Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Прво послание на светиот апостол Павле до Тимотеја

1. Опомена да се остане при чистотата на евангелското учење онака како што му е тоа поверено на Павла.

1. Од Павла, апостолот на Исуса Христа, во повелба на Бога нашиот спасител и Господа Исуса Христа, нашата надеж,
2. до Тимотеја, вистинското чедо по вера. Благодат, милост, и мир од Бога Отецот наш и Христа Исуса нашиот Господ!
3. Како што на тргнување за Македонија те молев да останеш во Ефес, така и сега те молам да им заповедаш на некои, да не проповедаат друго учење,
4. ниту да се занимаваат со басни и бескрајни родословија, кои што предизвикуваат повеќе расправии, отколку распоредби Божји по верата.
5. А целта на заповедта е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера.
6. Некои, откако не ги постигнаа тие работи, се оддадоа во празнословија,
7. сакајќи да бидат учители по Законот, но не разбираатни што зборуваат, ниту што утврдуваат.
8. А ние знаеме дека Законот е добар, ако се држи како што треба,
9. знаејќи дека Законот не е установен за праведник, туку за беззаконици и непокорници, за нечестивци и за грешници, за неправедни и погани, за оние што ги опскрбуваат таткото свој и мајка си, за човекоубијци,
10. за блудници, за мажеложници, разбојници, клеветници, скотоложници, лажливци, клетвопрестапници и за сè друго, што е противно на здравата наука,
11. според славното на блажениот Бог Благовестие, кое ми е поверено.
12. Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сили, со што ме призна за верен и ми определи служба,
13. мене, кој порано бев хулител, гонител и мачител; но ме помилува, бидејќи тоа го вршев, без да знам, во неверие.
14. Но со верата и љубовта во Христа Исуса се преумножи благодатта на нашиот Господ.
15. Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.
16. Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние, кои што ќе поверуваат во Него за живот вечен.
17. А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!
18. Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според поранешните пророштва за тебе, за да се бориш согласно со нив како добар војник,
19. имајќи вера и добра совест, која што некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата;
20. меѓу нив се Именеј и Александар, што +ги предадов на сатаната, за да се научат да не хулат.

2. Да Му се молиме на Бога за сите луѓе и за оние што се во власта. Што му прилега на човек, а што на жена.

1. Молам, пред сè, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе:
2. за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота;
3. оти тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бога,
4. Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината.
5. Зашто еден е Бог, и еден е Посредникот помеѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус,
6. Кој Се даде Себеси како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време;
7. па затоа сум поставен како проповедник и апостол – зборувам вистина во Христа, не лажам – како учител на иноверците во верата и вистината.
8. И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање.
9. Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки,
10. туку со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста.
11. Жената да се учи во мир и потполно покорство.
12. На жена не ѝ позволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна.
13. Бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева;
14. и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап:
15. но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност.

3. Какви треба да се свештенослужителите и слугите на Црквата. Главната содржина на Евангелието.

1. Верно е словото: сака ли некој епископство, тој сака добра работа,
2. Но епископот треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, госпољубив, поучлив;
3. не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив;
4. својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство;
5. зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?
6. Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и падне во суд со ѓаволот.
7. Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот.
8. Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не двојазични, да не се страстни за вино, ниту лакоми за гнасна печалба;
9. да ја пазат тајната на верата со чиста совест.
10. И тие треба најнапред да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат ѓакони.
11. Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сè.
12. Секој од ѓаконите треба да биде маж на една жена, добро да управува со децата свои и куќата своја.
13. Оти оние, што служат добро, се здобиваат со висок чин и голема слобода во верата што ја имаат во Исуса Христа.
14. А ова ти го пишувам, со надеж дека скоро ќе дојдам при тебе.
15. Ако некако се позабавам, да знаеш како треба да постапуваш во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината.
16. И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава.

4. Потребно е чување од лажни и лицемерни учители; треба да се поучуваме во побожност.

1. А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења,
2. преку лицемерството на оние, што зборуваат лага и имаат жигосана совест;
3. кои што забрануваат да се стапува во брак и советуваат воздржување од јадења, што ги создал Бог, верните да ги јадат +со благодарност и оние, што ја познаа вистината,
4. Оти секое творение Божјо е добро и ништо не е за отфрлување, штом се прима со благодарност,
5. бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва.
6. Кога ќе ги советуваш во ова браќата, ќе бидеш добар слуга на Исуса Христа, хранет со зборовите на верата и на доброто учење, што си го примил.
7. Од погани и бапски приказни одбегнувај, +туку обучувај се во побожност;
8. оти телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сè, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот.
9. Тие зборови се верни и достојни за секакво примање,
10. затоа и се трудиме и укори трпиме, оти се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на верните.
11. Ова препорачувај го и поучувај!
12. Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во словото, животот, љубовта,духот, верата и чистотата!
13. Додека дојдам, занимавај се со читање, со утешување и со поучување!
14. Не занемарувај ја дарбата што е во тебе, и која што ти беше дадена преку пророштво со полагање раце врз тебе од свештенството!
15. Грижи се за тоа, биди во него, та успехот твој да се покаже во сè!
16. Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат.

5. За почитувањето на постарите, вдовиците и свештениците.

1. Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа;
2. старите жени – како мајки, младите – како сестри, со секаква чистота.
3. Вдовиците почитувај ги, но вистинските вдовици.
4. Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат својот дом и со тоа да им се отплатуваат на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога.
5. А онаа, што е вистинска вдовица и останала сама, таа се надева на Бога и пребива во молитви и молења дење и ноќе,
6. но онаа, пак, што живеее распуштено, таа уште при животот умрела.
7. Порачувај им го уште и тоа, да бидат беспорочни.
8. Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник.
9. За вдовица да се прими жена не помлада од шеесет години, и тоа таква што имала само еден маж,
10. позната по добри дела; ако деца одгледувала, ако била гостољубива, нозе на светии миела; ако им помагала на пострадани и секое добро дело усрдно следувала.
11. А помлади вдовици не примај, оти кога ќе побеснат против Христа, ќе сакаат да се мажат.
12. Тие потпаѓаат под суд, зашто ја отфрлиле порано дадената верност.
13. Освен тоа, бидејќи без работа, навикнуваат да одат од куќа во куќа; и не само без работа, туку се и јазичарки, љубопитни и зборуваат што не прилега.
14. И така, сакам помладите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да вртат куќа и да не му даваат никаков повод на противникот за хулење;
15. оти некои веќе се повлекоа по сатаната.
16. Ако некој верен или верна има во куќата вдовици, нека се грижи за нив, та да не се товари Црквата, за да може да пригледува вистински вдовици.
17. А презвитерите, што добро ја извршуваат својата претстојна служба, нека се удостојуваат со двојна почит; а најмногу, пак, оние, кои се трудат во словото и во поуката.
18. Оти Писмото вели: „Не заврзувај уста на вол, кој врши”, и „работникот ја заслужува својата плата.”
19. Обвинение против презвитер не примај, освен пред двајца или тројца сведоци.
20. А оние што грешат, искарај ги пред сите, та и другите да имаат страв.
21. Те заколнувам пред Бога, пред Господа Исуса Христа и пред избраните ангели да го пазиш ова без лицемерност и ништо да не правиш по пристрасност.
22. Раце на никого не полагај пребрзано, ниту, пак, на туѓи гревови да стануваш соучесник! Пази се себе чист!
23. Не пиј веќе само вода, но употребувај по малку и вино, поради стомакот и честите боледувања!
24. Гревовите на некои луѓе се познати и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат.
25. Исто така и добрите дела се познати; а оние што не се такви, не можат да се сокријат.

6. Должностите на слугите. За лажните учители. Задоволете се само со она што е потребано. Да се бориме за верата. Заповед за богатиот.

1. Оние, кои се наоѓаат под ропско иго, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето.
2. Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не се однесуваат кон нив незаинтересирано, затоа што се браќа; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие, што ги добиваат нивните услуги, се верни и возљубени. Така поучувај и советувај!
3. Кој поучува инаку и не врви по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста,
4. тој е помрачен од гордоста, не знае ништо и е болен од празни препирки и запрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли;
5. залудните препирки меѓу луѓето, што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви!
6. А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себеси.
7. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме.
8. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни.
9. А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел.
10. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки.
11. Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост!
12. Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци.
13. Ти заповедам пред Бога, Кој сè оживотворува, и пред Исуса Христа, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат,
14. да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна дури до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос,
15. кое што, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие Блажениот и единствен владетел, +Цар над царевите и Господар над господарите,
16. Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин!
17. Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сè во изобилие;
18. нека прават добро, нека богатеат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи,
19. и по таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен.
20. О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и +клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука,
21. со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин!