Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Свето Евангелие според Јована

1. Вечното слово стана плот. Сведоштвото на Крстителот за Јагнето Божјо. Првите ученици Исусови.

1. Во почетокот беше Словото, и Словото беше +во Бога, и Бог беше Словото.
2. Тоа во почетокот беше во Бога.
3. Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана.
4. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето.
5. И Светлината во темнина свети и мракот на ја опфати.
6. Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бога;
7. тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
8. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината.
9. Постоеше вистинска Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светов.
10. Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна.
11. Дојде при Своите и Своите не Го примија.
12. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји:
13. кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија.
14. И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.
15. Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Овој е за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, ме испревари, оти постоеше порано од мене!”
16. И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;
17. зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа.
18. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави.
19. И тоа е сведоштвото на Јована, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си Ти?”
20. Тој призна и не одрече, а објави: „Не сум јас Христос.”
21. И го прашаа: „А што си? Илија ли си ти?” Одговори: „Не сум.” „Пророк ли си?” И одговори: „Не.”
22. А тие Му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние, што нè испратија; што велиш за себе?”
23. Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа,” како што +вели пророкот Исаија.
24. А испратените беа од фарисеите;
25. И го запрашаа, велејќи: „Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?”
26. Јован им одговори и рече: „Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.
27. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.”
28. Ова се случи во Витавара, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован.
29. На другиот ден, Го виде Јован Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!
30. Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене.
31. Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за да биде Он објавен на Израилот.”
32. И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.
33. Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече: »Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети.«
34. И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји.”
35. А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.
36. И штом Го виде Исуса да врви, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!”
37. Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса.
38. А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе) каде живееш?”
39. Им рече: „Дојдете и видете!” Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час.
40. А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра.
41. Тој прв го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месија, кое значи: Христос!”
42. И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.”
43. На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!”
44. И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра.
45. Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!”
46. А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!”
47. Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.”
48. Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.”
49. Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!”
50. А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.”
51. И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.”

2. Свадбата во Кана. Чистењето на храмот.

1. На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму.
2. Поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови.
3. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: „Немаат вино.”
4. Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.”
5. Но мајка Му Негова им рече на слугите: „Сè што ќе ви рече, направете!”
6. А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери.
7. А Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!” И тие ги наполнија догоре.
8. Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!” И му однесоа.
9. И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја, и го повика младоженецот,
10. и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.”
11. Така направи Исус почеток на Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.
12. Потоа слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови; и таму останаа неколку дена.
13. Се приближуваше Пасха јудејска, и Исус се искачи во Ерусалим;
14. и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат.
15. И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите;
16. па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!”
17. Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.”
18. А Јудејците одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?”
19. И им одговори Исус и рече: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам.”
20. А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?”
21. Но Он говореше за храмот на Своето тело.
22. А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.
23. И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесата Негови, што ги вршеше, поверуваа во Неговото име.
24. Но Сам Исус не им се доверуваше, оти ги познаваше сите,
25. и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Сам знаеше, што има во човекот.

3. Разговорот на Исуса со Никодима. Јован сведочи за Христа.

1. Меѓу фарисеите беше еден човек по име Никодим, кнез јудејски.
2. Тој дојде при Исуса ноќно време и Му рече: „Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден
од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чудеса, што ги правиш Ти, ако не е со него Бог.”
3. Му одговори Исус и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.”
4. Никодим Му рече: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?”
5. А Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо;
6. зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.
7. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.
8. Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.”
9. Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?”
10. Исус одговори и му рече: „Ти си учител Израилев, па тоа ли не го знаеш?
11. Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она, што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате.
12. Кога за земни работи ви зборував и не верувавте, како ќе поверувате, ако би ви говорел за небесните?
13. Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото.
14. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,
15. та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен.
16. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен.
17. Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, оти не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
19. А овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе
мракот отколку светлината, оти нивните дела беа лоши.
20. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави.
21. А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.”
22. Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштаваше.
23. А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа,
24. оти Јован уште не беше фрлен в затвор.
25. Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето.
26. И дојдоа при Јована и му рекоа: „Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него.”
27. А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.
28. Вие сами сте мои сведоци дека реков: »Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.«
29. Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни.
30. Он треба да расте, а јас да се смалувам!
31. Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, над сите е.
32. И за она што виде и чу, за тоа сведочи; и сведоштвата Негови никој не ги прима.
33. Кој го примил Неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит.
34. Кого, пак, Бог испратил, он кажува Божји зборови; оти Бог не Го дава Духот со мерка.
35. Зашто Отецот Го љуби Својот Син и сè Му даде во раката Негова.
36. Кој верува во Синот, има живот вечен; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него.”

4. Разговорот на Исуса со Самарјанката. Исцелување на синот од царскиот човек.

1. Кога разбра Исус дека фарисеите чуле, оти Он придобива повеќе ученици отколку Јован, и крштава,
2. макар што Сам Исус не крштаваше, а учениците Негови,
3. ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја.
4. Требаше да мине преку Самарија.
5. И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа.
6. Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.
7. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!”
8. А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?” – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: »Дај Ми да пијам« – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.”
11. Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива?
12. Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!”
13. Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;
14. а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.”
15. Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!”
16. Исус ѝ рече: „Оди, повикај го мажа си и дојди тука!”
17. Жената одговори и Му рече: „Немам маж.” Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж;
18. зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.”
19. Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк.
20. Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.”
21. Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот.
22. Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; +зашто спасението е од Јудејците.
23. Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на
Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат.
24. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.”
25. Жената Му рече: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сè ќе ни каже.”
26. А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.”
27. И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?” или „Што зборуваш со неа?”
28. А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:
29. Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сè што сум направила. Да не е Он Христос?
30. Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31. Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!”
32. Но Он им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.”
33. Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: „Освен ако Му донел некој да јаде?”
34. А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.
35. Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва.
36. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37. Зашто во ова вистинска е поговорката: »Еден сее, а друг жнее.«
38. Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.”
39. И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Ми кажа сè што сум направила.”
40. Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена.
41. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово;
42. а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.”
43. А по два дена, Он излезе оттаму и отиде во Галилеја.
44. Зашто Сам Исус беше посведочил, дека пророкот во своето родно место нема чест.
45. Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што изврши во Ерусалим на празникот; оти и тие беа на празникот.
46. И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино.
47. Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум. Штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, тој отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање.
48. А Исус му рече: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.”
49. Царскиот човек Му рече: „Господи, дојди додека уште не умрело детето мое!”
50. А Исус му одговори: „Оди си! Твојот син е жив!” И човекот поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина.
51. И веднаш, кога слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: „Синот твој е жив!”
52. А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: „Вчера во седмиот час го остави огнот.”
53. Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час, кога Исус му рече: „Твојот син е жив!” И поверува тој и целиот негов дом.
54. Ова, пак второ чудо го изврши Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја.

5. Исцелувањето на триесетосумгодишен болен човек во бањата Витезда. Исус зборува за Себеси како Судија и за Оној што воскреснува мртви.

1. Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим.
2. А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови.
3. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата,
4. зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од
каква и да било болест да боледуваше.
5. Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години.
6. Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7. Болниот Му одговори: „Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.”
8. Исус му рече: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!”
9. И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота.
10. Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!”
11. Но тој им одговори: „Оној, што ме излекува, ми рече: »Земи ја постелката своја и оди!«“
12. А тие го прашаа: „Кој е човекот што ти рече: »Земи ја постелката своја и оди?«“
13. Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ.
14. А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!”
15. А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал.
16. И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го вршеше во сабота.
17. А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.”
18. Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, оти не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го наречуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.
19. А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот.
20. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сè што прави Сам; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.
21. Оти, како што Отецот воскреснува од мртви и оживува, така и Синот ги оживувава оние, кои што сака.
22. Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот;
23. та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го пратил.
24. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот.
25. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат.
26. Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;
27. и Му даде власт да осудува, оти е Син Човечки.
28. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,
29. и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
30. Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил.
31. Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинско.
32. Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинско тоа сведоштво, со кое Он сведочи за Мене.
33. Вие пративте при Јована и тој ви посведочи за вистината.
34. Само Јас не го примам сведоштвото од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
35. Тој беше светило, што гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина.
36. Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот.
37. И Отецот, Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе.
38. И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној, Кого Го пратил Он.
39. Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа
сведочи за Мене.
40. Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.
41. Од луѓе слава не примам,
42. но ве разбрав, дека во себе љубов Божја немате.
43. Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите.
44. Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?
45. Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате.
46. Оти, ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене.
47. Ако, пак, на неговите напишани работи не поверувавте, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?”

6. Исус нахранува пет илјади луѓе, оди по море, зборува за Себеси како за леб на животот, и за примањето на Неговата плот и крв. Петровата исповед.

1. Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско.
2. И по Него одеше многу народ, оти ги гледаа чудесата Негови, што ги вршеше над болните.
3. А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои.
4. И наближуваше Пасха, празникот јудејски.
5. Исус, пак, кога ги подигна очите и виде, дека кон Него иде многу народ, му рече на Филипа: „Од каде да купиме леб, за да јадат овие?”
6. А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи.
7. Филип Му одговори: „Не ќе им биде доволно за двесте динарии леб, па да добие секој од нив по малку.”
8. Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симона Петра, Му рече:
9. Овде се наоѓа едно момче, кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?
10. Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!” А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.
11. Исус кога ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, по колку кој сакаше.
12. А кога се наситија, им рече на учениците Свои: „Соберете ги останатите парчиња, за да не се загуби ништо!”
13. И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошеви парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа.
14. А луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот!”
15. Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората.
16. А приквечер, учениците Негови слегоа до морето,
17. и влегоа во кораб; и кинисаа преку морето кон Капернаум.
18. Морето, пак, се подигаше, оти дуваше силен ветар.
19. И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија.
20. Но Он им рече: „Јас сум, не бојте се!”
21. Тогаш тие сакаа да Го примат во коработ; и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа.
22. Утредента наутро, народот, што стоеше од другата страна на морето, забележа оти таму немаше друг кораб освен еден, во кој влегоа учениците Негови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, а тие сами заминаа.
23. И други кораби дојдоа од Тиверијада, близу до она место, каде што беа јале леб, по благословувањето Господово.
24. И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту учениците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Капернаум да Го бараат Исуса.
25. И, штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?”
26. А Исус им одговори и рече: „Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте.
27. Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него сложил печат Бог Отец.”
28. А тие Му рекоа: „Што да правиме, за да извршуваме дела Божји?”
29. Исус им одговори и рече: „Делото Божјо е ова: да поверувате во Оној, Кого Го испрати Он.”
30. А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш?
31. Татковците наши јадеа мана во пустината, како што е напишано: »Леб од небото им даде да јадат.«“
32. Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не Мојсеј ви даде леб од небото, а Мојот Отец ви дава вистински леб од небото.
33. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.”
34. Тогаш тие Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!”
35. А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; +кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.
36. Но ви реков – дека вие и Ме видовте и пак не верувате.
37. Сè што Ми дава Отецот, ќе дојде при Мене; а кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор;
38. оти слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати.
39. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сè што Ми дал да не погубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.
40. Волјата на Оној што Ме прати е: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него да има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.”
41. Се разгневија против Него Јудејците, дека рече: „Јас сум лебот што слезе од небото”,
42. и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Он вели: »Слегов од небото.«“
43. Им одговори Исус и рече: „Не гневете се помеѓу себе.
44. Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
45. Кај Пророците е напишано: »И ќе бидат сите од Бога научени.« Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене.
46. Но тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној, Кој е од Бога; само Он Го видел Отецот.
47. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен.
48. Јас сум лебот на животот.
49. Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа;
50. а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре.
51. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.”
52. Јудејците пак почнаа да се препираат помеѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?”
53. А Исус им рече: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.
54. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
55. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие.
56. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него.
57. Како што Ме прати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене.
58. Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа мана и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека.”
59. Ова го кажа Исус во синагогата, кога поучуваше во Капернаум.
60. Тогаш мнозина од учениците Негови, кои слушаа, рекоа: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?”
61. А Исус, знаејќи во Себе дека учениците Негови се бунат против тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?
62. Ами ако Го видите Синот Човечки да се вознесува горе, каде што бил порано?
63. Духот е тој што оживува; телото ништо не помага. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.
64. Но има меѓу вас и некои што не веруваат.” Исус знаеше од почетокот, кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе го предаде.
65. И рече: „Затоа ви зборувам – дека никој не може да дојде при Мене, ако не му биде
дадено од Мојот Отец.”
66. Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него.
67. Тогаш им рече Исус на дванаесетте: „Да не сакате и вие да си отидете?”
68. А Симон Петар Му одговори: „Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен,
69. и ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.”
70. Исус им одговори: „Не дванаесетмина ли ве избрав Јас? Но еден од вас е ѓавол.”
71. А зборуваше за Јуда Симонов Искариот, оти тој, како еден од дванаесетте, сакаше да Го предаде.

7. На празникот Сеници зборува за Својата наука, за Своето заминување и за Светиот дух. Однесувањето на народот и на фарисеите спрема Христа.

