Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Соборно послание на светиот апостол Јаков

1. Благословен е родот на трпението во маки. Изворот на гревовите. Потребно е да се прими Господовото слово и да се живее според него.

1. Јаков, слугата на Бога и на Господа Исуса Христа, испраќа поздрав до дванаесетте колена, кои живеат растурено.
2. Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,
3. знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост:
4. трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.
5. Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде.
6. Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура;
7. таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господа.
8. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.
9. Понизениот брат нека се фали со возвишеноста своја,
10. а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа ќе помине како цвет од трева;
11. оти сонцето огрева и со својата горештина ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува; така ќе овене и богатиот во својот пат.
12. Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат.
13. Ниеден, кога е во искушение, да не вели: „Бог ме искушава”, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува,
14. но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами.
15. Потоа похотата, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт.
16. Не заблудувајте се, браќа мои возљубени.
17. Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена.
18. Оти Он нè роди по Своја волја преку словото на вистината, за да бидеме почеток на Неговите созданија.
19. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз во зборувањето, и бавен на гнев,
20. бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда.
21. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши.
22. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.
23. Оти, кој го слуша словото а не го извршува, тој прилега на човек, кој го гледа сопственото си лице во огледало;
24. ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.
25. Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување.
26. Ако некој од вас мисли дека е благочестив, а не го обуздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата благочестивост е суетна.
27. Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот.

2. Вистинска вера не гледа на тоа кој е што и се покажува во делата.

1. Браќа мои, држете ја верата во Исуса Христа, нашиот Господ на славата, и не гледајте кој е што.
2. Ако во собрание ваше влезе човек со златен прстен, во светли алишта, а влезе и сиромав со проста облека,
3. па погледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!”, а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!” или „Седни овде, при подножјето мое!”
4. И не размисливте во себе, туку станавте судии на лоши помисли.
5. Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромасите од овој свет +да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние, кои Го сакаат?
6. А вие го посрамивте сиромавиот. Не се ли тоа богатите што ве мачат и влечат по судови?
7. Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле?
8. Ако, пак, го извршувате царскиот Закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе” – добро правите.
9. Но, ако гледате на лице, грев правите; и Законот ве изобличува како престапници.
10. Оти, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè.
11. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба”, рекол и: „Не убивај!” Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот.
12. Зборувајте и постапувајте како оние, што ќе бидат судени според Законот на слободата.
13. Оти судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост; милоста во судот се пофалува.
14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?
15. Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,
16. па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!”, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза?
17. И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.
18. Но може некој да рече: „ти имаш вера, а јас имам дела.” Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела.
19. Ти веруваш дека Бог е еден; добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат.
20. Не сакаш ли да разбереш, о суетни човеку, дека верата без дела е мртва?
21. Нели со дела се оправда Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи синот свој Исака?
22. Гледаш ли дека верата им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена?
23. И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание”, и тој се нарече – пријател Божји.
24. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?
25. А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат.
26. Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

3. Грешен јазик. Премудроста одозгора.

1. Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме,
2. оти сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело.
3. Ете, и на коњите им клаваме узда, за да ни се покоруваат, и да управуваме со целото нивно тело.
4. Па, ете, и лаѓите, иако се толку големи и силно гонети од бурни ветрови, со мала крмичка се управуваат онаму каде што кормиларот сака;
5. а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;
6. и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.
7. Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род,
8. а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.
9. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо.
10. Од истата уста излегува и благословот и клетвата. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.
11. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?
12. Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.
13. Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.
14. Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината:
15. тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска;
16. оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо.
17. А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна.
18. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротоворците.

4. Противење на желбите. Потребно е понизување пред Господа. Не треба човек да се надева во световните работи.

1. Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши?
2. Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите.
3. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти.
4. Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога.
5. Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: „Со ревност го љуби духот, што го вселил во нас.”
6. А дава поголема благодат; затоа е речено: „Бог се противи на горделивете, а на смирените им дава благодат”.
7. Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!
8. Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани!
9. Бидете нажалени и плачете и ридајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага!
10. Понизете се пред Господа, и ќе ве подигне!
11. Не напаѓајте се еден со друг, браќа: оти, кој го напаѓа братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија.
12. Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си, што осудуваш друг?
13. Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме”,
14. вие, кои не знаете што ќе стане утре: оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува.
15. Место да велите: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа”.
16. А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е лукава.
17. И така, грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави.

5. За лажливото богатство. Трпеливост спрема браќата. За лесномисленото колнење, за моќта на молитвата и љубовта спрема грешникот.

1. Елате сега вие, богатите: плачете и ридајте за страшните маки, што идат на вас.
2. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.
3. Златото ваше и среброто ви за’рѓа и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган: сте собрале богатство за последните дни.
4. Ете, платата, што сте ја задржале од работниците, кои работеа на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа Саваот.
5. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање.
6. Осудивте, убивте праведник; и тој не се бранеше.
7. Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господа! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен.
8. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето на Господа се приближи.
9. Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата.
10. Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово.
11. Ете, блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него.
12. А пред сè, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга клетва, и зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете на суд!
13. А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека го фали Господа!
14. Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово.
15. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат.
16. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите: голема сила има усрдната молитва на праведникот.
17. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд: +и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
18. И пак се помоли: и небото даде дожд, и земјата го даде својот плод.
19. Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и друг го поврати,
20. тој, нека знае, дека оној што обрати грешник од лажливиот пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови.