Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Соборно послание на светиот апостол Јуда

1. Треба да се пазиме од заводници, да бидеме постојани во верата и во чистотата на учењето. Желба на крајот.

1. Од Јуда, слугата на Исуса Христа, а брат на Јакова – до призваните, осветени во Бога Отецот и запазени од Исуса Христа.
2. Милоста, мирот и љубовта да ви се умножат!
3. Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за вашето општо спасение, најдов за добро да ви напишам и да ве помолам – да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш,
4. зашто се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбожници, што ја обрнуваат благодатта Божја во нечистотијата и се одречуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос.
5. Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од Египетската земја, ги погуби потоа оние, што не веруваа;
6. ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на великиот ден.
7. Како што Содом и Гомор и околните градови, што блудствуваа и на ист начин како и тие налетуваа и на друга плот, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган.
8. Исто така ќе стане и со оние, кои ја осквернуваат плотта, ги презираат началниците и достоинството на власта.
9. А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да ти забрани!”
10. А овие хулат на она, што не го знаат, а во она, што го
знаат во природа како неразумно животно, во него се распаѓаат.
11. Тешко ним, оти тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во корисната заблуда на Валаама, и загинаа во буната Кореева.
12. Тоа се оние што ги поганат вашите вечери на љубовта, јадејќи со вас без страв и се гојат. Тие се безводни облаци, што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, кои двапати умреле, и се искорнати;
13. свирепи морски таласи, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди лажни, за кое се чува мракот на темнината засекогаш.
14. А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: „Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели,
15. за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.”
16. Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат ласкатели.
17. Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите, што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос;
18. оти тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите безбожнички желби.
19. Тоа се луѓето што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат дух.
20. А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух,
21. запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот.
22. И така разликувајќи ги, едни милувајте,
23. а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото.
24. А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост, –
25. на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа, нашиот Господ, слава и величие, држава и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин!