Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Второ соборно послание на светиот апостол Петар

1. При разделбата апостолот напомнува за христијанските добродетели. За Христовото преображение на Гората и за сигурниот пророчки збор.

1. Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, на кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос им се падна да добијат заедно со нас еднаква вера:
2. благодатта и мирот со познавањето на Бога и Христа Исуса, нашиот Господ, да ви се умножи.
3. Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè, што е потребно за животот и побожноста, а преку познавањето на Оној, Кој нè повика со Својата слава и совршенство,
4. преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, ако се оддалечите од гнилежните похоти на овој свет;
5. затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум,
6. кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност,
7. кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов.
8. Оти, ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос.
9. А при кого ги нема, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови.
10. Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите,
11. бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12. Поради тоа секогаш ќе се грижам да ви ги напомнувам овие работи, иако ги знаете, и да сте утврдени во сегашната вистина.
13. Па и право е, додека сум во ова тело, да ве подбудувам со напомнување,
14. оти знам дека наскоро ќе го оставам моето тело, како што Господ наш, Исус Христос, ми јави.
15. А ќе се погрижам на ова да се потсетувате секогаш и по мојата смрт.
16. Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие.
17. Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение”.
18. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора.
19. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца.
20. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот.
21. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух.

2. Треба да се пазиме од лажни и порочни учители.

1. А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои што ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господа, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел.
2. И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен.
3. И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме.
4. Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот;
5. и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп на безбожниот свет, го запази само осмочлениоит Ноја, проповедникот на правдата;
6. и градовите Содом и Гомор ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, па ги остави како пример на идните безбожници,
7. а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот.
8. Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа;
9. тоа Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден;
10. а најмногу оние, што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои што ги презираат началниците, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта,
11. кога и ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господа.
12. А тие, како неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат, хулејќи го она, што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат,
13. добивајќи награда за неправда. Тие секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада; тие се срам и грев, насладувајќи се со своите измами, јадејќи со вас;
14. имаат очи полни со прељубодејство и постојанен грев, ги мамат неутврдените души; имаат срце привикнато на лакомство: тие се чеда на проклетството.
15. Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките на Восоровиот син Валаам, кој засака неправедна плата;
16. но беше изобличен за своето беззаконие: неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот.
17. Тие се безводни извори, облаци и магли, од бура разнесувани; за нив е запазен мракот на темнината за секогаш.
18. Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти нечистотија оние, кои од скоро време се оттргнале од оние што живеат во заблуда.
19. Им ветуваат слобода, кога тие самите се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува.
20. Оти, откако ги избегнале световните скверности преку познавањето на Господа и Спасителот наш Исус Христос, ако пак се заплетат во нив и бидат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото.
21. За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена.
22. Ним им се случува според вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блувотина”, и „Искапената свиња – во калта”.

3. Нема да изостане, како што се изгледа, денот Господов и крајот на светот. Подгответе се за него достојно. Крајот.

1. Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание, во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум,
2. за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господа и Спасителот, дадена преку вашите апостоли.
3. Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби
4. и ќе велат: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сè си стои така, како од созданието на светот.”
5. Бидејќи оние, што го бараат тоа, забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово,
6. поради кое, тогашниот свет загина, потопен во вода.
7. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе.
8. Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден.
9. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, +туку сите да се обрнат кон покајание.
10. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; +тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори.
11. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба дави биде вашиот свет живот и побожноста ваша,
12. кои што го очекувате и сакате скорото доаѓање на Божјиот ден, поради кого небесата ќе се разрушат и разгорените стихии ќе се стопат?
13. Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда.
14. Затоа, возљубени, очекувајќи го тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернети и непорочни;
15. и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение, – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост;
16. како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.
17. А вие, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени од нив, и да не отпаднете од својата тврдост,
18. туку да напредувате во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња. Амин!