Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните

1. Апостоловата благодарност на Бога за утеха во маките. Одбрана од прекор поради непостојаност.

1. Павле, апостол на Исуса Христа по волја Божја, и братот Тимотеј, до црквата Божја во Коринт заедно со сите светии по цела Ахаја:
2. благодат и мир од Бога Отецот наш, и Господа Исуса Христа!
3. Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха,
4. Кој нè утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нè утешува нас самите!
5. Оти, како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа.
6. Ако сме во мака, за ваша утеха е и спасение, кое е можно само така, кога ги претрпувате истите страдања, што ги трпиме и ние;
7. а и надежта наша за вас е тврда. Се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата.
8. Браќа, не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бемве оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме.
9. Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите,
10. Кој нè избави од таква страшна смрт, а и уште нè избавува, на Кого се надеваме дека и понатаму ќе нè избавува;
11. па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас.
12. Бидејќи е нашата пофалба: сведоштво на нашата совест дека во простота и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живеевме на светот, особено, пак, меѓу вас.
13. Оти друго не ви пишуваме, освен она, што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разбирате.
14. Како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, +како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос.
15. И во таа увереност се готвев да дојдам при вас порано, та повторно да примите благодат,
16. и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, та вие да ме придружите до Јудеја.
17. Но, како го готвев ова вака, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето „да” да биде и „не”?
18. Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „да” и „не”.
19. Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силуан и Тимотеј, не беше „да” и „не”, туку во Него беше „да”,
20. бидејќи сите ветувања Божји во Него се „да”, и во Него <амин”, за слава Божја преку нас. 21. Бог е Оној, Кој нè утврди со вас во Христа и нè помаза; 22. Он и нè запечати и ни даде +залог на Духот во срцата наши. 23. А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа, дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега; 24. но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме помагачи на вашата радост, бидејќи во верата вие сте тврди.

2. Павле препорачува повторен прием на грешник што се кае, Апостолот Го слави Бога поради силата на чистата проповед за Христа.

1. И така, решив во себеси да не доаѓам при вас со жалост,
2. зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној, кого сум го ожалостил?
3. Тоа исто и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме огорчат оние, кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уверен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас.
4. Оти од многу грижи и од тага на срцето ви напишав со многу солзи, не за да ве огорчам, туку зада ја познаете преголемата љубов, што ја имам кон вас.
5. Ако ли, пак, некој ме ожалости, тоа не ме ожалостил мене, а донекаде, да не претерам, сите вас.
6. Оти доволна казна е ова за таков од мнозинството;
7. така што за вас е подобро да му простите и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост;
8. затоа ве молам кон него да покажете љубов.
9. Зашто со таква цел и ви напишав, со обид да узнаам дали сте во сè послушни.
10. А кому вие ќе му простите за нешто, нему ќе му опростам и јас; оти јас, ако сум простил некому нешто, сум му простил поради вас во името на Исуса Христа,
11. за да не земе сатаната предимство над нас: бидејќи неговите замисли ни се извесни.
12. Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово, и вратата ми беше отворена во името Господово
13. духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и откако се простив од нив, заминав за Македонија.
14. Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа, и преку нас го шири мирисот насекаде, по кој Го познаваме самиот Него.
15. Зашто ние сме Христов мирис пред Бога за оние, кои се спасуваат, и за оние, кои гинат;
16. на едните сме смртносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И +за ова кој е способен?
17. Оти ние не го изопачуваме словото Божјо, како мнозина, а го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христа.

3. Службата на Новиот завет е служба на Духот и животот – служба на словото кое убива.

1. Пак ли ќе почнеме сами да се фалиме пред вас? Или ни се потребни, како на некои, препорачувачки писма до вас или од вас?
2. Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, кои го познаваат и читаат сите луѓе;
3. вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето.
4. Таква сигурност во Бога имаме преку Христа,
5. но не дека сме способни да помислиме нешто, како од себе: напротив, нашата способност доаѓа од Бога.
6. Он ни дал способност да бидеме слуги на Новиот завет, не +на буквата, туку на Духот; зашто буквата убива, а Духот оживотворува.
7. Ако, пак, служењето на смртта со букви, издлабени во камења, беше така славно, што синовите Израилеви не можеа да погледаат во лицето на Мојсеја, поради преодниот сјај на неговото лице,
8. тоа како ли нема да биде славно служењето на Духот!
9. Оти, ако служењето на осудувањето е славно, тогаш служењето на оправданието е многу поизобилно со слава.
10. И не е славно она што се прослави тогаш спрема преголемата слава.
11. Оти, кога е славно она што престанува, тоа во многу поголема слава ќе биде она што останува.
12. Имајќи,пак,таква надеж, ние дејствуваме со голема слобода,
13. а не како Мојсеј што ставаше покривало на лицето свое, за да не можат синовите Израилеви да го видат крајот на она што останува.
14. Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува.
15. Па и до ден денс, кога се чита Мојсеј, покривалото им лежи на срце.
16. Но, кога ќе се обрнат кон Господа, покривалото им се симнува.
17. А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода.
18. Ние, пак, сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа Духот Господов.

4. Павле сведочи дека Евангелието го проповеда добро и дека Неговата сила се гледа во маките.

1. Затоа, имајќи го по милоста Божја ова +служење, ние со духот не паѓаме;
2. но се одрековме од тајните срамни дела за да не живееме во лукавство, ниту да го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината да се покажеме на секоја човечка совест пред Бога.
3. Ако, пак, е покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што гинат;
4. ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог.
5. Оти ние себе не проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса.
6. Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло.
7. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на
Бога, а не нам.
8. Во сè сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж;
9. нè гонат, но не сме изоставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме.
10. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше.
11. Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело,
12. така што смртта да дејствува во нас, а животот – во вас.
13. Имајќи го, пак, тој ист дух на верата, како што е напишано: „Поверува и затоа зборува”, и ние веруваме, па затоа и зборуваме,
14. знаејќи, дека Кој го воскресна Господа Исуса и нас ќе нè воскресне преку Исуса и ќе нè постави со вас.
15. Зашто сè е заради вас, та благодатта, откако се преумножи, преку мнозина да произведе уште поголема благодарност за славата Божја.
16. Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува.
17. Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава,
18. имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.

5. Копнеж за вечна куќа на небесата. Значење на службата која проповеда помирување.

1. Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата.
2. Затоа и воздишуваме, копнејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште;
3. само, да не би и облечени, да се најдеме голи.
4. Оти, ние кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното.
5. А Бог, Кој нè создаде токму за ова, ни даде и залог на Духот.
6. И така, секогаш сме спокојни, зашто знаеме дека, додека живееме во телото, ние се оддалечуваме од Господа,
7. бидејќи според верата живееме, а не според гледањето.
8. Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме при Господа.
9. Па затоа и усрдно се грижиме да Му бидеме угодни, било кога живееме во телото, било кога го напуштаме;
10. зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој +да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло,
11. И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надеваме дека сме познати и на вашите совести.
12. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце.
13. Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас.
14. Бидејќи љубовта Христова нè гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени.
15. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна.
16. Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме.
17. И така, кој е во Христа, тој е ново создание; +старото помина; ете, сè стана ново.
18. А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување.
19. Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓето, и го вложи во нас словото на измирување.
20. Па така, ние сме пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!
21. Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Он место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја.

6. Павле охрабрува со својот пример за достојна употреба на Божјата благодат.

1. Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја.
2. Зашто е речено: „Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав”. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!
3. Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба,
4. туку во сè се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби,
5. при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости,
6. со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов,
7. со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака,
8. при чесност и бесчесност, при укори и пофалби; нè сметаат за измамници, а ние сме вистинити;
9. за непознати, а добро сме познати; нè држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; +нè казнуваат, но не можат да нè умртват;
10. нè нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нè сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сè имаме.
11. Устата наша е отворена за вас, Коринтјани, и срцето наше се раширува.
12. Вам не ви е тесно со нас, но тесно ви е во срцата ваши.
13. За еднаква отплата ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки.
14. Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што воопшто има меѓу светлината и темнината?
15. Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник?
16. Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ”.
17. Затоа излезете од нивната средина и одделете се! Вели Господ, и Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!
18. И јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки”, вели Господ Седржителот.

7. Правење свети дела; наскрбување заради Бога.

1. И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји.
2. Примете нè во срцата ваши: никому не направивме лошо; никого не упропастивме, ниту, пак, некого искористивме.
3. Ова не го зборувам за осудување, оти пред малку реков дека сте во срцата наши, за да умреме и да живееме заедно.
4. Многу слободно зборувам кон вас, многу се фалам со вас; се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки.
5. Оти, кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, одвнатре страв.
6. Но Бог, Кој ги утешува смирените, нè утеши +со доаѓањето на Тит.
7. И не само со неговото доаѓање, но и со утехата, со која се беше утешил тој поради вас, прикажувајќи ни за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата ревност кон мене, така што јас уште повеќе се зарадував.
8. Оти, ако сум ве и ожалостил со посланието, не се кајам, иако се каев; бидејќи гледам дека тоа послание ве ожалостило само за малку време.
9. Сега се радувам не затоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајување, оти се наскрбивте по Бога, та никаква штета да не претрпите од нас.
10. Бидејќи скрбта по Бога предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната мака доведува до смрт.
11. Зашто, ете, тоа што се нажаливте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква одмазда! Со сè покажавте дека во тоа дело сте чисти.
12. И така, ако и ви напишав, тоа го направив не поради оскрбителот, ниту поради оскрбениот, туку за да стане позната нашата грижа за вас пред Бога.
13. Затоа се утешивме со вашата утеха, а уште повеќе се зарадувавме со радоста на Тит, затоа што сите вие сте му го успокоиле духот.
14. И затоа, што јас не се посрамив, кога со некои работи се пофалив за вас пред него; но, како што секогаш пред вас сме ја зборувале вистината, така и пофалбата пред Тит ни излезе вистинска.
15. Голема е неговата срдечна љубов кон вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас, како со трепет и страв сте го примиле.
16. И така, се радувам дека во сè можам да се поверам на вас.

8. Опомена на милостиња за сиромашните христијани во Ерусалим.

1. Браќа, ве известуваме за благодатта Божја, дадена на црквите македонски,
2. дека при поднесувањето на многу маки нивната радост беше изобилна; и при својата голема сиромаштија покажаа големо богатство на својата добродушност,
3. зашто според можностите нивни, јас сум сведок, а и преку нив, тие даваа доброволно;
4. нè молеа необично многу, да го примиме нивниот дар и учеството во прислужувањето на светиите;
5. и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред сами себе Му се предадоа на Господа, а потоа и на нас, по волјата Божја.
6. Затоа го замоливме Тит, онака како што беше почнал порано, така и при вас да го заврши тоа добро дело.
7. И како што сè изобилува во вас: верата и словото, разумот и секоја усрдност и љубовта ваша кон нас, така нека изобилува во вас и таа добродетел.
8. Ова ви го велам не како заповед, туку преку усрдноста на другите да ја испитам искреноста и на вашата љубов.
9. Бидејќи вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос дека Он, бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија.
10. А со ова ви давам совет, зашто тоа е полезно за вас, кои не само го правевте, туку и почнавте да сакате да го правите уште од минатата година.
11. А сега довршете го започнатото дело, та, како што имаше усрдност во вашето барање, така усрдно нека биде и неговото довршување според средствата.
12. Оти, ако некој има добра волја, мил е по она што го има, а не по она што го нема.
13. Зашто не сакам на другите да им биде лесно, а вам – тешко, туку подеднакво:
14. сегашниот ваш одвишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот одвишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост,
15. како што е напишано: „Кој собрал многу, немал одвишок; и кој малку, немал недостиг”.
16. Да Му благодариме на Бога, Кој во срцето на Тит вложи таква грижа за вас.
17. Вистина, јас го молев, но тој, бидејќи многу ревносен, доброволно тргна кон вас.
18. Со него испративме еден брат, пофалуван за неговото благовестие по сите цркви;
19. и не само тоа, туку и избран од црквите, за да нè придружува во тоа добро дело, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и за вашата добра волја,
20. пазејќи се, да не би некој да нè укори поради обилните приноси, за чие собирање се грижиме ние.
21. Оти ние се трудиме за доброто не само пред Господа, туку и пред луѓето.
22. Со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност многупати сме ја испитале во многу работи, и кој сега е уште поревносен поради големата увереност во нас.
23. Што се однесува до Тит, тој е мој другар и сотрудник помеѓу вас; а по однос на нашите браќа, тие се пратеници на црквите. Христова слава.
24. И така, посведочете им ја вашата љубов и пофалбите наши за вас, како ним, така и пред црквите.

9. Продолжение.

1. Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам,
2. зашто ја знам вашата ревност, за која се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја приготвила помош уште од лани; и вашата ревност поттикна мнозина.
3. А браќата ги испратив, та да не би нашата пофалба за вас да излезе овој пат напразно, туку како што зборував, бидете приготвени.
4. Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени, да не би да останеме посрамени ние – за да не велиме вие, откако ве пофаливме со таква увереност.
5. Затоа сметав за потребно браќата да ги замолам да дојдат лично кај вас и да се погрижат порано, така што најавената ваша милостиња да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство.
6. Ова, пак, ви го велам: кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее.
7. Секој да дава од сè срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава.
8. А Бог е силен да умножи во вас секаква благодат, та, имајќи секогаш доволно сè, да бидете од сè срце дарежливи во секое добро дело,
9. како што е напишано: „Растури, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна”.
10. А Оној, Кој му дава на сеачот семе, ќе му даде и леб за храна; Он ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да израсте житото на вашата правда,
11. па во сè да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.
12. Бидејќи извршувањето на таа служба не само што ги надополнува недостатоците на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога;
13. и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за вашето покорно признавање на Евангелието Христово, и за простосрдечната заедница, со нив и со сите други;
14. и се молат за вас, бидејќи многу ве сакаат, за преизобилната благодат Божја во вас.
15. Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажан дар!

10. Павловата одбрана од приговорите на неговите непријатели и лажните апостоли

1. Ја, самиот Павле, смирен кога сум лично меѓу вас, а слободен, кога сум далеку од вас, ве убедувам со Христовата кротост и благост.
2. Ве молам, кога ќе бидам при вас, да бидете такви што да нема потреба да бидам така смел, каков што мислам да бидам спрема некои, кои за нас мислат оти постапуваме по телото.
3. Зашто, иако во тело одиме, телесно не се бориме.
4. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања,
5. и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробување секој разум, за да Му биде покорен на Христа;
6. и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се изврши вашата послушност.
7. На надворешноста ли гледате? Кој е уверен во себе дека е Христов, нека суди, пак, од себе, оти, како што е тој Христов, така сме и ние Христови.
8. Бидејќи, ако и нешто повеќе да се пофалам со нашата власт, која ни ја даде Господ за вашето издигање, а не назадување, нема да се посрамам.
9. Но, никој нека не помисли дека преку посланијата ве заплашувам,
10. бидејќи во посланијата свои, ќе рече некој, тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас слаб; проповедта негова ништо не вреди.
11. Таквиот нека знае дека какви сме во зборовите во посланијата свои, кога отсуствуваме, такви сме и на дело, кога присуствуваме.
12. Зашто не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои од оние, што сами се препорачуваат: тие не разбираат дека се споредуваат сами со себе и се мерат само со себе.
13. Ние, пак, не без мерка ќе се пофалиме, туку според правилото на мерката што ни е определена од Бога, за да достигнеме дури и до вас.
14. Оти ние не како нестигнати до вас се напрегаме, бидејќи достигнавме и до вас со Благовестието Христово;
15. не фалејќи се преку мерка со туѓите напори, се надеваме дека премногу ќе се возвеличиме меѓу вас според делата наши, кога ќе порасте верата ваша,
16. така што и подалеку од вас да го проповедаме Евангелието, а не да се фалиме со готовото во туѓ дел.
17. Кој се фали, со Господа да се фали!
18. Зашто, не оној, што се фали сам, е достоен, туку оној, кого што Господ го фали.

11. Продолжение. Апостоловите страдања и опасности при основањето на црквите.

1. Да го бевте истрпеле моето безумие! Но и истрпете ме!
2. Оти за вас ревнувам со ревност Божја; зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица.
3. Но се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашти мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа;
4. зашто, ако некој дојдеше да проповеда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго благовестие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте.
5. Но јас мислам дека во ништо не сум помал од врховните апостоли;
6. иако сум прост во проповедта, + во знаењето не сум. А насекаде и по сè сме ви добро познати.
7. Погрешив ли што се понизував за да ве издигнам вас, бидејќи дарум ви Го проповедам Евангелието Божјо?
8. Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, та вам да ви служам, и додека бев при вас, иако бев во скудност, никому не дотегнав.
9. оти немаштијата моја ја употполнија браќата, што дојдоа од Македонија. Па и во сè друго се пазев и ќе се пазам, да ви бидам на товар.
10. Како што е вистината Христова во мене, така и оваа пофалба нема да се одземе од мене во краиштата ахајски.
11. А зошто? Затоа ли што не ве сакам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го правам,
12. за да не им дадам повод на оние, кои бараат причина, та во она, за кое се фалат, да се покажат како ние.
13. Оти таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли.
14. И не е за чудење: бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината;
15. та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.
16. Велам пак: никој да не ме смета за безумен; ако ли не, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам.
17. А она, што го зборувам, не го зборувам по Господа, туку како безумен, во овој вид пофалба.
18. Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас.
19. Оти вие, како мудри луѓе, љубезно ги примате безумните;
20. вие ги поднесувате: ако некој ве натера да бидете слуги, ако некој ве јаде, ако некој од вас зема, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ.
21. За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас.
22. Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас.
23. Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање.
24. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар;
25. трипати сум удиран со стапови, +еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина;
26. многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа;
27. во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија.
28. Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви.
29. Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?
30. Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.
31. Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во веки, знае, дека не лажам.
32. Во Дамаск управителот на цар Арета, друговерец, го пазеше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен и преку прозорец низ ѕид избегав од рацете негови.

