Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Откровение на светиот апостол Јован Богослов

1. Вовед и поздрав. Видение на преобразениот Син Човечки. Тајните на седумте ѕвезди, на седумте светилници.

1. Откровение на Исуса Христа, кое Му го даде Бог, за да го покаже на слугите Свои она, што треба да стане скоро. И Он го јави тоа на слугата Свој Јована, преку Својот ангел,
2. кој што го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исуса Христа, и сѐ што виде.
3. Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.
4. Јован – до седумте цркви, што се во Азија: благодат вам и мир од Оној, Кој е, и Кој бил, и Кој иде, и од седумте духови, кои се пред Неговиот престол,
5. и од Исуса Христа, Кој е верен сведок, Првороден од мртвите и Господар на земните цареви. Нему, Кој нѐ возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв
6. и Кој нѐ направи пред Бога и Својот Отец цареви и свештеници, слава и држава во веки веков. Амин!
7. Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња. Да. Амин!
8. Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај – вели Господ, Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот.
9. Јас, Јован, кој што сум и брат ваш и соучесник во скрбта и во царството и во трпението на Исуса Христа, бев на островот, наречен Патмос, заради словот Божјо и заради сведоштвото за Исуса Христа.
10. Еден неделен ден бев обземен од дух и зад себе чув силен глас како од труба, кој велеше: „Јас сум Алфа и Омега, првиот и последниот;
11. и тоа, што ќе го видиш, напиши го во книгат и испрати го седумте цркви, што се во Азија: во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Тиатир, во Сард, во Филаделфија и во Лаодикија!”
12. И се обѕрнав за да го видам гласот, што зборуваше со мене; и, откако се обѕрнав, видов седум златни светилници,
13. а сред седумте светилници еден, сличен на Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и по градите препашан со златен појас;
14. главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови – како огнен пламен;
15. нозете Негови – слични на светол бакар, како во печка вжарени, а гласот Негов – како шум од многу води.
16. Во Својата десна рака Он држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во својата сила.
17. Штом Го видов, паднав пред нозете Негови како мртов. Он ја сложи Својата десна рака врз мене и ми рече: „Не бој се! Јас сум Првиот и Последниот
18. и Живиот, Бев мртвов, и ете, жив сум за сите векови. Амин! И ги имам клучевите од адот и смртта.
19. И така напиши, што виде, што е и што има да стане по тоа.
20. Ова е тајната на седумте ѕвезди, што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте светилници, што ги виде, се седумте цркви.”

2. Писмото Христово до црквите во Ефес, Смирна, Пергам и Тиатир.

1. На ангелот на Ефеската црква напиши му: Ова го вели Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди посреде седумте светилници –
2. ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги трпиш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се наречуваат апостоли, а не се, и дека си нашол оти се лажци;
3. дека си претрпел и дека имаш трпение, дека си се трудел за името Мое и дека не си се уморил.
4. Но сум против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.
5. Спомни си од каде си паднал, и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам светилникот твој од местото негово, ако не се покаеш.
6. А ова го имаш, ги мразиш делата на николаитите, кои што и Јас ги мразам.
7. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите – на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај.
8. И на ангелот на Смирненската црква напиши му: така вели Првиот и Последниот, Кој беше мртов и еве оживе –
9. ги знам твоите дела, скрбта и сиромаштијата – но ти си богат – и хулењата на оние, кои за себеси велат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска збирштина.
10. Не бој се воопшто од она, што ќе има да претргаш. Ете, ѓаволот некои од вас ќе фрли в затвор, за да ве искуша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот.
11. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: кој победува, втората смрт нема да му нанесе штета.
12. И на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној, Кој држи меч со две острици –
13. ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната, и дека го држиш името Мое, и дека не се одрече од верата Моја дури и во деновите, кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, во чија што средина живее сатаната.
14. Но малку сум против тебе, зашто имаш таму некои, што го држат учењето на Валаама, кој што го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израилеви, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат.
15. А имаш и некои, што го држат учењето на николаитите, кое го мразам.
16. Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја.
17. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној, што победува, ќе му дадам да јаде од сокриената мана, и ќе му дадам бело камче, и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива!
18. И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: Ова го вели Синот Божји, Чии очи се како пламен огнен, а нозете слични на сјаен бакар –
19. ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите.
20. Но малку сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себеси се наречува пророчица, да ги учи и мами слугите Мои да блудствуваат и да јадат идолски жртви.
21. А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја.
22. Ете, неа ја фрлам на постела, а оние, што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покајат за делата свои.
23. И чедата нејзини ќе ги поразам со смрт, и сите цркви ќе узнаат дека Јас сум Оној, Кој ги испитува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови.
24. А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги узнаа таканаречените длабини сатански, ви велам: нема да ви наложам друго бреме.
25. Но држете го само она, што го имате, додека не дојдам.
26. И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците,
27. и ќе ги пасе со жезал железен; и тие ќе се строшат како земјани садови; како што и Јас примив власт од Својот Отец.
28. Нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница.
29. Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

3. Писмото Христово до црквите во Сард, Филаделфија и Лаодикија.

1. И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној, Кој ги има седумте ѕвезди – ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а си мртов.
2. Биди буден и утврдувај ги оние, што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.
3. Помни, пак, како си примил и чул, и пази, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да узнаеш, кога ќе дојдам над тебе.
4. Но во Сард имаш малку имиња, што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни.
5. Кој победува, ќе се облече во бела облека, и нема дса му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.
6. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
7. И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинскиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој нема да затвори – и Кој затвори, никој не ќе отвори –
8. ги знам делата твои. Ете, ти дадов врата отворена, и никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
9. Ете, ќе ти дадам некои од сатанската зборница – оние, што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат – ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат, дека Јас те засакав.
10. Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
11. Ете, идам скоро: држи, што имаш, за да не го земе никој венецот твој.
12. Оној, кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам над него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегнува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.
13. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
14. И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание –
15. ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!
16. Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблуам од устата Своја.
17. Оти велиш: »Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба«, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;
18. те советувам да си купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бело облекло, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои, за да гледаш.
19. Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се.
20. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
21. На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.
22. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.

4. Откривање на величественоста Божја и свечено поклонување пред Божјиот престол.

1. Потоа погледнав, и ете, врата отворена на небото, и поранешниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: „Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да стане потоа!”
2. И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој.
3. Оној, Кој седеше, изгледаше као камен од јаспис и сардис, а околу престолот виножито, кое што прилегаше на смарагд.
4. Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци, облечени во бели алишта, а на главите имаа златни венци.
5. И од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот гореа седум огнени светила, кои што се седумте Божји духови;
6. пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал; а сред престолот и околу престолот – четири животни, однапред и одназад полни со очи:
7. првото животно прилегаше на лав, второто – на теле, третото животно имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет.
8. И четирите животни имаа по шест крилја околу себе, а одвантре беа полни со очи, и без прекин дење и ноќе воскликнуваа: ”Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој ќе дојде!”
9. А кога животните Му воздаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во веки веков,
10. дваесет и четирите Старци паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи:
11. Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!

5. Јагнето ја зема книгата со седум печати.

1. И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книга напишана одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати.
2. И видов силен ангел, што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?”
3. И никој не можеше, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.
4. И јас многу плачев, дека никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ја гледа.
5. А еден од Старците ми рече: „Не плачи! Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!”
6. Погледав, и ете, среде престолот и четирите животни и среде Старците стоеше Агнецот, како заклан, со седумте рога и седумте очи, кои што се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
7. Он дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
8. И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старци паднаа пред Агнецот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои што се молитвите на светиите;
9. и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
10. и нѐ направи пред наштиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на земјата!”
11. Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и Старците, а бројот им беше мирјада мирјади и илјада илјади,
12. кои зборуваа со висок глас: „Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста и моќта, честа, славата и благословот!”
13. И секое сознание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув да зборува: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!”
14. А четирите животни велеа: „Амин!” И дваесет и четирите Старци паѓаа и Му се поклонуваа на Живиот во сите векови.

6. Отворање на првите шест печати.

1. И видов кога Агнецот скрши еден од седумте печати, и чув едно од четирите животни да зборува како со глас на грмотевица: „Дојди и види!”
2. И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи.
3. А кога го извади вториот печат, го чув второто животно да зборува: „Дојди и гледај!”
4. И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот на земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч.
5. А кога се отвори третиот печат, го чув третото животно да зборува: „Дојди и види!” И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја.
6. И чув глас среде четирите животни, кој зборуваше: „Шиник пченица за динариј, и три шиника јачмен за динариј; но растителното масло и виното ќе ги нема!”
7. А кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно како зборуваше: „Дојди и гледај!”
8. И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови.
9. А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа
10. и викаа со висок глас, велејќи: „До кога, Владико, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние, што живеат на земјата?”
11. И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие.
12. И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв;
13. ѕвездите, пак, небески паднаа на земјата, како што смоквата, лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои;
14. и небото се оттргна како книга свиткана, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои;
15. и царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се сокрија во пештери и горски камењари,
16. велејќи им на планините и на карпите: „Паднете врз нас и сокријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот,
17. зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?”

7. Запечатените од дванаесетте колена. Блажено мноштво на спасените од разни народности.

1. Потоа видов четири ангели како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво.
2. И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено, да ја растурат земјата и морето, велејќи:
3. Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!
4. И го чув бројот на одбележаните со печат: сто и четириесет и четири илјади беа одбележани од сите колена на синовите Израилеви.
5. Од Јудиното колено со печат одбележани – дванаесет илјади; од Рувимовото колено – дванаесет илјади; од Гадовото колено – дванаесет илјади;
6. од Асировото колено – дванаесет илјади; од Нефталимовото колено – дванаесет илјади; од Манасииното колено – дванаесет илјади;
7. од Симеоновото колено – дванаесет илјади, од Левииното колено – дванаесет илјади; од Исахаровото колено – дванаесет илјади;
8. од Завулоновото колено – дванаесет илјади, од Јосифовото колено – дванаесет илјади; од Венијаминовото колено – дванаесет илјади.
9. Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете.
10. И воскликнуваа со висок глас, велејќи: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!”
11. А сите ангели стоеја околу престолот, Старците и четирите животни, и падна ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога,
12. велејќи: „Амин! Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!”
13. А еден од Старците прозборува и ме праша: „Оние, облеченине во бели облеки, кои се и од каде дошле?”
14. А јас му одговорив: „Ти знаеш, господине.” А тој ми рече: „Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот.
15. Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив;
16. и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето, и никаква горештина;
17. бидејќи Агнецот, Кој е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни.”

8. Отворање на седмиот печат. Првите четири труби. Тројно зло.

1. Кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото околу половина час.
2. И ги видов седумте ангели, што стоеја пред Бога и им се дадоа седум труби.
3. Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му се даде многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник, што беше пред престолот.
4. Димот од темјанот со молитвите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога.
5. И ја зеде ангелот кадилницата, и ја наполни со оган од жртвеникот, и ја фрли на земјата, и тогаш се појавија гласови, грмотевици, светкавици и земјотрес.
6. И седумте ангели, што ги држеа седумте труби, се приготвија да затрубат.
7. Првиот ангел затруби, и се појави град и оган, смешани со крв, и паднаа на земјата. И една третина од дрвјата изгореа, и сета трева зелена изгоре.
8. Затруби и вториот ангел – и како некоја голема гора, пламната во оган, се срина во морето; и третината од морето се претвори во крв;
9. и умре третината од морските суштества, кои што имаа душа; и една третина од лаѓите пропаднаа.
10. И третиот ангел затруби, и од небото падна голема ѕвезда, која гореше како светило, и падна врз третината од реките и водните извори.
11. А името на таа ѕвезда е Пелин. И третиот дел од водите загорчи како пелин, и многу луѓе умреа од водите, бидејќи беа загорчени.
12. Потоа затруби и четвртиот ангел, и беше удрена третината од сонцето, третината од месечината и третината од ѕвездите, за да им потемнее нивниот трет дел, та третината од денот, како и на ноќта, да не свети.
13. И видов и чув еден орел како лета посреде небото и да вика со висок глас: „Тешко, тешко, тешко на оние што живеат по земјата од другите трубни гласови на трите ангели, што ќе трубат!”

9. Петтата труба со првото зло, шестата труба со второто зло.

1. Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ се даде клучот од кладенецот на бездната;
2. па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.
3. И од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии.
4. И им се рече: да не ја повредуваат земната трева, ниту какво и да било зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои.
5. И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и мачењето нивно беше како мачење од скорпија, кога каснува човек.
6. Во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.
7. По својот облилк скакулците личеа на коњи, приготвени за војна: на главите нивни имаше како златни круни, а лицата им беа како лица човечки;
8. имаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови.
9. И имаа оклопи како оклопи од железо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коли со многу коњи, кои трчаат во војна.
10. Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци.
11. И за цар над себеси го имаа ангелот на бездната; името негово по еврејски е Авадон, а по Елински – Аполион.
12. Едното зло помина, еве идат уште две зла по него.
13. И шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога,
14. кој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: „Ослободи ги четирите ангели, врзани при големата река Еуфрат!”
15. И беа одврзани четирите ангели, кои беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да ја убијат третината од луѓето.
16. Бројот на коњаниците беше двесте милиони – го чув нивниот број.
17. И така во видение ги видов коњите и оние, кои јаваа на нив, што имаа оклопи огнени и синкасти и сулфурни. Главите на коњите личеа на глави од лавови, а од устата нивна излегуваше оган, дим и сулфур.
18. А од тие три зла – огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре третината од луѓето;
19. бидејќи нивната сила беше во нивната уста, а опашките нивни, што личеа на змии, имаа глави со кои пакостеа.
20. А другите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на рацете свои, та да не се поклонуваат ни на ѓаволи ни на идоли златни и сребрени, бакарни, камени и дрвени, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту, пак, да одат;
21. и не се покајаа ни за убиствата свои, ни, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, нити за кражбите свои.

10. Ангелот со книга што Јован ја изедува. Седумте громови.

1. И видов друг силен ангел како слегнува од небото, опфатен од облак, над главата виножито, а лицето негово беше како сонце, додека нозете како огнени столбови;
2. во раката своја тој држеше отворена книшка; и ја постави десната своја нога над морето, а левата – над земјата;
3. и извика со висок глас, како што рика лав; а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови.
4. И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но чув глас од небото, кој што ми зборуваше: „Запечати го тоа, што зборуваа седумте громови, и немој да го пишуваш!”
5. И ангелот, кого го видов да стои над морето и над земјата, крена рака кон небото
6. и се заколна во Оној, Кој живее во веки веков, и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време,
7. но во деновите, кога седмиот ангел ќе возгласи и затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што им беше објавил Он на своите слуги-пророците.
8. И гласот, што го бев чул од небото, одново прозборува за мене и рече: „Оди и земи ја отворената книшка од рацете на ангелот, што стои над морето и над земјата!”
9. Тогаш отидов при ангелот и му реков: „Дај ми ја книшката!” Тој ми одговори: „Земи ја и изеди ја! Во стомакот твој таа ќе ти биде горчлива, но во устата ќе ти биде слатка како мед.”
10. Ја зедов книгата од рацете на ангелот, и ја изедов и во устата моја беше слатка како мед, а кога ја изедов, ми беше горчлива во стомакот мој.
11. И ми рече: „Треба пак да пророкуваш меѓу многу народи и племиња, јазици и цареви.”

11. Мерењето на црквата Божја. Два сведока загинале, па оживеале.

1. И ми се даде трска слична на жезал, и ми се рече: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние, што се поклонуваат во него.
2. А дворот пред храмот остави го и не го мери, бидејќи им е даден на незнабошците: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца.
3. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена.
4. Тоа се двете маслинови дрвца и двата светилника што стојат пред Господарот на земјата.
5. И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној, што ќе посака тоа да го направи.
6. Тие ќе имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога што ќе посакаат.
7. И кога ќе го завршат сведоштвото свое, тогаш ѕверот, кој што ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие.
8. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се наречува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.
9. И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три дена и половина и нема да позволат нивните трупови да се положат во гробови.
10. И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние, што живеат на земјата.
11. Но по трите дена и половина во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние, што ќе ги гледаат.
12. Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: “Искачете се ваму!” И тие ќе се издигнат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат.
13. Во тој час ќе настане голем потрес, и десеттиот дел од градот ќе се растури; а од потресот ќе загинат седум илјади човечки имиња; другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му воздадат слава на небесниот Бог.
14. Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло.
15. Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!”
16. И дваесет и четирите Старци, кои што седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога,
17. велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Седржителу, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, затоа што ја прими Својата голема сила и се зацари!
18. И се разгневија народите, и дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои – на пророците, на светиите и на оние, кои се плашат од името Твое, мали и големи, и да ги погубиш губителите на земјата!”
19. Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град голем.

12. Жената облечена во сонце и змевот. Борбата на Архангел Михаил против него.

1. И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.
2. Таа беше тешка и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.
3. Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни;
4. опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.
5. И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезал; и детето нејзино беше грабнато и однесено при Бога и Неговиот престол.
6. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена.
7. И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив;
8. но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото.
9. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени.
10. И чув висок глас на небото да зборува: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.
11. Тие го победија со крвта на Агнецот и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.
12. Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!”
13. А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.
14. И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел, за да одлета во пустината на своето место, каде што ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.
15. И змијата испушти од устата своја вода како река по жената, за да ја одвлече со реката.
16. Но земјата ѝ помогна на жената: и ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката, што ја беше испуштил змевот од устата своја.
17. И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа.

13. Од морето излегува ѕвер со седум глави, а од земјата друг ѕвер со два рога.

1. Потоа застанав на морскиот песок и видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рогови; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови – богохулни имиња.
2. Ѕверот, кого го видов, прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт.
3. И видов, дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој што му беше дал власт на ѕверот;
4. му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?”
5. Нему му се даде уста, што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеца.
6. Тогаш ја отвори устата за хулење поротив Бога, за да го похули името Негово, живеалиштето Негово и оние, што живеат на небото.
7. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.
8. И му се поклонија сите жители земни, чии имиња не се запишани во книгата на животот при Агнецот, заклан од созданието на светот.
9. Кој има уво, нека чуе:
10. кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен; кој со меч убие, со меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.
11. И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змев.
12. И со сета власт на првиот ѕвер тој дејствуваше пред него и ја тераше целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила;
13. и правеше големи чуда, па дури и оган да симнува од небото на земјата пред луѓето.
14. И ги мамеше жителите земни со чудата, што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на жителите земни да му направат лик на ѕверот, кој што имаше рана од меч и остана жив.
15. И му се даде да вложи дух во ликот на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние, кои нема да му се поклонат на ѕверовиот образ.
16. И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни,
17. та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово.
18. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.

14. Сто четириесет и четири илјади во гората Сионска. Три ангела со добри, но и со остри вести. Весела жетва, страшна есен.

1. Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што ги имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.
2. И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на гуслари, што свират на гуслите свои
3. и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и Старците; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата.
4. Тие се, што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се, што врват по Агнецот, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Агнецот,
5. и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Божји.
6. И видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.
7. Тој зборуваше со висок глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!”
8. И друг ангел се појави по него, велејќи: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!”
9. И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја,
10. тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излиено во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Агнецот.
11. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние, што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговиот образ, и што ќе го примат белегот на неговото име!”
12. Тука е трпението на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса.
13. И чув глас од небото да ми вели: „Напиши – блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат!”
14. И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Он имаше златен венец, а во раката – остар срп.
15. И друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на оној, што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: оти житото на земјата е зрело!”
16. И оној, што седеше на облакот, го фрли српот свој на земјата и земјата беше пожнеана.
17. И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп.
18. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној, што имаше остар срп, велејќи: „Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!”
19. И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев,
20. и се изгмечи кацата надвор од градот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии.

15. Пеачи на стаклено море. Последните седум зла. Седумте чаши на гневот.

1. И видов друг знак на небото, голем и чуден: седумте ангели, што ги држеа седумте последни порази, зашто со нив ќе се заврши Божјиот гнев.
2. И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; а оние што го победија ѕверот и неговиот лик, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа гусли Божји.
3. И ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Агнецот, велејќи: „Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите!
4. Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови станаа јавни!”
5. Потоа видов: ете, на небото се отвори храмот на скинијата на сведоштвото.
6. И излегоа од храмот седумте ангели, што ги држеа седумте зла, облечени во чисти и светли облеки од ленено платно и опашани преку градите со златни појаси.
7. И едно од четирите животни на седумте ангели им даде седум златни чаши, полни со гневот на Бога, Кој живее во веки веков.
8. И се исполни храмот со дим од славата на Бога и од силата Негова, и никој не можеше да влезе во храмот, додека не се извршија седумте порази на седумте ангели.

16. Седумте чаши на Божјиот гнев ги исипуваат седумте ангели.

1. И чув од храмот висок глас како им вели на седумте ангели: „Одете, излијте ги седумте чаши со гневот Божји на земјата!”
2. И отиде првиот ангел, и ја изли чашата своја на земјата; и по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и, му се поклонуваа на ликот, се појавија лоши и лути рани.
3. И вториот ангел ја изли чашата своја во морето: и тоа стана како крв од убиен човек; и сѐ живо изгина во морето.
4. Третиот ангел ја изли чашата своја во реките и во изворите водни, и тие се претворија во крв.
5. Потоа го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си, Господи, Кој си, Кој беше, и Кој си свет, зашто така осуди,
6. бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв – заслужуваат!”
7. И чув друг да зборува од жртвеникот: „Да, Господи Боже Седржителу, вистинити и праведни се твоите пресуди!”
8. Четвртиот ангел ја изли чашата своја врз сонцето; и му се даде луѓето да ги жари со оган.
9. И силна жега ги опфати луѓето, и го похулија името на Бога, Кој има власт над тие зла, и не се покајаа да Му воздадат слава.
10. Петтиот ангел ја изли чашата своја врз престолот на ѕверот; и царството негово се помрачи и луѓето ги гризеа јазиците свои од болка
11. и похулија на небесниот Бог поради болките и раните свои, но не се покајаа за делата свои.
12. Шестиот ангел ја изли чашата своја во големата река Еуфрат; и се пресуши водата нејзина, за да се приготви патот за царевите од сончевиот исток.
13. И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби;
14. оти тоа се ѓаволски духови, кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот.
15. ”Ете, Јас доаѓам како крадец: блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои, за да не оди гол, и да не се гледа срамот негов!”
16. И ги собра на местото наречено по еврејски Армагедон.
17. Седмиот ангел ја изли чашата своја на воздухот; и од престолот на небесниот храм се пронесе силен глас, кој што извика: „Се сврши!”
18. И имаше светкавици, громови и гласови, и стана силен земјотрес, таков и голем и силен потрес, каков што не станал откако има луѓе на земјата.
19. Големиот град се раздели на три дела, и градовите на незнабошците паднаа; а Вавилон големиот се спомна пред Бога, за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев.
20. Сите острови исчезнаа, и гори веќе не се гледаа.
21. И град, голем како талант, падна од небото, на луѓето; а луѓето похулија на Бога поради злото од градот, зашто тоа зло беше многу големо.

17. Вавилон, како жена што седи на ѕверот, кого што Јагнето го победило.

1. Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која што седи над многу води;
2. со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!”
3. И ме одведе со духот во пустина: и видов една жена како седи на црвен ѕвер, кој што беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови.
4. А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, драгоцени камења и бисери; во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино.
5. А на челото ѝ беше напишано името: „Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии.”
6. И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и од крвта на сведоците Исусови; и се зачудив многу, кога ја видов.
7. И ми рече ангелот: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на оваа жена, и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови.
8. Ѕверот, што го виде ти, беше и го нема: тој ќе излезе од бездната, и ќе загине; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се почудат, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако постои.
9. Овде е потребен ум, што има мудрост. Седумте глави, тоа се седумте гори, врз кои седи жената;
10. а седумте цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане.
11. И ѕверот, што беше и кого што го нема, е осми; тој е еден од седумте и ќе загине.
12. А десетте рогови, што ги виде, се десет цареви, кои царства уште не примија, туку како цареви ќе добијат власт само за извесно време заедно со ѕверот.
13. Тие имаат една мисла, и силата и власта своја ќе му ја предадат на ѕверот.
14. Тие ќе војуваат против Агнецот, и Агнецот ќе ги победи, оти Он е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.”
15. И ми рече: „Водите, што ги виде ти, каде што седи блудницата, тоа се луѓето и народите, племињата и јазиците.
16. А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат.
17. Оти Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова, да се договорат и да го дадат царството свое на ѕверот, додека не се исполни словото Божјо.
18. А жената, која што ја виде ти, е големиот град, кој царува над земните цареви.”

18. Падот на Вавилон. Плачот на царевите, трговците и бродарите. Радост на небото.

1. А по ова видов како слегува од небото друг ангел, кој имаше власт голема: и земјата светна од неговиот болскот.
2. И извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна Вавилон големиот, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; оти со виното отровно на своето блудство ги напои сите народи.
3. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!”
4. И чув друг глас од небото да вели: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини;
5. бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.
6. Платете ѝ како што и таа ви плати вам, и дајте ѝ двојно онолку за децата нејзини; со чашата, со која што ве служеше, послужете ја двојно.
7. Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Оти во срцето свое вели: »Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.«
8. Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди.
9. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои што блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;
10. и стоејќи од далеку, од страв пред нејзининте маки ќе велат: »Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, оти во еден час дојде пресудата твоја!«
11. И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува:
12. стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо, мермер;
13. и цимет и темјан, миро и ливан, вино и елеј, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки.
14. И овошјата, за кои душата ти копнееше, се отстранија од тебе, и сѐ масно и светло исчезна од тебе, и нема веќе да го најдеш.
15. Трговците, кои што со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат од далеку заради страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи
16. ќе зборуваат: »Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,
17. зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!«“ И сите сопственици на лаѓи, и сите патници во лаѓите, и морнарите, и оние, што тргуваат по море, застанаа од далеку
18. и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: „Кој беше како овој голем град?”
19. И ги посипаа главите свои со пепел, и со плачење викаа и велеа: „Тешко, тешко тебе, граде голем, со чии драгоцености се обогатија сите, што имаа лаѓи по море; оти за еден миг запусте!”
20. Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!
21. Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: „Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!”
22. И глас на гуслари, пеачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.
23. И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи.
24. И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата.

19. Весела песна поради падот на Вавилон. Свадбата на Јагнето. Призракот Христов. Ѕверот и лажниот пророк срушени.

1. Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој велеше: „Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог,
2. зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.”
3. И повторно рекоа: „Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во веки веков!”
4. Тогаш паднаа дваесет и четирите Старци и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: „Амин, алилуја!”
5. А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои што се боите од Него, големи и мали!”
6. И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кои велеа: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!
7. Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Агнецот, и жена Му се приготви!
8. И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.” А висонот е праведноста на светиите.
9. И ми рече: „Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера при Агнецот!” А ми рече уште: „Ова се вистински Божји зборови!”
10. И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: „Стој, не – јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!”
11. И го видов небото отворено, и ете, коњ бел. Оној, Кој јаваше на него, се вика Верен и Вистинит, и Он праведно суди и војува;
12. очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напишано име, кое освен Него, никој не го знаеше.
13. И беше облечен во облека, натопена со крв, и со името – Слово Божјо.
14. А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи.
15. Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците. Он ќе ги пасе со железен жезал, и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот.
16. На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: „Цар над царевите” и „Господар над господарите.”
17. Потоа видов еден ангел како стои на сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото: „Долетајте и соберете се на големата вечера Божја,
18. да јадете тела на цареви, тела од војводи, тела од силни, тела од коњи и од нивните јавачи, и тела од сите – слободни и робови, мали и големи!”
19. Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски, собрани за да војуваат против Оној, Кој седеше на коњ, и Неговата војска.
20. Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние, што беа примиле белег од ѕверот и му се клањаа на неговиот лик: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур;
21. другите, пак, беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни.

20. Сатаната врзан за илјада години. Гог и Магог. Страшниот суд.

1. Потоа видов како од небото слегуваше ангел, кој што го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја:
2. го фати змевот, древната змија, која што е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години;
3. потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјадата години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време.
4. И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите, чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние, што не му се поклонија на ѕверот, ниту на ликот негов, и не примија белег на челата свои и на рацете свои; и оживеаја и царуваа со Христа илјада години.
5. Другите, пак, од умрените не оживеаја, додека не се навршат илјадата години. Тоа е првото воскресение.
6. Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со Него илјада години.
7. А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој,
8. и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна: бројот нивни е колку морскиот песок.
9. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта.
10. А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк: тие ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков.
11. И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде.
12. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни.
13. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои.
14. А смртта и пеколот беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт.
15. И кој што не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро.

21. Ново небо, нова земја, нов Ерусалим.

1. И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето ги немаше веќе.
2. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, променета за својот маж.
3. И чув висок глас од небото како зборува: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивни Бог.
4. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.”
5. И Седнатиот на престолот рече: „Ете, сѐ ново создавам.” И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.”
6. Потоа ми рече: „Се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум.
7. Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син.
8. А на плашливците и неверните, на поганите и убијците, на блудниците и магепсниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.”
9. Тогаш дојде при мене еден од седумте ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни зла, ми прозборува и рече: „Дојди, ќе ти ја покажам невестата – жената на Агнецот.”
10. Па ме одведе духом во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога,
11. и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најдрагоцен камен, како светол камен јаспис;
12. тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израилеви:
13. спроти исток три порти, спроти север три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти.
14. Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот.
15. А оној што зборуваше со мене, имаше трска златна за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови.
16. Градот беше четириаголен, а должината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии; должината, широчината и височината негова – еднакви.
17. Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто и четириесет и четири лакти, со мерка човечка, која што е и ангелска.
18. Ѕидовите му беа изградени од јаспис, а градот – од чисто злато, како чисто стакло.
19. Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид драгоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд,
20. петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – вирил, деветтиот – топаз, – десеттиот – хрисопрас, единаесеттиот – хијацинт, дванаесеттиот – аметист.
21. А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден бисер; улиците на градот беа од чисто злато како провидно стакло.
22. Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бод Седржителот и Агнецот се неговиот храм.
23. И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлила, а светлината му е Агнецот.
24. И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест.
25. А портите негови нема да се заклучуваат дење, оти таму нема да има ноќ.
26. И ќе ја принесат во него славата и честа на народите;
27. и нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние, кои што се запишани во книгата на животот на Агнецот.

22. Реката и дрвото на животот. Заедницата на блажените со Бога. Сериозни совети и опомени. Крај.

1. И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и на Агнецот.
2. Среде главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесетпати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите.
3. И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Агнецот ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат
4. и ќе Го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни.
5. И ноќ нема да има таму, и не ќе имаат потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидјеќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царуваат во веки веков.
6. И ми рече: „Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги, што ќе стане наскоро.
7. Еве, доаѓам скоро; блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!”
8. И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој што ми го покажа ова.
9. Но тој ми рече: „Стој, немој, оти сум и јас слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние, што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!”
10. И ми рече: „Не запечатувај ги пророчките зборови на оваа книга, бидејќи времето е блиску!
11. Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште.
12. »И еве, ќе дојдам скоро, и отплатата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови.«
13. Јас сум Алфа и Омега, Почеток и Свршеток, Првиот и Последниот!”
14. Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите.
15. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој, што сака да лаже и лаже.
16. Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница.
17. И Духот и невестата велат: „Дојди!” И кој чуе, нека каже: „Дојди!” И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум.
18. И Јас му сведочам на секого, кој што ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне поразии напишани во оваа книга.
19. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му одземе дел од книгата на животот, и од светиот град, и од она, што е напишано во оваа книга.
20. Зборува оној, што го сведочи ова: „Да, ќе дојдам скоро!” – Амин! „Да, дојди, Господи Исусе!”
21. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!