Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Прво соборно послание на светиот апостол Петар

1. Благословен Бог поради големата надеж и блаженството со кое се здобија оние што веруваат. Бидете свети!

1. Од Петра, апостолот на Исуса Христа, до избраните придојдени, растурени по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија,
2. по провидението на Бога Отецот, преку осветувањето од Духот за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа: да ви се умножи благодатта и мирот!
3. Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нè прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж,
4. за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас,
5. кои Божјата сила преку верата ве запазила за спасение, приготвено да се открие во последно време.
6. Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб – ако е потребно -, во разни искушенија,
7. та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос,
8. Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискаж и прославена радост,
9. примајќи го крајот на вашата вера – спасението на душите;
10. кое го бараа и испитуваа пророците, што прорекоа за вашата благодат.
11. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив;
12. ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, а за нас со она што ви се јави сега вам преку оние, кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое сакаат да вникнат ангелите.
13. Поради тоа, возљубени, притегнувајќи ги бедрата на умот свој, бидејќи бодри, наполно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исуса Христа.
14. Како послушни чеда, не постапувајте според поранешните наши похоти, кога бевте во незнаење.
15. Но, по примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки.
16. Оти е напишано: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.’”
17. Иако Го наречувате Отец Оној, Кој не гледајќи кој е кој, секому му суди според делата, затоа поминувајте го времето на својот живот во страв,
18. знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши,
19. туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос,
20. Кој е предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас,
21. кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога.
22. Откако ги очистивте душите ваши со послушност на вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце,
23. како преродени не од распадлино семе, туку од вечно преку +словото на живиот Бог, Кој пребива во сите векови.
24. Зашто телото е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа;
25. но словото Господово останува засекогаш. А тоа е словото, кое ви е благовестено.

2. Христијаните како новозаветен Божји народ треба да се чуваат од телесни желби, да ѝ се покоруваат на власта и да врват по трагите на Христа. Должностите на слугата.

1. Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама и лицемерство и завист и секакво напаѓање,
2. и како новородените деца, бидете желни за вистинско и +разумно млеко, та во него да пораснете за спасение,
3. бидејќи вкусивте дека е Господ благ.
4. Кога пристапувате кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен,
5. и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете +духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа.
6. Зашто во Писмото стои напишано: „Еве, на Сион клавам аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!”
7. Вам, пак, кои верувате, Он ви е чест, а за неверниците – „камен, кого го отфрлија ѕидарите, но кој стана глава на аголот” и „камен за сопнување и камен за соблазнување”,
8. на кој тие се сопнуваат, не покорувајќи му се на словото; за тоа се тие и одредени.
9. Но вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина;
10. вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани.
11. Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, +што војуваат против душата,
12. имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.
13. И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт,
14. било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците!
15. Оти, таква е волјата Божја, – со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе,
16. како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив за злобата, туку – како слуги Божји.
17. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од +Бога бојте се, царот почитувајте го!
18. Слуги, покорувајте се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите!
19. Оти тоа Му е угодно на Бога, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо.
20. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога.
21. Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки:
22. Он не прави грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама;
23. кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди.
24. Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: „преку Неговата рана се исцеливте”.
25. Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души.

3. Должности на сопружниците. Тие треба да живеат во љубов и кротост.

1. А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови,
2. кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот.
3. Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,
4. туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.
5. Оти така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,
6. како што Сара го слушаше Авраама, наречувајќи го господар, Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.
7. Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши.
8. А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;
9. не враќајте зло за зло или хула за хула, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благословение.
10. Оти, кој го сака животот и сака да види добри денови, +нека го пази јазикот свој од зло, и узните негови да не зборуваат лаги.
11. Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него –
12. бидејќи очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние, кои прават зло, за да ги истреби од земјата.
13. И кој може да ви направи зло, ако правите добро?
14. Но, ако и страдате за правда, блажени сте; +а од страв пред нив не плашете се, ниту, пак да се боите;
15. туку Господа Бога почитувајте го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж.
16. Имајте добра совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злочинци, да се посрамат тие што ве кудат поради добриот ви живот во Христа.
17. Оти, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку – кога вршите лошо,
18. бидејќи и Христос, за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом,
19. со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина,
20. и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се избавија од водата.
21. Образот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест – нè спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа,
22. Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите.

4. Христијаните во страдањето нека Го величат Бога.

1. Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се вие со таа мисла; оти, кој ќе пострада со телото, престанува да греши,
2. та преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја.
3. Зашто доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препирање и во нечестиво идолопоклонство.
4. Затоа тие и се чудат што не се дружите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас.
5. Но тие ќе одговараат пред Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите.
6. Оти и на мртвите им беше проповедано Евангелието да примат суд како луѓето по телото, а да живеат со духот по Бога.
7. Но близу е крајот на сè. Па бидете мудри и бодри во молитвите.
8. А пред сè, имајте постојана љубов меѓу себе; оти „љубовта покрива многу гревови”.
9. Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување.
10. Служете си еден на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на разнообразната Божја благодат.
11. Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата, која Бог ја дава, та во сè да се прослави Бог преку Исуса Христа, Чија слава и владеење се вечни.
12. Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува;
13. но, во колку учествувате во страдањата Христови, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите.
14. А ако не укоруваат за името Христово, блазе вам, оти Духот на славата, Духот Божји почива на вас: тие, значи, на Него хулат, а вие – Го прославувате.
15. Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злочинец, ниту како оној што се меша во туѓи работи;
16. но, ако страда како христијанин, да не се срамува, туку да Го прославува Бога за таквото учество.
17. Оти време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?
18. И кога праведникот одвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот каде ќе се јават?
19. И така, оние, што страдаат според волјата на Бога, нека Му ги предадат Нему, како на верен Создател, душите свои, правејќи добро.

5. Должностите на црковните старешини. Човекот треба да се понизи, да се надева на Бога и да е буден. Благословение. Поздрави и крај.

1. Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и сам свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие:
2. пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце.
3. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото.
4. А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете +венец на слава што нема да свене.
5. Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на свештениците; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат”.
6. Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето.
7. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас.
8. Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта;
9. спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.
10. А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за Својата вечна слава во Исуса Христа, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи.
11. Нему слава и власт во веки веков. Амин!
12. По Силуана, вашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите.
13. Ве поздравува Црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој.
14. Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христа Исуса. Амин!