12. Павле прикажува за откровенијата на Господа, за страдањето и за силата. Им ја напомнува на браќата својата чиста љубов спрема нив.

1. Да се фалам, немам полза, но ќе минам кон виденија и откровенија Господови.
2. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо.
3. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае,
4. беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже.
5. Со таков човек ќе се пофалам; но со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости.
6. Ако, пак, посакам да се фалам, нема да бидам безумен, зашто ќе кажам вистина; но јас се воздржувам, да не би некој да помисли за мене повеќе, отколку што во мене гледа, или од мене слуша.
7. И, за да не превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам.
8. Затоа трипати Го молев Господа да го отстрани од мене.
9. Но Он ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста”. Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене силата Христова.
10. Затоа добро ми е во слабостите, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христа, оти кога сум слаб, тогаш сум силен.
11. Станав безумен со фалбите свои: вие ме принудивте. Вие требаше да ме пофалите, зашто со ништо не сум подолен од врховните апостоли, иако сум ништо.
12. Зашто белези апостолски се извршија меѓу вас во секое трпење, во знаци, чудеса и сили.
13. Оти, по што станавте подолни од другите цркви, освен по она, што јас не ви дотегнав? Простете ми ја таа грешка!
14. Еве, по третпат се готвам да дојдам при вас, и пак нема да паднам на ваш товар; оти јас не го барам вашето, туку вас: децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата.
15. А јас на драго срце сè ќе жртвувам и ќе се жртвувам себе за вашите души, иако, сакајќи ве премногу, вие многу помалку ме сакате.
16. Но нека биде така! Јас не ви додевав; само бидејќи итар, ве добив на измама.
17. Да не би да сум ве искористил преку оние, што ги испраќав при вас?
18. Го замолив Тит, а со него го пратив и +еден од браќата. Да не би Тит да ве исползувал во нешто? Не одевме ли со ист дух? Нели по истите стапки?
19. Пак ли мислите дека пред вас се оправдуваме? Ние зборуваме пред Бога, во Христа, и сето тоа, возљубени, е за ваше издигање.
20. Бидејќи се плашам, да не би, кога ќе дојдам да ве најдам не такви, какви сакам; а и вие да ме најдете таков, каков што не сакате: да не би меѓу вас да има кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, охолост, бунење;
21. да не би пак, кога ќе дојдам при вас, да ме унизи мојот Бог, и да плачам за мнозина, кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамотата, што ги направиле.

13. Остри опомени за покајување. Крај.

1. Ова е третпат како веќе доаѓам при вас: „Од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор.”
2. Порано реков и велам, како кога бев по вторпат, и сега, кога не сум при вас, им пишувам на оние што порано погрешија, и на сите други, дека, кога ќе дојдам пак, нема да штедам;
3. вие барате докази за Христа, Кој зборува во мене; Он не е бессилен меѓу вас, туку е силен меѓу вас.
4. Оти, иако по слабоста распнат, Он е жив по силата Божја; бидејќи сме и ние слаби во Него, но ќе бидеме живи со Него, преку силата Божја меѓу вас.
5. Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами испитувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни.
6. А за нас, се надеваме дека ќе разберете, оти ние не сме недостојни.
7. Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; не да се покажеме ние како достојни, туку вие да вршите добро, а ние како недостојни да останеме.
8. Оти ние сме силни не против вистината, туку за вистината.
9. Се радуваме кога ние слабееме, а вие јакнете. А за тоа и Му се молиме на Бога, за вашето усовршување.
10. Овие работи ви ги пишувам, не наоѓајќи се при вас; па, кога ќе дојдам при вас, да не употребам строгост според власта, која ми ја даде Господ, за издигање, а не за растурање.
11. И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.
12. Поздравете се еден со друг преку свет целив. Ве поздравуваат сите светии.
13. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас. Амин!