Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Прво соборно послание на светиот апостол Јован Богослов

1. За словото на животот и за заедницата со Бога преку очистување од гревот.

1. Она, што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот –
2. и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави –
3. она што го видовме и го чувме, за тоа ве известуваме, та и вие да имате општење со нас; а нашето општење е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос.
4. И ова ви го пишувам, за да биде радоста ваша полна.
5. А Евангелието, пак, што го чувме од Него и вам ви го предаваме, е тоа дека Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина.
6. А ако речеме дека со Него општиме, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината.
7. А ако, пак, во светлина одиме, како што е Он самиот во светлина, тоа значи дека ние еден со друг општиме, и крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нè очистува од секаков грев.
8. Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас.
9. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда.
10. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец и словото Негово не е во нас.

2. Заедница со Синот Божји. Вистинскиот христијанин ги пази Неговите заповеди, ги сака браќата и ги избегнува телесните желби. Треба да се пазиме од противниците на Христа и да останеме во Христа.

1. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот:
2. а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.
3. По тоа узнаваме дека сме Го познале, кога ги пазиме Неговите заповеди.
4. Кој вели: „Го познав”, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него;
5. а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена: по тоа узнавме дека сме во Него.
6. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он.
7. Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имате од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот,
8. Но сепак, нова заповед ви пишувам – она што е вистинско и во Него и во вас; +оти темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
9. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сè уште во темнина.
10. Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазан.
11. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.
12. Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите.
13. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот.
14. Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот.
15. Не сакајте го светот и сè што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот.
16. Зашто, сè што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет.
17. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека.
18. Чеда, последно време е. И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час.
19. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но се јавија, за да се знае дека сите не се наши.
20. А вие имате помазание од Светиот, и знаете сè.
21. Не ви пишав дека не ја знаете вистината, туку дека ја знаете како и дека ниедна лага не доаѓа од вистината.
22. Кој е лажец, ако не оној, што одречува дека Исус е Христос? Тој е антихрист, што Го одречува Отецот и Синот.
23. Секој, што Го одречува Синот, нема и Отец; а кој Го исповедува Синот, има и Отец.
24. И така, сè што чувте во почетокот, тоа и нека остане при вас; ако она, што го чувте најнапред, остане во вас, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот.
25. И тоа е ветувањето, што ни го вети Он – вечен живот.
26. Тоа ви го пишав поради оние, што ве мамат.
27. И помазанието, што го примивте од Него, пребива во вас, и немате потреба некој да ве учи; но бидејќи самото помазание ве учи на сè, и е вистинско, и не е лага, тоа останете во него онака, како што ве научило тоа.
28. И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Он, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него, кога ќе дојде.
29. Кога знаете дека е Он праведник, знајте го и тоа дека секој, кој што врши правда, е роден од Него.

3. Децата Божји се познаваат по тоа што не грешат.

1. Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме. Затоа светот не нè знае, оти не Го позна Него.
2. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, +ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е.
3. И секој, што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он.
4. Секој, што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие.
5. А знаете дека Он се јави, за да ги земе гревовите наши; +грев во Него нема.
6. Секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, ниту Го познал.
7. Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он.
8. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски.
9. Секој, што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога.
10. Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој.
11. Оти тоа е заповедта што ја чувте од почетокот – да се сакаме еден со друг.
12. Но не како Каин, кој што беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни.
13. Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази.
14. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои; оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта.
15. Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе пребива во него.
16. Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.
17. А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов?
18. Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!
19. И по тоа познаваме дека сме од вистината, и пред Него ќе ги успокојуваме срцата свои;
20. бидејќи, ако срцето наше нè осуди, а колку повеќе Бог, зашто Он е поголем од нашето срце и знае сè.
21. Возљубени, кога нашето срце не нè осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога,
22. и, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.
23. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исуса Христа и да се сакаме еден со друг, како што ни заповедал.
24. И оној, што ги пази заповедите Негови, пребива во Него, и Он – во него. А дека Он пребива во нас, узнавме по Духот, што ни Го дал.

4. Лажните учители треба да се искушуваат и да се укажува љубов спрема Бога и спрема ближниот. Бог е љубов.

1. Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот.
2. По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: секој дух, што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бога е.
3. А секој дух, што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот.
4. Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот.
5. Тие се од светот, затоа и по светски зборуваат, а светот ги слуша.
6. Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, нè слуша нас; кој не е од Бога, нас не нè слуша. По тоа и го познаваме Духот на вистината и духот на заблудата.
7. Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, кој сака, е роден од Бога и Го познава Бога;
8. кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов.
9. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него.
10. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нè возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти гревовите наши.
11. Возљубени, кога така нè засака Бог, тоа и ние сме должни да се сакаме еден со друг.
12. Бога никој никогаш не Го видел. Ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.
13. Дека ние пребиваме во Него и Он во нас, узнавме по тоа, што ни дал од Својот Дух.
14. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот.
15. Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој – во Бога.
16. И ние ја познаваме љубовта, која Бог ја има кон нас, и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него.
17. Љубовта во нас се усовршува затоа, за да бидеме слободни на судниот ден; бидејќи, како што е Он, така сме и ние во овој свет.
18. Во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот, бидејќи стравот има мака. Кој се бои, не е совршен во љубовта.
19. Ние Го сакаме, бидејќи Он порано нè засака.
20. Ако некој рече: „Го сакам Бога”, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?
21. И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој.

5. Верата што го победува светот. Духот Кој сведочи.

1. Секој, кој верува дека Исус е Христос, од Бога е роден, и секој, кој Го сака Оној, Кој родил, Го сака и Оној, Кој е роден од Него.
2. По тоа познаваме дека ги сакаме чедата Божји, кога Го сакаме Бога и ги пазиме Неговите заповеди.
3. Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме +заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки.
4. Оти секој, кој е роден од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша.
5. Кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Син Божји?
6. Исус Христос е Оној, Кој дојде преку вода и крв и преку Духот, – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној, Кој сведочи, оти Духот е вистина.
7. Зашто Троица се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно.
8. И Троица се, Кои сведочат на земјата: Духот, водата и крвта; и Троица сведочат заедно.
9. Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи са Својот Син.
10. Кој верува во Синот Божји, тој има сведоштво во себе; кој не Му верува на Бога, Го прави лажец, оти не поверувал во сведоштвото Негово, со кое посведочил Бог за Својот Син.
11. А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.
12. Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој Го нема Синот Божји, го нема тој живот.
13. Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Синот Божји, за да знаете дека имате живот вечен и да верувате во името на Синот Божји.
14. И тоа е слободата, која ја имате пред Него, дека ако просиме нешто по Неговата волја, Он нè послушува.
15. А кога знаеме дека нè услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него.
16. Ако некој го види брата си да греши со грев не за смрт, нека се моли, и Бог ќе му даде живот, – односно на оној што греши не за смрт. Постои грев за смрт: за тој грев не велам да се моли.
17. Секоја неправда е грев, но има грев не за смрт.
18. Знаеме дека секој роден од Бога не греши: но родениот од Бога се пази, и лукавиот не се допира до него.
19. Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло.
20. Знаеме исто така дека Синот Божји дојде и ни даде светлина, и разум, за да Го познаеме вистинскиот Бог; и ние пребиваме во вистинскиот Бог – Неговиот Син Исус Христос. +Он е вистински Бог и живот вечен.
21. Чеда, пазете се од идолите. Амин!