непријатели Мадијамците и поразувајте ги,
18. зашто тие со подмолноста своја постапуваа непријателски спрема вас, соблазнувајќи ве со Фегора и со Хазва, ќерката на мадијамскиот началник, нивна сестра, убиена во денот на поморот поради Фегор.”

26. Ново пребројување на племињата. Поделба на земјата.

1. По тој пораз Господ му рече на Мојсеја и на свештеникот Елеазар, син Аронов, велејќи:
2. “Преброј те го целото општество на синовите Израилеви од дваесет години нагоре, според домовите нивни, сите способни за војување во Израилот.”
3. И им рече Мојсеј и свештеникот Елеазар во Аравот моавски кај Јордан, спроти Јордан, спроти Јерихон, велејќи:
4. “Пребројте ги сите од дваесет години и нагоре, како што заповеда Господ, кои излегоа од Египетската земја:
5. Рувим, Израилев првороденец. Рувимовите синови: од Енох – Енохово поколение, од Фалу – Фалуовото поколение,
6. од Асрон – Асроновото поколение, од Харми – Хармиевото поколение;
7. тоа се Рувимовите родови: на број тие беа четириесет и три илјади и шестототини и триесет.
8. Фалуовите синови: Елиав,
9. и Елиавовите синови: Намуил, Датан и Авирон. Тоа се оние Датан и Авирон, познати кај народот, кои предизвикаа смут против Мојсеја и Арона заедно со соучесниците на Кореја, кога тие предизвикаа бунт против Господа;
10. па земјата ја отвори устата своја и ги голтна заедно со Кореја: заедно со нив умреа и соучесниците нивни, кога оган изгоре двесте и педесет човека, и тие станаа за пример;
11. но Кореевите синови не изумреа.
12. Симеоновите синови според поколенијата нивни: од Намуил – Намуиловото поколение, од Јамин – Јаминовото поколение, од Јахин – Јахиновото поколение,
13. од Зара – Заровото поколение, од Саул – Сауловото поколение;
14. тоа се Симеоновите родови при пребројувањето нивно: дваесет и две илјади и двесте.
15. Јудиновите синови: Ир и Авнан, и Силом, Фарес и Зара, но Ир и Авнан умреа во Хананската земја;
16. Јудините синови според поколенијата нивни беа: Силом – Силомовото поколение, од Фарес – Фаресовото поколение, од Зара – Заровото поколение.
17. Фаресови синови беа: од Асрон – Асроновото поколение, од Јамун Јамуновото поколение;
18. тоа се Јудините родови според пребројувањето нивно: седумдесет и шест илјади и петстотини.
19. Исахарови синови според поколенијата нивни: од Тола – Толовото поколение, од Фува – Фувиното поколение,
20. од Јасува – Јасувовото поколение, од Амврам – Амврамовото поколение;
21. тоа се Исахаровите родови, според пребројувањето нивно: шеесет и четири илјади и четиристотини.
22. Завулонови синови според поколенијата нивни: од Саред – Саредово поколение, од Алон – Алоновото поколение, од Алил – Алиловото поколение;
23. тоа се Завулоновите поколенија, според пребројувањето нивно: шеесет илјади и петстотини.
24. Гадови синови според поколенијата нивни: од Сафон – Сафоновото поколение, од Агин – Агиновото поколение, од Сунин – Суниновото поколение,
25. од Азен – Азеновото поколение, од Ад – Адовото поколение,
26. од Ароад – Ароадовото поколение, од Армал – Армаловото поколение;
27. тоа се поколенијата на Гадовите синови, според пребројувањето нивно: четириесет илјади и петстотини.
28. Асирови синови според поколението нивно: од Јамин – Јаминовото поколение, од Јесу – Јесуовото поколение, од Вариј – Вариевото поколение.
29. Од Вариевите синови, од Ховер – Ховеровото поколение, од Мелхиил – Мелхииловото поколение;
30. Името на Асировата ќерка беше Сара;
31. Тоа се поколенијата на Асировите синови според пребројувањето нивно: четириесет и три илјади и четиристотини.
32. Јосифови синови според поколенијата нивни: Манасија и Ефрем.
33. Манасиеви синови: од Махир – Махирово поколение, од Махир се роди Галаад, од Галаада – Галадово поколение.
34. Еве ги Галаадовите синови: од Ахиезер – Ахиезеровото поколение, од Хелек – Хелековото поколение,
35. од Есриила – Есрииловото поколение, од Сухем – Сухемовото поколение,
36. од Симаер – Симаеровото поколение, од Офер – Оферовото поколение.
37. Салпаад, син Оферов, немаше синови, туку само ќерки; имињата на Салпаадовите ќерки беа: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса;
38. тоа се Манасиевите поколенија; а на број тие беа педесет и две илјади и седумстотини.
39. Еве ги Ефремовите синови според поколенијата нивни: од Судал – Судаловото поколение, од Танах – Танаховото поколение;
40. А еве ги Судаловите синови: од Еден – Еденовото поколение;
41. тоа се поколенијата на Ефремовите синови, според пребројувањето нивно: триесет и две илјади и петстотини. Тоа се Јосифовите синови според поколенијата нивни.
42. Венијаминовите синови според поколенијата нивни: Вал – Валовото поколение, од Асивир – Асивировото поколение, од Јахиран – Јахирановото поколение;
43. од Софан – Софановото поколение;
44. Валови синови беа: Адер и Ноеман: од Адер – Адеровото поколение, од Ноемана – Ноемановото поколение;
45. тоа се Венијаминовите синови според поколенијата нивни; а на број тие беа четириесет и пет илјади и шестотини.
46. Еве ги Дановите синови според поколенијата нивни: од Самеј – Самеовото поколение;
47. А сите Самеови поколенија според пребројувањето нивно беа: шеесет и четири илјади и четиристотини.
48. Нефталимови синови според поколенијата нивни: од Асил – Асиловото поколение, од Гаун – Гауновото поколение;
49. од Јесер – Јесеровото поколение, од Селим – Селимовото поколение;
50. тоа се Нефталимовите поколенија според пребројувањето нивно: а на број тие беа четириесет и пет илјади и четиристотини.
51. Тоа се влезените во пребројувањето синови Израилеви: шестотини и една илјада и седумстотини и триесет.
52. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
53. “Ним да им се подели земјата во наследство, според бројот на имињата;
54. на помногубројните дај им поголем дел, а на помалубројните дај им помал дел: секому треба да му се даде дел сразмерно со бројот на влезените во пребројувањето;
55. земјата треба да се подели со жреб, тие треба да добијат наследство според имињата на нивните родови;
56. со жреб да им се поделат нивните делови помеѓу нив – како на многубројните, така и на малубројните.”
57. Тие се Левиевите синови, што влегоа во пребројувањето според поколенијата свои: од Гирсон – Гирсоновото поколение, од Кат – Катовото поколение, од Мерари – Мерариевото поколение.
58. Ова се Левиевите родови: Ловеновото поколение, Хевроновото поколение, Мусиновото поколение и Кореевото поколение. Од Кат се роди Амрам.
59. Името на Амрамовата жена беше Јохавед, ќерка Левиева, која е родена од Левиевата жена во Египет, а таа му го роди на Амарма Арона, Мојсеја и Маријам, нивната сестра.
60. На Арона му се родија Надав и Авиуд, Елеазар и Итамар;
61. но Надав и Авиуд умреа, кога принесоа туѓ оган пред Господа во Синајската пустиња.
62. Сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа преброени дваесет и три илјади; тие не беа преброени заедно со синовите Израилеви, зашто не им беше даден дел меѓу синовите Израилеви.
63. Тоа се преброените од Мојсеја и свештеникот Елеазар, кои ги преброија синовите Израилеви во Аравот моавски кај Јордан, спроти Јерихон;
64. меѓу нив немаше ни еден од оние, кои Мојсеј и свештеникот Арон ги преброија, кога ги пребројуваа синовите Израилеви во Синајската пустиња;
65. зашто Господ им беше рекол: “Тие ќе изумрат во пустињата.” И никој од нив не остана, освен Јефониевиот син Халев и Навиновиот син Исус.

27. Наследствено право на ќерките. Исус посветен за следбеник на Мојсеја.

1. И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Офера, кој беше син на Галаада, а тој – син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов, и еве ги имињата на ќерките негови: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса;
2. и откако застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на сведоштвото, рекоа:
3. “Таткото наш умре во пустињата, и тој не беше меѓу соучесниците, што станаа против Господа заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови.
4. Зашто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!”
5. И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господа.
6. А Господ му рече на Мојсеја:
7. “Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним татковиот дел со жреб,
8. а на синовите Израилеви јави им и кажи: ‘ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови;
9. ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови;
10. ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови;
11. ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот роднина негов од неговото поколение да го наследи; и нека биде тоа закон за синовите Израилеви, како што му заповедал Господ на Мојсеја!”
12. И му рече Господ на Мојсеја: “Излези во онаа гора, која е од онаа страна на Јодан, во гората Навав, и погледај ја земјата Хананска, која им ја давам на синовите Израилеви во владение;
13. и откако ќе ја погледаш, прибери се и ти при народот свој, како што се прибра Арон, братот твој на планината Ор;
14. зашто вие не ја послушавте заповедта Моја во пустињата Син, кога меѓу општеството се појави расправија, да ја покажете пред очите нивни Мојата светост при водата. Тоа се водите на расправија при Кадес, во пуситњата Син.”
15. И Му рече Мојсеј на Господа, велејќи:
16. “Господ, Бог на духовите и на секоја плот, нека одреди над овој народ човек,
17. кој ќе излегува пред нив, и кој ќе влегува пред нив, кој ќе ги изведува и кој ќе ги доведува, та да не остане народот Господов како овци без пастир.”
18. И му рече Господ на Мојсеја: “Земи го Иисуса, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ги врз него рацете свои.
19. Престави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, нареди му и заповедај за него пред целиот народ,
20. и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите Израилеви;
21. а тој да се обрнува до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија Господови; и според зборот негов да излегуваат и според зборот негов да влегуваат тој и сите синови Израилеви со него и целото општество.”
22. И направи Мојсеј како што му заповеда Господ Бог, и го зеде Иисуса, па го претстави пред свештеникот Елеазар и пред целото општество;
23. и ги положи врз него рацете свои и му даде совет, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

