Свето Писмо на македонски јазик

 
 
 
„Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1,3)
 
 
 
 

Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука

1. Увод. Христовото вознесување. Матиј избран за апостол

1. Првата книга, о Теофиле, ја напишав за сè она што Исус почна и да врши и да учи,
2. до денот, кога се вознесе. откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите, што беше ги избрал,
3. а на кои им се претстави жив по Своето страдање со многу верни докази, јавувајќи им се преку четириесетте дни и зборувајќи им за царството Божјо.
4. И собирајќи ги, Он им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене!
5. Зашто Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.”
6. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: „Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?”
7. И Он им одговори: „Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт;
8. но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата.”
9. И штом го рече тоа, додека тие Го гледаа, Он се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни.
10. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека,
11. и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото.”
12. Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Елеон, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење.
13. И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што живееја Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов.
14. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење со некои жени и со Марија, мајката на Исуса, и со браќата Негови.
15. А во тие дни Петар стана меѓу учениците и рече:
16. – а беа се собрале околу сто и дваесет души – „Мажи, браќа! Требаше да се исполни напишаното, како што беше претскажал Светиот Дух преку устата Давидова за Јуда, водачот на оние што Го фатија Исуса,
17. зашто тој беше вброен кон нас и беше примил дел од оваа служба;
18. но со неправедна награда тој придоби нива и, откако падна ничкум, прсна во средината, и се истури целата негова утроба.
19. И тоа им стана познато на сите жители во Ерусалим дека таа нива се нарече на нивниот јазик Акелдама, што значи нива крвна.
20. Оти во книгата на Псалмите е напишано: »Домот негов да запусти, и никој во него да не живее, како и, епископството негово да го прими друг.«
21. И така, потребно е пак еден од оние луѓе, што беа со нас за сето време, додека пребиваше и општеше со нас Господ Исус,
22. почнувајќи од крштавањето Јованово па до денот, кога се вознесе од нас, да биде сведок со нас за Неговото воскресение.”
23. И поставија двајца: Јосифа, наречен Варсава, а по прекар Јуст, и Матиј;
24. потоа се помолија и рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал,
25. за да прими дел од оваа служба и од апостолството, од кое отпадна Јуда, за да си отиде на своето место!”
26. И фрлија ждреб за нив, и ждребот падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли.

2. Слегувањето на Светиот Дух. Петровата проповед за Исуса како Месија. Заедницата во Ерусалим.

1. Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни.
2. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.
3. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив.
4. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.
5. А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото.
6. Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сè се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
7. И сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: „Овие што зборуваат, зар не се Галилејци?
8. Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик?
9. Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија,
10. од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените,
11. Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?”
12. Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?”
13. А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле од слаткото вино.”
14. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови:
15. овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот:
16. но тоа е претскажано преку пророкот Јоил:
17. »И ете во последните дни«, рече Бог, »ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа;
18. и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.
19. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад.
20. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов.
21. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.«
22. Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете,
23. Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте.
24. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи.
25. Оти Давид за Него вели: »Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам.
26. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, –
27. зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање.
28. Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.«
29. Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден.
30. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој,
31. предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање.
32. Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци.
33. И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате.
34. Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: »Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
35. додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.«
36. И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.”
37. Кога го чуја тоа, во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?”
38. А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух.
39. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.”
40. И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!”
41. И така оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души.
42. И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите.
43. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите.
44. А сите, што веруваа, беа заедно и сè им беше општо;
45. продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба.
46. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце.
47. Фалејќи Го Бога беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат.

3. Чудото над хромиот. Сведоштвото Петрово за Исуса Христа и позив на покајание.

1. Петар и Јован заедно влегуваа во храмот во деветтиот молитвен час.
2. Имаше еден човек, фатен уште во мајчина утроба, кого го носеа и поставуваа секој ден пред вратата на храмот, наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.
3. Штом ги виде тој Петра и Јована, кога сакаа да влезат во храмот, и од нив запроси милостина.
4. А Петар се вгледа во него заедно со Јована и му рече: „Погледај нè!”
5. И тој ги гледаше настојчиво, надевајќи се од нив нешто да добие.
6. Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!”
7. И како го фати за десната рака, го исправи и веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите;
8. и штом скокна, застана и прооди, и влезе во храмот заедно со нив, скокајќи и фалејќи Го Бога.
9. И сиот народ го виде како оди и како Го фали Господа.
10. А го познаа дека тој беше оној што седеше пред Красна, вратата на храмот, поради милостина; и се восхитија и се зачудија за она што му стана.
11. И бидејќи исцелениот хром не се одделуваше од Петра и Јована, затоа кон нив пријде сиот зачуден народ во тремот, наречен Соломонов.
12. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди?
13. Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилата, кога тој реши да Го пушти.
14. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и измоливте да ви се подари човек убиец,
15. а Началникот на животот Го убивте, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци.
16. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и него пред сите вас.
17. А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и кнезовите ваши.
18. Но Бог, бидејќи предвести преку устата на сите пророци Свои, дека Христос ќе пострада, така и направи.
19. Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши,
20. за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово, и Он да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос,
21. Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се изврши сè, што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот.
22. Мојсеј им беше рекол на татковците: »Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како Јас; Него послушајте Го во сè, што ќе ви рече!«
23. И секоја душа, што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.
24. А и сите пророци од Самуила, па и по нив, што пророкуваа, исто така и за овие денови предвестуваа.
25. Вие сте синови на пророците и на заветот, што Бог им го беше ветил на вашите татковци, велејќи му на Авраама: »И во потомството твое ќе бидат благословени сите народи на земјата.«
26. Бог, откако Го воздигна Својот Син Исуса, најнапред вам ви Го прати, за да ве благослови, та секој од вас да се одврати од своите злобни работи.”

4. Петар и Јован в затвор. Нивната исповед пред големиот совет и ослободување.

1. А кога тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свештениците, старешината на храмот и садукеите,
2. јадосувајќи се оти тие го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во името на Исуса Христа;
3. и кладоа рака на нив и ги задржаа под стража до утрината; зашто се беше веќе свечерило.
4. А мнозина од оние, што го слушаа словото, им поверуваа; бројот на луѓето достигна до пет илјади.
5. Утрината се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците,
6. првосвештеникот Ана и Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот свештенички;
7. и, откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква сила и во чие име го направивте ова?”
8. Тогаш Петар, откако се исполни со Дух Свети, им рече: „Началници народни и старешини израилски,
9. ако денес нè испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој исцелен,
10. тоа нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, овој стои пред вас здрав.
11. Овој камен, што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение;
12. зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме.”
13. А кога ја видоа смелоста на Петра и Јована, и сфаќајќи дека се тоа луѓе неучени и прости, тие само се восхитуваа; а знаеја, пак, дека и тие беа со Исуса.
14. Но, гледајќи го исцелениот човек како стои со нив, тие немаа што да возразат.
15. И, откако им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, се посоветуваа, па се прашаа еден со друг,
16. велејќи: „Што да правиме со овие луѓе? Оти големото чудо што стана преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме.
17. Но, за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не му зборуваат веќе за тоа име на ниеден човек.”
18. И, кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исуса.
19. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: „Судете дали е справедливо пред Бога – вас да ве слушаме повеќе отколку Бога;
20. зашто ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле.”
21. А тие, откако ги заплашија, ги пуштија, бидејќи не најдоа ништо за да ги мачат, поради народот; оти сите Го прославуваа Бога за она што беше станало.
22. Човекот, пак, над кого се изврши тоа чудо и исцеление, имаше повеќе од четириесет години.
23. И кога ги пуштија, тие отидоа при своите и им кажаа што им рекоа првосвештениците и старешините.
24. А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Владико, Ти си Бог, Кој го создал небото и земјата, и морето и сè што се наоѓа во нив;
25. Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давида, Својот слуга, си рекол: »Зошто се бунат народите и луѓето измислуваат празни работи?
26. Се дигнаа царевите земски, и кнезовите се собраа заедно против Господа, и против Неговиот Помазаник.«
27. И навистина, се собраа во тој град против Твојот Свет Син Исуса, Кого си Го помазал Ти – Ирод и Понтиј Пилат со незнабошците и со народот израилски,
28. за да го направат она, што го беше определила однапред раката Твоја и советот Твој – да се збидне.
29. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово,
30. полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да стануваат чудеса и знаци во името на Твојот Свет Син Исуса.”
31. И откако се помолија, се затресе местото, каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо.
32. А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сè им беше заедничко.
33. Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив.
34. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа,
35. и ги клаваа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби.
36. Така Јосија, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, левит, родум од Кипар,
37. кој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите.

5. Ананија и Сапфира. Апостолите в затвор и нивното спасување. Гамалииловиот совет.

1. А еден човек, по име Ананија, со својата жена Сапфира, ја продаде нивата.
2. и еден дел од добиените пари сокри, а со знаење на жена си, додека другиот дел го донесе и го кладе пред нозете на апостолите.
3. Но Петар рече: „Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата?
4. Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излага луѓе, туку Бога!”
5. Кога ги чу Ананија тие зборови, падна и издивна; и голем страв ги обзеде сите што го чуја тоа.
6. Станаа момчињата, го зедоа, го изнесоа и го погребаа.
7. А кога поминаа околу три часа, влезе и жената негова, не знаејќи што станало.
8. И Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли ја продадовте нивата?” Таа одговори: „Да, за толку.”
9. Петар потоа ѝ рече: „Зошто сте се договориле да Го искушате Духот на Господа? Ете, пред вратата се нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.”
10. И таа веднаш падна пред нозете негови и издивна. А момчињата, кога влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж.
11. И голем страв ја опфати целата Црква и сите оние што го чуја тоа.
12. А преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и стануваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов.
13. Но од другите, пак, никој не смееше да се допре до нив; а народот ги величаше.
14. И сè повеќе се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени,
15. така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив.
16. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.
17. Тогаш првосвештеникот и сите, што беа со него, припадници на садукејската ерес, станаа и се исполнија со завист,
18. и ги кладоа рацете свои на апостолите и ги фрлија во општиот затвор.
19. Но, преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изведе, им рече:
20. Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот!
21. Штом го чуја тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и поучуваа. А првосвештеникот и оние што беа со него, кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија во затворот луѓе да ги доведат апостолите.
22. Но, кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија,
23. велејќи: „Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата да стои надвор пред портата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.”
24. Штом ги чуја овие зборови, првосвештеникот и старешината на црквата и другите црковни
старешини се најдоа во недоумение, што треба ова да значи.
25. Но некој дојде, ги извести и им рече: „Ене, луѓето, што ги затворивте, стојат во црквата и го поучуваваат народот.”
26. Тогаш управникот отиде со слугите и ги доведе, не на сила; зашто се боеја народот со камења да не ги убие нив самите.
27. А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, прашувајќи ги, рече:
28. Зарем не ви забранивме строго да не проповедате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас.
29. А Петар и апостолите одговорија и рекоа: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.
30. Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво.
31. Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Началникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израилот.
32. За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, што Му се покоруваат.”
33. Кога го чуја то, тие се разлутија и мислеа да ги убијат.
34. Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор,
35. а ним им рече: „Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе!
36. Зашто, пред извесно време се беше јавил Тевда, кој зборуваше за себеси, дека е тој нешто и се присоединија кон него околу четиристотини души; тој беше убиен, и сите, што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа.
37. По него, во време на пребројувањето, се јави Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите, што го последуваа, се растурија.
38. И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши;
39. а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!”
40. Тие го послушаа; и откако ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово, па ги пуштија.
41. А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса.
42. И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат
Евангелието за Исуса Христа.

6. Избор на седуммина за делење храна. Заедницата расте. Стефан е обвинет.

1. Кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици.
2. Тогаш дванаесетте, штом го свикаа целото мноштво ученици, рекоа: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите.
3. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба;
4. а ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото.”
5. Овој предлог му се свиде на сиот народ; па ги избра: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја, придојден, од Антиохија;
6. нив ги претставија пред апостолите, а овие, штом се помолија, ги положија рацете над нив.
7. И така, словото Божјо растеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мнозинство на свештеници се покоруваа пред верата.
8. А Стефан, исполнет со вера и сила, вршеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.
9. Тогаш станаа некои од синагогата, наречена синагога на Либертинците, и од синагогата на Киринејците и од Александријците, како и оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се препираат со Стефана;
10. но не можеа да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборуваше.
11. Затоа подучија некои луѓе да речат: „Го чувме да хули на Мојсеја и на Бога.”
12. И го побунија народот, старешините и книжниците и, откако го нападнаа, го фатија и го одведоа во Синедрионот.
13. И претставија лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек не престанува да хули на ова свето место и на Законот,
14. оти го чувме како зборува: »Овој Исус Назареец ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите, што ни ги предаде Мојсеј.«“
15. И сите што беа во Синедрионот, се вгледаа во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел.

7. Проповедта на првиот маченик Стефан. Занесот и смртта.

1. Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?”
2. А тој одговори: „Луѓе, браќа и оци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраама, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан,
3. и му рече: »Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам.«
4. Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега.
5. И во неа не му даде наследство ни стапка, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во држење, додека уште немаше пород.
6. И му рече Бог вака: »Потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.
7. Но Јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат, и ќе Ми служат на ова место.«
8. И му го даде Заветот за обрезание во осмиот ден. Потоа тој го роди Исака и го обреза; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси.
9. Патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет; но Бог беше со него,
10. и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред Фараонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом.
11. Тогаш настана глад и голема мака по целата земја Египетска и Хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна.
12. А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати најнапред татковците наши.
13. И кога отидоа по вторпат, Јосиф му се откри на брата си, и Јосифовиот род му стана познат и на Фараонот.
14. Тогаш Јосиф прати, та го повика татка си Јакова и сиот свој род – седумдесет и пет души.
15. И Јаков слезе во Египет, и умре таму тој и татковците наши;
16. и ги пренесоа во Сихем, и ги положија во гробот, што го беше купил Авраам со сребро од Емора во Сихем.
17. И кога се приближи времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраама, израснаа луѓето и се намножија,
18. додека во Египет дојде друг цар, кој не го познаваше Јосифа.
19. Тој лукаво постапи со нашиот народ, ги мачеше татковците наши, присилувајќи ги децата свои да ги фрлаат за да не останат живи.
20. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.
21. А кога беше фрлен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.
22. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.
23. А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.
24. И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот.
25. Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа.
26. А на другиот ден, кога некои од нив се биеја, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: »Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате помеѓу себе?«
27. Но оној, што го навредуваше својот ближен, го одби од себеси и му рече: »Кој те поставил началник и судија над нас?
28. Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?«
29. Од тие зборови Мојсеј побегна и стана придојден во земјата Мадијамска, каде што му се родија два сина.
30. И кога се навршија четириесет години, во пустината на планината Синајска му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина.
31. Мојсеј, кога виде, се зачуди на тоа видение; и кога се приближи да разбере, пристигна до него гласот Господов:
32. »Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.« Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33. А Господ му рече: »Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света
земја!
34. Јас ги видов добро маките на Својот народ што е во Египет, и ја чув неговата издишка; па слегнав да го избавам; а сега пријди да те испратам во Египет!«
35. Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: »Кој те поставил за началник и судија«, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.
36. Тој ги изведе, откако правеше чудеса и знаци во земјата Египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.
37. Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: »Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте Го.«
38. Тоа е оној што во црквата во пустината на планината Синајска беше со ангелот, кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими живи зборови нам да ни ги предаде,
39. и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет,
40. откако му рекоа на Арона: »Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нè изведе од Египетската земја.«
41. И во оние дни направија теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.
42. А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: »Доме Израилев, Ми принесовте ли вие заколенија и жртви во текот на четириесетте години во пустината?
43. Вие ја примивте скинијата на Молоха и ѕвездата на вашиот бог Ремфана, образи што ги направивте вие, за да им се клањате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.«
44. Скинијата на сведоштвото на нашите татковци им беше во пустината, како што беше заповедал Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да ја направи според образецот, што го беше видел.
45. Неа татковците наши ја примија и со Исуса Навина ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа стануваше сè до деновите на Давида,
46. кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бога Јаковов.
47. А Соломон Му изгради дом.
48. Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:
49. »Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка?
50. Не го направи ли сето тоа Мојата рака?
51. Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие.«
52. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние, што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,
53. вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.”
54. Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него.
55. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога,
56. и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.”
57. Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него.
58. И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле;
59. и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: „Господи Исусе, прими го духот мој!”
60. А штом падна на колена, извика со висок глас: „Господи, не примај им го ова за грев!” И како го рече тоа, тој почина.

8. Савле ги гони христијаните. Филип проповеда во Самарија. Симон маѓесникот. Обраќањето на царичиниот благајник од Етиопија.

1. Савле, пак, го одобруваше убиството негово. Во тој ден стана големо гонење против Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по краиштата на Јудеја и Самарија.
2. А Стефана го погребаа побожни луѓе и многу го оплакуваа.
3. Савле, меѓутоа, ѝ пакостеше на Црквата, оти одеше по куќите и извлекуваше луѓе и жени, па ги предаваше во затвор.
4. Оние, пак, што се беа распрснале, одеа проповедајќи го словото.
5. А Филип слезе во еден самариски град и таму им благовестеше за Христа.
6. Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги вршеше тој;
7. оти со голем вик излегуваа нечисти духови од оние, во кои се наоѓаа, и мнозина фатени и хроми оздравуваа.
8. И голема радост се јави во тој град.
9. А во градот имаше еден човек по име Симон, кој пред тоа правеше магии и со тоа го доведуваше во чудо народот на Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек.
10. Него го слушаа сите, и мало и големо, и велеа: „Тој е голема сила Божја.”
11. А го слушаа затоа, оти доста време ги беше восхитувал со своите магии.
12. Но кога му поверуваа на Филипа, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исуса Христа, се крштаваа мажи и жени.
13. Тогаш поверува и самиот Симон, и, откако се крсти, остана при Филипа; и, гледајќи
дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.
14. Кога чуја апостолите, што беа во Ерусалим, дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петра и Јована,
15. кои, штом слегоа, се помолија за нив за да Го примат Духот Свети.
16. Оти уште ниту на еден од нив не беше слегол Он, а само беа крстени во името на Господа Исуса.
17. Тогаш полагаа над нив раце и тие Го примаа Духот Свети.
18. А Симон, кога чу дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19. и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!”
20. Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари.
21. Ти немаш дел ниту учест во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22. Туку покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое – ако е можно;
23. бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда.”
24. А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господа вие, та да не ме постигне ништо
од она што рековте.”
25. И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го Евангелието во многу села самариски.
26. А на Филипа му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.”
27. Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога,
28. а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29. Духот, пак, му рече на Филипа: „Приближи се и застани до колата!”
30. Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?”
31. Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?” Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него.
32. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори.
33. Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата.”
34. Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: „Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?”
35. А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа Писмо и да му благовести за Исуса.
36. И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?”
37. А Филип му рече: „Ако веруваш од сè срце – можеш.” Тој одговори и рече: „Верувам дека Исус Христос е Син Божји.”
38. И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.
39. А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.
40. Филип се најде во Азот, од каде што тргна, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Ќесарија.

9. Савловото обраќање и првите искуства во Дамаск и Ерусалим. Петар го исцелува Енеј и ја воскреснува Тавита.

1. А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде при
првосвештеникот,
2. и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.
3. Но, кога беше на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,
4. и, откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?”
5. А тој одговори: „Кој си Ти, Господине?” А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.”
6. Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи, што сакаш да направам?” А Господ му рече: „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!”
7. А луѓето, што одеа со него, стоеја зачудени, оти слушаа глас, а никого не гледаа.
8. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, никого не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.
9. И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи.
10. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананиј, кому во видение Господ му рече: „Ананиј!” А тој одговори: „Еве ме Господи!”
11. Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли.”
12. И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа.
13. А Ананиј одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите твои во Ерусалим;
14. а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое.”
15. Но Господ му рече: „Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.
16. И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое.”
17. И Ананиј отиде и влезе во куќата, и, откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.”
18. И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и, кога стана, се покрсти.
19. А штом прими храна, Савле се поткрепи и неколку дена преседе со учениците што беа во
Дамаск;
20. и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исуса, дека е Он Син Божји.
21. И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?”
22. А Савле се засилуваше сè повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.
23. А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат.
24. Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат.
25. Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид.
26. А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик.
27. Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа како тој патем Го видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса.
28. И беше со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и отворено проповедаше во името на Господа Исуса.
29. А зборуваше и се препираше исто така и со Елините; а и тие се обидуваа да го убијат.
30. Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Ќесарија и го препратија во Тарс.
31. А црквите во цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во страв Господов; и со утеха на Светиот Дух се умножуваа.
32. Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида.
33. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен.
34. И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!” И тој стана веднаш.
35. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.
36. Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.
37. И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.
38. А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу.
39. Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив.
40. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: „Тавита, стани!” И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна.
41. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива.
42. И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа.
43. И реши тој да остане во Јопија многу денови при некој си Симон кожарот.

10. Корнилија и неговата куќа ги обрнува и крштава Петар.

1. Во Ќесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од полкот наречен Италиски;
2. маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом; и даваше милостина на многу луѓе и секогаш Му се молеше на Бога.
3. Околу деветтиот час од денот, тој виде најаве како му се прикажа ангел Божји, кој влезе при него и му рече: „Корнилиј!”
4. А тој се вгледа во него и уплашен рече: „Што, Господи?” Тој му рече: „Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои.
5. И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар.
6. Тој е таму кај некој си Симон кожарот, чија куќа се наоѓа покрај морето; тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.”
7. Откако си отиде ангелот, што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа при него;
8. па, откако им кажа сè, ги прати во Јопија.
9. На другиот ден, кога тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата, да се помоли.
10. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,
11. и го виде небото отворено и некаков сад да слегува кон него, како некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата,
12. во кое ги имаше сите четвороножни животни, ѕверови, лазачи и птици небески.
13. И се чу глас кон него: „Петре, стани, заколи и јади!”
14. А Петар рече: „Никако, Господи, оти никогаш не сум јал погано или нечисто.”
15. И повторно се чу глас кон него: „Она, што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!”
16. Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.
17. И додека Петар беше во недоумение, што значи тоа видение, што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои, откако се распрашуваа и го најдоа домот на Симона, застанаа пред портата.
18. И, откако повикаа, прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?”
19. И дури Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те бараат три човека.
20. Туку стани, слегни и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!”
21. Штом слегна при луѓето, испратени од Корнилиј при него, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дошле?”
22. А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу јудејскиот народ, прими заповед од светиот ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.”
23. Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; и некои од јописките браќа заминаа со него.
24. На вториот ден тие влегоа во Ќесарија. А Корнилиј ги чекаше, откако ги беше повикал роднините свои и пријателите блиски.
25. Кога Петар влегуваше, Корнилиј го пресретна, падна пред нозете негови и му се поклони.
26. А Петар го подигна и му рече: „Стани и јас сум човек.”
27. И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани.
28. И им рече: „Вие знаете дека не му прилега на човек Јудеец да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го наречувам поган или нечист.
29. Затоа, а и бидејќи поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам за што пративте по
мене?”
30. И Корнилиј одговори: „Пред четири дена до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом; и одеднаш, пред мене застана човек во светла облека,
31. и ми рече: »Корнилиј, твојата молитва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна.
32. Затоа прати во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар; тој се наоѓа сега кај Симона кожарот, покрај морето; тој ќе дојде и ќе ти зборува.«
33. И веднаш пратив по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да чуеме сè што ти е од Бога заповедано.”
34. Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице;
35. туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е.
36. Он им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исуса Христа, Кој им е Господ на сите.
37. Вие знаете за сето она што се изврши по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето, што го проповедаше Јован:
38. како Го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет, и како Он одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39. И ние сме сведоци за сè, што направи Он во земјата Јудејска и во Ерусалим. Како Го убија, распнувајќи Го на дрво.
40. Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појавува,
41. но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите.
42. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме, дека Он е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.
43. Сите пророци сведочат за тоа, дека секој, што ќе поверува ви Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име”
44. Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото.
45. А обрезаните верници, што беа дошле со Петра, се зачудија дека и над незнабошците се излеа дарот на Светиот Дух,
46. зашто ги слушаа да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога. Тогаш Петар рече:
47. Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние, кои Го примија Духот Свети како ние?
48. И им заповеда да се крстат во името на Исуса Христа. Потоа тие го замолија да остане при нив неколку дена.

11. Петар го правдува своето дружење со незнабошците. Ширење на Евангелието до Антиохија. Називот – христијани. Грижа за браќата во Јудеја.

1. Апостолите и браќата, кои беа во Јудеја, чуја дека и незнабошците го примиле словото Божјо.
2. И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните, што беа со него го укорија,
3. велејќи: „Ти си бил при необрезаните луѓе и си јал со нив.”
4. А Петар почна да им расправа за сè по ред, велејќи:
5. Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, се занесов и ете видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и пријде дури до мене.
6. Откако погледав во него и го разгледав, видов четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи, и птици небески.
7. И чув глас што ми зборуваше: »Стани, Петре, заколи и јади!«
8. Јас пак реков: »Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.«
9. А гласот од небесата повторно проговори и рече: »Она, што Бог го очистил, ти не го погани!«
10. Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото.
11. И ете, во тој час, пред куќата, во која живеев јас, застанаа три човека, испратени при мене од Ќесарија.
12. А Духот ми рече да појдам со нив, не двоумејќи се. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек.
13. Тој ни кажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: »Прати во Јопија луѓе и повикај го Симона, наречен Петар.
14. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.«
15. И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот.
16. Тогаш се сетив на зборовите Господови, како што зборуваше: »Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.«
17. Кога, пак, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господа Исуса Христа, тогаш кој сум јас да Му се воспротивам на Бога.
18. Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: „Значи, и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.”
19. А оние, што се беа распрснале поради гонењето заради убиството на Стефана, стигнаа дури до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи го словото никому освен на Јудејците.
20. А некои од нив – Кипрани и Киринејци, штом влегоа во Антиохија, им зборуваа на Елините, проповедајќи им го Евангелието на Господа Исуса.
21. И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обрнаа кон Господа.
22. И дојде слух за нив до ушите на црквата ерусалимска; и го испратија Варнава да отиде во Антиохија.
23. А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и со искрено срце ги молеше да пребиваат во Господа;
24. оти тој беше човек добар и исполнет со Дух Свети и вера. И многу народ се присоедини кон Господа.
25. Тогаш, пак, Варнава отиде во Тарс да го бара Савла; и откако го најде, го доведе во Антиохија.
26. И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа многу народ; и најнапред во Антиохија ги нарекоа учениците христијани.
27. А во тие дни слегнаа од Ерусалим во Антиохија и пророци.
28. И еден од нив, по име Агав, пророче преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад; а таков и настана во времето на ќесарот Клаудиј.
29. Тогаш учениците решија, секој, со што располагаше, да испрати помош на браќата, што живееја во Јудеја;
30. и тоа го направија, откако го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савла.

12. Смртта на Јакова. Петровото ослободување. Смртта на Ирода.

1. Во тоа време цар Ирод кладе рака на некои од Црквата, за да им направи зло,
2. и со меч го уби Јакова, братот Јованов.
3. А кога виде, дека тоа им се свиде на Јудејците, го фати и Петра, а тогаш беа дните на Бесквасници.
4. И, како го задржа, го фрли в затвор и го предаде на четири четворки војници да го пазат, а со мисла веднаш по Пасхата да го изведе пред народот.
5. И така, Петар беше пазен во затворот, а Црквата постојано Му се молеше на Бога за него.
6. А кога Ирод сакаше да го изведе, ноќта спроти тој ден, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во две вериги, а стражарите пред портата пазеа на затворот.
7. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петра по ребрата и го разбуди, па му рече: „Стани брзо!” И веригите му паднаа од рацете негови.
8. Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј си ги чевлите!” Така и направи. И пак му рече: „Облечи ги алиштата свои и врви по мене!”
9. И излезе и тргна по него, а не знаеше дека тоа, што го прави ангелот, е вистина, туку си мислеше оти привид гледа.
10. Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама; тие излегоа и преминаа преку една улица, и во тој час ангелот го снема.
11. Тогаш Петар, откако дојде на себеси, си рече: „Сега разбрав навистина дека Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сè, што очекуваше јудејскиот народ.”
12. Откако се размисли, тој се упати кон куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко, каде што беа собрани многумина и се молеа.
13. А кога Петар чукна на портата, пристапи да наслушнува слугинката по име Рода.
14. И, откако го позна гласот на Петра, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрчна и јави дека Петар стои пред портата.
15. А тие ѝ рекоа: „Луда ли си ти?” Но таа потврдуваше дека тоа е така. А тие велеа: „Тоа е неговиот ангел.”
16. Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу.
17. А тој им мавна со раката да молчат, потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: „Соопштете му за ова на Јакова и на браќата!” И, откако излезе, отиде на друго место.
18. Утредента меѓу војниците стана голем смут за тоа што станало со Петра.
19. А кога Ирод го побара и не го најде, ги распраша стражарите, и заповеда да ги казнат. Потоа тој слезе од Јудеја во Ќесарија, и таму живееше.
20. Ирод беше гневен на Тирците и Сидонците. Но тие се договорија и дојдоа при него еднодушни, и, откако го придобија на своја страна Власта, царевиот собар, побараа мир, оти нивните земји добиваа храна од неговото царство.
21. Во определениот ден Ирод се облече во царска облека и, како седна на престолот, им зборуваше.
22. А народот викаше: „Ова е глас Божји, а не човечки.”
23. Но наеднаш го порази ангел Господов, зашто не Му воздаде слава на Бога. И, изеден од црви, тој умре.
24. А словото Божјо растеше и се распространуваше.
25. Варнава и Савле, откако ја предадоа помошта, се вратија од Ерусалим во Антиохија, а го зедоа со себе и Јована, наречен Марко.

13. Првото Павлово патување меѓу незнабошците. Проповед на Евангелието во Кипар и во Антиохија Писидиска.

1. Во Антиохијската црква имаше некои пророци и учители, како: Варнава и Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот, и Манил, одгледан со Ирода четворовласникот, и Савле.
2. Кога Му служеа на Господа и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!”
3. Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија.
4. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа од Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.
5. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јована како помошник.
6. А кога го поминаа островот сè до Пафос, најдоа еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вариисус,
7. кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој, откако ги повика Варнава и Савла, посака да го чуе словото Божјо.
8. А маѓесникот Елим, зашто неговото име така се толкува, им се спротивстави, трудејќи се намесникот да го одврати од верата.
9. Но Савле, кој се викаше и Павле, исполнет со Дух Свети, погледа на него,
10. и рече: „О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11. И еве сега, раката Господова е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!” И наеднаш над него падна мрак и темнина, и жбарајќи, бараше водач.
12. Тогаш намесникот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи се на Божјото учење.
13. Откако отпловија од Пафос, Павле и оние, што беа со него, пристигнаа во Пергија Памфилиска; а Јован се одвои од нив – и се врати во Ерусалим.
14. А тие, кога отидоа од Пергија, стигнаа во Антиохија Писидиска, и откако влегоа во синагогата во саботен ден, седнаа.
15. По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија да им кажат: „Мажи, браќа, ако има во вас слово за утеха на народот, зборувајте!”
16. А Павле, кога стана и мавна со раката, рече: „Луѓе Израилци, и вие, што се боите од Бога, послушајте!
17. Бог на овој народ, Израилот, ги избра татковците наши, и го дигна овој народ кога тие пребиваа во земјата Египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа;
18. и околу четириесет години ги хранеше во пустината;
19. а откако истреби седум народи во земјата Хананска, им ја раздели земјата со ждреб.
20. Потоа, околу четиристотини и педесет години им даваше судии до пророкот Самуил.
21. И оттогаш бараа цар, и Бог им го даде Саула, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години.
22. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давида, за кого и рече, сведочејќи: »Најдов маж по срцето Свое, Давида, синот Јесеев, кој ќе ги исполни сите Мои барања.«
23. Од неговото потомство Бог, според ветувањето на Израилот, Го издигна Спасителот Исуса,
24. откако Јован пред Неговото доаѓање му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштавање.
25. А кога Јован ја завршуваше својата работа, велеше: »За кого ме сметате? Јас не сум Он, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.«
26. Вам, мажи, браќа, синови од родот на Авраама, и на оние меѓу вас, што се бојат од Бога, испратено е словото на ова спасение.
27. Оти жителите ерусалимски и нивните началници, откако не Го познаа Оној, и пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, и откако Го осудија, го потврдија тоа:
28. »И не наоѓајќи никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилата да Го убие.«
29. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го
положија в гроб.
30. Но Бог Го воскресна од мртвите,
31. и преку многу дни Он им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.
32. И ние сега ви соопштуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исуса.
33. Како што е и во вториот псалм напишано: »Син Мој си Ти. Денес Те родив Јас.«
34. А дека Го воскресна од мртвите, та веќе да не се враќа во распаѓање, рекол вака: »Ќе ви ги дадам неизменети милостите на Давида.«
35. За тоа и на друго место зборува: »Нема да позволиш Твојот светец да види распаѓање.«
36. Зашто Давид, откако му послужи на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;
37. но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38. И така, знајте, мажи и браќа, дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.
39. И од сè, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува.
40. Но пазете да не дојде на вас што е речено во Пророците:
41. »Гледајте вие, кои презирате и се чудите, и нека ве снема! Оти во ваши дни ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажувал.«“
42. А кога излегуваа од синагогата Јудејска, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и ним во идната сабота.
43. И кога се растури соборот, мнозина Јудејци и побожни преселници појдоа по Павла и Варнава, кои, зборувајќи со нив, им советуваа да останат во Божјата благодат.
44. Во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе словото Божјо.
45. Но Јудејците, кога видоа многу народ, се исполнија со завист и му противречеа на она што го зборуваше Павле и хулеа.
46. Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: „Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците.
47. Зашто Господ така ни заповеда: »Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.«“
48. Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен.
49. И словото Господово се распространуваше по целиот крај.
50. Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и првенците градски, подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги истераа од својот крај.
51. Тие, откако го истресоа правот од нозете свои на нив, отидоа во Иконија.
52. А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.

14. Работата и преживувањата Павлови во Иконија, Листра и Дервија. Повраток во Антиохија.

1. Во Иконија се случи тие заедно да влезат во јудејската синагога, и зборуваа така, што мнозина Јудејци и Елини поверуваа.
2. А Јудејците, што не веруваа, ги побунија и раздразнија духовите на незнабошците против браќата.
3. Но тие сепак останаа тука доста време и говореа отворено за Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда.
4. А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите.
5. И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат,
6. тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дервија и во нивната околина,
7. и таму го проповедаа Евангелието.
8. Во Листра имаше еден човек, немоќен во нозете, кој беше хром од мајчината утроба; седеше и не беше одел никогаш.
9. Тој слушаше кога Павле зборуваше; а Павле, кога се вгледа, виде дека во него има вера да оздрави,
10. па му рече со висок глас: „Тебе ти велам во името на Господа Исуса Христа: исправи се на нозете свои!” И тој веднаш почна да скока и прооде.
11. А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и зборуваа на ликаонски: „Боговите слегнале при нас во образ човечки.”
12. И Варнава го нарекоа Зевс, а Павла Хермес, бидејќи тој управуваше со словото.
13. Жрецот, пак, на Зевса, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, откако доведе јунци и донесе венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва.
14. Но апостолите Варнава и Павле, кога чуја за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи:
15. Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие лажни работи кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив;
16. Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта,
17. иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.
18. И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа,
19. од Антиохија и од Иконија дојдоа некои Јудејци, и, кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат; а кога го наговорија народот, го каменуваа Павла и го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов.
20. Кога се собраа околу него учениците, тој стана и отиде во градот, а на другиот ден со Варнава заминаа за Дерва.
21. И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија и научија, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија,
22. утврдувајќи ги душите на учениците и советувајќи им во верата да бидат постојани, оти во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.
23. Па, откако им ракоположија свештеници за – секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале.
24. А штом минаа преку Писидија, дојдоа во Памфилија;
25. и, откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија,
26. а оттаму отпловија за Антиохија, откаде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.
27. Штом пристигнаа и ја собраа црквата, тие прикажуваа за сè, што направи Бог со нив и како и тоа дека Он ја отворил вратата на верата и за незнабошците.
28. И таму останаа не малку време со учениците.

15. Соборот апостолски и одлука при обраќањето на незнабошците да не им се наметнува јаремот на Законот. Второто Павлово проповедничко патување.

1. А некои, слегнати од Јудеја, ги учеа браќата: „Ако не се обрежете според укажувањето Мојсеево, не можете да се спасите!”
2. А кога настана расправија, и Павле и Варнава не малку се препираа со нив, па определија Павле и Варнава од нив и некои други да отидат горе при апостолите и старешините во Ерусалим за ова прашање.
3. Тие, пак, испратени од црквата, минеа преку Финикија и Самарија, зборувајќи за обраќањето на незнабошците и предизвикуваа голема радост кај сите браќа.
4. А кога дојдоа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старешините и рекоа сè што направи со нив Бог и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците.
5. Тогаш станаа некои од фарисејската ерес, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев.
6. Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање.
7. По долго расправање стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас незнабошците од мојата уста да го чујат словото евангелско и да поверуваат;
8. и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам,
9. и не правејќи никаква разлика меѓу нас и нив, ги очисти со верата нивните срца.
10. Сега, пак, зошто го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11. Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исуса Христа, како и тие.”
12. Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павла, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13. А кога тие престанаа, тогаш прозборува Јаков и рече: „Мажи, браќа, чујте ме!
14. Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име;
15. и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16. »И потоа ќе се обрнам и ќе го обновам паднатиот дом на Давида, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17. за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.« Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18. Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19. Затоа јас мислам дека не треба да им се прават мачнотии на оние незнабошци, кои се обраќаат кон Бога,
20. туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно.
21. Зашто Мојсеј во сите градови има луѓе од старите времиња, кои го проповедаат, оти неговиот Закон се чита по синагогите во секоја сабота.”
22. Тогаш апостолите и старешините со целата црква најдоа за добро да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варсава, и Сила, луѓе истакнати меѓу браќата, и со Павла и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23. И со своите раце им го напишаа следново: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат обратените браќа што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24. Бидејќи чувме дека некои, што излегоа од нас, ве смутиле со зборови, и ги одвратиле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот, на кои ние не сме им заповедале;
25. та, откако се собравме, еднодушно најдовме за добро да избереме луѓе и да ги пратиме при вас заедно со нашите омилени Варнава и Павла,
26. луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и со зборови.
28. Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно:
29. да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!”
30. И така испратени, тие дојдоа во Антиохија, и, кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31. А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утехата.
32. Јуда, пак, и Сила, бидејќи и сами пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија.
33. Откако престојуваа таму некое време, ги отпуштија браќата со мир при апостолите.
34. Но Сила најде за добро да остане таму, а Јуда се врати во Ерусалим.
35. Павле, пак, и Варнава живееја во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото
Господово заедно со мнозина други.
36. По неколку дни Павле му рече на Варнава: „Да појдеме пак по сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.”
37. Варнава предложи да го земат со себе и Јована, наречен Марко.
38. Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени.
39. Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар;
40. а Павле си го избра Сила и тргна предаден на Божјата благодат од браќата.
41. И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите.

16. Павле го зема со себе Тимотеја и Евангелието го пренесува од Азија во Европа. Неговите преживувања во Филипи; Лидија и затвореникот поверуваа во Господа.

1. Тој пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму живееше некој си ученик, по име Тимотеј, син на жена Јудејка, која беше поверувала, и на татко Елин;
2. тој ученик беше посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија.
3. Него посака Павле да го земе со себе; и откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин.
4. И одејќи по градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и презвитерите во Ерусалим.
5. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се умножуваа секој ден.
6. Штом ги преминаа Фригија и Галатијскиот крај, ним им беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија.
7. А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот не ги пушти.
8. И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада.
9. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Премини во Македонија и помогни ни!”
10. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието.
11. И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден – во Неапол,
12. а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена.
13. А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.
14. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што зборуваше Павле.
15. А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нè замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!” И нè принуди.
16. Во оние дни, кога одевме на молитва, нè сретна една слугинка, која имаше гледачки дух, и на господарите свои им донесуваше големи приходи, вражајќи.
17. И одејќи по Павла и по нас викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението.”
18. Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павла, тој се сврти кон духот и му рече: „Ти заповедам во името на Исуса Христа излези од неа!” И излезе во истиот час.
19. Штом видоа господарите нејзини дека отиде надежта на нивното богатење, ги фатија Павла и Сила, и ги довлекоа на плоштадот кај началниците.
20. И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град
21. и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.”
22. Тогаш се струпа на нив народот; а управниците, штом им ги расцепија алиштата, повелаа да ги бијат со стапови;
23. и, откако ги испоранија многу, ги фрлија в затвор, а на темничниот стражар му
наредија да ги пази добро.
24. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада.
25. Во полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.
26. Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.
27. А стражарот темнички, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале.
28. Но Павле викна со силен глас и рече: „Не прави на себеси никакво зло, бидејќи сме овде!”
29. А тој побара светило, истрча и растреперен падна пред Павла и Сила;
30. па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?”
31. А тие му одговорија: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!”
32. И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова.
33. Па, како ги прибра ноќта во тоа време, им ги изми раните и веднаш се покрсти тој сам и сите негови домашни;
34. и, штом ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога.
35. А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: „Пушти ги оние луѓе!”
36. Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павла: „Војводите пратија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!”
37. Но Павле им рече: „Откако нè биеја пред народот без суд и нè фрлија в затвор, нас римски граѓани, сега тајно ли нè пуштаат? Не, нека дојдат и сами нека нè извадат!”
38. Градските служители им го кажаа тоа на војводите; а тие се уплашија, кога чуја, дека се тие римски граѓани.
39. И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од градот.
40. А тие, штом излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа.

17. Павле проповеда во Солун, Бер и Атина.

1. Минејќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2. Павле, по својот обичај, влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото,
3. откривајќи им и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4. И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павла и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку видни жени.
5. Но некои од Јудејците, што не поверуваа, завидоа и зедоа некои лоши луѓе, се собраа во групи и го разбунтуваа градот и, откако ја нападнаа Јасоновата куќа, ги бараа за да ги изведат пред народот.
6. А кога не ги најдоа, го изведоа Јасона и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што ја побуниле вселената дошле и тука;
7. дека нив ги прибрал Јасон и дека сите тие постапуваат против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус.
8. И го возбудија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9. Но тие, откако зедоа препорака од Јасона и од другите, ги пуштија.
10. А браќата веднаш преку ноќта ги упатија кон Берија, Павла и Сила, кои кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11. Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така.
12. И мнозина од нив поверуваа – и почитувани жени Елинки, а и од мажите не малку.
13. Но солунските Јудејци, штом узнаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го возбудуваат и возмутуваат народот.
14. Тогаш браќата го испратија Павла да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15. Оние, што го придружуваа Павла, го одведоа во Атина и, откако добија од него заповед за Сила и Тимотеја, за да дојдат и тие поскоро при него, си отидоа.
16. И додека ги чекаше нив во Атина, Павле се возмутуваше во духот, гледајќи во градот, полн со идоли.
17. И тој беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со кого ќе се сретнеше.
18. А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?”, а други: „Се гледа, тој проповеда туѓи божества”, зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението.
19. И зедоа, та го одведоа во ареопагот, велејќи: „Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш?
20. Оти нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.”
21. А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа – да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22. Тогаш Павле застана среде ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сè гледам дека сте побожни.
23. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: »На непознатиот Бог.« За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24. Бог, Кој го создаде светов и сè, што е во него; Он, бидејќи Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови,
25. ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, дишење и сè.
26. Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење,
27. за да Го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас;
28. оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: »Негов сме род.«
29. И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица.
30. Бог, пак, откако ги презре времињата на незнаењето, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покајат,
31. зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.”
32. Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: „Другпат сакаме да послушаме за тоа.”
33. И тогаш Павле си отиде од нив.
34. А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.

18. Павле во Коринт, од каде што преку Ефес се враќа во Ерусалим и Антиохија. Поаѓа на своето трето проповедничко патување. Аполос во Ефес.

1. Потоа Павле ја напушти Атина и дојде во Коринт;
2. и, откако најде еден Јудеец, по име Акила, родум од Понт, кој наскоро дошол од Италија со жена си Прискила, оти Клаудиј беше заповедал да го напуштат Рим сите Јудејци – дојде при нив;
3. и бидејќи го имаше истиот занает, остана при нив и работеше, а занаетот им беше да прават шатори.
4. И секоја сабота тој зборуваше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините.
5. А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше подбудуван во својот дух да сведочи пред Јудејците дека Исус е Христос.
6. Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе алиштата и им рече: „Крвта ваша – на главите ваши! Јас сум чист. Отсега одам при незнабошците.”
7. И штом се дигна оттаму, дојде при некој си човек по име Јуст, кој го почитуваше Бога, и чија куќа беше до синагогата.
8. А Крисп, началник на синагогата, поверува во Господа со целиот свој дом; и мнозина коринтјани, слушајќи го Павла, поверуваа и се покрстија.
9. И му рече Господ на Павла во видение ноќе: „Не бој се, туку зборувај и не замолкнувај,
10. зашто Јас сум со тебе, и никој не ќе посегне да ти направи зло; бидејќи имам многу народ во овој град.”
11. Тој остана таму една година и шест месеци и ги поучуваше во словото Божјо.
12. А кога Галион беше проконсул во Ахаја, Јудејците еднодушно го нападнаа Павла и го одведоа в суд,
13. велејќи: дека тој ги учи луѓето да Го почитуваат Бога не според Законот.
14. И кога Павле сакаше да одговори, Галион им рече на Јудејците: „Јудејци, ако имаше некоја неправда или зло дело, лукаво, веднаш ќе ве ислушав по должност;
15. но, штом е препирката за учење и за имиња, и за вашиот Закон, разгледајте сами, зашто јас не сакам да бидам судија во тие работи.”
16. И ги истера од судот.
17. Тогаш сите Елини го фатија Состена, началникот на синагогата, и го биеја пред судот, а Галион и не обрнуваше внимание на тоа.
18. Откако помина таму уште доста денови, Павле се прости со браќата и отплови за Сирија заедно со Акила и Прискила, откако ја острига главата во Кенхреја, бидејќи беше дал завет.
19. Кога стигна во Ефес, ги остави нив таму, а сам тој влезе во синагогата и спореше со Јудејците.
20. А кога тие го замолија да остане при нив подолго време, тој не се согласи,
21. туку се прости со нив и рече: „Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Бог сака, пак ќе се вратам при вас.”
22. Кога слезе во Ќесарија, отиде во Ерусалим, ја поздрави црквата и потоа отиде во Антиохија.
23. Откако престоја таму некое време, излезе и го обиколуваше по ред крајот Галатиски и Фригија и ги утврдуваше сите ученици.
24. И дојде во Ефес некој си Јудеец, по име Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и силен во Писмата.
25. Тој беше упатен во патот Господов и, распален во духот, зборуваше и поучуваше правилно за Господа, иако знаеше само за Јовановото крштавање.
26. Тој почна да зборува смело во синагогата. Кога го чуја Акила и Прискила, го прибраа и му го објаснија патот Господов поточно.
27. А кога тој сакаше да замине за Ахаја, браќата се обрнаа со писмо до тамошните ученици, за да го примат; и тој, кога стигна таму, многу им помогна на верниците преку благодатта,
28. бидејќи силно ги изобличуваше Јудејците пред целиот народ, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос.

19. Павле во Ефес. Бунт на златарот Димитриј.

1. Во она време, додека Аполос беше во Коринт, Павле минуваше низ горните земји, па дојде во Ефес и, откако таму најде некои ученици,
2. им рече: „Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?” А тие му одговорија: „Ние не сме ни чуле дека има Дух Свети.”
3. Тој им рече: „А во што се крстивте?” Тие одговорија: „Во Јовановото крштавање.”
4. Павле рече: „Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исуса Христа.”
5. А кога го чуја тоа, тие се крстија во името на Господа Исуса.
6. И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив, и тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат.
7. А вкупно беа околу дванаесет души.
8. И кога влезе во синагогата, Павле проповедаше без страв и преку три месеци ги уверуваше за царството Божјо.
9. Но, бидејќи некои се ожесточуваа беа многу упорни во лошото зборување за патот Господов пред народот, тој, откако ги остави, ги одвои учениците и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран.
10. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, го чуја словото за Господа Исуса.
11. А Бог правеше не мали чудеса преку рацете Павлови,
12. така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив.
13. Некои, пак, од Јудејците скитници заколнувачи почнаа да го изговараат името на Господа Исуса над оние, кои имаа зли духови, и велеа: „Ве заколнуваме во Исуса, Кого Го проповеда Павле!”
14. Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева.
15. А лошиот дух одговори и рече: „Исуса Го познавам и Павла го знам; но кои сте вие?”
16. И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа.
17. За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господа Исуса се величаше.
18. И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела.
19. А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници.
20. Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово.
21. А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, па рече: „Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам и Рим.”
22. И прати во Македонија двајца од оние, кои му служеа – Тимотеја и Ераста, а сам остана извесно време во Азија.
23. Во тоа време настана голем смут за патот Господов:
24. некој си златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида и на занаетчиите им донесуваше со тоа не мала печалба,
25. откако ги собра нив, а и други занаетчии на такви работи, рече: „Другари, познато ви е дека од таа работа зависи нашиот добар помин;
26. а, пак, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и обрна доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце.
27. Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за ништо, и нејзиното величие да загине, која ја почитува цела Азија и вселената.”
28. Кога го чуја тоа, се исполнија со јарост, почнаа да извикуваат велејќи: „Велика е
Артемида Ефеска!”
29. И целиот град се побуни; па како ги грабнаа Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници, еднодушно се втурнаа на нив.
30. А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија.
31. Исто така и некои од азиските началници, бидејќи му беа пријатели, испратија при него и го молеа да не се појавува на собиралиштето.
32. И така, едни крескаа, други друго правеа; зашто во собранието владееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беше собрал народот.
33. По предлог на Јудејците беше извикан меѓу народот Александар. Александар даде знак со рака и сакаше да каже заштитен збор пред народот.
34. Но кога узнаа дека е Јудеец, сите извикаа во еден глас и крескаа околу два часа: „Велика е Артемида Ефеска!”
35. А градскиот писар, кога го смири народот, рече: „Луѓе ефесци, кој човек не знае дека
градот Ефес е служител на великата божица Артемида и нејзиниот паднат идол од Зевса?
36. Штом е тоа, пак, беспорно, вие треба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено.
37. А вие сте ги довеле овие луѓе, кои ниту храмот на Артемида го обрале, ниту, пак, божицата ваша ја хулат.
38. Ако, пак, Димитриј и занаетчиите, што се со него, имаат нешто против некого, за тоа постојат судски собори, а има и проконсули: нека се тужат едни со други.
39. Ако, пак, нешто друго барате, тоа ќе биде решено во законското собрание.
40. Оти постои опасност да бидеме обвинети за бунт поради денешнава работа, бидејќи нема никаква причина, со која можеме да го оправдаме ова собрание.” Штом го рече тоа, собранието го распушти.

20. Павле патува во Македонија и Грција, а потоа пак во Мала Азија. Му го враќа животот на Евтих. Павловата разделба со старешините на црквата во Ефес.

1. Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија.
2. А кога ги мина оние места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Елада;
3. таму престоја три месеци. И бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија.
4. До Азија го придружуваше Сосипатр Пиров, беранец, а од солуњаните Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, и азијците Тихик и Трофим.
5. Тие отидоа порано и нè чекаа во Троада.
6. А ние отпловивме од Филипи по дните на Бесквасници и за пет дена пристигнавме во Троада при нив, каде што поминавме осум дена.
7. И во првиот ден на седмицата, кога се беа собрале учениците за да прекршат леб, Павле, бидејќи на другиот ден сакаше да тргне, беседеше со нив и го продолжи словото до полноќ.
8. Во горната одаја, каде што се бевме собрале, имаше доста свеќи.
9. А едно момче, по име Евтих, седеше на еден прозорец, и, совладано од длабок сон, додека Павле зборуваше многу, се помрдна во сонот и падна од третиот кат, и го подигнаа мртво.
10. Павле, пак, штом слезе, се спушти врз него, го прегрна и рече: „Не правете смут, зашто душата негова уште е во него!”
11. А потоа, откако се качи горе, прекрши леб, вкуси и зборуваше долго, дури до зори, а
потоа отпатува.
12. Тогаш го доведоа момчето живо и не малку се утешија.
13. Ние отидовме порано со кораб и отпловивме во Асос, каде што сакавме да го земеме Павла, бидејќи тој намераваше да оди сам пешки, така ни беше порачал.
14. И кога се сретна со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилина.
15. А кога отпловивме оттаму, на вториот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос, и, откако престојавме во Трогилија, на вториот ден дојдовме во Милит.
16. Во оние дни Павле реши да помине покрај Ефес, та да не се задржи многу во Азија, зашто брзаше, ако му биде можно во Ерусалим да се најде за денот на Педесетница.
17. Но од Милит прати во Ефес покани до свештениците црковни.
18. И кога дојдоа при него, тој им рече: „Вие знаете дека од првиот ден, кога стапив во Азија, постојано бев со вас,
19. служејќи Му на Господа со голема смиреност и многу солзи и меѓу искушенија, што ми идеа од лошите замисли на Јудејците;
20. дека не пропуштив ништо полезно да не ви кажам и да не ве поучам пред народот и по куќите,
21. проповедајќи им и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос.
22. И ете, сега, сврзан со Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми стане таму,
23. освен она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки.
24. Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, стига само со радост да ги завршам патот и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат.
25. И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите лицето мое сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо.
26. Затоа во денешниов ден ви сведочам дека сум чист од крвта на сите,
27. бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам целокупната волја Божја.
28. Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв.
29. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото;
30. а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси.
31. Затоа бидете будни и помнете, дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас.
32. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени.
33. Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека;
34. сами знаете, дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце.
35. Со сè ви покажав, дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Он рече: »Поблажено е да се дава, отколку да се зема«.”
36. Кога го рече тоа, падна на колена и се помоли заедно со нив.
37. Тогаш сите плачеа многу и, гушкајќи го Павла околу вратот, го целиваа,
38. нажалени најмногу од зборот што рече дека нема веќе да го видат лицето негово. И го испратија до коработ.

21. Павле патува од Милит во Ерусалим. Во храмот е фатен и е одведен во римскиот логор.

1. А кога одвај се одделивме од нив и отпловивме, стигнавме право во Кос, а на вториот ден во Родос, и оттаму во Патара;
2. и како најдовме кораб, кој заминуваше за Финикија, се качивме и отпловивме.
3. Откако го наѕревме Кипар и го оставивме одлево, пловевме кон Сирија и слегнавме во Тир, зашто таму требаше коработ да се растовари.
4. И кога ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павла да не се качува во Ерусалим.
5. А кога ги поминавме тие денови, излеговме и тргнавме, а сите нè испраќаа со жените и децата дури надвор од градот; на брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме.
6. И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија дома.
7. А ние отидовме од Тир, стигнавме во Птолемаида, ги поздравивме браќата и при нив останавме еден ден.
8. На вториот ден Павле и ние, кои бевме со него, излеговме и дојдовме во Ќесарија и, откако влеговме во куќата на Филипа благовесникот, кој беше еден од седуммината ѓакони, останавме при него.
9. Тој имаше четири ќерки девојки, кои пророкуваа.
10. И додека ние престојувавме кај нив многу дни, од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав;
11. и кога дојде при нас, го зеде Павловиот појас, па ги врза рацете свои и нозете и рече: „Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, чиј е овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците.”
12. Штом го чувме тоа, и ние и тамошните го молевме да не се качува во Ерусалим.
13. Но Павле одговори: „Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.”
14. А бидејќи тој не се двоумеше, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде волјата Господова!”
15. По тие дни се приготвивме и се искачивме во Ерусалим.
16. Со нас дојдоа и некои ученици од Ќесарија, кои нè одведоа при некој си Мнасон, од Кипар, одамнешен ученик, при кого ќе гостуваме.
17. Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нè примија со радост.
18. На вториот ден Павле влезе со нас при Јакова; дојдоа и сите старешини.
19. И откако ги поздрави, Павле им раскажа сè по ред што направил Бог меѓу незнабошците преку неговата служба.
20. А тие, кога чуја, Го славеа Бога; и му рекоа: „Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие се ревносни на Законот.
21. А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, ниту да постапуваат по обичаите.
22. И така, што да се прави? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе чујат дека си дошол.
23. Направи, пак, што ти велиме: при нас има четворица мажи, кои се ветени.
24. Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го чуле за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш.
25. А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.”
26. Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив.
27. А кога требаше да се свршат седумте дена, азиските Јудејци, штом го видоа во храмот, го побунија целиот народ и кладоа раце на него,
28. викајќи: „Луѓе Израилци, помогнете! Овој човек насекаде учи против народот, против Законот, против ова место; а освен тоа уште и Елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место.”
29. Оти пред тоа во градот го беа виделе него со ефесеецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот.
30. Целиот град се раздвижи, и народот се насобра. И кога го фатија Павла, го извлекоа надвор од храмот; и веднаш вратата беше затворена.
31. И кога сакаа да го убијат, пристигна вест до заповедникот на полкот дека цел Ерусалим се побунил.
32. А тој веднаш зеде војници и офицери и се спушти спрема нив; тие, кога го видоа заповедникот и војниците, престанаа да го бијат Павла;
33. тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни вериги, па праша: кој е тој и што направил?
34. Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој, не можејќи да ја узнае вистината поради крескањето, заповеда да го одведат во тврдината.
35. А кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат, поради насилието од народот;
36. бидејќи многу народ врвеше по нив и викаше: „Премавни го!”
37. Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на трибунот: „Можам ли да ти кажам нешто?” А тој рече: „Знаеш ли грчки?
38. Не си ли ти оној Египтјанин, кој пред неколку дни побуни и изведе во пустина четири илјади мажи разбојници?”
39. А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој не непознат град; те молам, позволи да му прозборувам на народот.”
40. А кога тоа му се допушти, Павле застана на стапалата, му мавна со рака на народот, и, откако настана длабока тишина, почна да зборува на еврејски и рече:

22. Павле им прикажува на Евреите за своето обраќање кон Христа.

1. Мажи, браќа и отци! Чујте го сега моето оправдание пред вас.
2. А кога чуја дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече:
3. Јас сум човек Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град при нозете Гамалиилови, изучен точно според Законот на татковците и исполнет со ревност кон Бога, како што сте и вие сите денес.
4. До смрт ги гонев јас следбениците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени,
5. како што сведочат за мене првосвештеникот и сите старешини, од кои, откако бев земал и писма до браќата, одев во Дамаск да ги доведам во Ерусалим врзани и тамошните, за да бидат казнети.
6. Но, кога бев на пат и наближив до Дамаск, околу пладне, одеднаш од небото ме огреа силна светлина.
7. Јас паднав наземи и чув глас, кој ми зборуваше: »Савле, Савле, зошто Ме гониш?«
8. Јас, пак, одговорив: »Кој си ти, Господи?« А Он ми рече: »Јас сум Исус Назареецот, Кого Го гониш ти.«
9. Оние, кои беа со мене, ја видоа светлината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го чуја.
10. Тогаш реков: »Што да правам, Господи?« А Господ ми рече: »Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сè, што ти е наредено да правиш.«
11. И бидејќи од болскотот на таа светлина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск.
12. А некој си Ананиј, маж благочестив според Законот, со добро име меѓу сите Јудејци во Дамаск,
13. дојде при мене, застана и ми рече: »Брате Савле, прогледај!« И јас во тој миг прогледав и погледав кон него.
14. А тој ми рече: »Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да чуеш глас од устата Негова,
15. зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она, што си видел и чул.
16. И сега, што се чека? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, призовувајќи го името на Господа Исуса.«
17. А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, се занесов
18. и Го видов како ми вели: »Побрзај, та излези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го
примаат твоето сведоштво за Мене!«
19. Јас, пак, одговорив: »Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе;
20. и кога се проливаше крвта на Стефана, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што ги убиваа.«
21. И ми рече: »Оди!« Јас те праќам далеку – при незнабошците.«
22. До тој збор го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и викаа: „Премавни го од земјата таков! Тој не треба да живее!”
23. И бидејќи тие крескаа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот,
24. заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со бичување, за да узнае поради која причина викаат против него така.
25. Но, кога го притегнаа со ремења да го бичуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: „Зар ви е позволено да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?”
26. Кога го чу тоа стотникот, отиде па му кажа на заповедникот и рече: „Гледај, што правиш, зашто овој човек е римски граѓанин.”
27. Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: „Кажи ми, римски граѓанин ли си ти?” Тој одговори: „Да.”
28. А заповедникот рече: „Тоа граѓанство јас сум го придобил за многу големи пари.” Павле пак рече: „А јас сум се и родил како таков.”
29. И веднаш отстапија од него оние, кои сакаа да го испитуваат. А и заповедникот, кога узна дека е тој римски граѓанин, се уплаши оти го беше врзал.
30. На вториот ден, кога сакаше да узнае во што всушност го обвинуваат Јудејците, го ослободи од оковите и заповеда да дојдат првосвештениците и целиот нивни Синедрион, па го доведе долу Павла и го исправи пред нив.

23. Павле пред големиот суд. Фарисеите и садукеите се препираат поради него. Му зборува Господ. Павла го одведуваат во Ќесарија и затоа не се постигнува целта тој да биде убиен.

1. Павле го впери својот поглед кој Синедрионот и рече: „Луѓе, браќа! До оној ден со најдобра совест пред Бога живеев!”
2. А првосвештеникот Ананиј на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата.
3. Тогаш Павле му рече: „Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот.”
4. А оние што стоеја пред него, рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?”
5. Павле одговори: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: »Началникот на твојот народ да не го злословуваш«.”
6. А кога узна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, извика во Синедрионот: „Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж, и за воскресение на мртвите ме судат!”
7. Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот
се раздвоија.
8. Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваа и едното и другото.
9. Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: „Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.”
10. И бидејќи стана голем смут, заповедникот, уплашен да не би Павла да го раскинат, им заповеда на војниците да слегнат и да го грабнат од помеѓу нив и да го одведат во тврдината.
11. Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.”
12. А кога се осамна, некои од Јудејците се договорија, зедоа клетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павла.
13. Тие, што зедоа таква клетва, беа повеќе од четириесет души.
14. Па отидоа при првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павла.
15. Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот утре да го доведе долу пред нас, ѓоа ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.”
16. Кога чу за таа заседа Павловиот сестрин син, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павла.
17. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче при заповедникот, зашто има нешто да му каже.”
18. И тој го зеде, го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам при тебе, зашто имало нешто да ти каже.”
19. Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што има да ми
кажеш?”
20. А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат утре да го одведеш Павла долу пред
Синедрионот, ѓоа ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело.
21. Но ти не им верувај, бидејќи ќе го чекаат четириесет, а и повеќе души од нив, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сè додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.”
22. Тогаш заповедникот го испрати момчето, откако му порача: „Никому не кажувај оти си ми го кажал ова!”
23. Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час ноќеска;
24. и пригответе добици, за да го качат Павла и да го одведат до намесникот Феликс!”
25. Напиша и писмо со оваа содржина:
26. Клаудиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.
27. Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се јавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин.
28. И сакајќи да ја узнаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот
Синедрион,
29. и дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови.
30. И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш при тебе, откако им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против него. Биди здрав!
31. И така, војниците, онака како им беше повелано, го зедоа Павла и го одведоа ноќе во Антипатрида.
32. А на вториот ден се вратија во станот, откако ги оставија коњаниците да одат со него.
33. Оние што влегоа во Ќесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павла.
34. Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече:
35. Ќе те ислушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители. И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.

24. Павле пред намесникот Феликс.

1. По пет дена слегна првосвештеникот Ананија со старешините и со некој си ретор Тертил; излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павла.
2. А кога го повикаа Павла, Тертил почна да го обвинува, велејќи:
3. Секогаш и насекаде со голема благодарност признаваме дека преку тебе, многупочитувани Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда.
4. Но, за да не ти одземам многу време, те молам да нè ислушаш накратко со твојата кроткост.
5. Бидејќи најдовме дека овој човек е зараза и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е водач на назарејската ерес,
6. кој се обиде дури и храмот да го оскверни, затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон;
7. но заповедникот Лисиј дојде и со голема сила го истргна од рацете наши, и го испрати при тебе,
8. откако заповеда и ние, неговите обвинители, да дојдеме при тебе. Ти ќе можеш сам да го испиташ и од него да узнаеш во што го обвинуваме ние.
9. А и Јудејците потврдуваа дека е така.
10. Намесникот му даде знак на Павла да зборува, а тој одговори: „Бидејќи знам дека од многу години си му судија на овој народ, тоа со послободно срце ќе зборувам во моја заштита.
11. Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се искачив во Ерусалим на поклонение.
12. И ни во храмот ме најдоа некому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по зборниците, ниту, пак, во градот.
13. Ниту, пак, тие можат да го докажат она што сега ти зборуваат за мене.
14. Но ти признавам, дека според учењето, кое тие го наречуваат ерес, Му служам на Бога и на отците наши, дека верувам во сè што е напишано во Законот и во Пророците,
15. и дека се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на
неправедните, кое и тие сами го очекуваат.
16. А за тоа и сам се грижам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето.
17. По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и приноси.
18. Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, ни со народ, ниту со шум,
19. некои азиски Јудејци, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене.
20. Или, пак, тие сами да кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога се бев јавил пред Синедрионот, –
21. освен само овие зборови, кои, застанат пред нив, гласно ги изговорив: »Заради воскресението на мртвите ме судите вие денес.«“
22. Кога го чу тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: „Ќе го разгледам делото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.”
23. И му заповеда на стотникот да го пази Павла, но полабаво, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат при него.
24. По неколку дни дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, та го повика Павла и слушаше од него за верата во Христа Исуса.
25. А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.”
26. При ова се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа често го повикуваше и разговараше со него.
27. Но кога изминаа две години, Феликса го замени Порциј Фест. И бидејќи сакаше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павла во окови.

25. Павле пред судијата Фест се повикува на ќесарот. Го претставуваат пред царот Агрипа.

1. А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Ќесарија и дојде во Ерусалим.
2. Тогаш првосвештеникот и старешините јудејски му се пожалија против Павла, и го молеа,
3. барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим; и редеа заседа за да го убијат патем.
4. Но Фест одговори дека Павле се чува под стража во Ќесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму.
5. Кои, пак, од вас можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат.
6. И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Ќесарија, и утредента седна на судискиот стол и заповеда да го доведат Павла.
7. А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу и тешки вини изнесуваа против Павла, кои не можеа да ги докажат.
8. А тој, бранејќи се, рече: „Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот.”
9. Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: „Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?”
10. А Павле одговори: „Стојам пред ќесаревиот суд, каде што и треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш.
11. Оти, ако сум виновен и сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа нема ништо, во што ме обвинуваат тие, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Ќесарев суд сакам.”
12. Тогаш Фест, откако се посоветува со свештениците, одговори: „Кај ќесарот, – рече, – сакаш да појдеш – кај ќесарот ќе појдеш.”
13. А откако минаа неколку дена, царот Агрипа и Верникиј слегна во Ќесарија за да го поздрават Феста.
14. И бидејќи таму останаа повеќе денови, Фест му рече на царот за Павла, велејќи: „Еден човек остави Феликс во затворот.
15. Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам.
16. Јас им одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со обвинителите и му се позволи да се брани од обвинувањето.
17. И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот;
18. и кога застанаа околу него обвинителите, не изнесоа никаква вина против него, како што претполагав;
19. туку против него имаа некакви препирки по прашањето за нивното суеверје и за некој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив.
20. А јас, не знаејќи што да правам со овој, му реков: сака ли тој да оди во Ерусалим и таму да биде суден за тоа?
21. Но, бидејќи Павле посака да биде оставен за Августовото судење, заповедав да го држат под стража, додека го пратам при ќесарот.”
22. Тогаш Агрипа му рече на Фест: „Би сакал и јас да го ислушам тој човек.” А тој одговори: „Утре ќе го ислушаш.”
23. Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата заедно со војводите и првите граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павла.
24. И Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа при мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да живее.
25. Но јас, кога разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам посака суд пред Августа, решив да го пратам при него.
26. За него, пак, немав поправо што да му напишам на Господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напишам.
27. Оти, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.”

26. Павле се брани пред Феста и царот Агрипа. Обајцата увидуваат дека Павле во ништо не е виновен.

