Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Послание на светиот апостол Павле до Евреите

1. Христос е Син Божји и поголем е од ангелите.

1. Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците,
2. во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, +преку Кого ги создаде и вековите
3. и Кој, бидејќи светлост на славата и обличје на Неговото суштество, и држејќи сè со Своето моќно слово, откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините
4. и стана толку погорен од ангелите, во колку пославно име од нив наследи.
5. Зашто кому од ангелите му рекол некогаш: „Ти си Син Мој, Јас Те родив денес”, и пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Он ќе ми биде Син?”
6. Исто така, кога Го воведе Првородниот во вселената, рече: „Да Му се поклонат сите ангели Божји!”
7. За ангелите, пак, е речено: „Ти ги правиш ангелите Свои духови, и служителите Свои оган пламенен”,
8. а за Синот: „Твојот престол, Боже, е вечен” и „Жезалот на правдата е жезал на царството Твое.
9. Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници”.
10. И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце;
11. тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека;
12. ќе ги свиткаш какок наметало, и тие ќе се изменат: но Ти си секогаш Ист, и Твоите години нема да се свршат”.
13. А накого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна стрна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои”?
14. Нели се тие сите службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?

2. Должни сме зборот Христов да го слушаме. Христовиот пат води низ страдање кон слава.

1. Затоа треба да бидеме нарочно внимателни кон она, што го чувме, па да не би некако да отпаднеме.
2. Оти, ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна отплата,
3. како тогаш ќе избегнеме, ако занемариме такво големо спасение, кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа чуле од Него,
4. кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни сили и со раздавање дарови на +Светиот Дух по Своја волја.
5. Зашто Бог не на ангелите им ја покори идната вселена, за која што зборуваме,
6. туку, напротив – некој зборувајќи негде посведочи: „Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш?
7. Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце;
8. сè си покорил под нозете негови.” А кога сè му покори, ништо не му остави непокорено; но сега уште не гледаме дека му е сè покорено.
9. А гледаме дека Исус Христос, Кој беше нешто малку понизен од ангелите, поради претрпената смрт се увенча со слава и чест, та, по Божјата благодат, да вкуси смрт за сите.
10. Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сè и од Кого е сè, откако многу синови прослави, преку страдања да го усоврши Началникот на нивното спасение.
11. Бидејќи Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа не се срамува да ги нарече браќа, велејќи:
12. Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, насред црква ќе Те воспеам.
13. И пак: „Јас ќе се надевам на Него”. И одново: „Ете Ме мене и децата Мои, што Ми ги даде Бог”.
14. А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, тоа и Он зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот;
15. и да ги избави оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство.
16. Оти, навистина, не од ангели прими природа, а од потомството на Авраама прими;
17. затоа должен беше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите народни.
18. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.

3. Христос е поголем од Мојсеја, затоа отпадништвото од Него заслужува поголема казна.

1. Затоа, браќа свети, учесници во небесното призвание, познајте Го Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исуса Христа,
2. Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил, како и Мојсеј – во целиот Му дом.
3. Оти Он се удостои со толку поголема слава, отколку Мојсеевата, во колку поголема чест од домот има Оној,Кој го создал;
4. зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сè, е Бог.
5. И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она, што имаше да се соопшти.
6. А Христос, како Син, е во Својот дом: Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај.
7. Поради тоа, како што вели Светиот Дух: „Денес, кога ќе го чуете гласот Негов,
8. да не ги ожесточите срцата свои, како кога се прогневивте во денот на искушувањето во пустината,
9. каде што татковците ваши Ме искушаа, Ме испитаа и ги видоа делата Мои преку четириесетте години.
10. Затоа се расрдив на тој род и реков: секогаш се заблудуваа во срцата свои и не ги познаа патиштата Мои.
11. Затоа се заколнав во Својот гнев дека нема да влезат во Мојот покој”.
12. Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за верата, та да отстапи од живиот Бог.
13. Туку потсетувајте се секој ден, додека се вели: „денес”, та никој од вас да не отрпне преку измама на гревот;
14. оти ние станавме соучесници на Христа. Само, како што почнавме да добиваме од Него, да останеме наполно верни до крај;
15. додека се вели „денес, кога ќе го чуете Неговиот глас, да не отрпнат срцата ваши онака, како кога бевте гневни”.
16. Зашто некои, откако чуја, се побунија, но не сите, што со Мојсеја излегоа од Египет.
17. Против кои негодува Он четириесет години? Нели против оние, што погрешија и чии коски останаа во пустината?
18. А на кои им се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој, ако не на оние, што не сакаа да веруваат?
19. И така, гледаме дека тие не можат да влезат поради неверието.