28. Повторно за законите по однос на жртвите: секогашната саботнина, во почетокот на месецот, пасхалната и за првите плодови.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Заповедај им на синовите Израилеви и кажи им: даровите Мои, лебните приноси, жртвите Мои со благопријатен мирис да Ми се принесуваат на празниците Мои.
3. И кажи им: ете ја жртвата, која што треба да Му ја принесувате на Господа: две јагниња на ден, без недостаток, за сепаленица постојана за престап:
4. едното јагне принесувај го наутро, а другото јагне навечер;
5. и да принесете жртва, една десетина од ефа пченично брашно, помешано со четвртина ин чист елеј,
6. сепаленицата е постојана жртва на Господа, каква што беше извршена при планината Синај, за благопријатен мирис,
7. и кон неа да има за прелив четврт ин за едното јагне; на свето место извршувај го со вино преливот на Господа.
8. Другото јагне принесувај го навечер, со таков лебен принос како утрината, со жртва и прелив за него принесувај го за пријатна благоугодност на Господа.
9. А во саботен ден принесувајте по две јагниња без недостаток, и две десетти од ефа пченично брашно, поднесено со елеј, како и прелив;
10. и тоа е саботна сепаленица за секоја сабота, освен постојаната сепаленица и преливот за неа.
11. и при млад месец принесувајте Му на Господа сепаленици: од говедата две телиња, еден овен и седум јагниња без недостаток,
12. и три десетти од ефа пченично брашно поднесено со елеј, принос со телето, и две десетти од ефа пченично брашно, принесено со елеј, принос со овенот,
13. и по една десетта од ефа пченично брашно, поднесена со елеј, принос за секое јагне: тоа е сепаленица, благопријатна жртва на Господа;
14. а преливот за нив треба да биде половина ин вино за телето, една третина од ин за овенот и една четвртина ин за јагнето; тоа е сепаленица за секое новомесечје во текот на сите месеци на годината.
15. Принесувајте Му на Господа секогаш и по еден козел од козите ваши – жртви за грев; него треба да го принесувате заедно со преливот за него.
16. Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот, е Пасха Господова.
17. А на петнаесеттиот ден од тој месец е празник; седум дена треба да се јадат бесквасни лебови.
18. Првиот ден да ви биде особено свет, никаква работа не вршете;
19. и принесете сепаленица, жртва на Господа: две телиња од говедата, еден овен и седум едногодишни јагниња; тие да се без недостаток;
20. а и принос кон нив пченично брашно, поднесено со елеј, тие десетини од ефа за секое теле, и две десетини од ефа за овенот,
21. и по една десетина ефа принесувајте за секое од седумте јагниња,
22. и еден козел од козите – жртва за грев, за да се помолат за вас;
23. принесувајте го тоа, освен утринската сепаленица, која е постојана жртва.
24. Така правете секој ден во седумте дена; тоа е дар, принос благопријатен за Господа; при редовната сепаленица и прелив за неа.
25. И седмиот ден треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете.
26. И денот на првите плодови, кога Му принесувате на Господа нова жртва во вашите седмици, треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете;
27. и принесете сепаленици за благопријатен мирис на Господа: од говедата две телиња, еден овен и седум едногодишни јагниња, без недостаток,
28. а заедно со нив и принос од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за секое теле, две десетини од ефа за овен,
29. и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња;
30. и еден козел од козите – жртва поради грев, за да се помолат за вас.
31. Пронесувајте ми ги овие жртви со вино за прелив, освен постојаните сепаленици со приносите; тие треба да бидат без недостаток.”

29. Одново за законот за жртвите, за денот на очистувањето и за свеченоста на празникот Сеници.

1. Во седмиот месец, првиот ден од месецот, треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете; тоа да ви биде ден на трубни знаци;
2. и принесете сепаленица за благопријатен мирис на Господа: едно теле од говедата, еден овен, седум едногодишни јагниња, без надостаток;
3. а заедно со нив и жртва од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за телето, две десетини од ефа за овенот,
4. една десетина од ефа за секое од седумте јагниња,
5. и еден козел од козите како жртва за грев, за да се палат за вас.
6. Освен новомесечните сепаленици и приносите за нив, и преливите нивни, и секогашните сепаленици со нивните приноси и преливи според наредбите, треба да бидат со благопријатен мирис за Господа.
7. И десеттиот ден од тој седми месец треба да ви биде посебно свет: смирувајте ги душите свои и никаква работа не вршете;
8. а принесете сепаленици за благопријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток;
9. и заедно со нив и принос од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за теле, две десетини од ефа за овен,
10. и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња,
11. како и еден козел од козите – жртва за грев, за да се помолат за вас, освен жртвите за грев, што се принесуваат во денот на очистувањето, и освен постојаните сепаленици и приносите со нив и преливите за нив, што се принесуваат според наредбите, и жртва на Господа со благопријатен мирис.
12. И петнаесеттиот ден од седмиот месец треба да ви биде особено свет: никаква работа не вршете и празнувајте го тој празник Господов седум дена:
13. и принесете сепаленица, жртва за благопријатен мирис на Господа: во првиот ден тринаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток;
14. И жртва од пченично брашно, претставена со елеј, три десетини од ефа за секое од тринесетте телиња, две десетини од ефа за секој овен,
15. по една десетина од ефа за секое едно од четиринаесет јагниња
16. и еден козел од козите жртва за грев, освен постојаната сепаленица принос како и прелив за неа.
17. А на вториот ден принесете: дванаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
18. и со нив уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;
19. исто така и козел еден од козите – жртва за грев, освен постојаната сепаленица со приносот и прелив за нив.
20. На третиот ден, пак, принесете: единаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
21. а со нив принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;
22. исто така и еден козел од козите жртва за грев, покрај постојаната сепаленица со приносот и прелив за неа.
23. На четвртиот ден принесете: десет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
24. со нив и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,
25. а покрај тоа и еден козел – жртва за грев, освен постојаната сепаленица и приносот и преливот за неа.
26. И на петтиот ден принесете жртва: девет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
27. и со нив донесете уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,
28. а и козел еден – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и приносот, уште и прелив за неа.
29. И на шестиот ден пак, принесете: осум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
30. а со нив и принос како и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;
31. а исто така и еден козел од козите – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и принос и уште и прелив за неа.
32. Во седмиот ден принесете: седум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,
33. и со нив уште принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,
34. а и козел еден како жртва за грев, освен постојаната сепаленица и принос како и прелив за неа.
35. Во осмиот ден е крај на празникот: никаква работа не вршите;
36. а принесете сепаленица, жртва со пријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња без недостаток,
37. и заедно со нив принос и прелив за телето, за овенот и за јагнињата, според бројот нивни според наредбите;
38. освен тоа уште и еден козел – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица, приносот и преливот за неа.
39. Принесувајте го тоа на Господа на вашите празници, освен заветите ваши и благодарностите ваши, и сепалениците ваши и жртвите ваши уште и жртви за спасението ваше.”

30. Законот за заветите.

1. И им кажа Мојсеј на синовите Израилеви си, што му беше заповедал Господ.
2. И им зборуваше Мојсеј на началниците од племињата на синовите Израилеви, велејќи: “Еве што заповеда Господ:
3. ако некој Му вети нешто на Господа, или се заколне со клетва, или ја заложи душата своја, да не го оскверни зборот свој, туку да изврши си, што излегло од устата негова.
4. Ако жена се заветува на Господа и си се зарече во татковата си куќа, во млади години,
5. а таткото нејзин го чуе заветот и зарекувањето нејзино, што го наложила на душата своја, па го премолчи таткото нејзин тоа, тогаш сите нејзини ветувања, и секое нејзино зарекување, што си го наложила на душата своја, да ги исполни;
6. ако таткото нејзин, кога ќе чуе, па и забрани, тогаш сите најзини завети, што си ги наложила на душата своја, да не се исполнуваат, и Господ ќе и прости, бидејќи таткото и ги забранил.
7. Ако се омажи, пак е обврзана со завет, или со збор, излезен од устата нејзина, со која таа се обврзала,
8. и чуе мажот нејзин, па, откако ќе чуе и он ги наложи на душата своја, исто така да се исполни;
9. ако мажот нејзин, кога ќе ги чуе, и забрани и го отфрли заветот нејзин, што го дала, и зборот, излезен од устата нејзина, со кој таа се обврзала, тие да не се исполнат, бидејќи мажот и забранил и Господ ќе и прости.
10. А заветот на вдовица и разведена, каков и да било зарек да си наложила на душата своја, да се исполни.
11. Ако жена се заветувала во куќата на мажот свој, или со клетва си наложила на душата своја зарек,
12. и мажот нејзин ја чул, а премолчал и не и го забранил, тогаш сите завети нејзини да се исполнат, и секое зарекување, што го наложила на душата своја, да се исполни;
13. ако, пак, мажот нејзин, откако ги чул, ги отфрлил, тогаш сите завети нејзини, излезени од устата нејзина, и зарекување на душата нејзина, да не се исполнат; мажот нејзин ги уништил, и Господ ќе и прости.
14. Секој нејзин завет и секоја клетва нејзина за смирување на душата своја, мажот нејзин може да го потврди, и мажот нејзин може да го отфрли.
15. Ако мажот нејзин молчел одден наден, тој со тоа ги потврдил сите ветувања нејзини и сите зарекувања нејзини, со кои се обврзала, ги потврдил, зашто, откако ги чул, молчел за тоа;
16. ако, пак, мажот ги отфрлил, откако ги чул, тој го примил врз себе гревот нејзин.”
17. Тоа се наредбите, кои Господ му ги заповеда на Мојсеја за односите меѓу мажот и жената негова, меѓу таткото и ќерката негова во млади години, во куќата на таткото свој.

31. Победа над Мадијамците.

1. И му рече Господ на Мојсеја велејќи:
2. “Одмазди им се на Мадијамците поради синовите Израилеви, и потоа ќе се прибереш при народот свој.”
3. И му рече Мојсеј на народот велејќи: “Вооружете меѓу вас луѓе за војна, за да тргнат против Мадијамците, да извршат одмазда Господова над нив;
4. испратете во војна по илјада од племе, од сите племиња на синовите Израилеви.
5. И од илјадниците Израилеви беа одделени по илјада од секое племе, вкупно дванаесет илјади вооружени за војна.
6. И ги испрати Мојсеј во војна, по илјада од секое племе, нив и Финес, синот на свештеникот Елеазар, Аронов син, со светите сосуди и со труби за тревога в рака.
7. И отидоа во војна против Мадијам, како што му заповеда Господ на Мојсеја, и ги убија сите од машки пол;
8. а заедно со убиените од нив ги убија и мадијамските цареви; го убија со меч и Валаам, Веоровиот син заедно со нивните убиени.
9. Мадијамските, пак, жени и децата нивни синовите Израилеви ги зедоа во плен; и сиот нивни добиток, и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија;
10. сите градови нивни во нивно владение и сите села нивни со оган ги изгореа.
11. И го зедоа сето заграбено, од човек до добиток.
12. И заробените, и ограбеното и заграбеното му го донесоа на Мојсеј, пред свештеникот Елеазар и пред општеството на синовите Израилеви, при населбата во Аравот Моавски, кај Јордан, спроти Јерихон.
13. Тогаш Мојсеј и свештеникот Елеазар и сите кнезови на општеството излегоа надвор од населбата за да ги пречекаат.
14. И се разгневи Мојсеј на воените началници, илјадниците и стотниците, што се беа вратиле од војната,
15. па им рече: “Зошто ги оставивте живи сите жени?
16. ете тие, по советот на Валаама, беа станале причина синовите Израилеви да отстапат и да ги презрат наредбите од Господа, заради Фегор, затоа и дојде оној пораз врз народот Господов.
17. А сега, убијте ги сите деца од машки пол, убијте ги и сите жени, што познале маж на машко легло;
18. а сите деца од женски пол, кои не познаел машко легло, оставете ги живи за себеси.
19. И останете надвор од населбата седум дена; сите, што убиле човек и што се допреле до убиен, очистете се на третиот ден, вие и вашите заробеници;
20. очистете ја и сета облека, сите кожени предмети, си што е направено од козина, и сите дрвени садови.”
21. Потоа им рече свештеникот Елеазар на војниците, што беа отишле во војна: “Еве ги наредбите на законот, кои Господ му ги заповеда на Мојсеја:
22. злато, сребро, бакар, железо, калај и олово,
23. и си што минува низ оган, поминете го низ оган, за да се очисти, а освен тоа, тоа треба да се очисти и со очистителна вода; а си, што не минува низ оган, поминете го низ вода;
24. и облеката исперете ја на седмиот ден, и очистете се, и потоа влезете во населбата.”
25. И му рече Господ На Мојсеја, велејќи:
26. “Преброј го заграбеното, од човек до добиоток, ти и свештеникот Елеазар и началниците од племињата на општеството;
27. и раздели го ограбеното по половина, на оние што војуваа, што одеа во борба, и меѓу целото општество.
28. А од војниците, што беа во војна, земи данок за Господа, од душа петстотини, од луѓе и од говеда, и од овците и од ослите;
29. земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар за вознесување пред Господа.
30. А од половината, определена за синовите Израилеви, земи по педесет на човек, од луѓето, од говедата, од овците и ослите, и од сите други животни, и дај им го тоа на левитите што служат при скинијата Господова.”
31. И направи Мојсеј и свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
32. И пленот, што остана од грабежот, што го заграбија оние, кои беа отишле во војна, беше: овци шестотини седумдесет и пет илјади,
33. говеда седумдесет и две илјади,
34. осли шеесет и една илјада,
35. луѓе – жени, кои не познале машко легло, сите беа триесет и две илјади души.
36. Половината, делот на оние, што беа отишле да се борат, според пребројувањето, беше: овци триста триесет и седум илјади и петстотини, говеда триста и седум илјади и петстотини.
37. На Господа од овците Му се даде шестотини седумдесет и пет;
38. говеда триесет и шест илјади, и од тоа дар за Господа седумдесет и два;
39. осли триесет илјади и петстотини, а дел од нив за Господа шеесет и еден;
40. луѓе шеснаесет илјади, и данок од нив за Господа беше триесет и две души.
41. И му го даде Мојсеј дарот за вознесување пред Господа, на свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
42. И од половината, определена за синовите Израилеви, што ја оддели Мојсеј од оние кои беа отишле во војната,-
43. а половината како дел на општеството беше: овци триста и триесет и седум илјади и петстотини,
44. говеда триесет и шест илјади,
45. осли триесет и пет илјади и петстотини,
46. луѓе шеснаесет илјади.
47. Од таа половина, определена за синовите Израилеви, Мојсеј зеде педесетти дел од луѓето и од добитокот и им го даде тоа на левитите, што служеа при скинијата Господова, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
48. И дојдоа при Мојсеја начлниците над илјадите од војската, илјадниците од стотниците,
49. и му рекоа на Мојсеја: “Твоите слуги ги преброија војниците, што ни се доверени, и ниеден од нив не умрел.
50. Еве, Му донесовме принос на Господа кој што нашол – златни предмети, алки, гривни, прстења, обетки и веришки, за да се помолат за нас пред Господа.
51. И го зеде од нив Мојсеј и свештеникот Елеазар златото од сите тие изработки.
52. И сето злато, донесено од илјадниците и стотниците за вознесување пред Господа, беше шеснаесети илјади и седумстотини и педесет сикли.
53. Војниците беа грабала секој за себеси.
54. И го зеде Мојсеј и свештеникот Елеазар, златото од илјадниците и стотниците и го внесоа во скинијата на сведоштвото за спомен на синовите Израилеви пред Господа.

32. Поделба на земјата источно од Јордан.

1. Рувимовите синови и Гадовите синови имаа многу добиток; и тие видоа, дека земјата Јазир и земјата Галад се места за стада.
2. И Гадовите синови и Рувимовите синови дојдоа и му кажаа на Мојсеја и на свештеникот Елеазар и на кнезовите народни, велејќи:
3. “Атарот и Девон, Јазир и Намра, Есевон и Елеали, Севам, Невив и Веан,-
4. земјата, која Господ им ја предаде на синовите Израилеви, е земја за одгледување стада, а твоите слуги имаат стада.
5. – И рекоа – ако сме нашле благословение пред тебе, дај им ја таа земја на слугите твои во владение; не ни преведувај преку Јордан.”
6. И им рече Мојсеј на Гадовите синови и на Рувимовите синови: “Браќата ваши ќе отидат во војна, а вие туке ли ќе останете?
7. Зошто го одвраќате срцето на синовите Израилеви да одат во земјата што Господ им ја дава?
8. Не направија ли така татковците ваши, кога ги испраќав од Кадис-Варни да ја видат земјата.”
9. Тие отидоа до долината на лозјата и ја видоа земјата, и го одвратија срцето на синовите Израилеви, за да не отидат во земјата, која Господ им ја дава;
10. и во оној ден се разгори гневот на Господа и Он се заколна, велејќи:
11. ‘И тие луѓе, што излегоа од Египет, од дваесет години и нагоре, кои знаат што е добро и што е зло, нема да ја видат земјата, за која му се бев заколнал на Авраама, Исака и Јакова, зашто тие не Ме послушаа,
12. освен Халев, синот на Јефонија, и Исус, синот Навинов, зашто тие Го послушаа Господа;
13. и се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он ги водеше по пустињата четириесет години; додека не се сотре целиот род, кој беше направил зло пред Господа.
14. И ете, наместо татковците ваши, востанавте вие, изроди од грешници, за да ја зголемите уште повеќе јароста Господова против Израилот.
15. Ако се одвратите од Него, Он пак ќе го остави Израилот во пустињата, и вие ќе го погубите сиот овој народ.’
16. И тие се приближија до него и рекоа: “Ќе направиме тука кошари за стадата наши и градови за децата наши;
17. а самите ние први ќе се вооружиме и ќе одиме пред синовите Изрилеви, додека не го одведеме до местата нивни; добитокот наш нека остане во утврдени градови, за да биде во безопасност од месните жители;
18. нема да се вратиме во домовите наши си додека не стапат синовите Израилеви секој на својот дел;
19. зашто нема да земеме заедно со нив дел од онаа страна на Јордан и понатаму, бидејќи со жреб ни се даде оваа страна на Јордан, кон исток.”
20. Тогаш Мојсеј им рече: “Ако го направите тоа, ако отидете вооружени во војна пред Господа,
21. и секој од вас вооружен го мине Јордан пред Господа, додека не ги истреби Он пред Себе Своите непријатели,
22. и земјата ќе биде покорена пред Господа, тогаш потоа ќе се вратите и нема да бидете виновни пред Господа и пред Израилот, и ќе ја владеете оваа земја пред Господа.
23. Но ако не постапите така, ќе згрешите пред Господа и за гревот свој ќе претрпите казна, што ќе ве стигне.
24. Изградете градови на имотите ваши и огради за добиток ваш, и извршете го она, што го кажавте со устата своја!”
25. Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови му рекоа на Мојсеја: “Слугите твои ќе направат така, како што заповедал Господ наш;
26. децата, пак, наши, жените наши, и сиот наш добиток нека останат тука во градовите на Галад,
27. а слугите твои, сите вооружени и подготвени како војници, пред Господа ќе појдат во војна, како што вели Господ.”
28. И Мојсеј му заповеда на свештеникот Елеазар и на Иисуса, Навинов син, и на началниците над племињата на синовите Израилеви,
29. и им рече: “Ако Гадовите синови и Рувимовите синови го преминат заедно со вас Јордан, сите вооружени и подготвени за војување пред Господа, и ја завладеат земјата пред вас, дајте им ја да ја владеат земјата Галад.
30. Ако пак не тргнат заедно со вас вооружени и подготвени за војна пред Господа, тогаш испретете ги пред вас имотите нивни жените нивни и добитокот нивни во Хананската земја, и нека ја наследат заедно со вас земјата Хананска.”
31. Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови одговорија и рекоа: “Како што ни заповеда Гопсод, на слугите негови, така и ќе направиме;
32. ние ќе тргнеме вооружени пред Господа за Хананската земја, а дајте ни ја во владение наше оваа страна на Јордан.”
33. И им го даде Мојсеј – на Гадовите синови и на Рувимовите синови и половината од племето Манасиево, и на синовите Јосифови – царството на Сион, аморејски цар, и царството на Ог, васански цар, земјата со градовите нејзини и околностите нивни, – градовите на земјата наоколу.
34. И Гадовите синови го изградија Дивон, Атарот и Ароир,
35. и Софан, и Јазир и ги утврдија;
36. и Амрам и Вегран, градови утврдени, и огради за овци.
37. А Рувимовите синови ги изградија Есевон, Елеали, Каријатаим,
38. И Невон, и Веелиеон, чии имиња беа изменети, и Севма, и им дадоа имиња на градовите, што ги изградија.
39. И отиде Ур, синот Махиров, Манасиев внук, во Галад, и го презедоа и ги порази Аморејците, што живееја таму.
40. Јаир, пак, синот Манасиев, отиде и ги презеде селата нивни и ги нарече Јаирови села.
41. И му го даде Мојсеј Галад на Манасиевиот син Махир, и тој се насели таму.
42. А Навав отиде и го зазеде Кага и потчинетите му градови, и го нарече според името свое: Навав.

33. Список на местата, каде што беа сместени логорите. Заповед за истерување на Хананејците.

1. Ете тоа се населбите на синовите Израилеви, што излегоа од Египетската земја според својот состав, под водството на Мојсеја и Арона.
2. По заповедта на Господа Мојсеј го опиша нивните патувања и престојувањата нивни, и еве ги престоите на нивното патување.
3. Од Рамзес тие тргнаа во првиот месец, на петнаесеттиот ден од првиот месец, – утрината по Пасха излегоа синовите Израилеви под висока рака пред очите на сите Египтјани;
4. а во тоа време Египтјаните ги погребуваа сите првородени, што ги порази Господ меѓу нив, и над боговите нивни Господ беше извршил суд.
5. Така тргнаа синовите Израилеви од Рамзес и се сместија во Сокхот.
6. Потоа појдоа од Сокхот и се сместија во Вутан, кој е дел од пустињата.
7. Се кренаа од Вутан, и се упатија при изворот Ирот, кој е спроти Веелсепфан, и се сместја спрема Мигдол.
8. Откога тргнаа од Ирот, минаа преку морето во пустињата, и патуваа три дена по пустињата, и се сместија во Мера.
9. И се кренаа од Мера, пристигнаа во Елим; а во Елим имаше дванаесет водни извори и седумдесет финикови дрвја, и таму се сместија до водите.
10. Потоа појдоа од Елим и се сместија крај Црвеното Море.
11. И тргнаа од Црвено Море и се сместија во пустињата Син.
12. Па се кренаа од пустињата Син и се сместија во Рафак.
13. Од Рафак заминаа и дојдоа во Елус.
14. Тргнаа од Елус и се сместија во Рафидин, а таму немаше вода да пие народот.
15. Појдоа од Рафидин и се сместија во Синајската пустиња.
16. Заминаа од Синајската пустиња и се сместија покрај гробовите на страстите.
17. Тргнаа од гробовите на страстите и се сместија во стан на Асирот.
18. Од Асирот појдоа и се сместија во Ратам.
19. Потоа се кренаа од Ратам и се сместија во Ремнон-Фарес.
20. Појдоа од Ремнон-Фарес и се сместија во Лемнон.
21. Од Лемнон заминаа и се сместија во Ресан.
22. Тргнаа од Ресан и се сместија во Макелата.
23. Се кренаа од Макелата и се сместија во Арсафат.
24. Тргнаа од планината Арсафат и се сместија во Харад.
25. Тргнаа од Харад и се сместија во Макидад.
26. Од Макидад се кренаа и се сместија во Катад.
27. Тргнаа од Катад и се сместија во Тарад.
28. Појдоа од Тарад и се сместија во Мадек.
29. Заминаа од Мадек и се сместија во Аселнон.
30. Од Аселнон тргнаа и се сместија во Масурут.
31. Тргнаа од Масурут и се сместија во Банакан.
32. Заминаа од Банакан и се сместија во гората Гадад.
33. Се кренаа од гората Гадат и се сместија во Етеват.
34. Појдоа од Етеват и се сместија во Еврон.
35. Тргнаа од Еврон и се сместија во Гесион-Гавер.
36. Од Гесион-Гавер тргнаа и се сместија на стан во пустињата Син, па се кренаа од пустињата Син, и се сместија во пустињата Фаран, која е и Кадес.
37. Појдоа од Кадес и се сместија во планината Ор, близу до земјата Едомска.
38. Тогаш по заповед на Господа свештеникот Арон се искачи на планината Ор и умре таму на четириесеттата година по излегувањето на синовите Израилеви од Египетската земја, во петтиот месец, на првиот ден од месецот;
39. Арон имаше сто и дваесет и три години кога умре на планината Ор.
40. Тогаш царот на Арад, еден од хананските цареви, кој живееше на југ во Хананската земја, чу, дека идат синовите Израилеви.
41. И тие тргнаа од планината Ор и се сместија во Селмон.
42. Појдоа од Селмон и се сместија во Финон.
43. Се кренаа од Финон и се сместија во Овот.
44. Потоа заминаа од Овот и се сместија во Гај, од спротива на пределите Моавски.
45. Тргнаа од Гај и се сместија во Девон-Гад.
46. Појдоа од Девон-Гад и се сместија во Гелмон-Девлатаим.
47. Се кренаа од Гелмон-Девлатаим и се сместија во Аваримската гора спроти Навав.
48. Тргнаа од Аваримската планина и се сместија во западен Моав, крај Јордан, спроти Јерихон;
49. и се кренаа од западен Моав, па се сместија во Јордан меѓу Есимот и Велсатим во западен Моав.
50. Тогаш му рече Господ на Мојсеја во западен Моав, во Јордан кај Јерихон, велејќи:
51. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе минете од оваа страна на Јордан во Хананската земја,
52. погубете ги од пред себе сите жители на оваа земја, разрушете ги сите нивни храмови и сите излеани идоли, разрушете ги и сите нивни жртвеници, разорете ги;
53. погубете си живо во таа земја и завладејте ја и населете се во неа, зашто Јас ви ја давам таа земја да ја владеете;
54. и поделете ја земјата со жреб на делови меѓу вашите племиња: на многубројните дајте им поголем дел, а на малубројните дајте им помал дел; како кому ќе му се падне жребот, таму да му биде и делот; земете си делови според родовите на таткоците ваши.
55. Ако, пак, не ги поразите од пред себе жителите на земјата, тогаш оние што ќе останат, ќе бидат трн во очите ваши и бодила во слабините ваши и ќе ве притеснуваат во земјата каде што ќе живеете,
56. и тогаш, она што мислев да им го направам ним, ќе ви го направам вам.”