1. Агрипа му рече на Павла: „Ти се позволува да зборуваш за себе.” Тогаш Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја заштита:
2. Радосен сум, царе Агрипа, дека денес пред тебе ќе се заштитувам од сè, во што ме
обвинуваат Јудејците,
3. а најмногу, што ти ги познаваш јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, да ме
ислушаш милостиво.
4. Мојот живот од младини, што го поминав најнапред меѓу својот народ во Ерусалим, познат им е на сите Јудејци;
5. тие одамна ме знаат, – ако сакаат нека сведочат, – дека јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера;
6. а сега стојам пред суд поради надежта во ветувањето дадено од Бога на татковците наши,
7. кое нашите дванаесет колена се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи му на Бога постојано дење и ноќе. За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците.
8. Што? Зарем вие мислите дека не може да се верува оти Бог воскреснува мртви?
9. Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исуса Назареецот;
10. така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од првосвештениците, многу светии затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував,
11. и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исуса и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови.
12. За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците,
13. посред бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене.
14. Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски јазик: »Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило.«
15. А јас реков: »Кој си Ти, Господи?« Он одговори: »Јас сум Исус, Кого Го гониш ти.
16. Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и
сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам,
17. издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, при кои ќе те испратам сега,
18. за да им ги отвориш очите нивни, та да се обрнат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.«
19. Затоа, царе Агрипа, јас не се воспротивив на небесното видение,
20. но најнапред на жителите во Дамаск и Ерусалим, а потоа по целата Јудејска земја и на незнабошците им проповедав да се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание.
21. Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.
22. Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она, што беа го зборувале Пророците и Мојсеј, дека ќе стане:
23. дека Христос ќе пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина.
24. А кога го зборуваше ова во одбрана, Фест извика со висок глас: „Си полудел ли, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило.”
25. А тој одговори: „Не сум луд, уважени Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум.
26. Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто да му е непознато, зашто тоа не е вршено во некој агол.”
27. Веруваш ли, царе Агрипа, во Пророците? Знам дека веруваш.
28. Агрипа му одговори на Павла: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин.”
29. А Павле рече: „Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, да станете такви, каков што сум и јас – но без овие окови.”
30. Кога го кажа тоа, царот и намесникот Верникиј и оние, што седеа со нив, станаа
31. и, откако се повлекоа на страна, зборуваа помеѓу себе и велеа дека тој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови.
32. И Агрипа му рече на Фест: „Овој човек можеше да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред ќесарот.” Затоа намесникот реши да го испрати пред ќесарот.

27. Павла како затвореник го спроведуваат во Рим. Бродолом и спасение. Доаѓањето на Мелит.

1. Кога беше решено да отпловиме за Италија, Павла и неколку други затвореници г предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од Августовата чета.
2. Се качивме на една адрамитска лаѓа и се оттиснавме, сакајќи да пловиме покрај азиските места. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.
3. На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, постапувајќи со Павла човекољубиво, му позволи да отиде до пријателите свои, за да се погрижат за него.
4. Кога тргнавме оттаму, минавме под Кипар, бидејќи ветровите беа спротивни,
5. и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, слегнавме до Мира Ликиска.
6. Таму стотникот најде една александриска лаѓа, која пловеше за Италија, и нè префрлија во неа.
7. И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме спроти Крит, бидејќи ветрот ни пречеше, и препловивме под Крит покрај Салмона.
8. И, откако со мака минавме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се наоѓаше градот Ласеја.
9. Но, бидејќи беше минало доста време и пловењето стана веќе опасно, а и постот беше веќе минал, Павле посоветува
10. и им рече: „Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на лаѓата, туку и за животите наши.”
11. Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на зборовите Павлови.
12. И бидејќи пристаништето не беше годно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Финик, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат.
13. А кога дувна југот, тие помислија дека желбата им се исполни, па тргнаа и пловеа покрај Крит.
14. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен евроклидон.
15. А кога лаѓата се оттргна, оти не можеше да му се противстави на ветрот, ние ја предадовме на таласите и тие нè носеа.
16. И кога поминавме покрај едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го задржиме чунот,
17. кој се извлече и врза на лаѓата одоздола; и бидејќи се плашевме да не удриме на песочен нанос, ги спуштивме едрата и така пловевме.
18. На другиот ден, бидејќи бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлуваат товарот,
19. а на третиот ден, сами со рацете свои ги исфрливме корабните алати.
20. Но, бидејќи во текот на многу дни не се виде ни сонце, ни ѕвезда, а и не мала бура имаше, понатаму исчезнуваше секаква надеж да се спасиме.
21. И како долго време не беа јале, Павле застана среде нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети.
22. А сега ви советувам да бидете бодри, оти ниедна душа од вас нема да загине, освен лаѓата.
23. Бидејќи ноќеска ми се јави ангел од Бога, Чиј сум и Кому Му служам,
24. и рече: »Не бој се, Павле, ти треба да излезеш пред ќесарот; и ете, Господ ти ги подари сите, што пловат со тебе.«
25. Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе стане така, како што ми беше речено.
26. Ние ќе дојдеме до еден остров.”
27. Кога настана четиринаесеттата ноќ, откако пловевме по Јадранското Море, кон полноќ морнарите помислија дека се приближуваат до некоја земја,
28. и, откако ја измерија длабочината, најдоа дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати.
29. И бидејќи се плашеа да не удрат на карпести места, од страната на кормилото спуштија четири ленгера, па чекаа да осамне.
30. А кога морнарите намислија да побегнат од лаѓата, и спуштија чун во морето како да ќе спуштат ленгери од предната страна,
31. Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на коработ, вие не
можете да се спасите.”
32. Тогаш војниците ги исекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу.
33. И пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: „Денес е четиринаесетти ден, откако во очекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо.
34. Затоа, ве молам, каснете: тоа ќе го запази животот ваш, зашто на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.”
35. Како го рече тоа, зеде леб, Му благодари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде.
36. Тогаш се ободрија сите и јадоа;
37. а во лаѓата нè имаше нас вкупно двесте седумдесет и шест души.
38. И кога се поткрепија, почнаа да ја олеснуваат лаѓата, исфрлувајќи го житото в море.
39. Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песок, на кој решија, ако им појде од рака, да ја извлечат лаѓата.
40. И дигајќи ги ленгерите, се заплови по морето; а покрај другото ги разлабавија и врските на кормилата, го развија малото едро спрема ветрецот што дуваше, та пловевме кон брегот.
41. А кога дојдовме до еден гребен, носот на лаѓата се заби и веќе не се помрдна, а задниот дел од лаѓата се разбиваше од силата на таласите.
42. Војниците, пак, помислија да ги убијат затворениците, та некој да не исплива и побегне.
43. Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ги задржа од таа намера и заповеда најнапред да искокаат и излезат на земја оние, што знаат да пливаат,
44. а другите – кој на штица, кој на штогоде од лаѓата. И така излегоа сите живи на земја.

28. Пријателски прием на Мелит. Павловото чудо. Доаѓањето во Рим и проповед.

1. Откако се спасија оние, што беа со Павла, узнаа дека островот се вика Мелит.
2. А домородците ни укажаа необична човекољубивост: нè примија сите и, бидејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган.
3. А кога Павле насобра многу гранки и ги стави на огнот, една змија излезе од гранките поради горештината и се впи во неговата рака.
4. Домородците, штом го видоа животното како виси на неговата рака, помеѓу себе си рекоа: „Овој човек е навистина убиец; па затоа, иако се избави од морето, судот Божји не го остави да живее.”
5. Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо лошо не му стана.
6. А тие очекуваа да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов; но, откако чекаа долго време и видоа дека не му стана никакво зло, тие си го изменија мислењето и велеа, дека е тој бог.
7. Околу тоа место се наоѓаа имотите на првенецот на островот, по име Поплиј. Тој нè прими и три дни дружељубиво нè гоштеваше.
8. А таткото на Поплиј се разболе и лежеше, страдајќи од треска и болки во стомакот. Павле влезе при него, се помоли и, откако ги положи рацете свои врз него, го исцели.
9. Тогаш, и другите од островот, што страдаа од болести, идеа и се исцелуваа.
10. Тие нè почитуваа многу и нè удостоија со големи почести, а пред заминување нè снабдија со сите потребни работи.
11. По три месеци отпловивме со еден александриски кораб, што беше презимувал на тој остров и носеше знак Диоскури.
12. И стигнавме во Сиракуза, каде што останавме три дена.
13. Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден, бидејќи дувна југот, на идниот ден стасавме во Потиоли;
14. таму најдовме браќа, по чија молба при нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим.
15. Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нè пресретнат до Апиевата ширина и до Трите крчми. Кога ги виде Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри.
16. Штом стигнавме во Рим, стотникот ги предаде затворениците на војводата, а на Павла му позволија да живее како што сака, но под стража на еден војник.
17. По три дни Павле го повика првенците јудејски и, кога се собраа, тој им зборуваше: „Мажи, браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните.
18. И, откако ми судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина за смрт;
19. но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред ќесарот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ.
20. Па поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израилот сум окован во овие вериги.”
21. А тие му одговорија: „Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ниту, пак, некој од браќата дошол да нè извести или нешто лошо да каже за тебе.
22. Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи.”
23. И откако му определија ден, големо мнозинство дојде во определеното му живеалиште, и тој од утрото до вечерта со докази им го изложуваше учењето за царството Божјо и ги уверуваше за Исуса и од Законот Мојсеев и од Пророците.
24. Едни се убедија од зборовите негови, а други не поверува.
25. Бидејќи беа несложни помеѓу себе, тие почнаа да се разотидуваат; и во тоа време Павле им ги кажа овие зборови: „Добро им рекол Духот Свети и на отците наши преку пророкот Исаија, велејќи:
26. »Оди и кажи му на овој народ: со уши ќе чуете, и нема да разберете, со очи ќе гледате, и нема да видите,
27. зашто срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па некако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обрнат, за да ги исцелам.«
28. И така, нека ви биде познато дека спасението од Бога им е испратено на незнабошците,
тие и ќе чујат.”
29. Кога го рече тоа, Јудејците се разотидоа со голема препирка помеѓу себеси.
30. Павле остана таму цели две години во посебно најмена куќа и ги примаше сите, што доаѓаа при него,
31. проповедајќи го царството Божјо и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно, и никој во тоа не го спречуваше.