1. Потоа одеше Исус по Галилеја, зашто нејќеше да оди во Јудеја, оти Јудејците сакаа да Го убијат.
2. Се приближуваше, пак, јудејскиот празник – Правење сеници.
3. Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и отиди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.
4. Оти никој не прави нешто тајно, кога и сам сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот.”
5. Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.
6. А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш годно.
7. Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, оти Јас сведочам за него, дека делата му се лоши.
8. Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на празникот, зашто времето Мое уште не се исполнило.”
9. Откако го рече тоа, остана во Галилеја.
10. Но, штом отидоа браќата Негови, отиде на празникот и Он, но не јавно, туку некако тајно.
11. А Јудејците Го бараа на празникот, и велеа: „Каде е Оној?”
12. И многу расправии имаше во народот за Него: едни зборуваа дека е добар; а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.”
13. Но никој не зборуваше за Него отворено, поради стравот од Јудејците.
14. А кога се преполови празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.
15. И се чудеа Јудејците, велејќи: „Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?”
16. Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати;
17. и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Сам од Себе зборувам.
18. Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина и во Него нема неправда.
19. Зар не ви даде Мојсеј Закон? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?”
20. Народот одговори и рече: „Бес ли Те фатил? Кој сака да Те убие?”
21. Одговори Исус и им рече: „Едно дело извршив и сите се чудите.
22. Мојсеј ви даде обрезание, макар што тоа не е од Мојсеја, а од татковците – и вие во саботен ден го обрезувате човекот.
23. Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек направив здрав во сабота?
24. Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!”
25. Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не е ли Овој, Кого Го бараат да Го убијат?
26. Ете, јавно говори и ништо не Му велат; да не се увериле и началниците, дека е Он навистина Христос?
27. Но Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.”
28. Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате, и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, а има еден Вистински, Кој Ме пратил и Кого вие не Го познавате.
29. Јас, пак, Го знам, оти сум од Него и Он Ме прати.”
30. Тогаш сакаа да Го фатат. Но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.
31. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чудеса отколку што направи Овој?”
32. Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвештениците испратија слуги да Го фатат.
33. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам при Оној, Кој Ме пратил.
34. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете.”
35. А Јудејците си рекоа помеѓу себе: „Каде ќе оди Овој, за да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Елините, па и Елините да ги поучува?
36. Што значат овие зборови: »Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете;« и,Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете?«“
37. А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!
38. Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.”
39. А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.
40. А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина, Овој е пророк!”
41. Други велеа: „Овој е Христос.” А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?
42. Не е ли речено во Писмото: дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од грачето Витлеем, од каде што беше Давид?”
43. И така настана во народот распавија за Него.
44. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
45. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?”
46. А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек.”
47. Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие?
48. Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него?
49. Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет.”
50. Никодим, пак, кој беше отишол при Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:
51. Осудува ли нашиот Закон човек, дури најнапред не го сослушаат и не узнаат што прави?
52. А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк од Галилеја не се јавил.”
53. И секој си отиде во својот дом.

8. Браколомниците. Исус – Светлина на светот. Беседа против неверувањето на Евреите.

1. А Исус отиде во Елеонската Гора.
2. Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше при Него. А Он седна и гипоучуваше.
3. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде,
4. Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство.
5. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?”
6. Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги.
7. Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!”
8. И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.
9. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде.
10. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што
те обвинуваа? Никој ли не те осуди?”
11. А таа рече: „Никој, Господи.” Тогаш Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.”
12. И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.”
13. Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинко.”
14. Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и на каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и на каде одам.
15. Вие судите по телото, Јас не судам никому.
16. И ако судам Јас, Мојот суд е вистински, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.
17. А во Законот ваш е напишано, дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.
18. Јас сум што сведочам за Себе, и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.”
19. Тогаш му рекоа: „Каде е Твојот Отец?” Исус одговори: „Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; Ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаете и Мојот Отец.”
20. Овие зборови ги кажа Исус при сокровишницата, кога поучуваше во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
21. Пак им рече Исус: „Јас си одам и ќе Ме барате, и во својот грев ќе умрете. Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете.”
22. Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: »Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете?«“
23. И им рече: „Вие сте од долните, а Јас сум од горните: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.
24. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои.”
25. Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?” Исус им одговори: „Почеток, како и што ви зборувам.
26. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистински и она, што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.”
27. Но не разбраа дека им говореше за Отецот.
28. А Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.
29. Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, оти секогаш го вршам она што Му е угодно.”
30. Кога Он го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.
31. Тогаш Исус им говореше на Јудејците што беа поверувале во Него: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;
32. и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
33. Му одговорија и рекоа: „Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: »Ќе бидете слободни!«“
34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.
35. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.
36. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37. Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.
38. Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а вие го правите она што сте виделе кај вашиот татко.”
39. Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови.
40. А сега сакате да Ме убиете; Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината, што ја чув од Бога. Авраам така не правеше.
41. Вие ги вршите делата на својот татко.” А тие Му рекоа: „Ние не сме родени од блудство; еден отец имаме – Бога.”
42. Но Исус им рече: „Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати.
43. Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои.
44. Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е
човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата.
45. А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.
46. Кој од вас може да Ме укори за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не ми верувате?
47. Кој е од Бога, тој ги слуша зборовите Божји. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.”
48. Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право, дека си Ти Самарјанин и дека бес има во Тебе?”
49. Исус им одговори: „Во Мене нема бес, туку го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.
50. Но Јас не ја барам славата Своја; а има друг што ја бара, и Кој што ќе суди.
51. Вистина, вистина ви велам: кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.”
52. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека во Тебе има нечист дух: Авраам умре, и пророците, а Ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.
53. Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраама, кој умре? И пророците умреа; а за кого се претставуваш Ти Сам?”
54. Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Мојот Отец е, што Ме прославува, и за Кого вие велите дека е ваш Бог;
55. но не Го познавате, а Јас, пак, Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.
56. Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.”
57. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел ли Авраама?”
58. Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.”
59. Тогаш зедоа камења, за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, и минувајќи помеѓу нив, така си отиде.

9. Исцелувањето на роден слеп човек во во сабота. Фарисеите го испитуваат исцелениот.

1. Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање.
2. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?”
3. Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.
4. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.
5. Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.”
6. Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите
на слепиот,
7. и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: »пратен«!” Тој отиде, се изми и дојде прогледал.
8. А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?”
9. Едни велеа: „Тој е”, а други: „Личи на него.” Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.”
10. Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?”
11. Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: »Отиди во бањата Силоам и изми се!« Отидов, се измив и прогледав.”
12. Му рекоа пак: „Каде е Он?” Тој рече: „Не знам.”
13. Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.
14. А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите.
15. Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?” Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.”
16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.” Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана расправија помеѓу нив.
17. Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е.”
18. Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот,
19. и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?”
20. Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп;
21. но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!”
22. Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа.
23. Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!”
24. Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.”
25. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.”
26. Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?”
27. Тој им одговори: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?”
28. А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.
29. Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.”
30. Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите.
31. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.
32. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.
33. И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.”
34. Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нè учиш?” И го испадија надвор.
35. Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?”
36. Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?”
37. Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.”
38. А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони.
39. И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.”
40. Го чуја тоа некои од фарисеите, што беа со Него, и Му рекоа: „Зар сме и ние слепи?”
41. Исус им рече: „Да бевте слепи грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува.”

10. За добриот Пастир и Неговото стадо.

1. Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник;
2. а кој влегува низ вратата, пастир е на овците;
3. нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува.
4. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов;
5. а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат.
6. Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што сакаше да им каже со неа.
7. Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците.
8. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа.
9. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде.
10. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие.
11. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците;
12. а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.
13. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.
14. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.
15. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои.
16. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.
17. Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас душата Своја си ја полагам за да ја примам пак.
18. Никој не Ми ја отима, туку Јас Сам од Себе ја давам. Имам власт да ја дадам и власт имам да ја примам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.”
19. И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови.
20. Мнозина од нив велеа: „Бес има и не е при Себе. Зошто Го слушате?”
21. Други велеа: „Ова не се зборови на луд човек; може ли луд човек на слеп да му отвори очи?”
22. А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновение и беше зима.
23. И одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов.
24. А Јудејците Го опколија и Му рекоа: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!”
25. Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене.
26. Но вие не верувате, оти не сте од Моите овци, како што ви реков.
27. Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене,
28. и Јас ќе им дадам живот вечен; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги отме од раката Моја.
29. Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец.
30. Јас и Отецот едно сме.”
31. А Јудејците пак зедоа камења да Го убијат.
32. Исус им одговори: „Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?”
33. Му одговорија Јудејците, велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, оти Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.”
34. Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: »Јас реков: богови сте?«
35. Ако Он ги нарече богови оние, кон кои беше упатено словото Божјо, и не можеше да се урне Писмото,
36. а на Оној ли, Кого Го освети Отецот и Го прати во светот, вие велите: »Хулиш на Бога«
дека реков: »Јас сум Син Божји?«
37. Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми;
38. а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.”
39. Сакаа пак да Го фатат, но Он им се истргна од рацете нивни,
40. и пак отиде отаде Јордан, на она место, каде што Јован крштаваше, и остана таму.
41. Мнозина дојдоа при Него и говореа: „Јован не направи ниедно чудо, но сè што рече Јован за Него, беше вистина.”
42. И мнозина таму поверуваа во Него.Лазаровото воскресение. Старешините свештенички се договараат да Го

11. Лазаровото воскресение. Старешините свештенички се договараат да Го убијат Исуса.

1. Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта.
2. А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.
3. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.”
4. Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.”
5. А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара.
6. А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше.
7. Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!”
8. Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?”
9. Исус одговори: „Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет;
10. а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.”
11. Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.”
12. Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.”
13. Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.
14. Тогаш рече Исус отворено: „Лазар умре.
15. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме при него.”
16. Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.”
17. Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб.
18. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
19. и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им.
20. Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.
21. Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми.
22. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.”
23. Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне.”
24. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.”
25. А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
26. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?”
27. Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.”
28. Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.”
29. Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него;
30. оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта.
31. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче.
32. А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.”
33. Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути,
34. па рече: „Каде сте го положиле?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!”
35. Исус просолзи.
36. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го милувал.”
37. Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?”
38. А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.
39. И рече Исус: „Кренете го каменот!” Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.”
40. Исус ѝ рече: „Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?”
41. Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша.
42. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.”
43. Кога го рече ова, извика со висок глас: „Лазаре, излези надвор!”
44. И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и возете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!”
45. Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
46. А некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47. Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса.
48. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.”
49. А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете,
50. ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.”
51. А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;
52. и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји.
53. Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.
54. Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.
55. А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат.
56. Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?”
57. А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат.

12. Помазанието Исусово во Витанија. Влегувањето во Ерусалим. За плодот на Неговата смрт. Гласот од небото. Неверувањето на Евреите.

1. На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.
2. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.
3. А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото.
4. Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече:
5. Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?
6. Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.
7. А Исус рече: „Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение;
8. оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.”
9. Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого Он го воскресна од мртвите.
10. А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара,
11. зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса.
12. На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја деда Исус доаѓа во Ерусалим,
13. зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!”
14. А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано:
15. »Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле.«
16. Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, е дека тоа Му го направија.
17. Народот, што беше со Него кога го извика Он Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.
18. Затоа и Го пречека народот, оти беше чул дека тоа чудо Он го направи.
19. А фарисеите се велеа помеѓу себе: „Гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.”
20. Меѓу дојдените за празникот, на поклонение, имаше и некои Елини.
21. Тие пристапија кон Филипа, кој што беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса.”
22. Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса.
23. Исус, пак, им одговори велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки.
24. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.
25. Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен.
26. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
27. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час.
28. Оче, прослави го името Свое!” Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.”
29. А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми”, други, пак, рекоа: „Ангел Му прозбори.”
30. Исус одговори и рече: „Не заради Мене беше овој глас, но заради вас.
31. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор.
32. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.”
33. А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.
34. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш оти Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?”
35. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди.
36. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!” Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив.
37. Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него,
38. за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: »Господи, кој поверува во она, што чул од нас? И раката Господова кому се откри?«
39. Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели:
40. »Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обрнат, за да ги излекувам«
41. Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.
42. Но од началниците мнозина поверуваа; само заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата;
43. зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја.
44. А Исус подигна глас и рече: „Кој верува во Мене, не во Мене верува, а во Оној, Кој што Ме пратил,
45. и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил.
46. Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.
47. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.
48. Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото
што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.
49. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.
50. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.”

13. Миењето нозе. Исус го покажува предавникот. Новата заповед за љубовта. Исус го проречува Петровото одречување.

1. А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.
2. И на вечерата, кога ѓаволот беше вдахнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде,
3. Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете и +дека од Бога излегол и дека при Бога оди,
4. стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша;
5. потоа истури вода во сад за миење и почна да ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан.
6. Дојде и при Симона Петра, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?”
7. Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.”
8. Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои!” Исус му одговори: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене.”
9. Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата.”
10. Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.”
11. Бидејќи Он знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: „Не сите сте чисти.”
12. А кога им ги изми нозете, ја облече облеката и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли, што ви направив?
13. Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков.
14. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете.
15. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.
16. Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.
17. Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате.
18. Не за сите ви го кажувам ова, оти Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: »Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене!«
19. Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас.
20. Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној, што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој што Ме пратил.”
21. Штом го рече ова, Исус +се возмути во душата, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.”
22. Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.
23. А еден од учениците, кого го милуваше Исус, беше се навалил на градите Исусови.
24. Нему му даде знак Симон Петар да праша, кој ли ќе е, за кого што говори.
25. Тој, пак, како се навали на градите Исусови, Му рече: „Кој е Господи?”
26. Одговори Исус: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.” И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот.
27. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе правиш, прави побргу!”
28. А никој од оние, што седеа на трпезата, не разбраа, зошто му го рече тоа.
29. Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни треба за празникот!” или да раздаде нешто на сиромасите.
30. А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе; беше ноќ.
31. Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.
32. Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.
33. Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците, дека каде што одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви велам сега.
34. Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
35. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.”
36. Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?” Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе врвиш по Мене.”
37. Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Душата своја ќе ја положам за Тебе.”
38. Исус му одговори: „Душата ли ќе ја положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене.”

14. Разговорот Исусов со учениците при разделбата. Ветувањето на Светиот Дух.

1. Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.
2. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место.
3. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.
4. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете.
5. Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?”
6. Исус му рече: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене.
7. Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.”
8. Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!”
9. Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: »Покажи ни Го Отецот?«
10. Не верувате ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата.
11. Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.
12. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец;
13. и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот.
14. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.
15. Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.
16. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека,
17. Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.
18. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас.
19. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.
20. Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.
21. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.”
22. Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?”
23. Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме.
24. Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме прати.
25. Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.
26. А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал.
27. Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои.
28. Чувте дека Јас ви реков: »Одам од вас и пак ќе дојдам при вас.« Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене.
29. И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате.
30. Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо.
31. Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде!”

15. Продолжение – Христос е лозова прачка.

1. Јас сум вистинска лоза. Мојот Отец е лозарот.
2. Секоја прачка во Мене, која што не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод.
3. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.
4. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене.
5. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо.
6. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се осуши; а такви ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат.
7. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте, и ќе биде.
8. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец, ако вие принесувате многу плод и ако бидете Мои ученици.
9. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Бидете во Мојата љубов!
10. Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете љубов Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.
11. Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.
12. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас.
13. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.
14. Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас.
15. Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец.
16. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде.
17. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.
18. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази.
19. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; +но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.
20. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.
21. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил.
22. Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат
изговор за својот грев.
23. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец.
24. Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец.
25. Но нека се изврши словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија без вина.
26. А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене;
27. а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот сте со Мене.

16. Продолжение и крај. За враќањето при Отецот.

1. Ова ви го кажав, за да не се соблазните.
2. Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.
3. И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене.
4. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.
5. А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: »Каде одиш?«
6. Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага.
7. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.
8. А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:
9. за грев – дека не веруваат во Мене;
10. за правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;
11. а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден.
12. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.
13. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината;
14. Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави.
15. Сè што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.
16. Уште малку, и нема да Ме гледате, и, по малку, пак ќе Ме видите, зашти си одам при Отецот.
17. А некои од учениците Негови си рекоа помеѓу себе: „Што е тоа, што ни вели: »Уште малку, и нема да Ме видите« и дека,Јас си одам при Отецот«?”
18. И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: »Уште малку«?”
19. Разбра Исус дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате помеѓу себе, што реков: »Уште малку, и нема да Ме гледате« и,По малку, пак ќе Ме видите«?
20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.
21. Жена, кога раѓа, има болки, оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.
22. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;
23. и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.
24. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.
25. Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.
26. Во тој ден ќе побарате во Мое ме, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас;
27. оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.
28. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.”
29. Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш.
30. Сега знаеме дека знаеш сè, и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.”
31. Им одговори Исус: „Сега ли верувате?
32. Ете, иде часот, и настапува веќе, за да се разбегате секој при своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас +не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене.
33. Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто +Јас го победив светот.”

17. Молитвата на Исуса како првосвештеник за Себеси, за Своите ученици и за Својата заедница.

1. Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: „Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој,
2. како шт си Му дал власт над секое тело, та преку сè што си Му дал, да им даде живот
вечен.
3. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.
4. Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.
5. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане.
6. Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.
7. Сега разбраа дека сè, што си Ми дал, е од Тебе;
8. зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
9. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
10. И сè Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.
11. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.
12. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, +за да се исполни Писмото.
13. А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна.
14. Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
15. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото.
16. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
17. Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.
18. Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот.
19. И за нив Јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината.
20. Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене,
21. за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.
22. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние.
23. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сè едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби.
24. Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот.
25. Оче Праведни, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме пратил;
26. и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.”

18. Исуса Го фаќаат. Неговата исповед пред големиот совет на старешините свештенички. Петар се одречува. Сослушувањето пред Пилата.

1. И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку +потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Он и учениците Негови.
2. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.
3. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.
4. А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого го барате?”
5. Му одговорија: „Исуса од Назарет.” Исус им рече: „Јас сум.” Со нив стоеше и Јуда, што Го предаваше.
6. А кога им рече: „Јас сум” – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.
7. Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса од Назарет.”
8. Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;
9. за да се изврши словото кажано од Него: »Од оние, што си Ми ги дал, никого не погубив.«“
10. А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11. Но Исус му рече на Петра: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?”
12. Тогаш четата и војводата, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа,
13. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.
14. А Кајафа беше оној, што ги посоветува Јудејците, дека подобро е да умре еден човек за народот.
15. По Исуса одеше Симон Петар и еден друг ученик; а тој ученик му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во дворот на првосвештеникот.
16. А Петар стоеше надвор, покрај
портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петра.
17. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петра: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?” Тој рече: „Не сум.”
18. А слугите и робовите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, оти беше студено. Со нив стоеше и Петар, и се грееше.
19. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.
20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по зборниците и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.
21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.”
22. Кога Он го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?”
23. Исус му одговори: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?”
24. Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа.
25. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?” Тој откажа и рече: „Не сум.”
26. Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Не те ли видов и тебе во градината со Него?”
27. А Петар пак одрече; и веднаш петел запеа.
28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, како би можеле да ја јадат пасхата.
29. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Во што Го обвинувате Овој Човек?”
30. Одговорија и му рекоа: „Ако Он не беше злочинец, немаше да ти го предадеме.”
31. А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!” Јудејците му рекоа: „Нам не ни е позволено да убиваме никого” –
32. за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
33. Тогаш влезе Пилат во судницата, па Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?”
34. Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?”
35. Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?”
36. Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.”
37. А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?” Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.”
38. Пилат го праша: „Што е тоа вистина?” И ова како го рече, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39. Но при вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?”
40. И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, а Варава.” Варава, пак, беше разбојник.

19. Исус пред Пилата. Биењето. Трновиот венец. Последните зборови и смртта. Погребението.

1. Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го бичува.
2. И војниците, кога сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,
3. и велеа: „Радуј се, Царе Јудејски!” – и Го удираа по образите.
4. Пилат пак излезе надвор, со трнов венец и багреница. И им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.”
5. Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!”
6. А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!” Пилат им рече: „Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина.”
7. Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Он треба да умре, +зашто Сам се направи Син Божји.”
8. Кога го чу Пилат овој збор, повеќе се уплаши.
9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му даде одговор.
10. Пилат му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.”
11. Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, што Ме предаде на тебе.”
12. Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот.”
13. Штом го чу тој збор, Пилат Го изведе Исуса надвор и седна на судискиот стол, на местото, што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата.
14. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15. Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!” Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот.”
16. И тогаш им Го предаде, за да биде распнат. И Го зедоа Исуса, и Го поведоа.
17. И носејќи го Својот крст, Он излезе на местото, што се вика Лобно, а по еврејски Голгота;
18. таму Го распнаа, а со Него други двајца, од едната и од другата страна, а на среде Исуса.
19. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус Назареецот, Цар Јудејски.”
20. Овој натпис го читаа
мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.
21. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилата: „Не пишувај: Цар Јудејски, но дека Он Сам рече: »Цар Јудејски сум.«“
22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав.”
23. А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.
24. Тогаш си рекоа: „Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждреб, чиј ќе биде” – за да се збидне кажаното во Писмото: »Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждреб.« Така и направија војниците.
25. При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина.
26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!”
27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28. По ова, знаејќи Исус дека е сè свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.”
29. Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.
30. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!” И кога ја наведна главата, го предаде духот.
31. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат.
32. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33. А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34. но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35. И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие.
36. Оти ова стана, за да се исполни Писмото: »Коска Негова нема да се прекрши.«
37. И друго Писмо пак вели: »Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.«
38. Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.
39. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе при Исуса, и донесе околу сто литри смес од смирна и алој.
40. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.
41. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.
42. Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.

20. По воскресението Исус ѝ се јавува на Марија Магдалина, потоа на единаесетте ученици, а по осум дена и на Тома.

1. Во првиот ден од седмицата Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште дури беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен.
2. Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле.”
3. Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.
4. И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот.
5. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.
6. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;
7. а крпата, што Му беше на главата Негова, не стоеше при повојот, туку одделно, свиткана на едно место.
8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,
9. оти уште не го знаеја Писмото, дека Он треба да воскресне од мртвите.
10. Тогаш учениците се вратија дома.
11. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;
12. и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежало телото Исусово.
13. И тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им одговори: „Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле.”
14. Штом го рече ова, се заврти назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус.
15. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?” Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.”
16. Исус ѝ рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни” – што значи „Учителе!”
17. И рече Исус: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог.”
18. Дојде Марија Магдалина и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.
19. А вечерта во истиот ден, првиот ден од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!”
20. И ова како го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.
21. А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.”
22. И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!
23. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.”
24. А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив, кога дојде Исус.
25. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа.” А тој им рече: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам.”
26. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: „Мир вам!”
27. Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!”
28. Одговори Тома и му рече: „Господ мој и Бог мој!”
29. Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а
поверувале!”
30. И многу други чудеса изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга.
31. А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.

21. Исус се јавува кај Тиверијадското Море. Му поставува три прашања на Петра. Пророкувањето за Петра и за Јована. Крајот на книгата.

1. Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:
2. Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови.
3. Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.” Му рекоа: „И ние ќе дојдеме со тебе.” Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија.
4. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус.
5. Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Не.”
6. А Он им рече: <Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!” Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби. 7. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: „Господ е.” А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката - оти беше необлечен, и се фрли во морето. 8. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. 9. Кога пак излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб. 10. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!” 11. А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. 12. Исус им рече: „Дојдете, јадете!” И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?”, оти гледаа дека е Господ. 13. Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. 14. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. 15. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?” Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги јаганцата Мои!” 16. Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги овците Мои!” 17. И по третпат му рече: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти сè знаеш; Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги овците Мои! 18. Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш.” 19. А ова го рече, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: „Оди по Мене!” 20. А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној, кого го милуваше Исус, и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и рекол: „Господи, кој ќе Те предаде?” 21. Штом го виде Петар него, Му рече на Исуса: „Господи, а овој, пак, зошто?” 22. Исус му рече: „Ако сакам тој да остане, дури дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!” 23. И се пренесе овој збор меѓу браќата, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е?” 24. Тој е ученикот, кој сведочи за овие настани и ги напиша; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско. 25. А има многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!