34. Границите на земјата Хананска.

1. Му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2. “Заповедај им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе влезат во Хананската земја, таа е земјата, кој ќе ви се падне во дел, земјата Хананска со пределите нејзини:
3. вашата страна ќе биде онаа во југ, од пустињата Син, дури до Едом, како и пределот кон Лив, од крајот на Соленото Море откај исток,
4. и да се граничи со пределите од југ до Акравинските возвишенија да минува кон југ кај Кадис-Варни да излегува кај полето Арад, минувајќи преку Аселмон;
5. од Аселмон линијата да оди кон Египетската река и излегува кон морето.
6. И морските предели да бидат ваши, предели што ги определува морето – тоа е морската граница.
7. Откај север, пак, да имате граница: од големото море да ја измерите сами до горите,
8. од горите таа да продолжува до Емат, и оттука свртува кон Садад;
9. оттаму границата да продолжи кон Зефрон и да скршнува кон Арсенаин: тоа да ви биде северната граница.
10. Источната граница измерете ја сами од Арсенаин до Сепфамара,
11. од Сепфамара да продолжи кон Вил до изворите, потоа таа прави завој до морето Кинерет, од источната страна;
12. таа граница излегува на Јордан и прави завој кон Соленото Море. Тоа да ви биде земјата со границите нејзини наоколу.”
13. Тогаш им заповеда Мојсеј на синовите Израилеви и рече: “Еве ја земјата што ќе ја поделите со жреб, која Господ заповеда да им се даде на деветте племиња и половината од племето Манасиево,
14. зашто племето на Рувимовите синови според домовите нивни, и племето на Гадовите синови според домовите нивни, и половината од Манасиевото племе, го добија својот дел:
15. двете племиња и половината племе го добија својот дел со жреб од ова страна на Јордан, спроти Јерихон на исток.”
16. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
17. “Ова се имињата на мажите, што ќе ја поделат таа земја меѓу вас, свештеникот Елеазар, и Исус, Навиновиот син;
18. а за делењето на земјата земете и по еден кнез од секое племе.
19. А еве ги имињата на тие мажи: за Јудиното племе-Халев, синот Јефониев;
20. за племето на Симеоновите синови – Самуил, синот Амиудов;
21. за Венијаминовото племе – Елдад, синот Хаслонов;
22. за племето на Дановите синови – кнезот Вакхир, Еглиновиот син;
23. за Јосифовите синови, за племето на Манасиевите синови – кнезот Анил, Ефодовиот син;
24. за коленото на Ефремовите синови – кнезот Камуил, синот Сафатанов;
25. за племето за Завулоновите синови – кнезот Елисафан, синот Фарнахов;
26. за племето на Исахаровите синови – кнезот Фалтиил, синот Озанов;
27. за племето на Асировите синови – кнезот Ахир, синот Селемиинов;
28. за племето на Нефталимовите синови – кнезот Фадаил, синот Амиудов.”
29. Тоа се оние, на кои Господ заповеда да ги поделат деловите меѓу синовите Израилеви во Хананската земја.

35. За градовите на левитите.

1. И му рече Господ на Мојсеја во западен Моав при Јордан, спроти Јерихон, велејќи:
2. “Заповедај им на синовите Израилеви да им дадат со жреб на левитите од добиените делови во владение свое градови за живеење, и поле околу градовите дајте им на левитите;
3. во градовите ќе живеат тие, а полето ќе биде за добитокот нивни, и за сите нивни четвороножни животни.
4. Полето околу градовите, што ќе им го дадете на левитите, треба да се простира од градскиот ѕид две илјади лакти наоколу.
5. И измерете надвор од градот, откај исток две илјади лакти, откај страната на југ две илјади лакти, и страната откај морето две илјади лакти, откај север две илјади лакти, а во средината да биде градот; такво ќе им биде полето околу градовите.
6. Меѓу градовите што ќе им ги дадете на Левитите, шест града нека има за засолниште, каде што ќе дозволите да избегаат оние што убиле; и освен нив дајте четириесет и два града:
7. сите градови, што ќе им ги дадете на Левитите, да бидат четириесет и осум града со поле околу нив.
8. И кога ги давате градовите од владението на синовите Израилеви, давајте од поголемото – повеќе, од помалото помалку; според наследството свое, што ќе го добие, нека им даде од своите градови на Левитите.”
9. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
10. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‘кога ќе минете преку Јордан во Хананската земја,
11. разделете си градови, што ќе ви бидат градови прибежишта, каде што би можел да избега убиец, кој убил ненамерно.’
12. И тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот за крв, та да не биде погубен оној, што го извршил убиството, пред да излезе на суд пред народот.
13. А градовите, што ќе ги дадете, градовите за засолништа, треба да бидат шест:
14. три града дајте од оваа страна на Јордан и три града дајте во Хананската земја; тие треба да бидат градови прибежишта.
15. Тие шест градови да бидат засолништа за синовите Израилеви, за придојдениот и за преселениот меѓу вас, за да избега во нив секој, кој убил човек не сакајќи.
16. Ако некој удри некого со железно орудие и тој умре, тој е убиец: убиецот да биде убиен;
17. и ако некој удри некого со камен од рака, и тој умре од каменот; тој е убиец, убиецот да биде убиен;
18. или ако удри со дрвено орудие од рака, па тој од тоа умре, тој е убиец, убиецот да биде умртвен.
19. Одмазникот за крв сам може да го убие убиецот: штом ќе го сретне, може сам да го умртви.
20. Ако некој турне некого од омраза, или со умисла фрли на него нешто, така што тој да умре,
21. или од завист го удри со рака, па тој умре, тогаш оној што удрил да биде убиен, тој е убиец; одмаздникот за крв може да го умртви убиецот, штом ќе се сретне со него.
22. Ако го турне, не сакајќи, и без непријателство, или фрли на него нешто без умисла,
23. или, без да види, откачи некој камен одозгора, што може да предизвика смрт, така што оној умре, но тој не му бил непријател и не му мислел зло,
24. тогаш народот да го реши делото меѓу убиецот и одмаздникот за крв според оваа наредба;
25. и народот да го спаси убиецот од раката на одмазникот за крв, и да го врати во градот на неговото засолниште, каде што избегал тој, за да живеее таму до смртта на големиот свештеник, кој е помазан со свет елеј.
26. Ако убиецот излезе надвор од градот за засолнување, каде што избегал,
27. па одмаздникот за крв го сретне надвор од границата на градот прибежиште и го убие, нема да биде виновен за крвнина,
28. зашто оној треба да живее во градот на засолништето свое до смртта на големиот свештеник, а по смртта на големиот свештеник убиецот ќе може да се врати во земјата на имотот свој.
29. Тоа да ви биде законска наредба во поколенијата ваши, по сите ваши живеалишта.
30. Секој што ќе убие човек убиецот да биде пред свидетели; но еден сведок не е доволен за осудување на смрт.
31. И не земајте откуп за душата на убиецот, кој е виновен за смртта, него предавајте го на смрт.
32. И не земајте откуп за избеган во засолнички град, за да му дозволите да живее во земјата своја, си до смртта на великиот свештеник.
33. На убивајте на земјата, на која живеете; зашто крвта ја осквернува земјата, и земјата не се чисти од пролеаната крв врз неа поинаку, освен со крвта на оној, што ја пролеал.
34. Да не ја осквернувате земјата, на која живеете, во која помеѓу вас се вселив и Јас; зашто Јас сум Господ, Кој се всели меѓу синовите Израилеви.”

36. Ќерките наследнички не смеат да се мажат надвор од своето племе.

1. Дојдоа кнезовите на племињата од синовите на Галад, синот на Махир, внук Манасиев, од племињата на Јосифовите синови, говореа пред Мојсеја и пред свештеникот Елеазар и пред кнезовите, на домовите на синовите Израилви,
2. па рекоа: “Господ му заповеда на господарот наш да им дадеме земја во дел на синовите Израилеви по жреб, и на господарот наш му е заповедано од Господа, делот на Салпаад, наш брат, да им го даде на ќерките негови;
3. ако, пак, тие се омажат за синови од некое друго племе на синовите Израилеви, тогаш нивниот дел да се одземе од делот на татковците наши и да се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени, и да се одземе наследството нивни од делот, кој што ни се падна со жреб нам;
4. и дури откако кај синовите Израилеви ќе има проштална година, делот нивни да се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени, делот нивни да се одземе од делот на татковото ни племе.”
5. Тогаш Мојсеј им заповеда на синовите Израилеви, според повелбата Господова, и рече: “Право говори племето на Јосифовите синови:
6. еве, како заповеда Господ за Салпаадовите ќерки: тие можат да бидат жени на оние, што ќе им се допаднат, но можат да се омажат само со човек во племето од татковиот род,
7. за да не минува делот на синовите Израилеви од едно племе во друго – зашто секој од синовите Израилеви треба да се жени само во родот на татковото си племе;
8. и секоја ќерка, која наследува дел во племето на синовите Израилеви, треба да стане жена на некого од племето на татковиот си род, та секој од синовите Израилеви да го наледи татковиот дел,
9. и да не минува делот од едно племе во друго; зашто секој од синовите Израилеви треба да се жени во племето од своето наследство.”
10. Како што му заповеда Господ на Мојсеја, така и направија Салпаадовите ќерки.
11. И Салпаадовите ќерки Мала, Терса, Егла, Мелха и Нуа се омажија со синовите од браќата на своето племе;
12. тие се омажија во племето од синовите на Манасија, Јосифов син, и нивниот дел остана во племето на нивниот татко.
13. Тоа се заповедите и наредбите, и повелбите, што Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеја во западен Моав, при Јордан, спроти Јерихон.