4. На народот Божји, со помошта на Христа оставена му е сè уште почивка.

1. Да се страхуваме пак, да не би, додека уште ние е оставено ветувањето за влегување во Неговиот спокој, некој од вас да задоцни.
2. Оти и нам ни се соопшти, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи оние, што го беа чуле, не поверуваа.
3. А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Он: „Затоа се заколнав во гневот Свој дека тие не ќе влезат во Мојот спокој”, иако Неговите дела беа извршени уште од создавањето на светот.
4. Оти негде за седмиот ден е речено вака: „И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела”.
5. И на тоа место пак: „Не ќе влезат во спокојот Мој”.
6. И така, бидејќи се предостави на некои да влезат во Него, а на оние, на кои им беше порано соопштено, не влегоа поради непослушноста;
7. пак определи едно „денес”, велејќи преку Давида, по толку време, како што е речено погоре: „Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши”.
8. Зашто, ако Исус Навин ги беше успокоил, Бог немаше да зборува веќе потоа за друг ден.
9. Но, за народот Божји сè уште останува почивката саботна.
10. Оти, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите.
11. И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој, та да не би некој да падне во слична непослушност.
12. Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.
13. И нема создание сокриено за Него, туку сè е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме.
14. Имајќи Го големиот Првосвештеник, +Кој преминал преку небесата, Исуса, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата.
15. Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сè како и ние, освен грев.
16. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош.

5. Христос е вистински Првосвештеник, поголем од Арона.

1. Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите,
2. и да може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени, бидејќи и сам е со слабости;
3. и затоа е должен како за народот, така исто и за своите гревови да принесува жртви.
4. И никој сам не се здобива со таква чест, освен оној, кој е повикан од Бога, како и Арон.
5. Така и Христос не се прослави Сам Себеси, за да биде првосвештеник, туку Го прослави Оној, Кој Му рече: „Ти си Син Мој, Јас Те родив денес”
6. како што е на друго место речено: „Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.”
7. Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен,
8. макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада,
9. а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни,
10. и од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков.
11. За ова би имале многу да ви зборуваме, што е и тешко да се толкува, бидејќи станавте немоќни за слушање.
12. Зашто, иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сè уште имате потреба да ве учат – кои се првите начала на словото Божјо, и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна.
13. Секој, што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец;
14. а тврдата храна е за совршените, кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло.

6. Потребно е чување од отпадништво во верата и да се има постојаност како и надеж во Заветот.

1. Затоа да го оставиме почетокот на Христовото учење и да се стремиме кон совршенство, да не полагаме пак основа на покајанието од мртви дела и на верата во Бога,
2. на науката за крштавањето, за возлагањето раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд.
3. И ова ќе го направиме, ако позволи Бог.
4. Зашто оние, кои веднаш се просветија, вкусија од небесниот дар, станаа учесници на Светиот Дух.
5. И, откако вкусија од добриот збор Божји и од силите на идниот век,
6. отпаднаа – не е можно пак да бидат обновени за покајание, кога повторно во себеси го распнуваат Синот Божји и Го хулат.
7. Оти земја, кога го впива дождот, што често паѓа на неа, и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов;
8. а онаа, што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството, кое завршува со изгорување.
9. Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително, иако така зборуваме.
10. Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот во љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите.
11. А ние сакаме, секој од вас да ја покажува истата усрдност за одржување на полната надеж до крај,
12. та да не станете мрзливи, туку да ги подражавате оние, кои што преку вера и трпение ги добиваат ветувањата.
13. Бог, кога му ветуваше на Авраама, бидејќи немаше ништо поголемо, во што би се заколнал, се заколна во Себеси,
14. велејќи: „Навистина ќе те благословам и преблагословам, ќе те размножам и преумножам”,
15. и така, со долго трпение, тој го доби ветеното.
16. Луѓето, пак, се колнат во погорно од себеси, и клетвата како потврда на секоја нивна препирка тура крај.
17. Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва,
18. та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта, што ни е дадена,
19. а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер, и кој влегува дури зад завесата,
20. каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков.

7. Христос – Свештеник по чинот Мелхиседеков, поголем од свештениците на синовите Левиеви.

1. Оти тој Мелхиседек беше цар Салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој што го пресретна Авраама, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови.
2. кому и Авраам му даде десеток од сè, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот,
3. без татко, без мајка, без род, немаше ни почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е уподобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник.
4. Гледате ли колку е голем оној, кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен!
5. Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови.
6. Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраама и го благослови оној, што имаше ветувања.
7. Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот.
8. И така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво, дека е жив.
9. И, така да речам, Левиј, кој прими десетоци, и сам даде десеток преку Авраама,
10. бидејќи уште беше во бедрата на татка си, кога го сретна Мелхиседек.
11. Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседека, и да се нарече по чинот на Арона?
12. Оти, кога ќе се промени свештенството, тогаш станува потреба да се измени и законот.
13. А Оној, за Кого се зборува ова, се вбројуваше во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот;
14. зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол.
15. И уште појасно станува тоа, кога се воздига слично на Мелхиседека друг свештеник,
16. кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот.
17. Оти се посведочи: „Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседека.”
18. А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа, што таа беше слаба и бесполезна,
19. оти Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога.
20. И тоа не без клетва.
21. Оти оние беа станале свештеници без клетва, а Он – со клетва, преку Оној, Кој Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков”.
22. Затоа на толку подобар Завет стана залог Исус.
23. А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден;
24. а Он, бидејќи Сам, пребива вечно, има свештенство што нема да мине на друг.
25. Затоа Он и може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив.
26. Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата,
27. Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Он го изврши тоа еднаш за секогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва.
28. Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе, што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен.

8. Светоста и службата на новозаветниот Првосвештеник е повисока од старозаветниот.

1. А ова што го зборуваме, го зборуваме, главно, дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата,
2. и е служител на Светилиштето и на вистинската Скинија, која што ја воздигна Господ, а не човек.
3. Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше +потребно и Он да има што да принесе.
4. Оти, ако Он беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свештеници што принесуваат дарови по Законот
5. и им служат на образот и на сенката на небесните работи како што му беше речено на Мојсеја, кога сакаше да ја доврши Скинијата: „Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше даден на планината”.
6. А сега Он доби во толку подобра служба, во колку е и посредник на подобар завет, кој е утврден врз подобри ветувања.
7. Оти, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара место за втор.
8. Но укорувајќи ги, вели: „Ете настапуваат деновите, вели Господ, и со домот Израилев и со домот Јудин ќе заклучам нов завет,
9. но завет не таков, каков што заклучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од земјата Египетска – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги изоставив, вели Господ.
10. Но овој е заветот, што ќе му го дадам на домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ.
11. И ниеден нема да го учи својот ближен, и ниеден братот свој: познај Го Господа, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат,
12. бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сеќавам.”
13. А кога вели „нов”, првиот го направи ветов; а она, што е ветво и остарено, близу е до својот крај.

9. Скинијата и жртвата на Стариот завет е несовршена. Само Христовата жртва е потполна и доволна за помирување.

1. Така и во првиот Завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште;
2. оти скинијата беше направена вака: во првиот дел светилникот, +трпезата и лебовото предложение; тој дел наречен „Свјатаја”
3. А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Свјатаја Свјатих”;
4. во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато Ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезал на Арона, како и плочите на заветот,
5. а над него – херувими на славата што го осенуваа очистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно.
6. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја;
7. а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себеси за гревовите на народот, направени поради незнаење.
8. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека уште не е отворен патот за Светилиштето, сè додека стои првата Скинија,
9. која е образ на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи,
10. освен во јадењата и пиењата, и во разни миења и телесни обреди, установени до времето на поправањето.
11. Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголема и со посовршена скинија, неракотворна, односно не онаква, каква што се прави на земјата,
12. ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп.
13. Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите, за очистување на телото,
14. тогаш, колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог.
15. Затоа е Он посредник на Новиот завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство,
16. Оти, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот,
17. бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека е заветувачот жив.
18. Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв.
19. Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот поред сиот народ, зеде крв телешка и јарешка со вода, и со црвена волна и со исоп ја пороси како самата книга, така и сиот народ,
20. велејќи: „Ова е крвта на заветот, што ви го вети Бог”.
21. Исто така со крв ги попрска и скинијата и сите садови за служење на Бога.
22. И скоро сè според Законот со крв се очисти, и без проливање крв проштевање не станува.
23. И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие.
24. Зашто Христос влезе не во ракотворно светилиште, кое е само образ на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на бога за нас;
25. и не да се принесува Себе како жртва повеќепати, како што првосвештеникот влегува во Светилиштето секоја година со туѓа крв.
26. Инаку, Он би требало многупати да страда од созданието на светот. А сега еднаш за секогаш, до крајот на вековите, се јави за да го премавне гревот, откако се принесе Сам Себе како жртва.
27. И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд,
28. така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги премавне гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави, не станувајќи веќе жртва за грев на оние што Го очекуваат за спасение.

10. Силата на жртвата Христова. Славата на Новиот завет напомнува да останеме во верата и во признавањето.

1. Законот, имајќи ја сенката на идните добра, а не самиот образ на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние, кои пристапуваат.
2. Инаку, би престанале да се принесуваат, бидејќи оние,што служат, веднаш очистени, не ќе имаат веќе никакво сознавање за гревови.
3. Но со жртвите секоја година се напомнува за гревовите,
4. бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги премавне гревовите.
5. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви.
6. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.”
7. Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.”
8. Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни”,
9. а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја”, со тоа Он го премавнува првото, за да го постави второто.
10. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш.
11. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои што никогаш не можат да ги премавнат гревовите;
12. а Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,
13. очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови.
14. Зашто преку едно принесување осветуваните Он ги направи засекогаш совршени.
15. А ни посведочи и Светиот Дух. Оти, откако порано рече:
16. Тоа е заветот, што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам, Он додава:
17. и за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сетам.
18. А каде што има проштавање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
19. И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во Светилиштето преку крвта на Исуса Христа, по нов и жив пат,
20. што одново ни го отвори Он низ завесата, односно преку Своето тело,
21. и кога Го имаме Големиот свештеник над домот Божји,
22. тогаш да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода;
23. та да го држиме исповеданието на надежта цврсто, оти верен е Оној, Кој се заветувал.
24. И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,
25. не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.
26. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,
27. туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците.
28. Ако оној, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт,
29. тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној, што го подгазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта?
30. Оти ние Го знаеме Оној што рекол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам”, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ”.
31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32. Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата,
33. било што бевте изложувани на срам и маки, било што станавте соучесници на оние, кои исто така страдаа,
34. зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост позволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.
35. И така, не напуштајте ја вашата слобода, за која имате голема награда.
36. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;
37. зашто уште малку, сосема малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави.
38. а праведниот преку верата ќе биде жив; а ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја”.
39. Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата.

11. Верата и нејзината сила. Примери на јунаци за вера во Стариот завет.

1. А верата е жива претстава за она, накое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа.
2. Преку неа сведоштво добија старите.
3. Преку верата рабираме дека вековите се установени со збор Божји и дека од невидливото произлегло видливото.
4. Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; +преку неа, иако умрел, уште зборува.
5. Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели..Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6. А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат.
7. Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом; преку неа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.
8. Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди.
9. Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследници на истото ветување;
10. оти тој го очекуваше оној град, што има основи и чиј градител и творец е Бог.
11. Преку верата и самата Сара – бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил,
12. И поради тоа од еден, и при тоа застарел, се родија толку многу, колку што се +ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13. Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени.
14. Бидејќи оние, што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина.
15. И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат.
16. Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; +бидејќи им приготвил град.
17. Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син,
18. за кого му беше речено: „Потомството од Исака ќе се нарече со твое име”;
19. оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението.
20. Со вера Исак го благослови Јакова и Исава за она, што требаше да стане.
21. Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосифа и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезалот свој”.
22. Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и порача за коските свои.
23. Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, оти видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.
24. Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка
25. и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада;
26. хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство, отколку сокровиштата на Египет; оти предвид ја имаше +наградата.
27. Со вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да Го гледа.
28. Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.
29. Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, кое што се обидоа и Египтјаните да го преминат, но се издавија.
30. Преку вера паднаа ѕидовите ерихонски, откако беа опколени цели седум дена.
31. Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците, откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе на друг пат.
32. И што уште да кажам? Оти не ќе имам доволно време, да прикажувам за Гедеона, +Варака, Самсона и ++Јефтаја, за Давида и Самуила и другите пророци,
33. кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови;
34. угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски;
35. жени примија свои умрени воскреснати; други пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение;
36. а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор;
37. со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам –
38. оние, за кои свето беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни.
39. И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното,
40. оти Бог за нас предвиде нешто подобро, та тие без нас да не постигнат совршенство.

12. Да се трпи гледајќи Го Исуса. Блажени сме во Господа кога гледаме на небесниот Ерусалим.

1. Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нè окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба,
2. имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји.
3. Помислете, пак, на Оној, Којод грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом!
4. Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв,
5. и сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува,
6. зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима”.
7. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува?
8. Ако, пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови.
9. Ако се плашиме од нашите татковци, кога нè казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи?
10. Зашто тие нè казнуваа за малку денови, според тоа како им беше угодно; а Он – за полза, та да учествуваме во Неговата светост.
11. Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност.
12. Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена”,
13. и со нозете свои „направете си прави патеки” та, она што е хромо, да не се отклони, туку поскоро да се исцели.
14. Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа:
15. гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат; да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина;
16. да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестивец како Исав, кој за една гозба се откажа од своето првородство.
17. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен; бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи.
18. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и +кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата,
19. и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе,
20. зашто не можеа да го истрпат она, што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.”
21. И толку страшно беше она, што се гледаше, така што и Мојсеј рече: „Преплашен сум и треперам”.
22. Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели,
23. кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство,
24. и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува +од Авеловата.
25. Гледајте да не Го избегавате Оној, Кој зборува. Оти, ако не останаа неказнети оние, што му откажаа да му служат на оној, што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои се одвраќаме од Оној, Кој зборува од небесата,
26. Чиј глас тогаш ја потресе земјата, и Кој сега ветува, зборувајќи: „Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото”.
27. Зборовите <уште еднаш” означуваат дека колебливото, како затворено, ќе се измени, та да остане само неколебливото. 28. И така, примајќи го царството непоколебливо, да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв, 29. бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува.

13. За љубовта. Потребно е чување од разврат и среброљубие и сеќавање на добри учители и угледување на нив. Завршни опомени и поздрави.

1. Братољубие нека пребива меѓу вас!
2. Гостољубивоста не заборавајте ја, +бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели.
3. Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, оти и сами сте во тело.
4. Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог.
5. Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам”;
6. така што слободно да велиме: „Господ ми е помошник, и нема да се уплашам: што може да ми направи човек?”
7. Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна.
8. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки.
9. Не впуштајте се во разни туѓи учења; оти е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со јадења, од кои немаа никаква полза оние, што ги употребуваа.
10. Имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат оние, што ѝ служат на скинијата,
11. бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за очистување на гревовите, се изгоруваат надвор од живеалиштето.
12. Па затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти.
13. И така, пред Него да излегуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга,
14. бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде.
15. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово.
16. А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога.
17. Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас.
18. Молете се за нас, оти сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сè добро да постапуваме.
19. Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да ви бидам вратен.
20. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос,
21. нека ве усоврши во секое добро дело, за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она, што Му е Нему благоугодно, преку Исуса Христа, Нему слава во веки веков. Амин!
22. Ве молам, браќа, трпеливо примете го ова поучно слово: оти накратко и ви напишав и испратив.
23. Знајте дека братот Тимотеј е пуштен, со кого, ако скоро дојде, ќе ве видам.
24. Поздравете ги сите ваши наставници и сите светии! Ве поздравуваат браќата што се од Италија.
25. Благодат со сите вас. Амин!